ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • es18 стр. 88-97
  • Септември

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Септември
  • Секојдневно истражување на Писмото — 2018
  • Поднаслови
  • Сабота, 1 септември
  • Недела, 2 септември
  • Понеделник, 3 септември
  • Вторник, 4 септември
  • Среда, 5 септември
  • Четврток, 6 септември
  • Петок, 7 септември
  • Сабота, 8 септември
  • Недела, 9 септември
  • Понеделник, 10 септември
  • Вторник, 11 септември
  • Среда, 12 септември
  • Четврток, 13 септември
  • Петок, 14 септември
  • Сабота, 15 септември
  • Недела, 16 септември
  • Понеделник, 17 септември
  • Вторник, 18 септември
  • Среда, 19 септември
  • Четврток, 20 септември
  • Петок, 21 септември
  • Сабота, 22 септември
  • Недела, 23 септември
  • Понеделник, 24 септември
  • Вторник, 25 септември
  • Среда, 26 септември
  • Четврток, 27 септември
  • Петок, 28 септември
  • Сабота, 29 септември
  • Недела, 30 септември
Секојдневно истражување на Писмото — 2018
es18 стр. 88-97

Септември

Сабота, 1 септември

Истрајноста нека го доврши своето дело (Јак. 1:4)

Во библиска смисла, истрајноста не значи само да се поднесува некоја тешка ситуација. Таа е поврзана со нашиот ум и со нашето срце, односно со начинот на кој реагираме на неволјите. Истрајноста ни помага да бидеме храбри, стрпливи и да му останеме верни на Бог. Според еден прирачник, тоа е „став кој му помага на човек да го поднесе она што му се случува, не само затоа што се помирил со неволјата, туку затоа што има жива надеж... Ова е особина што му дава сила на човекот да остане на нозе иако го шиба силен ветар“. Таа ни помага да го победиме и најтешкото искушение бидејќи не мислиме на болката туку на крајната цел. Што нѐ поттикнува да истраеме? Љубовта (1. Кор. 13:4, 7). Љубовта кон Јехова ни дава сила да издржиме сѐ што ќе дозволи тој (Лука 22:41, 42). Љубовта кон браќата ни помага да ги поднесеме нивните слабости и грешки (1. Пет. 4:8). Љубовта им помага на сопружниците да ја зајакнат својата брачна врска и да ги пребродат неволјите — кои ги имаат дури и оние што се во среќен брак (1. Кор. 7:28; w16.04 2:3-4).

Недела, 2 септември

Тие се посветија на заедничките собири (Дела 2:42, Радосна Вест)

Првите христијани не престанале да се состануваат и покрај тоа што биле прогонувани од римските власти и од еврејските верски водачи. Иако не било лесно, правеле сѐ што е во нивна моќ за и понатаму да се собираат заедно. И денес Јеховините слуги се многу благодарни за состаноците. Џорџ Гангас, кој служел како член на Водечкото тело повеќе од 22 години, изјавил: „За мене состанувањето со браќата е извор на голема радост и охрабрување“. Состаноците навистина му биле една од најскапоцените работи во животот. Дали и ти имаш слични чувства за состаноците на кои го славиме Јехова? Ако да, продолжи да даваш сѐ од себе за да бидеш таму со твоите браќа, дури и кога тоа не е лесно. Покажи му на Јехова дека се чувствуваш исто како цар Давид, кој рекол: „Јехова, го сакам домот во кој живееш ти“ (Пс. 26:8; w16.04 3:16-18).

Понеделник, 3 септември

Прво помири се со братот (Мат. 5:24)

Што треба да направиш ако дознаеш дека некој брат многу се вознемирил затоа што си кажал или си направил нешто? Разговарај со тој брат. Твојата цел треба да биде да се смириш со него. Наместо да го обвинуваш, треба да си ја признаеш својата грешка. Не заборавај дека најважно од сѐ е да останеме во мир со нашите браќа. На пример, размисли за Авраам и за неговиот внук Лот. Тие поседувале многу стока, и нивните овчари почнале да се караат затоа што немало доволно земја за сите. Бидејќи Авраам сакал да има мир, му дозволил на Лот прв да избере каде ќе се насели (1. Мој. 13:1, 2, 5-9). Колку убав пример за нас! Дали Авраам претрпел трајна штета затоа што бил великодушен? Воопшто не. Веднаш по овој настан, Бог му ветил дека многу ќе го благослови (1. Мој. 13:14-17). Која е поуката за нас? Јехова нема никогаш да дозволи неговите слуги да претрпат трајна штета затоа што постапуваат во склад со неговите начела и ги расчистуваат несогласувањата со љубов (w16.05 1:11-12).

Вторник, 4 септември

Трудете се да разберете што е Јеховината волја (Еф. 5:17)

Во својата пишана Реч, Јехова ни дал конкретни закони и заповеди. На пример, тој забранува сексуален неморал, идолопоклонство, крадење и пијанство (1. Кор. 6:9, 10). И Божјиот Син, Исус, им дал јасна заповед на своите следбеници, кога рекол: „Одете и правете ученици од луѓето од сите народи, крштавајќи ги во името на Таткото и на Синот и на светиот дух, учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав. И еве, јас сум со вас во сите денови до свршетокот на овој поредок“ (Мат. 28:19, 20). Божјите закони навистина се за наше добро! Тие ни помагаат да стекнеме поголема самодоверба, и да имаме подобро здравје и среќен семеен живот. Што е уште поважно, кога ги слушаме заповедите на Јехова, вклучувајќи ја и заповедта да проповедаме, тој многу се радува и нѐ благословува (w16.05 3:1).

Среда, 5 септември

Преобразете се така што ќе го обновите својот ум (Рим. 12:2)

Ние мора секојдневно да ја читаме Библијата, да размислуваме за прочитаното и да се молиме за свет дух. Така Јехова ни помага да разбереме што е прифатливо за него и да размислуваме како што размислува тој. На тој начин, ќе го радуваме со нашите мисли, зборови и постапки, и ќе научиме да ги контролираме нашите слабости (Лука 11:13; Гал. 5:22, 23). Но, дури и тогаш ќе мора да продолжиме да се бориме со нив (Изр. 4:23). Треба време за да ги развиеш особините што ги има Јехова. Затоа, ако ти се чини дека не напредуваш брзо во духовен поглед, биди стрплив. Во почетокот, можеби ќе мора да се тераш да го правиш она што го вели Библијата. Но, колку повеќе се трудиш да размислуваш и да постапуваш како што сака Јехова, толку полесно ќе ти биде да го правиш тоа (Пс. 37:31; Изр. 23:12; Гал. 5:16, 17; w16.05 4:14, 16).

Четврток, 6 септември

Ужива во законот на Јехова и внимателно го чита неговиот закон дење и ноќе (Пс. 1:2)

Денес, Јехова главно ги обликува своите слуги преку својата Реч, светиот дух и христијанското собрание. Како може Библијата да нѐ обликува? Треба да ја читаме, да размислуваме за прочитаното и да го молиме Јехова да ни помогне да го примениме она што сме го научиле. Цар Давид напишал: „Кога ќе се сетам на тебе в постела, за време на ноќните стражи, размислувам за тебе“ (Пс. 63:6). Тој исто така напишал: „Ќе го благословувам Јехова, кој ме советува. Ноќе ме опоменуваат моите најскриени чувства“ (Пс. 16:7, фус.). Давид дозволил Јеховините совети — дури и кога биле многу строги — да влезат длабоко во него, и да ги обликуваат неговите најскриени мисли и чувства (2. Сам. 12:1-13). Давид ни дал прекрасен пример за понизност и послушност. Затоа, прашај се: „Кога ја читам Библијата, дали размислувам за неа и дали дозволувам Божјите совети да влијаат врз моите најдлабоки мисли и чувства? Дали можам да го правам тоа во уште поголема мера?“ (Пс. 1:3; w16.06 1:11).

Петок, 7 септември

Немој брзо да се навредуваш (Проп. 7:9)

Сите ние сме несовршени и правиме грешки. Затоа не е добро да имаме преголеми очекувања од нашите браќа и сестри. Освен тоа, не треба постојано да размислуваме за нивните грешки, бидејќи така може да ја изгубиме радоста што ја чувствуваме затоа што сме дел од Божјиот народ. Уште полошо би било да дозволиме грешките на другите да нѐ спрепнат и да нѐ наведат да ја напуштиме Божјата организација. Ако се случи такво нешто, не само што ќе ја изгубиме честа да ја вршиме Јеховината волја денес туку ќе ја изгубиме и надежта за вечен живот во Божјиот нов свет. Тогаш, како може да ја зачуваме нашата радост кога другите прават нешто што нѐ вознемирува? Секогаш имај го на ум следново утешно ветување од Јехова: „Еве, јас создавам нови небеса и нова земја. Она што беше порано нема да доаѓа во сеќавање, ниту ќе се јавува во срцето“ (Иса. 65:17; 2. Пет. 3:13). Не дозволувај да ги изгубиш овие благослови поради грешките на другите (w16.06 4:13-14).

Сабота, 8 септември

Јехова, нашиот Бог, е еден Јехова! (5. Мој. 6:4)

Хебрејскиот израз „еден Јехова“ укажувал на тоа дека Бог не ги менува своите намери и начин на постапување. Можеме секогаш да имаме доверба дека Јехова ќе постапува доследно и во склад со својата утврдена намера. Тој не е променлив или непредвидлив, туку секогаш е доследен, верен и вистинит. На пример, Бог му ветил на Авраам дека неговите потомци ќе живеат во Ветената земја. Иако поминале 430 години откако му го дал ова ветување, Јехова не ја сменил својата намера со Израелците. Тој направил многу чуда за да го одржи своето ветување кога ги избавил од Египет (1. Мој. 12:1, 2, 7; 2. Мој. 12:40, 41). Стотици години подоцна, Јехова ги нарекол Израелците свои сведоци и им рекол: „Јас сум оној истиот. Пред мене не беше направен ниту еден бог и по мене не ќе има ниту еден“. Освен тоа, тој јасно им ставил до знаење дека неговата намера никогаш не се менува, кога рекол: „За сите времиња јас сум истиот“ (Иса. 43:10, 13; 44:6; 48:12). Колку голема чест имале Израелците да му служат на Јехова, Богот кој е постојан и верен на сите свои патишта! И ние денес ја имаме истата чест (Мал. 3:6; Јак. 1:17; w16.06 3:6-7).

Недела, 9 септември

Внимавајте, бидете будни, бидејќи не знаете кога е времето да се случи тоа (Мар. 13:33)

Денес повеќето влади ја чуваат границата на својата земја со војници и со најсовремени безбедносни системи. Тие внимаваат да не навлезе на нивна територија никој и ништо што може да претставува закана за безбедноста на земјата. Сепак, овие влади можат да ја забележат само опасноста зад која стојат луѓе. Тие воопшто не се свесни дека на небото постои една далеку помоќна влада на чело со Исус Христос, и дека се ближи денот кога таа ќе им пресуди на сите други влади на Земјата (Иса. 9:6, 7; 56:10; Дан. 2:44). Ние со нетрпение го очекуваме тој ден на суд и сакаме да бидеме подготвени за него. Затоа даваме сѐ од себе за да останеме будни во духовен поглед (Пс. 130:6). Колку повеќе наближуваме до крајот, толку потешко ќе ни биде да останеме духовно будни. Навистина би било жално да заспиеме! (w16.07 2:2, 9-10).

Понеделник, 10 септември

Незаслужената доброта што ми ја покажа Бог не беше залудна (1. Кор. 15:10)

Павле, кој во почетокот ги прогонувал христијаните, бил свесен дека ниту ја заработил ниту, пак, ја заслужил Божјата голема милост. При крајот на својот живот, тој му напишал на Тимотеј: „Благодарен сум му на Христос Исус, нашиот Господар, кој ми даде сила, зашто сметаше дека сум достоен за доверба, па ме постави во служба“ (1. Тим. 1:12-14). На која служба мислел Павле? Тој им го кажал следново на старешините во собранието во Ефес: „Ни најмалку не се грижам за својот живот, само сакам да ја довршам својата трка и службата што ја примив од Господарот Исус: темелно да сведочам за добрата вест за Божјата незаслужена доброта“ (Дела 20:24). Павле ревносно проповедал и им дал добар пример на христијаните денес. Во неговиот случај, Бог навистина не ја покажал залудно својата незаслужена доброта (w16.07 4:1-3).

Вторник, 11 септември

Готов сум да го чекам Богот на моето спасение (Мих. 7:7)

Можеби сакаш да правиш повеќе во службата за Јехова. Но, што ако подолго време чекаш да добиеш некои одговорности во собранието или да ти се сменат околностите на подобро? Биди стрплив и не се откажувај. Можеби Јехова нема да ја смени твојата ситуација, но биди сигурен дека нема да те разочара. Можеме да извлечеме една важна поука од примерот на Авраам. Иако Јехова му ветил дека ќе има син, тој требало да чека многу години за да се роди Исак. За тоа време, Авраам бил стрплив и никогаш не ја изгубил својата доверба во Јехова (1. Мој. 15:3, 4; 21:5; Евр. 6:12-15). Се разбира, не е лесно да чекаме (Изр. 13:12). Но, ако постојано мислиме на нашите неисполнети очекувања, може многу да се обесхрабриме. Наместо тоа, добро е да го искористиме времето за да ги развиваме особините кои ни се потребни за да извршуваме одредени задачи во собранието. Ако ја читаме Библијата и размислуваме за прочитаното, може да стекнеме мудрост, разборитост, способност за расудување, знаење и остроумност. Тоа, пак, може да ни помогне секој ден да донесуваме одлуки што ќе го радуваат Јехова. На пример, ќе знаеме како да постапуваме со другите, како да ги користиме парите, и како да избереме добра забава и соодветна облека (w16.08 3:9-11).

Среда, 12 септември

Бог дејствува во вас (Фил. 2:13)

Јехова му помогнал на својот народ да ги порази Амаличаните и Етиопјаните, а на Неемија и на Евреите им дал сила да ја довршат изградбата на ѕидот околу Ерусалим. Бог и нам ќе ни даде сила да продолжиме да проповедаме иако се соочуваме со грижи, стравови, противење и рамнодушност (1. Пет. 5:10). Сепак, не треба да очекуваме Јехова да прави чуда за нас. Наместо тоа, ние мора да го дадеме својот дел. Ова значи дека треба да ја читаме Божјата Реч секој ден, да се подготвуваме и да одиме на нашите состаноци секоја седмица, редовно да проучуваме и да ја одржуваме Семејната вечер, и секогаш да се потпираме на Јехова во молитва. Никогаш да не дозволиме некои други цели и активности да нѐ спречат да извлечеме потполна корист од она што ни го дава Јехова за да нѐ зајакне и охрабри. Ако почувствуваш дека рацете ти ослабуваат на некое од овие полиња, моли го Бог за помош. Ќе видиш како светиот дух дејствува, и ти дава сила и желба да постапуваш во склад со Божјата волја (w16.09 1:12).

Четврток, 13 септември

Бидејќи блудот е многу раширен, секој маж нека има своја жена и секоја жена нека има свој маж (1. Кор. 7:2)

Откако го препорачал самештвото, апостол Павле ги кажал и зборовите од денешниот стих. А потоа додал: „Ако не можат да се самосовладуваат, нека стапат во брак, зашто подобро е да се стапи во брак отколку да се гори од страст“. Точно, ако некој стапи во брак, тоа може да го спречи да направи неморал или да стекне навика да мастурбира. Сепак, треба да се земе предвид и возраста, бидејќи Павле рекол: „Ако некој мисли дека не може да владее со своите полови нагони и дека за него е најдобро да стапи во брак, особено ако повеќе не е во цутот на младоста, нека прави што сака, не греши. Таквите нека стапат во брак“ (1. Кор. 7:9, 36; 1. Тим. 4:1-3). Не треба да ги поттикнуваме младите да се мажат или да се женат само затоа што имаат силни сексуални желби. Тие можеби сѐ уште не се зрели да ги понесат одговорностите во бракот (w16.08 1:17).

Петок, 14 септември

Во сѐ се препорачуваме како Божји слуги (2. Кор. 6:4)

Повеќето луѓе стекнуваат впечаток и мислење за нас само на темел на нашата надворешност (1. Сам. 16:7). Затоа, како Божји слуги, ние сме свесни дека не треба да се облекуваме само така како што нам ни одговара. Мерилата од Божјата Реч треба да нѐ поттикнат да не носиме тесна, разголена или провокативна облека. Со други зборови, не е во ред да носиме облека која ги открива или ги истакнува интимните делови на телото. Не смееме да дозволиме поради нашиот изглед некој да се чувствува непријатно или да биде принуден да го сврти погледот на друга страна. Ако сме уредни, чисти и дотерани, и ако нашата облека е скромна, поголема е веројатноста луѓето да нѐ почитуваат и да бидат поспремни да ја слушаат нашата животоважна порака. Исто така, нашиот изглед ќе ја прикаже организацијата во добро светло. А како резултат на тоа, другите можеби ќе бидат привлечени кон Богот на кој му служиме (w16.09 3:5-6).

Сабота, 15 септември

Бидете разумни, сосема благи спрема сите луѓе (Тит 3:2)

Кога разговараш со некого за создавањето или за Библијата, немој веднаш да заклучиш дека знаеш во што верува. Имај на ум дека некои што веруваат во еволуција веруваат и дека постои Бог. Всушност, тие велат дека Бог ги создал сите живи суштества по пат на еволуција. Други сметаат дека еволуцијата мора да е точна затоа што се предава на училиште. А некои престанале да веруваат во Бог затоа што се разочарани од религиите. Затоа, најпрво прашај го оној со кого разговараш во што верува. А потоа слушај го внимателно. Така можеби и тој ќе биде поспремен да те слуша тебе. Како можеш да одговориш ако некој ти рече дека е глупаво да се верува во Творец? Љубезно замоли го да ти објасни како, според него, настанал животот. Би можел да му спомнеш дека, ако животот настанал со еволуција, тогаш првиот жив организам морал да има способност да се размножува. Еден професор по хемија рекол: „И наједноставниот организам е неверојатно сложен“ (w16.09 4:12-13).

Недела, 16 септември

Не прифатија да бидат ослободени со некоја откупнина, затоа што сакаа да добијат подобро воскресение (Евр. 11:35)

Размисли за Навутеј и Захарија. Тие биле каменувани затоа што му биле послушни на Бог (1. Цар. 21:3, 15; 2. Лет. 24:20, 21). Даниел бил фрлен во јама полна со гладни лавови, а неговите пријатели биле фрлени во вжарена печка. Тие биле поспремни да умрат отколку да му бидат неверни на Јехова. Овие луѓе биле цврсто уверени дека тој ќе им даде свет дух и дека ќе им помогне да ги поднесат страдањата (Дан. 3:16-18, 20, 28; 6:13, 16, 21-23; Евр. 11:33, 34). Многу пророци, како што биле Михаија и Еремија, биле исмејувани или фрлени в затвор. Други, пак, слично на Илија, талкале „по пустини, планини, пештери и по земни јами“. Сите тие истрајале и му останале верни на Бог затоа што биле цврсто уверени дека ќе се случи она на кое се надевале (Евр. 11:1, 36-38; 1. Цар. 18:13; 22:24-27; Ерем. 20:1, 2; 28:10, 11; 32:2; w16.10 3:10-11).

Понеделник, 17 септември

Од понизност сметајте ги другите за поголеми од себе (Фил. 2:3)

Можеме да покажеме љубов кон доселениците ако срдечно се поздравиме со нив во салата. Оние што неодамна дошле во нашата земја понекогаш се срамежливи и си стојат настрана. Поради нивната култура и општествена положба, можеби мислат дека се помалку вредни од луѓето од друга раса или националност. Затоа, ние треба први да им пристапиме за да им изразиме срдечно добредојде и да им покажеме дека сме искрено заинтересирани за нив. Би можеле да ја користиме апликацијата JW Language за да научиме поздрав на нивниот јазик (Фил. 2:4). Можеби ти е непријатно да зборуваш со некој од друга култура. Што ќе ти помогне да ги надминеш овие чувства? Би можел да му кажеш нешто за себе. Можеби така ќе сфатиш дека имате повеќе заеднички работи отколку што си мислел. Имај на ум дека секоја култура си има свои јаки и слаби страни (w16.10 1:13-14).

Вторник, 18 септември

Се слуша за блуд меѓу вас, и тоа за таков блуд каков што нема ни меѓу незнабошците (1. Кор. 5:1)

Можеме да придонесеме да се зачува чистотата на собранието со тоа што ќе го следиме водството од Божјата Реч. Да видиме што се случило во древниот Коринт. Павле им помогнал на мнозина од тамошните браќа и сестри да ја дознаат вистината, и многу ги засакал (1. Кор. 1:1, 2). Затоа, замисли како се чувствувал кога разбрал дека еден од нив живее неморално, а старешините му дозволиле да остане во собранието! Павле им кажал да му го предадат таквиот на Сатана, односно да го исклучат. На тој начин ќе го отстранеле „квасецот“ и ќе ја зачувале чистотата на собранието (1. Кор. 5:5-7, 12). Денес старешините можеби ќе одлучат некој да биде исклучен затоа што направил тежок грев и не се кае. Дали ќе го послушаме библискиот совет во врска со исклучените? Така придонесуваме собранието да остане чисто, и можеме да му помогнеме на таквото лице да сфати дека треба да се покае и да го моли Јехова да му прости (w16.11 2:14).

Среда, 19 септември

Ако имате некаков збор на охрабрување за народот, кажете го (Дела 13:15)

Можеме многу да им помогнеме на другите ако ги охрабруваме. На пример, Рубен вели: „Со години ме измачуваат чувства на безвредност. Еднаш бев во служба со еден старешина, кој забележа дека не сум баш расположен. Кога почнав да му кажувам како се чувствувам, сочувствително ме слушаше. А потоа ме пофали за добрите работи што ги правам и ме потсети на зборовите на Исус — дека секој од нас вреди повеќе од многу врапчиња. Често размислувам за овој стих, и сѐ уште ме допира до срце. Зборовите на тој старешина многу ми помогнаа“ (Мат. 10:31). Библијата вели дека треба редовно да се храбриме еден со друг. Апостол Павле им го напишал следново на еврејските христијани: „Охрабрувајте се еден со друг секој ден... за некој од вас да не отрпне поради измамливоста на гревот“ (Евр. 3:13; Превод Нов свет — ревидирано издание на англиски од 2013). Ако размислиш колку добро си се чувствувал кога некој те охрабрил тебе, ќе сфатиш колку е важен советот да се храбриме меѓусебно (w16.11 1:2-3).

Четврток, 20 септември

Ќе се појават луѓе кои ќе изнесуваат искривени учења за да ги повлечат по себе учениците (Дела 20:30)

Во 313 год. од н.е., цар Константин законски го признал отпадничкото христијанство во Римското Царство. Константин одржал собир со верските водачи, кој е познат како Вселенски собор во Никеја. По тој собир, свештеникот Ариј бил протеран затоа што одбил да верува дека Исус е Бог. Подоцна, кога на римскиот престол седнал Теодосиј I (379-395 год. од н.е.), отпадничкиот облик на христијанство, наречен католицизам, станал официјална религија во Римското Царство. Историчарите велат дека паганскиот Рим станал „христијански“ во четвртиот век од н.е., за време на овој цар. Но, факт е дека дотогаш отпадничките христијани веќе имале прифатено разни пагански учења, и на тој начин станале дел од Големиот Вавилон. Сепак, сѐ уште имало некои верни помазани христијани. Тие биле како пченицата за која зборувал Исус. Овие верни слуги правеле сѐ што можеле за да му служат на Бог (Мат. 13:24, 25, 37-39; w16.11 4:8-9).

Петок, 21 септември

Сите свои грижи фрлете ги на Јехова, зашто тој се грижи за вас (1. Пет. 5:7)

Денес Сатана „оди наоколу како разрикан лав и бара некого да проголта“ (1. Пет. 5:8; Отк. 12:17). Затоа не нѐ чуди што и ние како Божји слуги понекогаш сме загрижени. И Јеховините слуги во минатото се измачувале со грижи. На пример, Библијата вели дека цар Давид понекогаш бил вознемирен и загрижен (Пс. 13:2). А апостол Павле го притискала „грижата за сите собранија“ (2. Кор. 11:28). Што можеме да правиме кога сме оптоварени со грижи? Нашиот небесен Татко им помагал на своите слуги во минатото да не бидат претерано загрижени, а сака да ни помогне и нам. Како можеме да добиеме помош? Така што: 1) ќе се молиме; 2) ќе ја читаме Божјата реч и длабоко ќе размислуваме за неа; 3) ќе дозволиме светиот дух да влијае врз нашиот живот и 4) ќе разговараме за своите чувства со некој доверлив пријател (w16.12 3:1-2).

Сабота, 22 септември

Конечниот исход на тоа е смртта (Рим. 6:21)

Во првиот век, некои Божји слуги во Коринт порано биле крадци, хомосексуалци, прељубници, идолопоклоници и пијаници. Но, се смениле кога го запознале и кога го засакале Јехова. Тие се срамеле од она што го правеле во минатото, за кое, всушност, заслужувале смрт (Рим. 6:21; 1. Кор. 6:9-11). И христијаните во Рим требало да направат слични промени. Павле им напишал: „Не предавајте му ги деловите на своето тело на гревот, за да бидат оружје на неправдата, туку предајте му се себеси на Бог, како оживеани од мртвите, и деловите на своето тело предајте му ги на Бог, за да бидат оружје на правдата“ (Рим. 6:13). Павле бил уверен дека можат да продолжат да постапуваат исправно и на тој начин да извлечат корист од Божјата незаслужена доброта (w16.12 1:13).

Недела, 23 септември

Имај доверба во Јехова (Пс. 37:3)

Јехова нѐ создал со извонредни способности. Ни дал способност да размислуваме, која ни помага да решаваме проблеми и да планираме (Изр. 2:11). Ни дал сила за да можеме да го направиме она што сме го испланирале и да ги оствариме нашите цели (Фил. 2:13). Ни дал и совест, односно внатрешно чувство кое ни кажува што е исправно, а што погрешно. Совеста ни помага да внимаваме да не направиме грев. Но, доколку ни се случи да згрешиме, совеста ни помага да се поправиме (Рим. 2:15). Јехова очекува од нас да ги користиме нашите способности на исправен начин. На пример, во Хебрејските списи пишува: „Плановите на трудољубивиот сигурно донесуваат корист“ и „сѐ што ќе ти дојде до рака да правиш, прави го со сета своја сила“ (Изр. 21:5, фус.; Проп. 9:10). А во Грчките списи пишува: „Додека имаме можност за тоа, да им правиме добро на сите“ и „служете си еден на друг — секој со дарот што го примил“ (Гал. 6:10; 1. Пет. 4:10). Ова јасно покажува дека Јехова сака да ги користиме способностите за наше добро и за доброто на другите (w17.01 1:1-2).

Понеделник, 24 септември

Сето тоа им се случуваше за пример и напишано е како предупредување за нас што живееме на крајот од овој поредок (1. Кор. 10:11)

Сите луѓе наследиле несовршеност и смрт од своите прародители, Адам и Ева. Сепак, секој човек има право да ја користи својата слободна волја. Ова се гледа од начинот на кој Јехова постапувал со Израелците. Тој им дал можност да изберат дали ќе станат негова најмила сопственост (2. Мој. 19:3-6). Како реагирале тие? Израелците прифатиле да го прават она што Бог го барал од нив и да станат негов народ. Тие едногласно изјавиле: „Сѐ што рекол Јехова ќе правиме“ (2. Мој. 19:8). За жал, подоцна ја злоупотребиле слободната волја и го прекршиле ова ветување. Од нивниот пример учиме колку е важно да покажеме дека ја цениме слободната волја што ни ја дал Јехова така што ќе останеме блиски со него и ќе му бидеме послушни (w17.01 2:9).

Вторник, 25 септември

Оди скромно со Бог! (Мих. 6:8)

Јеровоам, царот на Израел, направил жртвеник за лажно обожавање во градот Ветил. Затоа, Јехова испратил еден пророк од Јуда да му пренесе порака на осуда. Понизниот пророк направил како што му рекол Јехова и ја објавил пораката. Царот многу се разгневил, но Јехова го заштитил овој пророк (1. Цар. 13:1-10). Претходно, Јехова јасно му кажал на пророкот дека не смее ниту да јаде ниту да пие во Израел и дека не треба да се врати назад по патот по кој дошол. На враќање, пророкот сретнал еден стар човек кој го излажал дека му носи порака од Јехова и го поканил во својот дом за да јаде и да пие. Наместо да го послуша Јехова, пророкот одлучил да отиде со човекот. Тоа што го направил воопшто не му се допаднало на Јехова. На пат кон дома, го нападнал лав и го убил (1. Цар. 13:11-24). Не знаеме зошто пророкот одлучил да го послуша стариот човек, а не Јехова. Но, јасно е дека не продолжил скромно да оди со Јехова (w17.01 4:1-3).

Среда, 26 септември

Ја кажав својата намера, и ќе ја исполнам. Она што го наумив, тоа и ќе го извршам (Иса. 46:11)

Во првиот стих од Библијата се запишани следниве едноставни, но длабоки зборови: „Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“ (1. Мој. 1:1). Луѓето откриле само мал дел од работите што ги создал Бог во универзумот. Но дури и за многу работи што ги истражувале, како што се просторот, светлината и гравитацијата, имаат прилично мало познавање (Проп. 3:11). Сепак, Јехова ни открил каква намера има со Земјата и со луѓето. Тој ги создал луѓето според својот лик и сакал да се радуваат на животот на Земјата (1. Мој. 1:26). Тие требало да бидат негови деца, а тој нивни Татко. Од третото поглавје од 1. Мојсеева дознаваме дека намерата на Јехова била оспорена (1. Мој. 3:1-7). Сепак, не постои проблем кој тој не може да го реши. Никој не може да го спречи Јехова да го исполни тоа што го наумил (Иса. 46:10; 55:11). Можеме да бидеме уверени дека тој ќе ја оствари својата намера во вистинско време (w17.02 1:1-2).

Четврток, 27 септември

Каде е оној што го стави во Мојсеј својот свет дух? (Иса. 63:11)

Дали за луѓето било очигледно дека Мојсеј е воден од светиот дух? Да. Јеховиниот свет дух му дал моќ на Мојсеј да прави чуда за да му го објави Божјето име на моќниот египетски владетел, фараонот (2. Мој. 7:1-3). Исто така, Божјиот свет дух му помогнал на Мојсеј да биде добар и стрплив водач. Имало јасни докази дека Јехова го избрал Мојсеј за водач на својот народ. Подоцна, Јехова со својот свет дух им дал моќ и на други луѓе да го водат неговиот народ. Библијата вели: „Исус, синот на Навин, беше полн со дух на мудроста“ (5. Мој. 34:9). „Јеховиниот дух го обзеде Гедеон“ (Суд. 6:34). И „Јеховиниот дух дојде на Давид“ (1. Сам. 16:13). Сите тие се потпреле на Јеховиниот дух за да им помогне да направат работи што не би можеле да ги направат со сопствена сила (Ис. Нав. 11:16, 17; Суд. 7:7, 22; 1. Сам. 17:37, 50; w17.02 3:3-5).

Петок, 28 септември

Не велам дека ние сме господари на вашата вера, туку дека сме ваши соработници за да бидете радосни, бидејќи со вашата вера стоите (2. Кор. 1:24)

Павле ни оставил добар пример со тоа што го почитувал правото на другите да носат лични одлуки. Старешините денес можат да го следат неговиот пример кога даваат совет за работи кои се оставени на личен избор. Тие спремно им пренесуваат на браќата и сестрите поуки кои се темелат на Божјата Реч. Сепак, старешините се свесни дека секој сам треба да донесе одлука бидејќи ќе мора да живее со последиците од неа. Сите треба да имаме на ум една важна работа: Можеме да им помогнеме на другите да разберат како советите од Библијата се однесуваат на нивната ситуација, но тие имаат право и одговорност самите да донесат одлука. Кога ќе донесат мудра одлука, ќе имаат корист од тоа. Никогаш не треба да мислиме дека имаме право да носиме одлуки наместо нашите браќа и сестри (w17.03 2:11).

Сабота, 29 септември

Бидете им послушни на оние што ве предводат и бидете им подложни (Евр. 13:17)

Водечкото тело покажува голема вера со тоа што ревносно ја проповеда и ја шири добрата вест. Дали ги поддржуваме помазаниците во ова важно дело? Ако да, ќе се радуваме кога ќе слушнеме како Исус ни вели: „Сѐ што сте му направиле на еден од овие мои најмали браќа, мене сте ми го направиле“ (Мат. 25:34-40). Кога Исус се вратил на небото, тој не ги напуштил своите следбеници (Мат. 28:20). Исус знаел дека светиот дух, ангелите и Божјата Реч му помагале додека предводел на Земјата. Затоа, тој му ја дава истата помош на верниот роб денес. Водечкото тело и понатаму го следи Јагнето, Исус, „каде и да појде“ (Отк. 14:4). Затоа, кога го следиме водството од Водечкото тело, го следиме нашиот Водач, Исус. Под негово водство, наскоро Божјиот народ ќе стигне во новиот свет, каде што ќе може да живее вечно (Отк. 7:14-17). Нема водач меѓу луѓето што може да вети и да исполни такво нешто! (w17.02 4:17-19).

Недела, 30 септември

Префрли му ги на Јехова животните грижи, потпри се на него, и тој ќе ти помогне (Пс. 37:5)

Во секоја ситуација треба да се потпираме на Јехова, а не на сопствената мудрост. Треба да бараме помош од Јехова без разлика дали се соочуваме со мал или со голем проблем. Добро е да се прашаме: „Дали некогаш се потпираме на себеси така што се обидуваме да решиме некој проблем онака како што ние мислиме дека е најдобро? Или, секогаш проверуваме што вели Библијата и потоа се трудиме да ги примениме библиските начела за да ги решиме нашите проблеми?“ На пример, можеби семејството не ти дозволува да одиш на состанок или на конгрес. Дали ќе го молиш Јехова да ти даде мудрост за да знаеш што да правиш во оваа ситуација? Или, можеби веќе некое време си без работа, и сега конечно наоѓаш некој што сака да те вработи. Дали ќе му кажеш дека секоја седмица треба да одиш на состаноци, дури и по цена да не ја добиеш работата? Сеедно со каков проблем ќе се соочиме, мора да ги имаме на ум зборовите на псалмистот од денешниот стих (w17.03 4:6).

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели