Гледиште на Библијата
Зошто да се грижиме за животната средина?
СО СВОЈАТА активност, луѓето ја нарушуваат еколошката рамнотежа на нашата планета во досега невидени размери. Бидејќи опасноста од глобално затоплување и слични закани стануваат сѐ поалармантни, научниците, владите и индустриските групации преземаат сѐ повеќе чекори за да ги спречат ваквите појави.
Но, дали секој од нас има лична одговорност да се грижи за животната средина? Ако да, до кој степен? Библијата ни дава добри причини зошто да се грижиме за Земјата. Ни покажува и како да бидеме разумни во врска со она што можеме да го сториме.
Да живееме во склад со намерата на Творецот
Јехова Бог ја замислил Земјата како градина во која ќе живеат луѓето. Утврдил дека сѐ што создал е „многу добро“ и му дал задача на човекот „да ја обработува [Земјата] и да се грижи за неа“ (1. Мојсеева 1:28, 31; 2:15). Како се чувствува Бог кога гледа во каква состојба е Земјата денес? Можеме да бидеме сигурни дека неодговорните постапки на луѓето во овој поглед му нанесуваат длабока болка, бидејќи во Откровение 11:18 е кажано дека тој ќе ги ‚уништи оние што ја уништуваат земјата‘. Според тоа, она што се случува со Земјата треба да нѐ засега и нас.
Библијата нѐ уверува дека и најмалата штета што ја предизвикал човекот ќе биде поправена кога Бог ќе ‚направи сѐ ново‘ (Откровение 21:5). Меѓутоа, не треба да си мислиме дека не е важно што правиме сега бидејќи Бог и онака ќе ја обнови Земјата. Важно е! Како ќе покажеме дека и ние гледаме исто како Бог на нашата планета и дека живееме во склад со неговата намера да ја направи Земјата рај?
Што можеме да правиме за Земјата да биде чиста
Самото постоење на луѓето налага создавање на отпад. Јехова многу мудро ги направил природните процеси на Земјата да го отстрануваат овој отпад и да ги прочистуваат воздухот, водата и почвата (Изреки 3:19). Треба да се усогласиме со овие процеси и да избегнуваме непотребно да ја загадуваме околината. Со тоа ќе покажеме дека го сакаме својот ближен како себеси (Марко 12:31). Да разгледаме еден интересен пример од Библијата.
Бог им рекол на Израелците да си го закопуваат изметот „надвор од логорот“ (5. Мојсеева 23:12, 13). Тоа го забрзувало процесот на распаѓање и овозможувало логорот да биде чист. И денес, вистинските христијани ги отстрануваат отпадоците редовно и на исправен начин. Треба да бидеме посебно внимателни кога фрламе работи што содржат отровни супстанции.
Голем дел од отпадот може повторно да се користи, односно да се рециклира. Доколку има закон за рециклирање, тогаш мораме да го правиме тоа за да ја исполниме обврската да му го дадеме „цезаревото на цезарот“ (Матеј 22:21). Можеби за тоа ќе треба да вложиме повеќе труд, но така ќе покажеме дека сакаме Земјата да биде чиста.
Умерено користење на природните богатства
Природните богатства се неопходни за да го одржуваме животот, т.е. да ги задоволиме потребите од храна, покрив над главата и огрев. Начинот на кој ги користиме покажува дали ги сметаме за дарови од Бог. Кога Израелците посакале да јадат месо во пустината, Јехова им обезбедил голем број потполошки. Водени од алчност, покажале себичност и го злоупотребиле овој дар, а тоа многу го налутило Јехова Бог (4. Мојсеева 11:31-33). Бидејќи Бог е сѐ уште истиот, христијаните ќе покажат дека се одговорни ако не се расфрлаат непотребно. Во спротивно, би покажале дека се алчни.
Некои можеби мислат дека имаат право да ги црпат природните извори на енергија неограничено. Меѓутоа, природните богатства не треба да ги трошиме безмилосно само затоа што ги има во изобилство или затоа што можеме да си го дозволиме тоа. Откако преку чудо нахранил едно големо мноштво луѓе, Исус рекол да се соберат рибите и лебот што останале (Јован 6:12). Тој не се расфрлал со она што го обезбедил неговиот Татко.
Разумни во врска со она што можеме да го сториме
Секој ден донесуваме одлуки што влијаат врз животната средина. Дали мораме да се одвоиме од општеството или да одиме во други крајности за да не ја загадуваме околината? Никаде во Библијата нема таков совет. Да го земеме за пример Исус. Додека бил на Земјата, тој живеел нормално. Тоа му овозможило да проповеда — задача што му ја дал Бог (Лука 4:43). Освен тоа, Исус одбил да се меша во политика. Бил свесен дека таа не може да ги реши проблемите во тогашното општество. Тој јасно рекол: „Моето царство не е дел од овој свет“ (Јован 18:36).
Но, сосема е на место да размислиме како нашиот избор на производи за домаќинството, превоз и забава влијае врз околината. На пример, некои купуваат производи чиј процес на изработка и начинот на кој работат не се толку штетни за околината. Други се трудат да имаат што е можно помал удел во активности кои предизвикуваат загадување или претерано трошење на природните богатства.
Нема потреба ваквите одлуки да им ги наметнуваме на другите. Сите немаат исти околности. Сепак, секој од нас е одговорен за своите одлуки. Според Библијата, „секој ќе го носи својот товар“ (Галатите 6:5).
Творецот им ја дал на луѓето одговорноста да се грижат за Земјата. Ако ја цениме оваа задача и понизно го почитуваме Бог и сето она што го создал, совесно ќе размислуваме како ќе постапуваме со Земјата.
СИ СЕ ПРАШАЛ ЛИ НЕКОГАШ?
◼ Дали Бог ќе преземе нешто за да го реши проблемот со загадувањето на Земјата? (Откровение 11:18).
◼ Каква одговорност во однос на Земјата им доверил Бог на луѓето? (1. Мојсеева 1:28; 2:15).
◼ На кој начин Исус Христос покажал дека не треба да се расфрламе? (Јован 6:12).