Како ќе биде спасена нашата атмосфера
ДАЛИ луѓето доброволно ќе престанат да го полнат небото со нечистотија? Дали на тој начин ќе биде спасена нашата атмосфера?
Не. Спасувањето на нашата атмосфера не зависи од тоа дали човекот се придржува кон барањата против загадувањето. Напротив, интервенцијата од страна на Оној кој поседува врховен авторитет нема да донесе само исчистена атмосфера туку и чиста Земја.
Дека Творецот се грижи за нашата Земја, како и за животот на неа, може да се види од прекрасниот начин на кој ја создал. Тој ја направил за да постои до недогледно време, односно засекогаш (Псалм 103:5, 24).
Подготовки за одржување
Атмосферата, на пример, била создадена на таков начин да може самата да се обновува и прочистува. Размислете за озонот во горниот слој на атмосферата. Озонскиот заштитен слој е толку генијално направен што ги апсорбира ултравиолетовите зраци кои се смртоносни за луѓето на Земјата. Но, истовремено ја пропуштаат безопасната светлина која е неопходна за животот на Земјата.
Претходно дознавме дека озонскиот заштитен слој особено се оштетува од синтетичките хлорофлуоројаглероди, кои одат во горниот слој на атмосферата. Како ќе биде надоместен заштитниот озонски слој? Творецот го создал тој слој на таков зачудувачки начин што самиот може да се обновува. Да, во горниот слој на атмосферата постојано се создава озон — и тоа го создаваат истите оние опасни зраци што тој ги филтрира! Значи, во исто време кога загадувањето на човекот рапидно го уништува озонот, еден дел од него се надоместува.
Состојбата е слична и во долните слоеви на атмосферата, каде што се наоѓа најголемиот дел од преку 5 квадрилиони тони воздух. На зачудувачки начини, природните циклуси брзо го прочистуваат тој воздух од загадувачи. The World Book Encyclopedia коментира: „Ветерот ги растерува загадувачите, а дождот и снегот ги внесуваат во почвата“.
Тогаш е јасно дека кога луѓето би престанале да го загадуваат воздухот или во голема мера би го намалиле таквото загадување, воздухот за кратко време насекаде би бил чист и миризлив. Сепак, гореспоменатото научно дело го идентификува проблемот со следново објаснување: „На многу подрачја, загадувачите побрзо се испуштаат во воздухот отколку што временските прилики можат да се ослободат од нив“.
Тогаш, како ќе се стави крај на човековото себично загадување на атмосферата?
Наскоро — исчистена Земја
Само Бог ќе му стави крај на загадувањето, кога тој лично ќе интервенира. Библијата претскажува дека тој ќе ‚ги погуби губителите на земјата‘ (Откровение 11:18). Тој нема да дозволи алчните луѓе да продолжат во бесконечност да ја загадуваат оваа прекрасна Земја и нејзината атмосфера која го одржува животот. Тој ветува: „Оние, што вршат зло, ќе бидат истребени, а оние, кои се надеваат на Господа, ќе ја наследат земјата“ (Псалм 36:9).
Како ќе се стави крај на сите оние што прават зло? Тоа ќе биде направено преку Божјата небесна влада, неговото Царство, кое ќе ги замени неспособните човечки влади. Библијата ветува: „Небесниот Бог ќе подигне царство, кое нема да се разруши никогаш, и тоа царство . . . ќе ги победи и разруши сите царства, а само тоа ќе остане вечно“ (Даниил 2:44). Токму за таа Божја влада на Царството Исус ги учел своите следбеници да се молат: „Да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата“ (Матеј 6:10).
Божјата волја за нашата Земја е да владее неговото Царство со луѓето и така да му се радуваат на животот во една незагадена околина. Затоа Бог е одлучен ‚да ги погуби губителите на земјата‘ (Откровение 11:18). Каков моќен чин на ослободување ќе биде тоа!
Замислете си да живеете на Земја ослободена од сето загадување што го предизвикале себичните луѓе! Нашата скапоцена атмосфера тогаш ќе биде обновена во една здрава состојба. Тоа ќе се случи кога ќе се исполни библиското ветување: „Ете ја скинијата на Бога меѓу луѓето, и Он ќе живее со нив; тие ќе бидат Негов народ, а Сам Бог ќе биде со нив — нивни Бог. И ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина“ (Откровение 21:3, 4; 2. Петрово 3:13).
Што морате да сторите за да го доживеете праведниот нов свет што Бог го ветува? Морате да ги запознаете и да ги следите учењата на оној кого Бог го испратил на Земјата како Негов претставник (Јован 3:16; 7:29). Тој, Исус Христос, во молитва до Бог рекол: „А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исуса Христа“ (Јован 17:3).
[Слика на страница 10]
Наскоро — чиста, незагадена рајска Земја