ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА: ЗОШТО ИМА ТОЛКУ СТРАДАЊА? ЌЕ ИМ ДОЈДЕ ЛИ КРАЈ?
Зошто се уништени толку многу животи?
Малата Ноел била мило девојченце кое многу сакало да црта. Една вечер, без никој да ја забележи, излегла во дворот зад куќата. Додека си играла, се сопнала и паднала во базенот. Се удавила само две седмици пред да наполни четири години.
Шарлот, Даниел, Оливија, Џозефина... Ова се само некои од имињата на 20-те деца на возраст меѓу 6 и 7 години, од вкупно 26-те жртви кои на 14 декември 2012 год. беа застрелани во едно училиште во Конектикат (САД). Во својот говор по повод нивната смрт, претседателот Обама ги наброја имињата на тие деца, а потоа на ужалените присутни им рече: „На ваквите трагедии мора да им ставиме крај“.
Во 1996 год., 18-годишната Бано заминала од Ирак и заедно со своето семејство се преселила во Норвешка. Нејзините пријатели ја нарекувале Сонце. За жал, таа беше една од 77-те жртви убиени од еден екстремист на 22 јули 2011 год. Подоцна тој дрско изјави: „Се извинувам... што не можев да убијам уште повеќе луѓе“.
Вакви потресни настани постојано се случуваат низ целиот свет. Помисли само колкава тага и болка предизвикуваат несреќите, криминалот, војните, тероризмот, природните катастрофи и другите трагедии. Толку многу недолжни луѓе страдале и загинале, најчесто без некоја посебна причина!
Некои го обвинуваат Бог дека воопшто не го интересира она што се случува со луѓето. Други мислат дека тој гледа колку страдаме, но едноставно не сака да преземе ништо. Трети, пак, велат дека секоја трагедија е судбина од која не се бега. На оваа тема има безброј различни мислења. Од каде да знаеме кое е точно? Во следните статии ќе видиме што вели Божјата Реч, Библијата, за тоа кои се причините за страдањата и како ќе им дојде крајот.