Искоренување на загадувањето — од срцето и од мислите
ЈЕХОВА не им всадил на луѓето копнеж по нечистотија или неред. Нивната планета–дом била предвидена за рај на чистота, ред и убавина. Бог немал намера таа да се изврти во грдо буниште (1. Мојсеева 2:8, 9).
Меѓутоа, откако го отфрлиле Божјето водство, луѓето започнале да градат свој сопствен вид на светски поредок. Без божествената мудрост и без искуство, биле присилени да учат низ многу маки. Световната историја ја потврдува библиската вистина дека луѓето не можат успешно да владеат самите со себе; илјадници години ‚човек господарел над човек на своја штета‘ (Проповедник 8:9; Јеремија 10:23). Современиот проблем на загадувањето, во сите негови облици, е последица на лошото владеење на човекот.
Да се усвои Божјето гледиште
Луѓето кои се желни да му угодат на Бог, се трудат да живеат по мерилата за чистота што ги поставил Творецот. Затоа Јеховините сведоци се соочија со еден проблем кога беше планирано, кон средината на 1991, во Прага (Чешкословачка) да се одржи меѓународен конгрес.a Требаше да присуствуваат околу 75.000 луѓе — мноштво кое Страхов Стадионот би можел комотно да го прими. Но стадионот не бил употребуван пет години. Бил препуштен на запуштеност, како грда жртва на временските прилики. Околу 1.500 Јеховини сведоци потрошија преку 65.000 часа во неговото реновирање и пребојадисување. До конгресот, оваа акција на чистење го претвори стадионот во место достојно за обожавање на вистинскиот Бог, Јехова.
Што ги мотивира Јеховините сведоци да бидат поинакви од светот кој во целина покажува мало ценење за чистотата и редот? Тоа е ценењето на библискиот совет, христијаните да ги искоренат негативните карактерни особини, како што се себичност, безобѕирност, алчност и недостиг на љубов. ‚Соблечи го стариот човек со неговите дела‘, вели Библијата. Замени го со ‚новиот кој се обновува во познанието [според точното спознание, NW], според образот на својот Создател‘. Во личноста која е карактеризирана со љубов кон чистота, ред и убавина, нема место за загадувачки склоности (Колосјаните 3:9, 10; 2. Коринтјаните 7:1; Филипјаните 4:8; Тит 2:14).
Новата личност бара христијаните да бидат свесни за загадувањето и да не загадуваат разуздано или непослушно, игнорирајќи ги законите против загадувањето што ги донесуваат владите. Им помага да избегнуваат усвојување на расипнички, себичен и мрзлив став кој води до загадување. Додека развиваат почит кон имотот на другите ги спречува да користат графити како начин на изразување, како да е тоа некаква невина забава или алтернативен вид на уметност. Бара нивните домови, автомобили, облека и тела да ги одржуваат чисти. (Спореди Јаков 1:21.)
Што се однесува до луѓето кои не сакаат да ја облечат оваа нова личност, дали можеме да го обвиниме Бог затоа што ќе ги исклучи од живот во неговиот иден Рај? Секако дека не. Секој оној кој во своето срце и мисли сѐ уште ќе има скриени склоности да загадува, би бил закана за обновената рајска убавина на планетата Земја и би ги разжалостувал оние кои копнеат да ја одржат таква. Божјата одлука ‚да ги погуби губителите на земјата‘ е и праведна и љубезна (Откровение 11:18; 21:8).
Дали треба активно да учествуваме?
Но, дали ова значи дека од христијаните се бара да унапредуваат мерки против загадувањето или за чистењето?
Познато е дека загадувањето е штетно за здравјето и за јавната безбедност. Јехова со право е загрижен за таквите работи, како што можеме да видиме од законите коишто им ги дал на Израелците (2. Мојсеева 21:28-34; 5. Мојсеева 22:8; 23:12-14). Но тој никогаш не ги упатувал да придобиваат приврзаници за работите од јавната безбедност; ниту пак на христијаните од првиот век некогаш им било речено да го прават тоа.
Денес, работите поврзани со човековата околина може лесно да се исполизираат. Всушност, некои политички партии биле оформени со цел посебно да решаваат еколошки проблеми. Христијанинот кој дозволува да падне под влијание и да се стави на нечија страна во политичките редови, повеќе не е политички неутрален. Исус го поставил следното начело за своите ученици: „Тие не се [дел, NW] од светот, како и Јас што не сум од него“. Христијанинот кој го омаловажува ова барање се доведува во опасност да биде поврзан со „преодните господари од овој свет“ (Јован 17:16; 1. Коринтјаните 2:6).
Исус не се обидувал да ги реши сите социјални проблеми од своето време; ниту пак им рекол на своите ученици да го прават тоа. Неговата заповед до нив била: „Одете и научете ги сите народи, крштавајќи ги . . ., и учејќи ги да пазат сѐ што сум ви заповедал“. Тој не им заповедал за некаква еколошка политика (Матеј 28:19, 20).
Објаснувајќи што би требало да има предност во животот на христијанинот, Христос рекол: „Барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда“ (Матеј 6:33). Кога Јехова со посредство на Месијанското Царство ќе ги спроведе своите праведни начела во светски размери, проблемите со човековата околина ќе бидат решени трајно и на задоволство на сите.
Затоа, Јеховините сведоци заземаат урамнотежен став. Имајќи ги предвид Римјаните 13:1-7, за нив е задолжително совесно да ги слушаат владините закони кои ја регулираат човековата околина. Освен тоа, божествената љубов кон ближниот ги мотивира да покажуваат почитување спрема имотот на другите — сеедно дали е јавен или приватен — така што не го нагрдуваат и не ги фрлаат отпадоците насекаде. Но јасно е дека не се упатени да предводат во световните мерки на чистење. Тие праведно го ставаат проповедањето на пораката за Божјето Царство на прво место зашто увидуваат дека тоа е начинот со кој се прави најтрајното добро.
Духовно чистење
Старите Израелци секогаш одново биле предупредувани какви последици ќе сносат ако ја загадуваат земјата со пролевање на крв, ако прифаќаат неморален начин на живот или ако покажуваат непочитување кон светите работи (4. Мојсеева 35:33; Јеремија 3:1, 2; Малахија 1:7, 8). Значајно е тоа што биле осудувани за вакво духовно загадување, а не за некакво физичко загадување за кое можеби исто така биле виновни.b
Затоа, она што христијанинот денес првенствено се стреми да избегнува е духовното загадување или нечистотија. Тој тоа го прави така што го облекува „новиот човек“, со што од своето срце и мисли ги искоренува склоностите кон загадување. Преку четири милиони Јеховини сведоци извлекуваат корист од ова духовно чистење, и во своите редови постигнуваат религиозна и морална чистота, како и забележлива физичка чистота (Ефесјаните 4:22-24).
Денес е време за акција на духовно чистење. Во свое време, ширум Земјата ќе уследи акција на физичко чистење и таа ќе го сочува нашиот дом да не стане глобално буниште, со што ќе му овозможи околина ослободена од загадување, каква што и заслужува (Проповедник 3:1).
[Фусноти]
a За детален извештај за оваа серија од источноевропски конгреси види Разбудете се! од 8. април 1992.
b На Израелците им било познато леарството. Пронајдени се остатоци од некои нивни рудници за бакар, а бакарот бил топен за да се подготви прибор за храмот. (Спореди 3. Царства 7:14-46.) Изгледа неверојатно дека овој процес на топење можел да се изведе без извесна мера на загадување во вид на чад, талог и згура, а можеби и други нуспојави. Сепак, Јехова очигледно бил спремен да толерира еден мал степен на локализирана нечистота во овој ретко населен и изолиран регион.