Имај доверба во Јехова — тој навистина ќе ти помогне
Раскажал Едмонд Шмит
Овој совет ми дојде во мислите додека се спремав да излезам пред судот во Њујорк во октомври 1943 год. Уште пред да наполнам 25 години, веќе имав одлежано речиси четири години затвор поради тоа што како христијанин бев неутрален. Исто како првите следбеници на Исус, и јас бев решен ‚да му се покорувам на Бог, а не на луѓето‘ (Дела 5:29). Но, пред да ви раскажам повеќе, да ви објаснам што ја зајакна мојата вера во Бог.
РОДЕН сум на 23 април 1922 год. во Кливленд (Охајо, САД), во нашиот стан кој се наоѓаше над пекарницата на татко ми. Четири месеци подоцна, татко ми Едмонд присуствувал на конгресот на Истражувачите на Библијата (како што се нарекуваа Јеховините сведоци тогаш) во Седар Поинт, близу до Сандаски, оддалечен околу 160 километри од местото каде што живеевме.
Присутните на тој конгрес биле поттикнати да го ‚објавуваат, објавуваат, објавуваат Царот [поставен од Бог] и неговото царство‘. Следната недела татко ми почна да го прави тоа. Продолжи да проповеда следните 66 години, сѐ до својата смрт на 4 јули 1988 год. Мајка ми, Мери, почина верна на Бог во 1981 год.
Му служам на Бог заедно со родителите
Нашето семејство одеше на состаноци на полски јазик во Кливленд. Во сабота попладне многу од нас, децата, заедно со возрасните ја проповедавме добрата вест од куќа до куќа. Во неделите, нашите родители слушаа библиско предавање во главната сала, а нас децата, пак, околу 30-тина, еден брат со поголемо искуство нѐ поучуваше за Библијата со помош на книгата Божја харфа (The Harp of God).a По некое време почнав и јас да поучувам други за Библијата, и тоа со добри резултати.
Во јули 1931 год., заедно со моите родители и со мојот помал брат Френк присуствувавме на уште еден конгрес на Истражувачите на Библијата, кој се одржа во Колумбус, околу 160 километри јужно од нас. На тој конгрес, Истражувачите на Библијата со голема радост го прифатија името Јеховини сведоци, за кое има поткрепа во Библијата (Исаија 43:10-12). Тогаш одев во служба и ги канев луѓето да го слушнат говорот на брат Џозеф Ратерфорд, кој во тоа време го надгледуваше делото на Јеховините сведоци. Иако оттогаш поминаа преку 79 години, сѐ уште најважното нешто во животот ми е да му служам на Јехова Бог заедно со неговиот народ.
Тешки времиња, но и радост во службата
Во 1933 год., веќе во целиот свет се чувствуваа последиците од Големата економска криза. Во Америка, над 15 милиони луѓе, или една четвртина од работоспособното население, беа невработени. Градовите банкротираа и немаше социјална или каква и да било друга помош за сиромашните. Но, браќата и сестрите си помагаа меѓу себе. Нашето семејство секоја недела носеше леб и тестенини од пекарницата во местото каде што се состанувавме за да им дадеме на другите. Откако ќе ги платеше трошоците на крајот од месецот, сите пари што ќе му останеа татко ми ги испраќаше во подружницата на Јеховините сведоци во Бруклин (Њујорк). Беше сигурен дека ќе бидат употребени за да се печати библиска литература.
Тие години, важна улога во нашата служба одиграа радиопреносите. Говорите на конгресите беа пренесувани на преку 400 радиостаници. Во 1930-тите, во фабриката во Бруклин, Јеховините сведоци произведуваа фонографи и грамофонски плочи со снимки од библиски говори. Ги употребувавме кога проповедавме, а потоа известувавме колку пати сме пуштиле библиско предавање и колку луѓе го слушале.
Во 1933 год., во Германија дојде на власт Адолф Хитлер и нацистичката партија. Јеховините сведоци таму претрпеа сурово прогонство затоа што беа неутрални (Јован 15:19; 17:14). Голем дел од Сведоците во Германија беа испратени во затвори или во концентрациони логори бидејќи одбија да се вклучат во политичките активности или да го користат поздравот „Хајл Хитлер“. Мнозина беа погубени, други беа присилени на тешка физичка работа од која умреа. А како последица од бруталното однесување со нив, приличен број умреа кратко откако беа ослободени. Многумина не се свесни дека Јеховините сведоци беа малтретирани и во други земји, вклучувајќи ги и САД.
Во 1940 год., присуствувавме на конгрес во Детроит (Мичиген). Таму, на 28 јули, се крстив како Јеховин сведок. Еден месец пред да се одржи конгресот, Врховниот суд на САД донесе закон со кој одбивањето да се поздрави знамето го прогласи за кривично дело кое ќе се казнува со исклучување од школите. Што направија Сведоците? Многу од нив организираа свои училишта, наречени Училишта на Царството, со цел да им го дадат потребното образование на своите деца.
Во септември 1939 год., во Европа започна Втората светска војна, па и Америка ја зафати бран на национализам. Младите Сведоци беа малтретирани и тепани и од младите и од постарите што не разбираа зошто сме неутрални. Според извештаите, од 1940 до 1944 год., Јеховините сведоци во Америка дури 2.500 пати беа нападнати од разгневени толпи на луѓе. Прогонството се засили откако Јапонците го нападнаа Перл Харбор на 7 декември 1941 год. Неколку седмици претходно, јас почнав да служам како пионер, како што се нарекуваат полновремените проповедници на Јеховините сведоци. Заштедив пари и купив приколка за живеење која беше долга 7 метри, па со неколкумина други Сведоци се преселивме во Луизијана за да проповедаме.
Прогонство на Југ
Локалните жители ни дозволија да ја паркираме приколката во една нива со калифорниски ореви близу до градот Џенарет. Една сабота решивме да проповедаме на улица. Додека проповедавме, командирот на полицијата и неговите луѓе нѐ приведоа и нѐ однесоа како затвореници во градското собрание. Надвор имаше разгневена толпа од околу 200 луѓе, а полицијата нѐ пушти да си одиме без никаква заштита. Ни олесни кога видовме дека толпата ни прави пат за да поминеме. Другиот ден појдовме во Батон Руж, голем град во близина, за да им кажеме на Сведоците таму што доживеавме.
Кога се вративме во Џенарет, на вратата од приколката најдовме порака: „Ве молам да се сретнеме кај кампот за работници на нафтоносното поле“. На крај имаше потпис: „И. М. Вон“. Го најдовме г. Вон и тој нѐ покани да ручаме со него и со неговата сопруга. Рече дека и тој со своите работници бил меѓу толпата во саботата и, ако требало, ќе нѐ бранел. Ги ценевме неговото охрабрување и поддршка.
Наредниот ден неколку заменици на шерифот дојдоа со пушки во рацете, нѐ уапсија и ни ја конфискуваа литературата. Ми ги одзедоа клучевите од приколката и ме затворија во самица 17 дена речиси без храна. Господин Вон се обиде да ни помогне, но без многу успех. Додека бевме во затвор, толпата нѐ ограбила и запалила сѐ што поседувавме, вклучувајќи ја и мојата приколка. Во тоа време не сфатив дека Јехова ме подготвува за она што допрва ме чека.
Затвор на Север
Еден месец откако се вратив на Север бев именуван како специјален пионер во Олеан, во државата Њујорк, заедно со неколку други Сведоци. Таму власта побара да се пријавам за воена служба, и добив статус на лице со приговор на совеста. Но, откако ги поминав сите прегледи, на моите документи стоеја зборовите: „Кандидат за Воената академија“.
Продолжив да служам како пионер уште околу една година. Потоа, во 1943 год., бидејќи одбив да прекинам со службата и да се пријавам во војска, ФБИ ме уапси и ми наложи по една седмица да се појавам во сојузниот суд во градот Сиракуза (Њујорк). Против мене беше покренато обвинение, а рочиштето беше закажано по два дена.
Самиот се застапував. На нашите христијански состаноци посебно ние младите бевме поучени како да ги браниме своите законски права и како да се однесуваме за време на судењето. Убаво се сеќавам на советот спомнат во воведот. Некои обвинители дури се жалеа дека Сведоците го познаваат законот подобро и од нив! Без оглед на тоа, поротата ме прогласи за виновен. Кога судијата ме праша дали би сакал да додадам нешто, едноставно одговорив: „Денеска оваа земја е на суд пред Бог поради начинот на кој постапува со оние што му служат“.
Бев осуден на четири години во федералниот затвор во Чиликот (Охајо). Таму ме доделија да работам како секретар на еден службеник во затворот. По неколку седмици, во нашиот оддел дојде инспектор од Вашингтон (ДК) и рече дека спроведува истрага за Хејден Ковингтон. Ковингтон беше адвокат кој ги застапуваше Јеховините сведоци и го биеше глас како еден од најдобрите експерти за уставно право во Америка.
Инспекторот рече дека сака да ги добие комплетните досиеја на двајца затвореници — Дени Хуртадо и Едмонд Шмит. Мојот управник одговори: „Каква случајност, ова е г. Шмит“. За инспекторот ова требаше да биде тајна задача, но тогаш сфати дека го разоткривме. Кратко потоа бев преместен во кујната.
Пионер, во Бетел и во брак
На 26 септември 1946 год., бев условно пуштен и повторно станав пионер, овојпат во собранието Хајленд Парк во Калифорнија. Нешто подоцна, во 1948 год., ми се оствари една долгопосакувана цел. Бев повикан да служам како пекар во Бетелот во Бруклин, каде што се печати библиска литература која се користи во делото на проповедање што се извршува во целиот свет. Веднаш дадов отказ на моето работно место како пекар во еден ресторан во Глендејл и се преселив во Бетел.
Седум години подоцна, во 1955 год., требаше да се одржат неколку меѓународни конгреси во Европа. Моите ми дадоа пари за да присуствувам на нив. Бев на конгресите во Лондон, Париз, Рим, и на оној во Нирнберг (Германија), кој беше нешто посебно затоа што имаше повеќе од 107.000 присутни на истиот стадион каде што Хитлер, не толку одамна, гордо вршел смотра на својата војска. Меѓу присутните на конгресот беа и некои Сведоци за кои Хитлер изјавил дека ќе ги истреби. Да се биде со нив на тој настан беше незаборавно доживување!
На конгресот во Нирнберг запознав и се заљубив во една млада Германка по име Бригите Гервин. За помалку од една година се венчавме и се вративме во Глендејл за да живееме близу до моите родители. Во 1957 год., ни се роди првиот син, Том, во 1958 вториот, Дон, и во 1960 нашата ќерка, Сабина.
Исполнет живот
Некои ќе ме прашаат дали некогаш сум зажалил за малтретирањата и затворските казни што ги претрпев заради тоа што му служев на Бог. Не само што не жалам туку и сум му благодарен на Јехова што имав чест да му служам заедно со толку негови верни слуги. И се надевам дека она што го доживеав ќе ги охрабри другите да станат уште поблиски со Бог и никогаш да не го остават.
Многу слуги на Бог претрпеле ужасно страдање затоа што му служеле. Но, зар не треба да го очекуваме тоа? Библијата вели: „Сите што сакаат да живеат оддадено на Бог во единство со Христос Исус, ќе бидат прогонувани“ (2. Тимотеј 3:12). Сепак, колку само вистина има во зборовите од Псалм 34:19: „Многу неволји има праведникот, но Јехова го избавува од сите нив“!
[Фуснота]
a Издадена од Јеховините сведоци, но веќе не се печати.
[Слика на страница 27]
Проповедаме во Луизијана во почетокот на 1940-тите
[Слика на страница 29]
Додека служев како пекар во Бетел
[Слика на страница 29]
Со жена ми, Бригите