ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • es18 стр. 118-128
  • Декември

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Декември
  • Секојдневно истражување на Писмото — 2018
  • Поднаслови
  • Сабота, 1 декември
  • Недела, 2 декември
  • Понеделник, 3 декември
  • Вторник, 4 декември
  • Среда, 5 декември
  • Четврток, 6 декември
  • Петок, 7 декември
  • Сабота, 8 декември
  • Недела, 9 декември
  • Понеделник, 10 декември
  • Вторник, 11 декември
  • Среда, 12 декември
  • Четврток, 13 декември
  • Петок, 14 декември
  • Сабота, 15 декември
  • Недела, 16 декември
  • Понеделник, 17 декември
  • Вторник, 18 декември
  • Среда, 19 декември
  • Четврток, 20 декември
  • Петок, 21 декември
  • Сабота, 22 декември
  • Недела, 23 декември
  • Понеделник, 24 декември
  • Вторник, 25 декември
  • Среда, 26 декември
  • Четврток, 27 декември
  • Петок, 28 декември
  • Сабота, 29 декември
  • Недела, 30 декември
  • Понеделник, 31 декември
Секојдневно истражување на Писмото — 2018
es18 стр. 118-128

Декември

Сабота, 1 декември

Спротивставете му се цврсти во верата, знаејќи дека истите страдања ги поднесуваат и вашите браќа по светот (1. Пет. 5:9)

Апостол Петар ги напишал овие зборови за да ги охрабри христијаните да ги издржат многуте испити од Сатана. Од искуствата на оние што истрајале учиме како да му останеме верни на Бог. Тие нѐ потсетуваат дека ќе бидеме наградени за нашата верност (Јак. 5:11). Дали се соочуваш со немилосрдно противење или прогонство? Дали како старешина или покраински надгледник не можеш да кренеш глава од многу обврски? Ако да, тогаш може да ти помогне примерот на Павле. Иако се соочил со сурово прогонство и постојано бил притиснат од грижи за браќата во собранијата, тој не се откажал (2. Кор. 11:23-29). Со својот пример многу ги зајакнал соверниците (2. Кор. 1:6). И твојата истрајност најверојатно ќе им помогне на другите да истраат (w16.04 2:11, 14).

Недела, 2 декември

Одете и правете ученици од луѓето од сите народи (Мат. 28:19)

Исус прорекол дека, во последните денови, добрата вест за Царството ќе им се проповеда на сите народи (Мат. 24:14). Како Јеховини сведоци, ние сме познати во целиот свет по нашето проповедање. На некои им се допаѓа пораката што им ја носиме, а други ни се противат. Сепак, дури и некои од оние што не се согласуваат со нашите верувања нѐ почитуваат поради делото што го вршиме. Многу религии тврдат дека ја проповедаат истата порака што ја објавувал Христос. Но, тоа го прават главно на богослужбите во своите цркви, на телевизија, на Интернет или така што раскажуваат како го прифатиле Исус. Други сметаат дека ја шират добрата вест со тоа што учествуваат во добротворни активности, или се ангажираат на полето на медицината или образованието. Но, дали тоа е начинот на кој Исус рекол дека ќе се проповеда? (w16.05 2:1-2).

Понеделник, 3 декември

Ќе се жалам пред цезарот! (Дела 25:11)

Од 1914 год., човечките влади му се противат на Божјето Царство, кое наскоро ќе изврши суд над нив и ќе ги уништи (Пс. 2:2, 7-9). Бог дозволува да постојат човечки власти затоа што тие одржуваат извесен ред и мир. Благодарение на тоа, можеме да ја проповедаме добрата вест за Божјето Царство (Рим. 13:3, 4). Бог дури ни вели и да се молиме за оние што имаат власт за да продолжиме да му служиме во мир (1. Тим. 2:1, 2). Кога со нас се постапува неправедно, можеме да бараме помош од властите, исто како што направил Павле. Иако Библијата вели дека Сатана ги контролира политичките системи, никаде во неа не пишува дека тој директно влијае врз секој политички водач или службеник (Лука 4:5, 6). Затоа, мора да внимаваме да не оставиме впечаток дека сметаме оти некој претставник на властите е под контрола на Ѓаволот. Библијата вели дека не треба да зборуваме лошо за никого (Тит 3:1, 2; w16.04 4:5-6).

Вторник, 4 декември

Трудете се да разберете што е Јеховината волја (Еф. 5:17)

Како може да знаеме која е Јеховината волја ако во Библијата нема конкретен закон за одредена ситуација? Така што ќе му се молиме и ќе го следиме водството кое ни го дава преку светиот дух. Исус секогаш знаел како Јехова би сакал тој да постапи во дадена ситуација. На пример, во две прилики, кога мноштвата биле гладни, Исус со чудо обезбедил храна за сите (Мат. 14:17-20; 15:34-37). Но, кога тој огладнел во пустината и кога Ѓаволот сакал да го натера да ги претвори камењата во лебови, Исус одбил да го стори тоа (Мат. 4:2-4). Бидејќи многу добро го познавал својот Татко, му било јасно дека Јехова не сака тој да го употреби светиот дух за своја лична корист. Исус покажал доверба дека Бог ќе му ја даде потребната храна и водство (w16.05 3:7-8).

Среда, 5 декември

Целото Писмо е вдахновено од Бог и корисно за поучување (2. Тим. 3:16)

Во почетокот некои делови од Библијата биле упатени до одредена личност или група луѓе. Затоа, пред да ја читаме Библијата, добро е да му се помолиме на Јехова да ни помогне да го правиме тоа со отворен ум, и да ни даде мудрост за да го разбереме она што сака да ни го каже (Езра 7:10; Јак. 1:5). Додека ја читаш Божјата Реч, прашај се: „Што учам од ова за Јехова? Како можат овие мисли да ми помогнат? Како можам да ги искористам за да им помагам на другите?“ Ако размислуваме за овие прашања, ќе извлечеме поголема корист од читањето на Библијата. Да разгледаме еден пример. Во Библијата се наведени одредени барања кои треба да ги исполнат старешините (1. Тим. 3:2-7). Но, повеќето од нас не се старешини. Поради тоа би можеле да си помислиме дека тие стихови не можат многу да ни користат. Сепак, секој од нас може да извлече корист од она што го пишува во 1. Тимотеј 3:2-7 (w16.05 5:7-8).

Четврток, 6 декември

Гледај, како што е глината во рацете на грнчарот така сте вие во мојава рака (Ерем. 18:6)

Кога Евреите биле одведени како заробеници во древниот Вавилон, тој град бил полн со идоли и со луѓе кои обожавале зли духови. И покрај тоа, верните Евреи, како што биле Даниел и неговите тројца пријатели, не дозволиле да бидат обликувани од Вавилонците (Дан. 1:6, 8, 12; 3:16-18). Тие го избрале Јехова за свој Грнчар и продолжиле да му служат само нему. Иако речиси целиот свој живот Даниел бил изложен на лошо влијание во Вавилон, тој му останал верен на својот Бог, и еден ангел го нарекол Божји љубимец (Дан. 10:11, 19). Во библиски времиња, грнчарот понекогаш ја притискал глината во калап за да добие сад со одреден облик. Денес, вистинските слуги на Јехова признаваат дека тој е Севишен Владетел, кој има право да обликува цели народи (Ерем. 18:6). Бог исто така има право да го обликува секого од нас. Но, тој не присилува никого да направи промени. Напротив, тој ја почитува нашата слободна волја и сака самите да му дозволиме да нѐ обликува (w16.06 2:1-2).

Петок, 7 декември

Во вашиот живот нека нема љубов кон парите (Евр. 13:5)

Сатана сака да нѐ натера да мислиме дека ќе уживаме во животот само ако имаме многу во материјален поглед. За да го постигне ова, тој ги користи својот свет и „желбата на очите“ (1. Јов. 2:15-17; 1. Мој. 3:6; Изр. 27:20). Постојано сме бомбардирани со реклами чија цел е да нѐ убедат дека секогаш треба да купиме некој нов производ. Дали некогаш ти се случило да купиш нешто само затоа што ти изгледало привлечно или затоа што си го видел на реклама? Дали подоцна си сфатил дека си можел да живееш и без тоа? Кога нонстоп купуваме работи кои не ни требаат, само си го комплицираме животот. Тие можат да ни го одвлечат вниманието од духовните активности. На пример, можат да ни го одземат времето што ни е потребно за да ја проучуваме Библијата, да се подготвуваме и да присуствуваме на состаноците, и редовно да одиме во служба. Не заборавај го следново предупредување на апостол Јован: „Светот поминува и неговата желба“ (w16.07 1:3-4).

Сабота, 8 декември

Има многу „богови“, но за нас постои еден Бог (1. Кор. 8:5, 6)

Во христијанското собрание во првиот век имало Евреи, Грци, Римјани и луѓе од други националности. Тие имале различно потекло, обичаи и менталитет. Поради тоа, на некои не им било баш лесно да го остават поранешниот начин на живот и да почнат да му служат на Бог на нов начин. Затоа Павле ги потсетил дека христијаните имаат еден Бог, Јехова. Како е со христијанското собрание денес? Пророкот Исаија претскажал дека „во последните денови“ луѓе од сите народи ќе му служат заедно на Јехова и ќе речат: „Тој ќе нѐ поучува за своите патишта, и ќе одиме по неговите патеки“ (Иса. 2:2, 3). Среќни сме што ова пророштво се исполнува во денешно време. Многу наши браќа и сестри потекнуваат од разни места, зборуваат различен јазик и имаат различна култура. И покрај тоа, сите ние обединето му служиме на Јехова (w16.06 3:15-16).

Недела, 9 декември

Тој нѐ воскресна со него и нѐ седна со него на небесата, бидејќи сме во единство со Христос Исус (Еф. 2:6)

Не можеме ни да си ги замислиме прекрасните работи што Јехова ги подготвил за помазаните христијани кои ќе владеат заедно со Христос на небото (Лука 22:28-30; Фил. 3:20, 21; 1. Јов. 3:2). Тие ќе го сочинуваат „новиот Ерусалим“, односно Христовата невеста (Отк. 3:12; 17:14; 21:2, 9, 10). Заедно со Исус, ќе учествуваат во лекувањето на народите. Тие ќе им помогнат на луѓето да се ослободат од прангите на гревот и смртта, и да станат совршени (Отк. 22:1, 2, 17). Еден од највозвишените начини на кој Јехова ќе ја покаже својата доброта на Земјата ќе биде воскресението на мртвите (Јов 14:13-15; Јован 5:28, 29). Кој ќе биде воскреснат? Верните мажи и жени кои умреле пред да умре Христос, како и оние од „другите овци“ кои му останале верни на Јехова до крајот на животот во овие последни денови. Сите тие ќе воскреснат и ќе продолжат да му служат на Бог (Јован 10:16; w16.07 4:13-15).

Понеделник, 10 декември

Во ваков момент спиете и се одморате! (Мар. 14:41)

Што ќе ни помогне да бдееме и да бидеме подготвени за Јеховиниот ден? Треба да имаме силна желба и понатаму да го правиме она што е исправно. Но, тоа не е доволно. Неколку дена пред да умре, Исус им кажал на своите ученици дека мора да продолжат сесрдно да го молат Јехова за помош (Лука 21:36). За да останеме духовно будни во ова време на крајот, и ние мора непрестајно да му се молиме на Бог (1. Пет. 4:7). Исус рекол дека крајот ќе дојде во час кога не се надеваме (Мат. 24:44). Затоа мора да бидеме подготвени во секое време. Сега не е момент да задремеме во духовен поглед така што ќе се трудиме да живееме на ист начин како луѓето во светот на Сатана. Иако тој настојува да нѐ увери дека таквиот живот е најдобар, ние знаме дека тоа е чиста измислица. Преку страниците на Библијата, Јехова и Исус ни кажуваат што ќе се случи во блиска иднина и како можеме да останеме будни. Затоа, да обрнеме внимание на библиските пророштва и на нивното исполнување. Да стануваме сѐ поблиски со Јехова и да го ставиме Царството на прво место. Само така ќе бидеме подготвени кога крајот ќе дојде (Отк. 22:20). Од тоа зависи нашиот живот! (w16.07 2:15-17).

Вторник, 11 декември

Поднесувајте се еден со друг и спремно простувајте си еден на друг (Кол. 3:13)

Бракот може да биде среќен ако сопружниците се поднесуваат еден со друг и ако спремно си простуваат. Бидејќи се несовршени, и двајцата ќе си грешат. Но, кога ќе се случи такво нешто, можат да учат од своите грешки. Тогаш имаат прилика да си простуваат и да си покажуваат љубов, за која апостол Павле напишал: „Таа совршено ве поврзува“ (Кол. 3:14). Брачните другари можат да покажат ваква љубов со тоа што ќе бидат стрпливи и љубезни, и нема да ги памтат грешките на другиот (1. Кор. 13:4, 5). Кога ќе се појави несогласување, треба да го расчистат колку што е можно побрзо, уште истиот ден (Еф. 4:26, 27). Потребна е понизност и храброст да се каже: „Жал ми е што те повредив“. Но, тоа ќе придонесе да се решат проблемите и уште повеќе ќе ги зближи сопружниците (w16.08 2:6).

Среда, 12 декември

Ќе ви дадам добра поука (Изр. 4:2)

Исус давал сѐ од себе за да ја проповеда добрата вест за Царството. Сепак, тој одвојувал и многу време за да ги обучува своите ученици. Им покажал како да поучуваат и како да се грижат за Божјиот народ (Мат. 10:5-7). Слично на Исус, Библијата вели дека и ученикот Филип бил ревносен проповедник. Сепак, одвојувал време и за да ги поучи своите ќерки да проповедаат (Дела 21:8, 9). И ние денес треба да ги обучуваме другите. Зошто? Во собранијата низ целиот свет, има многу нови кои сѐ уште не се крстени. Ние мора да им помагаме да сфатат зошто е важно сами да ја читаат и да ја проучуваат Библијата. Исто така, треба да им покажеме како да ја проповедаат добрата вест и како да ги поучуваат другите за Божјата Реч. Освен тоа, на браќата кои се нови во вистината треба да им се даде обука за да можат со текот на времето да станат слуга-помошници и старешини. Зрелите христијани можат многу да им помогнат на новите духовно да напредуваат (w16.08 4:1-2).

Четврток, 13 декември

Зајакнете ги ослабените раце, зајакнете ги колената што се тресат! (Иса. 35:3)

Кога служиме рамо до рамо со нашите соверници, се зајакнува единството во собранието. Ова ни помага да склопиме вистински пријателства и да имаме поголема доверба во благословите што наскоро ќе ги донесе Божјето Царство. Со тоа што им ги зајакнуваме рацете на другите, ние им помагаме да ги пребродат тешките ситуации и да ја зачуваат надежта за иднината (Иса. 35:4). На тој начин, го насочуваме погледот на наградата што ни ја ветил Бог, и духовните работи ни остануваат на прво место. Всушност, така ги зајакнуваме и своите раце. Ако размислуваме за тоа како Јехова ги штител своите верни слуги во минатото и како се грижел за нив, уште повеќе ќе се зацврсти нашата доверба во него. Затоа, кога се соочуваш со проблеми или се измачуваш со грижи, не дозволувај да „ти премалат рацете“! (Соф. 3:16). Биди уверен дека, ако го молиш Јехова за помош, неговата силна рака ќе те зајакне и ќе те води до новиот свет кој сега е на прагот (Пс. 73:23, 24; w16.09 1:16-18).

Петок, 14 декември

Секоја работа и секое дело си има свое време (Проп. 3:17)

Кога треба да одлучат каква облека ќе носат, Божјите слуги ги имаат на ум зборовите од денешниот стих. Врз нашиот избор на облека може да влијае климата, годишното време и разни други околности. Но, Јеховините мерила не се променливи како времето — тие се секогаш исти (Мал. 3:6). Особено на места каде што климата е потопла, може да биде тешко да се избере облека која е пристојна и скромна. Браќата и сестрите се многу благодарни ако не носиме облека која е тесна или премногу отворена (Јов 31:1). Освен тоа, кога сме на плажа или на базен, треба да носиме скромен костим за капење (Изр. 11:2, 20). Иако многумина во светот носат непристојни костими за капење, нам треба да ни биде најважно со својата облека да го славиме нашиот свет Бог, Јехова (w16.09 3:11-12).

Сабота, 15 декември

Што велите вие, кој сум јас? (Мат. 16:15)

Исус имал обичај да ги прашува своите ученици што мислат. И ти можеш да го следиш неговиот пример. Додека зборуваш со своите деца или додека правите нешто заедно, прашај ги што мислат за некоја работа и дозволи им отворено да си кажат како се чувствуваат. Ако твоето дете се сомнева во некое библиско учење, немој да реагираш избрзано или да заземаш одбранбен став. Наместо тоа, биди стрплив и помогни му да најде одговор на своите прашања. Всушност, добро е кога детето прашува бидејќи тоа значи дека сака да ги разбере работите. Дури и Исус поставувал прашања кога бил мал (Лука 2:46). Добро запознај ги своите деца. Дознај што мислат, што чувствуваат и што ги загрижува. Немој да мислиш дека имаат вера во Јехова само затоа што одат во служба и на состаноци. Потруди се да откриеш дали нешто им отежнува да му останат верни на Бог. Разговарајте за духовни работи секој ден додека правите нешто заедно. Моли се за своите деца — и кога си со нив и кога си сам (w16.09 5:3-5).

Недела, 16 декември

Среќни се оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби (Мат. 5:3)

Илјадници Јеховини сведоци ја проповедаат добрата вест „на секој народ и племе и јазик и народност“, и на тој начин го исполнуваат пророштвото запишано во Откровение 14:6. Дали можеби и ти учиш друг јазик? Некои служат како мисионери или проповедаат во други земји каде што има потреба од повеќе објавители. А некои, пак, почнале да одат на состаноци во собрание на друг јазик во својата земја. На сите Божји слуги треба да им биде најважно да ги задоволат своите духовни потреби и да се грижат за духовноста на своето семејство. Но, понекогаш сме толку зафатени што немаме време длабоко да проучуваме. А оние што служат во собрание на друг јазик се соочуваат и со додатни предизвици. Освен што треба да учат нов јазик, тие мора да продолжат редовно да се хранат со тврда духовна храна (1. Кор. 2:10; w16.10 2:1-3).

Понеделник, 17 декември

Сите што ќе се фатат за меч, од меч ќе загинат (Мат. 26:52)

Денес, многу наши браќа и сестри радосно му служат на Јехова и покрај тоа што трпат жестоко прогонство. Стотици од нив се затворени во Еритреја, Јужна Кореја и Сингапур затоа што одбиваат да носат оружје. Повеќето Јеховини слуги не се во затвор и не се изложени на такво малтретирање. Сепак, многумина се борат со сиромаштија, доживуваат природни катастрофи или се погодени од граѓански војни. Други, пак, исто како Авраам, Исак, Јаков и Мојсеј, се откажале од славата и богатството за да му го посветат својот живот на Јехова. Тие со сите сили се борат да му се спротивстават на притисокот да водат себичен живот кој се врти само околу материјални работи. Што им помага да продолжат радосно да му служат на Јехова? Љубовта кон него и цврстата вера во неговите ветувања. Тие се уверени дека тој ќе ги награди своите верни слуги со вечен живот во новиот свет, каде што ќе нема никаква неправда (Пс. 37:5, 7, 9, 29; w16.10 3:15-16).

Вторник, 18 декември

Јехова е близу до оние што се скршени во срцето и ги спасува оние со скршен дух (Пс. 34:18)

Кога верниот пророк Еремија се исплашил и се обесхрабрил, Јехова му ја зајакнал самодовербата (Ерем. 1:6-10). Во една друга прилика, Јехова го охрабрил остарениот пророк Даниел со тоа што испратил ангел кој го зајакнал и го нарекол Божји љубимец (Дан. 10:8, 11, 18, 19). Дали можеш и ти исто како Јехова да ги охрабруваш пионерите, постарите кои немаат сила како порано и сите други браќа и сестри? Јехова со векови соработувал заедно со својот Син на небото. Сепак, и откако Исус дошол на Земјата, Бог сметал дека има потреба да го храбри и да го зајакнува. Тој ги кажал следниве зборови од небото: „Ова е мојот сакан Син, кој ми е по волја“ (Мат. 3:17; 17:5). Со тоа, всушност, Бог го пофалил Исус и го уверил дека има доверба во него. Освен тоа, кога неговиот Син доживувал тешки душевни маки ноќта пред да умре, Јехова испратил ангел за да го зајакне и да го утеши (Лука 22:43; w16.11 1:7-8).

Среда, 19 декември

Немој брзо да се навредуваш (Проп. 7:9)

Не е секогаш лесно да си ги контролираме чувствата. Ако некој ни каже нешто навредливо или ако постапи неправедно со нас поради нашето потекло, боја на кожата или нашиот изглед, можеби ќе ни биде многу тешко или ќе се налутиме. Сигурно ќе чувствуваме уште поголема болка ако тоа лице е наш соверник. Во такви ситуации, мудро е да го послушаме следниов совет: „Немој брзо да се навредуваш“. Ако вложиме напор да останеме смирени, може да избегнеме многу проблеми (Изр. 16:32). Без сомнение, сите треба да се трудиме да не бидеме пречувствителни и спремно да простуваме. Простувањето е многу сериозна работа. Всушност, Исус рекол дека, ако не им простиме на другите, Јехова нема да ни прости нам (Мат. 6:14, 15). Дали можеби и тебе ти е тешко да си ги контролираш емоциите? Дали треба да вложиш поголем труд за спремно да им простуваш на другите? Луѓето што не ги контролираат своите чувства обично стануваат огорчени. Поради тоа, другите можеби нема да сакаат да бидат во нивно друштво. Оној што е огорчен може лошо да влијае врз собранието (3. Мој. 19:17, 18; w16.11 3:4-6).

Четврток, 20 декември

Што им е заедничко на праведноста и на беззаконието? Какво заедништво има светлината со темнината? (2. Кор. 6:14)

Жедни за библиската вистина, во 1870 год., Чарлс Расел и некои други започнале темелно да ја проучуваат Библијата. Отпрвин, брат Расел сакал да дознае која религија поучува за вистината. Тој внимателно ги испитал учењата на многу таканаречени христијански, па дури и на некои нехристијански религии, и ги споредил со она што е запишано во Библијата. Набрзо сфатил дека ниту една од тие религии не се држи целосно за Божјата Реч. Во една прилика, брат Расел зборувал со водачите на неколку локални цркви со надеж дека ќе ги прифатат вистините што тој и неговите соработници ги пронашле во Библијата, и дека ќе ги поучуваат верниците за нив. Но, тие не биле заинтересирани. Истражувачите на Библијата наскоро сфатиле дека не можат да му служат на Бог заедно со оние што биле дел од лажната религија (w16.11 4:14).

Петок, 21 декември

Деловите на своето тело дајте ѝ ги за робови на праведноста, што води во светост (Рим. 6:19)

Ние не вршиме прељуба, не се опиваме и не правиме други тешки гревови (1. Кор. 6:9-11). Но, бидејќи длабоко ја цениме Божјата незаслужена доброта, се трудиме и да не правиме ништо друго со кое би го повредиле Јехова. На пример, не само што не вршиме никаков неморал туку и не се изложуваме на забава во која се прикажува неморал. Освен тоа, не само што не се опиваме туку внимаваме и да не пиеме неумерено. Иако можеби треба да вложиме голем труд за да се бориме со ваквите искушенија, можеме да победиме во таа битка. Нашата цел е да постапуваме како што нѐ советувал Павле: „Не дозволувајте гревот и понатаму да царува во вашето смртно тело така што ќе им се покорувате на желбите на телото“ (Рим. 6:12; Превод Нов свет, ревидирано издание на англиски од 2013; 7:18-20; w16.12 1:16, 19-21).

Сабота, 22 декември

Плодовите на духот се: љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера, благост, самосовладување (Гал. 5:22, 23)

Исус ветил дека нашиот Татко ќе ни даде свет дух ако го молиме за тоа (Лука 11:10-13). Под влијание на Божјиот свет дух, можеме да ги развиваме убавите особини што ги има нашиот Семоќен Бог (Кол. 3:10). Така ќе имаме подобри односи со другите и нема да се доведуваме во ситуации кои би можеле да ни причинат загриженост. Се разбира, ќе ти биде потребна понизност за да покажеш доверба во „моќната Божја рака“ и да му ги префрлиш „сите свои грижи“ на Јехова (1. Пет. 5:6, 7). Тогаш тој ќе ти помага и ќе се грижи за тебе. Ако си свесен за своите физички, умствени и емоционални граници, нема да се потпираш на себеси, туку на Бог (Мих. 6:8). Така ќе можеш полесно да се носиш со грижите (w16.12 3:7, 12).

Недела, 23 декември

Ное бил проповедник на праведноста (2. Пет. 2:5)

Ное истрајно проповедал дека Јехова ќе му стави крај на тогашниот свет. Тоа сигурно му помогнало да задржи цврста вера. Освен што проповедал, Ное ги користел своите физички и умствени способности за да изврши уште една задача што му ја дал Јехова — да изгради арка (Евр. 11:7). Слично како Ное, и ние сме зафатени „во делото на Господарот“ (1. Кор. 15:58). На пример, можеби помагаме околу изградбата и одржувањето на салите за состаноци или конгресните сали, можеби служиме како доброволци на собирите и конгресите или, пак, служиме во некоја подружница или преведувачка канцеларија. Што е најважно, зафатени сме со проповедничкото дело, а тоа ни ја зајакнува надежта за иднината. Тоа што учествуваме во делото на проповедање ни помага да останеме во трката за живот (1. Кор. 9:24; w17.01 1:8-9).

Понеделник, 24 декември

Секој ќе го носи својот товар (Гал. 6:5)

Една од границите што Јехова ни ги поставил е дека мора да го почитуваме правото на другите да носат свои одлуки. Бидејќи секој човек има слободна волја, не е можно сите христијани да носат потполно исти одлуки. Тука спаѓаат и одлуките поврзани со нашето однесување и службата за Јехова. Ако сфатиме дека секој христијанин носи одговорност за своите одлуки, ќе ја почитуваме слободната волја на другите да донесат лична одлука за работи кои не се толку важни (1. Кор. 10:32, 33). Јехова ни дал слободна волја, а таа ни носи вистинска слобода (2. Кор. 3:17). Ние го цениме тој скапоцен дар затоа што ни овозможува да носиме одлуки кои покажуваат колку многу го сакаме нашиот Бог. Затоа да бидеме решени и понатаму да го славиме Јехова со своите одлуки и да го почитуваме правото на другите да изберат како ќе ја користат слободната волја (w17.01 2:15, 17-18).

Вторник, 25 декември

Ништо не правам сам од себе, туку зборувам така како што ме научи Таткото (Јован 8:28)

Наместо да се фалиме или да се обидуваме да оставиме посебен впечаток кај другите, треба да се трудиме да имаме мирен и благ дух (1. Пет. 3:3, 4; Ерем. 9:23, 24). Она што го мислиме за себе кога-тогаш ќе се види преку она што го зборуваме или правиме. На пример, можеби индиректно им ставаме до знаење на другите дека сме нешто посебно поради тоа што имаме одредени предности, знаеме информации кои другите не ги знаат или сме блиски со некои одговорни браќа. Или можеби ќе се обидеме да ги прикажеме работите така што ќе изгледа дека самите сме направиле нешто значајно иако, всушност, свој удел имале и други. Но, помисли на Исус. Тој лесно можел да ги воодушеви луѓето со своето знаење. Наместо тоа, Исус честопати цитирал од Божјата Реч. Не сакал другите да го возвишуваат. Секогаш сакал славата да му припадне на Јехова (w17.01 4:12).

Среда, 26 декември

Од дрвото на спознанието на доброто и злото не смеете да јадете (1. Мој. 2:17)

На Адам и Ева не им било тешко да ја разберат оваа заповед. Освен тоа, не требало да им биде тешко да ја послушаат затоа што во рајската градина имало изобилство вкусна храна. Сатана Ѓаволот искористил змија за да ја наведе Ева да му биде непослушна на својот Татко, Јехова (1. Мој. 3:1-5; Отк. 12:9). Тој покренал спор околу тоа зошто Бог не им дозволил на луѓето да јадат „од секое дрво во градината“. Тоа било исто како да рекол: „Значи, не можете да правите сѐ што сакате?“ Потоа ѝ кажал на Ева: „Не, вие нема да умрете“. Тоа било чиста лага. Тогаш, се обидел да ја убеди дека нема потреба да му биде послушна на Бог. Сатана ѝ рекол: „Бог знае дека, во оној ден кога ќе јадете [од дрвото на спознанието на доброто и злото], ќе ви се отворат очите“. Всушност, тој сакал да ѝ каже дека Јехова им забранил да јадат од тоа дрво за да ги спречи да стекнат некакво посебно знаење. На крај, тој ѝ го дал следново лажно ветување: „Ќе станете како Бог и ќе знаете што е добро, а што зло“ (w17.02 1:8-9).

Четврток, 27 декември

Јехова, твојот Бог, ќе ти подигне од твојата средина, од твоите браќа, таков пророк каков што сум јас. Него слушајте го! (5. Мој. 18:15)

Во врска со овој пророк, Исаија рекол дека ќе биде поставен „за водач и за заповедник“ (Иса. 55:4). А кога Даниел зборувал за Месијата, го опишал како Водач (Дан. 9:25). Освен тоа, самиот Исус Христос се нарекол себеси Водач на Божјиот народ (Мат. 23:10). Учениците на Исус спремно го следеле и биле уверени дека тој бил избран од Јехова (Јован 6:68, 69). Што ги уверило во тоа? Кога Исус се крстил, Јован видел „како небесата се разделуваат и како духот, во вид на гулаб, слегува на него“ (Мар. 1:10-12). Во текот на Исусовата служба на Земјата, Божјиот свет дух му дал способност да поучува и да прави чуда (Дела 10:38). Освен тоа, светиот дух му помогнал на Исус да покажува убави особини како, на пример, љубов, радост и силна вера (Јован 15:9; Евр. 12:2). Ниту еден друг водач не покажал толку јасно дека го има светиот дух. Било очигледно дека Јехова го избрал Исус за Водач (w17.02 3:15-16).

Петок, 28 декември

Сеќавајте се на оние што ве предводат (Евр. 13:7)

На Педесетница 33 год., апостолите почнале да го предводат христијанското собрание. Библијата вели дека Петар станал со единаесеттемина и почнал да го поучува насобраното мноштво за вистините што можеле да им го спасат животот (Дела 2:14, 15). Мнозина од оние што слушале станале христијани. Потоа, овие нови христијани продолжиле да учат од апостолите (Дела 2:42). Апостолите биле одговорни за распределбата на парите со кои располагало собранието (Дела 4:34, 35). Исто така, тие се грижеле за духовните потреби на Божјиот народ, и рекле: „Ќе се посветиме на молитвата и на поучувањето за речта Божја“ (Дела 6:4). Освен тоа, испратиле искусни христијани да проповедаат на необработени подрачја (Дела 8:14, 15). Подоцна, и други помазани старешини им се придружиле на апостолите и продолжиле заедно да го предводат собранието. Ова водечко тело им давало упатства на сите собранија (Дела 15:2; w17.02 4:4).

Сабота, 29 декември

Давајте му го секому она што му припаѓа: на оној кој бара чест — чест (Рим. 13:7)

Повеќето луѓе се под силно влијание на ставовите на Сатановиот свет. Затоа имаат склоност да им оддаваат претерана почит на одредени личности. Тие ги идолизираат, односно гледаат на нив како на богови. Имитираат спортисти, филмски ѕвезди, политичари, верски водачи и други познати личности така што се облекуваат и се однесуваат исто како нив. Вистинските христијани се свесни дека е погрешно на таков начин и во толкава мера да им се оддава чест на луѓето. Од сите луѓе што некогаш живееле на Земјата, само Исус оставил совршен пример на кој треба да се угледаме (1. Пет. 2:21). Не смееме да заборавиме една основна вистина која е запишана во Библијата: „Сите згрешија и не ја одразуваат Божјата слава“ (Рим. 3:23). Затоа, ниеден човек не заслужува да му оддаваме чест до таа мера што тоа ќе биде рамно на идолопоклонство. Ако на луѓето им покажуваме претерана почит, ќе го повредиме Јехова (w17.03 1:6-8).

Недела, 30 декември

Срцето на Аса му беше потполно оддадено на Јехова сѐ додека беше жив (1. Цар. 15:14)

Како можеме да дознаеме дали нашето срце му е потполно оддадено на Јехова? Би можеле да се прашаме: „Дали сум му послушен на Јехова дури и во тешки ситуации? Дали сум цврсто решен да го штитам собранието од лоши влијанија?“ На пример, што ако некој твој близок мора да биде исклучен од собранието? Дали ќе бидеш решен да не контактираш со него? На што ќе те поттикне твоето срце? Исто како Аса, и ти можеш да покажеш дека имаш потполно оддадено срце така што ќе се потпираш на Бог кога ќе се соочиш со противење, дури и ако ти се чини дека тоа е неподносливо. Можеби твоите соученици или наставници те исмеваат бидејќи си Јеховин сведок. Можеби колегите на работа ти се потсмеваат бидејќи користиш слободни денови за да одиш на конгрес или затоа што често не остануваш прекувремено на работа за да заработиш повеќе пари. Во такви ситуации потпирај се на Бог, исто како Аса (2. Лет. 14:11). Моли му се на Јехова, биди храбар и продолжи да го правиш она што е исправно. Биди уверен дека тој ќе те зајакне и ќе ти помогне исто како што му помогнал на Аса (w17.03 3:6-8).

Понеделник, 31 декември

Секој што избрзува, сигурно оди кон немаштија (Изр. 21:5)

Божјата Реч нѐ советува да нѐ избрзуваме кога носиме важни одлуки. Ако сакаме да донесеме мудра одлука, мора да си одвоиме доволно време и внимателно да размислиме за сите факти кои се поврзани со неа (1. Сол. 5:21). Пред да донесе некоја одлука, еден семеен поглавар треба да одвои време за да истражува во Библијата и во библиските публикации. Исто така, добро е да го земе предвид мислењето на другите членови на семејството. Во една прилика, Бог го поттикнал Авраам да ја послуша својата жена (1. Мој. 21:9-12). И старешините треба да одвојат време за да истражуваат. Кога треба да сменат некоја одлука поради тоа што нашле повеќе информации во публикациите, не се плашат дека ќе ја изгубат почитта од другите. Разумните и скромни старешини се спремни да ги сменат своето мислење и своите одлуки кога тоа е потребно. Добро е сите ние да го следиме нивниот пример. Така ќе придонесеме во собранието да има мир и единство (Дела 6:1-4; w17.03 2:16).

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели