ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g95 8/4 стр. 6-9
  • Кога нашата атмосфера е оштетена

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Кога нашата атмосфера е оштетена
  • Разбудете се! 1995
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Како се уништува озонот
  • Какви се последиците?
  • Последиците од загадувањето
  • Како ќе биде спасена нашата атмосфера
    Разбудете се! 1995
  • Битката да се спаси нашата планета
    Разбудете се! 1996
  • Земјините штитови
    Разбудете се! 2009
  • Нашата скапоцена атмосфера
    Разбудете се! 1995
Повеќе
Разбудете се! 1995
g95 8/4 стр. 6-9

Кога нашата атмосфера е оштетена

ВО 1971, додека патувал на месечината во вселенскиот брод Аполо 14, здогледувајќи ја Земјата, Едгар Мичел рекол: „Изгледа како светликав сино-бел скапоцен камен“. Но што би можело да се види денес од вселената?

Кога низ посебни очила би можел да ги види невидливите гасови на Земјината атмосфера, би видел една многу поинаква слика. Во списанието India Today, Реј Ченгапа напишал: „Би видел огромни дупки во заштитните озонски слоеви над Антарктикот и над Северна Америка. Наместо светликав сино-бел скапоцен камен, би видел една матна, валкана Земја исполнета со темни, извртени облаци од диоксиди на јаглерод и сулфур“.

Како настанале дупките во горниот атмосферски заштитен слој на озонот? Дали порастот на атмосферските загадувачи е навистина толку опасен?

Како се уништува озонот

Пред повеќе од 60 години, научниците го објавија откритието на едно безбедно средство за замрзнување што можело да ги замени другите средства кои беа токсични и кои испуштаа лош мирис. Новото хемиско средство беше составено од молекули од еден атом на јаглерод, два атома на хлор и два атома на флуор (CCl2F2). Ова хемиско средство и други слични синтетички средства, се наречени хлорофлуоројаглероди (CFC).

До почетокот на 1970-тите години, производството на CFC прерасна во една огромна светска индустрија. Тие се користеа не само во фрижидери туку и во спрејови, во клима уреди, во средства за чистење и во производството на амбалажи за „фаст фуд“, како и други производи од стиропор.

Но, во септември 1974, двајца научници, Шервуд Роуланд и Марио Молина, дале објаснување дека CFC постепено се креваат во стратосферата каде што на крајот ослободуваат хлор. Научниците пресметале дека секој атом на хлор може да уништи илјадници молекули озон. Но озонот не е уништен подеднакво низ горниот слој на атмосферата, туку најмногу е уништен над половите.

Од 1979 година наваму, секоја пролет огромни количества озон исчезнуваат и пак се појавуваат над Антарктикот. Ваквото сезонско опаѓање на озонот се нарекува озонска дупка. Освен тоа, во последниве години т.н. озонска дупка стана поголема и траеше подолго време. Во 1992, сателитските мерења открија озонска дупка со рекордна големина — поголема од Северна Америка. Во неа не останало многу озон. Мерењата со специјални балони открија опаѓање од над 60 проценти — најниската концентрација што досега е забележана.

Во меѓувреме, концентрацијата на озонот исто така опаѓа во горниот слој на атмосферата и над другите делови од Земјата. „Најновите мерења“, известува списанието New Scientist, „покажуваат дека . . . во 1992 година имало необично мала концентрација на озон помеѓу 50° и 60° северна географска ширина, опфаќајќи ја Северна Европа, Русија и Канада. Концентрацијата на озонот била за 12 проценти под нормалната, пониска од било кога во 35-годишниот период на постојано мерење.“

„Дури и најмрачните предвидувања“, наведува весникот Scientific American, „сега покажуваат дека озонската загуба предизвикана од хлорофлуоројаглеродите била потценета. . . . Сепак, влијателните луѓе во владата и во стопанството во тоа време, остро се спротивставуваа на прописите, тврдејќи дека нема комплетни научни докази.“

Се проценува дека 20 милиони тони CFC веќе се ослободени во атмосферата. Поради тоа што се потребни многу години за CFC да се кренат до стратосферата, милиони тони сѐ уште не стигнале до горниот слој на атмосферата каде што го вршат своето штетно влијание. Меѓутоа, CFC не се единствениот извор на хлор кој го уништува озонот. „НАСА проценува дека секојпат кога ќе се лансира некој вселенски брод, околу 75 тони хлор се испуштаат во озонскиот слој“, известува списанието Popular Science.

Какви се последиците?

Последиците од намалувањето на озонот во горниот слој на атмосферата, не се во потполност јасни. Но, изгледа едно е сигурно. Количината на штетни UV (ултравиолетови) зраци кои ја достигнуваат Земјата се зголемува, што доведува до поголеми заболувања од рак на кожата. „Во текот на последнава деценија“, известува списанието Earth (Земја), „годишната доза на штетни UV зраци кои ја погодуваат северната хемисфера, порасна за околу 5 проценти.“

Се смета дека само 1-процентен пораст на UV зраци предизвикува 2–3-процентен пораст на заболувања од рак на кожата. Африканското списание Getaway (Одмор) наведува: „Во Јужна Африка, секоја година има повеќе од 8.000 заболени од рак на кожата . . . Имаме една од најниските стапки на концентрација на озонска заштита, а една од највисоките стапки на заболувања од рак на кожата (врската меѓу овие две работи не е никаква случајност)“.

Научниците Роуланд и Молина пред многу години предвиделе дека уништувањето на озонот во горниот слој на атмосферата ќе предизвика пораст на рак на кожата. Тие препорачале веднаш да се забрани употребата на CFC во спрејовите во Соединетите Држави. Увидувајќи ја опасноста, многу земји се согласија да го прекинат производството на CFC до јануари 1996. Но, во меѓувреме, употребата на CFC и понатаму претставува опасност за животот на Земјата.

Намалената концентрација на озон над Антарктикот, известува списанието Our Living World (Нашиот жив свет), „им овозможила на ултравиолетовите зраци да продрат подлабоко во океанот отколку што порано се мислеше. . . . Тоа предизвикало значителни редукции во продуктивноста на едноклеточните организми кои ја сочинуваат основата на океанскиот прехранбен синџир“. Експериментите исто така покажуваат дека зголеменото UV зрачење го намалува приносот кај многу растителни култури, со што е загрозено глобалното снабдување на храна.

Навистина, употребата на CFC претставува потенцијална катастрофа. Но нашата атмосфера е бомбардирана и со многу други загадувачи. Меѓу нив е еден атмосферски гас кој во мали количества е неопходен за животот на Земјата.

Последиците од загадувањето

Во средината на XIX век, луѓето почнале да користат уште поголеми количини на јаглен, плин и нафта, ослободувајќи на тој начин огромни количества на јаглерод диоксид во атмосферата. Во тоа време, количината на тој редок атмосферски гас била околу 285 ppm. Но, како резултат на човековата зголемена употреба на фосилни горива, концентрацијата на јаглерод диоксидот достигнала преку 350 ppm. Каква била последицата од таа зголемена концентрација на овој гас кој ја апсорбира топлината во атмосферата?

Многумина веруваат дека зголемената концетрација на јаглерод диоксид предизвикала зголемени температури на Земјата. Но, други истражувачи велат дека глобалното загревање се должи особено на варијабилноста на нашето Сонце — дека во поново време Сонцето емитува поголема енергија.

Како и да е, 1980-тите беа најжешката деценија откако кон средината на XIX век почнале да се чуваат записи за тоа. „Трендот на загревање продолжил во оваа деценија“, известува јужноафриканскиот весник The Star, „со 1990 како најтопла година, 1991 како трета најтопла година, а 1992 . . . како десетта најтопла година во 140-годишниот период на мерења“. Благиот пад на високите температури во изминатите две години се должи на правот што беше исфрлен во атмосферата кога во 1991 избувна вулканот Пинатубо.

Горливо се дебатира за идните влијанија на зголемените температури на Земјата. Но глобалното загревање очигледно придонело да се усложни и онака тешката задача на прогнозирање на времето. New Scientist наведува дека погрешните прогнози „најверојатно ќе се зголемат додека глобалното загревање ја менува климата“.

Многу осигурителни компании се плашат дека глобалното загревање ќе придонесе нивните полиси да бидат нерентабилни. „Соочени со мноштво несреќи“, признава The Economist, „некои реосигурителни компании ја скратуваат понудата на нивната заштита при природни катастрофи. Други зборуваат за целосно напуштање на пазарот. . . . Се плашат од неизвесноста“.

Значајно е тоа што во 1990, најтоплата година досега, голем дел од арктичката ледена санта се намали како никогаш до сега. Како резултат на тоа, стотици поларни мечки преку еден месец се заточени на островот Врангел. „Поради глобалното загревање“, предупредува списанието BBC Wildlife, „овие услови . . . би можеле да станат редовна појава“.

„Драматичниот пораст на бројот на ледените санти кои пловат на север од Антарктикот и претставуваат опасност за бродовите во Јужниот Атлантик, временските стручњаци го припишуваат на глобалното загревање“, известува еден африкански весник во 1992. Според Earth, издание од јануари 1993, постепеното издигнување на морското ниво кај брегот на јужна Калифорнија, делумно се должи на загревањето на водата.

За жал, луѓето постојано испуштаат во атмосферата големи количества на токсични гасови. „Во САД“, наведува книгата The Earth Report 3, „Агенцијата за заштита на околината, според извештајот за 1989 година, процени дека секоја година преку 900.000 тони токсични хемикалии се испуштаат во воздухот.“ Оваа цифра се смета за многу помала од вистинската затоа што тука не се вклучени издувните гасови од милиони моторни возила.

Пристигнуваат шокантни извештаи за загадување на воздухот од многу други индустријализирани земји. Особено застрашувачки беа поновите откритија за неконтролираното загадување на воздухот во источноевропските земји низ децениите на комунистичкиот режим.

Дрвјата на Земјата, кои апсорбираат јаглерод диоксид а ослободуваат кислород, се наоѓаат меѓу жртвите на токсичниот воздух. New Scientist известил: „Дрвјата во Германија стануваат сѐ поболни, според . . . министерот за земјоделство [кој рекол] дека загадувањето на воздухот и понатаму претставува една од главните причини за болната состојба на шумите“.

Состојбата е слична и во Трансвал Хајвелд, во Јужна Африка. „Во Источен Трансвал, сега се појавуваат првите знаци на оштетувања од кисели дождови каде што боровата шума ја промени својата боја од здраво зелена во бледо ишарана жолтеникава боја“, известува Џејмс Кларк во својата книга Back to Earth.

Такви извештаи пристигнуваат од целиот свет. Ниедна земја не е имуна. Со редици оџаци кои се издигаат високо до небото, индустријализираните земји го извезуваат своето загадување во соседните земји. Алчноста на човекот во индустриското доба не влева никаква надеж.

Но, сепак постојат причини за оптимизам. Можеме да бидеме сигурни дека нашата скапоцена атмосфера ќе биде спасена од уништување. Во следната статија можете да дознаете како ќе биде постигнато тоа.

[Слика на страница 7]

Уништувањето на озонот во горниот слој на атмосферата довело до зголемување на заболувањата од рак на кожата

[Слика на страница 9]

Какви се последиците од ваквото загадување?

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели