Вашиот избор на лекување
ВО СВОЈАТА книга за алтернативна медицина, д-р Изадор Розенфелд го истакнала следново: „Секоја здравствена мерка или интервенција која ќе се примени на некоја случајно избрана група луѓе кои се уверени дека ќе ‚дејствува‘, може да води до подобрување во 50 отсто од случаите“.
Ова се нарекува плацебо ефект, што значи дека дури и една шеќерна таблета може да биде ефикасна ако лицето верува во тоа. Плацебо ефектот може да ги ублажи субјективните симптоми, вклучувајќи болка, гадење, замор, вртоглавица, вознемиреност и депресија. Што ни открива ова?
Како прво, покажува дека довербата во кој и да е начин на лекување на кој се подложува некое лице во многу случаи е важен фактор во оздравувањето. Во исто време, може да биде мудро да се провери дали некој вид лекување го напаѓа и коренот на проблемот, а не само симптомите. Ова може да се направи со одредување на ефектите од тоа лекување со објективни средства, како што се лабораториски тестови и рендгенски зраци.
Сепак, може да се направи и нешто повеќе кога се избира некој начин на лекување.
Важни чекори кои треба да се преземат
Мудро е добро да се истражи пред да се донесе одлука. Поставувајте прашања. Какви резултати можат да се очекуваат? Кои се предностите, недостатоците, трошоците што се предвидуваат и времетраењето на лекувањето? Разговарајте со луѓето кои го примениле или се подложиле на лекувањето за кое станува збор. Прашајте ги дали им помогнало. Но, не заборавајте дека само личното искуство може да наведе на погрешен заклучок.
Некоја неконвенционална терапија можеби нема да биде препорачлива ако заради неа се одбие лекување чиј успех е докажан, иако успехот на таа конвенционална терапија е ограничен. Доказите за штетата која може да настане биле истакнати во еден извештај од The New England Journal of Medicine. Ова списание го опишало напредувањето на ракот кај двајца млади пациенти кои одбиле конвенционална терапија бидејќи користеле алтернативни лекови. Едниот од нив умрел.
Луѓето со хронични или смртоносни болести ќе постапат мудро ако бидат свесни за фактот дека можат да станат лесна мета на шарлатаните кои шират измамнички терапии. Бидете претпазливи со производите кои ветуваат дека можат да излечат различни болести. Во еден неодамнешен пример стануваше збор за еден нов витамин за кој се велеше дека „помогнал да се елиминираат секакви проблеми, почнувајќи од проблеми со дишењето и истоштеност па сѐ до смртоносни болести“. Една анализа на овој „витамин“ покажа дека не е ништо друго туку солена вода.
Без сомнение, некои видови алтернативни терапии можат да бидат корисни во подобрувањето на здравјето. Меѓутоа, бидете реалистични во своите очекувања. Мудро е да се сконцентрирате на здрава исхрана, доволно да спиете, доволно да вежбате и да бидете претпазливи кога избирате начин на лекување.
Потрагата е остварена
Очигледно, ниедна човечка терапија не може да им стави крај на сите болести и, на крајот, да ѝ стави крај на смртта. Ова е така затоа што тие се наследени од нашиот прататко, од првиот човек, Адам (Јов 14:4; Псалм 51:5; Римјаните 5:12). Многу медицински третмани — какви и да се — можеби ќе бидат корисни, но сепак тие се само привремени мерки кои можат само едно ограничено време да го продолжат животот и да го направат попријатен. Меѓутоа, има еден сигурен лек за проблемот со слабото здравје и милиони луѓе веќе го откриле.
Овој лек го дава нашиот Творец, Јехова Бог, Големиот Лекар. Практикувајќи вера во него и користејќи ја гревоискупувачката вредност на откупната жртва на неговиот Син, Исус Христос, ќе можете да имате совршено здравје и вечен живот во еден свет во кој ќе нема болести! (Матеј 20:28). Библијата ветува дека во тој нов свет, „ниеден жител нема да рече: ‚Болен сум‘“ (Исаија 33:24).
[Истакната мисла на страница 12]
Милиони ја пронашле единствената сигурна надеж за совршено здравје