ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w17 Декември стр. 28-31
  • Работи кои морав да ги оставам за да го следам Господарот

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Работи кои морав да ги оставам за да го следам Господарот
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2017
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • УЧАМ ДА ГО СЛЕДАМ ГОСПОДАРОТ
  • УШТЕ ЕДНА МОЖНОСТ ДА СЕ ОТКАЖАМ ОД НЕШТО
  • ГИ ОСТАВАМ ФИЛИПИНИТЕ ЗА ДА ОДАМ НА ШКОЛАТА ГИЛЕАД
  • ГИ ОСТАВАМ УДОБНОСТИТЕ НА ГРАДОТ
  • ПОВТОРНО ВО БЕТЕЛ
  • „На сите им бев сѐ“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2016
  • Дали ова е можеби најдобрата кариера за тебе?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2001
  • Можеш ли да се ставиш на располагање?
    Нашата служба за Царството 2001
  • Отворена покана!
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2010
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2017
w17 Декември стр. 28-31
Нора и Феликс Фахардо

ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Работи кои морав да ги оставам за да го следам Господарот

Раскажал Феликс Фахардо

„Ако отидеш да проповедаш, не се враќај дома! Ако се вратиш, ќе ти ги скршам нозете.“ Кога татко ми ми ги кажа овие зборови, имав само 16 години. Решив да си отидам од дома. Тогаш за првпат морав да се откажам од нешто за да го следам Исус, нашиот Господар.

ЗОШТО татко ми беше толку лут? Дозволете ми да ви раскажам. Роден сум на 29 јули 1929 год., и пораснав во едно село во провинцијата Булакан на Филипините. Немавме многу во материјален поглед и водевме едноставен живот. Кога бев млад, избувна војна и јапонската војска ги нападна Филипините. Сепак, нашето село се наоѓаше во зафрлено подрачје, и затоа не бевме директно погодени од воените судири. Немавме радио, телевизија ниту, пак, весници. За војната добивавме информации само од други луѓе.

Имав седум браќа и сестри. Кога наполнив осум години, баба ми и дедо ми ме зедоа да живеам кај нив. Иако бевме католици, дедо ми сакаше да разговара за други религии и земаше религиозна литература од неговите пријатели. Се сеќавам дека ми ја покажа Библијата, како и некои брошурки на јазикот тагалог кои ги разоткриваа учењата на лажната религија. Многу сакав да ја читам Библијата, особено четирите евангелија. Тоа во мене роди желба да го следам примерот на Исус (Јован 10:27).

УЧАМ ДА ГО СЛЕДАМ ГОСПОДАРОТ

Јапонската војска ги напушти Филипините во 1945 год. Во тоа време, родителите сакаа да се вратам дома. Дедо ми ме поттикна да одам, и јас отидов.

Кратко потоа, во декември 1945 год., во нашето село дојдоа да проповедаат Јеховини сведоци од градот Ангат. Еден постар Сведок дојде кај нас и ни објасни што вели Библијата за „последните денови“ (2. Тим. 3:1-5). Тој нѐ покани да ја проучуваме Библијата во едно блиско село. Моите родители не отидоа, но јас отидов. Таму имаше околу 20 луѓе, и некои поставуваа прашања за Библијата.

Бидејќи не разбирав за што зборуваа, решив да си заминам. Но, во тој момент почнаа да пеат теократска песна. Многу ми се допадна песната, и затоа останав. По песната и молитвата, сите бевме поканети следната недела да присуствуваме на состанок во Ангат.

Состанокот се одржа во домот на семејството Круз. Некои од нас мораа да пешачат околу осум километри за да стигнат таму. На состанокот присуствуваа околу 50 лица. Бев воодушевен кога видов дека дури и малите деца коментираа за длабоки библиски теми. Откако бев на неколку состаноци, еден повозрасен пионер по име Дејмијан Сантос, кој порано бил градоначалник, ме покани да преспијам во неговата куќа. Речиси цела ноќ разговаравме за Библијата.

Во тоа време, луѓето обично се крштаваа брзо откако ќе ги дознаеја основните библиски учења. По само неколку состаноци, браќата ме прашаа мене и уште некои други: „Дали сакате да се крстите?“ Јас им одговорив: „Да, сакам“. Знаев дека сакам да робувам за Господарот, Христос (Кол. 3:24). И така, на 15 февруари 1946 год. отидовме до најблиската река каде што двајца од нас се крстија.

Сфатив дека, за да го следи примерот на Исус, еден крстен христијанин треба редовно да проповеда. На татко ми не му се допадна тоа, и затоа ми рече: „Премногу си млад за да проповедаш. А тоа што те брцнале во река не те прави проповедник“. Му објаснив дека Бог сака да ја проповедаме добрата вест за Царството (Мат. 24:14). Исто така, му реков дека треба да си го одржам ветувањето што му го дадов на Бог. Во таа прилика, татко ми ми ги кажа зборовите што ги спомнав на почетокот. Тој беше решен да ме спречи да проповедам. За првпат морав да се откажам од нешто, односно да направам жртви за да му служам на Јехова.

Семејството Круз ме покани да живеам кај нив во Ангат. Тие нѐ поттикнаа мене и нивната најмлада ќерка, Нора, да почнеме со пионерска служба. Двајцата почнавме да служиме како пионери на 1 ноември 1947 год. Нора служеше во друг град, а јас останав во Ангат.

УШТЕ ЕДНА МОЖНОСТ ДА СЕ ОТКАЖАМ ОД НЕШТО

Откако служев две години како пионер, еден брат од Бетел, Ерл Стјуарт, изнесе говор пред повеќе од 500 луѓе на градскиот плоштад во Ангат. Тој зборуваше на англиски, а потоа јас во кратки црти го прераскажав неговиот говор на јазикот тагалог. Иако имав само седумгодишно образование, нашите наставници редовно го користеа англискиот. Исто така, многу од нашите публикации ги проучував на англиски бидејќи само неколку од нив беа достапни на тагалог. Овие работи ми помогнаа доволно добро да го научам англискиот за да можам да преведувам говори.

Истиот ден кога го преведував говорот на брат Стјуарт, тој му кажа на локалното собрание дека мисионерите ќе присуствуваат на конгресот „Пораст на теократијата“ кој требаше да се одржи во 1950 год., во Њујорк (САД). Затоа, подружницата сакаше да покани еден или двајца пионери да помогнат во Бетел. Јас бев еден од браќата кои беа поканети. Тоа беше уште една прилика кога требаше да ја оставам околината на која бев навикнат, овојпат за да помагам во Бетел.

Стигнав во Бетел на 19 јуни 1950 год. Бетелот се наоѓаше во една голема стара куќа опкружена со големи дрвја на површина од еден хектар. Таму работеа десетина браќа кои беа самци. Рано наутро, помагав во кујната. Потоа, од девет часот, пеглав во пералницата. Истото го правев и попладне. Дури и откако мисионерите се вратија од меѓународниот конгрес, јас останав во Бетел. Работев сѐ што браќата ќе побараа од мене — ги пакував списанијата за испорака, работев со претплати и на рецепција.

ГИ ОСТАВАМ ФИЛИПИНИТЕ ЗА ДА ОДАМ НА ШКОЛАТА ГИЛЕАД

Во 1952 год. јас и шест други браќа од Филипините бевме поканети да присуствуваме на 20. клас од школата Гилеад. Бев пресреќен! Додека бевме во САД, видовме и доживеавме многу нови работи. Животот беше многу поинаков од она на што бев научен во моето селце.

Феликс Фахардо со други браќа на Гилеад во 1952 год.

Со други браќа на Гилеад

На пример, требаше да научиме да користиме апарати и прибор кои никогаш порано не сме ги виделе. Дури и климата беше поинаква! Едно утро, кога се разбудив, надвор сѐ беше бело. Тогаш за првпат видов снег. Изгледаше прекрасно, но набрзо сфатив дека е многу, многу ладен!

Сепак, овие промени не ми паднаа тешко затоа што уживав во извонредната обука на Гилеад. Инструкторите беа одлични учители и ни покажаа како да проучуваме и да истражуваме. Обуката на школата многу ми помогна да си го зајакнам односот со Јехова.

Откако дипломирав, бев привремено испратен да служам како специјален пионер во населбата Бронкс во Њујорк. Така, во јули 1953 год., можев да присуствувам на конгресот „Општеството на новиот свет“ кој се одржуваше во Бронкс. По конгресот, бев испратен да служам назад на Филипините.

ГИ ОСТАВАМ УДОБНОСТИТЕ НА ГРАДОТ

Браќата во Бетел ме испратија да служам во патувачкото дело. Тоа ми даде повеќе можности да го следам примерот на Исус, кој патувал до далечни места за да им помага на Божјите слуги (1. Пет. 2:21). Патував во покраина која се протегаше на огромно подрачје во областа централен Лузон, кој е најголемиот остров на Филипините. Во неа спаѓаа провинциите Булакан, Нова Еција, Тарлак и Замбалес. За да стигнам до некои градови, требаше да ги преминам карпестите планини Сиера Мадре. До овие места не одеа ни автобуси ни возови, па затоа морав да ги прашувам возачите на камионите дали можам да седнам на дрвените трупци што ги пренесуваа. Честопати ми дозволуваа, но не ми беше баш пријатно да патувам на ваков начин.

Повеќето собранија беа мали и нови. Затоа, браќата беа благодарни што им помагав подобро да ги организираат состаноците и службата на проповедање.

Подоцна, бев испратен да служам во покраина која го опфаќаше целиот регион Бикол. Во тој регион, имаше многу групи во кои специјалните пионери проповедаа на подрачја на кои никој претходно не проповедал. Во еден дом, како тоалет служеше една ископана дупка во земјата со две штици ставени попреку. Кога застанав на штиците, тие паднаа во дупката, а заедно со нив паднав и јас. Ми требаше долго време за да се исчистам и да се спремам за појадок.

Додека служев во таа покраина, почнав да мислам на Нора, која започна со пионерска служба во исто време со мене. Во тој период, таа веќе служеше како специјален пионер во градот Думагете, и јас отидов да ја посетам. Потоа, некое време се допишувавме, а во 1956 год. се зедовме. Првата седмица по нашата венчавка ја минавме во посета на едно собрание на островот Рапу-Рапу. Таму моравме да се искачуваме на планини и долго да пешачиме, но бевме среќни што можевме како брачен пар да им помагаме на браќата во тие далечни места!

ПОВТОРНО ВО БЕТЕЛ

Откако бевме во патувачкото дело речиси четири години, добивме покана да служиме во подружницата. Со таа служба започнавме во јануари 1960 год. Во текот на долгите години поминати во Бетел, научив многу од соработката со браќата кои имаа големи одговорности во Јеховината организација. И Нора вршеше различни задачи во Бетел.

Феликс Фахардо држи говор на еден конгрес во 1963 год.

Држам говор на еден конгрес со преведувач на јазикот цебуано

Многу се радувам што можев да го гледам големиот напредок на делото на Филипините. Кога првпат дојдов во Бетел како млад самец, во целата земја имаше околу 10.000 објавители. Сега има повеќе од 200.000 објавители и стотици браќа и сестри кои служат во Бетел за да го поддржат проповедничкото дело.

Како што растеше делото низ годините, бетелските објекти станаа премали. Затоа, Водечкото тело нѐ замоли да бараме земјиште на кое би можеле да изградиме поголема подружница. Јас и надгледникот на печатницата одевме од куќа до куќа во околината на подружницата, каде што живееја многу Кинези, и прашувавме дали некој сака да го продаде својот имот. Никој не сакаше, а еден човек дури ни рече: „Ние Кинезите не продаваме, само купуваме“.

Феликс Фахардо преведува говор на брат Алберт Шредер во 1983 год.

Преведувам говор на брат Алберт Шредер

Меѓутоа, еден ден се случи нешто неочекувано. Еден од нашите соседи требаше да се пресели во САД, и затоа нѐ праша дали сакаме да го купиме неговиот имот. Потоа, и еден друг сосед одлучи да го продаде имотот, а ги поттикна и другите околу него да го сторат истото. Можевме да го купиме имотот дури и од човекот кој ни рече: „Ние Кинезите не продаваме“. За кратко време, имотот на подружницата се зголеми за повеќе од три пати. Уверен сум дека Јехова стоеше зад тоа.

Во 1950 год., бев најмладиот член на бетелското семејство. Сега јас и жена ми сме најстарите членови. Воопшто не жалам што одев секаде каде што ме упатуваше Господарот. Иако родителите ме избркаа од дома, Јехова ми даде големо духовно семејство. Ни најмалку не се сомневам дека Јехова ни го дава сето она што ни е потребно, без разлика која задача ја имаме. Јас и Нора сме му многу благодарни на Јехова за сета негова љубов и грижа кон нас, и ги поттикнуваме и другите да го испитаат Јехова (Мал. 3:10).

Во една прилика, Исус му ја дал следнава покана на даночникот Матеј, наречен и Леви: „Појди по мене!“ Што направил тој? Матеј оставил сѐ и пошол по него (Лука 5:27, 28). И јас се соочив со ситуации во кои имав можност да оставам некои работи за да го следам Исус. Од срце ги поттикнувам другите да го сторат истото бидејќи ќе доживеат многу благослови.

Феликс Фахардо покажува фотографии од својата служба на Филипините

Се радувам што и понатаму служам на Филипините

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели