Зошто има толку природни катастрофи?
ИЗГЛЕДА дека на вестите и во дневниот печат главно се известува за катастрофи. Повеќе луѓе од кога и да е порано се жртви на некаква непогода. Белгискиот Центар за истражување на епидемиологијата на несреќите утврдил дека само во 2010 год. имало 373 катастрофи, во кои животот го изгубиле најмалку 296.000 лица.
Во последниве неколку децении значително се зголеми и бројот на катастрофите. На пример, помеѓу 1975 и 1999, секоја година имаше по помалку од 300 катастрофи. Меѓутоа, помеѓу 2000 и 2010 се случуваа дури и по 400 катастрофи годишно. Можеби се прашуваш: ‚Зошто има толку катастрофи во денешно време?‘
Иако луѓето често ги нарекуваат природните непогоди „Божје дело“, воопшто не е точно дека е така. Бог не стои зад неволјите од кои страдаат толку многу луѓе денес. Сепак, точно е дека во Библијата е проречено дека во денешно време ќе има катастрофи. На пример, во Матеј 24:7, 8 ги читаме следниве Исусови зборови: „Ќе има глад и земјотреси на разни места. Сето ова е почеток на болните неволји“. Зошто Исус ги прорекол овие настани, и какво значење имаат?
Кога го кажал тоа, Божјиот Син, Исус, дал одговор на следново прашање што му го поставиле учениците: „Кој ќе биде знакот... на свршетокот на овој поредок?“ (Матеј 24:3). Исус зборувал за различни работи што требало да се случуваат, меѓу кои ги навел и неволјите што веќе ги спомнавме. Потоа ги кажал следниве значајни зборови: „Кога ќе видите дека сето тоа се случува, знајте дека Божјето царство е близу!“ (Лука 21:31). Според тоа, овие природни непогоди се од големо значење, бидејќи укажуваат на едно време во кое ќе има важни промени.
Причини за катастрофите
Сепак, многу луѓе се прашуваат: ‚Ако Бог не е виновен за катастрофите, тогаш кој е виновен?‘ Одговорот на ова прашање ќе го разбереме само ако сфатиме една важна вистина што е запишана во Библијата: „Целиот свет е под власта на Злобниот“ (1. Јованово 5:19). Овој стих ни открива дека за тешките услови што владеат во светот не е виновен Бог туку, во многу случаи, неговиот непријател, „Злобниот“, кој во Библијата е наречен и „Ѓаволот“ (Откровение 12:9, 12).
Воден од своите себични цели, овој Божји непријател го смета животот на луѓето за евтин и безвреден. Бидејќи целиот свет е во негова власт, тој став го шири меѓу сите луѓе. Всушност, и во самата Библија е проречено дека во „последните денови“ луѓето „ќе бидат себељубиви, алчни за пари, вообразени, надуени“ (2. Тимотеј 3:1, 2). Затоа, не е ништо необично што Ѓаволот создал едно светско општество во кое напредуваат само оние што ги имаат овие и други безбожни особини. Тој поттикнува на себично и алчно искористување на природните богатства, со кое честопати им се наштетува на луѓето.
На кој начин денешното алчно општество придонесува за природните катастрофи? Во еден извештај на Обединетите нации во врска со природните катастрофи во светот, стои: „Често се случува луѓето да бидат густо населени во ризичните подрачја, како што се рамнините подложни на поплави. Освен тоа, уништувањето на шумите и на мочуриштата ја намалува способноста на природата да им одолее на сите закани. Капак на сево ова е и опасноста што ја носат климатските промени и подигањето на нивото на морињата како последица од преголемата емисија на гасови што создаваат ефект на стаклена градина... предизвикани од човечките дејности“. Иако „човечките дејности“ наводно се во интерес на економскиот напредок, вистината е дека тие се одраз на себичноста и лакомоста раширени во светот.
Според тоа, многу експерти признаваат дека последиците од денешните катастрофи се поголеми поради непромислените постапки на човекот. Всушност, луѓето се како играчки во рацете на Ѓаволот и несвесно му даваат поддршка на едно општество кое придонесува за поголеми последици од катастрофите.
Значи, до многу катастрофи дошло поради неодговорноста на луѓето. Некои катастрофи биле особено разорни заради местото каде што се случиле. Во многу делови од светот, последиците од природните непогоди биле покатастрофални поради матните зделки на несовесни поединци или поради тоа што голем број луѓе морале да се населат во опасни подрачја како последица на економските или социјалните разлики во светот. Се разбира, има и луѓе кои страдаат во катастрофи не по нечија вина или неодговорност туку заради тоа што „времето и непредвидените настани го снаоѓаат секого“ (Проповедник 9:11).
Без оглед на причината од која може да те снајде некоја природна катастрофа, што би можел да направиш ако доживееш такво нешто? Да видиме што можеш да сториш за да ја намалиш штетата од некоја катастрофа.