ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • es18 стр. 108-118
  • Ноември

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Ноември
  • Секојдневно истражување на Писмото — 2018
  • Поднаслови
  • Четврток, 1 ноември
  • Петок, 2 ноември
  • Сабота, 3 ноември
  • Недела, 4 ноември
  • Понеделник, 5 ноември
  • Вторник, 6 ноември
  • Среда, 7 ноември
  • Четврток, 8 ноември
  • Петок, 9 ноември
  • Сабота, 10 ноември
  • Недела, 11 ноември
  • Понеделник, 12 ноември
  • Вторник, 13 ноември
  • Среда, 14 ноември
  • Четврток, 15 ноември
  • Петок, 16 ноември
  • Сабота, 17 ноември
  • Недела, 18 ноември
  • Понеделник, 19 ноември
  • Вторник, 20 ноември
  • Среда, 21 ноември
  • Четврток, 22 ноември
  • Петок, 23 ноември
  • Сабота, 24 ноември
  • Недела, 25 ноември
  • Понеделник, 26 ноември
  • Вторник, 27 ноември
  • Среда, 28 ноември
  • Четврток, 29 ноември
  • Петок, 30 ноември
Секојдневно истражување на Писмото — 2018
es18 стр. 108-118

Ноември

Четврток, 1 ноември

Биди мудар, сине мој, и израдувај ми го срцето, за да можам да му одговорам на оној што ми се подбива (Изр. 27:11)

Сатана тврдел дека луѓето му служат на Јехова од себични причини, а не од љубов (Јов 2:4, 5). Дали Ѓаволот се сменил откако ги кажал тие зборови? Воопшто не! Кога бил исфрлен од небото, тој сѐ уште деноноќно ги обвинувал верните Божји слуги (Отк. 12:10). И денес Сатана тврди дека луѓето му служат на Јехова само од корист. Тој едвај чека да попуштиме кога ќе се најдеме во неволја и да престанеме да му служиме на Јехова како на Севишен Владетел. Затоа, кога страдаш поради некој тежок испит на верата, обиди се да си го замислиш следново: Сатана и демоните се на едната страна. Тие гледаат што ќе направиш и тврдат дека ќе се откажеш од Бог. Но, од другата страна се Јехова, нашиот Цар Исус Христос, воскреснатите помазаници и илјадници ангели. И тие го гледаат твоето страдање, но те храбрат и се радуваат што истрајуваш и остануваш на Јеховината страна. Немој ни за миг да ги заборавиш Божјите зборови од денешниот стих (w16.04 2:8-9).

Петок, 2 ноември

Земи со себе уште еден или двајца (Мат. 18:16)

Ако сте успеале да го решите проблемот применувајќи го овој совет, тогаш „си го придобил својот брат“. Но, ако сте зборувале повеќе пати и сепак не сте успеале да го решите несогласувањето, тогаш можеш да ги известиш старешините за проблемот. Во повеќето случаи, не мора да се преземат сите три чекори од Матеј 18:15-17. Тоа е охрабрувачко. Зошто го велиме ова? Затоа што оној кој згрешил најчесто си ја признава грешката и ги исправа работите, и нема потреба да биде исклучен. Потоа оној кој бил оштетен или навреден треба да му прости за да се зачува мирот. Од советот на Исус јасно се гледа дека не треба веднаш да одиме кај старешините. Треба да ги известиме за проблемот дури откако сме ги проследиле првите два чекора и навистина имаме цврсти докази дека некој направил грев против нас (w16.05 1:15-16).

Сабота, 3 ноември

Тие не се дел од светот (Јован 17:16)

Ние мора да останеме неутрални бидејќи ја даваме својата поддршка на Божјето Царство. Затоа што не ги поддржуваме човечките влади, имаме чиста совест кога проповедаме дека само тоа Царство ќе ги реши сите проблеми на човештвото. Бидејќи лажните религии заземаат страна во политиката, нивните верници се поделени. Но, ние сме неутрални, и затоа сме обединети со нашите браќа и сестри низ целиот свет (1. Пет. 2:17). Како што наближува крајот на Сатановиот свет, ќе биде сѐ потешко да останеме неутрални. Уште денес луѓето се „своеглави“ и „неспремни за каков и да било договор“, а со текот на времето светот ќе станува уште поразединет (2. Тим. 3:3, 4). Некои браќа веќе биле погодени од ненадејните политички промени во нивната земја. Затоа, треба уште сега да се подготвиме да останеме неутрални и во многу тешки ситуации. Во спротивно, би можеле да направиме компромис и да ја прекршиме нашата неутралност (w16.04 4:3-4).

Недела, 4 ноември

Човек што ќе си посее, тоа и ќе си пожнее (Гал. 6:7)

Некои мислат дека можат да прават што сакаат. Но, нам ни е важно да му угодиме на Бог. Затоа, пред да донесеме одлука, треба да размислиме што вели Библијата и да ги послушаме советите кои се дадени во неа. На пример, за да го радуваме Јехова, мора да бидеме послушни на неговиот закон за крвта (1. Мој. 9:4; Дела 15:28, 29). И молитвата ќе ни помогне да донесуваме одлуки во склад со библиските начела и закони. Важните одлуки што ги донесуваме можат да имаат силно влијание врз нашиот однос со Бог. Добрите одлуки ќе ни помогнат да станеме уште поблиски со Јехова, а лошите одлуки можат да ни го нарушат пријателството со него. Нашите одлуки можат да влијаат и врз другите луѓе. Ние не би сакале со ништо да ги вознемириме соверниците или да ја ослабнеме нивната вера. Освен тоа, во никој случај не сакаме да го доведеме во опасност мирот и единството во собранието. Затоа е многу важно да донесуваме мудри одлуки (Рим. 14:19; w16.05 3:4-5).

Понеделник, 5 ноември

Јас, Јехова, сум твој Бог, кој те учи да го правиш она што е за твое добро (Иса. 48:17)

Јехова се радува кога мудро го користиме времето за редовно да ја читаме и проучуваме Библијата (Еф. 5:15, 16). Сепак, бидејќи не можеме секогаш да посветиме исто време и внимание на сета духовна храна што ја добиваме, би можеле да паднеме во една скриена замка. Која е таа? Ако не внимаваме, би можеле лесно да си помислиме дека некои делови од Библијата или некои публикации немаат практична вредност за нас. Можеби ни се чини дека тие не одговараат на нашите околности. Или можеби не спаѓаме во групата за која првенствено е наменета одредена публикација. Дали само површно ќе го поминеме таквиот материјал или, пак, воопшто нема ни да го прочитаме? Ако постапиме така, би можеле да пропуштиме некои скапоцени информации. Треба секогаш да имаме на ум дека сета духовна храна што ја добиваме доаѓа од Јехова (w16.05 5:5-6).

Вторник, 6 ноември

Ако некој ненамерно згреши, вие кои сте духовни исправајте го таквиот во дух на благост (Гал. 6:1)

Јехова ги користи собранието и старешините за да го обликува секого од нас. На пример, ако забележат дека имаме некоја слабост, старешините ќе се обидат да ни помогнат. Сепак, нема да ни дадат совети кои се темелат на човечко размислување. Наместо тоа, тие понизно го молат Јехова за разбирање и мудрост. Потоа истражуваат во Библијата и во нашите публикации за да најдат мисли кои можат да ни помогнат. Ако сфатиме како Бог нѐ обликува, ќе може да си ги подобриме односите со соверниците. Исто така, тоа ќе ни помогне да имаме позитивен став кон луѓето на кои им проповедаме и со кои ја проучуваме Божјата Реч. Бидејќи Јехова ја почитува слободната волја на луѓето, тој не ги присилува да се менуваат, туку ги поучува за своите праведни мерила. На тој начин, тие можат сами да одлучат дали ќе го исчистат својот живот и дали ќе ги направат потребните промени (w16.06 1:13-14).

Среда, 7 ноември

Ти бараш големи работи за себе. Не барај го тоа! (Ерем. 45:5)

Апостол Јован рекол дека, ако некој го сака она што е во светот — „желбата на телото и желбата на очите и истакнувањето на својот имот“ — тогаш „љубовта кон Таткото не е во него“ (1. Јов. 2:15, 16). Затоа мора постојано да си го преиспитуваме срцето. Таквото преиспитување ќе ни помогне да видиме дали можеби нѐ привлекува световната забава, световното друштво или начинот на кој се облекуваат луѓето во овој свет. Или, пак, можеби ќе откриеме дека посакуваме „големи работи“ за себе кои би можеле да ги стекнеме со високо образование. Ние сме на прагот на ветениот нов свет. Затоа, не смееме да ја заборавиме силната изјава на Мојсеј, запишана во 5. Мојсеева 6:4: „Јехова, нашиот Бог, е еден Јехова“! Ако разбереме што значат овие зборови и ако навистина веруваме во нив, ќе му бидеме оддадени само на Бог и ќе му служиме на начин што тој го одобрува (Евр. 12:28, 29; w16.06 3:14).

Четврток, 8 ноември

Барајте го Божјето царство, а ова ќе ви се додаде! (Лука 12:31)

Се вели дека човекот има малку потреби, но безброј желби. За жал, изгледа дека многумина не прават разлика меѓу потребите и желбите. По што се разликуваат овие две работи? Потребите се нешто што мора да го задоволиме бидејќи од тоа ни зависи животот. На пример, неопходно е да имаме храна, облека и покрив над главата. Но, желбите се однесуваат на нешто што би сакале да го имаме, но можеме да живееме и без него. Оние што живеат во сиромашни земји може да имаат сосема поинакви желби од оние што живеат во богати земји. Во некои делови од светот, луѓето би сакале да си купат мобилен телефон, мотор или нива. Но, на други места, сакаат да купуваат скапа облека, да имаат поголема куќа или полуксузен автомобил. Сеедно каде живееме и колку пари имаме, би можеле да паднеме во замката на материјализмот. Како? Така што ќе посакуваме сѐ повеќе материјални работи без разлика дали ни се потребни и дали можеме да си ги дозволиме (Евр. 13:5; w16.07 1:1-3).

Петок, 9 ноември

Не размислувајте за тоа како да ги задоволите желбите на телото (Рим. 13:14)

Многумина денес сметаат дека не им е потребен Бог (Мат. 5:3, фус.). Тие трошат најголем дел од времето и силата трчајќи по материјални работи кои ја разгоруваат „желбата на телото и желбата на очите“ (1. Јов. 2:16). Ние сакаме врз нашето размислување да влијае Божјиот дух, а не духот на светот. Преку својот дух, Јехова ни помага јасно да разбереме кои настани ни претстојат во блиска иднина (1. Кор. 2:12). Сепак, мора да бидеме внимателни. Не е потребно многу за духовно да задремеме. Дури и секојдневните работи би можеле да ни го одвлечат вниманието од духовните активности (Лука 21:34, 35). Некои луѓе би можеле да ни се потсмеваат затоа што веруваме дека живееме во последните денови на овој свет (2. Пет. 3:3-7). Не смееме да им дозволиме да нѐ обесхрабрат. Ние имаме јасни докази дека крајот е на прагот. Ако сакаме Божјиот дух да влијае врз нас, мора редовно да се дружиме со нашите браќа на состаноците (w16.07 2:13-14).

Сабота, 10 ноември

Ти си тој што ги слуша молитвите, кај тебе доаѓа секој човек. Ти ќе ги покриеш нашите престапи (Пс. 65:2, 3)

Многу луѓе се молат бидејќи така се чувствуваат подобро иако, всушност, не веруваат дека Бог ги слуша нивните молитви. Тие треба да сфатат дека Јехова навистина ги слуша кога му се молат. Исус им рекол на своите ученици: „Ако замолите за нешто во мое име, тоа ќе го направам“ (Јован 14:14). Ова значи дека може да се молиме за сѐ што е во склад со Јеховината волја. Јован напишал: „Во ова се надеваме на Бог: што и да бараме во склад со неговата волја, тој нѐ слуша“ (1. Јов. 5:14). Колку е убаво што можеме да им помогнеме на луѓето да разберат дека молитвата не е само емоционален вентил туку начин на кој можат да пристапат кон Јеховиниот престол на незаслужената доброта (Евр. 4:16). Кога ги поучуваме да се молат на вистинската Личност, на исправен начин и за исправните работи, ние им помагаме да станат Јеховини пријатели и да најдат утеха кога доживуваат страдања (Пс. 4:1; 145:18; w16.07 4:11-12).

Недела, 11 ноември

Твоите лојални слуги ќе те благословуваат. За славата на твоето царство ќе зборуваат и за твојата моќ ќе кажуваат, за да им ја објават на синовите човечки славата на твоето величествено царување (Пс. 145:10-12)

Сите што го сакаат Јехова и му се верни имаат силна желба да им кажуваат на другите за него. Но, што ако поради болест или старост не можеш да учествуваш во службата од куќа до куќа толку колку што би сакал? Никогаш не заборавај дека го славиш Јехова секогаш кога им зборуваш за него на тие околу тебе, на пример, на медицинските сестри или лекарите. Ако си во затвор поради својата вера, можеби сѐ уште можеш да им сведочиш на другите, а тоа го радува Јеховиното срце (Изр. 27:11). Исто така, тој е многу среќен ако му служиш иако другите членови на твоето семејство не го прават тоа (1. Пет. 3:1-4). Дури и во многу тешки ситуации, можеш да го фалиш Јехова, да се зближуваш со него и духовно да напредуваш. Јехова сигурно ќе те благослови ако продолжиш да им помагаш на луѓето да ги дознаат Божјите прекрасни ветувања (w16.08 3:19-20).

Понеделник, 12 ноември

Жените нека им бидат подложни на своите мажи како на Господарот, зашто мажот е глава на жената како што е и Христос глава на собранието (Еф. 5:22, 23)

Ова не значи дека мажот е подобар од својата жена. Јехова кажал дека жената ќе има скапоцена улога во бракот, кога рекол: „Не е добро човекот да биде сам. Ќе му направам помошничка, како негово дополнение“ (1. Мој. 2:18). Жената треба да му помага на мажот добро да ја извршува својата улога како семеен поглавар. Мажот, пак, треба да го следи убавиот пример на Исус, кој е „глава на собранието“, и со љубов да го спроведува своето поглаварство. Кога го прави тоа, жената се чувствува сигурно и многу ѝ е полесно да го почитува, да го поддржува и да му биде подложна. Христијаните го следат примерот на Исус и се сакаат еден со друг исто како што тој ги сакал своите ученици (Јован 13:34, 35; 15:12, 13; Еф. 5:25). Божјите слуги кои се во брак треба толку многу да се сакаат што ќе бидат спремни да умрат еден за друг (w16.08 2:3-4).

Вторник, 13 ноември

Збор кажан во право време — колку е добар! (Изр. 15:23)

Твоите охрабрувачки зборови може да имаат слично влијание врз другите и да ги поттикнат да продолжат со цело срце да му служат на Јехова. Освен тоа, не заборавај дека и со своите охрабрувачки коментари на состаноците можеш многу да ги зајакнеш браќата и сестрите. Со Јеховина помош, Неемија и Евреите си ги зајакнале рацете. Тие успеале да ги изградат ѕидовите на Ерусалим за само 52 дена! (Неем. 2:18; 6:15, 16). Неемија не седел со скрстени раце, туку и самиот учествувал во обновата на ѕидот (Неем. 5:16). Многу старешини денес го следат неговиот пример кога помагаат во изградбата, чистењето или одржувањето на теократските објекти. Исто така, овие мажи со љубов ги зајакнуваат браќата и сестрите кои се притиснати од „грижи во срцето“. Тоа го прават така што ги посетуваат и соработуваат со нив во службата (Иса. 35:3, 4; w16.09 1:15-16).

Среда, 14 ноември

Љубовта не се однесува непристојно, не ја бара својата корист (1. Кор. 13:4, 5)

Како Божји народ, се трудиме да бидеме послушни на следниов совет: „Усмртете го она што е земно во вашите делови на телото: блудот, нечистотијата, сексуалната страст“ (Кол. 3:2, 5). Некои браќа и сестри воделе неморален живот во минатото, и можеби сѐ уште се измачуваат со нечисти желби. Ако не внимаваме како се облекуваме, може да им биде уште потешко да ги следат библиските совети и да се борат со таквите неисправни желби (1. Кор. 6:9, 10). Сигурно не би сакале да им ја отежнеме таа борба, зарем не? Кога сме заедно со нашите браќа и сестри, ние сме во една морално чиста средина. Со начинот на кој се облекуваме придонесуваме таа да остане чиста. Иако имаме слобода да се облекуваме по свој избор, имаме и одговорност да носиме облека со која ќе им помогнеме на другите да ги почитуваат Божјите свети мерила и да останат чисти во своите мисли, зборови и постапки (1. Пет. 1:15, 16; w16.09 3:9-10).

Четврток, 15 ноември

Младичи и девици нека го фалат Јеховиното име (Пс. 148:12, 13)

„Тоа што ние веруваме во Јехова не мора да значи дека и нашите деца ќе веруваат во него“, рекол еден брачен пар од Франција. „Никој од нас не се родил со вера. Децата треба да ја стекнуваат постепено.“ Еден брат од Австралија напишал: „Најголемиот предизвик со кој се соочуваат родителите е да му помогнат на детето да развие вера во своето срце“. Тој додал: „Таман кога ќе си помислиш дека си му дал добар одговор на одредено прашање, по некое време тоа пак те прашува за истата работа!“ Додека децата растат, родителите сфаќаат дека мора повторно да ги објаснуваат истите работи, но со повеќе детали. Освен тоа, мора да користат и различни методи на поучување за да им всадат љубов кон Јехова. Ако си родител, се прашуваш ли понекогаш дали ќе можеш да му помогнеш на детето да го засака Јехова за да му служи и кога ќе порасне? Всушност, никој од нас не може да успее во тоа ако се потпира само на својата мудрост (Ерем. 10:23). Мора да бараме водство од Бог (w16.09 5:1-2).

Петок, 16 ноември

Немој да им скратуваш некакво добро на оние на кои им е потребно (Изр. 3:27)

Оние што се доселиле во друга земја треба да дадат сѐ од себе за да се приспособат на новата култура. Рут оставила добар пример во овој поглед. Прво, таа побарала дозвола да доприбира, и така покажала почит кон обичаите на земјата во која дошла (Рут 2:7). Не сметала дека едноставно има право на тоа или дека другите се должни да се грижат за неа. Второ, таа спремно изразила благодарност за добротата што ѝ била покажана (Рут 2:13). Ако доселениците имаат таков убав став, полесно ќе ја стекнат почитта на своите соверници и на другите луѓе. Многу сме радосни што Јехова покажува незаслужена доброта и дозволува сите луѓе да ја чујат добрата вест. Некои доселеници можеби немале прилика да ја проучуваат Библијата во својата земја или слободно да одат на нашите состаноци. Сега се во можност да бидат заедно со нас, и затоа треба да им помогнеме да се чувствуваат како дома (w16.10 1:17-19).

Сабота, 17 ноември

Поради радоста што стоеше пред него, претрпе маченички столб (Евр. 12:2)

Денес, милиони Божји слуги го следат примерот на Исус. Тие размислуваат за Јеховините ветувања и не дозволуваат испитите да ги поколебаат во верата. Да го разгледаме примерот на Рудолф Грајхен, кој се родил во Германија во 1925 год. Кога бил мал, неговите родители закачувале цртежи на библиски теми во својот дом. Тој рекол: „На една слика беа прикажани волк и јагне, јаре и леопард, теле и лав. Сите беа во мир, а ги водеше едно мало дете“ (Иса. 11:6-9). Овие цртежи му помогнале на Рудолф да размислува за рајот на Земјата и да си ја зајакне верата во Божјето ветување за новиот свет. Како резултат на тоа, тој му останал верен на Јехова иако со години трпел сурово прогонство од Гестапо за време на нацистите, а потоа и од тајната служба Штази за време на комунистите во Источна Германија. Рудолф претрпел и многу други неволји. Мајка му умрела од тифус во концлогорот Равенсбрик. Татко му, пак, потпишал документ со кој се одрекол од својата вера како Јеховин сведок (w16.10 3:12-14).

Недела, 18 ноември

Божјата реч, која ја примивте, ја прифативте како реч Божја, каква што таа навистина е (1. Сол. 2:13)

Како слуги на Јехова, ние многу ја цениме неговата Реч, Библијата. Таа може да нѐ исправи кога грешиме, но содржи и совети кои можат да ни помогнат да избегнеме проблеми. Како реагираме на таквите совети? Да го разгледаме примерот на две жени од првиот век, Еводија и Синтихија. Овие две помазани христијанки имале сериозно несогласување. Проблемите меѓу нив можеби ги вознемириле и другите во собранието. Апостол Павле им дал совет на овие две сестри и ги поттикнал да се смират. Иако во Библијата не пишува како реагирале на советот, тие веројатно го послушале и продолжиле со радост да му служат на Јехова (Фил. 4:2, 3). И денес можат да се појават слични проблеми во нашите собранија. Сепак, тие можат да се решат, па дури и да се избегнат, доколку ги применуваме советите од Библијата. Ако навистина ја цениме Божјата Реч, ќе живееме во склад со тоа што го пишува во неа (Пс. 27:11; w16.11 3:1-3).

Понеделник, 19 ноември

Ако се обесхрабриш во денот на неволја, ќе ослаби твојата сила (Изр. 24:10)

Секој од нас има потреба од охрабрување. Особено родителите треба да ги охрабруваат своите деца. Тимоти Еванс, кој е просветен работник, вели дека на децата „им треба охрабрување исто како што на растенијата им треба вода“. Тој додава: „Кога добиваат охрабрување, децата се чувствуваат вредни и ценети“. Но, бидејќи живееме во „последните денови“, многу луѓе се себични и „бесчувствителни кон другите“ (2. Тим. 3:1-5). Сатана знае дека, ако успее да нѐ обесхрабри, може да ни го наруши пријателството со Јехова. Тој се обидел да го обесхрабри Јов така што му нанел неописливо страдање. Сепак, неговите намери не успеале. Јов му останал верен на Јехова (Јов 2:3; 22:3; 27:5). И ние можеме да му се спротивставиме на Ѓаволот со тоа што ќе ги охрабруваме членовите на семејството и соверниците во собранието. На тој начин, сите ќе ја зачуваме радоста и ќе останеме блиски со Јехова (w16.11 1:4, 6).

Вторник, 20 ноември

Бог ве повикал од темнината во својата прекрасна светлина (1. Пет. 2:9)

Во почетокот на 16 век, неколку храбри мажи ја превеле Божјата Реч на јазици што ги зборувале обичните луѓе. Бидејќи Библијата станала достапна, луѓето почнале да ја читаат и да прашуваат: „Каде во Божјата Реч се зборува за чистилиште? Каде пишува дека треба да му се плаќа на свештеникот за да одржи миса за мртвиот? Каде во Библијата се спомнуваат папи и кардинали?“ Свештениците биле многу лути кога луѓето ги оспорувале таквите учења. Оние што ги отфрлале црковните догми биле прогласувани за еретици и осудувани на смрт. Црковните водачи сакале да ги спречат луѓето да ја читаат Библијата и да поставуваат прашања, и во голема мера успеале во тоа. Сепак, неколку храбри поединци не се исплашиле од заканите на Големиот Вавилон. Тие ја пронашле вистината од Божјата Реч и сакале да дознаат уште повеќе (w16.11 4:13).

Среда, 21 ноември

Веродостојниот сведок не лаже (Изр. 14:5)

Ние знаеме дека секој слуга на Јехова мора да биде чесен (Еф. 4:25). Не сакаме да бидеме како Сатана, кој е „татко на лагата“. Освен тоа, знаеме дека Ананија и неговата жена умреле затоа што излажале. Бидејќи не сакаме да бидеме како нив, не лажеме (Јован 8:44; Дела 5:1-11). Но, да се биде чесен не значи само да не се кажуваат лаги. Ако вистински ја цениме Божјата незаслужена доброта, ќе бидеме чесни во секој поглед. Некој може да биде нечесен и без да каже лага. На пример, Јехова им заповедал на Израелците: „Не крадете, не лажете и не мамете го својот ближен“. Зошто не требало да постапуваат така? Јехова им рекол: „Бидете свети, зашто сум свет јас, Јехова, вашиот Бог!“ (3. Мој. 19:2, 11). Иако можеби нема да кажеме лага, би било нечесно и да ги наведуваме другите на погрешен заклучок (w16.12 1:17-18).

Четврток, 22 ноември

Мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашиот ум преку Христос Исус (Фил. 4:7)

Луѓето со задоволство го слушале Исус затоа што неговите зборови им влевале утеха и сила. Тој ги тешел измачените души, ги зајакнувал слабите и ги храбрел потиштените (Мат. 11:28-30). На Исус му биле многу важни духовните, емоционалните и физичките потреби на другите (Мар. 6:30-32). Тој ветил дека ќе им помага на своите ученици. Ова ветување важело за апостолите кои оделе со него, а важи и за неговите следбеници денес. Се разбира, не мора да биде лично до нас за да ни ја даде потребната поддршка. Како наш небесен Цар, Исус и понатаму ни покажува љубов и сочувство. Затоа, ако си притиснат од грижи, биди уверен дека тој спремно ќе ти помогне во вистинско време. Исус навистина може да го исполни твоето срце со надеж и храброст за да имаш сили да се справиш со грижите (Евр. 2:17, 18; 4:16; w16.12 3:4, 6).

Петок, 23 ноември

Дојде време да им ставам крај на сите суштества (1. Мој. 6:13)

Во времето на Ное, светот бил полн со насилство и неморал (1. Мој. 6:4, 9-12). Тој верно проповедал, односно ги предупредувал луѓето за она што Јехова имал намера да го стори. Но, не можел да ги натера да ја прифатат пораката што ја проповедал, а не можел ни да предизвика Потопот да дојде порано. Ное морал да има доверба дека Јехова ќе го исполни своето ветување и дека ќе ѝ стави крај на злобата токму во вистинското време (1. Мој. 6:17). И ние живееме во злобен свет кој Јехова има намера да го уништи (1. Јов. 2:17). Исто така, не можеме да ги натераме луѓето да ја прифатат добрата вест за Царството. А не можеме ни да предизвикаме големата неволја да започне порано (Мат. 24:14, 21). Слично на Ное, и ние мора да имаме цврста вера дека Бог наскоро ќе му стави крај на сето зло (Пс. 37:10, 11). Уверени сме дека Јехова нема да дозволи овој расипан свет да трае ниту еден ден подолго од времето што го одредил (Авак. 2:3; w17.01 1:5-7).

Сабота, 24 ноември

Јас, Јехова, те учам да го правиш она што е за твое добро, те водам по патот по кој треба да одиш (Иса. 48:17)

Слободната волја ни е дар од Јехова. Замисли како се чувствува тој кога гледа како луѓето ја злоупотребуваат својата слобода и носат погрешни одлуки или им наштетуваат на другите. Библијата вели дека во „последните денови“ луѓето ќе бидат неблагодарни (2. Тим. 3:1, 2). Тогаш, како можеме да покажеме благодарност за скапоцениот дар што сме го добиле од Јехова? Што ќе ни помогне да не го злоупотребиме? Секој од нас има право да избере со кого ќе се дружи, каква облека ќе носи и како ќе се забавува. Сепак, некој би можел да ја користи својата слобода како изговор кога носи одлуки што не му се допаѓаат на Бог или кога постапува како луѓето во светот (1. Пет. 2:16). Наместо да ја користиме нашата слобода за погрешни работи, треба да ја користиме за да правиме „сѐ за Божја слава“ (1. Кор. 10:31; Гал. 5:13; w17.01 2:12-14).

Недела, 25 ноември

Штом ги слушнав тие зборови со денови постев и му се молев на небесниот Бог (Неем. 1:4)

Ако добиеме поголеми одговорности или нова задача, и ние сакаме да останеме скромни како Неемија. Не би сакале да се потпираме на своите способности или искуство. Како би можел некој да почне да се потпира на себеси? На пример, еден старешина може да почне да ги извршува собраниските должности без најпрво да се помоли. Или, пак, некој брат или сестра може најпрво да донесе одлука, а потоа да го моли Јехова да ја благослови неговата одлука. Од друга страна, оној што е скромен не се потпира на себеси дури и кога прави нешто што го правел многупати пред тоа. Тој не заборава дека неговите способности не можат да се споредат со способностите на Јехова (Изр. 3:5, 6). Во денешно време, многу луѓе се себични и прават сѐ за да се издигнат над другите. Но, оние што му служат на Јехова не се такви. Ние не сметаме дека тоа што имаме некои одговорности значи дека сме подобри од другите во семејството или во собранието. Наместо тоа, соработуваме како тим со нашите браќа и сестри (1. Тим. 3:15; w17.01 4:7-8).

Понеделник, 26 ноември

Земјата им ја дал на синовите човечки (Пс. 115:16)

На почетокот, Јехова имал намера луѓето да живеат засекогаш на Земјата (1. Мој. 1:28; Пс. 37:29). Тој великодушно им дал на Адам и Ева најразлични скапоцени дарови (Јак. 1:17). Ги обдарил со слободна волја, способност да размислуваат, да покажуваат љубов и да склопуваат пријателства. Творецот го поучил Адам за тоа како да му биде послушен. Исто така, Адам научил како да се грижи за себе, за животните и за земјата (1. Мој. 2:15-17, 19, 20). Јехова ги создал Адам и Ева со сетило за вид, слух, допир, мирис и вкус. Така тие можеле да му се радуваат на животот во својот прекрасен рајски дом и во сета вечност да учат и да откриваат нови работи. Јехова им дал на Адам и Ева способност да имаат совршени деца. Земјата, заедно со сите прекрасни работи што ги создал на неа, требало засекогаш да биде нивни дом (w17.02 1:6-7).

Вторник, 27 ноември

Нека си го препише во една книга овој закон. И нека ги држи сите зборови на овој закон (5. Мој. 17:18, 19)

Како Божјата Реч ги водела оние што го воделе народот? Да го земеме за пример цар Јосија. За време на неговото владеење бил пронајден Мојсеевиот закон, и царскиот писар почнал да му го чита на глас. Поттикнат од Божјата Реч, Јосија ги уништил сите идоли во земјата и ја организирал најголемата прослава на Пасхата што некогаш била одржана (2. Цар. 22:11; 23:1-23). Бидејќи Јосија и другите верни водачи ѝ биле послушни на Божјата Реч, биле спремни да направат промени во водството што му го давале на Божјиот народ. Тие промени му помогнале на народот да постапува во склад со Божјата волја. Сепак, Божјите упатства не ги следеле сите цареви што го воделе Јеховиниот народ. Во некои случаи, Јехова ги укорил овие водачи или на нивно место поставил некој друг (1. Сам. 13:13, 14). А кога дошло време за тоа, тој поставил совршен водач (w17.02 3:11-12, 14).

Среда, 28 ноември

Си го направил човекот малку помал од оние што му се слични на Бог, со слава и со сјај си го овенчал (Пс. 8:5)

Луѓето се создадени „според Божјиот лик“ (1. Мој. 1:27). Тоа значи дека тие имаат способност да покажуваат особини слични на Божјите, како што се љубовта, добротата и сочувството. Луѓето се создадени и со совест — чувство за тоа што е добро или лошо, исправно или погрешно, чесно или нечесно (Рим. 2:14, 15). Повеќето луѓе го сакаат она што е чисто и убаво, и сакаат да живеат во мир со другите. Ова не треба да нѐ изненади бидејќи Јехова е Бог на редот и мирот. Без разлика дали се свесни или не, сите луѓе до одредена мера ги покажуваат особините на Јехова. Затоа, заслужуваат да им оддаваме чест, односно да ги почитуваме. Сепак, понекогаш не ни е лесно да одредиме кој е исправниот начин и во која мера треба да им оддаваме чест на другите луѓе (w17.03 1:5-6).

Четврток, 29 ноември

На Бог му падна жал што им се закани со неволја, и не им ја нанесе (Јона 3:10)

За разлика од голем број луѓе, Јехова не донесува непромислени одлуки дури и кога е гневен. Кога видел дека Ниневијците се промениле и престанале да прават лоши работи, Јехова ја сменил својата одлука. Од ова се гледа дека тој е разумен, понизен и сочувствителен. Можеби понекогаш е добро и ние да размислиме за некоја одлука што веќе сме ја донеле, на пример, кога ќе ни се сменат околностите. Јехова во некои ситуации ја сменил својата одлука поради тоа што се промениле околностите (1. Цар. 21:20, 21, 27-29; 2. Цар. 20:1-5). Освен тоа, можеби ќе треба да смениме некоја одлука кога ќе дознаеме некоја нова информација. Тоа било случај и со цар Давид. Тој донел една одлука во врска со Мефивостеј, внукот на Саул, на темел на погрешна информација. Подоцна, кога добил точни информации, ја сменил својата одлука (2. Сам. 16:3, 4; 19:24-29; w17.03 2:14, 15).

Петок, 30 ноември

Вашата разумност нека им биде позната на сите луѓе (Фил. 4:5)

Кога имаме некаков проблем, најпрво треба да размислиме кои библиски начела можат да ни помогнат и како можеме да ги примениме. Да наведеме еден пример. Една сестра, чиј маж не е Сведок, знае дека има одговорност да ја проповеда добрата вест (Дела 4:20). Еден ден планира да оди во служба, но нејзиниот сопруг сака таа да остане дома. Тој ѝ кажува дека во последно време не се гледаат многу и дека би сакал да излезат некаде заедно. Затоа сестрата размислува за некои библиски стихови кои можат да ѝ помогнат да донесе мудра одлука. Таа знае дека мора да му биде послушна на Бог и дека Исус ни заповедал да правиме ученици (Мат. 28:19, 20; Дела 5:29). Но, од друга страна, свесна е дека жената треба да му биде подложна на својот маж и дека Божјите слуги треба да бидат разумни (Еф. 5:22-24). Затоа треба да процени дали нејзиниот сопруг сака да ја спречи да проповеда или едноставно сака да го помине тој ден со неа. Како слуги на Јехова ние сакаме да донесуваме одлуки кои ќе покажат дека сме разумни, но и со кои ќе го радуваме него (w17.03 4:17).

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели