Јуни
Четврток, 1 јуни
Благиот јазик коски крши (Изр. 25:15)
Дури и ако некој каже нешто што ќе нѐ вознемири, мудро е да одговориме на благ начин бидејќи тоа може да вроди со добар плод (Изр. 15:1). На пример, синот на една самохрана мајка, кој бил во тинејџерски години, водел двоен живот. Една добронамерна сестра ѝ рекла: „Штета што не успеа да го воспиташ како што треба“. Пред да одговори, мајката кратко размислила, а потоа рекла: „Точно е дека во моментов не ни оди баш најдобро, ама неговото воспитување сѐ уште не е завршено. Ќе разговараме после Армагедон — тогаш ќе знаеме за сигурно“. Бидејќи мајката останала смирена и одговорила на благ начин, тие останале во добри односи. Но, и синот, кој го наслушнал разговорот, многу се охрабрил. Тој сфатил дека мајка му сѐ уште не кренала раце од него. Тоа го поттикнало да расчисти со лошото друштво. Со текот на времето се крстил и подоцна служел во Бетел. Без разлика дали разговараме со нашите браќа, со членовите на семејството или со непознати луѓе, нашите зборови треба секогаш ‚да бидат пријатни, зачинети со сол‘ (Кол. 4:6; w15 15/12 3:15, 17).
Петок, 2 јуни
Здогледаа нешто како пламени јазици, кои се разделија, па на секого од нив слезе по еден (Дела 2:3)
Да си бил меѓу учениците на Исус кои го доживеале ова, никогаш немало да го заборавиш тој ден. Освен тоа, Јехова им дал и способност да зборуваат на други јазици. Затоа, тие немале ни трошка сомнеж дека биле помазани (Дела 2:6-12). Но, дали сите што се помазани со свет дух добиваат помазание на ист впечатлив начин како што добиле тие 120-ина ученици? Не. Неколкуте илјади луѓе во Ерусалим кои истиот ден го прифатиле она што го зборувал Петар биле помазани при своето крштавање (Дела 2:38). Но, над нивните глави немало нешто што личело на пламени јазици. Освен тоа, сите помазани христијани не добиваат помазание при своето крштавање. На пример, Самарјаните биле помазани со свет дух некое време откако се крстиле (Дела 8:14-17). А во еден посебен случај, Корнелиј и неговите домашни биле помазани со свет дух уште пред да бидат крстени (Дела 10:44-48; w16.01 3:3, 5).
Сабота, 3 јуни
Трудете се да го одржите единството на духот, во мирот кој ве поврзува (Еф. 4:3)
Помазаните христијани признаваат дека тоа што имаат небесна надеж не значи автоматски дека имаат повеќе свет дух од оние што имаат надеж за вечен живот на Земјата. Тие не тврдат за себе дека подлабоко ја разбираат библиската вистина од другите ниту, пак, се обидуваат да докажат дека на некој начин се подобри од нив. Освен тоа, во никој случај нема да поттикнуваат некого да почне да зема од симболите затоа што мислат дека и тој е помазан. Напротив, понизно признаваат дека Јехова е тој што го упатува небесниот повик. Помазаните христијани не очекуваат посебен третман од другите (Еф. 1:18, 19; Фил. 2:2, 3). Тие знаат дека, кога Јехова ги помазал, не им го разгласил тоа на сите. Затоа не се изненадени ако некој не им поверува веднаш дека навистина биле помазани со свет дух. Всушност, Библијата предупредува да не веруваме пребрзо ако некој тврди дека Бог го избрал за некаква посебна служба (Отк. 2:2; w16.01 4:6-7).
Недела, 4 јуни
О длабочино на Божјето богатство, мудрост и знаење! (Рим. 11:33)
Бог со чудо ги заштитил Авраам и Сара во повеќе наврати (1. Мој. 12:10-20; 20:2-7, 10-12, 17, 18). Ваквите искуства уште повеќе му ја зајакнале верата на Авраам. Дали и ние можеме да бидеме блиски пријатели со Јехова? Се разбира! Библијата ќе ни помогне во тоа. Од неа можеме да црпиме знаење и да учиме од искуствата на верните Божји слуги во минатото. Авраам поседувал само делче од скапоценото богатство и мудрост што денес ги содржи Божјата Реч (Дан. 12:4). Библијата е полна со знаење за „Создателот на небото и на земјата“, кое денес може да ни помогне да развиеме ценење и љубов кон него (1. Мој. 14:22). Таквите чувства нѐ поттикнуваат да му бидеме послушни. А кога сме послушни, гледаме како Бог нѐ штити и нѐ благословува, и така од лично искуство сфаќаме каков е тој. Кога со сета душа му служиме на Јехова, исполнети сме со задоволство, радост и мир (Пс. 34:8; Изр. 10:22). Колку повеќе учиме за Бог и го чувствуваме неговиот благослов во својот живот, толку поцврста станува нашата вера и нашето пријателство со него (w16.02 1:7-8).
Понеделник, 5 јуни
Му дојде на помош на Израел како што им вети на нашите прататковци (Лука 1:54, 55)
Од овие зборови јасно се гледа дека Марија добро ги познавала светите списи. Нејзините зборови биле многу слични на зборовите што во својата молитва ги кажала Ана, мајката на пророкот Самоил (1. Сам. 2:1-10). Изгледа дека во таа прилика Марија цитирала 20 пати од Писмото. Тоа јасно покажува дека многу сакала да зборува за скапоцените вистини кои ги чувала во своето срце, а кои ги дознала од нејзиниот најдобар пријател, Јехова Бог. Слично на Марија, понекогаш можеби и ние добиваме задачи кои ни изгледаат претешки. Да го следиме нејзиниот пример така што понизно ќе ги прифатиме, со целосна доверба дека Јехова ќе ни помогне да ги извршиме. Исто така, може да се угледаме на нејзината вера ако внимателно го слушаме Јехова, ако длабоко размислуваме за она што го учиме за него и за неговите намери, и ако радосно им зборуваме на другите за тоа (Пс. 77:11, 12; Лука 8:18; Рим. 10:15; w16.02 2:17-18).
Вторник, 6 јуни
Кој од вас, кога сака да гради кула, најнапред не седнува и не го пресметува трошокот за да види дали има со што да ја доврши? (Лука 14:28)
Секоја година се крштаваат илјадници млади луѓе во целиот свет (Проп. 12:1). Сепак, родителите и старешините сакаат да се уверат дека тие млади самите донеле одлука да се крстат и дека во потполност сфаќаат што значи тоа. Кога некој ќе му се заветува на Јехова и ќе се крсти, почнува нов живот како христијанин. Таа одлука ќе му донесе многу благослови од Јехова, но и противење од Сатана (Изр. 10:22; 1. Пет. 5:8). Затоа христијанските родители одвојуваат време да им помогнат на своите деца да сфатат што значи да се биде ученик на Христос. Ако родителите не се Јеховини сведоци, тогаш старешините со љубов ќе им помогнат да го разберат тоа (Лука 14:27-30). За да може успешно да се заврши некој градежен проект, потребна е добра подготовка. На сличен начин, за да можат верно да му служат на Јехова „до крајот“, младите мора добро да се подготват пред да се крстат (Мат. 24:13; w16.03 1:1-2).
Среда, 7 јуни
Бог не е пристрасен, туку во секој народ го прифаќа оној што се бои од него и го прави она што е праведно (Дела 10:34, 35)
Јехова му го дал Мојсеевиот закон на израелскиот народ за да ги поучи Евреите како да живеат и како да му служат во Ветената земја. Но, оние што станале христијани во првиот век не потекнувале само од еден туку од повеќе народи. Првите христијани го сочинувале духовниот Израел, и за нив важел еден нов сојуз. Тие требало да живеат според „законот Христов“, кој не бил врежан на камени плочи, туку во нивното срце. Христовиот закон требало да важи за сите христијани, сеедно каде живеат (Гал. 6:2). Духовните Израелци извлекуваат огромна корист од водството што им го дава Бог преку својот Син. Пред да стапи на сила новиот сојуз, Исус дал две многу важни заповеди. Едната била поврзана со проповедањето. Другата се однесувала на начинот на кој христијаните требало да постапуваат едни со други. Тие заповеди важеле за сите христијани. Затоа важат и за нас денес, сеедно дали имаме надеж за вечен живот на небото или на Земјата (w16.03 4:10-11).
Четврток, 8 јуни
Предводете во искажувањето почит еден кон друг (Рим. 12:10)
Пред да почне да обучува некој брат, еден старешина треба да се потруди да се спријатели со него и да му помогне да се чувствува пријатно во негово друштво. Начинот на кој ќе го постигне тоа се разликува од земја до земја, и зависи од локалните околности и култура. Сепак, сеедно каде живееш, ако поминуваш време со братот што го обучуваш и покрај тоа што си доста зафатен, тој ќе знае дека ти е многу важен и сигурно ќе биде многу благодарен за грижата и вниманието што му ги посветуваш. Точно е дека еден добар учител сака да ги оспособува другите. Но, тој мора да го сака и ученикот што го обучува. (Спореди со Јован 5:20.) Ова е важно бидејќи братот ќе биде многу поспремен да учи од тебе кога ќе почувствува дека навистина се грижиш за него. Затоа, драги старешини, потрудете се не само да ги поучувате другите туку и да им бидете пријатели (Изр. 17:17; Јован 15:15; w15 15/4 1:19-20).
Петок, 9 јуни
Јехова го удри царот со болест, па овој остана лепрозен до својата смрт (2. Цар. 15:5)
Што би правел ако во Библијата не се наведени сите поединости за цар Азарија, кој бил познат и под името Озија? (2. Цар. 15:7, 32; 2. Лет. 26:3-5, 16-21). Би се прашал ли дали Јехова навистина постапил праведно? Или сепак ќе бидеш уверен дека Божјата Реч содржи доволно информации кои ти помагаат да имаш доверба дека Јехова секогаш го прави она што е исправно? (5. Мој. 32:4). Колку повеќе го запознаваш Јехова како личност, толку повеќе ќе го сакаш и ќе му веруваш, и нема да ти биде потребно објаснување за секоја негова постапка. Додека ја проучуваш Божјата пишана Реч и длабоко размислуваш за неа, Јехова ќе ти станува сѐ пореален и сѐ поблизок (Пс. 77:12, 13; w15 15/4 3:8, 10).
Сабота, 10 јуни
Благословувајте го Јехова ангели негови моќни во силата кои ја извршувате неговата реч и ги слушате неговите заповеди! (Пс. 103:20)
Духовните суштества наречени ангели се „моќни во силата“. Тие се далеку поинтелигентни и посилни од луѓето. Се разбира, верните ангели ја користат својата моќ за да прават добро. На пример, еднаш еден Јеховин ангел убил 185.000 непријателски асирски војници. Вакво нешто би било невозможно за еден човек, а би било многу тешко дури и за цела војска (2. Цар. 19:35). Во друга прилика, еден ангел ја искористил својата натприродна моќ и мудрост за да ги ослободи Исусовите апостоли од затвор. Иако имало стражари на секој чекор, тие не забележале дека ангелот ги отклучил вратите, ги ослободил апостолите и на крајот повторно ги заклучил вратите зад нив! (Дела 5:18-23). За разлика од верните духовни суштества кои ја користат својата моќ за да прават добро, Сатана ја користи за злобни цели. А тој навистина има голема моќ и влијание! Библијата вели дека Сатана Ѓаволот е „владетелот на овој свет“ (Јован 12:31; w15 15/5 1:5-6).
Недела, 11 јуни
Никој од вас не треба да отрпне поради измамливоста на гревот (Евр. 3:13)
Сеедно дали сме во брак или не, мора со сите сили да се бориме против секаков неморал. Дали тоа е лесно? Воопшто не! На пример, ако си млад, можеби слушаш како твоите соученици се фалат дека имаат сексуални односи со кого сакаат. Можеби се фалат и со тоа дека испраќаат и добиваат еротски пораки или слики преку мобилен телефон. Сепак, во некои земји, ова се смета за ширење на детска порнографија. Библијата вели: „Кој прави блуд [односно, неморал], греши против своето сопствено тело“ (1. Кор. 6:18). Полово преносливите болести причинуваат големо страдање и смрт. Една анкета покажала дека, повеќето млади што имале сексуални односи а не биле во брак, се каат поради тоа. Светот на забавата сака да нѐ убеди дека нема да имаме никакви последици ако ги прекршиме Божјите закони. Ако поверуваме во таквите лаги, ќе станеме жртва на измамливата моќ на гревот (w15 15/5 2:14).
Понеделник, 12 јуни
Севишниот е милостив кон неблагодарните и кон злите (Лука 6:35)
Исус е љубезен и милостив како својот Татко. Што му помогнало да биде љубезен кон луѓето додека бил на Земјата? Тој размислувал како неговите зборови и постапки ќе влијаат врз чувствата на другите. На пример, една жена која била позната како грешница дошла кај него, па плачејќи седнала крај неговите нозе и почнала да му ги натопува со солзи. Исус сфатил дека таа се кае, и знаел колку ќе ѝ биде тешко ако постапи нељубезно со неа. Затоа ја пофалил за доброто што го направила и ѝ простил. А зборувал љубезно и со фарисејот кој ја осудил таа негова постапка (Лука 7:36-48). На кој начин можеме и ние да бидеме љубезни како Јехова? Апостол Павле напишал: „Робот на Господарот не смее да се кара, туку треба да биде благ [„тактичен“, фус.] кон сите“ (2. Тим. 2:24). Ако се ставаме на местото на другите и ако размислуваме како нашите зборови ќе влијаат врз нив, ќе знаеме што да кажеме и што да направиме за да бидеме љубезни како Јехова (Изр. 15:28; w15 15/5 4:8-9).
Вторник, 13 јуни
Немој да им скратуваш некакво добро на оние на кои им е потребно, кога твојата рака може да го стори тоа (Изр. 3:27)
Кога нашите браќа страдаат, можеме да ги тешиме и да им дадеме материјална, емоционална и духовна поддршка (Изр. 17:17). На пример, може да им помогнеме да закрепнат по некоја природна катастрофа. Една вдовица, чиј дом бил тешко оштетен во еден ураган, рекла: „Многу сум благодарна што припаѓам на Јеховината организација — не само поради материјалната туку и поради духовната помош“. Една друга немажена сестра се чувствувала безнадежно кога видела колку една бура ја оштетила нејзината куќа. Откако добила помош, таа рекла: „Немам зборови да опишам како се чувствувам... Фала ти, Јехова!“ Ние се радуваме што сме дел од едно братство кое искрено се грижи за потребите на другите. Но, уште посреќни сме што Јехова и Исус Христос толку многу нѐ сакаат (w15 15/6 1:17).
Среда, 14 јуни
Советувај ги постарите жени како мајки, а помладите жени како сестри — со сета чистота (1. Тим. 5:2)
Библијата ни помага да се спротивставиме на неисправните желби на тој начин што ни дава совети како да се однесуваме со лицата од спротивниот пол. Таквите совети не оставаат никаков простор за флертување. Некои можеби си мислат дека заводливите погледи, гестови или движења на телото не се опасни бидејќи не вклучуваат никаков телесен допир. Но, кога двајца флертуваат меѓу себе, кај нив би можеле да се родат неморални мисли кои би ги довеле во опасност да направат сериозен грев. Тоа се случувало во минатото, а може да се случи и денес. Јосиф постапил мудро во овој поглед. Кога жената на неговиот господар, Петефри, се обидела да го заведе, Јосиф ја одбил. Но, таа не се откажала, туку секој ден го наговарала да биде со неа иако тој не дал никаков повод за нејзиното заводливо однесување ниту, пак, имал намера да го толерира (1. Мој. 39:7, 8, 10). Јосиф не дозволил во неговото срце да се развие погрешна желба (w15 15/6 3:10-11).
Четврток, 15 јуни
Прости ни ги нашите долгови како што и ние им простуваме на нашите должници (Мат. 6:12)
Јехова сака да размислуваме не само за нашето духовно добро туку и за доброто на другите, вклучувајќи ги дури и оние што можеби ни згрешиле. Таквите грешки обично се помали и ни даваат можност да покажеме дека навистина ги сакаме нашите браќа и дека сме спремни да простуваме, исто како што Бог милостиво ни простил нам (Кол. 3:13). За жал, како несовршени луѓе, понекогаш држиме лутина и не ни е лесно да простиме кога некој ќе ни згреши (3. Мој. 19:18). Ако зборуваме наоколу за тоа, тогаш другите можеби ќе заземат страна и ќе дојде до поделби во собранието. Ако дозволиме ваквата ситуација да потрае, нема да покажеме доволно ценење за Божјата милост и за откупнината. Доколку не сме спремни да простиме, нашиот Татко ќе престане да ја применува на нас откупната жртва на својот Син (Мат. 18:35). Исус го објаснил ова веднаш откако им кажал на учениците како да се молат (Мат. 6:14, 15). Освен тоа, за да извлечеме корист од Божјето простување, мора да се трудиме да не направиме тежок грев (1. Јов. 3:4, 6; w15 15/6 5:9-11).
Петок, 16 јуни
На царот му е мил слугата што постапува разборито (Изр. 14:35)
Јехова ни дал чест да го разубавуваме нашиот духовен рај. Го правиме тоа така што ревносно ја проповедаме добрата вест за Царството и ги поучуваме луѓето за Библијата. Секогаш кога ќе помогнеме некому да стане Божји слуга, ние придонесуваме да се прошири духовниот рај (Иса. 26:15; 54:2). Го разубавуваме духовниот рај и така што постојано се трудиме да ги подобруваме нашите христијански особини. На тој начин, овој рај им станува попривлечен на другите. Всушност, зошто луѓето најчесто се привлечени кон нашата организација, а со тоа и кон Бог и кон Исус? Пред сѐ, затоа што сме чисти и мирољубиви, а не само затоа што многу добро ја познаваме Библијата. Јехова и Исус сигурно многу се радуваат кога го гледаат нашиот прекрасен духовен рај! И ние сме радосни што можеме да го разубавуваме уште денес. Сепак, тоа не може да се спореди со неизмерната радост што ќе ја чувствуваме подоцна, кога ќе ја претвориме целата Земја во дословен рај! (w15 15/7 1:18-20).
Сабота, 17 јуни
Ќе станете како Бог и ќе знаете што е добро, а што зло (1. Мој. 3:5)
Сатана го довел во прашање Божјиот начин на владеење и сакал да ги наведе луѓето да поверуваат дека тој може да владее подобро со нив. Денес Јехова дозволува секој човек сам да одлучи на чија страна ќе биде во овој спор. Како е со тебе? Дали си послушен на Јеховините закони и мерила или, пак, имаш навика да си постапуваш по свое? Дали си уверен дека само Божјето Царство може да ги реши нашите проблеми или, пак, можеби си мислиш дека луѓето можат да владеат успешно без Бог? Одговорот на овие прашања ќе влијае врз она што ќе го кажеш кога, на пример, некој ќе те праша што мислиш за некоја политичка партија, активистичка група или друга слична организација. Некои од овие партии и групи можеби искрено сакаат да им помогнат на луѓето. Сепак, ние сме свесни дека само Божјето Царство може да ги реши човечките проблеми и да ги отстрани сите неправди. Мора да ги оставиме работите во Јеховини раце. Освен тоа, ако секој од нас прави како што тој мисли дека е најдобро, зарем нема да дојде до поделби во нашите собранија? (w15 15/7 3:7-8).
Недела, 18 јуни
Длабоко ќе размислувам за сите твои дела (Пс. 77:12)
Дали Божјата неизмерна љубов кон нас се гледа во неговите творби? Да. Всушност, самото тоа што Јехова решил да создава е доказ за неговата љубов (Рим. 1:20). Тој ја создал Земјата на таков начин што можеме не само да постоиме туку и да му се радуваме на животот. Освен што нѐ создал со потреба да јадеме, Јехова се погрижил на Земјата да растат безброј видови растенија со најразлични вкусови во кои можеме да уживаме (Проп. 9:7). Јехова нѐ создал со способност да извршуваме смисловна работа која ни причинува задоволство и радост (Проп. 2:24). Тој имал намера луѓето да ја наполнат Земјата и да владеат над рибите, птиците и другите живи суштества (1. Мој. 1:26-28). Силен доказ за неговата љубов е и тоа што нѐ обдарил со особини кои се слични на неговите (Еф. 5:1; w15 15/8 1:4-5).
Понеделник, 19 јуни
Внимавајте на себе вашите срца да не бидат оптоварени, па тој ден да ве затече и да ве изненади како замка (Лука 21:34, 35)
Настаните што се случуваат на светската сцена јасно покажуваат дека библиските пророштва сега се исполнуваат и дека крајот на овој свет само што не дошол. Не треба да заклучиме дека мора да помине уште многу време пред „десетте рогови“ и „ѕверот“, за кои се зборува во Откровение 17:16, да го нападнат Големиот Вавилон, светското царство на лажната религија. Не заборавај дека Бог ќе „им стави во срцата“ да го направат тој чекор — а тоа може да се случи брзо и во секој момент! (Отк. 17:17). Крајот на овој свет навистина не е далеку! Имаме добра причина да го послушаме предупредувањето на Исус од денешниот стих (Отк. 16:15). Да бидеме решени да му служиме на Јехова со чувство на итност, уверени дека тој ќе ‚направи нешто за оној што го чека него‘ (Иса. 64:4; w15 15/8 2:17).
Вторник, 20 јуни
Секој што ја врши Божјата волја, тој ми е и брат, и сестра, и мајка (Мар. 3:35)
Иако сакаме да постапуваме љубезно со сите, не треба да бидеме блиски пријатели со оние кои не му се послушни на Бог. Затоа би било погрешно еден Јеховин сведок кој не е во брак да биде во врска со некој што не е крстен Божји слуга и не живее според Божјите високи мерила. Многу поважно е да му останеме верни на Јехова отколку да бидеме во друштво на луѓе што не го сакаат. Наши блиски пријатели треба да бидат само оние што ја вршат неговата волја. Израелците ги почувствувале на своја кожа катастрофалните последици од лошото друштво (2. Мој. 23:24, 25; Пс. 106:35-39). Затоа што му биле неверни на Јехова, Исус подоцна им рекол: „Еве, вашиот дом се напушта и ви се остава вам“ (Мат. 23:38). Бог го отфрлил Израел, и го избрал за свој народ новооснованото христијанско собрание (Дела 2:1-4; w15 15/8 4:7-8).
Среда, 21 јуни
Целта на оваа заповед е љубов од чисто срце и чиста совест (1. Тим. 1:5)
Јехова Бог ги создал луѓето со слободна волја, односно им дал слобода на избор. Но, за да донесуваме исправни одлуки, Јехова ни ја дал совеста. Совеста е внатрешно чувство кое ни кажува што е добро, а што лошо. Ако е обликувана според Библијата, таа може да ни помогне да правиме добро и да го отфрлиме злото. Совеста е доказ дека Бог нѐ сака и дека има желба да постапуваме на исправен начин. Денес луѓето сѐ уште го поседуваат тој дар (Рим. 2:14, 15). Иако повеќето од нив не ги знаат библиските мерила, некои го прават она што е добро, а го мразат она што е лошо. На многумина совеста не им дозволува да постапуваат злобно. Замисли колку полоши ќе беа условите во светот ако никој немаше совест! Зарем не сме благодарни што Бог им дал совест на луѓето? (w15 15/9 2:1-2).
Четврток, 22 јуни
Видете каква љубов ни дал Таткото (1. Јов. 3:1)
Мудро е да размислиме за оваа изјава на апостол Јован. Со тие зборови, тој нѐ поттикнал да размислуваме за неизмерната љубов која ни ја покажува Јехова. Кога длабоко размислуваме за љубовта на Бог и за начинот на кој ја покажува кон нас, стануваме поблиски со него и уште повеќе го сакаме. За жал, на некои им е тешко да сфатат дека Бог ги сака. Тие сметаат дека тој не се грижи за луѓето, туку само поставува закони и ги казнува оние што не му се послушни. Поради некои длабоко вкоренети лажни учења, можеби веруваат дека Бог е немилосрден и дека е невозможно да го сакаме. Од друга страна, има и такви кои мислат дека Божјата љубов е безусловна, и дека тој ги сака сите без разлика како постапуваат. Но, проучувањето на Библијата ти помогнало да ја дознаеш вистината за Јехова. Си сфатил дека љубовта е негова главна особина и дека таа го поттикнала да го даде својот Син како откупнина за тебе (Јован 3:16; 1. Јов. 4:8; w15 15/9 4:1-2).
Петок, 23 јуни
Ниту едно укорување на почетокот не причинува радост, туку жалост (Евр. 12:11)
Кога го прифаќаме укорот од Јехова и дозволуваме Тој да нѐ обликува, учиме да го правиме она што е добро и имаме мир. Никогаш не треба да ги игнорираме неговите совети или да бидеме огорчени ако не ни се допаѓа она што ни било кажано. Светот на Сатана ги поттикнува луѓето да бидат горделиви и себични. Многумина не сакаат некој да ги исправа или да им кажува што треба да прават. Дури и оние што навидум ги прифаќаат советите или укорот, го прават тоа затоа што мораат. Но, ние сме советувани да ‚не дозволиме и понатаму да нѐ обликува овој свет‘. Треба да утврдиме која е совршената Божја волја и да постапуваме во склад со неа (Рим. 12:2). Преку својата организација, Јехова ни дава навремени совети на многу полиња од животот — како да се однесуваме со спротивниот пол, со кого да се дружиме и каква разонода да избереме. Ако спремно го прифаќаме и применуваме ваквото водство, ќе покажеме дека сме благодарни и дека навистина го сакаме Јехова со сета душа (Јован 14:31; Рим. 6:17; w15 15/9 5:13, 15).
Сабота, 24 јуни
Помогни ми да имам уште поголема вера (Мар. 9:24)
Колку и да сакаме, ние не можеме да развиеме вера сами од себе. Оваа особина е еден од плодовите на Божјиот свет дух (Гал. 5:22). Затоа е добро да го послушаме Исус, кој нѐ советувал да бараме повеќе свет дух и нѐ уверил дека Таткото ‚ќе им го даде на оние што го молат за тоа‘ (Лука 11:13). Откако ќе стекнеме вера во Јехова, мора да продолжиме да ја зајакнуваме. Нашата вера може да се спореди со оган. Кога ќе се запали огнот, пламенот може да биде многу голем. Меѓутоа, ако не му се додаваат дрва, тој постепено ќе згасне и од него ќе остане само жар, кој на крајот ќе се претвори во студена пепел. Но, ако редовно му се додаваат дрва, огнот може постојано да гори. Слично на тоа, и верата може да гори во нашето срце ако редовно се храниме од Божјата Реч. Ако длабоко ја проучуваме Библијата, нашата љубов кон неа и кон нејзиниот Автор ќе расте, а тоа уште повеќе ќе ни ја зацврсти верата (w15 15/10 2:6-7).
Недела, 25 јуни
Длабоко ќе размислувам за сите твои дела (Пс. 77:12)
Научните истражувања покажуваат дека е полесно да запамтиме нешто кога го читаме наглас. Творецот на нашиот мозок го знае ова. Токму затоа му заповедал на Исус Навин да ја чита книгата на законот „со придушен глас“ (Ис. Нав. 1:8, фус.). Веројатно и самиот ќе увидиш дека, ако ја читаш Библијата наглас, тоа ќе остави посилен впечаток врз твојот ум. Освен тоа, така ќе можеш и подобро да се концентрираш. Несовршениот човечки мозок има склоност да се префрлува на задачи кои не бараат толку голем умствен напор. Затоа ни е лесно да читаме, но не ни е лесно длабоко да размислуваме бидејќи тоа бара труд и концентрација. Најдобро е да одвоиш време длабоко да размислуваш кога си одморен и на мирно место, каде што нема многу работи кои ќе ти го одвлекуваат вниманието. Псалмистот сфатил дека за него е добро да размислува кога бил буден ноќе (Пс. 63:6). Исус, кој имал совршен ум, знаел колку е важно да си најде мирно место каде што ќе може длабоко да размислува и да се моли (Лука 6:12; w15 15/10 4:4, 6-7).
Понеделник, 26 јуни
Знаеше што му е на човекот во срцето (Јован 2:25)
Исус можел да им го чита срцето на луѓето. Во една прилика, изгледало дека некои од оние што го слушале во Галилеја сакаат спремно да го следат (Јован 6:22-24). Но, Исус сфатил дека на тие луѓе им е поважна дословната храна отколку неговите поуки. Тој го увидел проблемот, стрпливо ги исправил и им објаснил какви промени треба да направат (Јован 6:25-27). Иако не можеш да ги читаш срцата, ти можеш да бидеш прониклив и да откриеш што чувствува твоето дете кон службата на проповедање. Многу родители прават кратки паузи кога се во служба за да можат децата да се одморат и да каснат или да се напијат нешто. Би можел да се прашаш: ‚Дали моето дете ужива во службата или само во паузите?‘ Ако увидиш дека децата не уживаат многу во службата, обиди се да им ја направиш поинтересна. Дај им некои мали задачи за да можат да се чувствуваат корисно (w15 15/11 1:10-11).
Вторник, 27 јуни
Сѐ што беше порано, помина (Отк. 21:4)
Нашиот Бог го прави она што е најдобро за своите верни слуги. Библијата вели: „Тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи и смрт нема да има веќе, ни тага, ни пискот, ниту болка“. Колку прекрасна иднина им претстои на сите оние што од срце ја ценат љубовта на Јехова и што му се послушни како на свој Владетел! Јеховината Реч вели: „Гледај го непорочниот и набљудувај го праведниот, зашто иднината на тој човек ќе биде мирна. А сите престапници ќе бидат истребени“ (Пс. 37:37, 38). Откако ги запознаваат Јехова и неговиот Син, ‚непорочните‘ послушно ја вршат Божјата волја (Јован 17:3). Тие ги земаат присрце следниве зборови запишани во 1. Јованово 2:17: „Светот поминува и неговата желба, но оној што ја врши Божјата волја, останува засекогаш“. Бидејќи крајот на овој свет е сѐ поблизу, неопходно е да ‚се надеваме на Јехова и да се држиме за неговиот пат‘ (Пс. 37:34; w15 15/11 3:11-12).
Среда, 28 јуни
Жетвата е голема, а работници има малку (Мат. 9:37)
Божјите слуги користеле најразлични методи за да им проповедаат на колку што е можно повеќе луѓе. Ова особено било важно кога ‚имало малку работници‘. Со помош на весниците, во почетокот на 20 век добрата вест допрела до многу луѓе кои живееле на подрачја каде што имало само неколку Јеховини слуги. Секоја седмица, преку телеграф, брат Расел испраќал проповед до една новинска агенција, која подоцна ја препраќала до разни весници во САД, Канада и Европа. Се проценува дека, до 1913 год., проповедите на брат Расел излегувале во 2.000 весници кои ги читале 15 милиони луѓе! По смртта на брат Расел, објавителите почнале да користат една друга метода за да ја шират добрата вест. На 16 април 1922 год., на радио бил емитуван еден говор на брат Ратерфорд, кој го слушале околу 50.000 луѓе. Потоа, на 24 февруари 1924 год., почнала да работи првата радиостаница на нашата организација, наречена WBBR (w15 15/11 5:10-11).
Четврток, 29 јуни
Ќе станам сѐ што ќе посакам да станам (2. Мој. 3:14)
Освен што самиот Бог станува сѐ што сака да стане, тој може да предизвика и сите негови созданија да станат сѐ што е потребно за да се исполни неговата намера. На пример, во склад со значењето на своето име, Јехова го оспособил Ное да изгради арка, го обдарил Веселеил со занаетчиски вештини, му помогнал на Гедеон да биде храбар воин и на Павле да биде апостол на народите. Божјето име навистина е од огромна важност за неговиот народ, и затоа Одборот што работеше на Преводот Нов свет го стави на сите места каде што се појавува во изворниот текст на Библијата. Сѐ повеќе преводи на Библијата го испуштаат Божјето име, и го заменуваат или со „Господ“ или со името на некое локално божество. Но, Водечкото тело смета дека е многу важно луѓето од сите јазични групи да имаат Библија која му оддава чест на Божјето име (Мал. 3:16). Ова е една од главните причини зошто Преводот Нов свет досега излезе на повеќе од 130 јазици (w15 15/12 2:7-9).
Петок, 30 јуни
Никој од жителите нема да рече: „Болен сум“ (Иса. 33:24)
Нема никакво сомнение дека Бог има моќ да влијае врз здравјето на луѓето. Библијата ни го потврдува ова. Јехова понекогаш казнувал поединци со болест. На пример, тој го удрил со болест фараонот во времето на Авраам, а подоцна и Маријам, сестрата на Мојсеј (1. Мој. 12:17; 4. Мој. 12:9, 10; 2. Сам. 24:15). Бог ги предупредил Израелците дека ќе пушти врз нив секаква болест и неволја ако му се неверни (5. Мој. 28:58-61). Од друга страна, Јехова понекогаш ги отстранувал болестите или спречувал некој да се разболи (2. Мој. 23:25; 5. Мој. 7:15). Освен тоа, тој излекувал некои луѓе. На пример, Јехова го излекувал Јов кој бил толку болен што посакувал да умре (Јов 2:7; 3:11-13; 42:10, 16). Ова јасно покажува дека Бог може да ги излекува болните. И Исус има таква моќ. Кога бил на Земјата, тој со чудо лекувал луѓе кои имале лепра или епилепсија. Освен тоа, излекувал некои што биле слепи или парализирани (Мат. 4:23, 24; Јован 9:1-7). Овие чуда се само претслика на она што Исус ќе го прави во многу поголеми размери во новиот свет (w15 15/12 4:3-4).