Прашања од читателите
Каква одговорност имаат христијаните во поглед на намалувањето на загадувањето на нашата околина: земјата, морињата и воздухот?
Како Јеховини сведоци, ние сме длабоко загрижени заради многуте еколошки проблеми кои сега го погодуваат нашиот земски дом. Во поголема мера отколку повеќето луѓе, ние го цениме тоа дека Земјата била создадена за да биде чист, здрав дом за совршеното човечко семејство (1. Мојсеева 1:31; 2:15-17; Исаија 45:18). Исто така ја имаме Божјата гаранција дека тој ќе ‚ги погуби губителите на земјата‘ (Откровение 11:18). Поради тоа исправно е да се прават урамнотежени, разумни напори за да се избегнува непотребно придодавање кон расипувањето на нашата планета кое е во тек. Затоа, забележи го зборот „разумни“. Исто така е прикладно и библиски да не дозволиме еколошките публикации и акции прекумерно да нѐ загрижуваат.
Дури и нормалното човечко живеење создава отпадоци. На пример, растењето, обработката и јадењето на прехрамбени производи честопати создаваат отпадоци, иако голем дел од нив можат да се распаднат по бактериолошки пат (Псалми 1:4, Ст; Лука 3:17). Печената риба којашто воскреснатиот Исус ја приготвил за своите ученици веројатно оставила нешто чад, пепел и отпадоци од рибји коски (Јован 21:9-13). Но живите и неживите Земјини системи или циклуси се предвидени да ги прифатат.
Божјиот народ не би требало да биде несвесен за еколошките аспекти. Јехова барал од својот древен народ да преземе чекори да ги уништува отпадоците, чекори кои имале еколошко а и санитарно значење (5. Мојсеева 23:9-14). А бидејќи го знаеме неговото гледиште за оние кои ја упропастуваат Земјата, сигурно не треба да ги занемаруваме фактите дека можеме да ја одржуваме околината чиста. Тоа ќе го покажеме ако исправно го уништуваме ѓубрето или отпадоците, особено отровните материи. Ние совесно соработуваме со настојувањата за рециклажа, особено ако тоа го бара цезарот (Римјаните 13:1, 5). А некои поединци наоѓаат задоволство во тоа што преземаат додатни чекори, на пример користат продукти кои се распаѓаат по бактериолошки пат, а не такви кои би придонеле за создавањето на купишта ѓубре на копното и во морињата.
Меѓутоа, доколку не се бара со законот, мерата до која еден христијанин ќе оди во тој правец е лична работа. Од новинските медиуми е јасно дека несовршените луѓе лесно паѓаат во замката да одат во крајност. Исусовиот совет, секако, уште важи: „Не судете, за да не бидете судени . . . Зошто ја гледаш раската во окото на брата си, а гредата во своето око не ја чувствуваш?“ (Матеј 7:1, 3). Ако го имаме ова на ум, ќе ни помогне да не ги изгубиме од вид другите важни фактори.
Пророкот Јеремија напишал: „Знам, Господи [Јехова, NW], дека патот на човекот не зависи од него, дека не е во власта на оној кој оди, за да ги исправа стапките свои“ (Јеремија 10:23). Занемарувањето на ова начело довело до тоа човештвото да се соочи со ‚тешки времиња‘, како што е запишано во 2. Тимотеј 3:1-5. А она што Бог го запишал во Откровение 11:18, докажува дека човековите напори да ја ослободи Земјата од нејзините главни проблеми, вклучувајќи го и загадувањето, нема да успеат во потполност. Овде-онде може да има некаков напредок, но единственото трајно решение бара Божја интервенција.
Од таа причина, ние ги концентрираме нашите напори и средства на божественото решение, наместо да се обидуваме површно да ги ублажуваме симптомите. Во тоа го следиме Исусовиот пример, кој поголемиот дел од својата служба го поминал во ‚сведочење за вистината‘ (Јован 18:37). Наместо да го нахрани светот или да го ослободи од раширените општествени зла — вклучувајќи го и загадувањето — Исус укажал на целосното решение за проблемите коишто го погодуваат човештвото (Јован 6:10-15; 18:36).
Додека љубовта кон ближните нѐ поттикнува да избегнуваме непотребно загадување на земјата, атмосферата или залихите со вода, ние продолжуваме да сведочиме за вистината. Тоа вклучува да ги поучуваме луѓето да ја применуваат библиската вистина и така да избегнат да си ги упропастуваат телата со чад, прекумерен алкохол или штетни дроги. Додека милиони нови станувале ученици, тие развиле навики на чистота и обѕирност спрема другите. Така делото на проповедање дало буквален придонес за намалувањето на главниот проблем на загадувањето денес. Но што е уште поважно, христијанските ученици се стремат да ги променат своите личности и навики за да бидат погодни за чистата Рајска Земја којашто Бог наскоро ќе им ја пружи на своите вистински обожаватели.