ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • es17 стр. 88-97
  • Септември

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Септември
  • Секојдневно истражување на Писмото — 2017
  • Поднаслови
  • Петок, 1 септември
  • Сабота, 2 септември
  • Недела, 3 септември
  • Понеделник, 4 септември
  • Вторник, 5 септември
  • Среда, 6 септември
  • Четврток, 7 септември
  • Петок, 8 септември
  • Сабота, 9 септември
  • Недела, 10 септември
  • Понеделник, 11 септември
  • Вторник, 12 септември
  • Среда, 13 септември
  • Четврток, 14 септември
  • Петок, 15 септември
  • Сабота, 16 септември
  • Недела, 17 септември
  • Понеделник, 18 септември
  • Вторник, 19 септември
  • Среда, 20 септември
  • Четврток, 21 септември
  • Петок, 22 септември
  • Сабота, 23 септември
  • Недела, 24 септември
  • Понеделник, 25 септември
  • Вторник, 26 септември
  • Среда, 27 септември
  • Четврток, 28 септември
  • Петок, 29 септември
  • Сабота, 30 септември
Секојдневно истражување на Писмото — 2017
es17 стр. 88-97

Септември

Петок, 1 септември

Авраам тргна на пат кон местото што му го покажа вистинскиот Бог (1. Мој. 22:3)

Пред да ги остави слугите кои дошле заедно со него и со Исак до планината Морија, Авраам им рекол: „Вие останете овде со магарето, а јас и момчето ќе појдеме онаму за да му се поклониме на Бог, па ќе се вратиме кај вас“ (1. Мој. 22:5). Што сакал да каже со тоа? Дали ги излажал своите слуги велејќи дека Исак ќе се врати, иако знаел дека ќе го принесе како жртва? Не. Библијата ни помага да сфатиме како размислувал Авраам (Евр. 11:19). Тој ‚сметал дека Бог може и од мртвите да го подигне Исак‘. Да, овој верен Божји слуга верувал во воскресение. Авраам знаел дека Јехова му овозможил со чудо да има дете, иако тој и Сара веќе биле многу стари (Евр. 11:11, 12, 18). Освен тоа, бил свесен дека ништо не е невозможно за Бог. Затоа бил уверен дека, што и да се случи тој ден, Јехова ќе го врати неговиот сакан син за да можат да се исполнат сите Божји ветувања. Ништо чудно што Авраам е наречен „татко на сите што веруваат“! (Рим. 4:11; w16.02 1:3, 13).

Сабота, 2 септември

Јехова нема да го остави својот народ поради своето големо име (1. Сам. 12:22)

Иако бил помазан за цар, Саул подоцна станал непослушен и затоа Јехова го отфрлил (1. Сам. 15:17-23). Но, бидејќи не го тргнал од престолот веднаш, неговото лошо постапување било испит за неговите поданици и за оние што му биле блиски. На народот му било тешко да му остане лојален на својот Бог затоа што царот кој седел на „Јеховиниот престол“ не го правел она што е исправно (1. Лет. 29:23). Но, синот на Саул, Јонатан, му останал лојален на Јехова (1. Сам. 13:13, 14). И ние можеме да му останеме лојални на Јехова така што, секогаш кога е можно, ќе им бидеме послушни на властите во земјата каде што живееме. Од таа причина, треба да покажеме почит кон владините службеници дури и ако сметаме дека некои од нив не го заслужуваат тоа бидејќи се нечесни или корумпирани (Рим. 13:1, 2). Исто така, можеме да му бидеме лојални на Јехова и така што ќе ги почитуваме оние на кои тој им дал одреден авторитет во семејството и во собранието (1. Кор. 11:3; Евр. 13:17; w16.02 3:5-6, 8).

Недела, 3 септември

Твојот народ спремно ќе се понуди (Пс. 110:3)

Библијата вели дека народот на Јехова, во кој спаѓаат и младите, „спремно ќе се понуди“ да му служи. Затоа, ако размислуваш да се крстиш, треба да бидеш сигурен дека навистина го сакаш тоа. Би било добро внимателно да се преиспиташ, особено ако си пораснал во вистината. Низ годините, веројатно си видел како мнозина се крштаваат. Можеби се крстиле и некои твои пријатели, па дури и некој твој телесен брат или сестра. Сепак, внимавај да не почнеш да мислиш дека мора да се крстиш само затоа што сите други се крштаваат или, пак, затоа што си дошол на одредена возраст. Што ќе ти помогне да имаш исправен став кон крштавањето? Размислувај почесто за тоа зошто е важен тој чекор (w16.03 1:11-12).

Понеделник, 4 септември

Секој што слуша, нека рече: „Дојди!“ И секој што е жеден, нека дојде. Секој што сака, нека земе бесплатно од водата на животот (Отк. 22:17)

Како членови на христијанското собрание, ќе успееме да ја разгласуваме оваа покана само ако сме обединети и ако сложно соработуваме (Еф. 4:16). За да им проповедаме на што е можно повеќе луѓе, мора да го правиме тоа на организиран начин. Во ова ни помагаат упатствата што ги добиваме преку собранието. Откако ќе се одржи состанокот за проповедање, излегуваме да им ја објавиме пораката за Царството на другите. Освен тоа, им нудиме и библиска литература. Всушност, досега имаме поделено стотици милиони публикации! Дали учествуваш со сета душа и во посебните акции за сведочење? Кога го правиме тоа, ние сме обединети со милиони други соверници кои ја проповедаат истата порака низ целиот свет. А соработуваме и со ангелите, кои му помагаат на Божјиот народ да ја објавува добрата вест (Отк. 14:6; w16.03 3:4-5).

Вторник, 5 септември

Свитоци се отворија (Отк. 20:12)

Библијата ни кажува дека во иднина ќе бидат отворени свитоци кои ќе содржат упатства за животот во новиот свет. Ако ги проучуваат, сите луѓе — вклучувајќи ги и воскреснатите — ќе дознаат што очекува Бог од нив. Без сомнение, овие свитоци ќе ни помогнат уште подобро да разбереме како размислува Јехова. Благодарение на сѐ подлабокото разбирање на Божјата Реч и на она што ќе биде запишано во новите свитоци, оние што ќе живеат во рајот на Земјата сигурно ќе се сакаат и ќе се почитуваат (Иса. 26:9). Замисли какво образовно дело ќе се одвива под водството на нашиот Цар, Исус Христос! Ако постапуваме според упатствата ‚напишани во свитоците‘ и ако му останеме верни на Бог во последниот испит, тој трајно ќе ги вреже нашите имиња во „свитокот на животот“. Ќе може да добиеме вечен живот! (w16.03 4:19-20).

Среда, 6 септември

Ти си мојата надеж, Севишен Господару Јехова, мојата доверба од младоста моја (Пс. 71:5)

Искусните старешини сметаат дека браќата треба да се обучуваат додека се млади, можеби уште од своите рани тинејџерски години. Би можеле да им се доделуваат некои задолженија во собранието кои се во склад со нивната возраст. Ако обуката започне доволно рано, тоа ќе им помогне на младите да останат сконцентрирани на духовните цели дури и во подоцнежните тинејџерски години, кога ќе бидат бомбардирани од многу работи кои можат да им го одвлечат вниманието (Пс. 71:17). За да го поттикне ученикот да служи, не е доволно старешината само да му каже што да прави. Важно е да му објасни и зошто треба да го прави тоа. На тој начин, ќе постапи слично како Големиот Учител, Исус. На пример, пред да им даде на своите ученици задача да ги поучуваат другите, Исус им кажал зошто треба да го послушаат, кога рекол: „Дадена ми е сета власт на небото и на земјата“. А потоа додал: „Затоа одете и правете ученици од луѓето од сите народи“ (Мат. 28:18, 19; w15 15/4 2:5-6).

Четврток, 7 септември

Господарот застана покрај мене и ме зајакна. И бев избавен од устата на лавовите (2. Тим. 4:17)

Првиот век бил опасно време за христијаните што живееле во Рим. Тие биле сурово прогонувани. Биле обвинети дека го подметнале пожарот во Рим во 64 год. од н.е. Во тоа многу тешко време, апостол Павле по вторпат бил затворен таму. Можеби во почетокот тој бил загрижен дали тамошните христијани ќе бидат спремни да му помогнат. Тоа се гледа од следниве зборови што му ги напишал на Тимотеј: „При мојата прва одбрана никој не дојде да ми даде поддршка, туку сите ме оставија“ (2. Тим. 4:16). Сепак, Павле признал дека не бил препуштен сам на себе. Тој бил уверен дека Јехова ќе го зајакне да ги издржи и неволјите со кои се соочувал во моментот, и сите други тешкотии во иднина. Всушност, веднаш потоа Павле рекол: „Господарот ќе ме избави од секакво зло“ (2. Тим. 4:18). Тој сфатил дека, дури и кога неговите браќа не можат да му помогнат, Јехова и Исус сигурно ќе му ја дадат потребната помош. Павле воопшто не се сомневал во тоа (w15 15/4 4:1-3).

Петок, 8 септември

Тој ќе ти ја смачка главата (1. Мој. 3:15)

Кога се родил Исус, Сатана знаел дека, кога ќе порасне, тој ќе стане ветениот Месија. Дали Ѓаволот мислел дека е премногу сурово да го одземе животот на едно дете? Не, нему воопшто не му е важно што е исправно, а што погрешно. Всушност, тој не губел време, туку веднаш се обидел да го убие малиот Исус. На кој начин? Кога познавачите на ѕвездите дошле кај цар Ирод за да се распрашаат за ‚еврејскиот цар кој се родил‘, тој многу се разгневил и бил решен да го убие Исус (Мат. 2:1-3, 13). Од таа причина наредил да бидат погубени сите машки деца од две години надолу кои живееле во Витлеем и околината (Мат. 2:13-18.) Иако Исус бил избавен од тој страшен колеж, што ни кажува ова за нашиот непријател, Сатана? Јасно е дека за него човечкиот живот нема никаква вредност. Тој нема ни трошка жал за децата. Сатана навистина е „разрикан лав“ (1. Пет. 5:8). Никогаш не заборавај колку свиреп е тој! (w15 15/5 1:10, 12-13).

Сабота, 9 септември

Не го добија она што им беше ветено, туку го видоа оддалеку (Евр. 11:13)

Бог ни дал еден прекрасен дар — способност да си го замислуваме она што не сме го виделе. Тоа ни помага да правиме мудри планови и да очекуваме да ни се случат убави работи. Јехова може да ја предвиди иднината. Во својата Реч, тој честопати однапред ни кажува какви настани ни претстојат. Иако не ги гледаме, ние можеме да си ги замислиме и да имаме цврста вера дека навистина ќе се случат (2. Кор. 4:18). Она што си го замислувала Ана, мајката на Самоил, не било фантазија. Зошто? Затоа што таа била цврсто решена да го исполни ветувањето што му го дала на Бог во врска со својот син. Тоа што си го замислувала денот кога ќе го однесе малиот Самоил да служи во светиот шатор ѝ помогнало да си го одржи зборот (1. Сам. 1:22). А како е со нас? Кога си го замислуваме она што го ветил Бог, ние не фантазираме. Напротив, мислиме на работи кои се реални и кои сигурно ќе се исполнат (2. Пет. 1:19-21). Без сомнение, многу верни Божји слуги од минатото си го замислувале она што го ветил Јехова (w15 15/5 3:1-3).

Недела, 10 септември

Богатството му е на богатиот како висок ѕид во неговото мечтаење (Изр. 18:11)

Опасно е да мечтаеме по големо богатство, а на сметка на тоа да го занемариме нашето пријателство со Јехова. Исус раскажал една споредба за да покаже колку е неразумен оној што „собира богатство за себе, а не е богат пред Бог“ (Лука 12:16-21). Јехова се радува кога се трудиме да му угодиме (Изр. 27:11). А и ние сме среќни кога ја имаме неговата милост затоа што си собираме „богатство на небото“ (Мат. 6:20). Без сомнение, блиското пријателство со Бог е нашето најголемо богатство. Ако се трудиме да се збогатиме во овој свет, тоа ќе ни донесе многу грижи (Мат. 6:19). Исус предупредил дека оние што се преокупирани со пари нема да успеат да го задржат Божјето Царство на прво место во својот живот (Мат. 13:18, 19, 22; w15 15/5 4:15-16).

Понеделник, 11 септември

Кога виде дека немите зборуваат, куците одат и слепите гледаат, народот се восхитуваше (Мат. 15:31)

Благодарение на Божјата моќ, Исус можел да прави најразлични чуда. Тој не лекувал само лепра, туку и секаква болест и немоќ. Денес, во некои случаи лекарите вршат пресадување на органи за да им помогнат на пациентите. Но, Исус имал моќ да ги лекува болните делови од телото, и тоа веднаш. Понекогаш лекувал и луѓе кои не биле во негова близина (Јован 4:46-54). Што учиме од сите овие примери? Учиме дека Исус, кој сега е устоличен како небесен Цар, не само што има моќ туку има и силна желба трајно да ги излекува луѓето. Начинот на кој постапувал нѐ уверува дека во новиот свет ќе биде исполнето следново библиско пророштво: „[Тој] ќе се сожали на бедниот и на сиромавиот“ (Пс. 72:13). Во тоа време, Исус ќе ги излекува сите што страдаат бидејќи навистина копнее да го стори тоа (w15 15/6 2:6).

Вторник, 12 септември

Да се свети името твое (Мат. 6:9)

Многу луѓе ја знаат напамет молитвата позната како Оченаш. Кога проповедаме од врата до врата, честопати им ја спомнуваме на станарите за да им помогнеме да разберат дека Божјето Царство е вистинска влада која ќе направи прекрасни промени на Земјата. А понекогаш можеби се осврнуваме само на првото барање од таа молитва за да им покажеме дека Бог има лично име, кое треба да се свети (Мат. 6:9). Дали Исус сакал да каже дека оваа молитва треба секогаш да ја повторуваме од збор до збор, како што прават мнозина во црквите на христијанскиот свет? Не. Тој рекол: „Кога се молите, не кажувајте секогаш едно исто“ (Мат. 6:7). Во друга прилика, ја повторил истата молитва, но со поинакви зборови (Лука 11:1-4). Според тоа, Исус ја дал молитвата Оченаш како пример за да ни помогне да сфатиме за кои работи е најважно да се молиме (w15 15/6 4:1-2).

Среда, 13 септември

Кој мисли дека стои, нека внимава да не падне! (1. Кор. 10:12)

Јехова ни го дава својот моќен свет дух, кој може да нѐ зајакне и да ни помогне да им се спротивставиме на искушенијата. Бог исто така однапред нѐ предупредува за опасностите преку својата Реч и собранието. На пример, нѐ предупредува да не трошиме премногу пари, време и сила на материјални работи кои не ни се неопходни. Еспен и Јана, кои порано служеле како општи пионери, сега имаат две деца. Еспен вели: „Често го молиме Јехова да не паднеме во искушение сега кога не можеме да минуваме толку време во теократски активности како порано. Го молиме да ни помогне да останеме блиски со него и да ја зачуваме нашата ревност за службата“. Друго искушение од кое мора да се чуваме е порнографијата. Некои попуштиле на ова искушение затоа што не ги отфрлиле погрешните мисли. Сепак, слично на илјадници наши соверници, и ние можеме да се спротивставиме на порнографијата (1. Кор. 10:13; w15 15/6 5:15-16).

Четврток, 14 септември

Царевите на земјата, големците, воените заповедници, богаташите, моќниците и секој роб и секој слободен се скрија во пештерите и меѓу карпите во планините (Отк. 6:15)

Што ќе се случува по уништувањето на лажната религија? Тоа ќе биде време да покажеме што навистина имаме во срцето. Повеќето луѓе ќе бараат засолниште во човечките организации кои се споредени со ‚карпи во планините‘. Но, во симболична смисла, Божјите слуги ќе побараат засолниште кај Јехова. Откако нападот врз Ерусалим во првиот век бил ‚скратен‘, не дошло до масовно преобраќање на Евреите во христијанство. Тогаш било време оние што веќе биле христијани да го послушаат Исус и да го напуштат Ерусалим. Слично на тоа, не можеме да очекуваме дека многу луѓе одеднаш ќе станат вистински христијани кога ќе биде скратен идниот напад врз Големиот Вавилон. Напротив, тогаш сите вистински Божји слуги ќе имаат можност да ја докажат својата љубов кон Јехова и да ги поддржат Христовите браќа (Мат. 25:34-40; w15 15/7 2:7).

Петок, 15 септември

Ако некој поднесува неволји и трпи неправда затоа што сака да зачува чиста совест пред Бог, тоа му се допаѓа на Бог (1. Пет. 2:19)

Можеби твоето семејство и оние со кои си пораснал ти всадувале љубов кон родното место или земја. Дали во твоето срце сѐ уште тлеат такви чувства? Христијаните не смеат да дозволат патриотизмот да влијае врз нивното гледиште за другите. Но, што ако забележиш дека сепак имаш негативни чувства кон луѓето од друга земја, култура, јазик или раса? Тогаш, мудро е да размислуваш за тоа како гледа Јехова на национализмот и на предрасудите. Можеби ќе биде добро да истражуваш нешто повеќе за овие теми. А потоа моли го Јехова да ти помогне да го стекнеш неговото гледиште за овие работи (Рим. 12:2). Ова е многу важно затоа што, порано или подоцна, сигурно ќе се најдеме во ситуација кога ќе мора јасно да се види дека се разликуваме од нашите колеги, соученици, соседи или роднини (w15 15/7 3:14-15).

Сабота, 16 септември

Јона му се помоли на Јехова, својот Бог, од утробата на рибата (Јона 2:1)

Бог ги слуша нашите молби и нѐ разбира дури и кога никој друг не може да нѐ разбере. Со тоа што ни одговара на молитвите, тој покажува колку е голема неговата љубов кон нас. Може да научиме многу од молитвите запишани во Божјата Реч. Затоа е добро понекогаш да ги разгледаме таквите молитви за време на семејното проучување. И нашите молитви можат да станат подлабоки ако размислуваме на кој начин Јеховините слуги во минатото му го излевале своето срце на Бог. На пример, размисли за понизната молитва што ја кажал Јона додека бил во утробата на големата риба (Јона 1:17—2:10). Размисли и за искрената молитва што ја кажал Соломон при посветувањето на храмот (1. Цар. 8:22-53). Разгледај ја и молитвата Оченаш која Исус ни ја дал како пример (Мат. 6:9-13). Но, најважно од сѐ, секојдневно ‚изнесувај му ги своите барања на Бог‘. Како резултат на тоа, „мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашиот ум“ (Фил. 4:6, 7; w15 15/8 1:11-12).

Недела, 17 септември

Бидете подложни (Евр. 13:17)

Во новиот свет, со задоволство ќе ги следиме упатствата од Јеховината организација кои ќе ни помогнат да ја претвориме Земјата во прекрасен рај и да ги поучуваме воскреснатите. Ќе има многу работа за сите. Но, што ако тогаш добиеме некоја задача која нема многу да ни се допаѓа? Дали ќе ја прифатиме? Дали ќе дадеме сѐ од себе да ја завршиме, и тоа со радост? Повеќето од нас сигурно би рекле ‚да‘! Тогаш, добро е да се прашаме: ‚Дали сега ги следам упатствата од Божјата организација?‘ Кога постапуваме така, се подготвуваме да живееме вечно под Јеховината власт. Освен што треба да се подложиме на водството кое денес ни го дава Јеховината организација, што друго ќе ни помогне да се подготвиме за животот во новиот свет? Треба да научиме да бидеме задоволни и спремни за соработка. Ако соработуваме со оние што предводат денес — можеби така што со радост прифаќаме нови теократски задачи — веројатно ќе имаме ист став и во новиот свет (w15 15/8 3:6-7).

Понеделник, 18 септември

Неговите жени туѓинки му го наведоа срцето да се сврти кон други богови и Соломон почна да го прави она што е зло во Јеховини очи (1. Цар. 11:4, 6)

Поради лошото друштво, цар Соломон престанал да постапува мудро и на крајот отстапил од вистинскиот Бог (1. Цар. 11:1-6). Ако вакво нешто му се случило нему, може да му се случи на секого. Затоа, не треба ни да помислуваме да стапиме во брак со некој што не го сака Јехова! Но, можеби некој стапил во брак уште пред да стане Јеховин слуга. Што треба да прави ако неговиот сопружник не ја прифаќа вистината? Библијата вели: „Вие, жени, бидете им подложни на своите мажи, за да ги придобиете без збор, со своето однесување, оние што не ѝ се послушни на Божјата реч“ (1. Пет. 3:1). Иако овие зборови им се упатени на христијанките, тие подеднакво важат и за сопрузите кои веќе биле во брак кога станале Јеховини сведоци. Библискиот совет е јасен: Биди добар сопружник и живеј во склад со високите мерила за бракот кои ги поставил Бог. Многумина ја прифатиле вистината кога виделе дека нивниот брачен другар се променил на подобро откако почнал да ги исполнува Божјите барања (w15 15/8 4:15-16).

Вторник, 19 септември

Лековерниот верува на секој збор, а паметниот внимава на своите чекори (Изр. 14:15)

За некои болести можеби сѐ уште не е пронајден лек. Затоа е мудро да бидеме претпазливи кога станува збор за третмани со кои наводно може да се излекува некоја болест но, всушност, нема докази за тоа. Под водство на светиот дух, Павле напишал: „Вашата разумност нека им биде позната на сите луѓе“ (Фил. 4:5). Разумноста нема да ни дозволи да се преокупираме со здравјето до тој степен што ќе ги занемариме духовните активности. Ако грижата за здравјето ни е на прво место во животот, би можеле да почнеме да мислиме само на себе (Фил. 2:4). Ние сме свесни дека духовните работи се најважни, и дека треба да имаме разумни очекувања во поглед на здравјето (Фил. 1:10). Секој од нас треба да донесе лична одлука во поглед на здравјето, и да си преземе одговорност за тоа (w15 15/9 2:8, 10).

Среда, 20 септември

Испрати ги својата светлина и својата вистина. Нека ме водат (Пс. 43:3)

Јехова е ‚Богот на вистината‘ (Пс. 31:5). Тој ги сака своите деца и со радост ги поучува. На кој начин? Така што дозволува вистината да им го осветли патот на секое поле од животот, вклучувајќи го и начинот на кој треба да му служат. Која вистина ни ја открил Јехова, и како тоа ни покажува дека нѐ сака? Пред сѐ, Јехова ни ја открива вистината за себеси. Тој ни го кажува своето лично име, кое во Библијата се појавува повеќе пати од кое и да било друго име. На тој начин, Јехова ни се приближува и ни дозволува да го запознаеме (Јак. 4:8). Бог исто така ни ги открива своите особини, односно ни кажува каков е. Видливата вселена сведочи за неговата моќ и мудрост, а Библијата ни ги открива неговата правда и неговата неизмерна љубов (Рим. 1:20). Тој е како татко кој е силен и мудар, но истовремено е праведен и полн со љубов, и затоа неговите деца можат да бидат блиски со него (w15 15/9 4:8-9).

Четврток, 21 септември

Раката на Јехова ќе им се покаже на неговите слуги (Иса. 66:14)

Многумина мислат дека на Бог не му е важно што прават. Некои дури сметаат дека тој воопшто не е заинтересиран за она што им се случува на луѓето. Откако силниот тајфун Хајан го погоди централниот дел на Филипините во ноември 2013 год., градоначалникот на еден голем град изјави: „Очигледно, Бог беше на некое друго место“. Други мислат дека Бог не може да види што прават (Иса. 26:10, 11; 3. Јов. 11). И некои луѓе во времето на апостол Павле мислеле така. Бидејќи ‚не сакале да го запознаат Бог‘, тие биле ‚полни со секаква неправда, злоба, лакомост и расипаност‘ (Рим. 1:28, 29). А како е со нас? Ние сме свесни дека Бог гледа сѐ што правиме. Но, дали сфаќаме колку тој е заинтересиран за нас? Дали ја гледаме неговата рака во нашиот живот? (w15 15/10 1:1-3).

Петок, 22 септември

Ќе ти ја покажам својата вера преку своите дела (Јак. 2:18)

Службата на проповедање е одличен начин за да ја покажеме нашата вера. Зошто? Затоа што, кога проповедаме, покажуваме увереност дека крајот е близу и дека „нема да задоцни“ (Авак. 2:3). За да провериме каква е нашата вера, треба да размислиме колку сме спремни да се трошиме во службата. Прашај се: ‚Дали правам сѐ што можам за да им ја пренесувам библиската порака на другите? Дали барам начини да учествувам во уште поголема мера во ова важно дело?‘ (2. Кор. 13:5). Да покажеме дека имаме силна вера во срцето така што ќе ја проповедаме добрата вест со која се спасуваат животи (Рим. 10:10). Можеме да покажеме вера и додека се бориме со проблемите во секојдневниот живот. Сеедно дали се соочуваме со некоја болест, обесхрабрување, депресија, сиромаштија или други тешки проблеми, може да имаме доверба дека Јехова и неговиот Син секогаш ќе ни ја даваат потребната помош (Евр. 4:16). Покажуваме таква доверба кога го молиме Јехова да ги задоволи нашите материјални потреби (w15 15/10 2:12-14).

Сабота, 23 септември

Светиот дух ќе ве потсети на сѐ што сум ви кажал (Јован 14:26)

Можеби ќе се најдеш во ситуација кога нема да ти биде дозволено да имаш Библија. Но, и тогаш никој нема да може да те спречи да размислуваш за она што ти е врежано во мислите како, на пример, твоите омилени стихови и теократските песни (Дела 16:25). Освен тоа, Божјиот дух може да те потсети на добрите работи што веќе си ги научил. Затоа, уште сега одвојувај време за да размислуваш за материјалот од седмичното читање на Библијата. Исто така, треба да размислуваш и за она што го зборувал и правел Исус. Сигурно се согласуваш дека меѓу најпознатите библиски книги се евангелијата за животот и службата на Исус (Рим. 10:17; Евр. 12:2; 1. Пет. 2:21). Ние имаме и публикација каде што се опишани настаните од неговиот живот по хронолошки редослед. Таа може да ти помогне да извлечеш уште поголема корист кога ќе ги читаш евангелијата (Јован 14:6; w15 15/10 4:11-12).

Недела, 24 септември

Ве нарекувам пријатели, бидејќи ви објавив сѐ што чув од мојот Татко (Јован 15:15)

Исус не им бил само Господар на своите апостоли туку им бил добар и верен пријател. Во библиски времиња, не било вообичаено господарот да им кажува на своите робови што мисли и како се чувствува. Но, Исус не постапувал со своите верни апостоли како со робови. Напротив, ги сакал и поминувал време со нив. Тој им ги откривал своите чувства и внимателно ги слушал кога му го излевале своето срце (Мар. 6:30-32). Благодарение на таквата комуникација, апостолите имале близок однос со Исус. Тоа ги подготвило за задачите што требало да ги вршат во иднина. Исус знаел дека неговите ученици ќе бидат вистински среќни ако со радост му служат на Јехова и ревносно им ја пренесуваат добрата вест на другите. Затоа ги охрабрил да проповедаат со сета душа и да ги поучуваат луѓето за вистината. Освен тоа, им ветил и дека ќе им помага (Мат. 28:19, 20; w15 15/11 2:3, 5).

Понеделник, 25 септември

Сакај го својот ближен како себеси (Мат. 22:39)

Љубовта е главна особина на Јехова Бог (1. Јов. 4:16). Тој најпрво го создал Исус, кој живеел со него на небото милијарди години и видел од прва рака колку голема љубов има Бог (Кол. 1:15). Исус покажувал иста таква љубов во текот на целиот свој живот — и на небото и на Земјата. Затоа може да бидеме сигурни дека Јехова и неговиот Син секогаш ќе владеат со љубов. Кога го прашале која е најголемата заповед во Законот, Исус одговорил: „,Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум‘. Тоа е најголемата и прва заповед. Втората, слична на неа, е оваа: ‚Сакај го својот ближен како себеси‘“ (Мат. 22:37-39). Забележи дека Исус ја спомнал љубовта кон ближниот веднаш по љубовта кон Јехова. Според тоа, многу е важно да покажуваме љубов кон луѓето (w15 15/11 4:1-3).

Вторник, 26 септември

Сѐ што беше некогаш напишано, напишано е за наша поука (Рим. 15:4)

Јехова не комуницирал со луѓето само на хебрејски јазик. По изгнанството во Вавилон, некои Израелци го користеле арамејскиот јазик во секојдневниот живот. Можеби од таа причина — и под водство на светиот дух — пророците Даниел и Еремија, како и свештеникот Езра, напишале делови од Библијата на арамејски. Кога подоцна Александар Велики (Македонски) го освоил поголемиот дел од древниот свет, народниот грчки јазик (познат како коине или кини) станал меѓународен јазик. Многу Евреи почнале да го зборуваат тој јазик и на крајот Хебрејските списи биле преведени на грчки. Овој превод бил наречен Септуагинта. Тоа е првиот и еден од најважните преводи на Библијата. Стручњаците сметаат дека го направиле 72 преведувачи. Бидејќи е дело на толку многу луѓе, во него се забележуваат различни стилови на преведување — од дословен до прилично слободен. Сепак, Евреите кои зборувале грчки, а подоцна и христијаните, го сметале преводот Септуагинта за Божја Реч (w15 15/12 1:4-6).

Среда, 27 септември

Мал оган е потребен за да се запали голема шума! (Јак. 3:5)

Зошто Јаков ја дал оваа споредба? Одговорот го наоѓаме во стих 6, каде што пишува: „Јазикот е оган“. Јазикот ја претставува нашата способност за говор. Слично на оган, нашите зборови можат да причинат огромна штета. Библијата вели дека „смртта и животот се во власта на јазикот“ (Изр. 18:21). Дали ова значи дека треба да престанеме да зборуваме за да не кажеме нешто лошо? Се разбира дека не. Сигурно не би престанале да палиме оган само затоа што би можеле да се изгориме. Наместо тоа, внимаваме како го користиме. На пример, еден логорски оган може да ја осветли ноќта, а може да ни послужи и да зготвиме храна и да се згрееме. Слично на тоа, ако внимаваме како го користиме нашиот јазик, ќе можеме да го славиме Бог и да ги изградуваме другите (Пс. 19:14). Јехова ни дал способност да ги споделуваме нашите мисли и чувства, сеедно дали за тоа користиме зборови или правиме знаци со рацете. Но, овој скапоцен дар од Бог треба да ни послужи да ги изградуваме другите, а не да ги рушиме (Јак. 3:9, 10; w15 15/12 3:1-3).

Четврток, 28 септември

Ве поздравува Лука, саканиот лекар (Кол. 4:14)

Лука најверојатно им давал совети за здравјето на Павле и на другите, и им пружал стручна помош кога ќе се разболеле во текот на мисионерските патувања (Гал. 4:13). Ова е во склад со следниве зборови на Исус: „На здравите не им треба лекар, туку на болните“ (Лука 5:31). Лука бил лекар, а не само некој што сакал да дава совети за здравјето. Библијата не кажува кога и каде се школувал. Но, бидејќи во поздравите до христијаните во Колоси, Павле ја спомнал неговата лекарска професија, некои сметаат дека Лука можеби се школувал во блиската Лаодикија, каде што имало медицинско училиште. Освен тоа, и во своето евангелие и во книгата Дела, Лука користи специфични медицински изрази. Затоа што бил лекар, тој спомнал и многу случаи во кои Исус излекувал некого (w15 15/12 4:11-12).

Петок, 29 септември

Му благодариме на Бог за неговиот неопислив дар! (2. Кор. 9:15)

Јехова ни го дал најголемиот можен подарок кога од љубов го испратил својот единороден Син на Земјата (Јован 3:16; 1. Јов. 4:9, 10). Апостол Павле рекол дека тоа е „неопислив дар“ (2. Кор. 9:15). Тој знаел дека совршената жртва на Христос е гаранција дека ќе се исполнат сите величествени ветувања што ги дал Бог (2. Кор. 1:20). Според тоа, освен жртвата на Исус, во овој „неопислив дар“ спаѓаат и сета добрина и лојална љубов што Јехова ќе ни ги покаже во иднина. Всушност, овој дар е толку скапоцен што не може да се опише со зборови. На кој начин треба да влијае врз нас? Дали те поттикнува да ги преиспиташ своите постапки, па дури и да го смениш поранешниот начин на живот? Дали те мотивира да бидеш повеликодушен, да покажуваш уште поголема љубов кон другите и да им простиш на сите што ти згрешиле? Не заборавај, она што ни го дал Јехова преку Христос е најскапоцениот можен дар! (1. Пет. 3:18; w16.01 2:1-2, 4-5).

Сабота, 30 септември

Ветрот дува каде што сака, и го слушаш неговиот шум, но не знаеш од каде доаѓа и каде оди. Таков е секој што е роден од духот (Јован 3:8)

Оние што се помазани можеби се прашуваат: ‚Зошто Јехова ме избра мене, а не некој друг?‘ Можеби дури сметаат дека не се достојни за таква чест. Сепак, воопшто не се сомневаат дека Јехова им упатил небесен повик. Нивните срца се прелеваат од радост и од благодарност за тој дар. Помазаниците се чувствуваат исто како Петар, кој под водство на светиот дух напишал: „Благословен да е Богот и Таткото на нашиот Господар Исус Христос, зашто според своето големо милосрдие повторно нѐ роди за жива надеж преку воскресението на Исус Христос од мртвите, за наследството што е нераспадливо и неизвалкано и кое не венее. Тоа е зачувано на небесата за вас“ (1. Пет. 1:3, 4). Кога помазаните христијани ги читаат овие зборови, тие се потполно сигурни дека нивниот небесен Татко им ги упатува лично ним (w16.01 3:11-12).

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели