ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • es17 стр. 78-87
  • Август

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Август
  • Секојдневно истражување на Писмото — 2017
  • Поднаслови
  • Вторник, 1 август
  • Среда, 2 август
  • Четврток, 3 август
  • Петок, 4 август
  • Сабота, 5 август
  • Недела, 6 август
  • Понеделник, 7 август
  • Вторник, 8 август
  • Среда, 9 август
  • Четврток, 10 август
  • Петок, 11 август
  • Сабота, 12 август
  • Недела, 13 август
  • Понеделник, 14 август
  • Вторник, 15 август
  • Среда, 16 август
  • Четврток, 17 август
  • Петок, 18 август
  • Сабота, 19 август
  • Недела, 20 август
  • Понеделник, 21 август
  • Вторник, 22 август
  • Среда, 23 август
  • Четврток, 24 август
  • Петок, 25 август
  • Сабота, 26 август
  • Недела, 27 август
  • Понеделник, 28 август
  • Вторник, 29 август
  • Среда, 30 август
  • Четврток, 31 август
Секојдневно истражување на Писмото — 2017
es17 стр. 78-87

Август

Вторник, 1 август

Зарем Судијата на целата земја нема да го прави она што е праведно? (1. Мој. 18:25)

Бидејќи Авраам си стекнал навика да му биде послушен на Јехова дури и во навидум мали работи, нивното пријателство станувало сѐ поцврсто. Тој се чувствувал слободен да зборува со Јехова за сѐ, па дури и барал помош од него кога го измачувале некои прашања. На пример, кога дознал дека Бог ќе ги уништи Содом и Гомор, Авраам бил загрижен да не бидат уништени и праведните заедно со злите. Можеби мислел на својот внук Лот и на неговото семејство, кои тогаш живееле во Содом. Бидејќи имал доверба во Јехова, „Судијата на целата земја“, Авраам понизно зборувал со него за она што го загрижувало. Јехова бил стрплив со својот пријател, и му помогнал да сфати дека Тој е милостив Бог, кој го чита секое срце и ги бара праведните за да ги зачува, дури и во време на суд (1. Мој. 18:22-33). Без сомнение, сето знаење и искуство што ги стекнал Авраам му помогнале да го зачува своето блиско пријателство со Јехова (w16.02 1:11-12).

Среда, 2 август

Јехова е сведок меѓу мене и тебе и меѓу моето потомство и твоето потомство довека (1. Сам. 20:42)

Обично им се восхитуваме на луѓето кои се лојални. Но, ако го цениме Јонатан само поради неговата лојалност кон Давид, ќе пропуштиме нешто многу важно. Зошто тој го сметал Давид за пријател, а не за соперник? Очигледно, на Јонатан му било најважно од сѐ да му остане лојален на Јехова. Всушност, токму од таа причина тој му бил лојален и на Давид. И двајцата го одржале ветувањето што си го дале еден на друг. Освен што ја цениме лојалноста кај другите, ние даваме сѐ од себе и самите да им бидеме лојални на членовите на семејството, на пријателите и на соверниците (1. Сол. 2:10, 11). Сепак, кон кого е најважно да покажуваме лојалност? Се разбира, кон Јехова, Оној што ни го дал животот! (Отк. 4:11). Таквата лојалност ни причинува вистинска радост и задоволство. Но, за да му бидеме лојални на Бог, треба цврсто да се држиме за него дури и кога минуваме низ тешки периоди (w16.02 3:3-4).

Четврток, 3 август

Даниел одлучи во своето срце да не се извалка (Дан. 1:8)

Еден зрел млад човек може да остане цврст во своите уверувања дури и во тешки ситуации. Тој не игра двојна улога — не постапува како Божји пријател кога е со браќата во собранието, а како пријател на светот кога е на училиште. Тој останува цврст и непоколеблив, дури и кога неговата вера е ставена на испит (Еф. 4:14, 15). Се разбира, никој не е совршен — и младите и возрасните понекогаш прават грешки (Проп. 7:20). Сепак, ако сакаш да се крстиш, мудро е да размислиш дали си цврсто решен да се држиш за Јеховините мерила. Прашај се: ‚Дали досега му бев послушен на Бог? Како реагирав на последните испити на мојата вера? Дали покажав дека можам да разликувам исправно од погрешно?‘ А што ако некој те поттикнува да ги искористиш своите таленти во светот на Сатана, како што било случај со Даниел? Дури и ако тоа претставува искушение за тебе, дали сепак сфаќаш како Јехова би сакал да постапиш? (Еф. 5:17; w16.03 1:7-9).

Петок, 4 август

Тие денови ќе бидат денови на неволја каква што немало од почетокот на светот, кој го создаде Бог, па сѐ дотогаш (Мар. 13:19)

Ние живееме во „последните денови“ и наскоро ни претстои голема неволја каква што немало никогаш порано (2. Тим. 3:1). Освен тоа, Сатана и неговите демони биле исфрлени од небото на Земјата, и тоа предизвикало огромно страдање (Отк. 12:9, 12). И покрај тоа, ние им ја проповедаме добрата вест на повеќе луѓе и на поголем број јазици од кога и да било порано во човечката историја! За да добиеме благослов од Бог, треба да обрнеме внимание на сите упатства што тој ни ги дава преку христијанското собрание. Ако сме послушни уште денес, ќе ни биде полесно да ги следиме упатствата и во текот на ‚големата неволја‘, кога ќе му биде ставен крај на целиот злобен свет на Ѓаволот (Мат. 24:21). А потоа ќе ни бидат потребни нови упатства за да можеме да живееме во еден праведен нов свет (w16.03 4:16, 18).

Сабота, 5 август

Од чадот излегоа скакулци (Отк. 9:3)

При крајот на првиот век од н.е., апостол Јован добил видение за седум ангели на кои им биле дадени седум труби. Кога петтиот ангел затрубил, Јован видел како една „ѕвезда“ паѓа од небото на Земјата. Оваа „ѕвезда“ го претставува Исус, кој држел клуч со кој ја отворил бездната. Оттаму се кренал густ чад од кој излегол рој скакулци. Но, наместо да ги опустошат растенијата и зеленилото, овие симболични скакулци добиле заповед да им наштетат ‚само на луѓето кои го немале Божјиот печат на своите чела‘ (Отк. 9:1-4). Без сомнение, Јован знаел колку голема штета може да направи еден рој скакулци. Во времето на Мојсеј, скакулците го опустошиле Египет (2. Мој. 10:12-15). Симболичните скакулци што ги видел Јован ги претставуваат помазаните христијани кои ги објавуваат Јеховините остри осуди над лажната религија. Денес им се придружиле милиони други лица кои имаат надеж за вечен живот на Земјата. Сите заедно учествуваат во ова проповедничко дело со кое им се помага на многу луѓе да излезат од Големиот Вавилон и да се ослободат од власта на Сатана (w16.03 3:3).

Недела, 6 август

Отвори ми ги очите за да ги видам убавините на твојот закон (Пс. 119:18)

За да разбере како вистината влијае врз мислите и чувствата на некој брат кого сака да го обучува, еден старешина би можел да го праша какво влијание имал заветот што му го дал на Јехова врз неговите одлуки во животот. Ова прашање може да води до разговор за тоа што, всушност, значи да му се служи на Јехова со сето срце (Мар. 12:29, 30). На крајот од разговорот, можеби ќе биде добро дури и да се помолат заедно. Во молитвата, старешината би можел да побара од Јехова да му го даде на братот потребниот свет дух за да извлече целосна корист од обуката. Кога ќе слушне како старешината искрено се моли за него, сигурно ќе биде охрабрен да прави уште повеќе! На почетокот од обуката, би можеле заедно да разгледаат некои библиски извештаи кои можат да му помогнат на ученикот да сфати зошто треба да биде самопожртвуван, доверлив и понизен (1. Цар. 19:19-21; Неем. 7:2; 13:13; Дела 18:24-26). Овие особини се важни за него исто како што ѓубривото е важно за земјата. Тие ќе го забрзаат неговиот духовен раст и ќе му ги отворат очите за да ги види убавините на Божјиот закон (w15 15/4 2:3-4).

Понеделник, 7 август

Приближете му се на Бог (Јак. 4:8)

Ако сакаш да се зближиш со Јехова, многу е важно редовно да комуницираш со него. На кој начин можеш да го правиш тоа? Ти зборуваш со Јехова кога редовно му се молиш (Пс. 142:2). А како дозволуваш тој да ти зборува тебе? Така што секојдневно ја читаш неговата пишана Реч и длабоко размислуваш за неа (Иса. 30:20, 21). Ако се молиш за конкретни работи, ќе можеш појасно да видиш како Јехова ти одговара, и така тој ќе ти стане уште пореален. Освен тоа, ако отворено зборуваш со него за сето она што те мачи, тој уште повеќе ќе се зближи со тебе. Пријателството со Јехова се гради во текот на целиот живот. Ние мора да направиме чекори за да се зближиме со него ако сакаме и тој да биде близок со нас. Затоа, да продолжиме и понатаму редовно да комуницираме со нашиот Бог така што ќе ја проучуваме Библијата и ќе му се молиме. На тој начин, нашето пријателство со него ќе станува сѐ поцврсто и ќе ни помогне да ги пребродиме сите наши неволји (w15 15/4 3:3, 14, 16).

Вторник, 8 август

Вашиот противник, Ѓаволот, оди наоколу како разрикан лав и бара некого да проголта (1. Пет. 5:8)

Денешниот стих многу добро ја опишува свирепоста на Сатана! Иако целиот свет веќе е под негова власт, тоа не му е доволно. Сатана е како крволочен лав со незаситен глад за уште повеќе жртви. Тој е решен да ги проголта Јеховините слуги. Прогонството што го претрпеле Христовите следбеници од првиот век досега јасно покажува дека Ѓаволот е свиреп и безмилосен. Еден изгладнет лав нема жал за својата жртва. Не чувствува никаква сомилост пред да ја убие ниту, пак, чувствува вина откако ќе го стори тоа. На сличен начин, Сатана не покажува никаква милост кон оние што се обидува да ги проголта. Што мислиш, како се чувствувал Сатана секогаш кога гледал како Израелците се препуштаат на грев, на пример, на сексуален неморал или алчност? Кога читаш за трагичните последици кои ги сноселе неморалниот Зимриј и алчниот Гиезиј, можеш ли да си го замислиш разриканиот лав како ликува од радост поради својата победа? (4. Мој. 25:6-8, 14, 15; 2. Цар. 5:20-27; w15 15/5 1:8-9).

Среда, 9 август

Спротивставете му се на Ѓаволот, и тој ќе побегне од вас! (Јак. 4:7)

Како можеме да се бориме против Сатана и да го победиме? Исус им рекол на своите ученици: „Преку својата истрајност ќе ги добиете своите души“ (Лука 21:19). Ништо од она што можат да ни го направат луѓето не може да ни нанесе трајна штета. Никој не може да го уништи нашето скапоцено пријателство со Бог ако ние не му го дозволиме тоа (Рим. 8:38, 39). Дури и кога некој Божји слуга ќе умре, тоа не е победа за Сатана, бидејќи Јехова ќе се погрижи да го воскресне својот верен слуга! (Јован 5:28, 29). Но, Сатана нема никаква иднина. Откако ќе биде уништен овој безбожен свет, тој ќе биде затворен во бездна 1.000 години (Отк. 20:1-3). Кога ќе заврши илјадагодишното владеење на Исус, Сатана накратко ќе биде „пуштен од својот затвор“ за да се обиде да ги заведе совршените луѓе за последен пат. На крајот, тој ќе биде уништен (Отк. 20:7-10). Ѓаволот го очекува сигурно уништување, но тоа не важи и за тебе! Спротивстави му се на Сатана, цврст во верата (1. Пет. 5:9). Ти можеш да се бориш против него и да го победиш! (w15 15/5 2:1, 18).

Четврток, 10 август

Паметниот човек го гледа злото и се трга, а глупавите одат понатаму и ја трпат казната (Изр. 22:3)

Мудриот човек е свесен дека размислувањето може да биде како оган. Ако сме внимателни, огнот може да ни користи, на пример, за да зготвиме јадење. Но, ако излезе од контрола, огнот може да биде смртоносен — може да ја изгори и куќата и оние што живеат во неа. Слично е и со нашите мисли. Добро е да размислуваме за она што го учиме од Јехова бидејќи тоа ќе ни помогне да бидеме послични на него. Меѓутоа, многу е опасно да мислиме на работи што кај нас можат да разгорат неморални желби. Ако често размислуваме за погрешни работи, може толку многу да ги посакуваме што на крајот и ќе ги направиме. Ова би можело да го уништи нашето пријателство со Јехова (Јак. 1:14, 15). Исус јасно предупредил дека е погрешно да си замислуваме работи што кај нас ќе подбудат неморални желби. Тој рекол: „Секој што гледа во жена со страст, веќе извршил прељуба со неа во своето срце“ (Мат. 5:28; w15 15/5 4:11-12, 14).

Петок, 11 август

Им се радував на синовите човечки (Изр. 8:31)

Додека проповедал, Исус правел многу чуда, од кои јасно се гледал неговиот искрен интерес за луѓето. Во една прилика, тој наишол на многу жална глетка (Мар. 1:39, 40). Сретнал еден човек кој имал страшна болест — лепра. Во своето евангелие, лекарот Лука запишал дека човекот бил „полн со лепра“, што укажува дека болеста била во напредна фаза (Лука 5:12). Библијата вели: „Кога го здогледа Исус, [лепрозниот] падна ничкум и го замоли: ‚Господару, ако сакаш, можеш да ме исчистиш‘“. Човекот воопшто не се сомневал дека Исус може да го излекува, но не знаел дали сака да го направи тоа. Како одговорил Исус на оваа искрена молба? Тој ја испружил раката и го допрел лепрозниот, а потоа, со решителен и истовремено нежен глас, рекол: „Сакам, исчисти се!“ Извештајот вели: „И лепрата веднаш исчезна“ (Лука 5:13). Исус навистина покажувал колку многу ги сака луѓето (Лука 5:17; w15 15/6 2:3-5).

Сабота, 12 август

Оној што се изолира се спротивставува на секоја мудрост (Изр. 18:1)

Ако се бориме со нечисти желби, многу е важно да побараме помош од некој зрел и прониклив сохристијанин. Таквиот разговор би можел да ни помогне да не си наоѓаме оправдувања за погрешните желби (Евр. 3:12, 13). Освен тоа, така би можеле да си ги откриеме слабите точки и да ги направиме потребните промени за да ја зачуваме Јеховината љубов. Во овој поглед особено можат да ни помогнат старешините (Јак. 5:13-15). Ако имаш навика да гледаш порнографија, неопходно е веднаш да побараш помош. Колку повеќе чекаш толку поголема е опасноста нечистите желби ‚да зачнат и да родат грев‘ со кој ќе ги повредиш другите и ќе му нанесеш срам на Јеховиното име. Поттикнати од желба да му угодат на Јехова и да останат во христијанското собрание, многу Божји слуги ги прифатиле библиските совети кои старешините со љубов им ги дале (Јак. 1:15; Пс. 141:5; Евр. 12:5, 6; w15 15/6 3:15-17).

Недела, 13 август

Во тој ден, секој пророк, кога ќе пророкува, ќе се посрами од своето видение и нема да носи пророчка наметка за да лаже (Зах. 13:4)

Дали треба да заклучиме дека, кога ќе бидат уништени религиите кои го сочинуваат Големиот Вавилон, ќе бидат погубени и сите нивни поранешни членови? Очигледно не. И некои свештеници ќе се преправаат дека не се побожни и ќе одрекуваат дека некогаш биле дел од лажните религии (Зах. 13:5, 6). Што ќе се случува со Божјиот народ во тоа време? Исус објаснил: „Ако не се скратат тие дни, никој нема да се спаси. Но заради избраните, ќе се скратат тие дни“ (Мат. 24:22). Во 66 год. од н.е., неволјата била ‚скратена‘. Поради тоа, „избраните“ помазани христијани успеале да побегнат од градот и од неговата околина. На сличен начин, и првиот дел од претстојната голема неволја ќе биде скратен заради „избраните“. Јехова нема да им дозволи на политичките „десет рогови“ да го уништат неговиот народ (Отк. 17:16). Наместо тоа, штом ќе заврши првиот дел од нападот, ќе има краток период на затишје (w15 15/7 2:5-6).

Понеделник, 14 август

Дојде Искушувачот (Мат. 4:3)

Секој од нас има избор и може да одлучи дали ќе подлегне на некое искушение или не (Мат. 6:13; Јак. 1:13-15). Кога Сатана го искушувал, Исус веднаш се спротивставувал така што цитирал соодветна мисла од Божјата Реч. На тој начин, Исус го поддржал Бог како Севишен Владетел. Сепак, Ѓаволот не се откажал, туку чекал „друг поволен момент“ (Лука 4:13). Но, сеедно што правел Сатана, Исус секогаш му бил послушен на Јехова како на свој Владетел. Сатана продолжува да ги искушува следбениците на Исус, вклучувајќи те и тебе. Бидејќи сѐ уште не е даден конечен одговор на спорното прашање во врска со Божјата врховна власт, Јехова му дозволува на Искушувачот да го користи овој свет за да нѐ става на испити. Бог не ‚нѐ воведува во искушение‘, односно не нѐ искушува. Напротив, тој има доверба во нас и сака да ни помогне. Сепак, затоа што ја почитува нашата слободна волја, Јехова дозволува самите да одлучиме дали ќе му бидеме верни или не. За да не подлегнеме на искушенијата, треба да направиме две работи — да останеме блиски со него и да истраеме во молитва (w15 15/6 5:13-14).

Вторник, 15 август

Во ништо не даваме никаква причина за спрепнување, за да нема што да ѝ се приговори на нашата служба (2. Кор. 6:3)

Како христијани, треба да вложуваме свесен напор да размислуваме поинаку и да ја школуваме совеста за да останеме неутрални во секакви околности (Рим. 14:19). Да ја земеме за пример Мирјета‚ која е родена на подрачјето на поранешна Југославија. Како мала, била воспитана да ги мрази Србите. Но, кога дознала дека Јехова е непристрасен Бог и дека Сатана е тој што ги подбуцнува луѓето на национална омраза, таа вложила голем труд за да ги искорени патриотските чувства. И покрај тоа, кога избувнале етнички судири во нејзиниот крај, кај Мирјета повторно испливала старата омраза, и поради тоа ѝ било тешко да им проповеда на Србите. Сепак, сфатила дека не може едноставно да чека и да се надева дека тие негативни чувства ќе поминат сами од себе. Таа сесрдно го молела Јехова да ѝ помогне да се избори со нив. Мирјета вели: „Сфатив дека службата е најдобриот лек. Кога им проповедам на другите, се трудам да ги покажувам Божјите прекрасни особини и моите негативни чувства постепено исчезнуваат“ (w15 15/7 3:11-13).

Среда, 16 август

Јехова ја пребарува со своите очи целата земја за да ја покаже својата сила штитејќи ги оние што му се оддадени со цело срце (2. Лет. 16:9)

Да го разгледаме примерот на Јосафат, кој владеел како цар на Јуда. Во една прилика, тој постапил немудро така што тргнал заедно со израелскиот цар Ахав во воен поход. Иако 400 лажни пророци тврделе дека злобниот Ахав ќе извојува победа, вистинскиот Божји пророк Михаија претскажал сигурен пораз. Ахав бил убиен во битката, а Јосафат едвај извлекол жива глава. Откако се вратил во Ерусалим, Јехова го укорил затоа што се здружил со Ахав. И покрај тоа, Јуј, синот на јасновидецот Ананиј, му рекол: „Сепак, се најде и нешто добро во тебе“ (2. Лет. 18:4, 5, 18-22, 33, 34; 19:1-3). Иако Јосафат подоцна донел лоша одлука, Бог не ги заборавил добрите работи што ги направил овој цар (2. Лет. 17:3-10). Овој библиски извештај нѐ потсетува дека, иако сме несовршени, Јехова ќе продолжи да нѐ сака ако даваме сѐ од себе за да го радуваме (w15 15/8 1:8-9).

Четврток, 17 август

Заповедај им да прават добро за да го освојат вистинскиот живот (1. Тим. 6:18, 19)

Како можеме уште сега да се подготвиме за животот во Божјиот нов свет? Замисли си дека имаш намера да се преселиш во друга земја. Како би можел да се подготвиш за една таква промена? Можеби ќе почнеш да го учиш јазикот што се зборува таму. Добро е да дознаеш нешто повеќе и за тамошните обичаи. Можеби ќе пробаш и некое традиционално јадење. Всушност, во некоја смисла, ќе почнеш да живееш како веќе да си жител на таа земја. На сличен начин, можеме да се подготвиме за животот во новиот свет така што, во извесна мера, уште сега ќе живееме како веќе да сме таму. Мнозина сметаат дека е многу важно да бидат независни и дека нема потреба да му бидат послушни на Бог. Кои се последиците од таквиот став? Тоа што луѓето го отфрлиле Божјето водство довело до многу страдања и трагедии (Ерем. 10:23). Но, Јехова е Бог кој владее со љубов. Затоа, ние едвај чекаме да дојде времето кога сите ќе се подложат на неговото владеење! (w15 15/8 3:4-5).

Петок, 18 август

Не впрегнувајте се во нееднаков јарем со неверници (2. Кор. 6:14)

Христијаните кои сакаат да стапат во брак треба особено да внимаваат со кого се дружат. Библијата ги советува Божјите слуги да стапат во брак „само во Господарот“, односно да се омажат или оженат само за крстен слуга на Јехова кој живее во склад со библиските учења (1. Кор. 7:39). Така ќе имаат брачен другар кој го сака Бог и кој ќе им помогне да му останат верни. Јехова знае што е најдобро за неговите слуги, и тој не го променил својот став за бракот. Забележи ја следнава едноставна и јасна заповед што им ја дал на Израелците преку Мојсеј. Во врска со другите народи кои ги опкружувале и кои не му служеле, Јехова рекол: „Не склучувај бракови со нив... Зашто, ќе го одвратат твојот син од мене, па ќе им служи на други богови“ (5. Мој. 7:3, 4; w15 15/8 4:12-13).

Сабота, 19 август

Проценете што е најважно, за да бидете непорочни и да не ги спрепнувате другите (Фил. 1:10)

Како можеме да си ја остриме совеста? Така што редовно ќе ја проучуваме Библијата под молитва, длабоко ќе размислуваме за прочитаното и ќе го применуваме она што сме го научиле. Според тоа, не е доволно само да знаеме факти и да учиме правила. Додека ја проучуваме Библијата, ние треба постепено да стекнуваме сѐ појасна слика за Јехова, за неговите особини, и за она што тој го сака и го мрази. Со текот на времето, нашата совест ќе може брзо да препознава што е добро, а што лошо од Божја гледна точка. Колку повеќе ја остриме толку послични ќе бидеме на Јехова. Но, понекогаш не разбираме зошто некој во собранието донел одредена одлука за некоја лична работа. Во таков случај, не треба брзо да го осудиме или да се обидеме да го присилиме да се премисли. Можеби совеста на овој соверник сѐ уште е „слаба“ и треба да се остри или, пак, е преосетлива на некои полиња (1. Кор. 8:11, 12; w15 15/9 2:4, 8, 10).

Недела, 20 август

Земјата им ја дал на синовите човечки (Пс. 115:16)

По сѐ изгледа, Земјата е уникатна Божја творба. Замисли си, од неброените планети во вселената, Јехова не само што ја создал нашата Земја со услови за живот туку и ја претворил во удобен, прекрасен и безбеден дом за луѓето! (Иса. 45:18). Ова јасно покажува колку многу нѐ сака (Јов 38:4, 7; Пс. 8:3-5). Освен што се погрижил за нашите материјални потреби, Јехова ја покажал својата љубов и така што ги создал луѓето според својот лик (1. Мој. 1:27). Ова значи дека им дал способност да ја чувствуваат неговата љубов и грижа, и да му возвратат. Тој знае дека токму тоа нѐ прави вистински среќни. Впрочем, зарем едно дете не е најсреќно кога добива љубов и внимание од своите родители? Освен тоа, Исус нѐ поучил дека ќе бидеме среќни ако сме блиски со нашиот Татко, Јехова, кога рекол: „Среќни се оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби“ (Мат. 5:3). Како грижлив Татко, Јехова „богато ни дава сѐ за да уживаме во тоа“. Тој навистина великодушно се грижи за сите наши материјални и духовни потреби! (1. Тим. 6:17; Пс. 145:16; w15 15/9 4:6-7).

Понеделник, 21 август

Некој пат му се чини на човекот исправен, но на крајот води во смрт (Изр. 14:12)

Еден псалмист кој многу го сакал Јехова и имал доверба во него рекол: „Чекај го Бог, зашто јас и понатаму ќе го фалам како свој голем спасител. Боже мој, мојата душа е очајна во мене. Затоа се сеќавам на тебе“ (Пс. 42:5, 6). Дали и кај тебе гори таква љубов кон нашиот небесен Татко? Дали се чувствуваш близок со Јехова и дали имаш силна доверба во него? Дури и ако твојот одговор е потврден, можеш да научиш уште повеќе да се потпираш на Бог. Библијата нѐ поттикнува: „Имај доверба во Јехова со сето свое срце и не потпирај се на сопствениот разум. На сите свои патишта имај го на ум, и тој ќе ги исправи твоите патеки“ (Изр. 3:5, 6). Со тоа што прв покажал љубов кон нас, Јехова нѐ поучил како да го сакаме (1. Јов. 4:19). Никогаш да не заборавиме колку е голема неговата љубов и колку многу тој направил за нас. Да бидеме решени да му покажеме дека навистина го сакаме „со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум, и со сета своја сила“! (Мар. 12:30; w15 15/9 5:17-19).

Вторник, 22 август

Јас и мојот дом ќе му служиме на Јехова (Ис. Нав. 24:15)

Кога учествуваме во службата, ние им помагаме на другите да стекнат вера, но ја зајакнуваме и својата вера. Слично на првите христијани, учиме да покажуваме целосна доверба во Јехова и да зборуваме смело во секоја ситуација (Дела 4:17-20; 13:46). Нашата вера во Јехова расте кога гледаме како тој ни помага и како одговара на нашите молитви. Тоа било случај со Халев и со Исус Навин. Тие покажале вера во Јехова кога биле испратени да ја извидат Ветената земја. Со текот на времето, нивната вера станувала сѐ поцврста додека гледале како Јехова им помага. Ништо чудно што Исус Навин со увереност им рекол на Израелците: „Не остана неисполнето ниту едно ветување од сите добри ветувања што ви ги даде Јехова, вашиот Бог“. Тој подоцна додал: „Затоа сега бојте се од Јехова и служете му беспрекорно и верно!“ (Ис. Нав. 23:14; 24:14). И нашата вера расте кога гледаме колку е добар Јехова и како ни помага (Пс. 34:8; w15 15/10 2:10-11).

Среда, 23 август

Езра го подготви своето срце (Езра 7:10)

Дали понекогаш фаќаш белешки кога има јавно предавање или кога си на некој собир или конгрес? Добро е да одвоиш време да ги разгледаш. Додека го правиш тоа, прашај се: ‚Што научив од Библијата и од Божјата организација?‘ Можеш да размислуваш и за информациите што секој месец излегуваат во списанијата Стражарска кула и Разбудете се!, како и во новите конгресни изданија. Кога ќе прочиташ некое искуство во Годишникот, можеби е добро кратко да застанеш и да размислиш за него. На тој начин ќе дозволиш она што си го прочитал да те допре до срце. Би можел да ги подвлечеш главните мисли или да си правиш белешки на маргините, кои ќе ти помогнат кога се подготвуваш за повторна посета, за пастирска посета или за некој иден говор. Најважно од сѐ, кога застануваш и размислуваш за она што го читаш, дозволуваш информациите да ти влезат во срцето и имаш прилика да му се заблагодариш на Јехова за убавите работи што си ги научил (w15 15/10 4:9-10).

Четврток, 24 август

Исус растеше, напредуваше во мудроста и уживаше сѐ поголема наклоност кај Бог и кај луѓето (Лука 2:52)

Еден од најрадосните моменти за христијанските родители е денот кога нивното дете се крштава. Берника има четири деца, и сите се крстиле пред да наполнат 14 години. Таа вели: „Бевме пресреќни кога децата се крстија. Се разбира, му бевме благодарни на Јехова што тие одлучија да му служат. Сепак, знаевме дека, како тинејџери, ќе се соочат со многу предизвици“. Еден стручњак по детска психологија вели дека родителите не треба да ги сметаат своите деца за „збеснати“ или „недозреани“. Според овој стручњак, тинејџерите минуваат низ период на силни емоции, креативност и нагласена потреба од друштво. Во тие години, твоите деца можат да развијат подлабок однос со Јехова, како што било случај и со Исус кога бил на таа возраст (w15 15/11 2:1-2).

Петок, 25 август

Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата (Мат. 6:10)

Месијанското Царство — влада која ја воспоставил Бог — е доказ за Божјата љубов. Јехова веќе го поставил Исус Христос како Владетел кој го сака човештвото и кој ги исполнува сите услови да владее (Изр. 8:31). Бог избрал и 144.000 луѓе за да владеат заедно со Христос на небото. Откако ќе бидат воскреснати, тие сѐ уште ќе се сеќаваат на она што го доживеале додека биле луѓе на Земјата (Отк. 14:1). Божјето Царство било главната тема за која проповедал Исус, а тој ги поучил и своите ученици да се молат за тоа Царството и за благословите што ќе ги донесе. Библиските пророштва покажуваат дека Божјето небесно Царство било воспоставено во 1914 год., кога започнала Христовата присутност. Оттогаш наваму, се собираат преостанатите помазаници кои ќе владеат со Исус на небото, како и „големото мноштво“ луѓе кои ќе го преживеат крајот на овој поредок и ќе влезат во новиот свет (Отк. 7:9, 13, 14; w15 15/11 3:16, 18).

Сабота, 26 август

Те молам, слушај ме, а јас ќе зборувам (Јов 42:4)

Јехова најпрво го создал Исус, кого апостол Јован го нарекол „Речта“ и „почетокот на Божјите дела на создавање“ (Јован 1:1; Отк. 3:14). Бог комуницирал со својот првороден Син, и ги споделувал своите мисли и чувства со него (Јован 1:14, 17; Кол. 1:15). Апостол Павле вели дека и ангелите зборуваат на свој јазик, кој многу се разликува од јазикот на луѓето (1. Кор. 13:1). Јехова многу добро ги познава милијардите суштества обдарени со разум — и оние на Земјата и оние на небото. Тој може истовремено да ги слуша молитвите на милиони луѓе кои му се обраќаат на различни јазици. Додека ги слуша сите тие молитви, Јехова продолжува да комуницира со небесните суштества и да им дава упатства. Ова значи дека начинот на кој Бог размислува и комуницира е далеку повозвишен од нашиот (Иса. 55:8, 9). За да можат луѓето да го разберат, Јехова им ги пренесува своите мисли на многу поедноставен начин (w15 15/12 1:1-2).

Недела, 27 август

Земјата ќе биде полна со знаење за Јехова, како што морето е полно со вода (Иса. 11:9)

Во многу земји е вистински благослов да се има Библија, бидејќи обично е скапа или не може лесно да се најде. Во еден извештај од Руанда стоело: „Долго време, многу лица кои проучуваа не можеа духовно да напредуваат затоа што немаа своја Библија. Немаа доволно пари да купат Библија од тамошните цркви. Освен тоа, честопати не можеа добро да разберат што значат некои стихови, и тоа го спречуваше нивниот духовен напредок“. Но, работите се променија кога излезе Преводот Нов свет на нивниот јазик. Забележи ја изјавата на едно семејство од Руанда, во кое има четири деца на тинејџерска возраст: „Од срце им благодариме на Јехова и на верниот и разборит роб што ни ја дадоа оваа Библија. Ние сме многу сиромашни и немавме пари да купиме по една Библија за секого. Но, сега секој од нас има свој примерок. За да му покажеме на Јехова колку ја цениме Библијата, ја читаме како семејство секој ден“ (w15 15/12 2:15-16).

Понеделник, 28 август

Јехова, смилувај ми се! Излекувај ме, зашто ти згрешив (Пс. 41:4; Превод Нов свет — ревидирано издание на англиски од 2013)

Давид можеби ги кажал овие зборови кога самиот бил тешко болен, и се чувствувал немоќно и загрижено. По сѐ изгледа, во тој период син му Авесалом сакал да го приграби неговиот престол. Давид бил толку болен што не можел да го спречи во тоа. Тој бил свесен дека проблемите во неговото семејство се последица на неговиот грев со Витсавеа (2. Сам. 12:7-14). Бидејќи знаел дека Јехова му го простил тој грев, Давид бил уверен дека Бог ќе го поткрепи додека лежи болен в постела (Пс. 41:3). Сепак, тој не се молел да биде излекуван со чудо. Наместо тоа, контекстот покажува дека побарал од Бог да му помогне исто како што би му помогнал на некој ‚што постапувал обѕирно кон бедниот‘. Бидејќи имал добар однос со Јехова, Давид можел да бара сила и утеха од него. Исто така, можел да се моли неговото тело постепено самото да закрепне од болеста (Пс. 103:3). И ние може да го молиме Бог да ни помогне на сличен начин (w15 15/12 4:8-9).

Вторник, 29 август

Примивте дух на посинување, кој нѐ поттикнува да викаме: „Ава, Татко!“ (Рим. 8:15)

На оние што го добиле овој посебен повик од Бог не им е потребно некој друг да им го потврди тоа. Јехова не остава апсолутно никаков сомнеж во нивниот ум и срце. Апостол Јован им го вели следново на помазаните христијани: „Вие имате помазание од Светиот, сите вие ја знаете вистината“. А потоа додава: „Во вас останува помазанието, кое го примивте од него, и никој не треба да ве поучува, туку помазанието од него ве учи за сѐ — а тоа е вистинито и не е лага — и како што ве поучи, останете во единство со Него“ (1. Јов. 2:20, 27). Во која смисла никој не треба да ги поучува помазаниците? Се разбира, ним им се потребни духовни поуки како и на сите други. Но, не им треба некој друг да им потврди дека се помазани. Ова уверување им го дава светиот дух — најмоќната сила во вселената! (w16.01 3:9-10).

Среда, 30 август

Бидете задоволни со она што го имате (Евр. 13:5)

Довербата во Јехова ни помага да бидеме задоволни со она што го имаме и да бидеме урамнотежени во поглед на материјалните работи (1. Тим. 6:6-8). Исто така, ни помага да сфатиме дека нашето пријателство со Јехова и со браќата е далеку поважно од сѐ друго што може да се купи со пари. Кога некој е задоволен со она што го има, тој не се жали, не приговара и не бара маани. Освен тоа, не е лаком и не им завидува на своите браќа бидејќи таквите чувства можат да ја задушат братската љубов. Наместо тоа, тој е великодушен и дарежлив (1. Тим. 6:17-19). Довербата во Јехова ни влева и храброст да ги издржиме сите тешкотии на кои ќе наидеме (Евр. 13:6). Храброста, пак, ни помага да задржиме позитивен став и да ги зајакнуваме и да ги тешиме сохристијаните (1. Сол. 5:14, 15). Дури и во големата неволја, ќе можеме да бидеме храбри бидејќи ќе знаеме дека се приближува нашето избавување (Лука 21:25-28; w16.01 1:16-17).

Четврток, 31 август

Јехова ги познава оние што се негови (2. Тим. 2:19)

Со децении, бројот на оние што земаа од симболите на Спомен-свеченоста постепено се намалуваше. Но, во последно време, овој број почна од година во година да расте. Дали ова треба да нѐ загрижува? Не. Мора да имаме на ум неколку работи. За разлика од Бог, браќата што ги бројат оние кои земаат од симболите на Спомен-свеченоста не можат да проценат кој навистина има небесна надеж. Во овој број се вклучени и оние што мислат дека се помазани, а не се. На пример, некои што едно време земале од симболите, подоцна престанале да го прават тоа. Други можеби имаат психички или емоционални проблеми, и затоа мислат дека ќе владеат со Христос на небото. Според тоа, бројот на оние што земаат од симболите не покажува точно колку помазаници се останати на Земјата. Освен тоа, Библијата не кажува колку од нив ќе бидат овде кога ќе започне големата неволја (w16.01 4:12-14).

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели