Хаотично време
НА РАЗЛИЧНИ начини, повеќето од нас користат горива кои се базираат на јаглерод. Возиме автомобили и други возила кои се движат на бензин или на дизел гориво. Користиме електрична струја произведена во електрични централи кои трошат јаглен, природен гас или нафта. Гориме дрво, дрвен јаглен, природен гас и јаглен за да готвиме или за да грееме. Сите овие активности го зголемуваат јаглеродниот диоксид во атмосферата. Овој гас ја заробува топлината од Сонцето.
Исто така, на атмосферата ѝ додаваме и други гасови на стаклена градина кои ја заробуваат топлината. Азотниот оксид доаѓа од азотните ѓубрива кои се користат во земјоделството. Метанот се шири од оризовите полиња и од сточните пасишта. Хлорофлуоројаглеродите (CFC) доаѓаат од производството на пластични пени и некои други индустриски процеси. CFC не само што ја заробуваат топлината туку го уништуваат и озонскиот слој од Земјината стратосфера.
Со исклучок на CFC, кои сега се регулирани, овие гасови кои ја заробуваат топлината се испуштаат во атмосферата во сѐ поголеми количества. Ова делумно се должи на сѐ поголемиот број луѓе на Земјата, како и на зголеменото користење енергија, индустриската активност и земјоделството. Според Вашингтонската агенција за заштита на природната средина, во моментов годишно во атмосферата се исфрлаат шест милијарди тони јаглероден диоксид и други гасови на стаклена градина. Овие гасови не исчезнуваат лесно; тие можат со децении да се задржат во атмосферата.
Општо земено, научниците се сосема сигурни во две работи. Прво, во последниве децении и векови во атмосферата се зголемил износот на јаглероден диоксид и други гасови на стаклена градина. Второ, во минатите сто години, просечната температура на површината на Земјата се зголемила за 0,3 до 0,6 Целзиусови степени.
Сега се наметнува прашањето: Постои ли некаква врска помеѓу глобалното затоплување и напластувањето гасови на стаклена градина што го предизвикал човекот? Некои научници велат дека веројатно не постои, укажувајќи на тоа дека зголемувањето на температурата е во рамките на природната промена и дека можеби за тоа е одговорно Сонцето. Меѓутоа, многу експерти за клима се согласуваат со она што го изнел еден извештај на Меѓувладиниот одбор за промена на климата. За зголемувањето на температурата тој навел дека „не е веројатно да биде сосема природно по потеклото“ и дека „тежината на доказот укажува дека постои забележливо човечко влијание врз глобалната клима“. Сепак, и понатаму не е сигурно дали човечките активности ја затоплуваат планетава — а особено тоа колку брзо светот може да се затопли во 21 век и какви точно би можеле да бидат последиците.
Несигурноста води до дебати
Кога климатолозите предвидуваат иден ефект на стаклена градина, тие се ослонуваат на климатските модели кои се изработуваат на најбрзите и најмоќни компјутери во светот. Меѓутоа, климата на Земјата е одредена од крајно сложеното заемно дејство на Земјината ротација, атмосферата, океаните, ледот, копнените карактеристики и Сонцето. Со толку многу фактори кои играат улога во толкав обем, невозможно е кој и да е компјутер со сигурност да предвиди што ќе се случи после 50 или 100 години. Списанието Science неодамна забележало: „Многу стручњаци за клима предупредуваат дека сѐ уште не е сосема јасно дали човековите активности почнале да ја затоплуваат планетата — или колку ќе биде сериозно затоплувањето од ефектот на стаклена градина кога истиот ќе настане“.
Несигурноста го прави лесно одрекувањето на фактот дека постои некаква закана. Научниците кои се скептични во врска со глобалното затоплување, заедно со моќните индустрии кои имаат економски интерес да задржат статус кво, аргументираат дека сегашнава состојба на спознание не оправдува нешто што би можело да биде скапа поправна акција. На крајот на краиштата, велат тие, иднината можеби нема да биде толку лоша како што мислат некои луѓе.
Стручњаците за природна средина возвраќаат велејќи дека несигурностите во науката не би требало да ги впуштат во ноншалантност оние кои ја кројат политиката. Иако е вистина тоа дека климата во иднина можеби нема да биде толку лоша како што стравуваат некои, сепак е можно и тоа ситуацијата да биде уште полоша! Освен тоа, тие резонираат дека тоа што не се знае со сигурност што ќе се случи во иднината не значи дека не треба да се направи ништо за да се минимизира ризикот. На пример, луѓето кои престануваат да пушат, не бараат најнапред научен доказ дека, ако продолжат да пушат, неизбежно ќе добијат рак на белите дробови после 30 или 40 години. Тие престануваат затоа што го увидуваат ризикот и сакаат да го минимизираат или да го отстранат.
Што се презема сега?
Бидејќи постои толкава дебата околу степенот на проблемот на глобалното затоплување — па дури и за тоа дали и воопшто постои таков проблем — не изненадуваат различните гледишта за тоа што да се преземе. Со години групите за природната средина унапредувале раширена употреба на енергетски извори кои не загадуваат. Електрицитетот може да се ползува од Сонцето, од ветрот, од реките и од подземните складишта на пара и на врела вода.
Исто така, стручњаците за природна средина ги наговориле владите да донесат закони за да се намали испуштањето гасови кои ја заробуваат топлината. Владите одговориле на хартија. На пример, во 1992, на Самитот за Земјата одржан во Рио де Жанеиро (Бразил), претставници од околу 150 земји потпишаа спогодба со која ја потврдија нивната обврска да го намалат испуштањето на гасовите на стаклена градина, а особено на јаглеродниот диоксид. Целта беше до 2000-та година испуштањето на такви гасови од индустријализираните нации да се намали на нивото од 1990. Иако неколку од нив напреднале во оваа насока, повеќето богати земји ни оддалеку не го одржуваат своето скромно ветување. Наместо да ги намалат, повеќето нации произведуваат повеќе од кога и да е порано гасови на стаклена градина! На пример, се мисли дека во Соединетите Држави до 2000-та година испуштањето на јаглероден диоксид веројатно ќе биде 11 проценти повисоко отколку што беше во 1990.
Неодамна имаше поттик да стапат во сила меѓународните договори. Наместо да се прават доброволни редукции како во спогодбата од 1992, има барање да се постават задолжителни цели при испуштањето гасови на стаклена градина.
Цената на промената
Политичките водачи копнеат да бидат сметани за пријатели на Земјата. Меѓутоа, тие ги држат на око и последиците кои таквата промена може да ѝ ги нанесе на економијата. Со оглед на тоа што, според списанието The Economist, 90 проценти од светот се ослонува на гориво кое се базира на јаглерод за да добие енергија, престанувањето на неговото користење би донело големи промени, а за трошокот на промената жестоко се дебатира.
Колку би чинело ако до 2010-та се намали испуштањето гасови на стаклена градина за 10 проценти во однос на она што беше во 1990? Одговорот зависи од тоа кого ќе го прашате. Да ги земеме предвид гледиштата во Соединетите Држави, земјата што во атмосферата исфрла повеќе гасови на стаклена градина отколку која и да е друга држава. Индустриските истражувачки екипи предупредуваат дека таквата редукција би ја чинела економијата на САД милијарди долари секоја година и би се отпуштиле од работа 600.000 луѓе. Спротивно на тоа, стручњаците за природната средина велат дека постигнувањето на истата цел би можело да ѝ заштеди на економијата милијарди долари секоја година и да отвори 773.000 нови работни места.
И покрај повиците од групите за природната средина за итна акција, постојат и моќни индустрии — произведувачи на автомобили, нафтени компании и производители на јаглен, да спомнеме само неколку — кои ги користат своите значително големи фондови и влијание за да ја минимизираат заканата од глобално затоплување и за да ги преувеличат последиците врз економијата поради преминот од употреба на фосилни горива.
Дебатата продолжува. Меѓутоа, ако луѓето ја менуваат климата и не прават ништо во врска со тоа, туку само зборуваат, изреката дека секој зборува за времето но никој не презема ништо во врска со него, ќе добие едно злокобно ново значење.
[Рамка на страница 5]
Протоколот Кјото
Во декември 1997, повеќе од 2.200 делегати од 161 земја се состанаа во Кјото (Јапонија) да изготват еден договор, односно протокол, за да се направи нешто во врска со заканата од глобално затоплување. После повеќе од една седмица водење дискусии, делегатите одлучија развиените земји до 2012 година да прекинат со испуштање гасови на стаклена градина во просек за 5,2 проценти под нивоата во 1990. Казните за прекршителите на договорот би биле одредени подоцна. Под претпоставка дека сите нации се придржуваат на договорот, дали намалувањето за 5,2 проценти би постигнало нешто? Очигледно многу малку. Списанието Time известило: „Би била потребна редукција од 60% за да се намалат гасовите на стаклена градина кои се насобрале во атмосферата од почетокот на индустриската револуција“.
[Рамка/графикон на страница 7]
(Види во публикацијата)
Илустрација на ефектот на стаклена градина
Ефектот на стаклена градина: Земјината атмосфера, исто како стаклените окна во една стаклена градина, ја заробува сончевата топлина. Сончевата светлина ја затоплува Земјата, но создадената топлина — што ја носи инфрацрвеното зрачење — не може лесно да излезе од атмосферата. Наместо тоа, гасовите на стаклена градина го блокираат зрачењето и испраќаат дел од него назад кон Земјата, со што ја зголемуваат температурата на Земјината површина.
1. Сонце
2. Заробено инфрацрвено зрачење
3. Гасови на стаклена градина
4. Ослободено зрачење
[Рамка/графикон на страници 8 и 9]
(Види во публикацијата)
Сили кои управуваат со климата
За да ја разбереме сегашната дебата во врска со глобалното загревање, треба да разбереме некои од вчудовидувачките сили кои ја прават климата таква каква што е. Да разгледаме некои од основните.
1. Сонцето — извор на топлина и светлина
Животот на Земјата зависи од огромната нуклеарна печка што ја нарекуваме Сонце. Поголемо од милион Земји, Сонцето обезбедува постојан прилив на топлина и светлина. Намалувањето на сончевото производство на енергија би ја обвиткало нашата планета во мраз; зголемувањето би ја направило Земјата едно усвитено тавче. Бидејќи Земјата се врти на оддалеченост од 150 милиони километри од Сонцето, таа добива само половина од еден милијардити дел од енергијата што ја произведува тоа. Сепак, тоа е токму онаа количина што е потребна за да се создаде клима во која може да цвета живот.
2. Атмосферата — топло ќебе на Земјата
Сонцето не е единствено во одредувањето на температурата на Земјата; пресудна улога игра и атмосферата. Земјата и Месечината се наоѓаат на еднаква оддалеченост од Сонцето и затоа обете примаат отприлика еднаква количина топлина од Сонцето, во зависност од нивните пропорции. Сепак, додека просечната температура на Земјата е 15 Целзиусови степени, на Месечината просекот е смрзнувачки минус 18 Целзиусови степени. Зошто постои таа разлика? Земјата има атмосфера, а Месечината нема.
Атмосферата — Земјината „пелена“ од кислород, азот и други гасови — задржува дел од сончевата топлина, а останатиот дел го пропушта. Овој процес честопати се споредува со стаклена градина. Како што веројатно знаете, стаклената градина е една конструкција со ѕидови и кров од стакло или пластика. Сончевата светлина лесно влегува и ја загрева внатрешноста. Во исто време, пак, кровот и ѕидовите го забавуваат излегувањето на топлината.
Слично на тоа, атмосферата овозможува сончевата светлина да помине низ неа за да ја загрее Земјината површина. Од друга страна, пак, Земјата ја враќа топлотната енергија назад во атмосферата во вид на инфрацрвено зрачење. Голем дел од ова зрачење не оди директно во вселената бидејќи извесни гасови во атмосферата го апсорбираат и го пренасочуваат назад кон Земјата, зголемувајќи ја нејзината топлина. Овој процес на загревање е наречен ефект на стаклена градина. Доколку атмосферата не ја заробува сончевата топлина на ваков начин, Земјата би била безживотна, исто како Месечината.
3. Водената пара — најважниот гас на стаклена градина
Деведесет и девет проценти од атмосферата се составени од два гаса: азот и кислород. Иако овие гасови играат витална улога во сложените циклуси кои го одржуваат животот на Земјата, тие речиси немаат никаква директна улога во регулирањето на климата. Товарот за регулирање на климата паѓа врз останатиот 1 процент од атмосферата, т. е. врз гасовите на стаклена градина кои ја заробуваат топлината, во кои спаѓаат водената пара, јаглеродниот диоксид, азотниот оксид, метанот, хлорофлуоројаглеродите и озонот.
За најбитниот гас на стаклена градина — водената пара — обично се мисли дека воопшто не е гас, бидејќи сме навикнати да мислиме на водата во облик на течност. Сепак, во секој молекул на водена пара во атмосферата е насобрана топлинска енергија. На пример, кога парата во некој облак ќе се излади и ќе се кондензира, се ослободува топлина која предизвикува силни конвекциски струи. Динамичното движење на водената пара во атмосферата игра пресудна и сложена улога во одредувањето и на времето и на климата.
4. Јаглероден диоксид — неопходен за живот
Гасот за кој најчесто се зборува во дискусиите за глобалното затоплување е јаглеродниот диоксид. Да се рече дека јаглеродниот диоксид е само загадувач може да води во погрешна насока. Јаглеродниот диоксид е витална состојка при фотосинтезата, процес со кој зелените растенија ја произведуваат својата храна. Луѓето и животните вдишуваат кислород, а издишуваат јаглероден диоксид. Растенијата земаат јаглероден диоксид а испуштаат кислород. Всушност, тоа е една од подготовките на Творецот кои го овозможуваат животот на Земјата.a Сепак, преголемото количество јаглероден диоксид во атмосферата очигледно би било како да се додаде уште едно ќебе на креветот. Тоа уште повеќе би ја зголемило топлината.
Сложена група на сили
Сонцето и атмосферата не се единствените кои ја одредуваат климата. Вклучени се океаните и ледените капи, површинските минерали и вегетацијата, Земјините екосистеми, една група биогеохемиски процеси, како и Земјината механика на орбитирање. Изучувањето на климата ги вклучува речиси сите геолошки науки.
Сонце
Атмосфера
Водена пара (H20)
Јаглероден диоксид (CO2)
[Фуснота]
a Речиси сиот живот на Земјата добива енергија од органски извори, со што директно или индиректно зависи од сончевата светлина. Меѓутоа, има и такви организми кои виреат во темнината на океанското дно добивајќи енергија од неоргански хемиски состојки. Наместо фотосинтеза, овие организми користат еден процес наречен хемосинтеза.