Јануари
Понеделник, 1 јануари
Борете се силно за верата (Јуда 3)
Ќерката на Јефтај радосно истрчала да го пресретне татка си. Бидејќи сѐ дотогаш загрижено го чекала да се врати од битката, била пресреќна што го гледа жив и здрав! Од радост што извојувал голема победа, таа го пречекала играјќи и удирајќи на дајре. Затоа, сигурно многу се изненадила кога татко ѝ си ја раскинал облеката и извикал: „Леле, ќерко моја! Навистина ме фрли во тага“. А потоа ѝ кажал дека му ветил на Јехова нешто што засекогаш ќе го промени нејзиниот живот. Поради неговото ветување, таа никогаш немало да се омажи и да има деца. Но, како реагирала ќерка му? Наместо да се лути и да приговара, таа го охрабрила да си го одржи ветувањето. Нејзините зборови откриваат дека имала силна вера и дека во срцето немала ни ронка сомнеж дека сѐ што бара Јехова е за нејзино добро (Суд. 11:34-37). Татко ѝ многу се гордеел со неа бидејќи знаел дека и Јехова ќе биде среќен што спремно ја поддржала неговата одлука. Јефтај и неговата ќерка имале потполна доверба во начинот на кој постапува Јехова. Тие му останале верни дури и кога им било тешко. Бидејќи сакале да бидат блиски со него, биле спремни на секаква жртва (w16.04 1:1-2).
Вторник, 2 јануари
Чувте за истрајноста на Јов и видовте до каков исход Јехова го доведе неговото искушение (Јак. 5:11)
Можеби си потиштен затоа што некој пријател или член на семејството ти кажал нешто што те обесхрабрило. Можеби си тешко болен или, пак, тагуваш затоа што ти починал некој близок. Што и да ти се случува, примерот на Јов може да те утеши (Јов 1:18, 19; 2:7, 9; 19:1-3). Тој не знаел зошто одеднаш го снашле многу неволји, но сепак не се откажал од Бог. Што му помогнало да истрае? Пред сѐ, тоа што го сакал Јехова и се плашел да не го разочара (Јов 1:1). Јов сакал да го радува Бог и во добро и во зло. Освен тоа, Јехова го потсетил на својата моќ така што го поттикнал да размислува за некои од величествените работи кои ги создал. Ова уште повеќе го уверило Јов дека Бог ќе му даде излез од неволјите во вистинско време (Јов 42:1, 2). Токму тоа и се случило. Библијата вели: „Јехова го избави од неволјата што го беше заробила. И Јехова му даде на Јов двојно повеќе од сето она што го имаше порано“. Овој Божји слуга водел исполнет живот и дочекал длабока старост (Јов 42:10, 17; w16.04 2:11, 13).
Среда, 3 јануари
Бидете претпазливи како змии, а безопасни како гулаби (Мат. 10:16)
Ќе бидеме „претпазливи како змии“ ако однапред размислуваме за тешките ситуации во кои би можеле да се најдеме. Сепак, ќе покажеме дека сме „безопасни како гулаби“, односно беспрекорни, ако не дозволиме таквите ситуации да ја скршат нашата неутралност. Мора да бидеме многу претпазливи кога луѓето зборуваат за политика. На пример, кога им сведочиме на другите, нема ниту да ги фалиме ниту да ги критикуваме идеите или мислењата на некоја политичка партија или водач. Наместо да зборуваме за политички решенија на човечките проблеми, да им покажеме од Библијата како Божјето Царство ќе ги реши еднаш засекогаш. Ако некој сака да зборува на осетлива тема, како што се истополовите бракови или абортусот, да му покажеме што вели Божјата Реч, и да му објасниме како ние се трудиме да живееме во склад со тоа. Доколку некој смета дека одредени закони треба да бидат укинати или изменети, ние не заземаме страна. Сепак, не настојуваме тој да си го смени мислењето и да се согласи со нас (w16.04 4:8-9).
Четврток, 4 јануари
Затоа одете и правете ученици (Мат. 28:19)
Треба да им помагаме на луѓето да станат ученици на Исус, да ги крштаваме и да ги поучуваме. Но, најпрво треба да одиме кај нив. Еден библиски изучувач објаснува: „Секој верник има задача да ’оди‘ кај луѓето, сеедно дали тие живеат преку улица или преку океан“ (Мат. 10:7; Лука 10:3). Што очекувал Исус од своите ученици? Дали сакал да проповедаат сам по сам или да бидат организирани и да проповедаат како група? Бидејќи е невозможно еден човек да им проповеда на „сите народи“, неговите ученици морале да го прават тоа на организиран начин. Самиот Исус укажал на ова кога ги повикал учениците да станат „рибари на луѓе“ (Мат. 4:18-22). Тој не зборувал за еден рибар кој користи трска и мамка, и чека рибата да се закачи на јадицата. Напротив, зборувал за риболов со мрежи, за кој е неопходна добра организација и голем труд, како и соработка на повеќе луѓе (Лука 5:1-11; w16.05 2:3-4).
Петок, 5 јануари
Имај доверба во Јехова со сето свое срце и не потпирај се на сопствениот разум. На сите свои патишта имај го на ум, и тој ќе ги исправи твоите патеки (Изр. 3:5, 6)
Што ќе ни помогне да откриеме како размислува Јехова? Најважно е редовно да ја читаме и да ја проучуваме Библијата. Додека го правиме тоа, добро е да се прашаме: „Што учам од ова за Бог? Зошто постапил на таков начин?“ Освен тоа, слично на Давид, треба да го молиме Јехова да ни помогне подобро да го запознаеме. Давид напишал: „Дозволи ми да ги запознаам твоите патишта, о Јехова, научи ме за твоите патеки. Упати ме да одам во твојата вистина и поучи ме, зашто ти си Богот на моето спасение. На тебе се надевам по цел ден“ (Пс. 25:4, 5). Кога ќе научиме нешто за Јехова, добро е да размислиме каде би можеле да ги користиме тие информации. Дали можеби во семејството, на работа, на училиште или во службата? Штом ќе утврдиме каде може да го примениме она што сме го научиле, ќе знаеме и како може да го сториме тоа (w16.05 3:9, 11).
Сабота, 6 јануари
Надгледникот треба да биде беспрекорен (1. Тим. 3:2)
Јехова дал список со барања кои треба да ги исполнат оние што се грижат за неговото стадо (1. Тим. 3:2-7). Тој очекува од нив да се држат за високи мерила. Од ова учиме дека собранието е скапоцено во Божји очи. Библијата вели дека тој го купил „со крвта на својот Син“ (Дела 20:28). Затоа, Јехова очекува старешините да дадат добар пример. Тие ќе му положат сметка за начинот на кој постапуваат со членовите на собранието. Тој сака да се чувствуваме безбедно додека тие одговорни браќа се грижат за нас (Иса. 32:1, 2). Кога ги читаме овие барања, всушност, гледаме колку многу Јехова нѐ сака. Всушност, секој христијанин може да научи нешто од условите кои треба да ги исполнат старешините. На пример, Јехова очекува од сите нас да бидеме разумни и разборити (Фил. 4:5; 1. Пет. 4:7). Освен тоа, кога старешините му се „пример на стадото“, објавителите можат да учат од нив и да се угледаат на нивната вера (1. Пет. 5:3; Евр. 13:7; w16.05 5:8-10).
Недела, 7 јануари
Од сѐ што треба да се чува, најмногу чувај си го срцето (Изр. 4:23)
Кои лоши особини или постапки можат да ни го стврднат срцето? Би можеле да станеме горделиви, да почнеме да правиме гревови или да дозволиме да ни ослабне верата. Ако не внимаваме, би можеле да станеме непослушни и бунтовни (Дан. 5:1, 20; Евр. 3:13, 18, 19). Токму тоа му се случило на јудејскиот цар Озија (2. Лет. 26:3-5, 16-21.) Во почетокот, тој бил послушен и имал добар однос со Бог, и затоа Бог го благословувал. Но, кога станал моќен, неговото срце се возгордеало. Тој бил толку горд што се обидел да запали темјан во храмот иако тоа било должност само на свештениците. Кога свештениците го предупредиле дека не смее да го прави тоа, Озија се разгневил. Јехова го понизил овој горделив цар така што го удрил со лепра, и тој бил лепрозен сѐ до својата смрт (Изр. 16:18). Ако не се чуваме од гордоста, може да почнеме да мислиме дека сме подобри од другите, па дури и да ги отфрлиме библиските совети кои можеби ќе ги добиеме (Изр. 29:1; Рим. 12:3; w16.06 2:3-4).
Понеделник, 8 јануари
Поднесувајте се еден со друг со љубов (Еф. 4:2)
Како гледаш на браќата и сестрите од друга култура? Можеби нивниот јазик, однесување, храна или облека многу се разликуваат од она на што си навикнат. Дали ги избегнуваш овие браќа и дали главно се дружиш со оние што се слични на тебе? Како гледаш на старешините или надгледниците кои се помлади од тебе, или кои потекнуваат од друга култура или раса? Што ќе ни помогне да го зачуваме единството? Павле им дал практичен совет на христијаните во Ефес, богат град во кој живееле најразлични луѓе (Еф. 4:1-3). Тој спомнал некои особини, како што се понизноста, благоста, долготрпеливоста и љубовта. Овие особини се како цврсти столбови кои ја држат целата куќа (w16.06 3:17-18).
Вторник, 9 јануари
Бидете претпазливи чувајте се од секаква лакомост (Лука 12:15)
Сатана сака да му робуваме на богатството наместо на Јехова (Мат. 6:24). Но, ако трчаме по материјални работи, нашиот живот ќе нема вистинска смисла затоа што ќе се врти само околу задоволување на себичните желби. Длабоко во себе ќе се чувствуваме празно и разочарано, па дури може да ја изгубиме и својата вера во Јехова и во неговото Царство (1. Тим. 6:9, 10; Отк. 3:17). Ќе се случи токму она што го објаснил Исус во споредбата за сејачот. Кога речта за Царството е посеана меѓу трње, „желбите за сѐ друго“ ја задушуваат и „таа останува без плод“ (Мар. 4:14, 18, 19). Денес живееме пред самиот крај на Сатановиот свет. Затоа не е време да си трупаме материјално богатство. И, во никој случај не треба да очекуваме дека во големата неволја Бог ќе ги зачува и нашите поседи, без оглед колку тие се вредни и скапоцени за нас (Изр. 11:4; Мат. 24:21, 22; w16.07 1:5-6).
Среда, 10 јануари
Она со кое тој е полн го примаме постојано сите ние — незаслужената доброта (Јован 1:16)
Рано наутро, еден човек излегол на плоштадот за да најми работници за своето лозје. Тој им понудил одредена сума пари како дневница, и тие се согласиле да работат кај него. Но, бидејќи на лозјето имало многу работа, човекот навраќал на плоштадот неколку пати во текот на денот за да најми уште работници. Им понудил добра дневница на сите, дури и на оние што ги најмил последни. На крајот на денот, ги собрал работниците за да им плати. Тој им дал на сите иста дневница, без разлика дали работеле цел ден или само еден час. Но, оние што биле на лозјето цел ден почнале да приговараат поради тоа. Тогаш сопственикот им рекол: „Зарем не се погодивте со мене за дневницата што ви ја понудив? Немам ли право да им дадам на сите работници колку што сакам? Зарем сте завидливи затоа што сум великодушен?“ (Мат. 20:1-15). Од оваа споредба на Исус можеме да извлечеме важна поука за Јеховината „незаслужена доброта“ (2. Кор. 6:1; w16.07 3:1-2).
Четврток, 11 јануари
Гледај, правам сѐ ново! Напиши, зашто овие зборови се вистинити и верни! (Отк. 21:5)
Бидејќи крајот е на прагот, денес е поважно од кога и да било порано да ја проповедаме добрата вест за Царството! (Мар. 13:10). Нема никакво сомнение дека преку неа Јехова ја покажува својата незаслужена доброта кон луѓето. Затоа, кога сведочиме, наша цел е да го славиме Бог така што ќе им кажуваме на другите за сите убави работи кои ќе ги доживееме во новиот свет благодарение на неговата неопислива доброта. Кога проповедаме, можеме да им објасниме на другите дека, под власта на Христовото Царство, луѓето ќе можат во целост да ги уживаат благословите од откупнината и постепено да станат совршени. Библијата вели: „Самото создание ќе биде ослободено од робувањето на распадливоста и... ќе ја добие славната слобода на Божјите деца“ (Рим. 8:21). Ова ќе биде можно само благодарение на Јеховината неизмерна доброта (w16.07 4:17-19).
Петок, 12 јануари
Мажот нека ја исполнува брачната должност спрема жената, а исто така и жената спрема мажот (1. Кор. 7:3)
Библијата не содржи конкретни правила за тоа што е дозволено, а што не е дозволено при нормалните интимни односи меѓу мажот и жената. Сепак, во неа се спомнуваат некои изрази на наклоност (Песна 1:2; 2:6). Важно е брачните партнери да бидат обѕирни и нежни еден со друг. Ако чувствуваме силна љубов кон Бог и кон ближниот, нема да дозволиме никој и ништо да го загрози нашиот брак. Некои ја поткопале, па дури и ја уништиле својата брачна врска со тоа што станале зависници од порнографија. Мора да се спротивставиме на секоја желба да гледаме порнографија. Освен тоа, брачните другари не смеат да дозволат кај нив да се роди привлечност кон некој друг. Би било бесчувствително дури и ако само оставаме впечаток дека флертуваме со некој што не е наш брачен другар. Ако сме свесни дека Јехова знае што правиме и што мислиме, ќе имаме уште посилна желба да му угодиме нему и да му останеме верни на брачниот другар (Мат. 5:27, 28; Евр. 4:13; w16.08 2:7-9).
Сабота, 13 јануари
Непрестајно се молиме за вас и бараме да се исполните со добро познавање на Божјата волја (Кол. 1:9)
Зошто било важно христијаните од Колоси да ги читаат и проучуваат Писмата? Затоа што на тој начин ќе стекнеле мудрост, и ќе знаеле како да водат „живот достоен на Јехова“ и потполно да му угодат. Така ќе можеле да донесуваат „плод во секое добро дело“, особено во службата на проповедање (Кол. 1:10). Според тоа, на заинтересираните лица треба да им помогнеме да сфатат дека мора редовно да ја читаат и проучуваат Библијата за да можат делотворно да му служат на Јехова. Освен тоа, и ние самите треба да имаме навика да проучуваме. Затоа, добро е да се прашаме: „Кога некој станар ми поставува тешки прашања, дали можам да му одговорам со помош на Библијата?“ Ако им кажуваме на другите колку ни користи тоа што сме го дознале од личното проучување, можеби и тие ќе бидат поттикнати подлабоко да проучуваат за да извлечат поголема корист (w16.08 4:3-4).
Недела, 14 јануари
Ние се бориме против злите духовни сили на небесата (Еф. 6:12)
Многу е важно да се чуваме од влијанието на световните учења и филозофии, и да се спротивставиме на неисправните желби, навики и постапки, како што се неморалот, пушењето, и злоупотребата на алкохол и дрога. Освен тоа, мора и понатаму да се бориме со обесхрабрувањето и со нашите лични слабости (2. Кор. 10:3-6; Кол. 3:5-9). Дали навистина можеме да победиме во борбата против толку моќни непријатели? Да, но тоа воопшто нема да биде лесно! Павле се споредил со боксер, кога рекол: „Не удирам со раката како да го бијам воздухот“ (1. Кор. 9:26). Исто како што еден боксер се бори со својот противник, ние треба да се бориме со нашите непријатели. Јехова ни помага и нѐ учи како да го правиме тоа. Тој ни дава животоспасувачки упатства во својата Реч. Освен тоа, ни помага преку библиските публикации, состаноците, собирите и конгресите. Дали се трудиш да ги применуваш сите совети што ги добиваме? (w16.09 2:2-3).
Понеделник, 15 јануари
Ниту Христос не си угодуваше себеси (Рим. 15:3)
Исто како на Исус, и нам треба да ни биде поважно да ја вршиме Божјата волја и да им помагаме на другите отколку да си угодуваме себеси. Затоа, не би сакале да носиме облека која можеби нам лично ни се допаѓа, но може да ги спречи луѓето да ја слушаат нашата порака (Рим. 15:2). Христијанските родители се должни да ги поучуваат децата да се држат за библиските мерила. Меѓу другото, треба да им помогнат да сфатат на кој начин можат да го радуваат Бог со својот скромен изглед и облекување (Изр. 22:6; 27:11). Како можат родителите да ги поучат своите деца да го почитуваат нашиот свет Бог и неговите мерила? Така што ќе им дадат добар пример. Освен тоа, треба да ги поучат каде да најдат и како да одберат соодветна облека. Децата не треба да носат некоја облека само затоа што им се допаѓа туку, пред сѐ, затоа што со неа го слават Јехова, Богот на кој му служат (w16.09 3:13-14).
Вторник, 16 јануари
Ученикот не е над својот учител, туку секој што е добро поучен, ќе биде како својот учител (Лука 6:40)
Исус успеал да допре до срцето на оние што го слушале затоа што го сакал Јехова, ја сакал неговата Реч и ги сакал луѓето (Лука 24:32; Јован 7:46). Ако имаат таква љубов, и родителите ќе можат да допрат до срцето на децата (5. Мој. 6:5-8; Лука 6:45). Затоа, родители, продолжете внимателно да ја проучувате Библијата и редовно читајте ги нашите публикации. Трудете се да дознаете нешто повеќе за Божјите творби и проучувајте ги статиите на тие теми во нашите публикации (Мат. 6:26, 28). Така ќе го продлабочите своето знаење и своето ценење за Јехова. Тоа ќе ве оспособи уште подобро да ги поучувате децата. Кога ќе ја всадиш библиската вистина во своето срце, ќе сакаш да зборуваш за неа и со своите деца. Прави го тоа во секое време, а не само на Семејната вечер или кога се подготвувате за состанок. Таквите разговори треба да бидат дел од вашето секојдневие и да си дојдат спонтано (w16.09 5:6-7).
Среда, 17 јануари
Не знаеја да зборуваат хебрејски (Неем. 13:24)
Ако не ја разбираме библиската вистина на јазикот што го учиме, тоа може да претставува сериозна закана за нашето пријателство со Јехова. На пример, кога Неемија се вратил во Ерусалим, забележал дека некои од децата на повратниците од Вавилон не знаеле да зборуваат хебрејски. Бидејќи не можеле да ги разберат Божјите зборови, нивниот однос со Јехова ослабнал (Неем. 8:2, 8). Некои родители што служат во собрание на друг јазик забележуваат дека нивните деца го губат интересот за вистината. Не е исто кога читаме на друг јазик и кога читаме на мајчин јазик. Мајчиниот јазик обично повеќе нѐ допира до срце. Освен тоа, бидејќи е многу напорно да се комуницира на друг јазик, тоа може да нѐ исцрпи и психички и духовно. Затоа, иако не е погрешно да ја разгоруваме нашата желба да служиме во собрание на друг јазик, мора да внимаваме и да останеме духовно јаки (Мат. 4:4; w16.10 2:4-6).
Четврток, 18 јануари
Верата е доказ за она што е вистинско, иако не се гледа (Евр. 11:1)
Верата е скапоцена особина која не ја поседуваат сите луѓе (2. Сол. 3:2). Јехова му ја дава на секој свој слуга (Рим. 12:3; Гал. 5:22). Зар не сме многу благодарни поради тоа? Нашиот небесен Татко ги привлекува луѓето кон себе преку својот Син. Кога некој ќе стекне вера во Исус, може да добие простување на гревовите. Благодарение на тоа, може да му биде пријател на Бог во сета вечност (Јован 6:44, 65; Рим. 6:23). Тоа е навистина огромен благослов! Бидејќи сме грешници, ние заслужуваме смрт (Пс. 103:10). Но, Јехова видел нешто добро во нас и, поради својата незаслужена доброта, ни го отворил срцето за да ја прифатиме библиската порака. Затоа што сме поверувале во Исус и сме станале негови следбеници, имаме надеж дека ќе живееме засекогаш (1. Јов. 4:9, 10; w16.10 4:1-2).
Петок, 19 јануари
Павле ги охрабри браќата со многу зборови (Дела 20:2)
Во своите писма, Павле често ги истакнувал позитивните работи кај своите браќа. Со некои од нив тој патувал долги години, и многу добро ги познавал. Иако ги знаел нивните слабости, тој честопати ги пофалувал. На пример, за Тимотеј рекол дека е негово „сакано и верно дете во Господарот“, и дека вистински ќе се грижи за потребите на другите (1. Кор. 4:17; Фил. 2:19, 20). Тој го пофалил Тит во своето послание до христијаните во Коринт, нарекувајќи го свој „другар и соработник“ кој служи за нивно добро (2. Кор. 8:23). Без сомнение, и Тимотеј и Тит биле охрабрени кога дознале што мисли Павле за нив. Павле и Варнава си го ризикувале животот за да ги охрабрат своите соверници. На пример, и двајцата знаеле дека многу луѓе во градот Листра сакаат да ги убијат. Сепак, се вратиле таму за да ги охрабрат новите ученици и за да им помогнат да му останат верни на Јехова (Дела 14:19-22). Подоцна, откако се нашол пред разгневена толпа во Ефес, Павле ги охрабрил тамошните ученици (Дела 20:1; w16.11 1:10-11).
Сабота, 20 јануари
Бидете потполно обединети со ист ум и со ист начин на размислување (1. Кор. 1:10)
Денес Јехова ги води и ги поучува своите слуги во земниот дел од својата организација. Тој го прави тоа преку „верниот и разборит роб“, кој е поставен од Христос, главата на собранието (Мат. 24:45-47; Еф. 5:23). Исто како водечкото тело во првиот век, овој „роб“ вистински ја цени Библијата бидејќи е Божја Реч (1. Сол. 2:13). Библијата ни заповеда редовно да одиме на состаноците (Евр. 10:24, 25). Таа нѐ поттикнува сите да веруваме во истите библиски учења. Исто така, нѐ советува да го бараме „најнапред царството“ (Мат. 6:33). Библијата нагласува и дека имаме чест и одговорност да проповедаме од куќа до куќа, на јавни места и секаде каде што има луѓе (Мат. 28:19, 20; Дела 5:42; 17:17; 20:20). Таа ги советува старешините да внимаваат собранијата да останат чисти (1. Кор. 5:1-5, 13; 1. Тим. 5:19-21). Освен тоа, јасно кажува дека и ние треба да бидеме чисти во телесен и морален поглед (2. Кор. 7:1; w16.11 3:7-8).
Недела, 21 јануари
Излезете од неа, народе мој (Отк. 18:4)
Многу години пред Првата светска војна, Чарлс Расел и други Истражувачи на Библијата сфатиле дека црквите на христијанскиот свет не ги поучуваат луѓето за вистината од Божјата Реч. Затоа биле решени да ги прекинат сите врски со лажната религија. Уште во 1879 год., во Сионска Стражарска кула пишувало дека секоја црква што тврди дека е верна Христова невеста, а ги поддржува човечките влади, е дел од Големиот Вавилон, кој во Библијата е наречен „блудница“ (Отк. 17:1, 2). Верните слуги на Бог знаеле дека ќе го изгубат неговиот благослов ако и понатаму ја поддржуваат лажната религија. Затоа, многумина од нив испратиле писма до своите цркви за да се испишат (w16.11 5:2-3).
Понеделник, 22 јануари
Оние што живеат според духот размислуваат за она што му е својствено на духот (Рим. 8:5)
Кога ја одбележуваме Спомен-свеченоста, понекогаш ги читаме зборовите од Римјаните 8:15-17. Во овие стихови е објаснето од каде знаат помазаните христијани дека имаат надеж да живеат вечно на небото. Ова поглавје првенствено било напишано за оние што имаат небесна надеж. Тие добиваат дух на посинување и го исчекуваат „ослободувањето од своето [физичко] тело преку откупнината“ (Рим. 8:23). Во иднина, помазаниците ќе бидат Божји синови на небото. Ова е можно затоа што Јехова им ги простил гревовите на темел на откупнината и ги прогласил за праведни како свои синови (Рим. 3:23-26; 4:25; 8:30). Меѓутоа, 8. поглавје од Римјаните е важно и за оние кои имаат надеж за вечен живот на Земјата, бидејќи Бог и нив во извесна смисла ги смета за праведни. И тие можат да извлечат корист од советите што се запишани во ова поглавје од Римјаните (w16.12 2:1-3).
Вторник, 23 јануари
Не бидете загрижени (Мат. 6:34)
Што сакал да каже Исус со зборовите од денешниот стих? Сигурно не сакал да каже дека, ако некој му служи на Бог, нема никогаш да се грижи за ништо. Наместо тоа, Исус сакал да им помогне на учениците да сфатат дека непотребната или претераната загриженост нема да ги реши проблемите. Бидејќи секој ден си носи свои предизвици, христијаните не треба додатно да се оптоваруваат со проблеми што ги имале порано или што би можеле да се појават во иднина. Зошто не треба да се грижиш за она што сѐ уште не се случило? Затоа што честопати работите не излегуваат толку лошо колку што сме очекувале. Освен тоа, не заборавај дека не постои ситуација над која Бог нема контрола. Биди уверен дека Бог ќе ги благослови оние што му се верни и ќе им помогне да се справат со сите грижи, сеедно дали се поврзани со минатото, со сегашноста или со иднината (w16.12 3:13, 16).
Среда, 24 јануари
Мудроста е кај скромните (Изр. 11:2)
Кога Јехова го избрал за цар, Саул бил скромен човек (1. Сам. 9:1, 2, 21; 10:20-24). Но, кратко потоа, тој се вообразил. Во една прилика, илјадници Филистејци дошле да се борат со Израелците. Пророкот Самоил му рекол на Саул дека ќе дојде за да му принесе жртва на Јехова. Но, додека го чекале да пристигне, Израелците се исплашиле и затоа многумина од оние што биле со Саул се разотишле. Тој станал нестрплив и, наместо да чека да дојде Самоил, самиот ја принел жртвата. На Јехова не му се допаднало тоа што Саул ја принел жртвата бидејќи немал право да направи такво нешто (1. Сам. 13:5-9). Кога пристигнал Самоил, го укорил Саул за неговата непослушност кон Јехова. Но, Саул не сметал дека направил нешто погрешно. Наместо да го прифати укорот, тој си барал оправдувања, и вината за својата грешка им ја префрлил на други (1. Сам. 13:10-14). Оттогаш натаму, Саул постапувал вообразено и во други ситуации, што на крајот довело до тоа Јехова да го отфрли како цар (1. Сам. 15:22, 23). Иако почнал добро, Саул завршил катастрофално (1. Сам. 31:1-6; w17.01 3:1-2).
Четврток, 25 јануари
Го најдов Давид, човек по моето срце (Дела 13:22)
Цар Давид бил верен Божји слуга кого Јехова многу го сакал. Сепак, тој направил неколку тешки гревови. Како прво, извршил прељуба со Витсавеа (2. Сам. 11:1-21). Тој не можел да го врати времето назад и да ги избегне своите грешки. Исто така, не можел да ги избегне последиците. Всушност, некои од последиците морал да ги трпи до крајот на својот живот (2. Сам. 12:10-12, 14). Поради тоа, на Давид му била потребна вера. Морал да има доверба дека, затоа што вистински се покајал, Јехова ќе му прости и ќе му помогне да се справи со последиците од своите постапки. Бидејќи сме несовршени, сите ние грешиме. Сепак, некои грешки се посериозни, а има и грешки кои не можеме да ги поправиме. Можеби ќе мора да живееме со последиците од нашите постапки (Гал. 6:7). Но, имаме доверба во ветувањето на Бог дека, ако се покаеме, тој ќе ни помага полесно да ги поднесеме последиците, дури и кога самите сме виновни за нив (Иса. 1:18, 19; Дела 3:19; w17.01 1:10-12).
Петок, 26 јануари
Човекот не може да го сфати она што се прави под сонцето. Колку и да се труди, човек не може да го сфати. Дури и да каже дека е доволно мудар за да го спознае тоа, сепак, не може да го сфати (Проп. 8:17)
Скромноста може да ни помогне да носиме добри одлуки, дури и во ситуации кога не знаеме како ќе се одвиваат работите ниту, пак, можеме да влијаеме врз нив. На пример, можеби размислуваме да започнеме со полновремена служба, но нѐ мачат некои прашања: Што ќе се случи ако се разболиме? Што ако се разболат нашите остарени родители и треба да им помагаме? Како ќе се грижиме за себе кога ќе остариме? Колку и да се молиме или да истражуваме, нема да дојдеме до конкретен одговор на ваквите прашања. Но, ако имаме доверба во Јехова, ќе се помириме со фактот дека не можеме сѐ да предвидиме, ниту да имаме целосна контрола врз работите. Затоа, добро ќе се информираме, ќе побараме совет и, најважно од сѐ, ќе му се молиме на Јехова да нѐ води. Потоа ќе постапиме онака како што нѐ води Јеховиниот дух (Проп. 11:4-6). Тогаш Јехова може или да ги благослови нашите одлуки или да ни помогне да ги смениме нашите планови (Изр. 16:3, 9; w17.01 4:14).
Сабота, 27 јануари
Не смееш да јадеш од него (1. Мој. 2:17)
Адам и Ева требало да одлучат кого ќе го послушаат — Бог или змијата. За жал, тие избрале да му бидат непослушни на Бог (1. Мој. 3:6-13). Кога ја прекршиле Божјата заповед, Адам и Ева го изгубиле совршенството. Исто така, тие станале Божји непријатели затоа што Бог ја мрази злобата. Библијата вели дека неговите „очи се пречисти“ за да го гледа злото (Авак. 1:13). Ако Јехова не презел ништо кога Адам и Ева згрешиле, ќе била доведена во опасност иднината на сите живи суштества. Освен тоа, и ангелите и луѓето би ја изгубиле довербата во него. Но, Јехова верно се држи за своите мерила и никогаш не ги погазува (Пс. 119:142). Тоа што Адам и Ева имале слободна волја не им дало право да ја прекршат Божјата заповед. Бидејќи се побуниле против Јехова, на крајот умреле и се вратиле во правта од која биле создадени (1. Мој. 3:19; w17.02 1:8, 10-11).
Недела, 28 јануари
Човек не смее да живее само од леб, туку треба да живее и од секој збор што излегува од Јеховината уста (Мат. 4:4)
Уште од почетокот на својата служба на Земјата, Исус дозволил да го водат светите списи. Дури и неговите последни зборови вклучувале цитати од пророштвата за Месијата (Мат. 27:46; Лука 23:46). Од друга страна, верските водачи од тоа време многу се разликувале од Исус. Тие ја игнорирале Божјата Реч секогаш кога не ги поддржувала нивните учења. Исус цитирал од Божјата Реч кога за нив рекол: „Овој народ ме почитува со усните, но срцето му е далеку од мене. Залудно ме почитуваат, бидејќи учењата за кои поучуваат се човечки заповеди“ (Мат. 15:7-9). Исус ја користел Божјата Реч и за да ги поучува другите. Секогаш кога ќе му се спротивставеле верските водачи, тој не се потпирал на својата мудрост или животно искуство за да им одговори. Наместо тоа, тој ги поучувал луѓето од светите списи (Мат. 22:33-40; w17.02 3:18-19).
Понеделник, 29 јануари
Почитувајте го секого, царот почитувајте го (1. Пет. 2:17)
Како Јеховини сведоци, ние правиме сѐ што можеме за да им покажеме почит на властите. Се разбира, она што властите го очекуваат од луѓето во една земја, може да се разликува од она што го очекуваат во друга. Без разлика каде се наоѓаме, ние соработуваме со нив додека тие ги извршуваат своите должности. Сепак, нема да ги послушаме ако бараат од нас да направиме нешто што е спротивно на Божјите закони. Во таков случај, поважно е да му бидеме послушни на Бог отколку на луѓето (1. Пет. 2:13-16). Јеховините слуги во минатото ни оставиле добар пример за тоа како треба да покажуваме почит кон властите. Кога Римјаните побарале од луѓето да учествуваат во еден попис, Јосиф и Марија патувале до Витлеем иако Марија наскоро требало да се породи (Лука 2:1-5). Апостол Павле е уште еден добар пример за тоа како треба да покажуваме почит кон човечките власти. Кога бил обвинет дека прави нешто погрешно, тој со почит зборувал во своја одбрана пред царот Агрипа и пред Фест, управителот на римската провинција Јудеја (Дела 25:1-12; 26:1-3; w17.03 1:9-10).
Вторник, 30 јануари
Сето тоа е напишано како предупредување за нас (1. Кор. 10:11)
Кога Израелците почнале да го прават она што го правеле Ханаанците, Јехова престанал да ги штити од нивните непријатели (Суд. 2:1-3, 11-15; Пс. 106:40-43). Во тоа тешко време, на семејствата кои го сакале Бог сигурно не им било лесно да му останат верни. Сепак, Библијата вели дека имало поединци кои верно му служеле на Јехова. Некои од нив се Јефтај, Елкана, Ана и Самоил. Тие биле решени да го радуваат Јехова (1. Сам. 1:20-28; 2:26). И во нашево време луѓето размислуваат и постапуваат како Ханаанците. Тие се преокупирани со секс, пари и насилство. Но, Јехова ни дава јасни предупредувања. Тој сака да нѐ заштити исто како што сакал да ги заштити Израелците од таквите лоши влијанија. Дали ќе извлечеме поука од нивните грешки? (1. Кор. 10:6-10). Дали даваме сѐ од себе за да не размислуваме како луѓето од светот? (Рим. 12:2; w16.04 1:4-6).
Среда, 31 јануари
Разумниот ќе прифати мудри упатства (Изр. 1:5)
Најдобрите совети се запишани во Божјата Реч. Затоа, пред да донесеме некоја важна одлука, многу е важно да истражуваме и да се молиме. Јехова може да ни ги даде особините што ни се потребни за да донесуваме одлуки кои се во склад со неговата волја. Добро е да се прашаме: „Дали со оваа одлука ќе покажам дека го сакам Јехова? Дали таа ќе придонесе да има радост и мир во моето семејство? Дали со неа ќе покажам дека сум стрплив и љубезен?“ Јехова не нѐ присилува да го сакаме и да му служиме. Наместо тоа, ни дал слободна волја и затоа ги почитува нашето право и одговорност да одлучиме дали ќе му служиме (Ис. Нав. 24:15; Проп. 5:4). Но, тој очекува да постапуваме во склад со она што сме го одлучиле следејќи го неговото водство. Кога имаме доверба во Јеховините совети и ги применуваме начелата од неговата Реч, можеме да носиме мудри одлуки. На тој начин ќе покажеме дека сме постојани на сите наши патишта (Јак. 1:5-8; 4:8; w17.03 2:17-18).