Младите прашуваат
Погрешно ли е да си популарен?
Пополни го празното место.
․․․․․ е добро да си популарен.
А) Секогаш
Б) Понекогаш
В) Никогаш не
ТОЧНИОТ одговор е под „Б“. Зошто? Бидејќи да се биде популарен значи да се биде сакан од многу луѓе — а тоа не е секогаш погрешно! Библијата претскажала дека христијаните ќе бидат „светлина на народите“ и дека луѓето ќе бидат привлечени кон нив (Исаија 42:6; Дела 13:47). Во таа смисла може да се каже дека христијаните се популарни.
Си знаел ли дека...
Исус бил популарен. Дури и како млад имал „наклоност кај Бог и кај луѓето“ (Лука 2:52). А Библијата вели дека, како возрасен човек, Исус ‚го следел многу народ од Галилеја и од Декаполис и од Ерусалим и од Јудеја и од другата страна на Јордан‘ (Матеј 4:25).
Зошто тоа било во ред?
Затоа што Исус не барал слава и не гледал по секоја цена да биде омилен кај луѓето ниту, пак, очајно се трудел да ја стекне нивната почит. Тој едноставно го правел она што е исправно и токму затоа некои луѓе го прифатиле (Јован 8:29, 30). Но, бил свесен и дека луѓето се превртливи и дека нивната наклоност е само привремена. Знаел дека на крајот ќе го убијат! (Лука 9:22).
Заклучок
Популарноста е како богатство. Не е погрешно да ја имаш. Проблемот е во тоа на што сѐ се спремни некои за да ја добијат — или за да ја задржат.
Пази!
Многу млади би направиле сѐ само за да бидат популарни. Некои им се умилкуваат на другите и се поведуваат по мноштвото. Други се грубијани и сакаат насила да изнудат восхит — макар и со заплашување.a
Како што гледаш, има повеќе патишта што водат до популарност. На следните страници ќе разгледаме три од нив — два по кои е опасно да се оди и еден што е многу подобар.
a Во Библијата се спомнуваат грубијани наречени „нефили“ за кои се вели и дека биле „прочуени луѓе“. Ним им било најважно да си стекнат слава за себе (1. Мојсеева 6:4).