ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • es17 стр. 98-108
  • Октомври

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Октомври
  • Секојдневно истражување на Писмото — 2017
  • Поднаслови
  • Недела, 1 октомври
  • Понеделник, 2 октомври
  • Вторник, 3 октомври
  • Среда, 4 октомври
  • Четврток, 5 октомври
  • Петок, 6 октомври
  • Сабота, 7 октомври
  • Недела, 8 октомври
  • Понеделник, 9 октомври
  • Вторник, 10 октомври
  • Среда, 11 октомври
  • Четврток, 12 октомври
  • Петок, 13 октомври
  • Сабота, 14 октомври
  • Недела, 15 октомври
  • Понеделник, 16 октомври
  • Вторник, 17 октомври
  • Среда, 18 октомври
  • Четврток, 19 октомври
  • Петок, 20 октомври
  • Сабота, 21 октомври
  • Недела, 22 октомври
  • Понеделник, 23 октомври
  • Вторник, 24 октомври
  • Среда, 25 октомври
  • Четврток, 26 октомври
  • Петок, 27 октомври
  • Сабота, 28 октомври
  • Недела, 29 октомври
  • Понеделник, 30 октомври
  • Вторник, 31 октомври
Секојдневно истражување на Писмото — 2017
es17 стр. 98-108

Октомври

Недела, 1 октомври

Оние што однапред ги одреди, нив и ги повика (Рим. 8:30)

Јехова почнал да избира помазаници по смртта и воскресението на Исус. По сѐ изгледа, сите во христијанското собрание од првиот век биле помазани. Од првиот век до почетокот на последните денови, најголем дел од оние што тврделе дека го следат Христос биле лажни христијани, кои Исус ги споредил со „какол“. Сепак, за сето тоа време, Јехова продолжил да помазува верни лица. Тие биле како „пченицата“ за која Исус рекол дека ќе расте меѓу каколот (Мат. 13:24-30). Во последните денови, Јехова продолжил да ги избира оние што ќе бидат дел од 144-те илјади. Ако тој реши да избере некои пред самиот крај, кои сме ние да ја доведуваме во прашање неговата мудрост? (Иса. 45:9; Дан. 4:35; Рим. 9:11, 16). Мора да внимаваме да не реагираме како незадоволните работници кои приговарале поради начинот на кој нивниот господар постапил со оние кои дошле да работат на лозјето во единаесеттиот час (Мат. 20:8-15; w16.01 4:15).

Понеделник, 2 октомври

Те молам, земи го својот син, својот единец, Исак, кого толку го сакаш, па појди во земјата Морија и таму принеси го како жртва паленица на еден од ридовите, кој ќе ти го покажам! (1. Мој. 22:2)

Денес Бог не бара вакво нешто од своите слуги. Сепак, очекува да му бидеме послушни дури и кога неговите заповеди ни се тешки или кога не разбираме зошто бара нешто од нас. Има ли некоја заповед која тебе лично ти е тешка? За некои тоа е проповедањето. Можеби се срамежливи, и затоа не им е лесно да им пристапуваат на непознати луѓе за да им сведочат. На други понекогаш им е предизвик да бидат поинакви од своите соученици или колеги на работното место (2. Мој. 23:2; 1. Сол. 2:2). Кога ќе добиеш задача која ти изгледа претешка, сети се на извонредниот пример на вера и храброст што го дал Авраам. Ако длабоко размислуваме за примерите на многу верни Божји слуги, тоа може да нѐ поттикне да се угледаме на нив и да станеме уште поблиски со нашиот Пријател, Јехова (Евр. 12:1, 2; w16.02 1:3, 14).

Вторник, 3 октомври

Саул им зборуваше на својот син Јонатан и на сите свои слуги дека има намера да го убие Давид (1. Сам. 19:1)

Кога Саул решил да го убие Давид, Јонатан требало да донесе тешка одлука. Иако склучил сојуз со Давид, тој му бил подложен и на својот татко. Но, Јонатан знаел дека Бог е со Давид, а не со Саул. Затоа одлучил да му биде лојален на својот пријател. Го предупредил Давид да се скрие, и зборувал добро за него пред Саул (1. Сам. 19:1-6). Ако не сме внимателни, лојалноста кон државата, кон училиштето или кон некој спортски тим може да ни стане поважна од лојалноста кон Бог. На пример, Хенри уживал да игра шах за школскиот тим и сакал да даде сѐ од себе за да може неговото училиште да победи на шаховското првенство. Но, бидејќи секој викенд учествувал во натпреварите, немал доволно време за служба и за христијанските состаноци. Хенри вели дека постепено му станало поважно да му биде лојален на училиштето отколку на Бог. Затоа одлучил повеќе да не игра шах за школскиот тим (Мат. 6:33; w16.02 3:10, 12).

Среда, 4 октомври

Твојот народ спремно ќе се понуди (Пс. 110:3)

Како млад човек, што ќе ти помогне да сфатиш дали одлуката да се крстиш се темели на твојата искрена желба да му служиш на Јехова? Една работа е да размислиш за своите молитви. Колку често му се молиш на Бог? Дали се молиш за конкретни работи? Одговорот на овие прашања може да ти открие колку си близок со Јехова (Пс. 25:4). Бидејќи тој честопати одговара на молитвите преку својата Реч, добро е да размислиш колкав труд вложуваш да ја проучуваш. Тоа е уште една работа што ќе ти помогне да сфатиш дали навистина сакаш да бидеш близок со Јехова и да му служиш од срце (Ис. Нав. 1:8). Дали редовно ја проучуваш Божјата Реч? Ако твоите родители се во вистината, дали спремно учествуваш во Семејната вечер? Овие прашања ќе ти помогнат да сфатиш дали си одлучил да се крстиш затоа што навистина од срце го сакаш тоа (w16.03 1:11, 13).

Четврток, 5 октомври

Тој го поврзува и обединува целото тело, за да функционира како сложна целина (Еф. 4:16; Радосна Вест)

Ние сме обединети на нашите регионални, специјални и меѓународни конгреси додека слушаме охрабрувачки библиски говори, и гледаме драми и разни прикази. Тоа нѐ поттикнува да му служиме на Јехова со сета душа и да му го дадеме нашето најдобро. Обединети сме и кога секоја година на 14 нисан по зајдисонце ја одбележуваме Спомен-свеченоста по повод Христовата смрт (1. Кор. 11:23-26). Се собираме бидејќи сме благодарни за незаслужената доброта што ни ја покажал Бог и бидејќи сме послушни на заповедта што ја дал Исус. Исто така, во седмиците пред Спомен-свеченоста каниме колку што е можно повеќе луѓе да присуствуваат на овој важен настан заедно со нас. Можеби ни се чини дека трудот што го вложуваме како поединци не е ништо посебно. Но, благодарение на тоа што соработуваме, ние можеме да им го насочиме вниманието на милиони луѓе кон Јехова — оној што ја заслужува сета фалба и чест! (w16.03 3:4, 6-7).

Петок, 6 октомври

Ова е мојот сакан Син, кој ми е по волја! (Мат. 3:17)

Браќата кои добиваат обука за да служат во собранието треба да бидат поучени да ги прават работите затоа што ги разбираат библиските начела, а не само затоа што мора да следат одредени правила. На пример, ако еден старешина замоли некој брат да се грижи влезот во салата да биде чист и безбеден, би можел да му го покаже стихот од Тит 2:10. Би можел да му објасни како со таа задача ќе придонесе да се ‚украсува учењето на нашиот Спасител, Бог‘. Исто така, би можел да го поттикне да размислува како она што го прави ќе им користи на постарите во собранието. Ако таквите разговори се дел од обуката, старешината ќе му помогне на ученикот да мисли повеќе на луѓето отколку на правилата. Тогаш ученикот ќе се радува затоа што ќе сфати каква корист имаат браќата и сестрите во собранието од задачата што ја извршува. Освен тоа, старешината не треба да заборави да го пофали затоа што се труди да ги примени предлозите. Исто како што водата му помага на растението да цвета, така и пофалбата му помага на ученикот духовно да напредува (w15 15/4 2:7-8).

Сабота, 7 октомври

Господарот ќе ме избави од секакво зло (2. Тим. 4:18)

Дали понекогаш ти се чини дека мораш сосема сам да се бориш со некој тежок проблем? Можеби немаш работа или си под притисок на училиште. Можеби си болен или, пак, се наоѓаш во некоја друга тешка ситуација. Иако си побарал помош, другите те разочарале затоа што не ти го дале она што ти било потребно. Се разбира, некои проблеми не може да ги реши ниту еден човек. Библијата вели дека во такви моменти треба ‚да имаме доверба во Јехова‘ (Изр. 3:5, 6). Но, можеш ли да бидеш сигурен дека тој ќе ти помогне? Секако. Во Божјата Реч има многу примери кои нѐ уверуваат дека Јехова навистина им помага на своите слуги. Затоа, немој да бидеш огорчен кога луѓето не ти ја даваат потребната помош. Наместо тоа, слично на Павле, гледај на неволјата како на можност да покажеш потполна доверба во Јехова. Исто така, тоа е прилика да видиш од прва рака како Јехова со љубов се грижи за тебе. Ова ќе ја зајакне твојата доверба во него и вашето пријателство ќе стане уште поцврсто (w15 15/4 4:3-5).

Недела, 8 октомври

Богот на овој свет им ги заслепил неверничките умови (2. Кор. 4:4)

Сатана може да ги сврти луѓето против нашиот грижлив Бог, Јехова, само ако успее да ги заведе (1. Јов. 4:8). Служејќи се со лаги и измами, тој ги спречува „да ги задоволат своите духовни потреби“ (Мат. 5:3). На тој начин, ‚ги заслепува неверничките умови за да не продре до нив светлината на славната добра вест за Христос, кој е слика на Бог‘. Една од најуспешните мамки што Сатана ги користи за да ги заведе луѓето е лажната религија. Тој сигурно многу се радува кога гледа како луѓето ги обожаваат своите предци, природата или животните, односно кој и да било или што и да било освен Јехова, кој „бара да му се покажува оддаденост само нему“ (2. Мој. 20:5). Дури и мнозина од оние што мислат дека му служат исправно на Бог, всушност, се оковани во прангите на лажните учења и обичаи од кои нема никаква корист. Тие се за жалење, исто како што биле и Израелците кои Јехова ги молел: „Зошто [го] трошите... својот труд на она што не заситува? Слушајте ме внимателно... и вашата душа нека ужива во најдобрата храна!“ (Иса. 55:2; w15 15/5 1:14-15).

Понеделник, 9 октомври

Тој ќе ти ја смачка главата, а ти ќе го раниш во петицата (1. Мој. 3:15)

Иако не знаел како точно ќе се исполни ова ветување, Авел веројатно многу размислувал за него, и сфатил дека некој ќе биде ‚ранет во петицата‘ за да можат луѓето повторно да станат совршени. Авел покажал вера на темел на Јеховиното ветување, и затоа Бог ја прифатил неговата жртва (1. Мој. 4:3-5; Евр. 11:4). Ное го преживеал Потопот затоа што имал вера (Евр. 11:7). После Потопот, верата го поттикнала да му принесе животински жртви на Јехова (1. Мој. 8:20). Без сомнение, слично на Авел, тој верувал дека еден ден човештвото ќе биде ослободено од ропството на гревот и смртта. Но, откако завршил Потопот, луѓето повторно станале злобни. Почнал да владее Нимрод, кој му се противел на Јехова (1. Мој. 10:8-12). Сепак, Ное ги зачувал својата вера и надеж. Најверојатно му влевала храброст мислата дека во свое време Бог ќе му стави крај на суровото човечко владеење и дека ќе ги отстрани наследниот грев и смртта. И ние можеме да си го замислиме тоа прекрасно време, кое сега навистина е многу близу! (Рим. 6:23; w15 15/5 3:4, 6).

Вторник, 10 октомври

Од загриженост срцето на човекот му премалува, а добриот збор го радува (Изр. 12:25)

Ако не ги држиме под контрола негативните мисли, тие можат да ни наштетат и во физички и во духовен поглед. Затоа, да имаме доверба во Јехова и да не ги заборавиме зборовите од денешниот стих. Ако си загрижен за нешто, зборувај со некој што му служи на Јехова и што добро те познава. Разговорот со родителите, со брачниот другар или со некој доверлив пријател може многу да ни ги намали грижите. Јехова разбира како се чувствуваме повеќе од кој и да е друг, и може да ни даде мир кога ќе нѐ притиснат грижи. Павле напишал: „Не бидете загрижени за ништо, туку во сѐ — со молитви и молби, со благодарење — изнесете му ги своите барања на Бог. И мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашиот ум преку Христос Исус“ (Фил. 4:6, 7). Затоа, кога си загрижен, размислувај за помошта што Јехова ни ја дава за да останеме блиски со него, како и за помошта што ја добиваме преку нашите браќа и сестри, старешините, верниот роб, ангелите и Исус (w15 15/5 4:16-17).

Среда, 11 октомври

Таму имаше еден човек, кој боледувал од својата болест триесет и осум години (Јован 5:5)

Северно од храмот во Ерусалим имало езерце кое се викало Витезда. Таму се собирале мноштва болни, слепи и сакати луѓе бидејќи верувале дека ќе бидат излекувани со чудо. Поттикнат од сомилост, Исус му пристапил на еден човек кој бил болен подолго отколку што тој живеел на Земјата (Јован 5:6-9). Потоа го прашал дали сака да оздрави. Човекот одговорил дека сака, но не може затоа што нема кој да го спушти во езерцето. Тогаш Исус му заповедал да направи нешто невозможно — да си ја земе носилката и да оди. Човекот го послушал — застанал на нозе, ја кренал носилката и почнал да оди! Ова чудо е извонредна претслика за она што Исус ќе го прави во новиот свет. Но, покажува и колку тој е сочувствителен. Исус ги барал оние на кои им била потребна помош. Неговиот пример треба да нѐ поттикне да продолжиме да ги бараме на нашето подрачје луѓето кои се потиштени поради сите страшни работи што се случуваат во светот (w15 15/6 2:8-10).

Четврток, 12 октомври

Молете се вака (Мат. 6:9)

Изразот „Татко наш“, а не „Татко мој“, нѐ потсетува дека сме дел од едно меѓународно братство во кое сите вистински се сакаат (1. Пет. 2:17). Тоа е огромна чест! Помазаните христијани, кои се усвоени како Божји синови и имаат надеж за живот на небото, со право го нарекуваат Јехова свој „Татко“ (Рим. 8:15-17). Но, и христијаните кои се надеваат дека ќе живеат вечно на Земјата можат да му се обраќаат на Бог со „Татко“. Зошто? Затоа што тој им дава живот и со љубов се грижи за потребите на сите свои слуги. Оние што имаат земна надеж ќе бидат Божји деца во вистинска смисла на зборот откако ќе станат совршени и ќе ја докажат својата верност во последниот испит (Рим. 8:21; Отк. 20:7, 8). Родителите им даваат на своите деца прекрасен дар кога им помагаат да сфатат дека Јехова е нивни небесен Татко и кога ги учат да му се молат. Најдоброто нешто што родителите можат да им го дадат на децата е да им помогнат да станат блиски пријатели со Јехова (w15 15/6 4:4-6).

Петок, 13 октомври

Избави нѐ од Злобниот (Мат. 6:13)

За да живееме во склад со барањето „избави нѐ од Злобниот“, мора да се трудиме да не бидеме „дел од светот“ на Сатана. Не смееме да го сакаме „ниту светот ниту она што е во светот“ (Јован 15:19; 1. Јов. 2:15-17). За тоа е потребна постојана борба. Колкаво олеснување ќе доживееме кога Јехова ќе одговори на оваа молба така што ќе го отстрани Сатана и неговиот злобен свет! Но, не смееме да заборавиме дека Ѓаволот сега е многу гневен бидејќи знае дека има кратко време. Затоа прави сѐ што може за да ја скрши нашата беспрекорност. Од таа причина мора да го молиме Јехова да нѐ избави од него (Отк. 12:12, 17). Дали сакаш да живееш во свет во кој ќе го нема Сатана? Ако да, тогаш продолжи да се молиш да дојде Божјето Царство за да се посвети Божјето име и за да се врши Божјата волја на Земјата. Потпирај се на Јехова да ги задоволи твоите духовни и телесни потреби. Биди решен да живееш во склад со молитвата Оченаш! (Мат. 6:9-13; w15 15/6 5:12, 17-18).

Сабота, 14 октомври

Ќе има голема неволја (Мат. 24:21)

Иако сѐ уште не сфаќаме во потполност што сѐ ќе се случува во тој период на испити, можеме да очекуваме дека секој од нас ќе мора да прави жртви. Во првиот век, христијаните морале да го остават својот имот и да се справат со разни неволји за да преживеат (Мар. 13:15-18). Добро е да се прашаме: ‚Дали сум спремен да претрпам материјална загуба? Дали ќе правам сѐ што е потребно за да му останам лојален на Јехова?‘ Замисли, тогаш ќе бидеме единствените луѓе на Земјата што ќе го следат примерот на древниот пророк Даниел и ќе продолжат да му служат на Бог по секоја цена! (Дан. 6:10, 11). Во големата неволја нема да ја проповедаме „добрата вест за Царството“. Тоа време ќе биде поминато. Библијата вели: „Тогаш ќе дојде крајот“! (Мат. 24:14). Без сомнение, Божјиот народ смело ќе разгласува остра порака на осуда, која најверојатно ќе вклучува објава дека му е дојден крајот на злобниот свет на Сатана (w15 15/7 2:3, 8-9).

Недела, 15 октомври

Тие не се дел од светот, како што и јас не сум дел од светот (Јован 17:16)

Не треба да се изненадиме што светот ќе нѐ мрази поради тоа што сме неутрални. Исус предупредил дека ќе биде така. Повеќето противници не знаат ништо за Божјето Царство. Затоа не можат да разберат зошто ни е толку важно да му бидеме лојални на тоа Царство наместо на човечките влади. За да му останеме лојални на Јехова, мора да му бидеме послушни без оглед на заканите и притисокот од околината (Дан. 3:16-18). Иако стравот од човек може да влијае врз сите нас, на младите им е особено тешко да се издвојуваат како поинакви од другите. Ако твоите деца се плашат да одбијат да го поздрават знамето или да учествуваат во патриотски церемонии, потруди се да им помогнеш. На Семејната вечер можете да проучувате како гледа Јехова на овие работи. Поучи ги како храбро и со почит да ги објаснат своите верувања (Рим. 1:16). Освен тоа, ако е неопходно, разговарај со нивните наставници за да им го објасниш нашиот став (w15 15/7 3:15-16).

Понеделник, 16 октомври

Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син (Јован 3:16)

Јехова ни ја дал откупнината како дар „за да добиеме живот“ (1. Јов. 4:9). Во врска со овој највозвишен израз на Божјата љубов, апостол Павле напишал: „Христос умре за безбожниците во времето што беше одредено за тоа. Навистина, тешко дека некој ќе умре за праведен, но за добар човек можеби некој и би се осмелил да умре. А Бог ни ја покажа својата љубов, така што Христос умре за нас уште додека бевме грешници“ (Рим. 5:6-8). Благодарение на откупната жртва на Исус, луѓето добиле можност да бидат блиски со својот Творец. Преку откупнината, Јехова ја покажува својата љубов кон сите луѓе во светот. Ако продолжиме верно да му служиме, може да бидеме уверени дека тој ќе ни подари прекрасен живот во новиот свет. Затоа, да покажеме дека многу ја цениме откупнината — најголемиот доказ за Јеховината неизмерна љубов кон нас! (w15 15/8 1:13, 15).

Вторник, 17 октомври

Не бидете жалосни (Неем. 8:10)

За нас навистина ќе биде огромна чест да служиме под власта на Царството во Божјиот нов свет! Затоа, вреди да правиме сѐ што можеме за да бидеме послушни на упатствата што ги добиваме денес и да ги извршуваме сите теократски задачи кои ни се доверени. Се разбира, околностите можат да ни се сменат. На пример, некои членови на бетелското семејство во САД беа испратени да служат на подрачјето во разни видови полновремена служба. Поради поодминатите години или од други причини, некои што беа во патувачкото дело добија задача да служат како специјални пионери. Ако научиме да бидеме задоволни, ако го молиме Бог за помош и ако даваме сѐ од себе во службата за него, ќе бидеме среќни, и тој ќе ни излее многу благослови дури и во овие тешки времиња (Изр. 10:22). Како ова ќе ни помогне во новиот свет? Можеби тогаш ќе бидеме замолени да се преселиме на некое место, иако многу сме сакале да живееме на друго. Како ќе реагираме? Толку ќе бидеме среќни и благодарни што сме во новиот свет, што воопшто нема да ни биде важно ни каде живееме ни што работиме! (w15 15/8 3:8).

Среда, 18 октомври

Ное беше непорочен меѓу своите современици (1. Мој. 6:9)

Ное живеел во зол свет, но не се дружел со безбожните луѓе. Заедно со седумте члена на своето семејство, бил зафатен со работата што му ја дал Бог, имено, со градењето на арката. Во исто време, Ное бил и ‚проповедник на праведноста‘ (2. Пет. 2:5). Додека проповедал, и додека ја градел арката и поминувал време со семејството, тој бил зафатен со добри работи кои го радувале Бог. Како резултат на тоа, Ное и неговата жена, како и неговите три сина и три снаи, го преживеале Потопот. Сите ние денес сме нивни потомци, и треба да им бидеме благодарни затоа што му биле послушни и верни на Јехова. На сличен начин, верните и послушни христијани во првиот век не се дружеле со безбожниците, и го преживеале уништувањето на Ерусалим и на еврејскиот поредок во 70 год. од н.е. (Лука 21:20-22; w15 15/8 4:17-18).

Четврток, 19 октомври

Има време за смеење и време за танцување (Проп. 3:4)

Секоја разонода не е корисна, и не ни помага да се опуштиме и да се освежиме. Освен тоа, не е добро да се рекреираме предолго или пречесто. Како може совеста да ни помогне да уживаме во разонодата која ја одобрува Јехова и да извлечеме корист од неа? Библијата нѐ предупредува да се чуваме од „делата на телото“. Во нив спаѓаат „блуд, нечистотија, бесрамност, идолопоклонство, гатање, непријателства, караници, љубомора, изливи на гнев, судири, поделби, секти, завист, пијанки, разуздани гозби и други слични работи“. Павле напишал дека „оние што прават такво нешто нема да го наследат Божјето царство“ (Гал. 5:19-21). Затоа е добро да се прашаме: ‚Дали совеста ме поттикнува да избегнувам агресивни и насилни спортови или спортови што кај мене можат да разгорат натпреварувачки дух или националистички чувства? Дали ми помага да се спротивставам на искушението да гледам некој филм во кој има порнографски сцени или во кој се прикажува неморал, пијанчење или спиритизам?‘ (w15 15/9 2:11-12).

Петок, 20 октомври

Добро знам, Јехова, дека патот на земниот човек не е во негова власт. Човекот кој оди не може да управува со своите чекори (Ерем. 10:23)

Библијата ни кажува дека луѓето не се создадени да бидат независни од Бог и сами да одлучуваат што е исправно, а што не. Последиците од непочитувањето на оваа основна вистина се трагични. Многу е важно да сфатиме дека Јехова знае што е најдобро за нас. Само ако го почитуваме неговиот авторитет, ќе може да живееме во мир и хармонија. Бог ни ја открил оваа важна вистина затоа што многу нѐ сака! Еден грижлив татко е многу заинтересиран за иднината на своите деца и сака тие да водат исполнет и среќен живот. За жал, денес повеќето луѓе не знаат што им носи иднината или, пак, го трошат животот на работи кои не им носат трајна корист (Пс. 90:10). Но, како Божји деца, ние навистина се чувствуваме сакани бидејќи нашиот Татко ни ветил прекрасна иднина. Тоа му дава вистинска смисла на нашето постоење (w15 15/9 4:10-11).

Сабота, 21 октомври

Ќе нема ниту роса ниту дожд, освен по моја наредба (1. Цар. 17:1)

Во минатото, многу луѓе имале можност да чујат и да видат како Бог им помага на Израелците. Јехова со чуда го избавил својот народ од Египет, и подоцна поразил многу цареви во Ветената земја (Ис. Нав. 9:3, 9, 10). Бидејќи непријателите на Израелците одбиле да признаат дека Бог се бори за својот народ, на крајот биле поразени. Подоцна, злобниот цар Ахав имал можност во повеќе наврати да ја види Божјата рака. Овој цар со свои очи видел како, по молитвата на Илија, слегол оган од небото и ја изгорел жртвата што ја принел пророкот. Потоа Илија покажал дека Јехова ќе ѝ стави крај на сушата која настапила, кога му рекол на Ахав: „Оди долу за да не те фати дождот“ (1. Цар. 18:22-45). Иако Ахав ги видел сите овие чуда, сепак одбил да поверува дека тие се јасен показател за Божјата огромна моќ. Од овие примери во минатото може да извлечеме една важна поука — мора свесно да вложиме труд за да ја видиме Јеховината рака во нашиот живот (w15 15/10 1:4-5).

Недела, 22 октомври

Праведникот ќе живее поради верата (Гал. 3:11)

Никогаш не треба да се сомневаме дека Бог ќе ни помага ако го следиме неговото водство. Неопходно е да покажуваме доверба во Јехова, кој навистина може да ни помогне. Павле нѐ потсетува дека Бог „може со својата сила, која дејствува во нас, да направи неизмерно повеќе од сѐ што молиме или што ќе... замислиме“ (Еф. 3:20). Иако правиме сѐ што можеме за да ја вршиме Божјата волја, свесни сме дека имаме ограничувања. Затоа сме многу благодарни што Бог е со нас и што го благословува целиот наш труд. Дали можеме да очекуваме дека тој ќе ни одговори кога го молиме да ни даде уште вера? Библијата нѐ уверува дека можеме, затоа што тоа барање е „во склад со неговата волја“ (1. Јов. 5:14). Јехова се радува кога покажуваме потполна доверба во него. Тој ќе нѐ услиши ако го молиме да ни даде поголема вера. Нашата вера ќе се зајакне толку многу што ќе ‚бидеме прогласени за достојни за Божјето царство‘ (2. Сол. 1:3, 5; w15 15/10 2:16-18).

Понеделник, 23 октомври

Да не бидеме одвлечени од верата (Евр. 2:1)

Тоа што длабоко ќе размислуваме за духовните работи може да ни помогне да станеме зрели христијани (Евр. 5:14; 6:1). Ако некој не одвојува многу време да размислува за Јехова и за Исус не може да има силна вера. Таквиот може да си го наруши пријателството со Бог и да биде одвлечен од вистината (Евр. 3:12). Исус предупредил дека, ако не ја слушаме, односно прифатиме, Јеховината реч „со чисто и добро срце“, нема да ја ‚задржиме‘. Наместо тоа, лесно може да бидеме „одвлечени од грижите, од богатството и од задоволствата на овој живот“, и нема да ‚донесеме зрел плод‘ (Лука 8:14, 15). Затоа, и понатаму да размислуваме за Божјата Реч. Тоа ќе нѐ поттикне уште повеќе да ги покажуваме особините на Јехова и на тој начин да ја одразуваме неговата слава (2. Кор. 3:18). Зарем има поголема чест од тоа да учиме за нашиот небесен Татко и да ги покажуваме неговите особини во сета вечност? (Проп. 3:11; w15 15/10 4:13-14).

Вторник, 24 октомври

Мудроста е за доброто на твојата душа. Ако ја најдеш, ќе имаш иднина (Изр. 24:14)

Како родител, сигурно сакаш твоите деца да останат блиски со Бог. Библијата ги поттикнува родителите да ги ‚воспитуваат децата со стега од Јехова и да им помагаат да го усвојат неговиот начин на размислување‘ (Еф. 6:4). Затоа, користи ја оваа одговорност што ти ја дал Бог за редовно да ги поучуваш своите деца. Размисли за следново: Како родител, сигурно се трудиш да им го обезбедиш потребното школување на децата затоа што си свесен дека образованието е важно и затоа што сакаш тие да стекнат љубов кон учењето. Слично на тоа, грижливите родители се трудат нивните деца да извлечат корист од Божјите поуки кои ги добиваме на собраниските состаноци, на собирите и на Семејната вечер. Бидејќи таквите поуки се животоважни, ти даваш сѐ од себе за да им всадиш љубов кон духовните работи и да им помогнеш да сфатат дека така ќе станат вистински мудри. Исто така, се трудиш да ги поучиш своите тинејџери редовно да одат во служба. По примерот на Исус, продолжи и понатаму да им помагаш да најдат радост додека ги поучуваат другите за Божјата Реч (w15 15/11 2:6).

Среда, 25 октомври

Сакам да знаете дека глава на секој маж е Христос, а глава на жената е мажот, а глава на Христос е Бог (1. Кор. 11:3)

Љубовта е особено важна за да може исправно да се спроведе начелото за поглаварство кое го воспоставил Јехова. Тој очекува мажот да го спроведува поглаварството со љубов, а не со сила. Иако мажот е поглавар на својата жена, Библијата го советува да ја почитува (1. Пет. 3:7). Еден начин на кој сопрузите можат да покажат почит кон својата жена е така што ќе ги земат предвид нејзините потреби и во одредени работи ќе ги прифатат нејзините предлози. Всушност, Божјата Реч вели: „Мажи, сакајте ги своите жени, како што и Христос го сакаше собранието и се предаде себеси за него“ (Еф. 5:25). Исус си го дал дури и животот за своите следбеници. Кога мажот го следи примерот на Исус и го спроведува своето поглаварство со љубов, многу ѝ олеснува на својата жена да го сака, да го почитува и да му биде подложна (Тит 2:3-5; w15 15/11 4:6-7).

Четврток, 26 октомври

Евреите што зборуваа грчки почнаа да приговараат против Евреите што зборуваа хебрејски (Дела 6:1)

Сѐ поголем број луѓе кои зборувале грчки станувале христијани и главно комуницирале на овој јазик. Затоа и евангелијата според Матеј, Марко, Лука и Јован се рашириле на грчки јазик. Исто така, посланијата на апостол Павле и другите библиски книги од првиот век биле напишани на грчки. Интересно е тоа што, кога писателите на Христијанските грчки списи се осврнувале на некои делови од Хебрејските списи, честопати цитирале од Септуагинтата. Овие цитати понекогаш не се напишани од збор до збор како во Хебрејските списи. Сепак, иако се дело на несовршени преведувачи, тие станале дел од Божјата вдахновена Реч. Тоа покажува дека за Јехова ниту еден јазик и култура не се подобри од другите (Дела 10:34; w15 15/12 1:8-9).

Петок, 27 октомври

Јехова, отвори ги моиве усни, и мојата уста ќе ја објавува твојата слава (Пс. 51:15)

Иако имаме способност за говор, тоа не значи дека мора да зборуваме без престан. Всушност, Библијата вели дека има „време за молчење“ (Проп. 3:7). На пример, ако молчиме кога зборува некој друг, покажуваме почит (Јов 6:24). Ако не зборуваме со другите за доверливи работи, покажуваме обѕир и проникливост (Изр. 20:19). И, ако не кажеме ништо кога некој ќе нѐ вознемири или изнервира, покажуваме мудрост (Пс. 4:4). Меѓутоа, Библијата вели дека има и „време за зборување“ (Проп. 3:7). Ако некој пријател ти даде убав подарок, сигурно нема да го скриеш. Напротив, ќе покажеш дека го цениш така што ќе го користиш на исправен начин. Слично на тоа, покажуваме дека го цениме говорот како дар кога мудро го користиме за да го славиме Јехова, да ги храбриме другите, да ги изразуваме своите чувства или да кажеме што ни е потребно (w15 15/12 3:4-5).

Сабота, 28 октомври

Повеќе не пиј вода, туку земај по малку вино поради желудникот и честите свои болести (1. Тим. 5:23)

Денес ниту еден сохристијанин не може да направи чудо и да нѐ излекува (1. Кор. 12:9). Сепак, некои добронамерни браќа и сестри имаат обичај да даваат совети во врска со здравјето, дури и кога никој не го бара тоа од нив. Се разбира, не е погрешно да се даваат општи и практични предлози. Павле дал ваков совет кога Тимотеј имал проблеми со желудникот, веројатно поради тоа што водата за пиење била загадена. Меѓутоа, кога некој брат нѐ убедува да се држиме за одреден режим на исхрана или да земаме некакви лекови или билки, треба да бидеме претпазливи бидејќи тие можеби не се толку ефикасни, а во некои случаи можат да бидат и штетни. Понекогаш некој соверник можеби ќе тврди дека тоа му помогнало на негов роднина кој имал сличен здравствен проблем. Сеедно колку е искрен советот, треба да имаме на ум дека дури и лекарствата и третманите кои ги користат повеќето луѓе можат да имаат штетни последици (Изр. 27:12; w15 15/12 4:13).

Недела, 29 октомври

Христос умре еднаш засекогаш за гревовите, праведник за неправедните (1. Пет. 3:18)

Поради гревот што сме го наследиле, сите сме осудени на смрт (Рим. 5:12). Но, Јехова со љубов го испратил Исус на Земјата за „да ја вкуси смртта за секого“ (Евр. 2:9). Всушност, така Бог поставил темел да ја уништи засекогаш причината за смртта (Иса. 25:7, 8; 1. Кор. 15:22, 26). Сите што покажуваат вера во Исус ќе можат да живеат вечно во мир и среќа — или како цареви што ќе владеат заедно со него на небото или како земни поданици на Божјето Царство (Рим. 6:23; Отк. 5:9, 10). Кои други благослови ќе ни ги донесе овој дар од Јехова? Земјата ќе стане рај, болните ќе бидат излекувани и мртвите ќе бидат воскреснати (Иса. 33:24; 35:5, 6; Јован 5:28, 29). Ние многу ги сакаме Јехова и неговиот мил Син затоа што ни го дале овој „неопислив дар“ (2. Кор. 9:15; w16.01 2:5-6).

Понеделник, 30 октомври

Мора да се родите повторно (Јован 3:7)

Пред да добијат лично сведоштво од Божјиот дух, помазаните христијани имале надеж за вечен живот на Земјата. Тие копнееле да дојде времето кога Јехова ќе го отстрани злото, и сакале да бидат меѓу оние кои ќе ја претворат нашата планета во рај. Можеби дури и си замислувале како ги пречекуваат своите најмили кои починале. Со нетрпение очекувале да живеат во куќи што ќе ги градат со свои раце, и да јадат од плодовите на дрвјата што сами ќе ги засадат (Иса. 65:21-23). Зошто почнале да размислуваат поинаку? Дали се премислиле затоа што се чувствувале потиштено или доживеале многу страдања? Дали одеднаш сфатиле дека ќе биде здодевно да живеат засекогаш на Земјата и дека нема да бидат среќни овде? Дали можеби сакале да видат како е да живеат на небото? Не. Бог ја предизвикал таа промена кај нив. Кога ги повикал, тој го употребил својот свет дух за да им ја промени надежта и начинот на размислување (w16.01 3:11, 13).

Вторник, 31 октомври

Како негови соработници, ве молиме да не пропуштите да ја исполните целта на Божјата незаслужена доброта која ја примивте (2. Кор. 6:1)

Јехова, Севишниот Бог кој е Творец на сѐ што постои, поседува неограничена мудрост и моќ. Тој му помогнал на својот слуга Јов да го разбере ова. Откако Јехова му поставил повеќе прашања во врска со созданието, Јов му одговорил: „Знам дека ти можеш сѐ и дека нема замисла неостварлива за тебе“ (Јов 42:2). Иако може да направи сѐ што ќе посака без ничија помош, Јехова уште од самиот почеток им давал можност на други да соработуваат со него во исполнувањето на неговата намера. Пред да создаде сѐ друго, Бог го создал својот единороден Син, Исус. А потоа му дал можност да соработува заедно со него во создавањето и на духовниот и на материјалниот свет (Јован 1:1-3, 18). Со тоа Јехова му укажал чест на својот Син на два начина — тој му дал важна улога во создавањето и им го објавил тоа на другите (Кол. 1:15-17; w16.01 5:1-2).

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели