Октомври
Понеделник, 1 октомври
Ќе им ја исполни желбата на оние што се бојат од него, ќе го чуе нивниот повик и ќе ги спаси (Пс. 145:19)
Јехова „дава истрајност и утеха“ (Рим. 15:5). Само тој во потполност ги разбира нашите чувства и околности, па дури и нашата генетика. Јехова најдобро знае што ни е потребно за да истраеме. Но, како ни одговара кога го молиме да ни даде сила да истраеме? Ако го молиме за тоа, тој „ќе направи излез“ (1. Кор. 10:13). Како? Понекогаш Бог може да ја прекине неволјата. Но, во повеќето случаи ни дава сила за да можеме стрпливо да истраеме до крајот без да ја изгубиме радоста (Кол. 1:11). Бидејќи добро ги познава нашите физички, умствени и емоционални граници, Јехова никогаш нема да дозволи да се најдеме во толку тешка ситуација што ќе биде невозможно да му останеме верни (w16.04 2:5-6).
Вторник, 2 октомври
Вратете му го цезаревото на цезарот, а Божјето на Бог (Мат. 22:21)
Библијата ни заповеда да им бидеме послушни на човечките власти. Но, таа вели и дека мора секогаш да му се покоруваме на Бог (Дела 5:29; Тит 3:1). Иако ова можеби звучи противречно, кога ги кажал зборовите од денешниот стих, Исус дал едно начело кое ни помага да ги разбереме и да ги послушаме и двете заповеди. Ние му го враќаме „цезаревото на цезарот“ кога ги почитуваме властите и законите во државата, и кога плаќаме даноци (Рим. 13:7). Но, ако властите побараат да правиме нешто што Јехова не го одобрува, ние со почит одбиваме да го сториме тоа. Ние не заземаме страна во политиката на светот (Иса. 2:4). Бидејќи Јехова дозволува човечките власти да постојат, ние не им се спротивставуваме. Но, исто така не учествуваме во патриотски или национални активности (Рим. 13:1, 2). Не се обидуваме да ги смениме владите или да влијаеме врз политичарите. Освен тоа, не се кандидираме и не гласаме на политички избори (w16.04 4:1-2).
Среда, 3 октомври
Нека ти биде како незнабожец (Мат. 18:17)
Повеќето проблеми меѓу двајца христијани можат и треба да се решаваат насамо. Меѓутоа, понекогаш ова не е можно. Во некои ситуации можеби ќе биде неопходна помошта од старешините, како што покажува Матеј 18:15-17. „Гревот“ што го спомнал Исус во овие стихови не е некое мало несогласување меѓу христијаните. Од каде го знаеме тоа? Исус рекол дека, ако престапникот не сака да се покае откако зборувал со својот брат, со сведоците и со старешините, со него треба да се постапува како со незнабожец и даночник. Со други зборови, тој требало да биде исклучен. Според тоа, „гревот“ за кој станува збор во Матеј 18:15-17 е посериозен, и би можел да се однесува на измама или на клевета со која бил нарушен нечиј углед (w16.05 1:14).
Четврток, 4 октомври
Трудете се да разберете што е Јеховината волја (Еф. 5:17)
Библијата не содржи правила за секоја можна ситуација во животот. На пример, во неа нема детални упатства за тоа како да се облекуваме. Ова покажува колку е мудар Јехова. Иако луѓето во разни делови од светот се облекуваат на најразлични начини и модата се менува со текот на времето, библиските совети во врска со облекувањето никогаш не застаруваат. Освен тоа, Божјата Реч не содржи многу правила за изборот на вработување, забава или здравствена нега. Тогаш, како може да донесеме добри одлуки ако во Библијата нема јасна заповед за некоја ситуација во која се наоѓаме? Наместо да постапиме како што сакаме, мора внимателно да размислиме за нашите околности и да донесеме одлука со која ќе му угодиме на Јехова. Само така може да бидеме сигурни дека тој ќе ја благослови (Пс. 37:5; w16.05 3:2, 6).
Петок, 5 октомври
Не ја прифативте како реч човечка, туку како реч Божја, каква што таа навистина е (1. Сол. 2:13)
Веројатно секој од нас си има омилени библиски книги или стихови. На некои им се допаѓаат евангелијата бидејќи ни ги откриваат Јеховините прекрасни особини кои Исус ги одразувал во потполна мера (Јован 14:9). Други, пак, најмногу сакаат да ги читаат пророчките книги, како што е Откровението, кое ни покажува што ќе се случи наскоро (Отк. 1:1). Некои наоѓаат утеха во Псалмите, а други со задоволство ги читаат корисните совети во Изреките. Сето ова јасно покажува дека Библијата е книга за сите луѓе. Бидејќи ја сакаме Божјата Реч, ние ги сакаме и нашите публикации кои се темелат на неа. Сите книги, брошури, списанија и други публикации што ги добиваме се духовна храна која ни ја обезбедува Јехова. Тие ни помагаат да останеме блиски со него и ни ја зајакнуваат верата (Тит 2:2; w16.05 5:1-3).
Сабота, 6 октомври
Плодовите на духот се: љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера, благост, самосовладување. Против тоа нема закон (Гал. 5:22, 23)
Светиот дух може да нѐ обликува на разни начини. На пример, може да ни помогне да бидеме послични на Исус и да ги покажуваме плодовите на духот. Еден од тие плодови е љубовта. Од љубов кон Бог, ние сакаме да му бидеме послушни и сакаме да бидеме обликувани од него бидејќи сме свесни дека неговите заповеди се за наше добро. Освен тоа, светиот дух може да ни даде сила да се спротивставиме на овој злобен свет кој сака да нѐ притисне во својот калап (Еф. 2:2). Како млад, апостол Павле бил под влијание на горделивите еврејски верски водачи. Но, светиот дух му помогнал да се промени. Подоцна тој напишал: „Сѐ можам со помош на оној што ми дава сила“ (Фил. 4:13). И ние треба да го молиме Јехова за свет дух, уверени дека тој ќе одговори на нашите искрени молитви (Пс. 10:17; w16.06 1:12).
Недела, 7 октомври
Достоен си, Јехова, Боже наш, да ја примиш славата и честа (Отк. 4:11)
Јехова е нашиот еден и единствен Бог. Покажуваме дека сме му потполно оддадени кога му служиме само нему. Освен што не смееме да обожаваме други богови, нашето обожавање не смее да вклучува ни примеси од верувања или обичаи кои потекнуваат од лажните религии. Јехова не е само еден бог кој е помоќен од други богови или кој е над сите нив. Тој е вистинскиот Бог, и треба да му служиме само нему. Јехова мора да биде на прво место во нашиот живот. Ако сакаме да му бидеме оддадени само нему, не смееме да дозволиме нешто друго да ни стане поважно од него. Што би можело да биде тоа? Кога ги дал Десетте заповеди, Јехова рекол дека неговите слуги не смеат да им служат на други богови и дека треба да се чуваат од секакво идолопоклонство (5. Мој. 5:6-10). Денес постојат најразлични видови идолопоклонство, а некои од нив се прикриени. Но, Јехова не ги сменил своите барања — тој сѐ уште е „еден Јехова“ (Мар. 12:29; w16.06 3:10, 12).
Понеделник, 8 октомври
Ако вие им ги простите на луѓето нивните престапи, и вашиот небесен Татко ќе ви прости вам (Мат. 6:14)
Кога Петар го прашал дали некому треба да му простиме „до седум пати“, Исус му одговорил: „Не ти велам до седумпати, туку до седумдесет и седум пати“. Според тоа, Божјиот Син нѐ поучил секогаш да бидеме спремни да им простуваме на другите (Мат. 6:15; 18:21, 22). Бидејќи сите сме несовршени, не треба да заборавиме дека и ние можеме да им згрешиме на другите. Затоа, ако увидиш дека си повредил некого, послушај го библискиот совет — замоли го да ти прости, и обиди се да се помириш со него (Мат. 5:23, 24). Нам ни е убаво кога другите ќе ни простат. Тогаш, и ние да го правиме истото (1. Кор. 13:5; Кол. 3:13). Исто така, ако ние простуваме, и Јехова ќе ни простува нам. Затоа, кога другите ќе ни згрешат, да се трудиме да бидеме милостиви кон нив како што нашиот Татко, Јехова, е милостив кон нас (Пс. 103:12-14; w16.06 4:15, 17).
Вторник, 9 октомври
Јас не се срамам од добрата вест. Таа е Божја сила која му донесува спасение на секој што верува (Рим. 1:16)
Во ова време на крајот, Јеховините слуги имаат задача да ја проповедаат „добрата вест за царството... по целиот свет, за сведоштво на сите народи“ (Мат. 24:14). Добрата вест за Царството е и добра вест „за Божјата незаслужена доброта“. Во која смисла? Сите благослови што ќе ги добиеме под власта на Божјето Царство се резултат на Јеховината доброта (Дела 20:24; Еф. 1:3). Павле покажал дека е благодарен за неа така што ревносно проповедал. Дали го следиме неговиот пример? (Рим. 1:14, 15). Јехова ни ја покажува својата незаслужена доброта на многу начини, иако сме грешници. Затоа сме должни да даваме сѐ од себе за да им објасниме на луѓето како Јехова ја покажува својата љубов и како тоа може да им користи (w16.07 4:4-5).
Среда, 10 октомври
Бидете подготвени, бидејќи Синот човечки доаѓа во час кога не се надевате! (Лука 12:40)
Кратко пред да умре, Исус трипати ги потсетил своите ученици дека Ѓаволот е „владетелот на овој свет“ (Јован 12:31; 14:30; 16:11). Сатана ја користи лажната религија за да ги држи луѓето во духовен мрак. Од таа причина, мнозина денес не обрнуваат внимание на библиските пророштва кои јасно покажуваат дека крајот на овој свет е многу близу (Соф. 1:14). Очигледно е дека Сатана им го заслепил умот (2. Кор. 4:3-6). Затоа, кога се обидуваме да им кажеме дека Исус веќе владее како Цар и дека крајот на овој свет само што не дошол, многумина не сакаат да слушаат. Не дозволувај рамнодушноста на другите да те обесхрабри. Ние знаеме зошто е важно да бдееме (w16.07 2:11-12).
Четврток, 11 октомври
Секој од вас да ја сака својата жена како самиот себе, а жената длабоко да го почитува својот маж (Еф. 5:33)
На денот на венчавката, младенците изгледаат прекрасно и зрачат од радост. Јехова, кој го основал бракот, сака мажот и жената да бидат среќни, и затоа им дал мудри совети во својата Реч (Изр. 18:22). Сепак, Библијата вели дека, кога двајца несовршени луѓе ќе стапат во брак, „ќе имаат телесни неволји“ (1. Кор. 7:28). Што ќе им помогне да ги сведат брачните проблеми на минимум? И како можат да имаат среќен брак? Библијата нагласува дека љубовта е многу важна. На пример, сопружниците треба да си покажуваат срдечна наклоност (грчки: филиа). Меѓу нив треба да постои и силна физичка привлечност (ерос). Освен тоа, ако имаат деца, многу е важно да покажуваат и љубов која нормално постои меѓу членовите на семејството (сторге). Сепак, за еден брак да биде вистински среќен, брачните другари треба да си покажуваат љубов што се темели на начела (агапи) (w16.08 2:1-2).
Петок, 12 октомври
Добро внимавај како живееш и како поучуваш (1. Тим. 4:16)
Тимотеј веќе бил искусен проповедник на добрата вест. Сепак, за да биде делотворен во службата, тој требало и понатаму добро да внимава на своето поучување. Тимотеј бил свесен дека луѓето и нивните околности се менуваат. Затоа и тој требало да ги менува своите методи на поучување во склад со нивните потреби. Како објавители на Царството, и ние треба да го правиме истото ако сакаме да допреме до срцето на луѓето со нашата порака. Кога проповедаме од врата до врата, честопати многу луѓе не се дома. А понекогаш се дома, но не можеме да влеземе во зградата во која живеат. Ако ова е случај и на твоето подрачје, можеш ли да пробаш да стапиш во контакт со станарите на друг начин? Сведочењето на јавни места е убав начин на кој се шири добрата вест. Многу Сведоци успешно проповедаат на железнички и автобуски станици, пазари или во паркови (w16.08 3:14-16).
Сабота, 13 октомври
Исправете ги премалените раце и ослабените колена (Евр. 12:12)
Ние сме дел од едно меѓународно братство. Јехова ни дал грижливи браќа и сестри кои можат да нѐ охрабрат (Евр. 12:12, 13). Многу христијани во првиот век добиле таква помош од своите соверници. Слично е и денес. Што можеме да направиме ние? Размисли за тоа како Арон и Ор му ги зајакнале рацете на Мојсеј за време на битката со Амаличаните (2. Мој. 17:8-13). Денес, и ние можеме да им ги зајакнеме рацете на другите. Некои наши браќа и сестри се во поодминати години, имаат здравствени проблеми, доживуваат прогонство од членовите на семејството, се борат со осаменост или им починал некој близок. Младите честопати се изложени на притисок да постапуваат погрешно или да бидат некој и нешто во светот (1. Сол. 3:1-3; 5:11, 14). Затоа, труди се да покажеш искрен интерес за другите кога одиш на состаноци, кога си во служба, кога се дружиш со нив или кога разговарате по телефон (w16.09 1:13-14).
Недела, 14 октомври
Правете сѐ за Божја слава (1. Кор. 10:31)
Треба да носиме облека со која ќе го славиме Јехова и ќе ѝ придаваме поголема важност на пораката што ја проповедаме. Начинот на кој се облекуваме влијае врз нашиот свет Бог, врз нашите соверници и врз луѓето на кои им проповедаме (Рим. 13:8-10). Особено е важно како сме облечени кога одиме на состанок и во служба. Треба да се облекуваме така како што им доликува на Божји слуги (1. Тим. 2:10). Се разбира, она што е прифатливо на некои места можеби не е прифатливо на други места. Затоа, како Јеховини сведоци треба да земеме предвид каква облека е прифатлива во средината во која живееме за да не ги вознемируваме другите. Кога присуствуваме на собири и конгреси, треба да носиме пристојна и скромна облека. Не треба да ги следиме екстремните модни стилови кои се вообичаени во светот. Така нема да се срамиме да кажеме дека сме Јеховини сведоци, и ќе бидеме спремни да сведочиме во секоја прилика (w16.09 3:7-8).
Понеделник, 15 октомври
Секоја куќа некој ја изградил, а Бог е оној што изградил сѐ (Евр. 3:4)
Една куќа не може да никне сама од себе — некој мора да ја проектира и да ја изгради. Според тоа, некој морал да ги осмисли и да ги направи и живите суштества, кои се далеку посложени од една куќа. Како можеш да разговараш со оние што сметаат дека Библијата не е веродостојна? Најпрво прашај ги во што веруваат. Освен тоа, обиди се да дознаеш што ги интересира (Изр. 18:13). На оние што се интересираат за наука, би можел да им наведеш примери од Библијата кои покажуваат дека таа е научно точна. На оние што имаат интерес за историја би можел да им покажеш некое пророштво кое веќе се исполнило или да им спомнеш некој настан кој докажува дека Библијата содржи точни историски податоци. А некои можеби ќе бидат спремни да те слушаат ако им истакнеш одредени библиски начела кои можат да им го подобрат животот како, на пример, советите што ги дал Исус во Проповедта на гората. Не заборавај, нашата цел не е да се расправаме со луѓето, туку да допреме до нивното срце. Затоа, слушај ги внимателно. Поставувај искрени прашања и зборувај љубезно, особено со повозрасните. Ако покажуваш почит кон другите, најверојатно ќе бидат спремни да те сослушаат (w16.09 4:14-16).
Вторник, 16 октомври
Примајте се еден со друг (Рим. 15:7)
За да им помогнеме на доселениците да се чувствуваат пријатно во собранието, добро е искрено да се прашаме: „Кога јас би бил во друга земја, како би сакал луѓето да се однесуваат со мене?“ (Мат. 7:12). Важно е да бидеме стрпливи со оние што се навикнуваат на животот во нова земја. Во почетокот, можеби нема потполно да сфатиме како размислуваат и зошто реагираат на одреден начин. Наместо да очекуваме да мислат и да постапуваат како нас, зошто да не ги прифатиме такви какви што се? Веројатно ќе ни биде полесно да ги запознаеме и да ги прифатиме ако дознаеме нешто за нивната земја и култура. За време на Семејната вечер, можеме да истражуваме за културата на оние кои се доселиле во нашето место или доаѓаат на состаноци во нашето собрание. Друг начин да се зближиме со нив е да ги поканиме на гости. Бидејќи Јехова им ја отворил „вратата кон верата“, треба да се угледаме на него и да го отвориме својот дом за нашите „браќа по вера“ кои доаѓаат од други земји (Дела 14:27; Гал. 6:10; Јов 31:32; w16.10 1:15-16).
Среда, 17 октомври
Добро погледнете го оној што поднесе такво противење од устата на оние што грешеа (Евр. 12:3)
Исус Христос го издржал најтешкиот можен испит така што му останал верен на Јехова. Што му помогнало да истрае? Павле им рекол на христијаните: „Поради радоста што стоеше пред него, претрпе маченички столб, не мислејќи на срамот, и седна од десната страна на Божјиот престол“ (Евр. 12:2). А потоа ги поттикнал длабоко да размислат за тоа како постапувал Исус кога се соочил со тешко противење. Исто како Исус, многу христијани во првиот век, меѓу кои бил и Антипа, умреле затоа што му биле верни на Јехова (Отк. 2:13). Тие веќе ја добиле својата награда за разлика од другите Божји слуги кои живееле пред нив и се надевале дека ќе бидат воскреснати на Земјата (Евр. 11:35). Некое време откако Исус станал Цар во 1914 год., помазаните христијани кои умреле биле воскреснати на небото за да владеат со него над целото човештво (Отк. 20:4; w16.10 3:12).
Четврток, 18 октомври
Охрабрувајте се еден со друг секој ден (Евр. 3:13; Превод Нов свет — ревидирано издание на англиски од 2013)
Некои родители не ги пофалуваат своите децата бидејќи ни тие самите не добивале пофалба од своите родители. И на возрасните им треба охрабрување, кое за жал ретко го добиваат. На пример, мнозина се жалат дека на работа никој не ги пофалува за она што го прават. Можеме да ги охрабриме другите со тоа што ќе ги пофалиме кога ќе направат нешто добро. Освен тоа, можеме да ги охрабриме и така што ќе им кажеме дека имаат убави особини и ќе ги тешиме кога се тажни или потиштени (1. Сол. 5:14). Бидејќи често сме со браќата и сестрите, имаме многу прилики да ги зајакнеме со некој убав збор (Проп. 4:9, 10). Затоа добро е секој од нас да се праша: „Дали им кажувам на другите зошто ги сакам и ценам? Дали ја користам секоја прилика да го правам тоа?“ Секогаш да го имаме на ум она што е запишано во Изреки 15:23: „Збор кажан во право време — колку е добар!“ (w16.11 1:3-5).
Петок, 19 октомври
Гледај, колку е добро и колку е мило кога браќата живеат заедно во единство! (Пс. 133:1)
Во врска со своите слуги, Бог прорекол: „Ќе ги обединам како овци во трло“ (Мих. 2:12). Тој исто така претскажал дека неговиот народ ќе биде поучен за вистината од Библијата и дека ќе му служи обединето, кога рекол: „Ќе го променам јазикот на народите во чист јазик за да го повикуваат сите името на Јехова и да му служат сложно“ (Соф. 3:9). Колку сме среќни што можеме обединето да му служиме на нашиот Бог! Секогаш кога христијаните во првиот век го следеле водството од Божјата Реч, придонесувале да се зачува чистотата, мирот и единството во собранието (1. Кор. 1:10; Еф. 4:11-13; 1. Пет. 3:8). Затоа што се обединети и организирани, Јеховините слуги и денес ја објавуваат добрата вест по целата Земја (w16.11 2:16, 18).
Сабота, 20 октомври
Вие сте „царско свештенство, свет народ, народ кој е Божја сопственост, за да ги објавувате доблестите“ на оној што ве повикал од темнината (1. Пет. 2:9)
Во првите неколку века од н.е., многу луѓе сѐ уште можеле да ја читаат Библијата на грчки или на латински. На тој начин можеле да го споредат она што го вели Божјата Реч со црковните учења. На темел на тоа што го читале во Библијата, некои од нив ги отфрлиле небиблиските верувања на Католичката црква. Но, било многу опасно јавно да го изнесуваат своето мислење бидејќи можеле дури и да бидат убиени. Како што одминувало времето, сѐ помалку луѓе зборувале грчки и латински. Освен тоа, црковните водачи забранувале Божјата Реч да се преведува на јазиците што ги зборувал обичниот народ. Ако некој не се согласувал со црковните учења, бил сурово казнуван. Верните помазани христијани морале да се собираат во мали групи, а некои воопшто не можеле да се состануваат. Помазаното „царско свештенство“ не можело да му служи на Бог на организиран начин. Големиот Вавилон навистина ги држел луѓето во челичен стисок! (w16.11 4:8, 10-11).
Недела, 21 октомври
Неправедниците нема да го наследат Божјето царство (1. Кор. 6:9)
Не смееме да ги правиме тешките гревови што ги правеле некои христијани во Коринт. Не можеме да грешиме на таков начин и да очекуваме Бог да ни простува и да ни покажува незаслужена доброта. Но, што е со оние гревови кои некои сметаат дека не се толку сериозни? Дали сме решени да се напрегаме со сите сили за да му бидеме послушни на Јехова во сѐ? (Рим. 6:14, 17). Размисли за апостол Павле. Тој напишал: „Јас сум телесен, продаден во ропството на гревот. Зашто, не разбирам што правам. Всушност, не го правам она што го сакам, туку она што го мразам, тоа го правам“ (Рим. 7:14, 15). Иако не ги правел гревовите спомнати во 1. Коринќаните 6:9-11, Павле признал дека сѐ уште греши. Но, бидејќи сакал да го радува Јехова, се борел да не постапува погрешно (Рим. 7:21-23). Да го следиме неговиот пример и да правиме сѐ што е во наша моќ за да му бидеме послушни на Бог (w16.12 1:15-16).
Понеделник, 22 октомври
Фрли го своето бреме на Јехова, и тој ќе те поткрепи (Пс. 55:22)
Кога се чувствуваш несигурно, уплашено или загрижено, сподели ги своите најдлабоки чувства со својот грижлив небесен Татко. Откако ќе направиш сѐ што можеш за да го решиш проблемот, ќе биде многу подобро да продолжиш горливо да се молиш наместо да се грижиш (Пс. 94:18, 19). Од Филипјаните 4:6, 7 дознаваме дека Јехова ни одговара кога му се молиме искрено и истрајно. Како? Тој може да ни даде душевен мир кој ќе ни помогне да се избориме со негативните мисли и чувства. Многу наши браќа и сестри можат да го потврдат ова од лично искуство. Наместо да се измачуваат со загриженост и неразумен страв, Бог им помогнал да чувствуваат неопислив внатрешен мир. И ти можеш да стекнеш таков мир. Всушност, „мирот Божји“ може да ти помогне да пребродиш секакви неволји! Можеш да имаш целосна доверба во следново Јеховино ветување: „Не свртувај се плашливо, зашто јас сум твојот Бог! Јас ќе те зајакнам и ќе ти помогнам“ (Иса. 41:10; w16.12 3:3-4).
Вторник, 23 октомври
Со вера Мојсеј, кога порасна, одби да биде наречен син на фараоновата ќерка (Евр. 11:24)
Мојсеј ги отфрлил богатствата на Египет затоа што повеќе сакал „да биде малтретиран заедно со Божјиот народ отколку да ужива во минливите грешни задоволства“ (Евр. 11:25, 26). Да го следиме примерот на верните Божји слуги од минатото, како што е Мојсеј, и да покажеме дека ја цениме нашата слободна волја така што ќе ја користиме за да го радуваме Јехова. Можеби ни се чини дека е полесно некој друг да донесува одлуки за нас. Но, така никогаш нема да доживееме еден од најголемите благослови што ги носи слободната волја. Од 5. Мојсеева 30:19, 20 дознаваме кој е тој благослов. Во стих 19 пишува дека Бог им дал на Израелците избор. Во стих 20 читаме дека им дал можност да покажат колку го сакаат. И ние можеме да избереме да му служиме на Јехова. Освен тоа, имаме прекрасна можност да ја користиме слободната волја за да го славиме и да му покажеме колку го сакаме (w17.01 2:10-11).
Среда, 24 октомври
Имај доверба во Јехова, прави добро и постапувај верно (Пс. 37:3)
Јехова очекува од нас да ги користиме нашите способности на исправен начин. Зошто? Бидејќи многу нѐ сака и знае дека така ќе бидеме среќни. Од друга страна, Јехова знае дека имаме ограничувања. На пример, не можеме да ги отстраниме несовршеноста, гревот и смртта. Исто така, немаме контрола над другите луѓе бидејќи секој има право сам да донесува одлуки (1. Цар. 8:46). Освен тоа, без разлика колкаво знаење или искуство имаме, секогаш ќе бидеме како деца во споредба со Јехова (Иса. 55:9). Секогаш треба да бараме водство од Јехова со доверба дека тој ќе нѐ поддржува и ќе го направи за нас она што самите не можеме. Сепак, Јехова очекува од нас да правиме сѐ што можеме за да ги решаваме своите проблеми и да им помагаме на другите. Треба да имаме доверба во Јехова, но и да правиме добро, односно да постапуваме верно (w17.01 1:2-4).
Четврток, 25 октомври
Појди со мене и остани кај мене во Ерусалим, и јас ќе се грижам за тебе (2. Сам. 19:33)
Варзелај ја одбил понудата. Зошто? Тој му рекол на Давид дека не би сакал да му биде товар бидејќи бил во поодминати години. Затоа предложил наместо него со царот да појде Химам, кој веројатно му бил син (2. Сам. 19:31-37). Зошто Варзелај не ја прифатил понудата? Дали затоа што не сакал да прифати дополнителни одговорности, или можеби сакал животот да му биде полесен? Не. Варзелај ја одбил понудата затоа што бил скромен. Му било јасно дека неговите околности веќе не се исти, и не сакал да преземе одговорности што реално немало да може да ги извршува (Гал. 6:4, 5). Исто како Варзелај, и ние треба да бидеме скромни. Наместо да ни е најважно што сакаме ние или да се споредуваме со други, сакаме да му служиме на Јехова најдобро што можеме. Тоа е поважно отколку да имаме некоја посебна задача или да сме популарни меѓу браќата и сестрите (Гал. 5:26). Ако сме скромни, ќе ни биде најважно сите ние, како браќа и сестри, со заеднички сили да го славиме Јехова и да им помагаме на другите (1. Кор. 10:31; w17.01 4:5-6).
Петок, 26 октомври
Бог го погледна сето она што го беше направил, и гледај, беше многу добро (1. Мој. 1:31)
Јехова е величествен Творец. Тој создал сѐ совршено (Ерем. 10:12). На сите свои творби Јехова им поставил ограничувања, односно закони. Тој одредил физички и морални закони за да може сѐ да функционира во совршен склад (Пс. 19:7-9). Сѐ во универзумот си има точно определено место и функција. На пример, законот за гравитација ја држи атмосферата блиску до Земјата и ги контролира океаните, како и плимата и осеката. Без гравитација, не би постоел живот на Земјата. Законите што ги поставил Јехова во природата придонесуваат да има совршен ред во универзумот. Тоа покажува дека тој има одредена намера со Земјата и со луѓето. Дали би можел да им помогнеш на оние што ги среќаваш во службата да го запознаат Творецот на величествениот универзум? (Отк. 4:11; w17.02 1:4-5).
Сабота, 27 октомври
Бог го испрати Мојсеј како владетел и избавител преку раката на ангелот (Дела 7:35)
Освен на Мојсеј, ангелите им помагале и на други верни Божји слуги. На пример, еден ангел, кого Библијата го нарекува „кнезот на Јеховината војска“, му помогнал на Исус Навин да извојува победа во една битка со Ханаанците (Ис. Нав. 5:13-15; 6:2, 21). Подоцна, кога цар Езекија го водел Божјиот народ, на Ерусалим му се заканувала опасност да биде уништен од една огромна асирска војска. Но, излегол Јеховин ангел и за само една ноќ убил „сто осумдесет и пет илјади луѓе“ (2. Цар. 19:35). Се разбира, ангелите се совршени, но не и луѓето на кои тие им помагале. Да спомнеме неколку примери. Во една прилика, Мојсеј не му оддал слава на Јехова (4. Мој. 20:12). Кога Гаваонците побарале да склучат сојуз со Израелците, Исус Навин не го прашал Јехова што да прави (Ис. Нав. 9:14, 15). Во еден краток период од својот живот, Езекија се возгордеал (2. Лет. 32:25, 26). Иако овие луѓе биле несовршени, од израелскиот народ се барало да им биде послушен. Израелците можеле јасно да видат дека Јехова користел ангели за да им дава поддршка на овие луѓе. Било очигледно дека Јехова бил тој што го води народот (w17.02 3:7-9).
Недела, 28 октомври
На оној што седи на престолот и на Јагнето нека биде благословот и честа и славата и моќта во сета вечност! (Отк. 5:13)
Што значи да му се оддава чест некому? Тоа значи да му се посветува посебно внимание, односно да му се покажува почит. Најчесто им оддаваме чест на оние што направиле нешто со што го заслужуваат тоа или на оние што имаат некаква важна задача или одговорна положба. Кому треба да му оддаваме чест и зошто? Во Откровение 5:13 пишува дека „оној што седи на престолот“ и „Јагнето“ заслужуваат да им се оддава чест. „Оној што седи на престолот“ е Јехова. Во Откровение поглавје 4, духовните суштества на небото ни откриваат една причина зошто Јехова, „оној што живее во сета вечност“, заслужува да му се оддава чест. Тие велат: „Достоен си, Јехова, Боже наш, да ја примиш славата и честа и моќта, бидејќи ти создаде сѐ, и поради твојата волја сѐ постои и е создадено“ (Отк. 4:9-11; w17.03 1:1-2).
Понеделник, 29 октомври
Кој има доверба во своето срце, безумен е (Изр. 28:26)
Многу луѓе велат дека треба да си го слушаш срцето кога донесуваш одлуки. Но, тоа може да биде опасно. Библијата нѐ предупредува, кога носиме одлуки, да не се потпираме на нашето несовршено срце, односно на нашите чувства. Не смееме да заборавиме дека „срцето е поизмамливо од сѐ друго и е готово на сѐ“ (Ерем. 17:9). Во Божјата Реч се запишани многу примери кои покажуваат дека има лоши последици кога некој се потпира на своето несовршено срце (1. Цар. 11:9; Ерем. 3:17; 13:10). Според тоа, што може да ни се случи ако го слушаме срцето и ако дозволиме нашите чувства да влијаат врз начинот на кој размислуваме и постапуваме? На пример, кога некој е гневен, потешко е да донесе добра одлука (Изр. 14:17; 29:22). Исто така, на некој што е обесхрабрен може да му биде тешко да донесе мудра одлука (4. Мој. 32:6-12; Изр. 24:10). Според тоа, кога носиме важни одлуки, не треба да дозволиме нашите чувства да влијаат врз нив (w17.03 2:12-13).
Вторник, 30 октомври
Ти служев верно и ти бев оддаден со цело срце (2. Цар. 20:3)
Сите сме несовршени и правиме грешки. Сепак, благодарни сме што Јехова дал откупнина за нас. Ако сме понизни и ако се каеме, тој е спремен да ни прости. Можеме да бидеме сигурни дека Јехова нема да постапува со нас „според нашите гревови“ (Пс. 103:10). Сепак, мора да му служиме со цело, односно со „потполно оддадено срце“ (1. Лет. 28:9). Оној што му служи на Јехова со „потполно оддадено срце“ има длабока љубов кон него и сака да му служи засекогаш. Во Библијата, зборот „срце“ обично укажува на она што сме однатре. Во тоа се вклучени нашите желби, мисли, ставови, способности, мотиви и цели. Иако сме несовршени, можеме да му служиме на Јехова со цело срце. Му служиме затоа што искрено го сакаме, а не затоа што мораме или само затоа што ни станало навика (2. Лет. 19:9; w17.03 3:1, 3).
Среда, 31 октомври
Јехова го гледа понизниот. А надмениот го познава само оддалеку (Пс. 138:6)
Што ќе направиме ако другите нѐ фалат за нешто што сме постигнале? Можеби тоа е момент во кој Јехова нѐ остава за да нѐ испита. Начинот на кој ќе реагираме може да открие што имаме во нашето срце. На пример, еден брат можеби многу се трудел да подготви говор и да го изнесе пред голема публика. Многумина го фалат за тоа. Како ќе реагира на тие пофалби? Секогаш треба да го имаме на ум она што го рекол Исус: „Кога ќе ги извршите сите свои должности, речете: ’Ние сме бескорисни робови. Го направивме она што бевме должни да го направиме‘“ (Лука 17:10). Кога станал горд, Езекија не бил благодарен за помошта што ја добил од Јехова (2. Лет. 32:24-27, 31). Што ќе ни помогне да останеме понизни кога ќе добиеме пофалба за некој говор што сме го одржале? Можеме да размислуваме за сето она што Јехова го направил за нас и со ценење да им кажеме на другите како ни помогнал (w17.03 4:12-14).