Нашата скапоцена атмосфера
НА 4 мај 1961, Малком Рос и Вик Пратер се вивнале високо во воздухот на височина од 34,6 километри. Во тоа време, поставувањето на нов рекорд не му значело многу на Рос. Него го импресионирала глетката што ја видел кога внимателно ја подигнал ролетната и за прв пат погледнал од гондолата.
„Кога се искачивме на височина од 30.500 метри“, се присеќава тој, „глетката беше совршено величествена.“ Рос бил восхитен од боите кои ги обележувале различните слоеви на атмосферата. Прво, постои „темно и светлосиниот“ дел на тропосферата, кој се протега околу 16 километри над Земјата. Потоа, темносината стратосфера станува сѐ потемна и на крајот се претвора во црнилото на вселената. „Во немо стравопочитување размислувавме за небесната убавина на атмосферата“, напишал Рос во National Geographic.
Да, вреди да размислуваме за нашата прекрасна атмосфера.
Го одржува животот
Нашата атмосфера, всушност, е океан од воздух кој ја опкружува Земјата до висина од 80 километри. Тежи преку 5 квадрилиони тони и на нулта надморска височина врши притисок на нашите глави со сила од 1,03 килограми на квадратен сантиметар. Без тој воздушен притисок не би можеле да преживееме, затоа што тој го спречува испарувањето на нашите телесни течности. Горниот слој на атмосферата нема доволно воздушен притисок за поддржување на човечкиот живот. Од таа причина, Рос и Пратер морале да носат скафандери за одржување на атмосферскиот притисок. „Без вештачкиот притисок“, објаснува Рос, „крвта би ни зоврела и би ни испукале крвните садови и органите.“
Се разбира дека тој воздушен океан ни е потребен и за дишење. Но, повеќето од нас тоа го сфаќаме како нешто само по себе разбирливо затоа што не го гледаме. Еден религиозен човек од старо време со ценење рекол: „[Бог] на сите им дава живот, дишење и сѐ“ (Дела 17:24, 25).
Без нашата атмосфера, не би постоела средина каде што би се задржувала правта околу која се формираат капки со вода. Значи, не би имало ни дожд. Да не беше нашата атмосфера, директните сончеви зраци би нѐ изгореле, а ноќе би смрзнале. За среќа, атмосферата служи како ќебе, запирајќи дел од сончевата топлина за да не бидат ноќите преладни.
Освен тоа, атмосферата нѐ штити од метеорите кои доаѓаат од вселената и кои би можеле да им нанесат штета на жителите на Земјата. „Цврстите тела од вселената“, објаснува Херберт Рил во својата книга Introduction to the Atmosphere (Увод во атмосферата), „секојдневно стигнуваат до надворешниот слој на атмосферата со вкупна маса од отприлика неколку илјади тони.“ Меѓутоа, повеќето метеори се распаѓаат во атмосферата пред воопшто да стигнат до Земјината површина.
Атмосферата придонесува за нашето задоволство во животот. Ни ги дава прекрасните сини неба, набрекнатите бели облаци, освежувачкиот дожд и убавите изгрејсонца и зајдисонца. Без атмосферата не би можеле да ги слушаме гласовите на нашите блиски ниту би можеле да ја чуеме омилената музика. Зошто? Затоа што на звучните бранови им е потребна супстанција низ која ќе се шират. Воздухот е одличен пренесувач на звукот, додека во вселената не се слуша никаков звук.
Прекрасна смеса
Во старо време луѓето сметале дека атмосферата се состои од една хомогена супстанција. Потоа, кон крајот на XVIII век, научниците откриле дека се состои главно од два комплементарни гаса: азот и кислород. Околу 78 проценти од атмосферата е азот, а 21 процент кислород; останатиот 1 процент се состои од гасови како што се: аргон, водна пара, јаглерод диоксид, неон, хелиум, криптон, водород, ксенон и озон.
Се знае, кислородот е животодавен гас што нашите тела го апсорбираат преку дишењето. Концентрацијата на кислород во атмосферата е совршена за животот на Земјата. Кога во значителна мера би опаднала, ние би биле поспани и на крајот би се онесвестиле. Кога неговата концентрација премногу би се зголемила, се смета дека би се запалиле дури и влажните гранчиња и тревата во шумите.
Азотот е одличен разредувач на кислородот, но игра повеќе од само пасивна улога во поддржувањето на животот. Сите организми мораат да го поседуваат за да живеат. Растенијата добиваат азот од атмосферата со помош на секавица и од еден посебен вид бактерија. Ние, пак, добиваме азот од храната што ја јадеме.
Прекрасно е тоа што атмосферата го одржува точниот сооднос на кислород и азот. Азотот се враќа во атмосферата, благодарение на вредната работа на микроорганизмите. А што е со кислородот? Огромни количества се трошат при пожарите и преку дишењето на луѓето и на животните. Атмосферата сепак си ја одржува својата концентрација од 21 процент кислород. Како? Преку фотосинтезата — хемиски процес кај зелените лисја и алгите — која секој ден ослободува преку една милијарда тони кислород во атмосферата.
Фотосинтезата не може да се одвива без јаглерод диоксид — гас кој се јавува во мали количества и сочинува само 0,03 проценти од атмосферата. Со помош на светлината, растенијата зависат од јаглерод диоксидот за да растат и да произведуваат плодови, ореви, житарици и зеленчук. Јаглерод диоксидот исто така ја рефлектира топлината назад кон Земјата за да ја чува топлината на нашава планета. Но, кога преку согорувањето на преголеми количества дрво, јаглен, плин и нафта би се зголемила концентрацијата на јаглерод диоксид, температурата на Земјата на крајот би била толку висока што би престанал животот. Од друга страна, кога концентрацијата на јаглерод диоксидот премногу би се намалила, би престанала фотосинтезата и ние би умреле од глад.
Озонот е уште еден гас што се наоѓа во мали количества, а од кој зависи животот на Земјата. Во горниот дел од атмосферата, наречен стратосфера, озонот ги апсорбира ултравиолетовите зраци од Сонцето. На тој начин, овде на Земјата сме заштитени од овие штетни ултравиолетови зраци.
Навистина, колку повеќе дознаваме за атмосферата толку поголема причина имаме за восхитување. Нејзиниот состав од азот, кислород и други ретки гасови е совршено прецизен. Земјата ја има токму вистинската големина што овозможува одржување на рамнотежата. Кога Земјата би била помала и со помала тежина, нејзината гравитација би била преслаба и голем дел од нашата скапоцена атмосфера би исчезнал во вселената.
„Од друга страна“, наведува учебникот Environment of Life (Животна средина), „кога Земјата би била само малку помасивна, зголемената гравитациона сила би предизвикала поголеми количества од гасовите да бидат задржани. . . . Деликатната рамнотежа меѓу гасовите во атмосферата би била нарушена.“
Но, за жал, „деликатната рамнотежа“ е нарушена поради човековиот современ начин на живот. Колку е сериозна ситуацијата и каква надеж постои за нашата скапоцена атмосфера да се спаси од уништување?
[Рамка на страница 5]
Кога зајдисонцата изгледаат поубави
Атмосферата ги рефлектира сончевите зраци на таков начин што на небото му дава еден пријатен син изглед. Кога Сонцето се спушта кон хоризонтот, неговите зраци мораат да поминат еден подолг пат низ атмосферата. Тоа создава ршазноликост на живи бои коишто градските жители можеби никогаш нема да ги видат.
Зајдисонцата над индустриските градови обично се матни и безбојни, освен нијансите на црвена боја. Ако пределот е многу загаден, забележува списанието New Scientist, „Сонцето се појавува како матен црвен диск кој може да избледи пред да дојде до хоризонтот“.
„Во особено чиста и незагадена атмосфера“, објаснува горенаведеното списание, „боите на зајдисонцето се особено живи. Сонцето е светло жолто, а небото околу него е во нијанси од портокалова и жолта боја. Додека Сонцето исчезнува зад хоризонтот, боите се менуваат постепено од портокалово во сино. Ниските облаци и понатаму ја рефлектираат Сончевата светлина, дури и откако Сонцето ќе исчезне.“
Само замислете си ја разноликоста на прекрасните зајдисонца кои ќе ги уживаме во еден свет во кој ќе нема загаденост! (Откровение 21:3-5).