Макадамија ореви — австралиски деликатес
БОТАНИЧАРОТ Валтер Хил уплашено чекал да види што ќе се случи со неговиот млад помошник. Момчето само што изело неколку јаткасти плодови од едно новооткриено дрво во суптропските прашуми на југоисточен Квинсленд (Австралија). Хил имал слушнато дека плодовите се отровни. Но, момчето ниту се разболело ниту умрело. Напротив, уживало во нивниот вкус. Така, Хил се осмелил и самиот да ги проба и се уверил дека навистина се вкусни. По кратко време, почнал да им испраќа садници од макадамија на своите пријатели и ботаничари низ целиот свет.a
Денес, по околу 150 години, макадамија оревите се познати низ целиот свет, и тоа со право. Списанието Chronica Horticulturae објаснува: „Макадимија оревите се сметаат за едни од највкусните јаткасти плодови поради нивниот уникатен и пријатен вкус, крцкавоста и прекрасната кремаста боја“. Не е ни чудо што овие ореви се најуспешната домашна земјоделска култура во Австралија!
„Тврд орев“
Зимзелените макадамија ореви виреат долж суптропскиот источен брег на Австралија. Од вкупно деветте видови, се јадат само два. Тие имаат влакнеста надворешна лушпа, жолтокафеава тврда лушпа и јатка со кремаста боја.
Меѓутоа, овие ореви тешко се кршат.b Абориџините ги кршеле со камења. Џон Валдрон, кој прв почнал да ги одгледува, ги кршел со чекан и наковална. Со овие едноставни алатки тој искршил околу осум милиони ореви во период од 50 години. Можно ли е да се чистат машински? Првите обиди да се направи таква машина се покажале неуспешни бидејќи ја оштетувале јатката. Но, со текот на времето, биле направени поефикасни машини.
Друг проблем бил размножувањето. Од семе од добри дрвја честопати растеле дрвца со лош квалитет. Не успеал ни обидот да се калемат. Ваквите тешкотии придонеле комерцијалното одгледување на макадамија ореви да замре — сѐ додека Хавајците не нашле решение. Тие дошле до значајни откритија и, за кратко време, произведувале 90 отсто од сите макадамија ореви во светот. Не е ни чудо што овие плодови станале познати како хавајски ореви.
Потоа, во 1960-тите, австралиските одгледувачи „посериозно се зафатиле со одгледувањето на макадамија оревите“, применувајќи го она што го научиле на Хаваите. Оттогаш, локалната индустрија напредувала до тој степен што денес 50 отсто од сите макадамија ореви во светот доаѓаат од Австралија. Вакви ореви се одгледуваат и во Азија, Африка и Средна Америка.
Посета на една австралиска плантажа
Екипа на Разбудете се! го посети Ендру, кој има плантажа за макадамија ореви во близина на градот Лисмор (Нов Јужен Велс). Тој ни објасни: „На секои 2-3 реда садиме различни сорти макадамија за да го потпомогнеме процесот на вкрстено опрашување“. Дознавме дека во Австралија се засадени повеќе милиони макадамија дрвја, а околу 80 отсто од нив се родни сорти што со вкрстување ги добиле хавајските одгледувачи. Меѓутоа, австралиските одгледувачи сега користат генетски материјал од диви макадамија ореви за да добијат подобри домашни сорти.
Ако погледнеш во густите крошни на дрвјата, ќе видиш стотици топчести оревчиња што ѕиркаат меѓу густото лисје. Плодот зрее шест месеци, а потоа паѓа на земја. Забележавме дека некои од паднатите ореви имаа дупки. „Стаорците можат да ја прегризаат лушпата за осум секунди“, рече Ендру. „Овие ореви им се омилени и на дивите свињи.“ Додека одевме низ редот, Ендру застана за да извади едно оревче забиено до половина во земјата. „Еве, сега заштедивме три центи“, вели тој на шега. За да ги соберат зрелите плодови, многу одгледувачи користат посебна машина што се состои од барабан и кратки пластични прсти кои ги собираат од земја паднатите плодови. Потоа, им се вади надворешната лушпа и се сортираат, по што се испраќаат во фабрика каде што се крши тврдата лушпа, се класифицираат и се испорачуваат до потрошувачите.
Вкусни и здрави!
При крајот на нашата обиколка, си каснавме по една рака ореви, слатко оближувајќи се. Но, дали макадамија оревите се здрави? Количината на масти во оревот (главно мононезаситени масти, или добри масти) „обично е поголема од 72 отсто — повеќе од кој и да е друг маслодаен јаткаст плод“, стои во една брошурка за макадамија оревите издадена од владата. Неодамнешните истражувања покажаа дека, ако се јадат умерено, макадамија оревите можат да го намалат нивото на штетен холестерол и на триглицериди и да го снижат високиот крвен притисок.
Многумина уживаат во чоколадните бонбони, колачите или сладоледите со макадамија ореви. Други повеќе ги сакаат печени, солени или само излупени. Каков и да е изборот, овие ореви просто мирисаат... на уште!
[Фусноти]
a Со години пред овој настан, истражувачите Канингам (1828) и Лајхарт (1843) зеле со себе макадамија ореви, но нивните примероци завршиле во складиште и за нив не бил објавен никаков извештај. Во 1857 год., еден колега на Хил од Мелбурн, по име Фердинанд фон Мелер, му го дал на овој род името Macadamia по својот добар пријател д-р Џон Макадам.
b Скршените лушпи од макадамија оревите се толку тврди што се користат како абразив.
[Рамка на страница 23]
ЕНЕРГИЈА ДОБИЕНА ОД ЛУШПИ
Тврдите лушпи од макадамија оревите ослободуваат речиси исто количество топлина како и лигнитот. Затоа, една електрана во Австралија ги користи овие лушпи за производство на електрична енергија за фабриката каде што се преработуваат оревите, но и за широка потрошувачка. Ова е прва електрана во Австралија што работи на отпад, а по сѐ изгледа дека нејзиното производство значително ќе се зголеми бидејќи сѐ повеќе одгледувачи ја снабдуваат со гориво.
[Слика на страница 23]
Секоја година, одгледувачите во Австралија садат илјадници нови дрвца
[Извор на слика на страница 23]
Сите фотографии на 22. и 23. страница: Australian Macadamia Society