ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • nwt Естира 1:1-10:3
  • Естира

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Естира
  • Свето писмо — превод Нов свет
Свето писмо — превод Нов свет
Естира

Книга за Естира

1 Во деновите на Ахасвер*+ — на оној Ахасвер што владееше како цар над сто дваесет и седум покраини+ од Индија до Етиопија — 2 во оние денови кога цар Ахасвер седеше на својот царски престол+ во тврдината+ Суза,+ 3 во третата година на своето царување, приреди кај себе гозба+ за сите свои кнезови и слуги, за војската на Персија+ и Медија,+ за достоинствениците+ и за кнезовите на покраините.+ 4 И многу денови, односно сто и осумдесет дена, го покажуваше богатството+ на своето славно царство, како и величественоста и убавината на својата величина. 5 Кога поминаа тие денови, во градината во дворот на царската палата царот приреди седумдневна гозба за сите луѓе што се наоѓаа во тврдината Суза, од најголемиот до најмалиот. 6 Просторот беше украсен со ленена, памучна и со сина ткаенина+ прицврстена со врвци од фина преѓа, како и со ткаенина од црвеникаво-виолетова волна+ закачена со сребрени алки на мермерни столбови. На подот од порфир,* мермер, седеф и црн мермер имаше златни и сребрени софи.+

7 За пиење се служеше вино во најразлични златни садови,+ а царското вино+ го имаше во изобилство, како што и му прилега на еден цар. 8 Никој не беше со закон присилен да пие, бидејќи царот им нареди на сите управители на својот дворец да му угодуваат секому според неговата желба.

9 И царицата Астина+ приреди гозба за жените во царскиот дворец на цар Ахасвер.

10 На седмиот ден, кога срцето му беше весело од вино,+ цар Ахасвер им рече на Меуман, Висат, Арвона,+ Викта, Авакта, Зетар и Харкас, седуммина дворјани што му служеа+ нему, 11 да ја доведат пред него царицата Астина со царскиот турбан на глава за да им ја покаже на народите и на кнезовите нејзината убавина, зашто беше многу убава.+ 12 Но царицата Астина не сакаше+ да се оѕвие на царевиот повик, кој ѝ го пренесоа дворјаните. Тогаш царот многу се налути и пламна од гнев.+

13 Царот им рече на мудреците,+ кои ја познаваа историјата (зашто така се изнесуваа царските работи пред сите што беа упатени во законот и правото, 14 а најблиски му беа Карсен, Сетар, Адмат, Тарсис, Мерес, Марсена и Мемукан, седум+ кнезови на Персија и Медија, кои имаа пристап до царот+ и седеа на првите места во царството): 15 „Според законот, како треба да се постапи со царицата Астина, зашто таа не го изврши она што ѝ го заповеда цар Ахасвер преку дворјаните?“

16 Тогаш Мемукан+ рече пред царот и пред кнезовите: „Царицата Астина не му згреши само на царот+ туку им згреши и на сите кнезови и на сите народи што живеат во сите покраини на цар Ахасвер. 17 Зашто, за постапката на царицата ќе дознаат сите жени, па во нивни очи нивните мажи*+ ќе бидат презрени,+ зашто жените ќе речат: ‚Цар Ахасвер нареди да ја доведат пред него царицата Астина, но таа не дојде‘. 18 И уште на овој ден кнегињите на Персија и Медија, кои чуле за постапката на царицата, ќе им го велат тоа на сите кнезови на царот, така што ќе има многу презир и гнев.+ 19 Ако му е по волја на царот,+ тој нека издаде царска наредба, и таа нека се запише во законите+ на Персија и Медија, така што не ќе може да биде отповикана:+ Астина да не смее веќе да се појавува пред цар Ахасвер, а царот нека го предаде нејзиното царско достоинство на друга жена, подобра од неа. 20 И одлуката што ќе ја донесе царот нека се разгласи по целото негово царство, кое е многу големо, па сите жени ќе покажуваат почит+ кон своите мажи,+ како кон големите така и кон малите“.

21 Тој предлог им се допадна на царот+ и на кнезовите, и царот постапи според она што го кажа Мемукан. 22 Па испрати писма+ по сите свои покраини. На секоја покраина+ ѝ пиша со нејзиното писмо и на секој народ на неговиот јазик, за секој маж да биде господар во својот дом+ и да го зборува јазикот на својот народ.

2 По тие настани, кога му стивна гневот, цар Ахасвер+ се сети на Астина,+ на она што таа го направи+ и на она што беше одлучено против неа.+ 2 Тогаш дворјаните на царот, негови слуги,+ рекоа: „Да се побараат+ за царот млади девојки, девици+ со убав изглед. 3 И царот нека постави довереници во сите покраини+ на своето царство, и тие нека му ги соберат сите млади девојки, девици убави на изглед, во тврдината Суза,+ во женската куќа, која е под надзор на царскиот евнух+ Хигеј,+ чуварот на жените, и нека бидат разубавувани со масажи. 4 Онаа девојка што ќе им се допадне на царевите очи нека стане царица наместо Астина“.+ Тоа му се допадна на царот и тој постапи така.

5 Во тврдината Суза+ имаше еден Евреин, кој се викаше Мардохеј,+ син на Јаир, син на Симеј, син на Кис, од племето на Венијамин,+ 6 кој беше одведен во изгнанство+ од Ерусалим со протераните луѓе, кои вавилонскиот цар Навуходоносор+ ги одведе во изгнанство заедно со Јехонија,*+ царот на Јуда. 7 И тој се грижеше+ за Адаса, односно Естира, ќерката на својот стрико,+ бидејќи таа немаше ни татко ни мајка. Девојката имаше убава става и убаво лице.+ По смртта на татко ѝ и на мајка ѝ, Мардохеј ја зеде кај себе како ќерка. 8 И кога се разгласија царската наредба и царскиот закон, и кога многу девојки беа собрани во тврдината Суза,+ беше однесена и Естира во царскиот дом под надзор на Хигеј,+ чуварот на жените.

9 Девојката им се допадна на неговите очи и ја придоби неговата наклоност,*+ па тој брзо се погрижи за нејзиното разубавување со масажа+ и за соодветна храна. Ѝ даде и седум избрани девојки од царскиот дом и ја премести заедно со девојките во најдобриот дел од женската куќа. 10 Естира не кажуваше ниту за својот народ+ ниту за своите роднини, зашто Мардохеј ѝ заповеда да не зборува за тоа.+ 11 А Мардохеј секој ден доаѓаше до дворот на женската куќа за да дознае како е Естира и што се случува со неа.

12 По дванаесетмесечни подготовки, според прописите за жени, на секоја девојка ѝ доаѓаше редот да влезе кај цар Ахасвер. А вака се одвиваше постапката за нивно разубавување со масажа: шест месеци со масло од смирна,+ а шест месеци со балсам,+ како и со посебни масажи за жени. 13 Потоа девојката влегуваше кај царот. Сѐ што ќе побараше од женската куќа можеше да си понесе со себе во царскиот дом.+ 14 Навечер таа ќе влезеше, а наутро ќе се вратеше во втората женска куќа под надзор на царевиот евнух+ Саазгаз, чуварот на наложниците.* Тогаш веќе не влегуваше кај царот, освен ако му се допаднеше на царот и ако ја повикаше по име.+

15 Кога дојде редот кај царот да влезе Естира, ќерката на Авихаил, стрикото на Мардохеј, која Мардохеј ја зеде кај себе како ќерка,+ таа не побара ништо друго+ освен она што ѝ рече царскиот евнух Хигеј,+ чуварот на жените. А за сето тоа време Естира стекнуваше сѐ поголема наклоност кај сите што ја гледаа.+ 16 Така ја однесоа Естира кај цар Ахасвер, во неговиот дворец, во десеттиот месец, односно во месецот тевет,* во седмата година+ на неговото владеење. 17 А царот ја засака Естира повеќе отколку сите други жени, и таа ја придоби неговата наклоност и љубов повеќе од сите други девици.+ Тој ѝ го стави царскиот турбан на главата и ја направи царица+ наместо Астина. 18 Потоа царот им приреди голема гозба на сите свои кнезови и слуги, гозба за Естира. На сите покраини им даде олеснување+ и делеше дарови какви што му прилегаат на еден цар.

19 Кога девиците+ беа собрани по втор пат, Мардохеј седеше при царската порта.+ 20 А Естира не зборуваше ниту за своите роднини ниту за својот народ,+ токму како што ѝ заповеда+ Мардохеј.+ Естира и понатаму го правеше она што Мардохеј ѝ го кажуваше, исто како порано кога тој водеше грижа за неа.+

21 Во тие денови, додека Мардохеј седеше при царската порта, Вихтан и Терес, двајца дворјани, вратари, се разгневија, па почнаа да се договараат за да дигнат рака+ на цар Ахасвер. 22 А Мардохеј дозна за тоа и веднаш ѝ кажа+ на царицата Естира, а Естира, пак, зборуваше со царот во името на Мардохеј.+ 23 Така работата беше испитана и на крајот потврдена, и тие двајца беа обесени+ на столб.+ И тоа се запиша пред царот во летописите.+

3 По овие настани, цар Ахасвер го возвиши Аман,+ синот на Амедата од племето на Агаг.+ Него го воздигна,+ а неговиот престол го постави над сите други кнезови што беа со него.+ 2 И сите слуги на царот што беа при царската порта+ му се поклонуваа на Аман и паѓаа ничкум пред него, бидејќи така нареди царот. Но Мардохеј ниту му се поклонуваше ниту паѓаше ничкум пред него.+ 3 А слугите на царот, кои беа при царската порта, му велеа на Мардохеј: „Зошто ја престапуваш царевата заповед?“+ 4 И така, поради тоа што му зборуваа од ден на ден, а тој не ги слушаше, му јавија на Аман за да видат дали ќе му биде допуштено на Мардохеј да се однесува така,+ бидејќи им рече дека е Евреин.+

5 Кога виде дека Мардохеј не му се поклонува и не паѓа ничкум пред него,+ Аман се исполни со гнев.+ 6 Но во негови очи не вредеше да дигне рака само на Мардохеј, зашто му кажаа од кој народ е Мардохеј. Затоа Аман почна да бара начин да ги истреби+ сите Евреи што живееја по целото царство на Ахасвер, односно народот на Мардохеј.+

7 Во првиот месец,+ односно во месецот нисан,* во дванаесеттата година+ на цар Ахасвер, пред Аман фрлија Пур,*+ односно ждрепка,+ и тоа го правеа за секој ден и за секој месец сѐ до дванаесеттиот месец, односно до месецот адар.*+ 8 И Аман му рече на цар Ахасвер: „Во сите покраини на твоето царство+ има еден народ, распрснат+ меѓу народите и одвоен од нив. Неговите закони се разликуваат од законите на сите други народи, и тој народ не ги држи ни царските закони.+ Затоа не е добро царот да ги остави на мира. 9 Ако му е по волја на царот, нека се издаде писмен налог да бидат истребени, а јас ќе им избројам десет илјади+ таланти* сребро на рака на царските службеници+ да ги однесат во царската ризница“.

10 Тогаш царот го извади својот печатен прстен+ од раката и му го даде на Аман,+ синот на Амедата од племето на Агаг,+ непријателот на Евреите.+ 11 И царот му рече на Аман: „Ти се дава среброто,+ а и тој народ, па направи го со нив она што е добро во твои очи“.+ 12 Во првиот месец, на тринаесеттиот ден од тој месец, беа свикани царските писари+ и беше составен запис+ за сето она што им го заповеда Аман на царските сатрапи,* на управителите што беа над покраините+ и на кнезовите на различните народи, за секоја покраина со нејзиното писмо+ и за секој народ на неговиот јазик. Сѐ беше напишано во името+ на цар Ахасвер и запечатено со царевиот печатен прстен.+

13 Потоа, по гласници+ беа испратени писма до сите царски покраини за да се истребат, да се убијат и да се сотрат сите Евреи — момци и старци, деца и жени — во еден ден,+ и тоа на тринаесеттиот ден од дванаесеттиот месец, односно од месецот адар,+ и да се заплени нивниот имот.+ 14 Препис од писмото, кое требаше да стане закон+ во сите покраини,+ им беше објавен на сите народи за да бидат подготвени за тој ден. 15 И гласниците тргнаа на пат. Се брзаа+ поради царевата заповед. Тој закон беше издаден и во тврдината Суза.+ А царот и Аман седнаа да пијат,+ додека во градот Суза+ владееше метеж.+

4 Кога дозна за сѐ што се случи,+ Мардохеј+ си ја раскина облеката, се облече во козина+ и се посипа со пепел,+ па излезе среде градот и лелекаше гласно и со горчина.+ 2 Најпосле дојде до пред царската порта,+ бидејќи никој не смееше да влезе низ царската порта облечен во козина. 3 А во секоја покраина+ во која ќе стигнеа царската заповед и царскиот закон настануваше голема жалост+ меѓу Евреите — постеа,+ плачеа и тажеа. На мнозина козината+ и пепелта+ им станаа постела. 4 Девојките на Естира и нејзините евнуси+ дојдоа и ѝ го јавија тоа. А тоа болно ја погоди царицата. Тогаш му испрати облека на Мардохеј за да ја облече неа, а да ја соблече козината, но тој не ја прими.+ 5 Тогаш Естира го повика Атах,+ еден од евнусите на царот, кого тој го одреди да ѝ служи, и му заповеда да оди кај Мардохеј и да дознае што значи тоа и што се случува.

6 Атах отиде кај Мардохеј на градскиот плоштад, кој беше пред царската порта. 7 Тогаш Мардохеј му раскажа за сѐ што му се случило+ и подробно го извести за парите што Аман вети да ги даде во царската ризница+ за да ги уништи Евреите.+ 8 И му даде препис+ од законот за нивно истребување, кој беше издаден во Суза,+ за да ѝ го покаже на Естира и да ѝ каже и да ѝ наложи+ да отиде кај царот и да го моли за милост+ и пред него да се заземе за својот народ.+

9 Атах+ се врати и ѝ ги кажа на Естира зборовите на Мардохеј. 10 Тогаш Естира му рече на Атах и му заповеда да му пренесе на Мардохеј:+ 11 „Сите царски слуги и целиот народ од царските покраини знаат дека секого, било маж било жена што ќе влезе неповикан кај царот во внатрешниот двор,+ го чека само еден закон:+ смртна казна. Ќе остане жив само ако царот го пружи кон него својот златен жезол.+ А јас веќе триесет дена не сум повикана кај царот“.

12 Му ги кажаа на Мардохеј зборовите на Естира. 13 А Мардохеј ѝ порача на Естира: „Не помислувај во својата душа дека од сите Евреи ќе се избават само оние што се во домот на царот.+ 14 Зашто, ако молчиш во овој час, помош и избавување за Евреите ќе дојде од друга страна,+ но ти и домот на татко ти ќе загинете. А кој знае дали не си дошла до царското достоинство+ токму заради часот каков што е овој?“

15 Затоа Естира му порача на Мардохеј: 16 „Оди, собери ги сите Евреи што се наоѓаат во Суза,+ па сите заедно постете+ за мене — три дена+ и три ноќи да не јадете и да не пиете. И јас ќе постам со своите девојки,+ а потоа ќе отидам кај царот, макар што тоа не е по законот, па ако треба да загинам,+ ќе загинам“. 17 Тогаш Мардохеј отиде и направи сѐ што му заповеда Естира.

5 На третиот ден+ Естира се облече царски+ и застана во внатрешниот двор+ на царевиот дворец, спроти царевиот дворец, а царот седеше на својот царски престол во царевиот дворец, спроти влезот во дворецот. 2 И штом виде дека царицата Естира стои во дворот, таа најде милост+ во негови очи, и царот го испружи кон Естира златниот жезол,+ кој му беше во раката. А Естира се приближи и го допре врвот на жезолот.

3 Тогаш царот ѝ рече: „Каква желба имаш, царице Естира, и што бараш?+ Ако е тоа и половина од царството,+ ќе ти биде дадено!“ 4 Естира одговори: „Ако му е по волја на царот, тој нека дојде денес заедно со Аман+ на гозбата+ што му ја приредив“. 5 А царот рече: „Викнете го Аман веднаш+ да го направи она што го кажа Естира!“ Така царот и Аман дојдоа на гозбата што ја приреди Естира.

6 И додека на гозбата се пиеше вино, царот ѝ рече на Естира: „Каква молба имаш?+ Ќе ти биде исполнета! И што бараш? Ако е тоа и половина од царството, ќе ти биде дадено!“ 7 Естира му одговори: „Ова е мојата молба и ова го барам: 8 ако сум нашла милост во очите на царот+ и ако му е по волја на царот да ја услиши мојата молба и да го направи она што го барам, тој и Аман нека дојдат на гозбата што ќе ја приредам за нив утре, и утре ќе постапам според царскиот збор“.+

9  Тој ден Аман излезе радосен+ и со весело срце, но штом при царската порта+ го виде Мардохеј, кој не стана+ и не се тресеше пред него,+ Аман веднаш се исполни со гнев+ кон Мардохеј. 10 Сепак, Аман се воздржа и си отиде дома. Тогаш испрати по своите пријатели и по својата жена Сереса,+ 11 па им раскажуваше за славата на своето богатство,+ за мноштвото свои синови,+ за сето она со кое царот го возвиши и за тоа како го воздигна над сите кнезови и слуги на царот.+

12 Потоа Аман продолжи: „Освен тоа, на гозбата што ја приреди, царицата Естира не повика со царот никој друг освен мене,+ а и утре+ сум поканет со царот кај неа. 13 Но, ништо од сето тоа не може да ме задоволи додека го гледам Евреинот Мардохеј како седи при царската порта“. 14 Тогаш Сереса, неговата жена, и сите негови пријатели му рекоа: „Нека направат столб+ висок педесет лакти,* па утре изутрина+ кажи му на царот да го обесат Мардохеј на него.+ Потоа оди весело со царот на гозбата“. Тој предлог му се виде добар+ на Аман, и тој нареди да се направи столбот.+

6 Таа ноќ, царот никако не можеше да заспие.+ Затоа нареди да му ја донесат книгата со записите+ за поранешните настани, па почнаа да му читаат од неа на царот. 2 Конечно се најде записот за она што го извести Мардохеј+ за Вихтан и Терес, двајцата дворјани,+ вратари, кои се договараа да дигнат рака на цар Ахасвер. 3 Тогаш царот рече: „Каква чест и каква награда добил Мардохеј за тоа?“ „Ништо не е направено за него“,+ одговорија придружниците на царот, негови слуги.

4 Потоа царот праша: „Кој е во дворот?“ А Аман само што беше влегол во надворешниот двор+ од царскиот дворец за да бара од царот да го обесат Мардохеј на столбот+ што го беше подготвил за него. 5 Затоа службениците на царот му рекоа: „Ене, Аман+ стои во дворот“. „Нека влезе!“ — рече царот.

6 Кога влезе Аман, царот го праша: „Што треба да му се направи на човек кому царот сака да му укаже чест?“+ А Аман си помисли во срцето: „Кому сака царот да му укаже чест ако не мене?“+ 7 Затоа Аман му рече на царот: „На човекот кому царот сака да му укаже чест 8 нека му донесат царска облека+ во која се облекува самиот цар и нека го доведат коњот на кој јава царот+ и на чија глава има царски украс. 9 Облеката и коњот нека му бидат предададени на еден од царските угледни кнезови,+ па нека го облечат човекот кому царот сака да му укаже чест и нека го изведат на коњ по градскиот плоштад+ и нека извикуваат пред него: ‚Вака се прави со оној човек кому царот сака да му укаже чест!‘ “+ 10 Тогаш царот му рече на Аман: „Брзо, земи ги облеката и коњот, како што рече, и направи така со Евреинот Мардохеј, кој седи при царската порта. Не пропуштај ништо од сето она што го кажа“.+

11 И Аман ги зеде облеката+ и коњот, го облече Мардохеј+ и го изведе на коњ по градскиот плоштад,+ викајќи пред него:+ „Вака се прави со оној човек кому царот сака да му укаже чест!“+ 12 Потоа Мардохеј се врати при царската порта,+ а Аман брзо си отиде дома, тажен и со покриена глава.+ 13 И Аман им раскажа на жена си Сереса+ и на сите свои пријатели за сѐ што му се случи. Тогаш неговите мудреци+ и жена му Сереса му рекоа: „Ако е Мардохеј, пред кого ти почна да паѓаш, од еврејскиот род, нема да го надвладееш, туку сигурно ќе паднеш пред него“.+

14 Додека тие уште разговараа со него, царските дворјани дојдоа и брзо+ го одведоа Аман на гозбата+ што ја приреди Естира.

7 Потоа царот и Аман+ дојдоа на гозба кај царицата Естира. 2 На вториот ден, додека се пиеше вино+ на гозбата, царот ѝ рече на Естира: „Каква молба имаш,+ царице Естира? Нека ти биде исполнета!+ И што бараш? Ако е тоа и половина од царството,+ ќе го добиеш!“ 3 Тогаш царицата Естира одговори и рече: „Ако сум нашла милост во твои очи, царе, и ако му е по волја на царот, нека ми бидат подарени мојот живот*+ по моја желба и мојот народ+ на моја молба. 4 Зашто, јас и мојот народ сме продадени+ за да бидеме истребени, убиени и сотрени.+ Да бевме продадени како обични робови+ и робинки, ќе молчев. Но, не е прифатливо неволјата да биде на штета на царот“.

5 Тогаш цар Ахасвер ѝ го пресече зборот на царицата Естира и рече: „Кој е тој,+ и каде е тој што се осмелил+ да направи такво нешто?“ 6 А Естира рече: „Тој противник+ и непријател+ е овој злобен Аман!“

А Аман се уплаши+ од царот и од царицата. 7 Тогаш царот во својот гнев+ стана од гозбата и излезе во градината на палатата. А Аман стана за да ја моли царицата Естира за својот живот,*+ зашто виде дека царот му готви зло.+ 8 Кога царот се врати од градината на палатата во куќата каде што се пиеше вино,+ Аман беше легнат на софата+ на која беше Естира. „Зарем уште и царицата ќе биде силувана додека сум јас во куќата?“ — извика царот. Штом излезе тој збор од устата на царот,+ му го покрија лицето на Аман. 9 А Арвона,+ еден од дворјаните+ што стоеја во служба на царот, рече: „Ене, во куќата на Аман стои столбот+ — висок педесет лакти* — што Аман го направи за Мардохеј, кој зборуваше добро за царот“.+ Тогаш царот заповеда: „Обесете го на него!“+ 10 Така го обесија Аман на столбот+ што го беше подготвил за Мардохеј,+ и гневот на царот стивна.

8 Во тој ден, цар Ахасвер ѝ ја даде на царицата Естира куќата на Аман,+ непријателот на Евреите,+ а Мардохеј дојде пред царот, бидејќи Естира кажа што ѝ е тој.+ 2 Тогаш царот го извади својот печатен прстен,+ кој му го беше одзел на Аман, па му го даде на Мардохеј, а Естира го постави Мардохеј над куќата на Аман.+

3 Освен тоа, Естира повторно му се обрати на царот. Му се фрли пред нозете и плачејќи го молеше+ милостиво да ги отстрани злото+ на Аман од племето на Агаг и заговорот+ што тој го скова против Евреите.+ 4 Тогаш царот го испружи кон Естира златниот жезол,+ а Естира стана и застана пред царот, 5 па рече: „Ако му е по волја на царот и ако сум ја стекнала неговата наклоност,+ ако молбата му се чини исправна и ако сум мила во негови очи, писмено нека се поништат писмата,+ заговорот на Аман, синот на Амедата од племето на Агаг,+ кои ги напиша за да ги уништи Евреите+ што живеат по сите покраини на царот.+ 6 Зашто, како би можела да ја гледам несреќата што ќе го снајде мојот народ, и како би можела да го гледам уништувањето на моите роднини?“

7 А цар Ахасвер им одговори на царицата Естира и на Евреинот Мардохеј: „Ете, куќата на Аман ѝ ја дадов на Естира,+ а него го обесија на столб+ затоа што дигна рака на Евреите. 8 Сега вие напишете го во името на царот+ она што според вас е добро за Евреите, па запечатете го со царевиот печатен прстен, бидејќи сѐ што е напишано во името на царот и запечатено со царскиот печатен прстен не може да се поништи“.+

9 Затоа, во тоа време, во третиот месец, односно во месецот сиван,* на дваесет и третиот ден од тој месец, беа повикани царските писари.+ Тие напишаа сѐ што им заповеда Мардохеј на Евреите, на сатрапите,*+ на управителите и на кнезовите во покраините од Индија до Етиопија, кои беа над сто дваесет и седум покраини,+ на секоја покраина со нејзиното писмо+ и на секој народ на неговиот јазик,+ а и на Евреите со нивното писмо и на нивниот јазик.+

10 И тој ги напиша писмата во името на цар+ Ахасвер, ги запечати+ со царскиот печатен прстен+ и ги испрати по гласници на коњи.+ Тие јаваа брзи коњи од царската поштенска служба. 11 Така беше објавено дека царот им допушта на Евреите по сите градови да се соберат+ и да ги бранат своите души, а да ја истребат, да ја убијат и да ја сотрат секоја војска од народот+ или од покраината, која би ги нападнала, не штедејќи ни деца ни жени, а нивните имоти да ги опљачкаат,+ 12 и сето тоа во истиот ден+ во сите покраини на цар Ахасвер, во тринаесеттиот ден+ од дванаесеттиот месец, односно од месецот адар.+ 13 Препис+ од писмото требаше да се предаде како закон по сите покраини и да им се објави на сите народи за Евреите да бидат подготвени на тој ден да им се одмаздат+ на своите непријатели. 14 И гласниците,+ кои јаваа на коњите од царската поштенска служба, веднаш тргнаа на пат брзајќи+ поради царската заповед. Тој закон беше издаден и во тврдината Суза.+

15  Мардохеј излезе од кај царот облечен во царска облека+ од сина ткаенина и лен, со голема златна круна и со наметка од фина ткаенина,+ всушност, од црвеникаво-виолетова волна.+ А градот Суза радосно извикуваше и се веселеше.+ 16 Така Евреите добија светлина, радост,+ веселба и чест. 17 И во секоја покраина и во секој град во којшто стигнаа заповедта на царот и неговиот закон, меѓу Евреите завладеа радост и веселба, и на тој ден тие се гоштаваа+ и се радуваа. И мнозина од другите народи*+ се кажуваа како Евреи,+ зашто ги обзеде страв+ од Евреите.

9 Во дванаесеттиот месец, односно во месецот адар,+ на тринаесеттиот ден од тој месец, кога дојде време да се извршат царската заповед и царскиот закон,+ на истиот оној ден кога непријателите на Евреите се надеваа дека ќе завладеат со нив, се случи спротивното, и Евреите завладеаја со оние што ги мразеа нив.+ 2 Евреите се собраа+ во своите градови по сите покраини на цар Ахасвер+ за да дигнат рака на оние што сакаа да им нанесат зло.+ И никој не можеше да им се спротивстави, бидејќи стравот+ од нив ги обзеде сите народи. 3 И сите кнезови+ на покраините, сатрапите,*+ управителите и оние што ги вршеа работите на царот+ им помагаа на Евреите, бидејќи ги обзеде страв+ од Мардохеј. 4 Зашто, Мардохеј стана голем+ во царскиот дворец и гласот за неговата слава+ се ширеше по сите покраини. И Мардохеј стануваше сѐ помоќен.+

5 Евреите удрија на сите свои непријатели, ги исекоа со меч, ги погубија и ги сотреа.+ Со оние што ги мразеа нив правеа што сакаа.+ 6 И во тврдината Суза,+ Евреите убија и уништија петстотини луѓе. 7 Меѓу нив и Фарсандат, Далфон, Аспат, 8 Порат, Адалиј, Аридат, 9 Фармаст, Арисај, Аридај и Ваезат, 10 десетте синови+ на Аман,+ синот на Амедата, непријателот на Евреите.+ Нив ги убија, но не посегнаа со рака да земат од пленот.+

11 Во истиот ден, царот дозна за бројот на убиените во тврдината Суза.

12 Тогаш царот ѝ рече на царицата Естира:+ „Во тврдината Суза,+ Евреите убија и уништија петстотини луѓе и десетте синови на Аман. А што ли направиле+ во другите покраини+ на царот! Каква молба имаш сега? Ќе ти биде исполнета!+ И што бараш уште?+ Ќе го добиеш!“ 13 Естира тогаш рече: „Ако му е по волја на царот,+ нека им биде дозволено на Евреите во Суза и утре да постапуваат според денешниот закон,+ и десетте синови на Аман нека бидат обесени на столб“.+ 14 Царот нареди да се направи така.+ Тогаш во Суза беше издаден закон, и беа обесени десетте синови на Аман.

15 Така Евреите што беа во Суза се собраа и на четиринаесеттиот+ ден од месецот адар, па во Суза убија уште триста луѓе, но не посегнаа со рака да земат од пленот.+

16 И другите Евреи, кои се наоѓаа во покраините+ на царот, се собраа и станаа да ги бранат своите души+ и да им се одмаздуваат+ на своите непријатели. Убија седумдесет и пет илјади од оние што ги мразеа нив, но не посегнаа со рака да земат од пленот. 17 Тоа беше на тринаесеттиот ден од месецот адар. На четиринаесеттиот ден од тој месец тие мируваа и тој ден го направија ден на гозба+ и веселба.+

18 Евреите во Суза се собраа на тринаесеттиот+ и на четиринаесеттиот ден од тој месец, а на петнаесеттиот ден мируваа, и тој ден го направија ден на гозба и веселба.+ 19 Затоа, за Евреите од внатрешноста, кои живееја по градовите во оддалечените покраини, четиринаесеттиот ден од месецот адар+ стана ден на веселба,+ гозба и на прослава,+ и едни на други си испраќаа храна како подарок.+

20 Мардохеј+ ги запиша тие настани и испрати писма до сите Евреи по сите покраини+ на цар Ахасвер, и до оние што беа близу и до оние што беа далеку, 21 за да им наложи+ секоја година да ги празнуваат четиринаесеттиот и петнаесеттиот ден од месецот адар 22 како денови во кои Евреите си отпочинаа од своите непријатели+ и како месец во кој нивната жалост се претвори во радост и нивната тага+ во ден на прослава. Тие денови требаше да ги слават со гозба и веселба и со заемно испраќање храна како подарок,+ како и со делење подароци на сиромашните.+

23 Евреите го прифатија она што веќе почнаа да го прават, а за кое им пишуваше Мардохеј. 24 Зашто Аман,+ синот на Амедата+ од племето на Агаг,+ непријателот+ на сите Евреи, всушност скова заговор против Евреите за да ги уништи,+ и даде да се фрли Пур,+ односно ждрепка,+ за да ги збрка и да ги уништи. 25 Но, кога Естира дојде пред царот, царот издаде писмена заповед:+ „Овој зол заговор,+ кој го смислил против Евреите, нека му се врати на негова глава“.+ Така, него и неговите синови ги обесија на столб.+ 26 Затоа тие денови се наречени Пурим, од зборот пур.+ Така, според сите зборови од тоа писмо+ и според она што го видоа и го доживеаја во врска со тоа, 27 Евреите се обврзаа и прифатија за себе, за своите потомци и за сите оние што ќе им се придружат,+ како неотповиклива обврска, редовно да ги празнуваат тие два дена според сето она што беше напишано за нив, секоја година во одреденото време за тоа. 28 И тие денови требаше да се паметат и да се празнуваат во секое поколение, во секое семејство, во секоја покраина и во секој град. Тие денови на Пурим не смеат да исчезнат меѓу Евреите и споменот+ за нив не смее да избледи кај нивните потомци.

29 А царицата Естира, ќерката на Авихаил,+ и Евреинот Мардохеј пишуваа со многу силни зборови за да го потврдат ова второ писмо за Пурим. 30 Тогаш тој испрати писма до сите Евреи во сто дваесет и седумте покраини+ од царството на Ахасвер,+ со зборови на мир и вистина,+ 31 за да потврди дека треба да ги држат тие денови на Пурим во одреденото време — како што Евреинот Мардохеј и царицата Естира ги обврзаа,+ и како што се обврзаа самите себе ги обврзаа и своите потомци+ — дека треба да постат+ и да му се молат на Бог за помош.+ 32 И зборовите на Естира ги потврдија овие прописи за Пурим,+ па беа запишани во една книга.

10 Цар Ахасвер им одреди на земјите и на морските острови+ присилна работа.+

2 А сите негови силни дела, неговата моќ и подробниот извештај за високата положба на Мардохеј,+ на која царот го возвиши,+ не е ли сето тоа запишано во летописите+ на медиските и персиските цареви?+ 3 Зашто, Евреинот Мардохеј беше прв до цар+ Ахасвер и многу уважен меѓу Евреите, и стекна признание од мноштвото свои браќа со тоа што работеше за доброто на својот народ и го зборуваше она што придонесуваше за мирот+ на сите нивни потомци.

Или: „Артаксеркс“. Се смета дека тоа бил Ксеркс I, синот на Дариј Велики (Дариј Хистасп).

Многу тврд камен, кој честопати има темна, виолетово-црвена боја и содржи кристали од фелдспат (вид глинеста руда).

Буквално: „сопственици (господари)“.

Во 2Ца 24:8 „Јоахин“, а во Ере 22:24 „Хониј“.

Или: „лојална љубов“. Види ја фуснотата за 1Мо 19:19.

Види ја фуснотата за 1Мо 22:24.

По изгнанството во Вавилон, вака се викал 10. месец од еврејскиот лунарен календар. Види го додатокот 14.

Види ја фуснотата за Не 2:1.

„Пур“ значи „ждрепка“. „Пурим“ (множина) со текот на времето станал назив на еврејскиот празник кој се слави во дванаесеттиот месец од нивниот верски календар. Види го додатокот 14.

Адар е името на дванаесеттиот месец од еврејскиот верски календар. Види го додатокот 14.

Види го додатокот 13.

Види ја фуснотата за Езр 8:36.

Околу 22 метри. Види го додатокот 13.

Буквално: „душа“.

Буквално: „душа“.

Види ја фуснотата за Ес 5:14.

Сиван е името на 3. месец од еврејскиот верски календар. Види го додатокот 14.

Види ја фуснотата за Езр 8:36.

„Другите народи“ — буквално: „народите од земјата“ (множина од хебрејскиот израз ам хаарец).

Види ја фуснотата за Езр 8:36.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели