ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • es17 стр. 118-128
  • Декември

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Декември
  • Секојдневно истражување на Писмото — 2017
  • Поднаслови
  • Петок, 1 декември
  • Сабота, 2 декември
  • Недела, 3 декември
  • Понеделник, 4 декември
  • Вторник, 5 декември
  • Среда, 6 декември
  • Четврток, 7 декември
  • Петок, 8 декември
  • Сабота, 9 декември
  • Недела, 10 декември
  • Понеделник, 11 декември
  • Вторник, 12 декември
  • Среда, 13 декември
  • Четврток, 14 декември
  • Петок, 15 декември
  • Сабота, 16 декември
  • Недела, 17 декември
  • Понеделник, 18 декември
  • Вторник, 19 декември
  • Среда, 20 декември
  • Четврток, 21 декември
  • Петок, 22 декември
  • Сабота, 23 декември
  • Недела, 24 декември
  • Понеделник, 25 декември
  • Вторник, 26 декември
  • Среда, 27 декември
  • Четврток, 28 декември
  • Петок, 29 декември
  • Сабота, 30 декември
  • Недела, 31 декември
Секојдневно истражување на Писмото — 2017
es17 стр. 118-128

Декември

Петок, 1 декември

Јехова е близок со оние што се бојат од него (Пс. 25:14)

Во Библијата, Авраам трипати е наречен Божји пријател (2. Лет. 20:7, фус.; Иса. 41:8; Јак. 2:23). Бидејќи овој израз се користи само за него, дали треба да заклучиме дека тој бил единствениот човек кој станал Божји пријател? Не. Божјата Реч јасно покажува дека секој од нас може да изгради пријателство со Јехова. Во Библијата има многу извештаи за верни мажи и жени, кои имале страхопочит кон Бог, покажале вера во него и му станале блиски пријатели. Тие се дел од ‚големиот облак од сведоци‘ кој го спомнал апостол Павле (Евр. 12:1). Иако биле различни, сите имале извонредна чест да бидат Божји пријатели. Да продолжиме и понатаму да го следиме извонредниот пример на вера што ни го оставиле тие Божји слуги (Евр. 6:11, 12). Ако го правиме тоа, сигурно ќе добиеме голема награда — ќе бидеме Јеховини блиски пријатели засекогаш! (w16.02 2:1-2, 19).

Сабота, 2 декември

Не слегов од небото да ја вршам својата волја, туку волјата на оној што ме испрати (Јован 6:38)

Замисли дека некој твој пријател ти подари кола. Тој ја префрла на твое име, и ти вели: „Клучевите ќе останат кај мене. Јас ќе ја возам, а не ти“. Како ќе се чувствуваш? Кога некој ќе му се заветува на Јехова, всушност, му вели: „Ти го давам својот живот. Јас ти припаѓам тебе“. Бог со право очекува од него да си стои на зборот. Но, што ако тоа лице почне да води двоен живот така што, на пример, започне тајна врска со некој што не е Божји слуга? Или, што ако прифати работа поради која често ќе ги пропушта состаноците или ќе нема многу време за служба? Тоа ќе биде исто како да ги задржал клучевите од колата кај себе. Кога му се заветуваме на Јехова, на некој начин му велиме: „Мојот живот ти припаѓа тебе, а не мене. Кога ќе треба да одлучам дали да го правам она што го сакаш ти или она што го сакам јас, твојата волја секогаш ќе биде пред моите желби“. Така ќе покажеме дека размислуваме како Исус, кој ги кажал зборовите од денешниот стих (w16.03 1:16-17).

Недела, 3 декември

Нема да те оставам (2. Цар. 2:2)

Пред речиси 3.000 години, пророкот Илија го повикал младиот Елисеј да му биде помошник. Елисеј веднаш ја прифатил поканата и верно му служел на остарениот Илија извршувајќи задачи кои навидум биле безначајни (2. Цар. 3:11). Оваа обука траела околу шест години. Потоа, кога требало да ја заврши својата служба во Израел, Илија му кажал на Елисеј дека не мора повеќе да оди со него. Но, Елисеј бил решен да остане со својот учител колку што е можно повеќе. Ако си млад брат, како можеш да го следиш примерот на Елисеј? Спремно прифаќај ги сите задачи што ќе ти бидат доверени, дури и оние што некои можеби ги сметаат за неважни. Не заборавај дека твојот учител пред сѐ е твој пријател. Кажи му дека го цениш сето она што го прави за тебе. Но, најважно од сѐ, верно извршувај ја секоја своја задача. Зошто? Затоа што, дури откако ќе покажеш дека си лојален и доверлив, старешините ќе бидат сигурни дека Јехова сака да добиеш додатни одговорности во собранието (Пс. 101:6; 2. Тим. 2:2; w15 15/4 2:13-14).

Понеделник, 4 декември

Својата заклетва не ја менува, дури и ако тоа е на негова штета (Пс. 15:4)

Саул сакал неговиот син да биде цар наместо Давид (1. Сам. 20:31). Но, Јонатан го сакал Јехова и му бил лојален нему. Затоа, наместо да си гледа само за себе, тој му станал пријател на Давид и го одржал ветувањето, односно заклетвата што му ја дал. Слично на Јонатан, и ние треба секогаш да се трудиме да си стоиме на зборот. На пример, ако склучиме некој деловен договор, нашата лојалност кон Бог и нашата решеност да се држиме за библиските мерила ќе ни помогнат да го исполниме она што сме го ветиле дури и ако тоа стане тешко. А доколку имаме проблеми во бракот, ќе покажеме љубов кон Јехова така што ќе му останеме лојални на нашиот брачен другар (Мал. 2:13-16). Да им останеме лојални и на нашите браќа и сестри, дури и кога ќе нѐ разочараат. И, да му останеме лојални на Јехова, дури и во тешки околности бидејќи така ќе го радуваме неговото срце (Изр. 27:11). Може да бидеме сигурни дека тој секогаш ќе го прави она што е најдобро за нас (w16.02 3:16-17).

Вторник, 5 декември

Среќни се сите што го чекаат него (Иса. 30:18)

Јехова е свесен за нашите ограничувања (Пс. 103:14). Затоа не очекува од нас да ги истраеме неволјите со сопствена сила, туку ни помага како Татко. Точно, понекогаш можеби ни се чини дека веќе не можеме да издржиме. Сепак, Јехова нѐ уверува дека никогаш нема да дозволи да бидеме искушани повеќе отколку што може да поднесеме. Тој ветува дека „ќе направи излез“ (1. Кор. 10:13). Навистина имаме добра причина да веруваме дека Јехова точно знае колку можеме да носиме. Ако Јехова не одговори веднаш на нашите молитви за помош, да бидеме стрпливи и да чекаме. Сети се дека и тој спремно сака да ни помогне, но стрпливо чека да дојде вистинското време за да ни го даде она што ни е потребно. Библијата вели: „Јехова ќе чека да ви се смилува и... ќе стане да ви покаже милост. Зашто, Јехова е Бог кој дава правда“ (w15 15/4 4:8-9).

Среда, 6 декември

Така некогаш се украсуваа и светите жени кои се надеваа на Бог и им беа подложни на своите мажи (1. Пет. 3:5)

Бидејќи во текот на Семејната вечер размислуваме за духовни работи, единството во семејството уште повеќе се зајакнува. Ако во тие прилики вежбаат што ќе кажат во службата, сите добро ќе се подготват да проповедаат. Освен тоа, кога разговараат за вистината и гледаат колку секој од нив го сака Јехова и се труди да му угоди, тие стануваат уште поблиски еден со друг. Јехова сака мажот и жената меѓусебно да соработуваат. Кога и двајцата го сакаат Јехова, можат да му служат обединето и да бидат среќни. Исто така, треба да си покажуваат дека се сакаат, како што правеле Авраам и Сара, Исак и Ревека, и Елкана и Ана (1. Мој. 26:8; 1. Сам. 1:5, 8). Тоа уште повеќе ќе ги зближи брачните партнери еден со друг, а и со нашиот небесен Татко (Проп. 4:12; w16.03 3:12-13).

Четврток, 7 декември

Спротивставете му се на Сатана цврсти во верата (1. Пет. 5:9)

Сатана војува со остатокот од помазаници и со ‚другите овци‘ (Јован 10:16). Негова цел е да проголта колку што е можно повеќе Јеховини слуги во краткото време што му преостанува (Отк. 12:9, 12). Можеме ли да победиме во борбата против Сатана? Да! Библијата вели: „Спротивставете му се на Ѓаволот, и тој ќе побегне од вас!“ (Јак. 4:7). Мнозина се исмеваат на идејата дека Сатана е вистинска личност. За нив, Ѓаволот и демоните се измислени ликови од романите, хорор-филмовите и видеоигрите. Тие мислат дека ниту еден разумен човек не верува во зли духови. Што мислиш, дали на Сатана му пречи што луѓето сметаат дека тој и неговите демони се ликови од народните приказни? Ни најмалку! На Сатана му е дури и полесно да ги заслепи умовите на оние што не веруваат дека тој постои (2. Кор. 4:4). Всушност, самиот тој ја шири оваа лага за да ги заведе луѓето (w15 15/5 2:1-2).

Петок, 8 декември

Мојсеј го сметаше срамот што го трпеше како помазаник за поголемо богатство од египетските ризници, зашто го насочи погледот кон наградата што ќе ја добие (Евр. 11:26)

Очигледно, вистинските родители го поучиле Мојсеј за Јехова и за Неговата намера да ги ослободи Евреите од египетското ропство и да им ја даде Ветената земја (1. Мој. 13:14, 15; 2. Мој. 2:5-10). Додека Мојсеј длабоко размислувал за она што Јехова им го ветил на Израелците, неговата вера и љубов кон Бог сѐ повеќе растеле. Исто како и други Божји слуги, Мојсеј веројатно можел да си го замисли времето кога Јехова ќе го ослободи човештвото од смртта (Јов 14:14, 15; Евр. 11:17-19). Ништо чудно што го сакал Богот кој чувствувал толку голема сомилост кон Евреите и кон сите луѓе! Верата и љубовта му помогнале на Мојсеј да му служи на Јехова до крајот на својот живот (5. Мој. 6:4, 5). Дури и кога фараонот сакал да го убие, Мојсеј не се уплашил. Тој бил уверен дека Јехова ќе го награди во иднина (2. Мој. 10:28, 29; w15 15/5 3:11-13).

Сабота, 9 декември

Немаат вино (Јован 2:3)

Исус го направил своето прво чудо на една свадба во Кана. Бидејќи во таа прилика можеби дошле повеќе гости отколку што очекувале домаќините, почнало да снемува вино. Тоа ќе било голем срам за младоженците, затоа што било многу важно да покажат гостољубивост. Меѓу гостите на оваа свадба била и Марија, мајката на Исус. Дали го замолила својот син да направи нешто затоа што верувала дека тој има таква моќ? Таа без сомнение со години размислувала за сите пророчки ветувања кои биле дадени за него, и знаела дека ќе биде наречен „Син на Севишниот“ (Лука 1:30-32; 2:52). Како и да е, една работа е сигурна — поттикнати од сочувство, Марија и Исус сакале да им помогнат на младоженците. Затоа Исус со чудо претворил околу 380 литри вода во ‚добро вино‘ (Јован 2:6-11). Дали бил должен да го направи ова чудо? Не. Но, тој ги сакал луѓето и постапил великодушно како што постапува неговиот небесен Татко (w15 15/6 1:3).

Недела, 10 декември

Господару, дали во ова време ќе му го обновиш царството на Израел? (Дела 1:6)

Апостолите му го поставиле ова прашање на Исус пред тој да се вознесе на небото. Исус им одговорил дека не е време да знаат кога Божјето Царство ќе почне да владее. Наместо тоа, требало да се концентрираат на важното дело на сведочење што стоело пред нив (Дела 1:7, 8). Сепак, Исус ги поучил да го очекуваат Божјето Царство. Затоа, уште од првиот век досега, христијаните се молат: „Да дојде царството твое“. Кога наближило времето Божјето месијанско Царство да биде воспоставено на небото, Јехова му помогнал на својот народ да разбере кога ќе почнат да се случуваат одредени важни настани. Во 1876 год., во списанието Истражувач на Библијата, Чарлс Расел ја објавил статијата со наслов „Кога завршуваат времињата на незнабошците?“, во која напишал дека 1914 ќе биде значајна година. Тој објаснил дека „седумте времиња“ од пророштвото на Даниел и „одредените времиња на незнабошците“ за кои зборувал Исус се однесуваат на еден ист период (Дан. 4:16; Лука 21:24; w15 15/6 4:11-12).

Понеделник, 11 декември

Исус почна да рони солзи (Јован 11:35)

Исус бил длабоко трогнат од болката на другите. На пример, кога неговиот пријател Лазар умрел, тој бил „длабоко трогнат и потресен“. Исус се чувствувал така иако знаел дека наскоро ќе го врати Лазар во живот (Јован 11:33-36). Тој не се срамел да ги покаже своите најдлабоки чувства пред другите. Луѓето околу него можеле да видат колку многу ги сакал Лазар и неговото семејство. Исус навистина покажал огромно сочувство кога ја искористил моќта што ја добил од Бог за да го воскресне својот пријател! (Јован 11:43, 44). Библијата вели дека Исус е „точна слика“ на својот Татко, Јехова (Евр. 1:3). Според тоа, со чудата што ги правел, Исус покажал дека и тој и неговиот Татко сакаат да им стават крај на болката, на болестите и на смртта. Наскоро тие ќе вратат во живот многу повеќе луѓе, бидејќи Исус рекол: „Доаѓа часот во кој сите оние што се во спомен-гробовите... ќе излезат“ (Јован 5:28, 29, фус.; w15 15/6 2:13-14).

Вторник, 12 декември

Нека го фалат твоето име! (Пс. 99:3)

За разлика од многу побожни лица кои мислат дека ќе го фалат Бог кога ќе умрат и ќе отидат на небо, сите Јеховини сведоци сфаќаат дека треба да го слават Бог сега и овде — на Земјата. Кога го фалиме Јехова, ние постапуваме во склад со зборовите од Псалм 99:1-3, 5. Како што покажува овој псалм, Мојсеј, Арон и Самоил со сета душа го поддржувале обожавањето на вистинскиот Бог (Пс. 99:6, 7). Денес, пред да заминат на небото за да служат како свештеници со Исус, неговите помазани браќа кои сѐ уште се на Земјата верно служат во земниот двор од духовниот храм. Милиони „други овци“ лојално ги поддржуваат (Јован 10:16). Иако имаат различна надеж, и двете групи обединето го слават Јехова во подножјето на неговите нозе. Но, секој од нас треба да се праша: ‚Дали и јас лично го поддржувам со сета душа обожавањето на вистинскиот Бог‘? (w15 15/7 1:4-5).

Среда, 13 декември

Чекај го! (Авак. 2:3)

Јеховините слуги отсекогаш стрпливо чекале да се исполнат пророштвата. Исаија, кој претскажал дека Јехова повторно ќе ги врати еврејските заробеници во нивната родна земја откако Јуда ќе биде опустошена, рекол: „Среќни се сите што го чекаат него“ (Иса. 30:18). И пророкот Михеј, кој бил сигурен дека ветувањата во врска со древниот Божји народ ќе се исполнат, рекол: „Јас ќе гледам кон Јехова. Готов сум да го чекам“ (Мих. 7:7). Освен тоа, Божјите слуги со векови чекале да се исполнат пророштвата за Месијата, односно Христос (Лука 3:15; 1. Пет. 1:10-12). И денешните Јеховини слуги се во исчекување бидејќи некои пророштва во врска со Месијата сѐ уште се исполнуваат. Преку месијанското Царство, Јехова наскоро ќе му стави крај на сето страдање кога ќе ги уништи злите и ќе го избави својот народ од овој опасен свет кој е под власта на Сатана (1. Јов. 5:19). Затоа мора спремно да го чекаме Јеховиниот ден, кој може да дојде во секој момент, и да направиме сѐ што е потребно за да бидеме подготвени за него (w15 15/8 2:1-2).

Четврток, 14 декември

Ревноста за твојот дом ќе ме изеде (Јован 2:17)

Јехова им заповедал на Израелците да го направат светиот шатор (2. Мој. 25:8). А подоцна изградиле храм каде што го славеле Бог (1. Цар. 8:27, 29). Откако се вратиле од изгнанството во Вавилон, Евреите редовно се собирале во синагоги (Мар. 6:2; Јован 18:20; Дела 15:21). Првите христијани се состанувале во домовите на соверниците (Дела 12:12; 1. Кор. 16:19). Денес, низ целиот свет, Јеховините слуги имаат изградено десетици илјади сали каде што добиваат поуки и го слават Бог. Исус многу го ценел Јеховиниот храм во Ерусалим. Неговата љубов кон храмот ги потсетила неговите ученици на пророчките зборови запишани во денешниот стих (Пс. 69:9). Ниту една наша сала за состаноци не е ‚Јеховин дом‘ во иста смисла како што бил храмот во Ерусалим (2. Лет. 5:13; 33:4). Сепак, треба да имаме длабоко ценење за салите каде што го славиме Бог (w15 15/7 4:1-2).

Петок, 15 декември

Облечете се во љубов (Кол. 3:14)

Дали во текот на Христовото илјадагодишно владеење ќе бидеме спремни со љубов да си простуваме еден на друг? Ако уште денес великодушно си простуваме и се трудиме да бидеме во добри односи со другите, ќе ни биде полесно да го правиме тоа и во новиот свет (Кол. 3:12, 13). Во Божјиот нов свет, можеби нема секогаш да го добиеме она што го сакаме или, пак, ќе мора да почекаме за да го добиеме. Затоа, ќе треба спремно да се подложуваме на Јеховината праведна власт така што ќе бидеме задоволни и благодарни во секакви околности. Всушност, и во тоа време ќе ни бидат потребни истите особини на кои Бог нѐ поучува сега. Со тоа што учиме да живееме уште денес како што ќе живееме тогаш, ние развиваме особини кои ќе ни користат во сета вечност. На тој начин покажуваме дека „идниот свет“ е реален за нас (Евр. 2:5; 11:1). Освен тоа, покажуваме дека копнееме да живееме во тоа време кога сите ќе му бидат послушни на Јехова (w15 15/8 3:11-12).

Сабота, 16 декември

Живејте во единство со Исус (Кол. 2:6)

Кога купуваш зрело овошје на пазар, можеш да видиш дека сите парчиња не се исти. Сепак, имаат некои заеднички карактеристики по кои се гледа дека се зрели. Истото може да се каже и за зрелите христијани — и тие не се потполно исти. Освен што потекнуваат од разни земји и култури, тие се на различна возраст и имаат различни карактери. Сепак, сите кои напредувале во духовен поглед имаат нешто заедничко — одредени особини по кои јасно се гледа дека се зрели. Кои се некои од тие особини? Еден зрел слуга на Јехова го следи примерот на Исус ‚одејќи во сѐ по неговите стапки‘ (1. Пет. 2:21). Исус нагласил дека е најважно да го сакаме Јехова со сето срце, душа и ум, и да го сакаме својот ближен како себеси (Мат. 22:37-39). Зрелите христијани се трудат да живеат во склад со тој совет. Од нивниот начин на живот јасно се гледа дека односот со Јехова и самопожртвуваната љубов кон луѓето им се поважни од сѐ друго (w15 15/9 1:3-5).

Недела, 17 декември

Објавувајќи ја вистината, ѝ даваме добар пример пред Бог на секоја човечка совест (2. Кор. 4:2)

Освен што нѐ предупредува да не правиме нешто лошо, исправно обликуваната совест нѐ поттикнува и на добри дела. Едно од нив е да проповедаме од куќа до куќа и да сведочиме неформално. Совеста го поттикнувала апостол Павле да постапува така. Тој напишал: „Тоа ми е должност. Навистина, тешко мене ако не ја објавувам добрата вест!“ (1. Кор. 9:16). Кога го следиме примерот на Павле, имаме чиста совест која нѐ уверува дека го правиме она што е исправно. Освен тоа, кога ја проповедаме добрата вест, се обидуваме да ја разбудиме и совеста на оние со кои разговараме. Кога редовно ја проучуваме Божјата Реч, и кога размислуваме за неа и го применуваме она што го учиме, ние си ја остриме совеста. На тој начин, овој прекрасен дар од Јехова може да ни даде исправно водство во животот! (w15 15/9 2:16, 18).

Понеделник, 18 декември

Кого Јехова го сака, него и го укорува (Изр. 3:12)

Она што Јосиф, Мојсеј и Давид го научиле во текот на испитите со кои се соочиле им помогнало да ги извршуваат поголемите одговорности кои Јехова им ги доверил подоцна. Кога читаме дека Тој бил со своите слуги и им помагал додека страдале, чувствуваме колку многу нѐ сака и се грижи за нас. Јехова продолжува да ни покажува љубов дури и кога ќе постапиме неисправно. Ако го прифатиме укорот и ако се покаеме, тој ‚великодушно ќе ни прости‘ (Иса. 55:7). Што значи тоа? Давид го дал следниов прекрасен опис на Јеховиното простување: „[Тој] ти ги простува сите престапи... ти ги лекува сите болести... животот од гробна јама ти го избавува, и со милост и со милосрдие те крунисува“ (Пс. 103:3, 4). Јехова нѐ советува и нѐ укорува на разни начини. Дали веднаш ги правиме потребните промени? Никогаш да не заборавиме дека Јехова нѐ укорува затоа што нѐ сака (Пс. 30:5; w15 15/9 4:13-14).

Вторник, 19 декември

Марија ги слушаше Исусовите зборови (Лука 10:39)

Марта имала полни раце работа затоа што подготвувала посебно јадење за Исус, и ѝ се налутила на Марија. Бидејќи видел дека Марта премногу се труди, тој љубезно ѝ рекол: „Марта, Марта, се грижиш и се вознемируваш за многу работи, а малку е потребно, или само едно“. А потоа ја пофалил сестра ѝ, велејќи: „Марија го избра подобриот дел, кој нема да ѝ се одземе“ (Лука 10:38-42). Иако по кратко време Марија веројатно заборавила што јадела во таа посебна прилика, сигурно никогаш не ја заборавила пофалбата и поуките што ги добила од Исус затоа што го слушала со неподелено внимание. А дали Марта го зела присрце советот што Исус со љубов ѝ го дал? Да. Ова јасно се гледа од следниве зборови што апостол Јован ги запишал повеќе од 60 години подоцна: „Исус ги сакаше Марта и нејзината сестра“ (Јован 11:5). Без сомнение, Марта извлекла корист од она што ѝ го кажал Христос, и му служела верно на Јехова до крајот на својот живот (w15 15/10 3:3-4).

Среда, 20 декември

Нашата сила, која ја надминува нормалната, потекнува од Бог (2. Кор. 4:7)

Имаме многу причини да веруваме дека Јехова им помага на луѓето денес. Честопати слушаме како некој го молел Бог за помош и добил одговор на својата молитва (Пс. 53:2). На пример, додека проповедал на едно островче на Филипините, Алан сретнал една жена која почнала да плаче. Тој вели: „Токму тоа утро, таа го молела Јехова да ѝ ги испрати своите Сведоци. Таа беше видливо трогната затоа што Бог ѝ одговорил толку брзо на молитвата!“ За неполна година, оваа жена му го заветувала својот живот на Јехова. Многумина почувствувале како Јехова им помогнал да се одвикнат од разни зависности, како што се пушењето, злоупотребата на дрога и гледањето порнографија. Некои Божји слуги велат дека, пред да ја запознаат вистината, не успеале да го сторат тоа со сопствена сила иако упорно се обидувале. Но, кога побарале помош од Јехова, тој им дал „сила, која ја надминува нормалната“, и на крајот прекинале со лошите навики (Пс. 37:23, 24; w15 15/10 1:10-11).

Четврток, 21 декември

Откупувајте си време (Еф. 5:16)

Некои стануваат рано наутро за да читаат, длабоко да размислуваат и да се молат. Други го прават тоа за време на паузата за ручек, а трети рано навечер или пред да си легнат. Некои уживаат да ја читаат Библијата наутро и повторно пред да си легнат. Така ја ‚читаат дење и ноќе‘, односно редовно (Ис. Нав. 1:8). Многу е важно да си откупуваме време од помалку важните работи за да можеме секојдневно длабоко да размислуваме за Божјата Реч. Библијата ветува дека Јехова ќе ги благослови сите кои длабоко размислуваат за неа и кои се трудат да го применуваат она што го учат (Пс. 1:1-3). Исус рекол: „Среќни се оние што ја слушаат речта Божја и ја држат!“ (Лука 11:28). Но, најважно од сѐ, тоа што секојдневно ќе размислуваме за духовните работи ќе ни помогне да му носиме слава на Величествениот Творец на нашиот чудесен мозок. Така ќе бидеме среќни уште сега, и Јехова ќе нѐ награди со вечен живот во неговиот нов свет (Јак. 1:25; Отк. 1:3; w15 15/10 4:17-18).

Петок, 22 декември

Петар го тргна Исус настрана и почна да го прекорува: „Биди милостив кон себе, Господару. Тоа никако нема да ти се случи тебе! (Мат. 16:22)

Во една прилика Исус им кажал на своите ученици дека ќе биде погубен. Со добра намера, Петар му рекол да биде милостив кон себеси. Но, од тие зборови Исус сфатил дека Петар размислува на погрешен начин. За да му помогне и нему и на другите, тој дал директен совет, објаснил кои ќе бидат последиците ако не се самопожртвувани и какви ќе бидат благословите ако се несебични (Мат. 16:21-27). Петар си ја научил лекцијата (1. Пет. 2:20, 21). Моли го Јехова да бидеш прониклив за да сфатиш каква помош му е потребна на твојот тинејџер (Пс. 32:8). На пример, што може да биде показател дека верата на твоето дете ослабнува? Можеби гледаш дека ја губи радоста, дека зборува негативно за соверниците или дека нешто крие. Немој веднаш да заклучиш дека сигурно води двоен живот и дека прави некој тежок грев. Но, немој ни да го игнорираш проблемот или да се надеваш дека ќе се реши сам од себе (w15 15/11 2:12-13).

Сабота, 23 декември

Облечете се во најдлабока сомилост, љубезност, понизност, благост и долготрпеливост. Облечете се во љубов, зашто таа совршено ве поврзува (Кол. 3:12, 14)

Искрената љубов и единството што постојат меѓу Јеховините слуги се јасен доказ дека тие ѝ припаѓаат на вистинската религија, бидејќи Исус рекол: „По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг“ (Јован 13:34, 35). А апостол Јован напишал: „Децата Божји и децата на Ѓаволот се познаваат по ова: секој што не оди во праведност, не потекнува од Бог, а така и оној што не го сака својот брат. Зашто, ова е пораката што сте ја чуле од почетокот: да се сакаме еден со друг“ (1. Јов. 3:10, 11). Љубовта и единството се главни обележја по кои се препознава дека Јеховините сведоци се вистински Христови следбеници, кои Бог ги користи да ја проповедаат добрата вест за Царството по целиот свет (Мат. 24:14; w15 15/11 4:10-11).

Недела, 24 декември

Зборови кажани во право време се златни јаболка во сребрени садови (Изр. 25:11)

Добро е да ги земеме предвид културата и верувањата на луѓето на нашето подрачје за да одредиме кога е вистинското време да им кажеме нешто. И во многу други прилики треба да чекаме да дојде вистинското време за да зборуваме. На пример, можеби некој, дури и без да сака, ќе каже нешто со кое ќе нѐ навреди. Би било добро да размислиме дали она што ни го кажал е толку сериозно и дали мора да му возвратиме. Ако сепак има добра причина да зборуваме со него, би било мудро да почекаме да се смириме за да не му кажеме нешто непромислено (Изр. 15:28.) На сличен начин, треба да бидеме проникливи и кога зборуваме за вистината со нашите роднини кои не се Сведоци. Иако сакаме да го запознаат Јехова, мора да бидеме стрпливи со нив. Ако им ги кажеме вистинските зборови во вистинско време, можеби ќе бидат поспремни да слушаат (w15 15/12 3:6, 8-9).

Понеделник, 25 декември

Нѐ поучи да живееме разборито среде овој сегашен свет (Тит 2:12)

Особено треба да бидеме разборити, односно да го користиме разумот, кога некоја метода на испитување или терапија ни изгледа многу необично или чудно. Дали тој што ја нуди може добро да ти објасни како функционира? Дали повеќето стручњаци се согласуваат дека таа дава добри резултати? (Изр. 22:29). Или, пак, оној што ти ја нуди само сака да те фати на емоции? Можеби тврди дека таквата метода или терапија била откриена или користена во некое далечно место, или дека лекарите сѐ уште не знаат за неа. Дали таквото тврдење ти звучи веродостојно, па дури и разумно? Некои можеби нудат терапии или прегледи со апарати при кои се користи некоја „таинствена состојка“ или некаква си енергија. Ова може да биде многу опасно. Сети се дека Бог нѐ предупредува да се чуваме од натприродни сили и магии (Иса. 1:13; 5. Мој. 18:10-12; w15 15/12 4:16).

Вторник, 26 декември

Меѓу родените од жена не се појавил некој поголем од Јован Крстител, но помалиот во царството небесно е поголем од него (Мат. 11:11)

Во Библијата има многу примери на верни лица на кои Јехова им го давал својот свет дух иако немале надеж за живот на небото. Еден од нив бил Јован Крстител. Исус рекол дека никој од луѓето не бил поголем од Јован, но дека тој сепак нема да владее како цар на небото. Божјиот дух го водел и Давид (1. Сам. 16:13). Тој му помогнал да ги разбере длабоките работи за Јехова и да напише делови од Библијата (Мар. 12:36). Сепак, на Педесетница, Петар рекол дека ‚Давид не се вознел на небото‘ (Дела 2:34). Јехова го користел светиот дух за да им даде на овие свои слуги моќ да прават неверојатни работи, но не го употребил за да ги повика за небесен живот. Дали ова значи дека немале доволно вера или дека не биле достојни да владеат на небото? Не. Едноставно, Јехова ќе ги воскресне да живеат во рајот на Земјата (Јован 5:28, 29; Дела 24:15; w16.01 3:16).

Среда, 27 декември

Јас и Таткото сме едно (Јован 10:30)

Кога соработуваме со оние што ги сакаме, подобро ги запознаваме и се зближуваме со нив. Дознаваме какви цели имаат и што прават за да ги постигнат. Исус соработувал со Јехова веројатно во текот на милијарди години и меѓу нив се развила цврста и нераскинлива врска на љубов. Тие биле вистински обединети и секогаш складно соработувале. Во молитва, Исус побарал од Јехова да ги чува неговите ученици. Зошто? Тој рекол: „За да бидат едно, исто како нас“ (Јован 17:11). Кога сме послушни на библиските мерила и учествуваме во проповедничкото дело, ние учиме повеќе за Божјите прекрасни особини. Дознаваме зошто е мудро да имаме доверба во Јехова и да го следиме неговото водство. Кога се зближуваме со него, и тој се зближува со нас (Јак. 4:8). Се зближуваме и со нашите браќа и сестри бидејќи се соочуваме со слични проблеми, се радуваме на слични работи и имаме исти цели (w16.01 5:9-10).

Четврток, 28 декември

Врати се и ти со јатрва ти (Рут 1:15)

Ноемина била цврсто решена да оди во својата родна земја, Израел. А што направила Рут? Таа се нашла пред една од најважните одлуки во својот живот. Можела да се врати кај својот народ во Моав или да остане со својата свекрва, Ноемина, и да продолжи заедно со неа кон Витлеем (Рут 1:1-8, 14). Рут можела да размислува дека ќе ѝ биде многу полесно да се врати во Моав, каде што било нејзиното семејство. Мајка ѝ и другите роднини можеле да ја земат кај себе оваа млада вдовица и да се грижат за неа. Впрочем, Моав бил нејзината татковина. Таа добро го познавала моавскиот народ, како и неговиот јазик и култура. Ноемина не можела да ѝ вети дека ќе има такви погодности во Витлеем. Всушност, таа ја советувала Рут да остане во Моав, бидејќи се плашела дека нема да може да ѝ најде ниту маж ниту дом. Но, за разлика од Орфа, која ‚се вратила кај својот народ и своите богови‘, Рут одлучила да не им се врати на лажните богови на кои им служел нејзиниот народ (Рут 1:9-15; w16.02 2:4-5).

Петок, 29 декември

Со лојалниот постапуваш лојално (Пс. 18:25)

Саул и неговите 3.000 војници го барале Давид во Јудејската Пустина за да го убијат. Една ноќ, додека тие спиеле на местото каде што биле улогорени, Давид и неговите луѓе дошле до нивниот логор. Тој и Ависај внимателно поминале покрај војниците и дошле до местото каде што спиел Саул. Тогаш Ависај му шепнал на Давид: „Те молам, дозволи ми со еден удар да го приковам со копјето за земја. Втор удар нема да ми треба“. Но, Давид не му дозволил. Тој му рекол: „Немој да го убиеш! Зашто, кој ќе крене рака на Јеховиниот помазаник и ќе остане невин?.. Не сакам да кренам рака на Јеховиниот помазаник, бидејќи знам дека тоа не би било исправно во Јеховини очи“ (1. Сам. 26:8-12). Давид знаел што значи да му се биде лојален на Бог. Тој немал намера да му направи ништо лошо на Саул. Зошто? Затоа што Јехова го помазал Саул за цар на Израел. И денес, исто како во минатото, Бог очекува од сите свои слуги да му бидат лојални и да ги почитуваат оние што тој ги поставува на одговорни положби (w16.02 4:1-2).

Сабота, 30 декември

Задоволство ми е да ја вршам твојата волја, Боже мој (Пс. 40:8)

Дали си млада личност која размислува да се крсти? Тоа е најголемата чест што може да ја има некој човек. Но, крштавањето е важен чекор со кој покажуваш дека си му го заветувал својот живот на Бог. Со други зборови, си му ветил дека ќе му служиш засекогаш и дека неговата волја ќе ти биде најважна од сѐ. Се разбира, за да се крстиш, мора да бидеш доволно зрел, мора да знаеш што значи заветот кој му го даваш на Бог и мора навистина да сакаш да го направиш тој чекор. Меѓутоа, можеби не си сигурен дали си спремен за крштавање. Или, пак, можеби сакаш да се крстиш, но твоите родители сметаат дека треба да почекаш уште малку за да стекнеш поголемо животно искуство. Како и да е, не се разочарувај. Продолжи и понатаму да напредуваш, и наскоро ќе можеш да се крстиш (w16.03 2:1-2).

Недела, 31 декември

Не впрегнувајте се во нееднаков јарем со неверници (2. Кор. 6:14)

Некои браќа и сестри имаат сопружник кој не е Јеховин сведок. Во некои случаи, тие веќе биле во брак кога ја запознале вистината. Сепак, ако ги применуваат библиските начела, можат да придонесат да има мир во семејството. Ќе успеат во тоа ако соработуваат во најголема можна мера и ако внимаваат да не ги прекршат Божјите мерила. Иако ова може да биде предизвик, сигурно ќе даде добри резултати. Освен тоа, бидејќи денес семејството е една од главните мети на Сатана, многу е важно сопружниците кои му служат на Јехова да соработуваат еден со друг. Сеедно колку долго си во брак, размисли што можеш ти лично да направиш за да го зајакнеш. Постарите брачни парови во собранието можат да им дадат добар пример на помладите двојки. Понекогаш на вашата Семејна вечер можете да поканите некој помлад брачен пар. Така помладите ќе можат да видат дека, сеедно колку долго некои се во брак, многу е важно да си покажуваат љубов и да живеат во слога (Тит 2:3-7; w16.03 3:14-15).

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели