Битката да се спаси нашата планета
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ШПАНИЈА
ЈУРЕЈ, кој живее во рускиот град Карабаш, има две деца, и обете се болни. Тој е загрижен, но не и изненаден. „Овде нема здрави деца“, објаснува тој. Луѓето од Карабаш се трујат. Секоја година, една локална фабрика исфрла во воздухот 162.000 тони загадувачи — по 9 тони на секој маж, жена и дете што живее таму. Во Никељ и Мончегорск, на полуостровот Кола, северно од Арктичкиот круг, „две најголеми и најзастарени топилници на никел во светот . . . секоја година исфрлаат тешки метали и сулфур диоксид во воздухот повеќе од која и да било друга таква фабрика во Русија“ (The New York Times).
Воздухот не е ништо почист во Мексико Сити. Една анкета од д-р Маргарита Кастиљехос открила дека дури и во едно богато подрачје на градот, децата биле болни 4 од 5 дена. „За нив станало нормално да бидат болни“, запазила таа. Еден од главните виновници, вели таа, е продорниот смог што го создаваат илјадниците возила кои ги преплавуваат градските улици. Концентрацијата на озонот е четирипати поголема од максималната граница на Светската здравствена организација.
Во Австралија — иако опасноста е невидлива, таа е исто толку смртоносна. Децата мораат да носат капи додека играат во училишниот двор. Десеткувањето на заштитниот слој на озонот во Јужната хемисфера ги натерало Австралијанците да почнат да гледаат на Сонцето како на непријател, а не како на пријател. Тие веќе доживуваат трикратен пораст на рак на кожата.
Во другите делови од светот, да се најде доволно вода е секојдневна битка. Кога Амалија имала 13 години, во Мозамбик настапила суша. Едвај имало доволно вода за првата година, додека следната година скоро немало ништо. Приносите со зеленчук се исушиле и пропаднале. Амалија и нејзиното семејство биле присилени да јадат диво овошје и да копаат во песокливите речни корита за да најдат некаква скапоцена вода.
Во индиската држава Раџастан, пасиштата нагло исчезнуваат. Фагу, еден номадски староседелец, честопати има расправии со локалните земјоделци. Тој не може да најде пасишта за своето стадо од овци и кози. Поради големиот недостиг на плодно земјиште, долговековните мирољубиви односи помеѓу земјоделците и номадите се прекинале.
Состојбата е уште полоша во Сахел, широк појас од полусуво земјиште, на јужната граница од Сахара, во Африка. Како резултат на ископачувањето и сушата после тоа, биле збришани цели стада и безброј мали земјишни поседи закопани во песоците на пустината која се шири. „Повеќе нема да садам“, се заколнал еден Фулани земјоделец од Нигер, откако видел како посевот со просо по седми пат му пропаднал. Неговата стока веќе изумрела поради немање пасишта.
Сѐ поголема закана
Постои злокобен образец на поновите суши, неуспешните жетви и загадениот воздух кој ги задушува градовите еден по еден. Тоа се симптоми на една болна планета, планета која не може повеќе да излегува на крај со сите барања што човекот ѝ ги наложува.
Ништо не е поважно за нашиот опстанок на Земјата од воздухот што го дишеме, храната што ја јадеме и водата што ја пиеме. Овие неопходни работи кои го поддржуваат животот немилосрдно се загадуваат или постепено се намалуваат — и тоа од самиот човек. Во некои земји состојбата на околината веќе претставува опасност за животот. Како што сликовито се изразил поранешниот советски претседател Михаил Горбачов, „екологијата нѐ фатила за гуша“.
Заканувањето не треба да се сфати несериозно. Светското население постојано се зголемува и се множат барањата за ограничени ресурси. Лестер Браун, претседател на Worldwatch Institute неодамна изјавил дека „огромната закана на нашата иднина не е воена агресија, туку распаѓање на околината на планетава“. Дали се прави доволно за да се спречи трагедијата?
Битката да се заштити планетата
Тешко е да му се помогне на еден алкохоличар кој е уверен дека нема проблем со пиењето. Исто така, првиот чекор со цел да се подобри здравјето на планетата е да се препознае степенот на болеста. Можеби, во последните години образованието постигна извонреден успех во поглед на природната околина. Повеќето луѓе денес се потполно свесни за тоа дека нашата Земја се истрошува и загадува — и дека нешто мора да се преземе. Опасноста од распаѓање на околината сега се заканува како поголема опасност од нуклеарна војна.
Светските водачи не се несвесни за проблемите. Во 1992 година, околу 118 водачи на држави присуствувале на Самитот за Земјата на кој биле преземени неколку чекори за заштита на атмосферата и на ресурсите на Земјата кои се намалуваат. Повеќето земји потпишале договор за клима со кој се согласиле да воспостават систем за известување на промените во испуштањето на јаглеродот, со цел да се замрзне вкупното производство во блиска иднина. Тие исто така разгледале начини како да се заштити биолошката разновидност на нашата планета, сите растителни и животински видови. Не можело да се постигне согласност за заштита на светските шуми, но сепак Самитот донел два документа — „Декларацијата Рио де Жанеиро“ и „Агенда 21“, кои содржат упатства околу тоа како би можеле земјите да постигнат „можен развој“.
Како што истакнува стручњакот за заштита на човековата околина, Ален Хамонд, „пресуден ќе биде испитот дали ветувањата дадени во Рио де Жанеиро ќе се одржат — дали смелите зборови ќе се применат во месеците и годините што следат“.
Меѓутоа, значаен чекор напред бил Монтреалскиот протокол издаден во 1987, во кој бил вклучен меѓународен договор со цел постепено да се отстранат хлорофлуоројаглеродите (CFC) во рамките на еден утврден временски рок.a Зошто постои загриженост? Затоа што се вели дека CFC придонесуваат за рапидното истрошување на Земјиниот заштитен озонски слој. Озонот во Земјината горна атмосфера игра битна улога во филтрирањето на Сончевите ултравиолетови зраци, кои можат да предизвикаат рак на кожата и катаракти. Тоа не е проблем само во Австралија. Научниците неодамна откриле 8-процентен пад на концентрацијата на озонот во зима над некои умерени предели на Северната хемисфера. Дваесет милиони тони CFC веќе се дигнале нагоре спрема стратосферата.
Соочени со ова катастрофално загадување на атмосферата, народите од светот ги ставија настрана своите разлики и презедоа одлучна акција. Претстои една друга меѓународна акција со цел да се заштитат загрозените видови, да се зачува Антарктикот и да се контролира сообраќајот на токсичните отпадоци.
Многу земји преземаат чекори да ги исчистат своите реки (лососот сега се вратил во реката Темза во Англија), да го контролираат загадувањето на воздухот (намалено е за 10 проценти во градовите на Соединетите Држави кои имаат најмногу смог), да ги користат енергетските извори од пријателски настроената околина (80 проценти од домовите во Исланд се греат со геотермичка енергија) и да го зачуваат своето природно наследство (Костарика и Намибија претвориле 12 проценти од своето вкупно земјиште во национални паркови).
Дали овие позитивни знаци се доказ дека човештвото сериозно ја сфаќа опасноста? Дали ќе биде само прашање на времето пред нашата планета повторно да биде во добра состојба? Следните статии ќе се обидат да одговорат на тие прашања.
[Фуснота]
a CFC-те нашироко се користат во аеросол спрејовите, во апаратите за ладење, апаратите за клима уреди, средствата за чистење и во производството на изолација од пена. Видете во Разбудете се! од април — јуни 1995, „Кога нашата атмосфера е оштетена“.