Рај или буниште — што би избрал?
НИКОЈ не би го сметал за нешто друго освен за она што тој и беше: европски турист кој бара одмор, желен да ужива на сонцето на островски рај. Крстарејќи по пространите песочни дини што граничат со морскиот брег, тој внимателно си го проби патот низ кршот од фрлени шишиња, конзерви, пластични кеси, гуми за џвакање и обвивки од кекси, весници и списанија. Очигледно иритиран, се чуди дали ова е рајот до кој сакал да допатува?
Дали ти некогаш си доживеал нешто слично? Зошто луѓето сонуваат за излети во некаков рај, но штом ќе дојдат таму, навидум без никакво двоумење, тој ист рај го претвораат во вистинско буниште?
Не само во „рајот“
Оваа очигледна безобѕирност кон убавината, уредноста и чистотата не е типична само за „раевите“ кон кои се слеваат многу туристи. Современото општество скоро насекаде е значително погодено од загадување. Поголемиот дел од загадувањето го предизвикуваат бројните индустрии кои создаваат тони отпадни продукти. Отровните отпадоци кои не се фрлани на прописен начин како и случајните излевања на нафта се закануваат да упропастат огромни подрачја од нашата Земја и да ги направат неприкладни за живот.
Војните исто така загадуваат. Пред очите на светот кој се згрозуваше, војната во Персискиот Залив во 1991 доби нови димензии. Ирачките сили намерно запалија околу 600 нафтени извори, претворајќи го Кувајт „во апокалиптична визија на пеколот“, според описот на еден европски весник. Германското списание Geo пеколот го нарече „најголема еколошка катастрофа која некогаш била предизвикана од човечка рака“.
На крајот од војната веднаш започна мисија на чистење. Само гаснењето на запалените нафтени извори изискуваше неколку месеци напорна работа. Светската здравствена организација извести дека растечкото загадување во Кувајт би можело таму да предизвика пораст на смртноста за 10 отсто.
Помалку опасни, но доста раздразнувачки
На секој поголем и безочен пример на еколошко загадување од големи размери доаѓаат илјадници помали. Оние кои наоколу фрлаат отпадоци и „уметниците“ за графити можеби се помалку опасни загадувачи, но сепак придонесуваат на планетата Земја да ѝ се одземе можноста да стане рај.
Во некои места графитите се толку вообичаени што граѓаните станале „слепи за графити“ и скоро не ги забележуваат. Ги има на вагоните од подземните железници, на ѕидовите од зградите и на јавните телефонски говорници. Графитите повеќе не се ограничени само на ѕидовите од јавните клозети.
Некои градови се полни со гровнати и напуштени згради. Населените подрачја се нагрдени со неуредни куќи и дворишта. Останки од автомобили, отфрлена машинерија и остатоци од старудии ги пренатрупуваат селските дворишта, кои инаку би можеле да изгледаат пријатно и привлечно.
Во извесни подрачја на луѓето воопшто не им е грижа што имаат нечисти и неуредни тела. Парадирањето наоколу во немарна облека и накит не само што е прифатливо туку дури и модерно. Оние кои ја ценат уредноста ги сметаат за безнадежно старомодни.
Колку огромна работа!
Каква огромна акција на чистење би била потребна за плажите, шумите и планините од нашиот земски дом да се претворат во рај каков што е прикажан на кориците од сјајните туристички проспекти — а да не спомнуваме што би требало да се стори со градовите, населбите, фармите и со самите луѓе!
Претходно споменатиот турист беше задоволен кога виде екипа чистачи кои приквечер одеа наоколу и ги отстрануваа поголемите парчиња отпадоци. Меѓутоа, и покрај тоа зад себе оставиле парчиња од скршено стакло, затки од шишиња, капачиња од лименки и многу догорчиња. Така, дури и по чистењето сѐ уште имаше изобилство докази дека пејзажот повеќе личеше на буниште отколку на рај.
Глобалното чистење за да се спаси планетата Земја да не стане глобално буниште би барало таа да се ослободи од секоја трага на вакви оштетувања. Дали постојат некакви изгледи да се изведе такво чистење? И ако да, како? Кој ќе го спроведе? Кога?