ЖИВОТНА ПРИКАЗНА
Пет децении полновремена служба близу до Северниот пол
„Лесно ти е тебе да бидеш пионер. Твоите родители се во вистината и можат да те поддржуваат.“ Ова ѝ го кажавме на една наша пријателка која беше во полновремена служба, но таа ни одговори: „Да, но сите ние го имаме истиот Татко“. Со овие зборови нѐ потсети на една многу важна работа: Нашиот небесен Татко се грижи за своите слуги и ги зајакнува. Тој навистина се грижеше за нас во текот на целиот наш живот.
РОДЕНИ СМЕ во Северна Остроботнија (Финска), во семејство на земјоделци со десет деца. Бевме мали кога беснееше Втората светска војна. Иако живеевме далеку од бојното поле, страдањата што ги претрпеа луѓето оставија длабоки траги врз нас. Една ноќ беа бомбардирани околните градови Оулу и Калајоки. Црното ноќно небо доби пламена боја од експлозиите. Родителите ни кажаа да се засолнеме веднаш штом ќе видиме дека над нас летаат воени авиони. Кога нашиот најстар брат, Тауно, почна да ни раскажува дека ќе има рај на Земјата каде што повеќе нема да има страдање, бевме длабоко трогнати.
Тауно ја дозна библиската вистина на 14 години, кога почна да ги чита книгите кои ги издаваа Истражувачите на Библијата. Кога започна Втората светска војна, тој одби да служи војска поради она што го научи од Библијата. Затоа, беше фрлен в затвор, каде што беше многу малтретиран. Но, тоа уште повеќе го зајакна да му служи на Јехова и, откако излезе од затвор, проповедаше со многу поголем жар. Прекрасниот пример на нашиот брат нѐ поттикна да одиме на состаноците што Сведоците ги одржуваа во едно соседно село. Освен тоа, одевме и на конгреси, иако требаше да работиме многу напорно за да собереме доволно пари за пат. Шиевме облека за нашите соседи, садевме кромид и беревме бобинки. Бидејќи имавме многу работа на фармата, обично не можевме сите заедно да одиме на конгресите, па се менувавме.
Од лево: Мати (таткото), Тауно, Сајми, Марија Емилија (мајката), Вејно (бебето), Ајли и Аники во 1935
Она што го учевме за Јехова и за неговите намери ја продлабочуваше нашата љубов кон него. Затоа, решивме да му се заветуваме, и се крстивме во 1947 год. (Аники на 15, а Ајли на 17 години.) И нашата сестра Сајми се крсти истата година. Ја проучувавме Библијата и со другата сестра, Линеа, која веќе беше мажена. Подоцна таа и целото нејзино семејство станаа Јеховини сведоци. Откако се крстивме, си поставивме цел одвреме-навреме да служиме како феријални (или помошни) пионери.
ПОЧНУВАМЕ СО ПОЛНОВРЕМЕНА СЛУЖБА
Од лево: Ејва Калио, Сајми Матила-Сирјала, Ајли, Аники и Сара Напонен во 1949
Во 1955 год., се преселивме уште понасевер, во градот Кеми. Иако и двете работевме со полно работно време, многу сакавме да служиме како пионери, но се плашевме дали ќе можеме да се издржуваме. Затоа мислевме дека најпрво треба да заштедиме нешто. Токму тогаш разговаравме со сестрата која ја спомнавме погоре. Таа ни помогна да сфатиме дека, за да служиме полновремено, не треба да се потпираме на себеси и на нашето семејство, туку на нашиот небесен Татко.
Одиме на конгрес во Куопио во 1952. Од лево: Аники, Ајли и Ејва Калио
Успеавме да собереме доволно пари за да можеме да се издржуваме како пионери два месеца. Затоа, во мај 1957 год., се пријавивме да служиме како пионери два месеца во Пело (Лапонија), над Северниот поларен круг. Откако заврши тој период, сѐ уште ја имавме целата заштеда, и се пријавивме да служиме уште два месеца. И по тие два месеца заштедата остана негибната. Тоа нѐ увери дека Јехова навистина ќе се грижи за нас. Служиме како пионери веќе 50 години, а сѐ уште не сме ги потрошиле парите што ги заштедивме! Сиве овие години се чувствуваме како Јехова да нѐ држи за рака и да ни вели: „Не плаши се! Јас ќе ти помогнам“ (Иса. 41:13).
Служиме како пионери веќе 50 години, а сѐ уште не сме ги потрошиле парите што ги заштедивме!
Каису Реико и Ајли во служба на проповедање
Во 1958 год., нашиот покраински надгледник нѐ замоли да служиме како специјални пионери во Соданкила (Лапонија). Во тоа време, таму имаше само една сестра. Таа ја дознала вистината на многу интересен начин. Нејзиниот син бил на училишна екскурзија во Хелсинки, главниот град на Финска. Додека групата деца го разгледувале градот, една постара сестра му дала Стражарска кула и му кажала да ѝ го даде списанието на мајка си. Детето го сторило тоа, а мајка му веднаш сфатила дека ја пронашла вистината.
Изнајмивме соба која се наоѓаше над една пилана. Таму држевме состаноци. Во почетокот, присуствувавме само ние двете, сестрата од тоа место и нејзината ќерка. Ги одржувавме состаноците така што заедно го читавме материјалот што требаше да се обработи секоја седмица. Подоцна, во пиланата се вработи еден човек кој порано ја проучувал Библијата со Сведоците. Почна да доаѓа на нашите состаноци со своето семејство, а по некое време тој и жена му се крстија. Сега имавме брат кој можеше да ги води состаноците. И некои други луѓе што работеа во пиланата почнаа да ги посетуваат нашите состаноци и ја прифатија вистината. По неколку години, нашата мала група прерасна во собрание.
ТЕШКИ УСЛОВИ
Проповедањето не беше лесно бидејќи моравме да патуваме многу далеку за да стигнеме до подрачјето. Во лето, одевме во служба пешки, со велосипед или, пак, со чамец. Велосипедите ни беа од голема помош. Со нив одевме на конгресите и кај нашите родители кои живееја на оддалеченост од стотици километри. А, пак, во зима, во раните утрински часови патувавме со автобус до некое село, а потоа одевме пешки од една до друга куќа. Откако ќе обработевме едно село, тргнувавме пешки кон следното. Снегот беше длабок, а патиштата не беа секогаш расчистени. Честопати одевме по трагите што ги оставаа запрежните коли. Понекогаш снегот повторно ја покриваше разгазената патека, а во рана пролет, беше толку кашест што со мака чекоревме низ него.
Заедно во служба во еден студен зимски ден
Поради ниските температури, моравме да бидеме топло облечени. Носевме волнени хулахопки и по три-четири пара чорапи. Иако имавме и високи чизми, пак се полнеа со снег. Кога ќе стигневме до некоја куќа, ќе ги собуевме на скалите и ќе ги истресевме. Додека се пробивавме низ снегот, се намокруваа и рабовите од нашите долги зимски капути, па кога ќе заладеше, смрзнуваа и стануваа како камен. Една станарка ни рече: „Мора да имате многу јака вера штом сте се нафатиле да излезете на вакво време“. Пропешачивме повеќе од 11 километри за да стигнеме до нејзината куќа.
Бидејќи патувавме на долги релации, честопати ноќевавме во домовите на мештаните. Кога ќе се смрачеше, почнувавме да бараме преноќевалиште. Нивните домови беа скромни, но тие беа многу гостопримливи и љубезни. Не само што ни го отвораа својот дом за да преспиеме кај нив, туку ни даваа и нешто за јадење. Како кревет обично ни служеа крзна од ирвас, од лос, па дури и од мечка. А понекогаш уживавме и во малку луксуз. На пример, една госпоѓа која имаше голема куќа нѐ одведе во гостинската соба на горниот спрат, каде што нѐ чекаше прекрасен кревет со чиста постелнина украсена со бела чипка. Многупати разговаравме за Библијата со домаќините до доцна во ноќта. Во една куќа, домаќините спиеја на едната страна од собата, а ние на другата. Тие ни поставуваа многу прашања и нашиот разговор траеше цела ноќ, сѐ до раните утрински часови.
СЛУЖБАТА НИ НОСИ МНОГУ БЛАГОСЛОВИ
Лапонија е убава земја која восхитува со прекрасни пејзажи во секое годишно време. Но, за нас беа уште поубави луѓето кои сакаа да учат за Јехова. Меѓу искрените луѓе на коишто им сведочевме имаше и дрвосечачи кои престојуваа во бараките за шумски работници во Лапонија. Се случуваше ние двете ситни сестрички да влеземе во барака каде што беа сместени десетина крупни мажи. Тие со ценење ја слушаа библиската порака и ги земаа нашите публикации.
Имавме многу интересни искуства. Еден ден, го испуштивме автобусот затоа што часовникот во автобуската станица беше пет минути напред. Затоа одлучивме да се качиме на автобус за едно друго село. Никогаш порано не бевме проповедале таму. Кога стигнавме до првата куќа, ни отвори една млада жена, која на наше изненадување ни рече: „Е, веќе стигнавте? Ве очекував“. Дознавме дека таа ѝ е сестра на една жена со која ја проучувавме Библијата. Оваа млада жена ѝ кажала на сестра ѝ ако можеме да ја посетиме токму тој ден, но ние воопшто не знаевме за тоа. Започнавме библиска студија со неа и со нејзините роднини кои живееја во соседната куќа. По кратко време, ја проучувавме Библијата со сите нив заедно, и на студијата присуствуваа 12 луѓе. Мнозина од ова семејство станаа Јеховини сведоци.
Во 1965 год., бевме испратени во Кусамо, кој се наоѓа малку појужно од Северниот поларен круг. Таму служиме до ден-денес. Во тоа време, имаше само неколку објавители во собранието. Во почетокот беше тешко да се проповеда на новото подрачје. Луѓето беа многу религиозни и имаа предрасуди кон нас. Сепак, многу од нив ја ценеа Библијата, па имавме заеднички темел за разговор. Се трудевме подобро да ги запознаеме, и околу две години подоцна, ни беше полесно да започнуваме библиски студии со нив.
СЀ УШТЕ УЧЕСТВУВАМЕ ВО СЛУЖБАТА
Некои со кои ја проучувавме Библијата
Иако веќе немаме сила да минуваме по цели денови во служба, сѐ уште проповедаме речиси секој ден. Сега ни е полесно да го обработуваме нашето големо подрачје бидејќи Ајли научи да вози. Нашиот внук ја поттикна да полага возачки испит, и таа доби возачка дозвола во 1987 год., кога имаше 56 години. Освен тоа, сега живееме во станот кој е во склоп на нашата нова Сала на Царството, и тоа навистина многу ни помага.
Среќни сме што многу луѓе во северна Финска ја прифатија вистината. Кога почнавме со полновремена служба, имаше само неколкумина објавители расеани низ тоа огромно подрачје. Но, сега таму има покраина со неколку собранија. Често се случува некој да ни се претстави на собирите или конгресите и да ни каже дека бил дете кога сме ја проучувале Библијата со неговото семејство. Семето што сме го посадиле пред многу години, па дури и децении, дало плод! (1. Кор. 3:6).
Со радост одиме во служба дури и кога врне
Во 2008 год., поминаа 50 години откако започнавме со специјална пионерска служба. Му благодариме на Јехова што можевме да се поддржуваме една со друга за да истраеме во службата. Водевме едноставен живот, но секогаш го имавме она што ни требаше (Пс. 23:1). Сега сфаќаме дека воопшто немало потреба толку да се грижиме кога почнавме со пионерската служба. Сите овие години, Јехова нѐ зајакнуваше во склад со ветувањето од Исаија 41:10: „Јас ќе те зајакнам и ќе ти помогнам. Ќе те потпрам со мојата праведна десница“.