ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g96 8/4 стр. 6-11
  • Дали битката се добива?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Дали битката се добива?
  • Разбудете се! 1996
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Три основни вистини за екологијата
  • Колкава штета е направена?
  • Може ли човекот да се справи со проблемите?
  • Сиромашните народи стануваат депонии за богатите
    Разбудете се! 1996
  • Битката да се спаси нашата планета
    Разбудете се! 1996
Разбудете се! 1996
g96 8/4 стр. 6-11

Дали битката се добива?

„ГРИЖЕТЕ се за оваа планета, таа е единствената што ја имаме.“ Тоа беше драматичниот апел на Принц Филип од Британија, претседател на World Wide Fund for Nature (Светскиот фонд за природата).

Пред илјадници години, псалмистот напишал: „Небото е Господово небо, а земјата Он им ја даде на синовите човечки“ (Псалм 113:24). Бог ни ја дал Земјата да биде наш дом, и ние мораме да се грижиме за неа. Тоа е целта на екологијата.

Буквално, зборот „екологија“ значи „проучување на домот“.a Според една дефиниција дадена од The American Heritage Dictionary, екологијата е „проучување на разорните влијанија на современата цивилизација врз околината, со намера да се спречат или променат преку нејзино зачувување“. Едноставно речено, екологијата значи откривање на штетата што човекот ја направил, а потоа изнаоѓање начини да се поправи истата. Ниедно од нив не е лесна задача.

Три основни вистини за екологијата

Биологот Бери Комонер, во својата книга Making Peace With the Planet (Помирување со планетата), предлага три едноставни закони на екологијата кои помагаат да се објасни зошто Земјата е толку ранлива на злоупотребување.

Сѐ е меѓусебно поврзано. Исто како што еден расипан заб може да влијае врз целото тело, така и оштетувањето на еден посебен природен ресурс може да предизвика цела низа проблеми во околината.

На пример, во текот на последните 40 години, 50 проценти од хималајската шума на Непал е исечена за огрев или за градежен материјал. Еднаш соголена од дрвјата, почвата на планинските падини кратко после тоа била измиена со доаѓањето на монсунските дождови. Без површински слој на почвата, младите дрвца не можеле лесно да се зафатат, па така многу планини станале неплодни. Поради ископачување сега Непал секоја година губи по милиони тони од површинскиот слој на почвата. А проблемите не се ограничени само на Непал.

Поројните дождови во Бангладеш, кои некогаш биле впивани од дрвјата, паѓаат непречено по соголените планини и потоа во правец на брегот, каде што предизвикуваат катастрофални поплави. Во минатото, во Бангладеш имало катастрофални поплави на секои 50 години; сега има на секои 4 години или уште пократко.

Во други делови од светот, ископачувањето довело до опустошување на почвата и до промени на локалната клима. Шумите се само еден природен ресурс кој човекот го експлоатира. Поради тоа што еколозите сѐ уште знаат релативно малку за испреплетените делови на нашиот простран еко-систем, еден проблем може да не се забележи сѐ дури не направи голема штета. Тоа е вистинито во врска со фрлањето отпадоци, што е добро илустрирано со вториот закон на екологијата.

Сѐ мора да оди некаде. Замислете како би изгледал еден обичен дом кога не би се фрлало ѓубрето. Нашата планета е токму таков затворен систем — сиот наш отпад мора да заврши некаде околу земскиот дом. Делумното уништување на озонскиот слој покажува дека дури и навидум безопасните гасови, како што се хлорофлуоројаглеродите (CFC) едноставно не исчезнуваат без трага во воздухот. CFC се само едни од стотиците потенцијално опасни супстанции кои се ослободуваат во небото, реките и океаните.

Точно, некои производи — наречени „биораспадливи“ — можат да се разложат со текот на времето и да бидат апсорбирани од природните процеси, но некои не можат. По плажите на светот се расфрлени пластични контејнери кои ќе лежат таму уште децении. Помалку видлив е индустрискиот токсичен отпад, кој обично се закопува некаде. Иако е далеку од очите, нема гаранција дека секогаш ќе биде далеку од мислите. Сепак може да истече во подземните залихи со вода и да создава сериозни здравствени ризици за човекот и за животните. „Не знаеме што да правиме со сите хемикалии произведени од модерната индустрија“, признал еден унгарски научник од Институтот за хидрологија во Будимпешта. „Не можеме да водиме никаква евиденција за нив.“

Најзаканувачко ѓубре од сите видови е радиоактивниот отпад, нуспроизвод на нуклеарните централи. Илјадници тони нуклеарен отпад се складирани на привремени места, иако некои веќе се исфрлени во океаните. И покрај многуте години научно истражување, сѐ уште не се нашло решение за безбедно и трајно складирање или фрлање ниту, пак, е на видик. Никој не знае кога овие еколошко-темпирани бомби би можеле да експлодираат. Проблемот сигурно нема да исчезне — отпадот ќе биде радиоактивен уште векови или милениуми, или сѐ додека Бог не преземе акција (Откровение 11:18). Човековото занемарување на прашањето за фрлање на отпадот, е потсетник и на третиот закон на екологијата.

Природата нека си оди по својот пат. Со други зборови, човекот треба да соработува со природните системи наместо да се обидува да ги заобиколува со нешто за кое смета дека е подобро. Одредени пестициди се соодветен пример за тоа. Кога првпат биле воведени, тие им овозможувале на земјоделците да го контролираат плевелот и скоро да ги елиминираат деструктивните штетници. Обилната жетва наизглед била загарантирана. Но тогаш работите тргнале наопаку. Плевелот и инсектите се покажале отпорни на еден пестицид по друг, и станало очигледно дека пестицидите ги трујат природните истребувачи на инсектите, животот во природата, па дури и самиот човек. Можеби и вие сте биле погодени од труење со пестициди. Тогаш сте една од најмалку милион жртви ширум светот.

Крајната иронија е сѐ поголемиот доказ дека пестицидите можеби и не го подобруваат приносот на жетвата. Во Соединетите Држави, инсектите сега проголтуваат поголем дел од жетвата отколку пред револуцијата на пестициди. Исто така, International Rice Research Institute (Меѓународниот институт за истражување на ориз), со база на Филипините, открил дека пестицидите повеќе не го подобруваат приносот на ориз во Југоисточна Азија. Всушност, една индонезиска програма спонзорирана од владата, која не се ослонува толку многу на пестицидите, постигнала 15 процентен пораст во производството на ориз од 1987 наваму, и покрај 65 процентното намалување на употребата на пестициди. Сепак, секоја година земјоделците во светот сѐ уште во голема мера користат пестициди.

Трите закони на екологијата, изложени горе, помагаат да се објасни причината зошто работите тргнале наопаку. Други важни прашања се: Колкава штета веќе е направена и дали може да се поправи?

Колкава штета е направена?

Приложената карта на светот (види страници 8 и 9) истакнува некои од главните проблеми на околината и местото каде што се најкритични. Очигледно, кога загубата на живеалиштето или други фактори предизвикуваат истребување на некој растителен или животински вид, човекот не може да ја поправи штетата. Друга штета — како што е оштетувањето на озонскиот слој — веќе е направена. А што е со продолжителното распаѓање на околината? Дали е постигнат некаков напредок да се сопре или барем да се забави?

Два најважни показатела за еколошката штета се земјоделството и риболовот. Зошто? Затоа што нивната продуктивност зависи од здравата околина, а нашиот живот од сигурната залиха на храна.

Обете подрачја покажуваат знаци на влошување. Организацијата за исхрана и земјоделство при Обединетите нации пресметала дека риболовните флоти во светот не можат да уловат повеќе од 100 милиони тони риба без да бидат сериозно загрозени залихите со риба. Тој вкупен износ бил надминат во 1989 година и, навистина, следната година светскиот улов паднал за четири милиони тони. Некои подрачја за риболов нагло ослабнале. Во североисточниот Атлантик, на пример, уловот опаднал на 32 проценти во последниве 20 години. Главните причини за тоа се прекумерно ловење на риби, загадување на океаните и уништување на мрестилиштата.

Овој алармантен тренд е отсликан во производството на земјоделските култури. Во текот на 1960-тите и 1970-тите години, подобрените видови земјоделски култури, наводнувањето, како и масовното користење на хемиски пестициди и на вештачко ѓубриво, во голема мера го зголемиле светското производство на жито. Сега, пестицидите и вештачкото ѓубре ја губат својата делотворност, а недостигот на вода и загадувањето, исто така, придонесуваат за послабите жетви.

Иако секоја година има скоро 100 милиони додатни усти за хранење, во текот на последната деценија имало опаѓање на вкупната површина на обработена земја. А таа обработлива земја ја губи својата плодност. Институтот Worldwatch пресметува дека во текот на последните 20 години ерозијата ги лишила земјоделците од 500 милијарди тони површински слој на почвата. Неминовно, почнало да опаѓа производството на храна. Извештајот на State of the World 1993 (Состојбата на светот во 1993) коментира дека „6-процентното опаѓање на производството на жито на човек, помеѓу 1984 и 1992 година [е] можеби највознемирувачкиот економски тренд во светот денес“.

Јасно, животите на милиони луѓе веќе се во опасност како резултат на човековото занемарување на околината.

Може ли човекот да се справи со проблемите?

Иако човекот сега почнува нешто да сфаќа околу причините зошто работите одат наопаку, сепак тоа не може да се поправи така лесно. Првата потешкотија е тоа што би биле потребни огромни суми пари — најмалку 600 милијарди долари годишно — за да се спроведат опсежните предлози изнесени на Самитот за Земјата, во 1992. Исто така, ќе бидат потребни вистински жртви — жртви како што се помалку беспотребно трошење и повеќе рециклирање, штедење вода и енергија, користење јавен а не приватен транспорт и, што е најтешко од сѐ, повеќе размислување за планетата отколку за сопствениот двор. Џон Кернс, Јуниор, претседавач на Одборот за обновување на водните еко-системи на САД, проблемот го изразил накратко вака: „Јас сум оптимистичен за она што можеме да го направиме, но песимистичен сум за она што навистина ќе направиме“.

Самиот трошок на едно темелно масовно чистење е толкав што повеќето земји претпочитаат да го одложуваат денот на пресметка. Во време на економска криза, на мерките за околината се гледа како на закана на работните места или како на кочница на економијата. Зборувањето е полесно од постапувањето. Книгата Caring for the Earth (Грижа за Земјата) ја опишува дотогашната реакција како „реторични олуи проследени со суши на неактивност“. Но покрај ова влечкање, не би можела ли новата технологија — ако ѝ се даде време — да пронајде безболен лек за болестите на планетава? Очигледно не.

Отворено признавајќи, Националната академија на науките на САД и Кралското друштво на Лондон, изјавиле: „Ако сегашниве предвидувања за пораст на населението се покажат точни и ако обрасците на човековата активност на планетава останат непроменети, науката и технологијата можеби нема да можат да го спречат неповратното распаѓање на околината нити постојаното сиромаштво на голем дел од светот“.

Страшниот проблем со нуклеарниот отпад кој нема место каде да се испушти, е потсетник дека науката не е семоќна. Научниците веќе 40 години барале безбедни места за трајно да го складираат отпадот кој има висок степен на радиоактивност. Потрагата се покажува толку тешка што некои земји, како што се Италија и Аргентина, заклучиле дека нема да имаат подготвено место најрано до 2040 година. Германија, најоптимистичната земја на ова подрачје, се надева да ги финализира плановите до 2008 година.

Зошто нуклеарниот отпад е толкав проблем? „Ниеден научник или инженер не може да даде апсолутна гаранција дека радиоактивниот отпад нема еден ден да протече во опасни количини дури и од најдобрите складишта“, објаснува геологот Конрад Краускопф. Но, и покрај раните предупредувања околу тешкотијата за фрлање на отпадот, владите и нуклеарната индустрија безгрижно продолжиле напред, претпоставувајќи дека технологијата на утрешнината ќе даде решение. Таа утрешнина никогаш не дојде.

Ако технологијата нема брзо решение за кризата на околината, кои други алтернативи остануваат? Дали неопходноста, на крајот, ќе ги натера народите да работат заедно со цел да ја заштитат планетата?

[Фуснота]

a Од грчкиот збор ѐкос (куќа, дом) и логи́ја (проучување).

[Рамка на страница 7]

Потрагата по обновливи енергетски извори

Повеќето од нас ја земаат енергијата како нешто здраво за готово — сѐ додека снема струја или додека дојде до пораст на цените на нафтата. Меѓутоа, потрошувачката на енергија е една од најголемите причини за загадување. Поголем дел од енергијата која се употребува доаѓа од согорувањето на дрво или од цврсти горива, процес кој исфрла милиони тони јаглерод диоксид во атмосферата и ги десеткува шумите во светот.

Нуклеарната енергија, една друга алтернатива, станува сѐ понепопуларна поради опасноста од несреќни случаи и поради потешкотијата да се складира радиоактивниот отпад. Другите алтернативи се познати како обновливи енергетски извори, затоа што ги користат природните енергетски извори кои ги има во изобилство. Постојат пет главни видови.

Соларна енергија. Таа може лесно да се црпи за греење и, во некои земји како што е Израел, многу куќи имаат соларни плочи за греење на вода. Користењето на Сонцето за произведување на електрицитет е потешко, но современите фотоволтички ќелии веќе даваат електрицитет во селските подрачја и стануваат сѐ поекономични.

Моќта на ветерот. Гигантски ветерници сега го одбележуваат хоризонтот во неколку ветровити предели на светот. Електрицитетот кој го дава, како што се нарекува, оваа еолска енергија, постепено станала поевтина и сега во некои подрачја кошта помалку отколку традиционалните енергетски залихи.

Хидроелектрицитет. Уште сега, 20 проценти од електрицитетот во светот доаѓа од хидроелектричните централи, но за жал повеќето локации кои многу ветуваа во развиените земји веќе се експлоатирани. Огромните брани, исто така, можат да нанесат значителна еколошка штета. Една подобра можност, особено во земјите во развој, се чини дека е градењето на повеќе помали хидроелектрични централи.

Геотермичка енергија. Некои земји, особено Исланд и Нов Зеланд, биле во можност да се приклучат во „системот на топла вода“ под своите нозе. Подземната вулканска активност ја загрева водата, која може да се користи за греење во домаќинството и за создавање електрицитет. Италија, Јапонија, Мексико, Соединетите Држави и Филипините, исто така, до одредена мера го развиле овој природен енергетски извор.

Моќта на плимата и осеката. Во некои земји, како што се Британија, Русија и Франција, се користат плимата и осеката на океаните за создавање на електрицитет. Меѓутоа, постојат неколку локации во светот кои се погодни да ја обезбедуваат оваа залиха на енергија по економична цена.

[Рамка/слики на страници 8 и 9]

Некои од најглавните проблеми на околината во светот

Уништување на шумите. Три четвртини од умерените шуми и половина од тропските шуми во светот веќе се изгубени, а стапката на ископачување алармантно се зголемила во текот на минатата деценија. Најновите пресметувања покажаа дека секоја година се уништуваат помеѓу 150.000 и 200.000 квадратни километри тропски шуми, што е приближно колку величината на Уругвај.

Токсични отпадоци. Половината од 70.000 хемикалии моментално произведени, се класифицирани како токсични. Само Соединетите Држави секоја година произведуваат 240 милиони тони токсичен отпад. Недостигот на податоци оневозможува да се пресмета вкупната светска бројка. Освен тоа, до 2000-та година, ќе има скоро 200.000 тони радиоактивен отпад складиран во привремени локации.

Распаѓање на земјиштето. На една третина од светската површина ѝ претстои опасност да се претвори во пустина. Во некои делови од Африка, пустината Сахара се проширила за 350 километри за само 20 години. Средствата за живот на милиони луѓе веќе се загрозени.

Недостиг на вода. Околу две милијарди луѓе живеат во подрачја каде што има хроничен недостиг на вода. Недостигот се влошува како последица на исушувањето на илјадниците бунари поради тоа што тоне нивото на подземните резерви со вода од кои тие зависат.

Видовите во опасност од изумирање. Иако цифрите се донекаде претпоставка, научниците пресметуваат дека помеѓу 500.000 и 1.000.000 видови животни, растенија и инсекти ќе бидат истребени до 2000 година.

Атмосферско загадување. Едно проучување на Обединетите нации во почетокот на 1980-тите години, открило дека една милијарда луѓе живеат во урбани предели кои секојдневно се изложени на честици од саѓи чие ниво е опасно по здравјето или на отровни гасови, како што се сулфур диоксид, азотен диоксид и јаглерод моноксид. Рапидниот пораст на градовите во последната деценија, несомнено го влошил овој проблем. Освен тоа, 24 милијарди тони јаглерод диоксид годишно се испуштаат во атмосферата, па постои стравување дека овој „гас-стаклена бавча“ може да предизвика глобално затоплување.

[Карта]

(Види во публикацијата)

Ископачување

Токсични отпадоци

Атмосферско загадување

Недостиг на вода

Загрозени видови

Распаѓање на земјиштето

[Извори на слики]

Mountain High Maps™ copyright© 1993 Digital Wisdom, Inc.

Фотографија: Hutchings, Godo-Foto

Фотографија: Mora, Godo-Foto

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели