Дали трансфузиите на крв се навистина неопходни?
МИНАТИОТ ноември горното прашање беше поставено во една новинска статија што ја напиша д-р Сирил Годек, претседавач по урологија на Long Island College Hospital, во Бруклин (Њујорк). Тој напиша: „Денес крвта веројатно не би била одобрена како лек, бидејќи не би ги исполнила критериумите за безбедност на Администрацијата за храна и лекови. Крвта е телесен орган, а трансфузијата на крв не е ништо друго освен трансплантација на орган“.
Д-р Годек забележал: „Трансплантацијата на орган е последниот терапевтски избор што им се нуди на пациентите. Поради веројатноста од сериозни нуспојави, пациентите се целосно информирани за сите можни алтернативи пред да се изврши трансплантацијата“. Во врска со трансфузијата на крв, тој заклучил: „Користа е толку неизвесна што многу хирурзи прифатиле филозофија на ‚избегнување на трансфузија‘ не само од медицински туку и од правни причини“.
Еден поголем проблем со трансфузијата на крв е тоа што илјадници луѓе се инфицираат со смртоносни болести, вклучувајќи ја и СИДА-та. Иако методите на испитување на крвта се подобрени на многу места, д-р Годек истакнал: „Се појавува потенцијална опасност од крвта што ја даруваат лица кои се инфицирани, но сѐ уште не создале антитела кои би можеле да се откријат преку тестовите за проверка“.
Во заклучокот на статијата, д-р Годек се осврна на прашањето покренато погоре: „Бидејќи лекарите и хирурзите стекнаа подобро разбирање за физиологијата на ослободувањето кислород и признаваат дека нивото на хемоглобинот не мора да биде толку високо како што се мислеше порано, речиси секогаш е можно да се најдат алтернативи за трансфузијата. Пред една година, побараните операции на трансплантација на срце и црн дроб беа придружени со толку голем губиток на крв што се сметаше дека секогаш бараат огромни количества крв за замена. Сега, двете процедури се извршуваат без примена на трансфузија.
Сосема е возможно во блиска иднина трансфузијата да биде целосно отстранета . . . Трансфузијата не е само скапа и опасна; таа едноставно не го дава највисокиот квалитет на нега што го заслужуваат пациентите“.