Јули
Сабота, 1 јули
Не заборавајте ја гостољубивоста (Евр. 13:2)
Зборот кој од изворниот јазик е преведен со „гостољубивост“ значи „љубов кон непознати“. Овој израз можеби нѐ потсетува на примерот на Авраам и на Лот. И двајцата покажале гостољубивост кон посетители кои не ги знаеле. Отпосле сфатиле дека тие, всушност, биле ангели (1. Мој. 18:2-5; 19:1-3). Дали и ние покажуваме гостољубивост со тоа што ги каниме другите на ручек или на дружење за меѓусебно да се охрабриме? Не мора да правиме некое посебно јадење или да потрошиме многу пари за да покажеме гостољубивост. Освен тоа, не сакаме да ги каниме само оние што можат да ни возвратат на некој начин (Лука 10:42; 14:12-14). Наша цел треба да биде да ги охрабриме другите, а не да ги импресионираме. Иако можеби не ги познаваме добро покраинскиот надгледник и неговата жена, дали ги каниме на гости кога се во посета на нашето собрание? (3. Јов. 5-8). И покрај многуте обврски што ги имаме, никогаш да ‚не ја заборавиме гостољубивоста‘! (w16.01 1:11-12).
Недела, 2 јули
Бевте запечатени со ветениот свет дух, кој е залог на нашето наследство (Еф. 1:13, 14)
Јехова го користи својот свет дух за јасно да им стави до знаење на тие христијани дека ги избрал да одат на небото. На тој начин, светиот дух служи како „залог“, или еден вид капар, односно гаранција за она што ќе дојде. Поради тоа, помазаниот христијанин е цврсто уверен дека има можност да живее на небото, а не на Земјата (2. Кор. 1:21, 22; 5:5). Тој е сигурен дека е повикан да оди на небото. Но, дали на крајот ќе ја добие таа награда или не, зависи од тоа дали ќе му остане верен на Јехова. Петар го објаснил ова со следниве зборови: „Затоа, браќа, уште повеќе дајте сѐ од себе за да ги потврдите својот позив и избор, зашто ако го правите тоа, никогаш нема да паднете. Всушност, на тој начин ќе ви биде великодушно овозможено да влезете во вечното царство на нашиот Господар и Спасител Исус Христос“ (2. Пет. 1:10, 11). Според тоа, секој помазан христијанин треба и понатаму да дава сѐ од себе за да остане верен. Во спротивно, нема да има никаква корист од својот небесен повик (Евр. 3:1; Отк. 2:10; w16.01 3:6-7).
Понеделник, 3 јули
Кој се возвишува, ќе биде понижен, а кој се понизува, ќе биде возвишен (Мат. 23:12)
Би било погрешно да воздигнуваме некого, дури и да е помазан Христов брат. Библијата нѐ поттикнува да се угледаме на верата на старешините кои предводат, но никаде во неа не пишува дека треба да воздигнуваме кој и да било човек како наш водач (Евр. 13:7). Точно, таа вели дека некои се „достојни за двојна чест“. Меѓутоа, тие не се достојни за таква чест затоа што се помазани, туку затоа што „предводат на добар начин“ и „марливо говорат и поучуваат за Божјата реч“ (1. Тим. 5:17). На оние што имаат небесен повик би им било многу непријатно ако им се укажува претерана чест или внимание. Што е уште полошо, ако другите постапуваат со нив на посебен начин, на помазаниците може да им биде тешко да останат понизни (Рим. 12:3). Сигурно никој од нас не би сакал да спрепне некој од Христовите браќа! (Лука 17:2; w16.01 4:9).
Вторник, 4 јули
Вистинскиот пријател сака во секое време (Изр. 17:17)
Пријателството е бесценето богатство. Но, тоа не е како некој обичен предмет кој ќе го купиме, а потоа ќе го зафрлиме некаде да собира прашина. Пријателството повеќе наликува на прекрасно цвеќе на кое му треба вода и нега за да расте и да цвета. Авраам го ценел своето пријателство со Јехова и многу се трудел да го зачува. Како? Авраам никогаш не помислил дека е доволно што во минатото покажувал страхопочит и послушност кон Бог. Додека заедно со своето големо домаќинство патувал до Ханаан, тој и понатаму дозволувал Јехова да го води кога донесувал одлуки, сеедно дали големи или мали. Една година пред да се роди Исак, кога Авраам имал 99 години, Јехова побарал од него да го обреже секое машко во својот дом. Дали Авраам приговарал на оваа заповед или барал изговор да не ја послуша? Не. Со целосна доверба во Бог, тој го послушал и ‚истиот ден‘ ги обрежал сите машки (1. Мој. 17:10-14, 23; w16.02 1:9-10).
Среда, 5 јули
И детето се познава по она што го прави, дали е неговото дело чисто и исправно (Изр. 20:11)
Овој стих покажува дека дури и некој што е прилично млад може да знае како треба да постапува и што значи да му се заветува на својот Творец. Според тоа, крштавањето е соодветен и многу важен чекор што може да го направи секој млад човек кој е доволно зрел и кој му се заветувал на Јехова (Изр. 20:7). Што покажува дека некој е зрел? Зрелоста не е поврзана само со возраста или со телесниот раст. Библијата вели дека зрели луѓе се „оние чија моќ на согледување преку искуство им е извежбана да разликува добро и зло“ (Евр. 5:14). Значи, зрелите поединци знаат што е исправно во Јеховини очи и цврсто се решени во своето срце да се држат за тоа. Од таа причина, тие не паѓаат лесно под лошо влијание, и нема потреба некој друг постојано да ги тера да го прават она што е добро. Сосема е разумно да се очекува едно крстено младо лице да се држи за Божјите мерила дури и кога не е заедно со своите родители или со други возрасни (Фил. 2:12; w16.03 1:4-5).
Четврток, 6 јули
Не плаши се, ти ќе царуваш над Израел, а јас ќе бидам втор, веднаш до тебе (1. Сам. 23:17)
Јонатан сигурно бил восхитен од храброста на Давид. Давид го убил џинот Голијат и му ја донел ‚главата на тој Филистеец‘ на татко му на Јонатан, израелскиот цар Саул (1. Сам. 17:57). Јонатан воопшто не се сомневал дека Бог е со Давид, и оттогаш тие двајца станале многу блиски пријатели. Всушност, ‚Јонатан склучил сојуз со Давид, зашто го сакал како својата душа‘ (1. Сам. 18:1-3). Тој му бил лојален на својот пријател до крајот на животот. Иако Давид бил избран за следен цар на Израел, Јонатан му останал лојален. Тој бил загрижен за својот пријател кога Саул се обидувал да го најде Давид за да го убие. Јонатан знаел дека Давид е во Јудејската Пустина во Орес, и затоа отишол таму за да го охрабри и ‚да му ја зацврсти довербата во Бог‘ (1. Сам. 23:16; w16.02 3:1-2).
Петок, 7 јули
Бев крај Јехова како вешт градител и му бев посебна радост, од ден на ден (Изр. 8:30)
Јехова и Исус биле обединети уште од самиот почеток. Исус бил првото Божје создание. Таткото и Синот соработувале додека го создавале целокупниот жив свет што постои денес. И Божјите слуги на Земјата работеле заедно за да ги извршат задачите што им биле доверени. На пример, Ное и неговото семејство заедно ја направиле арката. Израелците соработувале кога го правеле светиот шатор, и подоцна кога го расклопувале и го пренесувале од место до место. Во храмот, тие заедно пееле и свиреле на музички инструменти за да го фалат Јехова со прекрасни песни. Јеховините слуги можеле да ги прават сите овие работи благодарение на заемната соработка (1. Мој. 6:14-16, 22; 4. Мој. 4:4-32; 1. Лет. 25:1-8). И христијаните во првиот век соработувале под водство на Исус Христос, кој е глава на собранието. Апостол Павле објаснил дека сите тие биле делови на „едно тело“ иако имале различни дарови и извршувале разни служби (1. Кор. 12:4-6, 12; w16.03 3:1-2).
Сабота, 8 јули
Одете и правете ученици од луѓето од сите народи (Мат. 28:19)
Во минатото, луѓето од другите народи морале да доаѓаат кај Израелците ако сакале да му служат на Јехова (1. Цар. 8:41-43). Но, подоцна Исус ја дал заповедта која се наоѓа во денешниот стих. Тој им рекол на своите ученици ‚да одат‘ кај сите народи. На Педесетница 33 год. од н.е., Јехова покажал дека сака добрата вест да се проповеда низ целиот свет. Истиот ден, тој го излеал светиот дух врз околу 120 членови на новооснованото собрание, и тие почнале да им зборуваат на разни јазици на Евреите и на преобратениците во еврејската вера (Дела 2:4-11). Потоа подрачјето за проповедање се проширило и на Самарјаните. На крајот, во 36 год. од н.е., христијаните почнале да им проповедаат и на необрежаните не-Евреи. На некој начин, може да се каже дека подрачјето за проповедање се проширило толку многу што, од едно симболично „езерце“, прераснало во огромен „океан“! (w16.03 4:12).
Недела, 9 јули
Она што го чу од мене довери им го на верни луѓе (2. Тим. 2:2)
Божјите слуги отсекогаш сфаќале дека обуката води до добри резултати. На пример, Авраам ги собрал за борба своите слуги, кои биле „обучени мажи“, и заедно успеале да го избават Лот (1. Мој. 14:14-16, Превод на д-р Д. Х. Константинов). Во времето на цар Давид, пејачите во Божјиот дом биле „извежбани“, односно обучени да го фалат Јехова со песна (1. Лет. 25:7). Ние денес водиме духовна борба против Сатана и неговите следбеници (Еф. 6:11-13). Освен тоа, даваме сѐ од себе за да го фалиме Јехова (Евр. 13:15, 16). Слично на Божјите слуги во минатото, за да бидеме успешни, и ние треба да бидеме обучени. Во собранието, Јехова им ја доверил на старешините одговорноста да ги оспособуваат другите. Пред да го обучи ученикот за некои нови вештини, добро е старешината најпрво да му го подготви срцето. Како? Така што ќе сподели со него некои охрабрувачки библиски мисли кои ќе му помогнат полесно да го применува она што го учи (1. Тим. 4:6; w15 15/4 2:1-2).
Понеделник, 10 јули
Исус ќе го уништи оној што ја има моќта да предизвикува смрт, односно Ѓаволот (Евр. 2:14)
Ова не значи дека Ѓаволот директно ги убива сите луѓе. Тогаш, во кој поглед „предизвикува смрт“? Еден начин е така што шири омраза и насилство низ целиот свет. Освен тоа, бидејќи Ева поверувала во Сатановата лага, а Адам му бил непослушен на Бог, гревот и смртта се прошириле на сите луѓе (Рим. 5:12). Токму затоа Исус рекол дека Ѓаволот е „човекоубиец“ (Јован 8:44). Сатана навистина е моќен непријател! Кога му се спротивставуваме на Сатана, ние им се спротивставуваме и на сите оние што се на негова страна и што се противат на Божјето владеење. Во нив спаѓаат прилично голем број други бунтовни ангели, кои се наречени демони (Отк. 12:3, 4). Тие секогаш одново им нанесуваат големо страдање на луѓето, покажувајќи дека имаат натчовечка моќ (Мат. 8:28-32; Мар. 5:1-5). Никогаш не треба да ја потцениме моќта на демоните и на нивниот владетел (Мат. 9:34). Без Јеховина помош, немаме никаква шанса да победиме во борбата против Сатана (w15 15/5 1:6-7).
Вторник, 11 јули
Ни блудници, ни идолопоклоници, ни прељубници, ни мажи што се впуштаат во неприродни полови односи, ни мажи што легнуваат со мажи, ни крадци, ни алчни, ни пијаници, ни оние што зборуваат погрдно, ни изнудувачи нема да го наследат Божјето царство (1. Кор. 6:9, 10)
Ако се бориш со искушението да направиш неморал, што можеш да сториш? Признај си дека имаш слабост (Рим. 7:22, 23). Моли го Бог за сила (Фил. 4:6, 7, 13). Внимавај да не се најдеш во ситуација која може да води до неморал (Изр. 22:3). А ако ненадејно се соочиш со искушение, замини си веднаш (1. Мој. 39:12). Исус ни дал одличен пример за тоа како да им се спротивставиме на искушенијата. Тој не бил измамен од ветувањата што му ги дал Сатана и ни за миг не размислувал за нив. Наместо тоа, веднаш му рекол на Ѓаволот: „Напишано е“ (Мат. 4:4-10). Исус добро ја познавал Божјата Реч, и затоа можел веднаш да цитира стихови кога Сатана го искушал. За да се бориме против Сатана и да го победиме, не смееме да се доведеме во искушение да направиме неморал (w15 15/5 2:15-16).
Среда, 12 јули
Угледајте се на Бог (Еф. 5:1)
Јехова е бескрајно мудар и, ако сака, може да види што ќе се случи во иднина. Иако не ја знаеме иднината, и ние може да бидеме мудри. Како? Така што, пред да донесеме одлука, ќе размислиме како таа би можела да влијае врз нас или врз другите. Ќе бидеме мудри како Јехова ако однапред размислуваме, па дури и ако си ги замислиме можните последици од нашите постапки. На пример, ако си во врска, не заборавај дека може да биде многу тешко да ги контролираш своите чувства и сексуални желби. Затоа, внимавај да не направиш нешто со кое можеш да го доведеш во опасност своето скапоцено пријателство со Јехова! Наместо тоа, послушај ги следниве мудри зборови: „Паметниот човек го гледа злото и се трга, а глупавите одат понатаму и ја трпат казната“ (Изр. 22:3; w15 15/5 4:10-11).
Четврток, 13 јули
Секој што гледа во жена со страст, веќе извршил прељуба со неа во своето срце (Мат. 5:28)
Сети се што му се случило на цар Давид. Од покривот, тој ‚здогледал една жена како се капе‘ (2. Сам. 11:2). Но, не го свртел погледот и не почнал да мисли на нешто друго. Иако била туѓа жена, тој почнал да ја посакува и направил прељуба со неа. За успешно да се бориме со неморалните желби, треба ‚да склучиме сојуз со своите очи‘, исто како Јов (Јов 31:1, 7, 9). Мора да бидеме цврсто решени никогаш да не гледаме со непристојни мисли во некого. Тоа значи дека треба веднаш да го тргнеме погледот од неморалните слики, сеедно дали ќе ни се појават на мониторот, или се прикажани на рекламни паноа, на насловни страници на весниците или на кои и да било други места. Ако треба да направиш промени, веднаш стори го тоа! Спремно послушај ги советите од Божјата Реч, кои можат да ти помогнат да останеш морално чист и да не згрешиш (Јак. 1:21-25; w15 15/6 3:12-14).
Петок, 14 јули
Не воведувај нѐ во искушение (Мат. 6:13)
Зборовите „не воведувај нѐ во искушение“ нѐ потсетуваат на она што му се случило на Исус кратко откако се крстил. Божјиот дух го одвел во пустината „за Ѓаволот да го искуша“ (Мат. 4:1). Зошто Јехова дозволил неговиот Син да биде искушан? Па, која била главната причина зошто Бог го испратил Исус на Земјата? Тој дошол за да одговори на спорното прашање кое било покренато кога Адам и Ева го отфрлиле Јеховиното владеење. Всушност, со нивната побуна се покренале неколку прашања кои не можеле веднаш да бидат одговорени. Некои од нив биле: Дали Бог направил грешка во начинот на кој ги создал луѓето? Дали било можно совршен човек да му остане верен на Јехова и покрај искушенијата од „Злобниот“? И, дали на луѓето ќе им биде подобро ако владеат без Бог? (1. Мој. 3:4, 5). Било потребно време за да се одговорат овие прашања. Но, одговорот ќе им покажел на сите суштества обдарени со разум дека Јеховиниот начин на владеење е најдобар (w15 15/6 5:12).
Сабота, 15 јули
Тогаш ќе има голема неволја (Мат. 24:21)
Како ќе започне големата неволја? Со уништување на целокупната лажна религија. Во Библијата, лажната религија е наречена „Големиот Вавилон, мајка на блудниците“ (Отк. 17:5-7). Ова е соодветен назив за неа затоа што верските водачи блудствувале со водачите на овој злобен свет. Наместо верно да ги поддржуваат Исус и неговото Царство, тие им давале поддршка на човечките владетели и ги отфрлиле библиските начела само за да имаат што поголемо влијание врз политиката. Верските водачи се во остра спротивност со Божјите помазаници, кои се споредени со чиста девица (2. Кор. 11:2; Јак. 1:27; Отк. 14:4). Но, кој ќе го уништи Големиот Вавилон? Јехова Бог ќе ја стави „неговата замисла“ во срцата на симболичните „десет рогови“ на ‚црвениот ѕвер‘. Овие рогови ги претставуваат сите денешни политички сили кои во нападот врз лажната религија ќе им ја дадат својата поддршка на Обединетите нации — организацијата која е претставена со ‚црвениот ѕвер‘ (Отк. 17:3, 16-18; w15 15/7 2:3-4).
Недела, 16 јули
Секој од вас вели: „Јас сум на Павле“, „А јас на Аполо“, „А јас на Кифа“, „А јас на Христос“ (1. Кор. 1:12)
Како можел да се реши овој сериозен проблем? Павле ги советувал христијаните: „Ве поттикнувам, браќа... сите да зборувате едно и меѓу вас да нема поделби, туку да бидете потполно обединети со ист ум и со ист начин на размислување“ (1. Кор. 1:10, 11, 13). Ни во христијанското собрание денес не треба да има никакви поделби (Рим. 16:17, 18). Павле ги поттикнал помазаните христијани да мислат на своето граѓанство на небесата, а не на она што е на Земјата (Фил. 3:17-20). Тие требало да бидат пратеници, односно амбасадори кои го застапуваат Христос. Амбасадорите не се мешаат во политиката на државата каде што се испратени да служат. Тие се лојални на својата влада (2. Кор. 5:20). Како поданици на Божјето Царство, христијаните што имаат надеж за вечен живот на Земјата исто така не заземаат страна во денешните општествени конфликти (w15 15/7 3:9-10).
Понеделник, 17 јули
Тој беше милосрден, им простуваше за нивниот престап и не ги истреби. Многупати го одвраќаше својот гнев и не пламнуваше сета негова јарост (Пс. 78:38)
Тоа што ќе размислуваш за овој стих може да ти помогне да сфатиш дека Јехова те сака и се грижи за тебе лично. Биди уверен дека си скапоцен во негови очи (1. Пет. 5:6, 7). Треба многу да ја цениме Библијата затоа што Бог комуницира со нас главно преку неа. Кога меѓу родителот и детето има отворена комуникација, љубовта и довербата меѓу нив сѐ повеќе растат. Што може да очекуваме од нашиот грижлив Татко, Јехова? Иако никогаш не сме го виделе и не сме го чуле неговиот глас, тој ни „зборува“ преку својата Реч, и ние треба да го слушаме (Иса. 30:20, 21). Јехова сака да ни го даде потребното водство и заштита. Исто така, има желба да го запознаеме и да покажуваме доверба во него (Пс. 19:7-11; Изр. 1:33; w15 15/8 1:6-7).
Вторник, 18 јули
Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам! (Јак. 4:8)
Иако со нетрпение очекуваме да биде воспоставен рајот на Земјата, во новиот свет најмногу ќе се радуваме на духовните благослови. Замисли си, сите луѓе ќе го светат Божјето име и ќе му служат на Јехова како на свој Севишен Владетел! (Мат. 6:9, 10). Неговата првобитна намера за човештвото и за Земјата конечно ќе се исполни. Додека постепено напредуваме кон совршенство, ќе ни биде многу полесно да стануваме сѐ поблиски со Бог (Пс. 73:28). Можеме да ги доживееме овие благослови затоа што Исус нѐ уверува дека „за Бог сѐ е возможно“ (Мат. 19:25, 26). Но, ако сакаме да живееме во тој нов свет — а и откако ќе заврши Христовото илјадагодишно владеење — мора уште сега да преземеме чекори за ‚да го освоиме‘ вечниот живот (1. Тим. 6:19). Бидејќи знаеме дека крајот е многу близу, треба уште денес да се подготвиме за животот во новиот свет (w15 15/8 3:2-3).
Среда, 19 јули
За да добијат вечен живот, треба добро да те запознаат тебе, единствениот вистински Бог, и оној кого го испрати, Исус Христос (Јован 17:3)
Повеќето од она што го прикажува забавната индустрија, како што се разни ТВ-емисии, интернет-страници или книги, може да го наруши нашиот однос со Бог. Таквите содржини не се наменети да ни ја изградат верата во Јехова и во неговите ветувања. Напротив, тие ги одразуваат вредностите и целите на злобниот свет на Сатана. Затоа, треба многу да внимаваме да не се изложуваме на материјали кои кај нас можат да разгорат ‚световни желби‘ (Тит 2:12). За разлика од она што го нуди светот на Сатана, она што ни го дава Јеховината организација во овие последни денови нѐ поттикнува да постапуваме на начин што ќе нѐ води во вечен живот. Колку сме среќни што имаме најразлични списанија, брошури, книги, видеоматеријали и интернет-страници кои нѐ охрабруваат да му служиме! Божјата организација исто така обезбедува програма за редовните состаноци кои се одржуваат во повеќе од 110.000 собранија низ целиот свет. На тие состаноци, како и на собирите и конгресите, разгледуваме библиски поуки кои ни ја градат верата во Бог и во неговите ветувања (Евр. 10:24, 25; w15 15/8 4:9, 11).
Четврток, 20 јули
За тоа сведочи и нивната совест (Рим. 2:15)
Јеховините слуги сакаат да си ја острат совеста. Тие сакаат нивната совест да реагира во склад со мерилата за исправно и погрешно кои се дадени во Божјата Реч. Ако е обликувана според библиските начела, нашата совест може многу да ни користи. Но, за да ја обликуваме и да ја слушаме, не е доволно само да знаеме што пишува во Библијата. Ние мора да ги сакаме Божјите мерила и да бидеме уверени дека тие се добри за нас. Павле напишал: „Целта на оваа заповед е љубов од чисто срце, чиста совест и нелицемерна вера“ (1. Тим. 1:5). Кога си ја остриме совеста и постапуваме како што ни налага таа, нашата љубов кон Јехова се продлабочува и нашата вера се зајакнува. Всушност, нашата совест открива колку сме блиски со Бог и колку сакаме да му угодиме. Таа исто така открива какви сме навистина во срцето (w15 15/9 2:2-3).
Петок, 21 јули
Видете каква љубов ни дал Таткото (1. Јов. 3:1)
Јехова е нашиот Творец (Пс. 100:3-5). Затоа Библијата го нарекува Адам „син на Бог“, а Исус ги поучил своите следбеници да му се обраќаат на Јехова со „Татко наш, кој си на небесата“ (Лука 3:38; Мат. 6:9). Бидејќи е наш Татко, Јехова нѐ сака исто како што еден грижлив татко ги сака своите деца. За жал, на некои им е тешко да го поврзат зборот „татко“ со личност која е полна со љубов. Можеби тие имаат болни спомени од детството бидејќи нивниот татко бил суров кон нив, и тоа им оставило длабоки рани во душата. Но, Јехова во никој случај не е таков татко (Пс. 27:10). Ако знаеме колку тој нѐ сака и колку се грижи за нас, сигурно ќе бидеме поттикнати уште повеќе да се зближиме со него (Јак. 4:8; w15 15/9 4:3-4).
Сабота, 22 јули
Бог, бидејќи го сака тоа, дејствува во вас и за да сакате и за да постапувате (Фил. 2:13)
Ако се потпираме на Бог кога носиме одлуки, тој ќе ни го дава својот свет дух за да ни помогне исправно да постапуваме. Во времето на Самоил, Израелците претрпеле тежок пораз во една битка против Филистејците. На Божјиот народ очајно му била потребна помош и заштита. Но, наместо да го прашаат Јехова што да прават, тие рекле: „Да го земеме од Сило ковчегот на Јеховиниот сојуз за да биде меѓу нас и да нѐ избави од рацете на нашите непријатели“. Какви биле последиците од нивната одлука? Библијата вели: „Колежот беше многу голем, и паднаа триесет илјади пешаци од Израел. Ковчегот беше запленет“ (1. Сам. 4:2-4, 10, 11). Кога Израелците го зеле ковчегот со нив, можеби изгледало дека се потпираат на Јехова за помош. Но, всушност, тие не барале водство од него туку постапиле по свое, а последиците биле катастрофални (Изр. 14:12; w15 15/9 5:16-17).
Недела, 23 јули
Дај ни уште вера (Лука 17:5)
Што ќе ти помогне да си ја зацврстиш верата? Не се задоволувај само со она што си го научил до моментот кога си се крстил (Евр. 6:1, 2). Проучувај ги исполнетите пророштва од Библијата бидејќи тие можат многу да ти ја зајакнат верата. Освен тоа, можеш да ја користиш Божјата Реч и за да провериш колку е цврста твојата вера (Јак. 1:25; 2:24, 26). Апостол Павле ги поттикнал сохристијаните со следниве зборови: „Заемно да се охрабриме, јас со вашата вера, а вие со мојата“ (Рим. 1:12). Кога се дружиме со нашите браќа и сестри, можеме заемно да си ја зајакнуваме верата, особено ако поминуваме време со оние чија вера веќе била докажана (Јак. 1:3, фус.). Лошото друштво ја уништува верата, но добрите пријатели ја зајакнуваат (1. Кор. 15:33). Затоа сме советувани да не ги пропуштаме „нашите состаноци“ (Евр. 10:24, 25; w15 15/10 2:2, 8-9).
Понеделник, 24 јули
Размислувај за тоа, сиот посвети се на тоа (1. Тим. 4:15)
Треба да одвоиме време за размислување додека се подготвуваме да ја проучуваме Библијата со некој интересент. Имајќи ги на ум неговите потреби и околности, добро е да размислиме со кое прашање или споредба би можеле да му помогнеме духовно да напредува. Ако го правиме ова, нашата сопствена вера ќе се зајакне и ќе можеме да ги поучуваме другите многу поделотворно и повоодушевено. Истото важи и за времето што го одвојуваме за да си го подготвиме срцето пред да одиме во служба на подрачјето (Езра 7:10). Би можеле да прочитаме некое поглавје од библиската книга Дела за уште повеќе да се разгори нашиот жар за службата. Ако длабоко размислуваме за библиските стихови што сакаме да ги користиме тој ден и за публикациите што ќе ги нудиме, уште поревносно ќе проповедаме (2. Тим. 1:6). Добро е да размислуваме за луѓето на подрачјето и за она што ги интересира. Сето ова ќе ни помогне делотворно да ја користиме Библијата кога им сведочиме на другите (1. Кор. 2:4; w15 15/10 4:9).
Вторник, 25 јули
Ако твоето десно око те наведува на грев, извади го (Мат. 5:29)
Прашај се: ‚Што може да ги наведе моите деца да сакаат да гледаат порнографија? Дали се чувствуваат толку слободни да зборуваат со мене што ќе побараат помош дури и кога се на искушение да гледаат такво нешто?‘ Дури и ако детето сѐ уште е мало, би можел да му кажеш: „Ако некогаш ти се отвори на Интернет нешто неморално и посакаш да го гледаш, слободно кажи ми. Немој ниту да се плашиш ниту да се срамиш. Јас сакам да ти помогнам“. Ако си прониклив, и самиот ќе донесуваш мудри одлуки во поглед на забавата. На тој начин ќе им дадеш добар пример на децата за тоа каква музика, филмови или книги се прифатливи за семејството. Еден татко по име Пранас вели: „Ти можеш да зборуваш колку сакаш, но децата ќе гледаат што правиш и ќе постапуваат како тебе“. Ако внимателно избираш изградувачка забава, веројатно и децата ќе бидат поттикнати да направат сличен избор (Рим. 2:21-24; w15 15/11 1:12-14).
Среда, 26 јули
Ќе ти дадам разборитост и ќе те поучам за патот по кој треба да одиш (Пс. 32:8)
Денес се обрнува сѐ повеќе внимание на сведочењето на јавни места: на автобуски постојки, на железнички станици, на паркиралишта, на плоштади и на пазари. Ако некои од овие видови служба те плашат, добро е да се молиш во врска со тоа. Размисли и за она што го рекол Анџело Манера, долгогодишен патувачки надгледник: „За нас, секој нов вид служба беше уште еден начин на кој можевме да му ја покажеме својата лојалност на Јехова, уште еден испит на нашата беспрекорност. Затоа бевме спремни да му служиме на секој начин што ќе го побараше од нас“. Кога успеваме да го совладаме стравот и да ги користиме новите методи на проповедање, ја зајакнуваме својата доверба во Јехова и уште подобро ја извршуваме службата (2. Кор. 12:9, 10). Многу објавители со задоволство им ја посочуваат на луѓето нашата интернет-страница. Денес со помош на jw.org добрата вест стигнува до многу луѓе кои живеат дури и во зафрлени подрачја (w15 15/11 5:12-13, 15).
Четврток, 27 јули
Железо со железо се остри. Така човекот го остри лицето на друг човек (Изр. 27:17)
Порано во англиското издание на Преводот Нов свет се користеше хебрејскиот збор „шеол“, кој го имаше и во некои други англиски Библии. Проповедник 9:10 беше преведен на следниов начин: „Нема ни работа, ни размислување, ни знаење, ни мудрост во шеолот во кој одиш“. Но, преведувачките тимови на други јазици се соочија со проблем: повеќето од нивните читатели не знаат што значи зборот „шеол“. Освен тоа, овој збор го нема ни во нивните речници, а на мнозина им звучи како географски поим. Затоа беше дадено одобрување во ревидираното издание од 2013 год. хебрејскиот збор „шеол“ и грчкиот збор „ад“ да се преведат со „гроб“. Ова е точен превод и помага текстот да биде многу појасен. Исто така, застарените англиски изрази беа заменети со современи. Тоа помогна текстот да биде полесен за читање и разбирање без да се жртвува точноста. На тој начин, Преводот Нов свет на други јазици придонесе да се подобри и англиското издание (w15 15/12 2:10, 12).
Петок, 28 јули
Среќен е оној што постапува обѕирно со бедниот, Јехова ќе го избави во денот на неволја. Јехова ќе го заштити и ќе му го зачува животот (Пс. 41:1, 2)
Ако сме болни, може да го молиме Јехова да ни даде утеха, мудрост и помош, како што правеле неговите слуги во минатото. Сепак, со зборовите од денешниот стих Давид не сакал да каже дека оној кој постапувал обѕирно кон бедните нема никогаш да умре. Тогаш, во која смисла Бог ќе му помогнел на таквиот човек? Давид објаснил: „Јехова ќе го поткрепи кога ќе лежи болен в постела. Ќе се грижиш за него додека е болен“ (Пс. 41:3). Оној што постапувал обѕирно со бедниот можел да биде сигурен дека Бог гледа колку му е тешко поради болеста, и дека нема да го заборави туку ќе му даде мудрост и сила. Освен тоа, Јехова го создал човечкото тело со способност да се регенерира и да заздрави. Самото тоа можело да му помогне на таквото лице да закрепне од својата болест (w15 15/12 4:7).
Сабота, 29 јули
Мислете на оние што се во окови (Евр. 13:3)
Овде Павле не се осврнал на какви и да било затвореници, туку зборувал за браќата кои биле в затвор поради својата вера. До моментот кога им ги напишал овие зборови на еврејските христијани, самиот тој бил во окови околу четири години (Фил. 1:12-14). Павле ги пофалил браќата затоа што ‚сочувствувале со оние што биле во затвор‘ (Евр. 10:34). Овие еврејски браќа биле далеку од него. Тогаш, како можеле да му помогнат? Така што горливо ќе се молеле за него (Евр. 13:18, 19). Денес многу Сведоци се во затвор поради својата вера. Браќата и сестрите кои се во нивна близина можат да им пружат практична помош. Но, многумина од нас живеат далеку од затворените браќа. Можеме да покажеме сочувство и братска љубов кон тие верни сохристијани со тоа што ќе ги имаме во мислите и постојано ќе го молиме Јехова за нив (w16.01 1:13-14).
Недела, 30 јули
Тој дух сведочи со нашиот дух дека сме деца Божји (Рим. 8:16)
Божјата првобитна намера била луѓето да живеат засекогаш на Земјата, а не на небото (1. Мој. 1:28; Пс. 37:29). Дури подоцна Јехова одлучил да избере некои од Земјата за да владеат како цареви и свештеници од небото. Но, ова било исклучок. Кога некој е помазан, се менува неговата надеж и начинот на кој размислува за иднината (Еф. 1:18). Но, како некој знае дека добил небесен повик? Одговорот јасно се гледа од зборовите што Павле им ги напишал на помазаните браќа во Рим, кои биле „повикани да бидат свети“. Тој им рекол: „Вие не примивте дух на ропството, за повторно да се плашите, туку примивте дух на посинувањето, кој нѐ поттикнува да викаме: ‚Ава, Татко!‘“ (Рим. 1:7; 8:15). Со други зборови, преку својот свет дух, Бог јасно му става до знаење на христијанинот дека е повикан да владее заедно со Исус во небесното Царство (1. Сол. 2:12; w16.01 3:8-9).
Понеделник, 31 јули
Гледајте си ја својата работа (1. Сол. 4:11)
Како може да покажеме почит кон оние што ги помазува Јехова? Не треба да им поставуваме лични прашања во врска со нивното помазание. Така ќе избегнеме да се мешаме во работи што не нѐ засегаат (2. Сол. 3:11). Не треба да заклучиме дека родителите, сопружникот или други членови на семејството на помазаниот христијанин исто така се помазани. Помазанието воопшто не зависи ниту од роднинската ниту од брачната врска (1. Сол. 2:12). Мора да внимаваме да не поставуваме прашања што би можеле да ги повредат другите. На пример, не треба да ја прашуваме жената на еден помазан брат како се чувствува кога ќе помисли дека ќе живее вечно на Земјата без својот сопруг. На крајот на краиштата, сите можеме да бидеме потполно уверени дека Јехова ќе ја отвори својата рака и ќе ‚ја задоволи желбата на сѐ што е живо‘ (Пс. 145:16). Ако имаме исправен став кон помазаните христијани, ќе се заштитиме од една подмолна опасност — од ‚лажни браќа‘ кои тврдат дека се помазаници (Гал. 2:4, 5; 1. Јов. 2:19; w16.01 4:10-11).