Да се сфати и да се живее со фибромиалгија
ДАЛИ сѐ Ве боли? Дали сте крајно изморени? Дали сте вкочанети и исцрпени кога ќе се разбудите наутро? Дали понекогаш меморијата Ви се блокира? Овие би можеле да бидат некои од знаците на синдромот на фибромиалгија (ФМС).
„Секогаш ќе се сеќавам на тоа утро во 1989 кога се разбудив и бев парализиран цели 45 минути“, вели Тед.a Така започнала борбата на Тед со фибромиалгијата, што во основа значи „болка во жилите, лигаментите и мускулите“.
Можеби некој Ваш пријател или роднина има ФМС. Како можете да му помогнете? А ако имате Вие, што можете да сторите? Добрата информираност е еден голем чекор кон тоа да се сфати и да се живее со овој проблем. Меѓутоа, не значи дека секој кој ги има горните симптоми има и ФМС.
Дефинирање на фибромиалгијата
Според Американскиот колеџ за ревматологија, „дијагностицирањето на фибромиалгијата се заснова на историјата на хроничната раширена болка кај лицето и на лоцирањето на нежните точки што ќе ги пронајде лекарот“. Има и други симптоми, од кои некои се слични на оние од синдромот на хроничен замор (СХЗ).
Всушност, многу луѓе кои имаат ФМС имаат и СХЗ, како и други заболувања. Депресијата и абнормалната вознемиреност се вообичаени кај оние кои страдаат од ФМС, и изгледа дека ФМС обично е причината за овие проблеми, не резултатот. ФМС може да се влоши од такви надворешни услови како што е преголемата или премала физичка активност, промена на времето, некоја бессона ноќ или додатен стрес.
Порано познат под поинакви имиња меѓу кои и фиброзит, ФМС не предизвикува деформитети или осакатувања ниту, пак, е опасен по живот. Иако не може со сигурност да се рече дека ФМС е наследен, во некои фамилии тој е пронајден кај повеќе од еден член. Од него заболуваат милиони луѓе и се јавува кај возрасните лица од сите возрасти, при што повеќе заболуваат жените отколку мажите.
Причината за ФМС
Изнесени се различни теории за причината на ФМС. Тоа би можел да биде вирус или нерамнотежа на невротрансмитерот серотонин, кој влијае врз спиењето, како и нерамнотежа на такви хемиски супстанции како ендорфините — природните борци на телото против болката. Во тек е истражувањето на овие, како и на други теории.
Под микроскоп, мускулите на лицата кои имаат ФМС изгледаат здрави, но оние делови од клетката кои произведуваат енергија можеби не функционираат нормално. Не се познати ниту причината ниту лекот. Во многу случаи лицето се потсетило на некој особено физички или емоционално трауматски настан кога нападнале симптомите, додека кај други нападот бил во поскриен облик.
Проблеми во дијагностицирањето на ФМС
Бидејќи повеќето симптоми можат да се јават и кај други заболувања, д-р Карла Окли од Канада вели: „ФМС обично не е првото нешто што се бара кога некој пациент ќе дојде со болка во зглобовите. Ако проблемите потраат после неколку посети, тогаш одиме подлабоко. Кога ќе дијагностицирам ФМС, обично го испраќам пациентот кај некој ревматолог за да ја потврди дијагнозата“.
Меѓутоа, сѐ до неодамна немаше некој критериум за дијагностицирање на ФМС, па затоа тој проблем беше субјективен, односно можеше да го види само пациентот, додека резултатите од тестовите беа нормални. Затоа, многу лекари не беа запознати со него. Една жена по име Рејчел се жали: „Цели 25 години одев кај различни лекари и потрошив илјадници долари пред да биде исправно дијагностициран мојот ФМС“.
Тогаш, каде можете да пронајдете помош ако мислите дека имате фибромиалгија? Во својата книга When Muscle Pain Won’t Go Away, Гејл Бакстром предлага да контактирате со локалниот оддел на фондацијата за артритис или кај ревматолог.
Лекување
Досега не е пронајден проверен лек против ФМС, па затоа лекувањето обично се сосредоточува на симптомите. Еден од главните аспекти е болката која, како и другите симптоми, се разликува од лице до лице и варира од ден на ден дури и кај истото лице.
Проблемот го зголемува тоа што по сѐ изгледа лековите против болки и некои видови лекување со текот на времето ја губат својата ефикасност. Гејл Бакстром предлага: „Обично ако подоцна повторно ги земате, уште еднаш ќе доживеете период на позитивни резултати“. Се разбира, најнапред треба да се консултирате со својот лекар. Исто така, тука е и опасноста од несакани последици или од зависност. Затоа, „треба да се избегнуваат јаки лекови против болка“, препорачува Американскиот колеџ за ревматологија.
Втор главен аспект е недостигот на неопходното спиење поради болка или други нарушувања. Мелани користи перница за телото против болката, како и шумот од климатизерот за да ја урамнотежи надворешната бука. Други помагала можат да бидат тампони за уши и душек од сунѓер или таканаречен ребрест душек.b Д-р Двејн Ејерс од Северна Каролина вели: „Штом ќе им помогнам да го подобрат спиењето, моите пациенти подобро реагираат и на другите терапии“.
Според Националниот институт за артритис и мускулоскелетни и кожни болести, „на пациентите од фибромиалгија може да им користи комбинација од вежбање, лекови, физикална терапија и релаксација. Други третмани би можеле да вклучуваат терапија со масажа, совладување на стресот и вежби за истегнување. Сепак, за некој кој доживува постојана болка или замор, вежбањето би можело да изгледа невозможно. Затоа некои препорачуваат да се започне сосема полека. И погрижете се да се консултирате со Вашиот лекар пред да започнете со некаква програма на вежбање.
Во изданието од јули 1997, билтенот Fibromyalgia Network ја цитира Шарон Кларк, физиолог за вежби и истражувач во Портланд (Орегон), која вели дека ако не можете да вежбате 20 или 30 минути, тогаш „можете шест пати на ден да шетате по 5 минути и тоа ќе има корисно дејство“. Умереното вежбање од типот на аеробик го зголемува производството на ендорфини, го подобрува спиењето и ги снабдува со кислород организмот и мускулите.
Сепак, луѓето се разликуваат и можат да бидат на различни степени од својот ФМС. Илејн ни кажува: „За мене е голем потфат да изодам еднаш надоле — нагоре по патеката, додека мојата добра пријателка која исто така има ФМС изодува по една милја“. Ова не е случај на изреката „без болка нема добивка“, туку јасно е дека е ситуација „не се предавај“. Тед, кој има и СХЗ и ФМС, вели: „На почетокот можев да го користам неподвижниот велосипед за вежбање само еднаш седмично по две или три минути. Сега вежбам подолго од 20 минути три или четири пати седмично. Но, ми требаа преку четири години за да го постигнам тоа“.
Беше разгледано прашањето за алтернативни пристапи, како што се акупунктурата, хиропрактиката и други видови третмани или, пак, употребата на билки или други додатоци во исхраната. Многумина тврдат дека им е подобро откако примениле нешто од тоа, додека други не. Истражувачите проучуваат некои од нив, но резултатите сѐ уште се неодредени.
Понекогаш лековите предизвикуваат чувство на глад, односно јадењето станува еден начин на справување со вознемиреноста. Меѓутоа, поголемата тежина повеќе ги оптоварува мускулите, а тоа, пак, создава поголема болка. Затоа, во некои случаи лекарот ќе препорача да се изгубат неколку килограми.
Дијагнозата на ФМС може да предизвика паника и лутина. Сепак, постојат начини за справување со ваквите нормални чувства без да биде повреден некој. Жалоста е уште една вообичаена реакција. Сосема е природно да жалиме ако изгубиме нешто што ни е толку скапоцено како што е здравјето.
Кога се одразува на Вашата работа
Оние со ФМС може да доживеат проблеми на работа. Ли со години ја работела својата работа, но таа ѝ станувала сѐ потешка поради здравјето. Откако разговарала со своите работодавци, добила работа со скратено време во истата компанија и тоа ѝ го намалило стресот. Исто така, на нејзино изненадување, добила покачување на платата за секој час работа.
Еден трудов или физикален терапевт може да Ви помогне да побарате начини да си ја извршите работата со помалку оптоварување на Вашето тело. Лиза открила дека ѝ помага употребата на столица со дршки за рацете. На Ивон ѝ препорачале не само да набави поинаква столица туку да набави и друго биро. Но, ако стане неопходно да се промени работата, постојат агенции кои можат да Ви помогнат.
Како можете да си помогнете
Секој член од семејството, дури и најмалите, може да научи нешто за ФМС и да сфати дека, иако оној што страда од ФМС изгледа здрав, тој има хронична болест која предизвикува болка и замор. Неопходна е и добра комуникација. Џени изјавува: „Одвреме навреме имаме семејни дискусии за да видиме како може да помогне секој од нас“. Еден голем придонес во успешното живеење со ФМС е заболениот да научи да ја штеди енергијата додека си ги извршува работите. За ова можеби ќе треба малку креативност, заедно со соработката на другите. И повторно, некој трудов терапевт може да биде од помош.
Вие можете да му помогнете на некој пријател кој има ФМС со тоа што ќе бидете „уво што слуша“ и не осудува. Трудете се да ги задржите дискусиите на позитивно ниво, не допуштајќи фибромиалгијата да доминира во целиот разговор. Што да се рече, а што да не се рече? За предлози, видете ја рамката на страница 29. Ако имате ФМС, настојувајте да имате повеќе од едно „уво што слуша“ за да не се истроши истото „уво“. И запомнете, нема секогаш сите да сакаат да слушаат за ФМС.
Прилагодување кон промените
Во некои случаи сме склони да се лутиме на промените, особено на присилните. Но, еден физикален терапевт кој им помогнал на стотина заболени од ФМС ни вели: „Се трудам да ги натерам да сфатат дека треба да се помират со својата ситуација. Исто така, треба да направат некои промени во животот и да не допуштат да се обесхрабрат од привремените назадувања или изливи на гнев. Преку самосовладување, спознание, разбирање и вежби, тие можат да го контролираат својот ФМС наместо да допуштат тој да ги контролира нив“.
Дејв, кој има ФМС, вели: „Иако ќе посакате да сработите повеќе во некој ден кога се чувствувате подобро, би било помудро да ја зачувате енергијата за следниот ден за да не го завршите остатокот од седмицата в кревет“. Сепак, понекогаш можеби сметате дека вреди да се страда подоцна само за да се отиде на некој настан или некоја посебна прилика. Не е секогаш мудро да се обидувате да го скриете својот ФМС, особено од оние кои навистина се грижат за Вас. Исто така, обидете се да задржите смисла за хумор. „Открив дека обично подобро спијам после едно добро смеење или откако ќе гледам некоја добра комедија“, коментира Андреј.
Исто така, запомни дека Јехова не го споредува степенот на твојата активност со онаа на другите, туку ја цени верата и длабоката љубов што ја покажуваш (Марко 12:41—44). Важно е да научиш да живееш според своите ограничувања, да не бидеш ниту презаштитнички настроен ниту непромислен. Сметај на Јехова Бог дека ќе ти даде мудрост и сила да го сториш најдоброто што можеш (2. Коринтјаните 4:16). И цврсто задржи го на ум ветувањето за едно време што ќе дојде наскоро кога оваа Земја ќе стане рај во кој „ниеден од жителите нема да каже: ‚болен сум‘“ (Исаија 33:24). Да, еден ден повторно ќе бидеш здрав!
[Фусноти]
a Некои имиња се променети.
b Разбудете се! не препорачува некое посебно средство како помош за заспивање ниту, пак, препорачува некое посебно лекување на ФМС.
[Рамка на страница 28]
Утеха од Библијата
• Јехова ги спасува оние кои се скршени во духот (Псалм 33:18).
• Јехова ќе те поткрепи (Псалм 40:3).
• Сите свои товари фрли ги на Јехова; тој се грижи за тебе (Псалм 54:22; 1. Петрово 5:7).
• На Јехова му се угодни твоите сесрдни напори да му служиш, колку и да е ограничена таа служба (Матеј 13:8; Галатјаните 6:4; Колосјаните 3:23, 24).
• Ние не се предаваме (2. Коринтјаните 4:16—18).
[Рамка на страница 29]
Што да речеш
• Баш фино што те гледам.
• Мора да ти бил потребен голем напор за да дојдеш.
• Дојдов за да помогнам. Се грижам за тебе.
• Го ценам она што можеш да го направиш.
Што да не речеш
• Сфаќам што преживуваш.
• Одлично изгледаш. Зарем е можно да си болен?
• Викни ме ако ти треба нешто.
[Графикон на страница 27]
(Види во публикацијата)
Црните точки се некои од осетливите места кои се бараат при дијагностицирањето на фибромиалгија
[Слика на страница 30]
Добрата комуникација и семејните дискусии се неопходни