Само еден пат до Бог?
За некои луѓе е навреда ако им речеш дека има само една вистинска религија. Бидејќи во светот има толку многу религии, тие сметаат дека секој што тврди дека само неговата религија е вистинска, има ограничени сфаќања и е вообразен. Според нив, во секоја религија, или барем во повеќето, има по нешто добро. Дали и ти мислиш така?
СЕ РАЗБИРА, има ситуации во кои е мудро да се признае дека за една иста работа се прифатливи повеќе мислења и ставови. На пример, некој можеби смета дека одреден режим на исхрана ќе му го подобри здравјето. Сепак, дали тоа му дава за право да им го наметне својот став и на другите тврдејќи дека само така ќе бидат здрави? Се разбира, не. Би било мудро и скромно да признае дека начинот на исхрана што го избрал некој друг е исто толку добар, ако не и подобар — барем што се однесува до тоа лице.
Дали истово важи и за религијата? Постојат ли неколку прифатливи религии од кои човек може да си избере една во зависност од своите сфаќања и воспитание, или, пак, има само една религиозна вистина која важи за сите луѓе? Да разгледаме што вели Библијата за ова прашање. Како прво, да видиме дали воопшто е можно да се најде вистината бидејќи, ако тоа не е можно, тогаш нема никаква смисла да се бара ни една вистинска религија.
Религиозна вистина — можеме ли да ја најдеме?
Кратко пред да биде убиен, Исус Христос му го кажал следново на својот иследник, римскиот управител Понтиј Пилат: „Секој што е на страната на вистината, го слуша мојот глас“. А Пилат, најверојатно со циничен тон, прашал: „Што е вистина?“ (Јован 18:37, 38). За разлика од него, Исус зборувал за вистината смело и отворено. Тој воопшто не се сомневал дека таа постои. Да ги земеме за пример следниве четири изјави што ги дал во различни прилики.
„Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината“ (Јован 18:37).
„Јас сум патот и вистината и животот“ (Јован 14:6).
„Бог е Дух, и оние што го почитуваат мора да му оддаваат почит со дух и со вистина“ (Јован 4:23, 24).
„Ако останете во моите зборови, навистина сте мои ученици, и ќе ја запознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:31, 32).
Ако Исус бил толку уверен дека постои вистина и дека можеме да ја дознаеме, зарем не треба барем да размислиме за можноста дека религиозна вистина постои и дека може да се најде?
Дали постои апсолутна вистина?
Веројатно ќе се согласиш дека во некои работи можеме да бидеме апсолутно сигурни. Можеш да бидеш сигурен дека ти навистина постоиш и дека сѐ околу тебе е реално. Целиот материјален свет — дрвјата, планините, облаците, сонцето и месечината — не е само плод на твојата фантазија. Се разбира, има и такви кои филозофираат дека дури и во тоа не можеме да бидеме баш сигурни. Но, најверојатно, ти немаш такво екстремно гледиште.
Можеш да бидеш апсолутно сигурен и во природните закони. На пример, ако скокнеш од висока карпа, ќе паднеш долу; ако не јадеш, ќе огладниш; а ако гладуваш подолго време, ќе умреш. Ни на крај памет не ти паѓа дека овие закони важат за некои луѓе, а за други не. Јасно е дека важат за сите.
Библијата индиректно укажува на еден таков закон, кога вели: „Може ли некој да стави оган во пазувите, а да не му се запали облеката?“ Кога биле напишани овие зборови, никој не се сомневал дека некоја облека ќе изгори ако ја зафати оган. Меѓутоа, со оваа споредба, во Библијата е нагласена една уште поважна мисла — дека „оној што ќе легне со жената на својот ближен“ ќе претрпи лоши последици (Изреки 6:27, 29).
Можеме ли да бидеме сигурни дека оваа изјава е апсолутна вистина? Некои велат дека не можеме. Тие тврдат дека, во зависност од воспитанието, верувањата и околностите, секој сам си одредува што е исправно, и што не исправно во морален поглед. Но, да разгледаме неколку морални закони од Библијата. Зарем тие не важат за сите луѓе?
Библијата ја осудува прељубата (1. Коринќаните 6:9, 10). Некои не го прифаќаат ова библиско начело како вистина и вршат прељуба. Сепак, подоцна следат тешки последици — нечиста совест, развод и длабоки емоционални рани за сите што биле повредени со нивната постапка.
Бог го осудува и пијанството (Изреки 23:20; Ефешаните 5:18). Што се случува кога некој ќе стане пијаница? Најчесто, ги губи работата, здравјето и семејството, кое исто така страда емоционално (Изреки 23:29-35). Истите последици ги сносат дури и оние што сметаат дека не е погрешно да се претера со пиењето. Сите луѓе подлежат на моралните закони, сеедно какви се нивните верувања и сфаќања.
Освен забрани, Библијата содржи и заповеди кои нѐ поттикнуваат да го правиме она што е исправно. Меѓу другото, таа советува да им правиме добро на другите, мажот да ја сака својата жена, а жената да го почитува својот маж (Матеј 7:12; Ефешаните 5:33). Ако ги слушаме овие заповеди, тоа ќе биде за наше добро. Зарем мислиш дека овие совети се корисни за некои, а за други не?
Луѓето си сносат последици, сеедно дали ги држат или ги отфрлаат библиските морални закони. Ова јасно потврдува дека на ваквите закони не може да се гледа само како на различни гледишта — тие се сушта вистина. Искуството покажува дека послушноста кон овие закони дава позитивни резултати, а непослушноста води до негативни последици.
Размисли: ако библиските морални закони важат за сите луѓе, дали истото не би можело да се каже и за мерилата од Божјата реч во врска со обожавањето на Бог? Можеме ли да веруваме во она што го вели таа за состојбата на мртвите и за надежта за вечен живот? Логично би било да заклучиме дека овие библиски учења се исто така вистини што важат за сите луѓе. Сеедно дали веруваме во нив или не, сите ние имаме корист ако ги слушаме или, пак, сносиме лоши последици ако не ги слушаме.
Вистината може да се најде. Исус рекол дека Божјата реч, Библијата, е вистина (Јован 17:17). Но, можеби ти се чини дека вистината сепак е недостижна. Зошто? Затоа што има најразлични религии кои тврдат дека ги темелат своите учења на Библијата. Која религија ги поучува луѓето за вистината од Божјата реч? Дали само една религија го прави тоа? Зарем вистината, или барем делови од неа, не можат да се најдат во повеќе религии?
[Истакната мисла на страница 4]
Како последиците од играњето со оган покажуваат колку е важно да се држат Божјите закони?