Сиромашните народи стануваат депонии за богатите
КАКО несакано сираче, товарот со токсични материи лутал од брод на брод и од пристаниште на пристаниште во потрага по свој дом. Единаесет илјади цилиндри преполни со отровна смола, пестициди и други опасни хемикалии се разместувани од Џибути (Африка) сѐ до Венецуела, Сирија и до Грција. На крајот, бурињата кои течеле почнале да го земаат својот данок од посадата на еден од бродовите. Еден човек умрел, а повеќето од останатите добиле болести на кожата, на бубрезите и на дишните органи, од токсичната течност на бродот.
Бродови, камиони и возови натоварени со слични смртоносни отпадоци ја крстосуваат планетата во потрага по место што ќе го наречат дом. Многу често земјите кои веќе се опустошени од сиромаштија, глад и болести стануваат депонии на тони отрови и загадено ѓубре. Еколозите се плашат дека еколошката катастрофа може да биде само прашање на времето.
Стари бои, растворувачи, гуми, батерии, радиоактивен отпад, олово и згура натоварена со PCB — за Вас можеби непривлечни, но го привлекуваат напредниот бизнис со индустриски отпадоци. Иронично е тоа што колку една влада е построга во поглед на околината, толку повеќе нејзината индустрија го ослободува својот токсичен отпад во странство. Лондонскиот неделник, The Observer навел дека бескрупулозните фирми на индустријализираните народи „годишно фрлаат скоро 20 милиони тони отровни хемикалии во земјите на Третиот свет“. Дупките во законот и неговото лабаво спроведување значат дека илјадници тони отровен отпад ќе се фрлат на африканска, азиска и латиноамериканска почва.
Не е чудо што за овие фирми фрлањето на отпадоците претставува искушение! Трошоците можат во голема мера да се намалат само ако се користи исправна локација. Пример за тоа е крстосувачот United States, едно време горд адмиралски брод на американската патничка флота. Беше купен во 1992, со цел да биде реновиран за луксузно крстарење. Најверојатно содржеше повеќе азбест од кој и да било друг пловен брод. Отстранувањето на азбестот во Соединетите Држави би чинело 100 милиони долари. Бродот бил шлепуван до Турција каде што работата можела да се заврши за 2 милиони долари. Но Турската влада одбила — било премногу опасно да дозволи преку 46.000 квадратни метри влакна од карциноген азбест да бидат отстранети во нивната земја. Бродот на крајот бил довлечкан до пристаништето на една друга земја, каде што еколошките стандарди не се толку строги.
Смртоносно рециклирање
Западните бизниси во земјите во развој сакаат да се замислуваат себеси како добротвори на сиромашните. Харви Алтер, од Трговската комора на САД, тврди дека „извозот на отпадоци и индустријата за рециклирање го подигнува животниот стандард во тие земји“. Но само еден преглед на извесен дел од нивното заедничко однесување во странство открило дека во повеќето случаи, наместо да го подигнат животниот стандард, овие фирми „најверојатно не даваат повисоки плати од локалните минимални плати, загадувајќи ја притоа околината и продавајќи производи што во некои случаи се опасни и што се продадени на измамнички начин“.
Папата Јован Павле II ја изразил својата загриженост на еден неодамнешен семинар во врска со загадувањето во светот во развој. Папата рекол: „Кога богатите земји профитираат од слабата економија и законодавство на посиромашните земји, извезувајќи загадувачки технологии и отпадоци кои ја деградираат околината и здравјето на населението, тоа е акт на сериозно злоупотребување“.
Класичен пример за тоа има во Јужна Африка, дом на најголемата преработка на отпадоци на жива во светот. Во она што беше наречено „еден од најголемите скандали на загадувањето на континентот“, токсичните отпадоци убиле еден работник, друг паднал во кома и, според кажувањата, една третина од работната сила страда од некаков вид труење со жива. Владите во некои индустриски земји го забрануваат или во голема мера го ограничуваат фрлањето одредени отпадоци на жива. Бродови на корпорации од најмалку една од тие земји го транспортираат опасниот товар до бреговите на Африка. Една екипа за инспекција нашла 10.000 буриња со отпадоци на жива од три странски компании складирани во фабриката за рециклирање.
Да се испраќаат материјали за рециклирање во земјите во развој, звучи многу подобро отколку во нив да се фрла отпад. Тоа може да создаде вредни нуспроизводи, да обезбеди работни места и да ја стимулира економијата. Но како што покажува горенаведениот извештај од Јужна Африка, можат да уследат и катастрофални последици. При добивањето на вредни производи од овие супстанции може да се испуштаат смртоносни хемикалии кои предизвикуваат загадување и болести, а понекогаш смрт за вработените. Списанието New Scientist забележува: „Без сомнение, рециклирањето понекогаш се користи како изговор за фрлање на ѓубре“.
Списанието U.S.News & World Report ја опишува ваквата стратегија на следниов начин: „Ставањето погрешни етикети, дупките во законот и недостигот на стручното мислење, ги прави земјите во развој лесна мета на агресивните трговци со отпад кои продаваат токсичен талог од отпадни води како ‚органско ѓубриво‘ или застарени пестициди како ‚помагало при обработување на земјата‘“.
Во Мексико никнале макиладорас, или фабрики со странски сопственици. Првенствена цел на странските компании е да избегнат строги мерки на загадување и да профитираат од бескрајната залиха на ниско платените работници. Десетици илјади Мексиканци живеат во колиби покрај матни канали со загадена вода. „Дури ни козите не ја пијат“, рекла една жена. Еден извештај од едно Американско медицинско здружение, граничната област ја нарекло „вистинска септичка јама и место за ширење на заразни болести“.
Не умираат само штетниците
„Како може една земја да забрани отров на домашни простори, а сепак да го произведува и да го продава во други земји? Каде е моралот во тоа?“, прашал Ариф Јамал, агроном и специјалист за пестициди од Картум. Тој покажал фотографии од буриња со печатот: „Не се за употреба“ — во индустриските земји од каде што дошле. Тие биле пронајдени во еден судански резерват за диви животни. Во близината имало купови мртви животни.
Една богата земја „годишно извезува околу 227 милиони килограми пестициди кои се забранети, ограничени или немаат одобрение за домашна употреба“, известува The New York Times. Хептахлорот, еден сроден елемент на ДДТ кој предизвикува рак, бил забранет да се употребува на земјоделските култури во 1978 година. Но хемиската фирма која го измислила продолжува да го произведува.
Едно испитување на ОН открило дека можат нашироко да се набават „многу токсични пестициди“ во најмалку 85 земји во развој. Околу еден милион луѓе секоја година страдаат од акутно труење, а можеби 20.000 умираат од хемиските материи.
За тутунската индустрија може да се каже дека е олицетворение на смртоносната алчност. Една статија во Scientific American, со наслов „Глобална тутунска епидемија“, известува: „Бројот на болестите и смртта поврзани со тутунот по целиот свет, не може доволно да се нагласи“. Просечната возраст на почетните пушачи се спушта уште пониско, а бројот на жените пушачи драматично се зголемува. Моќни тутунски компании во сојуз со вешти лица кои прават реклами, успешно го совладуваат огромниот пазар во помалку развиените земји. По нивниот пат до богатство се влечат редица мртви и заболени тела.a
Меѓутоа, мора да се каже дека не се сите компании несвесни за добробитта на земјите во развој. Има некои компании кои се трудат да водат чесен и одговорен бизнис во земјите во развој. На пример, една компанија обезбедува пензиски и здравствени бенефиции и работниците ги плаќа со трипати поголема плата од вообичаената. Една друга компанија зазела цврст став во поглед на човековите права и откажала десетици договори поради злоупотреба на истите.
Лицемерно застранување
Во 1989 година била потпишана една конвенциска спогодба на ОН во Базел (Швајцарија) за да се регулира движењето на опасниот отпад помеѓу народите. Тоа не успеало да го реши проблемот, а New Scientist известил за еден подоцнежен состанок на истите народи, одржан во март 1994:
„Како одговор на разбирливиот гнев на земјите во развој, 65 земји-учеснички во спогодбата во Базел презедоа важен чекор напред кога одлучија да ја продолжат спогодбата така што OECD [Организација за економска соработка и развој] ќе го забрани извозот на опасни отпадоци во земји кои не припаѓаат на OECD“.
Но оваа најнова одлука како да не им се допаѓаше многу на развиените земји. New Scientist ја изразил својата загриженост: „Затоа, веста дека САД, Британија, Германија и Австралија се трудат да ја поткопаат одлуката, вознемирува. Тајно добиените документи од владата на САД ги издаваат нејзините ‚тивки‘ дипломатски напори да ‚ја модифицираат‘ забраната пред да се согласи да ја потврди конвенцијата“.
Ден на пресметка за алчните
„Вие мажи со богатство, сега е време да плачете и да кукате поради маките што ве чекаат!“, предупредува Библијата во Јаков 5:1 (The New Testament in Modern English од Џ. Б. Филипс). Пресметката ќе дојде од раката на оној кој може да ги исправи работите: „Господ им дава милост и суд на сите онеправдани“ (Псалм 102:6).
Сите оние кои сега живеат во угнетувачка сиромаштија можат да се утешат, знаејќи дека наскоро ќе се исполнат зборовите од Псалм 71:12, 13: „Он ќе избави беден од силник и сиромав, кој нема помошник. Ќе го поштеди бедниот и сиромавиот и ќе го спаси животот на сиромасите“.
[Фуснота]
a Видете Разбудете се! од 22 мај 1995 (англ.): „Убивање милиони за заработување на милиони“.
[Рамка на страница 6]
Смртоносно ѓубре кое не сака да исчезне
„Смртоносниот нуклеарен отпад се натрупува без некакво јасно решение што е на дофат.“ Така гласел насловот во научната рубрика на списанието The New York Times од минатиот март. „Наједноставниот избор“, навела статијата, „е да се закопа. Но тоа сега е ставено на критика додека научниците дебатираат, а федералните агенции проучуваат дали предложеното подземно ѓубриште во Невада би можело на крајот да се дигне во воздух преку нуклеарна експлозија предизвикана од отпад од плутониум.“
Научниците предложиле многу планови за да го ослободат светот од вишокот на плутониум, но трошоците, полемиките и стравот ги држеле плановите во состојба на мирување. Една идеја, која за многумина е одвратна, е отпадот да се закопа во морето. Покреативен предлог е да се лансира во Сонцето. Друго решение е да се користат реактори за да го согори. Но тоа било отфрлено затоа што би биле „потребни стотици или илјадници години“ за да се постигне истото.
Д-р Макијани од Институтот за енергија и истражување на околината, рекол: „Секое технички добро решение има политички страни кои се застрашувачки, а секое политички добро решение технички е застарено. Никој, вклучувајќи нѐ и самите нас, нема некои потполно добри решенија за овој неред“.
За да се обезбеди електрична енергија за 60 милиони домови — 20 проценти од енергијата на земјата — секоја година, 107-те реактори во нуклеарните централи во Соединетите Држави произведуваат 2.000 тони отпадно гориво. Од 1957 година наваму, отпадното гориво привремено се складирало во нуклеарните централи. Со децении луѓето залудно чекале владата да најде начин да се ослободи од него. Девет претседатели биле на функција и 18 Конгреси понудиле планови и поставиле рокови за да се осигури складирање на радиоактивниот отпад во подземни простории, но за конечното распоредување на смртоносниот отпад, кој мора да се чува илјадници години, сѐ уште не е одлучено.
За разлика од тоа, билионите печки за топење коишто Јехова Бог ги управува во далечните ѕвезди на универзумот не претставуваат никаква закана, а онаа којашто ја управува во нашето Сонце, го овозможува животот на Земјата.
[Извор на слика]
UNITED NATIONS/IAEA
[Слика на страница 7]
Отровните хемикалии ја загадуваат водата за пиење и перење
[Слика на страница 7]
Децата си играат среде опасни или смртоносни отпадоци