Читателите прашуваат...
Дали Земјата ќе може секогаш да го одржува животот на неа?
▪ Нашата прекрасна планета, Земјата, има огромен потенцијал да го одржува животот на неа. Сепак, поради порастот на населението и алармантната стапка со која се трошат нејзините богати резерви, можеби се прашуваш: ‚Можно ли е навистина да се случи најлошото? Ќе има ли секогаш доволно храна и природни богатства?‘
Додека размислуваме за ова прашање, може да нѐ успокои едно ветување што Бог му го дал на човечкото семејство пред повеќе од 4.000 години: „Во сите денови додека постои земјата, нема да престане ни сеидбата ни жетвата, ни студот ни жегата, ни летото ни зимата, ни денот ни ноќта“ (1. Мојсеева 8:22). Значи, исто како што сме сигурни дека сонцето ќе изгрее секој ден, можеме да бидеме уверени и дека Земјата нема никогаш да престане да го дава она што е потребно за да опстане животот на неа.
Во еден извештај од 2004 год., со наслов „Може ли Земјата да нѐ прехрани?“, Алекс Кирби, дописник на теми за животната средина, рекол: „Во светот се произведува доволно храна за секој човек. Но, честопати таа е или на погрешно место, или е премногу скапа, или има краток рок на траење. Според тоа, обезбедувањето доволно храна за сите не е толку работа на науката колку на политиката“. Со други зборови, ако се води грижа за Земјата и ако ефикасно се користат нејзините природни богатства, не би требало да се плашиме од недостиг на храна. На пример, во деновите на древниот Израел, Бог дал јасни упатства во врска со исправното користење на земјиштето. Како што е запишано во 3. Мојсеева 25:4, Бог им рекол на Израелците: „Седмата година нека биде за одмор, време за потполн одмор за земјата... Немој да ја сееш својата нива“. Иако Израелците не смееле да ја обработуваат земјата секоја седма година, Бог им ветил дека сигурно ќе се радуваат на изобилство добри работи и дека нема да се плашат од глад (3. Мојсеева 26:3-5).
Иако во денешно време искрено се вложуваат напори да се поправи штетата што ѝ е нанесена на Земјата и на нејзините природни богатства, многумина се загрижени дека таквите напори не се доволни и дека е предоцна. Единственото трајно решение е запишано во Откровение 11:18. Во овој стих, Библијата кажува дека Јехова ќе ги ‚уништи оние што ја уништуваат земјата‘. Тој не само што ќе му стави крај на претераното искористување на Земјата и на нејзините природни богатства туку и ќе се погрижи таа да дава обилен род за сите нејзини жители. Луѓето нема повеќе тврдоглаво да ја занемаруваат Божјата намера и да ја експлоатираат Земјата за своја лична корист. А оние што спремно го поддржуваат Јеховиното право да владее ќе го доживеат исполнувањето на зборовите што се запишани во Псалм 72:16: „На земјата житото богато ќе роди, по планинските врвови ќе го има во изобилство“.
Бидејќи Јехова има бескрајна љубов и мудрост, неговата намера е луѓето да живеат во рај на Земјата и да се грижат за тој свој дом (1. Мојсеева 1:28). Кога ќе владее Бог, послушните луѓе ќе научат мудро да ги користат природните богатства без да ги исцрпат богатите извори на Земјата. Неизмерно сме му благодарни на Бог што со толку голема љубов и грижа ќе ја задоволи желбата на сѐ што е живо! (Псалм 145:16).
[Истакната мисла на страница 22]
„Обезбедувањето доволно храна за сите не е толку работа на науката колку на политиката“