Писмо од Норвешка
Посета на една голема снежна пустина
БЕШЕ рано зимско утро. Ѕирнавме низ завесата за да видиме какво ќе биде времето. Се израдувавме кога го видовме ведрото, сино небо! Планиравме да проповедаме три дена на Финмарк — голема висорамнина која се наоѓа над Северниот поларен круг.
Зимите во Норвешка се студени, па затоа малку нѐ плашеше мислата дека ќе одиме во таа северна пустелија. За среќа, со нас дојдоа и тројца Јеховини сведоци од тоа место. Тие знаеја што може да се очекува и ни дадоа некои корисни совети.
Во овој предел нема многу патишта. Најдобар начин да се стигне до луѓето во далечните места е со моторна санка. Ги натоваривме нашите санки со облека, храна и резервно гориво, и тргнавме. Пред нас до недоглед се простираше бескрајна снежна висорамнина. Облеани од сончевите зраци, снегулките светкаа како дијаманти. Глетката ни го одземаше здивот!
На Финмарк има ирваси, лососи, рисови, зајаци, лисици и лакомци, како и мал број мечки. Но, највозбудени бевме што ќе можеме да појдеме кај жителите на ова зафрлено место. Едвај чекавме да ги запознаеме Лапонците, кои заработуваат за живот одгледувајќи ирваси или работејќи во планинарските домови.
Кај првиот планинарски дом сретнавме неколку младинци кои беа дојдени на нордиско скијање заедно со својот клас. Застанаа за да прашаат зошто сме дојдени. Се разбира, со задоволство им објаснивме дека им ја пренесуваме на луѓето добрата вест од Библијата. „Ви посакуваме сѐ најубаво!“, ни рече еден од нив кога се разделивме. Повторно се качивме на нашите моторни санки и поминавме преку неколку големи ледени езера и снежни пустини. Се прашувавме дали ќе имаме прилика да видиме ирваси.
Додека одевме кон една мала колиба, еден човек срдечно нѐ поздрави. Тој беше еден од малкутемина жители на ова место. Кога забележа дека ни е скршена санката, веднаш се понуди да ја поправи. Си работеше полека, бидејќи овде луѓето не брзаат. Таа смиреност премина и на нас. Откако ни ја поправи санката, му се заблагодаривме и поразговаравме за тоа зошто Бог ги допушта страдањата. Внимателно нѐ слушаше додека му читавме од Библијата. Пред да си заминеме, ја зеде книгата Што навистина учи Библијата? и списанијата Стражарска кула и Разбудете се! што му ги понудивме. Со насмевка ни рече: „Фала што дојдовте!“
Посетивме уште неколку луѓе. Кога почна да паѓа мрак, тргнавме кон колибата во која требаше да преноќиме. Одеднаш здогледавме лисица. Нејзиното црвено крзно сјаеше на белиот снег. Лисицата запре за момент, љубопитно нѐ погледна и си продолжи понатаму. Почна да паѓа снег и затоа прегледноста на теренот се намали. Но, кога ја здогледавме колибата, ни олесни! Запаливме оган, и просторијата полека се затопли. Иако бевме исцрпени од долгото возење по нерамниот снег, бевме пресреќни.
Ни се стори дека утрото веднаш пристигна. Повторно ги натоваривме санките и се упативме кон низината, а потоа, следејќи го текот на реката, стигнавме до уште еден планинарски дом. Таму запознавме еден млад човек, па и него му кажавме неколку убави мисли од Библијата. Тој ни покажа како најлесно да се вратиме на патеката.
Дојде и последниот ден од нашата посета на ова место. Кога влеговме во Националниот парк Стабурсдален, пред нас се појави прекрасна глетка. Во далечината блескаа снежните планински врвови. Тогаш здогледавме едно големо стадо ирваси! Мирно си пасеа, риејќи со своите големи копита под снегот за да најдат лишај и мов. Малку понатаму, здогледавме еден Лапонец седнат на моторна санка. Спокојно ги набљудуваше своите ирваси. Кучето будно го чуваше стадото. Во еден момент, тоа застана за да нѐ надушка, но веќе следниот миг ѝ се врати на својата должност. На човекот му ја пренесовме библиската порака. Тој беше љубезен и нѐ слушаше додека му зборувавме.
На враќање размислувавме за луѓето што ги сретнавме на нашето патување, кое беше долго 300 километри. Мило ни е што ги посетивме жителите на оваа огромна снежна пустина.
[Извор на слика на страница 15]
© Norway Post