Прашања што често ги поставуваат заинтересираните луѓе
Ако Бог е љубов, зошто тогаш допушта зло?
БОГ го допушта злото, а милиони луѓе на Земјата намерно го практикуваат. На пример, објавуваат војни, фрлаат бомби врз деца, ја опустошуваат Земјата и предизвикуваат глад. Милиони луѓе пушат и заболуваат од рак на белите дробови, практикуваат прељуба и заболуваат од сексуално преносливи болести, премногу пијат и добиваат цироза на црниот дроб, итн. Таквите луѓе всушност не сакаат да престане сето зло. Тие само сакаат да се отстранат казните. Кога го жнеат она што го посеале, викаат: „Зошто јас?“ И го обвинуваат Бог, како што стои во Изреки 19:3 (ДХК): „Безумието го расипува животот на човекот, а срцето му се лути на Господа!“ Кога Бог би го запрел нивното злодело, тогаш би протестирале затоа што им е одземена слободата да го прават тоа!
Главната причина поради која Јехова го допушта злото е да одговори на предизвикот од Сатана. Сатана Ѓаволот рекол дека Бог не може да има на Земјата луѓе кои би му останале верни под испит (Јов 1:6—12; 2:1—10). Јехова го остава Сатана за да му даде можност да го докаже својот предизвик (2. Мојсеева 9:16). Сега, додека се обидува да го докаже својот предизвик, Сатана продолжува да нанесува неволји, да ги свртува луѓето против Бог (Откровение 12:12). Меѓутоа, Јов го зачувал својот интегритет. Тоа го сторил и Исус. Денес тоа го прават и вистинските христијани (Јов 27:5; 31:6; Матеј 4:1—11; 1. Петрово 1:6, 7).
Би сакал да верувам во земен рај каде што луѓето ќе живеат засекогаш, но не е ли тоа премногу убаво за да биде вистинито?
Според Библијата, не. Тоа се чини премногу убаво за да биде вистинито само затоа што човештвото со векови знае само за зло. Јехова ја создал Земјата и му рекол на човекот да ја наполни со праведни мажи и жени кои би се грижеле за нејзиниот растителен и животински свет и би ја одржувале нејзината убавина наместо да ја уништуваат. (Видете страници 12 и 17.) Поточно речено, ветениот Рај не е премногу убав за да биде вистинит туку сегашнава жалосна состојба е премногу лоша за да продолжи. Таа ќе биде заменета со Рај.
Како можам да им одговорам на луѓето кои се подбиваат и велат дека Библијата е мит и дека не е научна?
Кај верата во овие ветувања не станува збор за лековерност. „Верата доаѓа од она што се слуша.“ Со проучување на Божјата реч станува видлива нејзината мудрост и верата расте (Римјаните 10:17; Евреите 11:1).
Библиската археологија во голема мера ја потврдува историската точност на Библијата. Вистинската наука е во склад со Библијата. Следниве факти се наоѓале во Библијата уште долго пред да бидат откриени од световните изучувачи: Редоследот на фазите низ кои поминала Земјата во својот развој, дека Земјата е кружна, дека слободно лебди во просторот и дека птиците се селат (1. Мојсеева, 1. поглавје; Исаија 40:22; Јов 26:7; Јеремија 8:7).
Инспирираноста на Библијата ја покажуваат исполнетите пророштва. Даниил однапред го претскажал подемот и падот на светските сили, како и времето кога ќе дојде и кога ќе биде погубен Месијата (Даниил, поглавја 2, 8; 9:24—27). Денес се исполнуваат и други пророштва кои го идентификуваат нашево време како ‚последни денови‘ (2. Тимотеј 3:1—5; Матеј, 24. поглавје). Таквото предзнаење не е во моќта на човекот (Исаија 41:23). За натамошна потврда видете во книгите Библијата — реч Божја или човечка? и Постои ли Творец кој се грижи за тебе?, издадени од Watchtower Bible and Tract Society.
Како можам да научам да одговорам на прашањата во врска со Библијата?
Морате да ја проучувате Библијата и да медитирате за неа, барајќи истовремено да Ве води Божјиот дух (Изреки 15:28, NW; Лука 11:9—13). „Ако некому од вас му недостига мудрост,“ вели Библијата, „постојано нека бара од Бог, зашто тој им дава дарежливо на сите и без прекорување; и ќе му се даде“ (Јаков 1:5). Исто така, постојат помагала за проучување на Библијата кои заслужуваат да ги разгледаме. Обично е потребна помош од други, како што бил случајот кога Филип проучувал со Етиопјанецот (Дела 8:26—35). Јеховините сведоци водат бесплатни библиски студии со заинтересираните луѓе во нивните домови. Слободно побарајте ваква услуга.
Зошто многумина им се противат на Јеховините сведоци и ми кажуваат да не проучувам со нив?
Имало противење на Исусовото проповедање, и тој рекол дека и неговите следбеници ќе се соочат со противење. Кога некои биле импресионирани од Исусовото поучување, религиозните противници им возвраќале: „Зарем и вие сте заведени? Поверувал ли во него некој од владетелите или од фарисеите?“ (Јован 7:46—48; 15:20). Многумина од оние кои Ве советуваат да не проучувате со Сведоците или не се информирани или имаат предрасуди. Проучувајте со Сведоците и сами видете дали Вашето разбирање за Библијата ќе порасне или не (Матеј 7:17—20).
Зошто Сведоците ги посетуваат луѓето кои си имаат своја религија?
На овој начин тие го следат Исусовиот пример. Тој одел кај Евреите. Евреите си имале своја религија, но таа на многу начини била оддалечена од Божјата реч (Матеј 15:1—9). Сите нации имаат некакви религии, било таканаречена христијанска или нехристијанска. Мошне е важно луѓето да се држат за верувања кои се во склад со Божјата сопствена реч, а напорите на Сведоците да им помогнат во тоа се израз на љубов кон ближниот.
Дали Сведоците веруваат дека единствено нивната религија е исправна?
Секој кој сериозно ја сфаќа својата религија, треба да ја смета за исправна. Зошто инаку би ѝ припаѓал? Христијаните се опоменати: „Уверувајте се во сите работи; држете се цврсто за она што е добро“ (1. Солуњаните 5:21). Потребно е човек да се увери дали Писмото ги поддржува неговите верувања, бидејќи постои само една вистинска вера. Ефешаните 4:5 го потврдува ова, спомнувајќи „еден Господ, една вера, едно крштавање“. Исус не се сложувал со модерното, попустливо гледиште дека постојат многу патишта, многу религии, и дека сите тие водат до спасение. Напротив, тој рекол: „Тесна е портата и тесен патот што води во живот, и малцина се оние кои го наоѓаат“. Јеховините сведоци веруваат дека веќе го имаат најдено. Во спротивно, би побарале некоја друга религија (Матеј 7:14).
Дали веруваат дека тие се единствените кои ќе бидат спасени?
Не. Милиони луѓе кои живееле во изминатите векови а не биле Јеховини сведоци, ќе воскреснат и ќе добијат можност за живот. Многумина од оние кои живеат денес можеби допрва ќе заземат став за вистината и за праведноста пред ‚големата неволја‘, и тие ќе бидат спасени. Освен тоа, Исус рекол дека не смееме да си судиме еден на друг. Ние ја гледаме надворешноста; Бог гледа во срцето. Тој гледа точно и суди милосрдно. Тој му го доверил судот на Исус, а не нам (Матеј 7:1—5; 24:21; 25:31).
Какви финансиски прилози се очекуваат од оние кои ги посетуваат состаноците на Јеховините сведоци?
Во врска со паричните прилози, апостол Павле рекол: „Секој нека прави како што решил во своето срце, не безволно ниту под принуда, зашто Бог љуби весел дарител“ (2. Коринќаните 9:7). Во Салите на Царството и во конгресните аудиториуми на Јеховините сведоци нема собирање прилози. Таму се поставени кутии, па така на секој кој сака да даде прилог му е практично да го стори тоа. Никој не знае колку или дали даваат другите. Некои можат да дадат повеќе од други; некои, пак, не можат да дадат ништо. Исус укажал на исправното гледиште кога коментирал за кутиите за прилог во храмот во Ерусалим и за оние кои давале прилози: Одлучувачко е дали некој е во состојба да даде и духот на давање, а не сумата пари (Лука 21:1—4).
Ако станам Јеховин сведок, дали и од мене ќе се очекува да проповедам како нив?
Кога некој ќе се исполни со спознание за ветениот земен Рај под Христовото Царство, тој сака да го сподели тоа со другите. И со Вас ќе биде така. Ова е добра вест! (Дела 5:41, 42).
Тоа е важен начин да покажете дека сте ученик на Исус Христос. Во Библијата Исус е наречен ‚верен и вистински сведок‘. Кога бил на Земјата, проповедал велејќи: „Се приближи небесното царство“ и ги испратил своите ученици да го прават истото (Откровение 3:14; Матеј 4:17; 10:7). Подоцна, Исус им заповедал на своите следбеници: „Одете и правете ученици од луѓето од сите нации . . . учејќи ги“. Исто така, претскажал дека пред крајот, „оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целата населена земја за сведоштво на сите нации“ (Матеј 24:14; 28:19, 20).
Постојат многу начини за објавување на оваа добра вест. Разговорот со пријателите и познаниците честопати го отвора патот за тоа. Некои го прават тоа така што пишуваат писма или го користат телефонот. Други по пошта им испраќаат литература на познаниците со материјал за кој мислат дека посебно ќе ги интересира. Бидејќи имаат желба да не превидат никого, Сведоците одат со пораката од врата до врата.
Библијата ја содржи следнава срдечна покана: „И духот и невестата велат: ‚Дојди!‘ И секој кој слуша, нека рече: ‚Дојди!‘ И секој кој жеднее, нека дојде; секој кој сака, нека земе бесплатно од водата на животот“ (Откровение 22:17). Зборувањето на другите за рајската Земја и за благословите над неа треба да се прави спремно, од срце полно со желба да се сподели оваа добра вест.
Уверени сме дека имате и други прашања во врска со Јеховините сведоци и нивните верувања. Можеби некои од нив се спорни за Вас. Би сакале да Ви одговориме на нив. Во оваа брошура просторот за тоа е ограничен, па затоа Ве покануваме да ги прашате Сведоците во местото каде што живеете. Тоа можете да го сторите или на состаноците во нивната Сала на Царството или кога ќе Ве посетат дома. Или, пак, Вашите прашања можете да ги испратите до Јеховини сведоци, користејќи ја соодветната од долунаведените адреси.