Само Бог може да ја спаси Земјата
„БРИЛИЈАНТЕН СИНО-БЕЛ СКАПОЦЕН КАМЕН.“ Со овие зборови астронаутот Едгар Мичел опишал како изгледа Земјата додека јасно се оцртува на темната заднина на вселената.
Бог сторил многу за да ја подготви Земјата да му биде дом на човекот. При нејзиното создавање, ангелите воскликнувале „од радост“ (Јов 38:7). Откако ќе разгледаме некои од чудата на оваа планета, и ние ќе имаме причини да воскликнуваме. Постојат многу сложени екосистеми што го овозможуваат животот на Земјата. Во еден од најпознатите системи, зелените растенија ја користат сончевата светлина, водата и јаглерод диоксидот од воздухот за да произведат храна. Спореден производ од овој процес е кислородот — кој е неопходен за нашиот опстанок.
Библијата покажува дека Бог му дал задача на човекот да се грижи за Земјата (1. Мојсеева 1:28; 2:15). Меѓутоа, за да можат еколошките системи на Земјата да останат во рамнотежа, човекот треба да има исправен став. Всушност, треба да ја сака Земјата како свој дом. Треба да има желба да ја одржува за таа да остане убава. Но, на човекот му била дадена и слободна волја. Затоа постоела можност да одлучи да ја искористува Земјата и лошо да господари со неа. Токму тоа и се случило. Последиците од човековата негрижа и алчност се катастрофални.
Да спомнеме само неколку од нив: 1) Уништувањето на шумите влијае врз способноста на Земјата да го апсорбира јаглерод диоксидот, што води до екстремни климатски промени. 2) Преголемата употреба на пестициди ги уништува инсектите, кои играат важна улога во еколошките системи, вклучувајќи го и опрашувањето на посевите. 3) Прекумерното ловење риба и загадувањето на морињата и реките драстично го намалува бројот на рибите. 4) Алчното користење на природните богатства на Земјата не им остава многу на идните генерации и се смета дека го забрзува глобалното затоплување. Некои еколози посочуваат дека топењето на глечерите и отцепувањето на ледените санти на Арктикот и Антарктикот се доказ за глобално затоплување.
Поради сѐ поголемиот број природни катастрофи, некои можеби ќе речат дека Земјата му се одмаздува на човекот со тоа што му го загорчува животот. Бог ни ја дал оваа планета без да бара кирија од нас (1. Мојсеева 1:26-29). Меѓутоа, денешните настани во светот покажуваат дека многу луѓе не сакаат да ја одржуваат како свој прекрасен дом. Наместо тоа, човекот е преокупиран со своите себични желби и активности. Всушност, тој е лош потстанар кој ја ‚уништува земјата‘, како што било проречено во Откровение 11:18.
Библиските пророштва покажуваат дека Семоќниот Бог, Јехова, кој ги создал животоважните екосистеми на нашава планета, одредил дека е дојдено времето да ги „повика на одговорност“ лошите потстанари (Софонија 1:14; Откровение 19:11-15). Пред човекот сосема да ја уништи Земјата, Тој ќе дејствува — можеби поскоро отколку што очекувамеa (Матеј 24:44). Значи, само Бог може да ја спаси Земјата.
[Фуснота]
a Повеќе информации за итноста на нашиве времиња можат да се најдат во брошурата Бдејте!, издадена од Јеховините сведоци.