Загрозените видови под закрила на Пиринеите
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ШПАНИЈА
ОПАСНОСТА од истребување им се заканува на сѐ поголем број растенија и животни низ целиот свет. Според проценките на некои научници, илјадници од нив исчезнуваат секоја година. За среќа, планинските венци се последното прибежиште за некои растенија и животни кои порано изобилуваа, и тоа на многу поголеми простори. Сепак, дури и на овие места, тие се изложени на опасноста од загадување и на други разорни влијанија на луѓето врз околината. Најдобар пример за ова е можеби Европа, еден од најгусто населените континенти во светот.
На Пиринеите — планински венец на границата помеѓу Франција и Шпанија — има неколку национални паркови кои се вистинско прибежиште за тамошниот растителен и животински свет. Ова последно упориште на многу загрозени видови е отворено и за посетители. Да разгледаме накратко што имаат да понудат овие национални паркови.
Загрозени видови
Цвеќиња. Некои од најубавите полски цвеќиња растат на надморска височина од над 1.500 метри. Повисоките падини на кои не растат дрвја се послани со ќилим од бели и сини линцури (1). Нешто подолу на овие падини, буковите шуми се прошарани со орхидеи од загрозениот вид Cypripedium calceolus (2) кои сѐ уште некако опстојуваат. Бидејќи секоја година овие места ги посетуваат стотици љубители на природата, ангажирани се шумари чија задача е по 14 часа дневно да внимаваат овие скапоцени цвеќиња да не бидат уништени или искорнати.
Пеперутки. Недопрените алпски ливади начичкани со полски цветови се прибежиште за многуте разнобојни пеперутки. Меѓу чичките летаат големите Аполонови пеперутки (3) чии крилца се украсени со прекрасни светлоцрвени точки. Малите цветови постојано ги посетуваат пеперутките од потфамилијата Lycaeninae (4). Видовите Vanessa cardui и Aglais urticae крстосуваат низ повисоките падини.
Животни. На времето, поголемите европски цицачи биле многубројни и живееле на пошироко подрачје. Меѓутоа, некои од нив се доведени до работ на истребување. Волците, мечките, рисовите (5), бизоните, дивокозите и планинските козорози (6) сега можат да се најдат само на неколку планински венци и во далечните северни краишта. Прекрасните животни во Пиринејските резервати се јасен доказ колку разновидни облици на живот некогаш имало во голем број на овие планини. Некои од посетителите се прашуваат дали овие животни ќе бидат истребени потполно.
Можеме да бидеме сигурни дека на Творецот, Јехова, кому „му припаѓаат планинските врвови“, не му е сеедно кога гледа што се случува со планинскиот дивеч (Псалм 95:4). Во еден од псалмите, Бог вели: „Мои се сите шумски животни, ѕверките во илјадниците планини. Го познавам секое крилесто суштество на планините“ (Псалм 50:10, 11). Тоа што Јехова е заинтересиран за Земјата и за живите суштества на неа нѐ уверува дека нема да дозволи планинските животни да бидат истребени.
[Слики на страници 16 и 17]
сини линцури (1)
Cypripedium calceolus (2)
Аполонови пеперутки (3)
Lycaeninae (4)
рисови (5)
планински козорози (6)
[Извор на слика]
La Cuniacha