Јазик кој може да се види!
КАКО го научивте својот мајчин јазик? Веројатно со тоа што сте го слушале семејството и пријателите како зборуваат кога сте биле дете. Повеќето луѓе го научиле јазикот преку слушање и го изразуваат преку зборување. Кога формулираат концепти и идеи, луѓето кои слушаат спонтано ги повторуваат изговорените зборови и изрази во својот ум пред да ги кажат. Меѓутоа, кога едно дете ќе се роди глуво, може ли умот да ги формулира мислите на некој друг начин? Постои ли некој јазик кој може да пренесува апстрактни и конкретни идеи од еден во друг ум без да се направи некаков звук?
Се гледа, но не се слуша
Едно од чудата на човековиот ум е потенцијалот за учење јазик и способноста да го усвоиме. Сепак, без да слушаме, учењето јазик обично станува функција на очите, а не на ушите. За среќа, желбата за комуницирање гори длабоко во човековата душа, овозможувајќи ни да надминеме секаква привидна препрека. Ваквата потреба ги навела Глувите да измислат многу знаковни јазици ширум светот. Кога доаѓале во меѓусебен контакт, сеедно дали се родени во семејства на Глуви или, пак, се запознале во специјализирани школи и во средината каде што живеат, резултатот бил создавање на еден комплициран јазик кој е наменет специјално за очите — знаковен јазик.a
За Карл, од Соединетите Држави, ваквиот јазик бил подарок од неговите Глуви родители.b Иако глув од раѓање, тој можел да разликува предмети, да поврзува знаци и да изразува апстрактни мисли на американскиот знаковен јазик (АЗЈ) уште на многу рана возраст. Повеќето Глуви бебиња на Глуви родители кои користат знаковен јазик почнуваат да ги прават првите знаци на возраст од 10 до 12 месеци. Во книгата A Journey Into the Deaf-World се објаснува дека „лингвистите сега признаваат дека способноста природно да се усвои еден јазик и да им се пренесе на децата е длабоко вкоренета во мозокот. Дали таа способност излегува на површината на знаковен или на говорен јазик воопшто не е битно“.
Света е родена во Русија, во семејство на трета генерација Глуви. Заедно со својот Глув брат, таа го совладала рускиот знаковен јазик. Кога на тригодишна возраст се запишала во претшколска установа за Глуви деца, нејзините вештини за природниот знаковен јазик биле добро развиени. Света признава: „Другите Глуви деца не знаеја знаковен јазик и учеа од мене“. Многу Глуви деца имаат родители кои Слушаат но не користат знаковен јазик. Знаковниот јазик честопати се пренесувал во училиште од постарите Глуви деца на помладите, овозможувајќи им лесно да комуницираат.
Денес сѐ повеќе и повеќе родители учат знаковен јазик заедно со своите деца. Како резултат на тоа, овие Глуви деца можат успешно да комуницираат уште пред да тргнат на училиште. Во Канада ова било случај со Ендрју, чии родители слушаат. Тие научиле знаковен јазик и го користеле додека тој бил уште мал, и со тоа му обезбедиле една основа за јазик врз која тој можел да гради во идните години. Сега целото семејство може меѓусебно да комуницира со знаковен јазик на која и да е тема.
Глувите луѓе можат да формулираат апстрактни и конкретни мисли без да размислуваат на некој говорен јазик. Исто како што секој од нас формулира мисли на сопствениот јазик, многу Глуви луѓе размислуваат на нивниот знаковен јазик.
Разновидност на јазици
Низ целиот свет здруженијата на Глуви си создале сопствен знаковен јазик или, пак, внеле некои карактеристики од други знаковни јазици. Дел од зборовите на АЗЈ денес е изведен од францускиот знаковен јазик од пред 180 години. Тој бил комбиниран со она што тогаш веќе нормално се користело во Соединетите Држави и станал она што сега е АЗЈ. Знаковните јазици се развиваат во текот на многу години и доживуваат подобрувања со секоја следна генерација.
Се разбира, знаковните јазици не ги следат социогеографските движења на говорните јазици. Во Порторико, на пример, се користи АЗЈ, иако се зборува шпански. Иако англискиот се зборува и во Англија и во Соединетите Држави, првата користи британски знаковен јазик кој многу се разликува од АЗЈ. Исто така, мексиканскиот знаковен јазик се разликува од многуте знаковни јазици во Латинска Америка.
Кога човек учи некој знаковен јазик, импресиониран е од префинетата сложеност и богатството на изразувањето. Повеќето теми, мисли или идеи можат да се изразат со знаковен јазик. За среќа, сѐ позасилен е трендот да се произведува литература за Глувите на видеокасети, при што се користи природен знаковен јазик за да се раскажуваат приказни, да се изрази поезија, да се изнесат историски извештаи и да се поучува библиската вистина. Во многу земји писменоста на знаковен јазик се зголемува.
Да се прочита она што никогаш не се чуло
Кога читаат, луѓето кои Слушаат обично алудираат на слушната меморија додека се потсетуваат на звуците од зборовите. Затоа, голем дел од она што го читаат можат да го разберат затоа што го чуле претходно. На повеќето јазици пишаните зборови не ги прикажуваат идеите што ги претставуваат ниту, пак, имаат некаква сличност со нив. Многу луѓе што Слушаат го учат овој произволен систем или пишан кодекс поврзувајќи го со звуците на говорниот јазик за да читаат со разбирање. Затоа, обидете се да си замислите дека никогаш во својот живот не сте чуле некој звук, збор или јазик! Може да биде тешко и фрустрирачки да научите некаков произволен пишан кодекс за некој јазик кој не може да се слушне. Не е за изненадување тоа што читањето таков јазик претставува голем предизвик за Глувите луѓе, особено за оние на кои не им останало ништо од слухот или кои никогаш не слушале!
Многу образовни центри за Глуви деца во светот откриле дека е корисно да се употребува знаковен јазик уште рано во развојот на јазикот на детето. (Видете ги рамките на страници 20 и 22.) Тие откриле дека ако го изложат малото Глуво дете на природен знаковен јазик и ако создадат лингвистичка основа, тоа ќе постави темел за поголеми академски и општествени достигнувања, како и за понатамошно усвојување пишан јазик.
Комисијата за образование на Глувите на Организацијата за образование, наука и култура при Обединетите нации изјави: „Повеќе не е прифатливо да се запоставува знаковниот јазик или да се избегнува да се преземе активна улога во неговиот развој во образовните програми за глувите“. Сепак, мора да се каже дека каков и да е изборот на образование што родителите ќе го направат за нивното Глуво дете, потполното учество на обата родитела во развојот на нивното дете е од пресудна важност. (Видете ја статијата „За да допрам до моето дете, научив друг јазик“ во Разбудете се! од 8 ноември 1996 [срп.].)
Да се сфати светот на Глувите
Кога Глувите деца ќе станат Глуви возрасни, честопати признаваат дека она што најмногу сакале да го добијат од нивните родители било комуникацијата. Кога умирала остарената мајка на Џек, еден Глув човек, тој се обидувал да комуницира со неа. Се мачела да му каже нешто но не можела да напише и не знаела знаковен јазик. Потоа паднала во кома и умрела. Џек бил прогонуван од тие последни фрустрирачки моменти. Ова искуство го поттикнало да ги посоветува родителите на Глувите деца: „Ако сакате течна комуникација и смисловна размена на идеи, чувства, мисли и љубов со Вашето глуво дете, изразете го тоа со знаци . . . За мене е предоцна. Дали е предоцна и за Вас?“
Со години многумина погрешно го сфаќале искуството на Глувите луѓе. Некои го застапувале гледиштето дека глувите не знаат речиси ништо затоа што ништо не слушаат. Родителите се поставиле премногу заштитнички кон своите Глуви деца или, пак, се плашеле да ги пуштат во надворешниот свет. Во некои култури Глувите луѓе погрешно се нарекувани „неми“ иако Глувите обично немаат оштетување на гласот. Тие едноставно не можат да слушаат. Други сметаат дека знаковниот јазик е примитивен или инфериорен во однос на говорниот јазик. Не е ни чудо што поради таквата неупатеност некои Глуви луѓе се чувствувале потиштени и погрешно сфатени.
Како мало дете кое растело во Соединетите Држави во 1930-тите, Џозеф бил запишан во едно специјално училиште за Глуви деца во кое било забрането да се употребува знаковен јазик. Тој и неговите соученици честопати биле казнувани што користеле знаци, па дури и тогаш кога не можеле да го разберат говорот на нивните наставници. Колку само копнееле да разберат и да бидат разбрани! Во оние земји во кои образованието на Глуви деца е ограничено, некои израснуваат со многу ниско образование. На пример, еден дописник на Разбудете се! во Западна Африка рекол: „Животот за повеќето Глуви во Африка е тежок и мизерен. Од сите кои се онеспособени, Глувите можеби се најзапоставени и најнесфатени“.
Сите имаме потреба да бидеме сфатени. За жал, кога некои ќе видат Глуво лице, тие гледаат на него само како на некој кој нешто „не може“. Согледаните неспособности можат да ги замаглат вистинските способности на некое Глуво лице. Спротивно на тоа, многу Глуви луѓе се сметаат себеси за луѓе кои нешто „можат“. Тие можат течно да комуницираат меѓу себе, да стекнат самопочитување и да постигнат нешто академски, социјално и духовно. За жал, лошото постапување спрема Глувите луѓе навело некои од нив да немаат доверба во луѓето кои Слушаат. Меѓутоа, кога оние што Слушаат ќе покажат искрен интерес да ја разберат културата на Глувите и нивниот природен знаковен јазик и ќе увидат дека Глувите се луѓе кои нешто „можат“, тогаш тоа е корисно за сите.
Ако сакате да научите знаковен јазик, запомнете дека јазиците покажуваат како размислуваме и како ги разработуваме идеите. За да се научи добро еден знаковен јазик, потребно е да се размислува на тој јазик. Ете зошто само учењето знакови од речник за знаковен јазик не би било од помош во вистинското совладување на тој јазик. Зошто да не учиме од оние кои користат знаковен јазик во секојдневниот живот — од Глувите луѓе? Усвојувањето втор јазик од оние кои природно го користат ќе Ви помогне да размислувате и да ги разработувате идеите на еден поинаков, но сепак природен начин.
Низ целиот свет, Глувите луѓе ги прошируваат своите хоризонти употребувајќи еден богат знаковен јазик. Дојдете и сами видете го нивниот јазик од знаци.
[Фусноти]
a Во овие статии ќе користиме голема буква „Г“ во „Глув“ кога се осврнуваме на културата или на животното искуство на лицето, а ќе користиме мала буква „г“ во „глув“ кога зборуваме за лицата со изгубен слух. Од истата причина користиме голема буква „С“ кога се осврнуваме на културата на луѓето кои слушаат.
b Се проценува дека само во Соединетите Држави има еден милион глуви кои поседуваат „единствен јазик и култура“. Тие обично се родиле глуви. Освен тоа, се проценува дека има 20 милиони луѓе со оштетен слух, но кои комуницираат првенствено на нивниот мајчин говорен јазик (A Journey Into the Deaf-World од Харлан Лејн, Роберт Хофмајстер и Бен Бахан).
[Рамка на страница 20]
„Њујорк да ги научи Глувите прво знаковен јазик, а потоа англиски“
Тој поднаслов се појавил во The New York Times од 5 март 1998. Фелиша Р. Ли напишала: „Во она што е поздравено како значајна промена во образованието на глувите ученици, единственото градско јавно училиште за глуви одново ќе се преиспита со цел сите наставници првенствено да поучуваат на знаковен јазик кој се темели на симболи и гестови“. Таа објаснува дека многу педагози „велат дека истражувањето покажува дека првенствениот јазик на глувите е визуелен а не вербален и дека училиштата кои ја користат нивната претпочитана метода, наречена американски знаковен јазик, им даваат на учениците подобро образование отколку другите школи.
Тие велат дека со учениците кои се глуви треба да се постапува како со двојазични ученици, а не како со неспособни“.
Професор Харлан Лејн од универзитетот Нортистерн во Бостон, рекол: „Мислам дека [школството во Њујорк] предводи во едно движење“. За Разбудете се! рекол дека конечната цел е англискиот да се поучува како втор јазик кој се чита.
[Рамка/слики на страница 21]
Тоа е јазик!
Некои луѓе што Слушаат погрешно донеле заклучок дека знаковниот јазик е еден сложен облик на пантомима. Тој бил опишан дури и како сликовен јазик. Иако во знаковниот јазик ефективно се користат лицето, телото, рацете и околниот простор, повеќето знаци имаат сосема мала или никаква сличност со мислите што ги пренесуваат. На пример, во американскиот знаковен јазик (АЗЈ), знакот кој ја пренесува мислата за „прави“ ги користи двете раце стегнати во тупаница со кружно движење на едната тупаница врз другата. Иако е вообичаен, овој знак не му го опишува јасно своето значење на оној кој не знае знаковен јазик. Во рускиот знаковен јазик (РЗЈ), знакот кој ја означува мислата за „потреба“ се пренесува со користење на двете раце, при што секој палец го допира третиот прст и се движи во паралелно кружно движење. (Видете ги фотографиите на оваа страница.) Бидејќи постојат многу апстрактни концепти, не е можно да има сликовна сличност. Исклучок од ова би биле знаците за конкретни предмети кои можат да бидат описни, како што се знаците кои означуваат „куќа“ или „бебе“. (Видете ги фотографиите на оваа страница.)
Друг критериум за еден јазик би била употребата на структуиран речник кој е прифатен од околината. Знаковните јазици имаат таква граматичка структура. На пример, во една реченица на АЗЈ обично најнапред се наведува темата, а после неа следи коментар. Исто така, временскиот редослед на работите е една основна карактеристика на многу знаковни јазици.
И многу изрази на лицето имаат граматичка улога да помогнат да се направи разлика помеѓу некое прашање и наредба, условна реченица или едноставна изјава. Визуелната природа на знаковниот јазик му допуштила да ги развие овие и многу други единствени карактеристики.
[Слики]
„прави“ на АЗЈ
„треба“ на РЗЈ
„куќа“ на АЗЈ
„бебе“ на АЗЈ
[Рамка на страница 22]
Вистински јазици
„Спротивно на популарните погрешни сфаќања, знаковните јазици не се пантомими и гестови смислени од педагозите ниту, пак се симболи на говорниот јазик на луѓето од околната средина. Нив ги има секаде каде што живеат Глуви луѓе и секој е посебен, целосен јазик кој го користи истиот граматички механизам кој е застапен во говорните јазици ширум светот.“
Во Никарагва „училиштата се сосредоточија на обучување на [Глувите] деца да читаат од усните и од говорот и, како и во другите случаи кога е испробано тоа, резултатите биле слаби. Но, тоа не било важно. На игралиштата и во училишните автобуси децата измислувале сопствен знаковен систем . . . После кратко време, тој систем преминал во она што сега е наречено Lenguaje de Signos Nicaragüense. Една помлада генерација глуви деца сега разви еден потечен јазик кој е наречен Idioma de Signos Nicaragüense (The Language Instinct од Стивен Пинкер).
[Слики на страница 23]
На АЗЈ, ова е еден начин со знаци да се каже: „Откако отиде во продавницата, тој замина на работа“
1 продавница
2 тој
3 оди
4 завршува
5 оди
6 работи