Дали сте знаеле?
Дали Понтиј Пилат имал причина да се плаши од цезарот?
За да го натераат римскиот управител Понтиј Пилат да го погуби Исус, еврејските водачи рекле: „Ако го пуштиш него, не си му пријател на цезарот!“ (Јован 19:12). „Цезарот“ што се спомнува овде бил римскиот император Тибериј. Дали Пилат имал некаква причина да се плаши од овој цезар?
Каква личност бил цезарот Тибериј? Со години пред судењето на Исус, Тибериј веќе бил познат како „човек што се интересира само за своите задоволства и бара сѐ поизопачени начини да ги задоволи своите желби“, стои во една енциклопедија (The New Encyclopædia Britannica). Паранојата го терала да го мачи и погуби дури и оној за кого само се сомневал дека е предавник. Во истата енциклопедија стои: „Според историчарите кои живееле отприлика во негово време, тој најмногу уживал во свирепа и одвратна забава. Дури и најблаго речено, тој убивал брутално и речиси кога ќе му текне и кого ќе му текне“.
Сосема е веројатно дека репутацијата на Тибериј одиграла улога во одлуката на Пилат да попушти на притисокот од еврејските водачи и да нареди да се погуби Исус (Јован 19:13-16).
Зошто Исус им ги измил нозете на своите апостоли?
Во древниот Израел, мнозина од обичниот народ си ги вршеле секојдневните обврски боси. Обувките, ако воопшто ги носеле, биле сандали кои практично се состоеле само од ѓон кој бил прицврстен со врвца за стапалото и за глуждот. Бидејќи патиштата и нивите биле правливи или калливи, луѓето многу лесно си ги валкале нозете.
Затоа било обичај да си ги соблечат сандалите кога влегувале во некоја куќа. Гостољубивоста налагала да му се измијат нозете на гостинот. Тоа го правел или домаќинот или некој од слугите. Овој обичај се спомнува неколкупати во Библијата. На пример, Авраам им рекол на луѓето што дошле во неговиот шатор: „Дозволете да ви донесат малку вода за да ви ги измијат нозете, а потоа одморете се под дрвото! И дозволете да донесам малку леб за да се поткрепите“ (1. Мојсеева 18:4, 5; 24:32; 1. Самоилова 25:41; Лука 7:37, 38, 44).
Овие податоци ни помагаат да разбереме зошто Исус им ги измил нозете на своите ученици на последната Пасха што ја поминал со нив. Тогаш немало домаќин или слуга што би го сторил тоа, а очигледно никој од апостолите не се понудил сам да го направи тоа. Затоа Исус зел леѓен со вода и крпа за да им ги измие и избрише нозете на апостолите. Така ги поучил да се сакаат и да бидат понизни (Јован 13:5-17).