Човекот кој го отклучил светот
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО АВСТРАЛИЈА
КОГА луѓето првпат отишле на Месечината, со математичка прецизност испланирале каде одат и како ќе стигнат таму. И можеле да комуницираат со Земјата. Но, петте малечки дрвени бродови на Фернандо Магеланa — повеќето од нив долги околу 21 метар, што може по должина да се споредат со еден современ шлепер — кога ја напуштиле Шпанија во 1519, отпловиле во непознатото. И биле потполно сами.
Меѓу најсмелите, најхрабрите навигациони потфати на сите времиња, патувањата на Магелан се споменик на Големата ера на истражување — ера на храброст и страв, на восхитеност и трагедија, на Бог и Мамон. Тогаш, ајде да се вратиме во отприлика 1480-тата, кога во северна Португалија се родил Фернандо Магелан, и да погледнеме на тој извонреден човек кој го отклучил светот, како и на неговите епски патувања.
Од дворски паж до бестрашен поморец
Семејството Магелан се членови на благородништвото, па така според обичајот, додека Фернандо сѐ уште е младо момче, повикан е како паж на кралскиот дворец. Таму, освен што добива образование, од прва рака учи за подвизите на луѓе како што е Кристифор Колумбо, кој штотуку се вратил од Америките откако барал западна морска маршрута до легендарните Мирудиски Острови (Индонезија). Младиот Фернандо наскоро сонува за денот кога и тој ќе може да го чуе шлакањето на платното од едрата одозгора и да го почувствува во лицето прскањето на неиспитаните океани.
За жал, неговиот покровител, кралот Џон, е убиен во 1495 и престолот го зазема Војводата Маноел, кој е посебно заинтересиран за богатство но не и за истражување. Од некоја причина, на Маноел не му се допаѓа 15-годишниот Фернандо и со години ги игнорира неговите барања да оди на море. Но кога Васко да Гама се враќа од Индија, натоварен со мирудии, Маноел намирисува огромно богатство. Конечно, во 1505, на Магелан му дава дозвола да оди на море. Магелан тргнува за Источна Африка и Индија со една португалска армада за да помогне да ја одземат од арапските трговци контролата над трговијата со мирудии. После тоа, тој плови понатаму на исток до Малака со една друга воена експедиција.
За време на една престрелка во Мароко во 1513, Магелан сериозно е ранет во коленото. Како резултат на тоа, цел живот куца. Го замолува Маноел за покачување на пензијата. Но непријателството на Маноел ни најмалку не попушта од поновите подвизи, жртвата и јунаштвото на Магелан. Тој го испраќа со едвај доволно средства за да живее во господска сиромаштија.
Во овој најбеден период од животот на Магелан, тој е посетен од еден стар пријател, прочуениот навигатор Жуау де Лишбоа. Двајцата дискутираат за начини како да стигнат до Мирудиските Острови одејќи југозападно, преку ел пасо — теснец за кој се ширеле гласови дека поминува низ Јужна Америка — а потоа преку океанот кој Балбоа неодамна го открил кога поминал преку Панамската провлака. Тие верувале дека на далечната страна од тој океан лежат Мирудиските Острови.
Магелан сега копнее да го направи она што не успеал да го направи Колумбо — да ја најде западната маршрута до Ориентот, за која тој верува дека е пократка отколку источната маршрута. Но, потребна му е финансиска поддршка. Така, сѐ уште трпејќи ја жештината на гневот од Маноел, го прави она што самиот Колумбо го направил пред неколку години — бара покровителство од кралот на Шпанија.
Дали кралот на Шпанија ќе слуша?
Со разотворени мапи, Магелан му ги изнесува своите аргументи на младиот суверен на Шпанија, Карлос I, кој е многу заинтересиран за западната маршрута на Магелан до Мирудиските Острови затоа што тоа би исклучувало бесправно навлегување во португалските бродски патеки. Освен тоа, Магелан му кажува дека Мирудиските Острови можеби всушност се на шпанска територија, а не на португалска! (Видете ја рамката „Спогодбата на Тордесиљас“.)
Карлос е придобиен. На Магелан му дава пет стари бродови за да ги поправи за експедицијата, го прави генерал-капетан на флотата и му ветува удел во профитот со мирудии донесени дома. Магелан веднаш почнува со работа. Но, поради тоа што кралот Маноел лукаво се обидува да го саботира проектот, потребно е преку една година пред флотата да биде конечно подготвена за нејзиното епско патување.
„Најголемиот навигационен подвиг во историјата“
На 20 септември 1519, Сан Антонио, Консепсион, Викторија и Сантјаго — од најголем до најмал — го следат адмиралскиот брод на Магелан, Тринидад, брод втор по големина, додека пловат за Јужна Америка. На 13 декември пристигнуваат во Бразил и под величествениот поглед на Пау де Асукар, или планината Шеќерна глава, влегуваат во прекрасниот залив на Рио де Жанеиро за извесни поправки и залихи. Потоа продолжуваат на југ кон она што денеска е Аргентина, постојано будни за ел пасо, недофатливиот премин кон еден друг океан. Во меѓувреме, деновите стануваат поладни и се појавуваат санти мраз. Конечно, на 31 март 1520, Магелан одлучува да презими во ладното пристаниште Сан Хулиан.
Патувањето сега е шест пати подолго отколку првото преминување на Колумбо преку Атлантикот — и пак никаков теснец! Моралот е толку леден колку што е и времето на Сан Хулиан, и мажите, вклучувајќи некои од капетаните и офицерите, се очајни да си одат дома. Воопшто не изненадува избувнувањето на побуната. Но, таа пропаѓа поради брзата и одлучна постапка на Магелан, додека двајца од ороводците се убиени.
Присуството на туѓи бродови во пристаништето нормално побудува љубопитност кај робустните — и крупни — локални жители. Чувствувајќи се како џуџиња во споредба со тие џинови, посетителите ја нарекуваат таа земја Патагонија — од еден шпански збор што значи „големи стапала“ — кое е нејзино име до денешен ден. Исто така, забележуваат ‚морски волци кои по големина личат на телиња и црно-бели гуски кои пливаат под вода, јадат риби и имаат клунови како врани‘. Да, погодивте — фоки и пингвини!
Поларните географски ширини се склони кон ненадејни, силни бури и, пред да заврши зимата, флотата го претрпува својот прв несреќен случај — ситниот Сантјаго. Но, за среќа, посадата е спасена од столчениот крш. После тоа, останатите четири бродови, како мали испретепани крилести молци во поробеноста на неумоливите ледени луњи, со тешкотија го пробиваат својот пат спрема југ во сѐ постудени води — сѐ до 21 октомври. Низ прскање и суградица, сите очи се сосредоточени на еден отвор на запад. Ел пасо? Да! Конечно, свртуваат и влегуваат низ теснецот кој подоцна е наречен Магеланов Премин! Сепак, дури и тој момент на триумф се оцрнува. Сан Антонио намерно исчезнува во лавиринтот на теснецот и се враќа во Шпанија.
Трите останати бродови, опкружени со мрачни фјордови и врвови покриени со снег, упорно го пробиваат својот пат преку кривулестиот теснец. На југ здогледуваат безброј огнови, можеби од индијански логори, и така таа земја ја нарекуваат Тиера дел Фуего — „Огнена земја“.
Пацифичкото тешко искушение
После пет мачни седмици, отпловуваат во еден океан, толку мирен што Магелан го нарекува Пацифик. Мажите се молат, пеат химни и своето освојување го поздравуваат со своите топови. Но, нивната еуфорија е краткотрајна. Ги очекуваат тешкотии кои се над сѐ друго што дотогаш искусиле бидејќи тоа не е малото море кое го очекувале — тоа оди сѐ понатаму и понатаму, а мажите стануваат сѐ погладни, послаби и поболни.
Антонио Пигафета, робустен Италијанец, води дневник. Тој пишува: „Среда, дваесет и осми ноември 1520, ние . . . влеговме во Пацифичкото Море, каде што останавме три месеци и дваесет дена без да земеме прехранбени продукти . . . Јадевме само стар бисквит претворен во прав и полн со ларви и смрдлив од изметот кој стаорците го беа оставиле врз него . . . и пиевме вода која беше жолта и смрдлива. Исто така, јадевме кожа од вол . . . струганици од дрво и стаорци кои коштаа по пола круна, а и немаше доволно од нив“. На тој начин, како што свежите пасатни ветрови ги полнат нивните едра и бистрата вода се лизга под нивната кобилка, мажите лежат скапувајќи од скорбут. Деветнаесетмина умираат додека да стигнат до Маријанските Острови на 6 март 1521.
Но таму, поради непријателствата со островјаните, успеваат да добијат само малку свежа храна пред да продолжат да пловат. Конечно, на 16 март ги здогледуваат Филипините. Најпосле, сите мажи добро јадат, се одмараат и повторно го враќаат своето здравје и силата.
Трагедија — пропаѓа еден сон
Како длабоко религиозен човек, многу тамошни локални жители и нивните владетели Магелан ги преобратува во католицизмот. Но неговата ревност е и негова пропаст. Се вмешува во една меѓуплеменска расправија и, само со 60 мажи, напаѓа околу 1.500 домородци, верувајќи дека самострелот, мускетата и Бог ќе му гарантираат победа. Наместо тоа, тој и неколку од неговите луѓе се убиени. Магелан има околу 41 година. Лојалниот Пигафета жали: ‚Го убија нашето огледало, светлина, утеха и вистински водач‘. Неколку дена после тоа, околу 27 офицери кои само посматрале од своите безбедни бродови се убиени од некогаш пријателски настроените поглавари.
Кога Магелан умрел, тој паднал во добро познати води. Недалеку на југ лежеле Мирудиските Острови, на запад — Малака, каде што се борел во 1511. Ако пловел за Филипините после битката во Малака, како што мислат некои историчари, тогаш тој навистина препловел околу Земјината топка — но се разбира, не со едно патување. Тој стигнал до Филипините како од исток така и од запад.
Една несреќа го погодува патувањето до дома
Поради тоа што остануваат сега толку малку мажи, невозможно е да се работи со три брода, затоа го потонуваат Консепсион и пловат со останатите два кораба до нивната крајна дестинација, Мирудиските Острови. Потоа, штом се натоваруваат со мирудии, двата брода се одвојуваат. Меѓутоа, Португалците ја фаќаат и затвораат посадата на Тринидад, кој се борел.
Но, под команда на поранешниот бунтовник, Хуан Себастијан де Елкано, Викторија побегнува. Избегнувајќи ги сите пристаништа освен едно, ризикуваат да одат по португалската маршрута околу ’Ртот Добра Надеж. Но, тоа што не застануваат за намирници е стратегија која многу кошта. Кога на 6 септември 1522 конечно стигнуваат во Шпанија — три години од нивното заминување — преживуваат само 18 болни и испиени мажи. Сепак, тоа се првите неоспорни морепловци околу Земјата. А Де Елкано е херој. Неверојатно е тоа што со 26-те тони мирудии на Викторија се исплатила целата експедиција!
Името на Магелан и понатаму живее
Со години се негира вистинското место на Магелан во историјата. Под влијание на извештаите на бунтовните капетани, Шпанците го оцрнуваат неговото име, велејќи дека бил груб и неспособен. Португалците го нарекуваат предавник. За жал, неговиот бродски дневник исчезнал кога тој умрел, веројатно уништен од оние кои би биле разоткриени. Но, благодарение на несовладливиот Пигафета — еден од 18-те морепловци околу светот — и околу 5 други членови на експедицијата, имаме барем некаков запис за ова трагично, но сепак извонредно патување.
Со текот на времето, историјата го ревидирала својот суд и денес на името Магелан му се искажува соодветна чест. Еден премин го носи неговото име како и Магеланските облаци — две замаглени јужни галаксии кои прва ги опишала неговата посада, како и вселенската сонда Магелан. И се разбира, на Магелан му го должиме името на најголемиот океан на светот — Пацификот.
Навистина, „нема да се направело ниедно човечко патување од толкава важност сѐ додека Аполо 11 не се спуштил на Месечината 447 години подоцна“, пишува Ричард Хамбл во The Voyage of Magellan. Зошто патувањето било толку важно? Прво, докажало дека Америките не се дел ниту, пак, се близу Азија, како што мислел Колумбо. Второ, на крајот од патувањето, еднодневното разидување во датумите укажало на потребата од една меѓународна датумска граница. И конечно, како што рекол научниот писател Исак Асимов, покажало дека Земјата е сфера. Да, во врска со последново, на еден практичен начин Магелан го покажал она што самата Библија го велела 2.250 години (Исаија 40:22; спореди Јов 26:7). Нема сомнение дека длабоко религиозниот човек кој го отклучил светот би бил задоволен со тоа.
[Фуснота]
a Неговото португалско име било Фернан де Магалјанеш.
[Рамка на страница 14]
Спогодбата на Тордесиљас
Со еден простран свет кој се отворал пред нив, Протугалија и Шпанија се согласиле со спогодба да делат права на трговија и на сувереност над новите земји. Според тоа, под водството на папите Александар VI и Јулиус II, повлекле линија на географска ширина низ она што денеска е Бразил. Земјите откриени источно од оваа линија требало да бидат на Португалија; останатите на Шпанија. Магелан немудро му предложил на португалскиот крал Маноел дека, кога оваа линија би била проектирана низ половите до другата страна на Земјината топка, Мирудиските Острови всушност би можеле да паднат во територијата на Шпанија. Тоа чесно забележување, темелено на преовладувачкото сфаќање за еден многу помал Пацифички Океан, му донело жесток укор. Иронично, Магелан се покажал дека не е во право. Сепак, неговото верување му дало додатна причина да го побара покровителството на кралот на Шпанија.
[Рамка/слика на страница 15]
Тешкото искушение на раниот морнар
Особено на подолгите истражувачки патувања — кои честопати траеле со години — животот на скромниот морнар не бил никакво идилично крстарење. Еве само еден примерок од судбината на еден морепловец:
• Патетично збиени простории и недостиг на приватност
• Честопати сурово казнување во зависност од каприцот на капетанот
• Скорбут и смрт поради недостиг на витамин Ц
• Смрт поради бродолом, глад, жед, изложеност, домородци
• Дизентерија или стомачен тифус од валкана и смрдлива вода за пиење
• Труење на храната од расипана и заразена храна
• Треска од каснување на стаорец, од забите на гладни стаорци
• Тифус од вошки кои вријат по валкани тела и облека
• Сѐ на сѐ, шанса да се стигне дома жив околу 50:50
[Извор на слика]
Century Magazine
[Карта/слики на страници 16 и 17]
(Види во публикацијата)
Магелановото патување, 1519—1522
⇦••• Маршрута □ Почетна и крајна точка
Магеланов Премин
Магелан бил убиен на Филипините
Последната етапа која ја препловил Хуан Себастијан де Елкано
[Извор на слика]
Магелан: Giraudon/Art Resource, NY; карта на светот: Mountain High Maps® Copyright © 1995 Digital Wisdom, Inc.; астролаб: Со љубезна дозвола на Adler Planetarium
[Слика на страница 16]
Фернандо Магелан
[Слика на страница 16]
„Викторија“, првиот брод кој пловел околу Земјината топка. Од неговите пет бродови, бил четврти по големина и носел 45 мажи. Бродот бил околу 21 метар долг
[Слики на страница 17]
Навигациони инструменти: Песочниот часовник го мерел времето додека астролабот ја одредувал географската ширина на бродот