ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • es17 стр. 108-118
  • Ноември

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Ноември
  • Секојдневно истражување на Писмото — 2017
  • Поднаслови
  • Среда, 1 ноември
  • Четврток, 2 ноември
  • Петок, 3 ноември
  • Сабота, 4 ноември
  • Недела, 5 ноември
  • Понеделник, 6 ноември
  • Вторник, 7 ноември
  • Среда, 8 ноември
  • Четврток, 9 ноември
  • Петок, 10 ноември
  • Сабота, 11 ноември
  • Недела, 12 ноември
  • Понеделник, 13 ноември
  • Вторник, 14 ноември
  • Среда, 15 ноември
  • Четврток, 16 ноември
  • Петок, 17 ноември
  • Сабота, 18 ноември
  • Недела, 19 ноември
  • Понеделник, 20 ноември
  • Вторник, 21 ноември
  • Среда, 22 ноември
  • Четврток, 23 ноември
  • Петок, 24 ноември
  • Сабота, 25 ноември
  • Недела, 26 ноември
  • Понеделник, 27 ноември
  • Вторник, 28 ноември
  • Среда, 29 ноември
  • Четврток, 30 ноември
Секојдневно истражување на Писмото — 2017
es17 стр. 108-118

Ноември

Среда, 1 ноември

Авраам издивна и умре во длабока старост, стар и задоволен (1. Мој. 25:8)

Кога читаме дека Авраам бил „стар и задоволен“, не треба да заклучиме дека се заситил од животот и дека немал никаква желба да живее во иднина. Во врска со него, Библијата вели: „[Тој] очекуваше град со вистински темели, чиј градител и творец е Бог“ (Евр. 11:10). Можеш ли да замислиш колку ќе се радува Авраам кога ќе живее во рајот на Земјата и ќе продолжи да го зајакнува своето пријателство со Јехова? Колку ќе биде среќен кога ќе дознае дека неговиот пример на вера им помагал на Јеховините слуги илјадници години по неговата смрт! Во новиот свет, Авраам ќе дознае дека, тоа што бил спремен да го жртвува Исак, ‚послужило како споредба‘ за нешто далеку повозвишено (Евр. 11:19). Исто така, ќе дознае дека болката што ја чувствувал како татко додека се подготвувал да го жртвува Исак им помогнала на милиони верни лица да ја разберат болката што ја чувствувал Јехова кога го дал како жртва својот Син, Исус Христос (Јован 3:16; w16.02 1:15-16).

Четврток, 2 ноември

Бунтовнику! Зар мислиш дека не знам дека си се здружил со синот на Јесеј за свој срам и за срам на својата мајка? (1. Сам. 20:30)

Можеме да му бидеме лојални на Јехова и кога некој одговорен брат постапува неправедно со нас Иако Бог го поставил за цар, Саул постапувал неправедно со својот сопствен син. Тој не можел да разбере зошто Јонатан го сака Давид. Кога Јонатан се обидел да му помогне на својот пријател, Саул се разгневил и го понижил својот син пред сите. И покрај тоа, Јонатан не му вратил со иста мера туку продолжил да покажува почит кон него. Но, им останал верен и на Бог и на Давид, кој подоцна станал цар на Израел (1. Сам. 20:31-41). Во нашите собранија денес, одговорните браќа се трудат да постапуваат праведно со сите. Сепак, тие се несовршени. Затоа може да се случи погрешно да протолкуваат некоја наша постапка (1. Сам. 1:13-17). Да бидеме решени да му останеме лојални на Јехова дури и ако некој погрешно нѐ разбере или ако постапи неправедно со нас (w16.02 3:14-15).

Петок, 3 ноември

Ако некој сака да оди по мене, нека се одрече од себе и нека го земе својот маченички столб (Мат. 16:24)

Некои не сфаќаат дека заветот што му го даваме на Јехова е тесно поврзан со крштавањето. На пример, некои млади велат дека му се заветувале на Бог, но дека не се спремни за крштавање. Дали ова ти звучи логично? Кога му го заветуваш својот живот на Јехова, ти му кажуваш во молитва дека ќе му служиш засекогаш. А со крштавањето покажуваш пред сите дека си му се заветувал. Затоа, пред да се крстиш, треба добро да разбереш што вклучува заветот кој му го даваш на Бог. Кога му го заветуваш својот живот на Јехова, ти се одрекуваш од себеси, и му ветуваш дека најважно од сѐ ќе ти биде да ја вршиш Неговата волја. Кога ќе дадеме некое ветување, важно е да си стоиме на зборот. Тогаш колку поважно е да го одржиме ветувањето што сме му го дале на Јехова Бог! (Мат. 5:33; w16.03 1:14-15).

Сабота, 4 ноември

Во сѐ со љубов да пораснеме до зрелост (Еф. 4:15)

Павле дал споредба со човечкото тело за да објасни дека секој христијанин може да придонесе за единството така што ќе го следи Исус Христос — главата на собранието. Тој рекол дека сите делови соработуваат бидејќи се меѓусебно поврзани со зглобови кои си ја исполнуваат својата цел (Еф. 4:16). Затоа, сеедно дали сме млади или стари, дали имаме добро здравје или не, што треба да прави секој од нас? Исус поставил старешини за да предводат во собранието, и тој сака да ги почитуваме и да ги слушаме упатствата кои ни ги даваат (Евр. 13:7, 17). Ова не е секогаш лесно. Но, можеме да бараме водство од Бог. Неговиот моќен свет дух може да ни помогне со сета душа да ги следиме упатствата. Освен тоа, треба да размислуваме колку многу ќе придонесеме за единството во собранието ако понизно соработуваме со старешините. Ваквата соработка ќе ни помогне уште повеќе да се сакаме едни со други (w16.03 3:8-9).

Недела, 5 ноември

Речта Божја е жива и делотворна (Евр. 4:12)

Кога некои браќа биле помлади, нивните родители не ги поттикнувале да си поставуваат духовни цели. Вистината никогаш не била на прво место во животот на тие млади браќа (Мат. 10:24). Затоа, еден старешина треба да одвои време за да се спријатели со братот кого сака да го обучува за собраниските задачи, и да му стави до знаење дека му е потребен на собранието. По некое време, старешината треба да разгледа заедно со братот некои конкретни библиски стихови кои ќе му помогнат да размисли за заветот што му го дал на Јехова (Проп. 5:4; Иса. 6:8; Мат. 6:24, 33; Лука 9:57-62; 1. Кор. 15:58; 2. Кор. 5:15; 13:5). Треба да се обиде да го допре неговото срце така што ќе му постави некое од следниве прашања: ‚Што му кажа на Бог кога му го заветува својот живот? Што мислиш, како најверојатно се чувствуваше Јехова на денот на твоето крштавање?‘ (Изр. 27:11). ‚А како се чувствуваше Сатана?‘ (1. Пет. 5:8). Старешините не треба никогаш да го потценат силното влијание што таквите стихови можат да го имаат врз срцето на некој брат (w15 15/4 2:9, 11).

Понеделник, 6 ноември

Сите свои грижи фрлете ги на него, зашто тој се грижи за вас (1. Пет. 5:7)

Зошто Бог не одговара веднаш на секоја наша молитва? Библијата го споредува Јехова со татко (Пс. 103:13). Еден родител не му дава на детето сѐ што ќе побара. Освен тоа, детето не може со право да очекува родителот веднаш да го исполни секое негово барање. Таткото е свесен дека некои работи што ги бара неговото дете се само моментални желби. За други едноставно ќе мора да почека додека не дојде вистинското време. Таткото знае што е најдобро за детето, и знае како неговото барање ќе се одрази врз другите. Ако веднаш му даде сѐ што ќе побара, тогаш односот меѓу нив ќе се смени и ќе личи на однос меѓу слуга и господар, при што таткото ќе биде слугата, а детето господарот. Јехова, нашиот небесен Татко, многу нѐ сака. Како наш мудар Творец, тој знае што ни е потребно и има право да одреди кога е вистинското време да ни го даде тоа. Затоа е добро да чекаме и да видиме како тој ќе одговори на нашите молитви (Исаија 29:16; 45:9; w15 15/4 4:6-7).

Вторник, 7 ноември

Спротивставете му се на Ѓаволот, и тој ќе побегне од вас! (Јак. 4:7)

Бидејќи крајот на овој свет сѐ повеќе се ближи, Сатана сака да се опуштиме и да ‚бидеме милостиви‘ кон себеси така што ќе ни биде важно да водиме удобен живот во овој свет, и со тоа да го изгубиме чувството на итност. Не дозволувај да ти се случи такво нешто! Наместо тоа, остани духовно буден (Мат. 16:22, 23; 24:42). Немој да му поверуваш на Сатана кој шири лаги дека крајот е далеку или дека воопшто нема да дојде. Тој сака да веруваме дека не ја заслужуваме Божјата љубов и дека Јехова никогаш нема да ни ги прости гревовите. Но, тоа е чиста сатанска лага. Впрочем, кој е тој што навистина не ја заслужува Јеховината љубов? Се разбира, Сатана. Кому Бог никогаш нема да му прости? Повторно, на Сатана. А во врска со нас, Библијата вели: „Бог не е неправеден, па да го заборави вашето дело и љубовта што ја покажавте кон неговото име“ (Евр. 6:10). Јехова го цени трудот што го вложуваме за да му угодиме, и нашата служба не е залудна (1. Кор. 15:58). Затоа, да не му дозволиме на Сатана да нѐ измами со своите лаги (w15 15/5 1:16-19).

Среда, 8 ноември

Го видоа оддалеку и го поздравија (Евр. 11:13)

Авраам знаел дека Јехова секогаш си стои на зборот, и затоа бил сигурен дека и она што го ветил за иднината навистина ќе се исполни. Бидејќи имал вера во Божјите ветувања, Авраам бил решен да ја врши Божјата волја. Тој со вера си заминал од родниот Ур и не станал постојан жител на ниту еден друг град во Ханаан. Авраам добро знаел дека, исто како Ур, и овие градови нема да постојат засекогаш затоа што нивните владетели не му служеле на Јехова (Ис. Нав. 24:2). Наместо тоа, до крајот на својот долг живот, тој ‚го очекувал градот со вистински темели, чиј градител и творец е Бог‘ (Евр. 11:10). Авраам можел да си замисли како живее засекогаш под Јеховината власт. Авел, Енох, Ное, Авраам и други верни Божји слуги верувале во воскресение и очекувале да живеат на Земјата под власта на Божјето Царство, односно ‚градот со вистински темели‘. Верата на овие Божји слуги сигурно многу се зајакнала кога размислувале за идните благослови (Евр. 11:15, 16; w15 15/5 3:8-9).

Четврток, 9 ноември

Христос е Божја сила (1. Кор. 1:24)

Јехова ја покажал својата сила преку Исус Христос на извонредни начини. Кога бил на Земјата, Исус правел многу чуда. Некои од нив се запишани во евангелијата, и можат многу да ни ја зајакнат верата (Мат. 9:35; Лука 9:11). Јехова навистина му дал голема моќ на Исус. Затоа апостол Павле со добра причина можел да каже за него: „Христос... е Божја сила“. Каква поука можеме да извлечеме ние од чудата на Исус? И апостол Петар рекол дека Исус правел „чуда“ (Дела 2:22, фус.). Моќните дела што ги правел Исус на Земјата укажувале на уште поголемите благослови кои ќе ги доживееме во Божјиот нов свет. Тие се претслика за чудата што Христос ќе ги прави по целата Земја во текот на своето илјадагодишно владеење. А ни откриваат многу и за неговите особини, како и за особините на неговиот Татко (w15 15/6 1:1-2).

Петок, 10 ноември

Си мислеше: „Ако ја допрам само неговата облека, ќе оздравам“ (Мар. 5:28)

Бидејќи сфатил дека неговиот Татко, Јехова, ја излекувал жената, Исус бил љубезен кон неа, и ѝ рекол: „Ќерко, твојата вера те оздраве. Оди си во мир и биди здрава од својата мачна болест“ (Мар. 5:34). Тој навистина бил полн со љубов! Во неговото срце има посебно место за оние што се болни. Сатана настојува да нѐ убеди дека сме безвредни и дека никој не нѐ сака. Но, со своите чуда, Исус јасно покажал дека искрено се интересира за нас и за нашите проблеми. Колку сочувствителен Цар и Првосвештеник! (Евр. 4:15). Можеби нам не ни е лесно да разбереме како се чувствуваат оние кои имаат хронична болест, особено ако никогаш не сме го доживеале тоа. Меѓутоа, да имаме на ум дека Исус имал сочувство кон болните иако самиот никогаш не бил болен. Затоа, да дадеме сѐ од себе за да го следиме неговиот прекрасен пример! (1. Пет. 3:8; w15 15/6 2:11-12).

Сабота, 11 ноември

Поради вас се хули на Божјето име меѓу незнабошците (Рим. 2:24)

За нас е огромна чест што го знаеме Божјето име и што сме ‚народ за неговото име‘ (Дела 15:14; Иса. 43:10). Ние го молиме нашиот небесен Татко: „Да се свети името твое“ (Мат. 6:9). Ова нѐ поттикнува да бараме од Јехова да ни помогне да не кажеме или да не направиме нешто што би можело да му нанесе срам на неговото свето име. Не сакаме да бидеме како некои во првиот век кои не живееле во склад со она што го проповедале, како што се гледа од денешниот стих. Јехова потполно ќе го посвети своето име кога ќе ги отстрани сите оние што го срамат и намерно го отфрлаат како Севишен Владетел (Езек. 38:22, 23). Луѓето постепено ќе станат совршени. Со душа го чекаме времето кога сите суштества обдарени со разум ќе го светат Јеховиното име! Конечно, нашиот грижлив небесен Татко ќе „им биде сѐ на сите“ (1. Кор. 15:28; w15 15/6 4:7, 10).

Недела, 12 ноември

Небесата се мојот престол, а земјата ми е подножје на нозете (Иса. 66:1)

Освен за Земјата, во Хебрејските списи зборот „подножје“ се користел и за древниот храм во Израел (1. Лет. 28:2; Пс. 132:7). Ова здание било прекрасно во Јеховини очи затоа што служело како средиште на обожавањето на вистинскиот Бог. Храмот навистина му носел слава на ‚подножјето на Божјите нозе‘ (Иса. 60:13). Дали во нашево време има дословен храм на Земјата кој е средиште на обожавањето на вистинскиот Бог? Не. Денес му служиме на Јехова во еден духовен храм кој го слави повеќе од која и да е градба направена од човечки раце. Овој храм го претставува сето она што го подготвил Бог за да ги помири луѓето со себе преку свештеничката служба и жртвата на Исус Христос. Почнал да постои во 29 год. од н.е., кога Исус се крстил и бил помазан како Првосвештеник во Јеховиниот голем духовен храм (Евр. 9:11, 12; w15 15/7 1:1-3).

Понеделник, 13 ноември

Тогаш ќе го видат Синот човечки како доаѓа во облак со сила и со голема слава (Лука 21:27)

Во тоа време, Исус ќе ги награди оние што се верни и ќе ги казни оние што не се (Мат. 24:46, 47, 50, 51; 25:19, 28-30). За подобро да го објасни ова, Исус ја кажал споредбата за овците и јарците. Тој рекол: „Кога Синот човечки ќе пристигне во својата слава и сите ангели со него, тогаш ќе седне на својот славен престол. И сите народи ќе се соберат пред него, и тој ќе ги одвои луѓето едни од други, како што пастирот ги одвојува овците од јарците. Ќе ги постави овците од својата десна страна, а јарците од левата“ (Мат. 25:31-33). Каков суд ќе биде изречен над овците и над јарците? Споредбата завршува со следниве зборови: „Овие [јарците] ќе отидат во вечна смрт, а праведниците во вечен живот“ (Мат. 25:46; w15 15/7 2:11-12).

Вторник, 14 ноември

Гледај, колку е добро и колку е мило кога браќата живеат заедно во единство! (Пс. 133:1)

Обично ни се допаѓаат храната, јазикот и културата на земјата во која сме пораснале. Но, дали сметаме дека „нашето секогаш е најдобро“? Јехова создал најразлични работи во кои можеме да уживаме (Пс. 104:24; Отк. 4:11). Тогаш, зошто да мислиме дека начинот на кој ние ги правиме работите е најдобар? Бог сака најразлични луѓе да ја запознаат вистината и да добијат вечен живот (Јован 3:16; 1. Тим. 2:3, 4). Затоа, ние сме спремни да го сослушаме мислењето на нашите браќа, и честопати го прифаќаме, дури и ако се разликува од нашето. Кога го правиме ова, животот ни станува побогат и поинтересен. Исто така, тоа помага да го зачуваме единството со нашите соверници. Бидејќи сме лојални на Јехова и на неговото Царство, ние не заземаме страна во општествените конфликти. Ги мразиме горделивоста и натпреварувачкиот дух кои преовладуваат во светот на Сатана. Навистина сме многу благодарни што Јехова нѐ поучил да го сакаме мирот! (w15 15/7 3:17-18).

Среда, 15 ноември

Бог се грижи за вас (1. Пет. 5:7)

Има многу начини на кои можеме да му покажеме на Јехова дека го сакаме. На пример, нашата љубов кон Бог и кон ближните јасно се гледа од тоа што ревносно ја проповедаме добрата вест (Мат. 24:14; 28:19, 20). Исто така, покажуваме дека навистина го сакаме Јехова така што верно истрајуваме кога се соочуваме со испити на нашата вера (Пс. 84:11; Јак. 1:2-5). Ако минуваме низ многу тешки неволји, може да бидеме сигурни дека Бог гледа колку страдаме и дека ќе ни помогне затоа што сме скапоцени за него (Пс. 56:8). Нашата љубов кон Јехова нѐ поттикнува да размислуваме за сите негови величествени творби и дела. Освен тоа, му покажуваме дека го сакаме и дека многу ја цениме неговата Реч кога трудољубиво ја проучуваме. Љубовта кон Јехова нѐ поттикнува да му се молиме. А таа љубов сѐ повеќе расте кога размислуваме за откупната жртва што ја дал за да ни ги прости гревовите (1. Јов. 2:1, 2). Ова се само неколку причини за да го сакаме Јехова и да му возвратиме за неизмерната љубов што ја покажува кон нас (w15 15/8 1:6, 17-18).

Четврток, 16 ноември

Подобар е оној што е стрплив (Проп. 7:8)

Во новиот свет, ќе треба да покажуваме стрпливост во разни ситуации. На пример, можеби ќе слушнеме дека некои радосно ги дочекале своите роднини и пријатели кои биле воскреснати. Но, можеби лично ние ќе треба да почекаме уште малку додека не воскреснат нашите најмили. Во тој случај, дали ќе се радуваме со другите и дали ќе бидеме стрпливи? (Рим. 12:15). Ако уште сега научиме стрпливо да чекаме да се исполнат Јеховините ветувања, тогаш нема да ни биде тешко да покажеме стрпливост и во новиот свет. Можеме да се подготвиме за животот во новиот свет така што ќе бидеме стрпливи во однос на појаснувањата кои ги добиваме во разбирањето на библиската вистина. Дали ги проучуваме новите информации и дали стрпливо чекаме ако не ги разбираме во потполност? Ако го правиме тоа, веројатно ќе ни биде полесно да бидеме стрпливи и во новиот свет, каде што Јехова постепено ќе ни открива кои други работи ги очекува од нас (Изр. 4:18; Јован 16:12; w15 15/8 3:9-10).

Петок, 17 ноември

Да станеме возрасни луѓе, да пораснеме до Христовата полнота (Еф. 4:13)

Во посланието што им го испратил на христијаните во Ефес, апостол Павле им напишал дека треба духовно да созреат. Тој ги поттикнал да се трудат ‚да постигнат единство во верата и во доброто познавање на Синот Божји, додека не станат возрасни луѓе, додека не пораснат до Христовата полнота‘ (Еф. 4:13). Кога Павле го напишал ова послание, собранието во Ефес постоело веќе неколку години и мнозина тамошни христијани биле искусни и зрели. Но, имало и такви кои требало да продолжат духовно да напредуваат. Слична е ситуацијата и со Божјиот народ денес. Многу браќа и сестри кои со години му служат на Јехова се духовно зрели христијани. Сепак, ова не е случај со сите. На пример, новите лица кои се крштаваат треба да продолжат духовно да зреат. А како е со тебе? (Кол. 2:6, 7; w15 15/9 1:2-3).

Сабота, 18 ноември

Телесното вежбање малку користи (1. Тим. 4:8)

Мнозина заклучиле дека редовното и умерено вежбање е корисно за здравјето, и дека влијае позитивно и врз телото и врз умот. Но, ако сакаме да вежбаме во друштво, дали е важно со кого го правиме тоа? Во Изреки 13:20 пишува: „Кој оди со мудрите, ќе стане мудар, а кој си има работа со безумни, лошо ќе си помине“. Ова јасно покажува дека и во изборот на рекреација треба да ја слушаме својата совест која е обликувана според Библијата. Друго прашање е: Кое е погодно време за рекреација? Дали најпрво одвојуваш време за духовните активности, како што се состаноците, службата и проучувањето на Библијата, или се обидуваш да ги вметнеш меѓу периодите на рекреација? Што ти е најважно? Исус рекол: „Барајте ги најнапред царството и Божјата праведност, а сето ова ќе ви се додаде“ (Мат. 6:33). Дали совеста те потсетува на овој совет кога планираш како ќе го трошиш времето? (w15 15/9 2:13, 15).

Недела, 19 ноември

Зошто се разгневи и зошто ти е смуртено лицето? Ако почнеш да правиш добро, зарем нема да ми бидеш мил? Ќе го надвладееш ли гревот? (1. Мој. 4:6, 7)

Кога видел дека Каин е во опасност да направи нешто многу лошо, Јехова се обидел да му помогне. Тој навреме му дал совет кој бил за негово добро. За жал, Каин не го послушал предупредувањето, и последиците биле страшни (1. Мој. 4:11-13). Друг пример е Варух, писарот на Еремија. Кога тој се почувствувал исцрпено и обесхрабрено, Јехова му дал совет за да му помогне да сфати дека не размислува исправно и дека треба да направи промена. За разлика од Каин, Варух го прифатил Божјиот совет, и си го зачувал животот (Ерем. 45:2-5). Јехова ни дава водство и нѐ укорува затоа што нѐ сака како свои деца. Освен што нѐ исправа кога е неопходно, ни помага и да станеме подобри личности (Евр. 12:6). Тоа го прави на разни начини. На пример, во Библијата се зборува за некои верни слуги на Бог кои тој ги обликувал додека трпеле тешки неволји (w15 15/9 4:12-13).

Понеделник, 20 ноември

Твоите слуги доаѓаат заради името на Јехова, твојот Бог. Зашто, чувме за неговата слава, за сѐ што направил тој (Ис. Нав. 9:9)

Гаваонците биле мудри и сфатиле дека вистинскиот Бог се бори за израелскиот народ. И Раав ја видела Божјата рака во настаните што се случувале во нејзино време. Откако дознала како Јехова го избавил својот народ, таа им рекла на двајцата израелски извидници кои дошле кај неа: „Знам дека Јехова сигурно ќе ви ја даде оваа земја“. Иако било многу опасно да заземе таков став, таа покажала вера дека Јехова може да ја избави неа и нејзиното семејство (Ис. Нав. 2:9-13; 4:23, 24). Овие и многу други примери од Библијата ни помагаат да разбереме што значи да го гледаме Бог или да ја гледаме неговата рака. Колку подобро ги запознаваме неговите особини и патишта толку појасно ја гледаме неговата рака со ‚очите на нашето срце‘ (Еф. 1:18). Тоа нѐ поттикнува да го следиме примерот на верните поединци од минатото и од нашево време, кои виделе како Јехова му помага на својот народ (w15 15/10 1:6-7, 9).

Вторник, 21 ноември

Исус ги сакаше Марта и нејзината сестра и Лазар (Јован 11:5)

Библијата вели дека Исус бил многу добар пријател со Марта и дека ја сакал. Се разбира, таа не била единствената жена која Исус ја почитувал и ја сакал. На пример, тој ѝ бил добар пријател и на Марија, сестрата на Марта. А ја сакал и својата мајка, Марија (Јован 19:25-27). Исус сигурно имал наклоност кон Марта затоа што била духовна личност, а не само затоа што била гостопримлива и трудољубива. Таа покажала вистинска вера во она што го поучувал Исус и била потполно уверена дека тој е ветениот Месија (Јован 11:21-27). Сепак, Марта била несовршена. Исто како сите ние, и таа правела грешки. На пример, кога еднаш Исус бил на гости кај нив, Марта си зела за право да му каже дека треба да ја исправи сестра ѝ, која според неа постапила погрешно. Таа му рекла: „Господару, зарем не ти е грижа што сестра ми ме остави сама да послужувам? Речи ѝ да ми помогне!“ (Лука 10:38-42; w15 15/10 3:1-2).

Среда, 22 ноември

Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам (Јак. 4:8)

Ако продолжиме да размислуваме за духовните работи, вистината ќе гори во нашето срце. Така ќе бидеме извор на охрабрување за браќата и за заинтересираните лица на кои им проповедаме. Ако длабоко размислуваме за најголемиот дар од Бог — откупната жртва на Исус — од срце ќе го цениме нашиот близок однос со Него (Рим. 3:24). Марк од Јужноафриканската Република, кој поминал три години в затвор поради својата христијанска неутралност, рекол: „Длабокото размислување може да се спореди со возбудливо патување. Секогаш кога размислуваме за духовните работи, откриваме нешто ново за нашиот Бог, Јехова. Понекогаш, кога се чувствувам обесхрабрено или сум загрижен за иднината, ја земам Библијата и размислувам за некој стих. Чувствувам дека тоа навистина ме смирува“ (w15 15/10 4:15).

Четврток, 23 ноември

Помогни ми да разберам за да се држам за твојот закон, за да се држам за него со сето свое срце (Пс. 119:34)

Одбери го вистинскиот момент за да му објасниш на својот тинејџер која е причината за некое правило или одлука што си ја донел. Ако сфати како размислуваш за некоја работа, поголема е веројатноста да те послуша спремно и од срце. Бери, кој има четири деца, вели: „Тинејџерите имаат поголема доверба во тебе кога им ги објаснуваш причините за некоја работа“. Тие ќе видат дека не поставуваш правила и не донесуваш одлуки само затоа што имаш такво право, туку затоа што постои добра причина за тоа. Исто така, имај на ум дека тинејџерите веќе не се мали деца. Тие учат да размислуваат со своја глава и сакаат самите да донесуваат одлуки (Рим. 12:1). Бери објаснува: „Тинејџерите треба да научат да носат одлуки кои се темелат на разумот, а не на чувствата“. Затоа, биди понизен и објасни му на твојот тинејџер зошто си донел одредена одлука. Така ќе му помогнеш да научи да одлучува. Освен тоа, тој ќе може да види дека го почитуваш и дека не се однесуваш со него како со мало дете (w15 15/11 2:11).

Петок, 24 ноември

Да им правиме добро на сите, а особено на своите браќа по вера (Гал. 6:10)

Низ целата Земја, милиони луѓе му служат на Јехова и сведочат за неговото име и за неговата намера. Сите тие се наши браќа и сестри. Каков став треба да имаме кон нив? (Рим. 12:10). Апостол Петар напишал: „Сега, кога со послушноста кон вистината ги исчистивте своите души за да можете да покажувате нелицемерна братска љубов, сакајте се еден со друг силно и од срце“. Тој исто така им го рекол следново на своите соверници: „Пред сѐ, горливо сакајте се еден со друг“ (1. Пет. 1:22; 4:8). Нашата меѓународна организација е навистина нешто посебно. Зошто? Затоа што сите се сакаме горливо и од срце. Освен тоа, бидејќи го сакаме Јехова и ги слушаме неговите закони, тој нѐ поддржува со најмоќната сила во вселената — својот свет дух. Благодарение на Божјиот дух, меѓу нас владее вистинско единство (1. Јов. 4:20, 21; w15 15/11 4:8-9).

Сабота, 25 ноември

Десет луѓе од сите јазици што ги зборуваат народите ќе речат: „Ќе одиме со вас“ (Зах. 8:23)

Јехова не очекува од нас да научиме одреден јазик за да го запознаеме него или неговите намери (Отк. 7:9, 10). А дали тоа што луѓето зборуваат на различни јазици го спречило да им ја пренесе својата порака? Не. На пример, иако Исус зборувал хебрејски, во Библијата се запишани само неколку негови изјави на тој јазик (Мат. 27:46; Мар. 5:41; 7:34; 14:36). Сепак, Јехова се погрижил Христовата порака да се пренесе на грчки, а со текот на времето и на други јазици. Божјата порака била зачувана и благодарение на тоа што Евреите и христијаните секогаш одново ги препишувале светите списи. Подоцна тие биле преведени на уште многу други јазици. Јован Златоуст, кој живеел во четврти и петти век од н.е., рекол дека, до негово време, учењата на Исус биле преведени на јазикот на Сиријците, Египќаните, Индијците, Персијците, Етиопјаните и многу други народи (w15 15/12 1:10-11).

Недела, 26 ноември

Збор кажан во право време — колку е добар! (Изр. 15:23)

Што може да се случи ако не го избереме вистинскиот момент за зборување? Другите можеби нема да нѐ разберат или, пак, нема да го прифатат она што им го кажуваме иако тоа навистина им е потребно. На пример, во март 2011 год., источниот дел на Јапонија беше погоден од разорен земјотрес и од цунами, кои срамнија со земја цели градови. Во оваа катастрофа, животот го загубија повеќе од 15.000 лица. Иако ја доживеаја истата трагедија како и нивните соседи, Јеховините сведоци во таа област ја користеа секоја прилика да ги тешат ужалените лица со помош на Божјата Реч. Меѓутоа, мнозина од тамошните жители се будисти и не знаат многу за библиските учења. Затоа, нашите браќа увидоа дека не е баш најдобро време да зборуваат со нив за надежта во воскресение веднаш по катастрофата. Наместо тоа, се трудеа да ги утешат и да им објаснат на темел на Библијата зошто им се случуваат лоши работи на невини луѓе (w15 15/12 3:7).

Понеделник, 27 ноември

Лековерниот верува на секој збор, а паметниот внимава на своите чекори (Изр. 14:15)

За жал, во овој алчен свет, некои сакаат да печалат на маката на другите. Некои поединци и фирми рекламираат производи кои се прилично скапи со цел да заработат огромни суми пари. Кога човек е болен и очајно сака да му биде подобро или да си го продолжи животот, можеби е спремен да проба сѐ и сешто. Ако сме мудри, особено ќе внимаваме кога препораката доаѓа од некој што не е доволно стручен. Добро е да се прашаме: ‚Тој вели дека овој витамин, билка или начин на исхрана наводно им помогнале на некои, но дали имам доказ дека навистина е така? Дури и да им помогнале на други, од каде може да бидам сигурен дека ќе ми помогнат и мене? Дали треба да истражувам уште малку за таа работа или, пак, да се обратам кај некое стручно лице?‘ (5. Мој. 17:6; w15 15/12 4:14-15).

Вторник, 28 ноември

Христовата љубов нѐ тера (2. Кор. 5:14)

Павле знаел дека, ако ја прифатиме големата љубов што ни ја покажал Исус, ќе бидеме мотивирани да живееме за него. Кога во потполност ќе разбереме што направил Јехова за нас и кога неговата љубов ќе нѐ допре до срце, ќе сакаме да го живееме животот на начин што го одобрува Исус. Како може да го правиме тоа? Оние што го сакаат Јехова се поттикнати да се угледаат на Христос и во сѐ да ги следат неговите стапки (1. Пет. 2:21; 1. Јов. 2:6). Со тоа што сме им послушни на Бог и на Христос, покажуваме дека ги сакаме. Исус рекол: „Кој ги има моите заповеди и ги држи, тој ме сака. А кој ме сака мене, него ќе го сака и мојот Татко, и јас ќе го сакам“ (Јован 14:21; 1. Јов. 5:3). Затоа, прашај се: ‚На кои полиња веќе постапувам како Исус Христос? Во што можам да се подобрам?‘ Многу е важно да се преиспитуваме бидејќи постојано сме под притисок да живееме како што живеат луѓето во светот (Рим. 12:2; w16.01 2:7-9).

Среда, 29 ноември

Ќе бидеме како него, бидејќи ќе го видиме токму таков каков што е (1. Јов. 3:2)

Дали чувствуваш посебна ревност во службата? Дали длабоко ја проучуваш Божјата Реч, и дали уживаш да ги истражуваш „Божјите длабочини“? (1. Кор. 2:10). Дали чувствуваш дека Јехова посебно те благословува во службата? Дали во тебе гори силна желба да ја вршиш Божјата волја? Дали многу ги сакаш другите, и дали длабоко во себе чувствуваш одговорност да им помагаш во духовен поглед? Дали си видел докази дека Јехова лично ти помага во животот? Ако на сите овие прашања одговориш потврдно, дали тоа значи дека имаш небесен повик? Не. Зошто? Затоа што вакви чувства немаат само оние што се помазани. Преку светиот дух, Јехова дејствува подеднакво во животот и на помазаниците и на оние што имаат надеж за вечен живот на Земјата. Всушност, ако се прашуваш дали си добил небесен повик, самото тоа покажува дека не си го добил (w16.01 3:14-15).

Четврток, 30 ноември

Се веселев пред него за сето време (Изр. 8:30)

Додека соработувал со својот Татко, Исус бил среќен поради сето она што го правел. Но, се радувал и затоа што знаел дека Јехова многу го сака. А како е со нас? Исус рекол дека луѓето се среќни и кога примаат и кога даваат (Дела 20:35). На пример, ние се радуваме што сме ја дознале вистината, но се радуваме и што можеме да ја споделуваме со другите. Додека го правиме тоа, гледаме колку голема радост чувствуваат духовно гладните лица кога ќе го запознаат нашиот Бог и ќе ги дознаат скапоцените вистини од неговата Реч. Длабоко сме трогнати кога прават промени во своето размислување и во својот живот. Јасно сфаќаме дека проповедањето на добрата вест е од огромна важност. Тоа им помага на оние кои ќе се помират со Бог да зачекорат по патот што води до вечен живот (2. Кор. 5:20). Зарем има поголема радост од тоа да им помагаме на луѓето да станат Божји пријатели? (w16.01 5:6-7).

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели