Август
Среда, 1 август
Истрајноста нека го доврши своето дело за да бидете совршени и потполни, без никаков недостаток (Јак. 1:4)
Израелската војска, која ја предводел судијата Гедеон, водела тешка и исцрпувачка битка со непријателите. Цела ноќ, тој и неговите војници трчале повеќе од 30 километри во потера по Мадијамците и нивните сојузници! Израелците знаеле дека не можат да се откажат од потерата. Затоа Гедеон и неговите војници продолжиле да ги гонат непријателите сѐ додека не ги поразиле во потполност! (Суд. 7:22; 8:4, 10, 28). И ние водиме тешка и исцрпувачка битка против Сатана, неговиот свет и нашата сопствена несовршеност. Некои од нас со години се борат против овие непријатели, и Јехова им помогнал да извојуваат многу победи. Сепак, сѐ уште не сме извојувале конечна победа. Можеби понекогаш сме уморни од постојаната борба или сме разочарани затоа што крајот на овој зол свет сѐ уште не дошол. Самиот Исус предупредил дека во овие последни денови ќе се соочиме со тешки испити и со немилосрдно прогонство. Но, тој исто така рекол дека, ако истраеме, ќе победиме (Лука 21:19; w16.04 2:1-2).
Четврток, 2 август
Му се посветија на апостолското учење, меѓусебно делеа сѐ што имаа (Дела 2:42)
На состаноците ја проучуваме Библијата и учиме како Јехова сака да живееме (Иса. 30:20, 21). Дури и кога некој што не му служи ќе дојде на состанок, на крајот може да рече: „Навистина, Бог е меѓу вас!“ (1. Кор. 14:23-25). Бидејќи Јехова ги води состаноците преку својот свет дух, сите поуки што се изнесуваат на програмата се од Него. Затоа може да се каже дека таму го слушаме гласот на Бог, и ја чувствуваме неговата љубов и грижа. На тој начин стануваме уште поблиски со него. Исус, кој е Глава на собранието, рекол: „Каде што двајца или тројца се собрани во мое име, таму сум и јас меѓу нив“ (Мат. 18:20). Библијата исто така вели дека Христос „оди меѓу“ собранијата (Отк. 1:20 — 2:1). Ова јасно покажува дека лично Јехова и Исус нѐ зајакнуваат на состаноците. Што мислиш, како се чувствува Бог кога гледа дека даваш сѐ од себе за да се зближиш со него и со неговиот Син? (w16.04 3:13-14).
Петок, 3 август
Немој брзо да се навредуваш (Проп. 7:9)
На едно дружење, една сестра се поздравила со двајца браќа, кои ќе ги наречеме Мартин и Филип. Но, Мартин се навредил од начинот на кој таа го поздравила. Кога останале насамо, тој почнал да ја критикува сестрата за она што му го рекла. Тогаш Филип го потсетил дека таа верно му служи на Јехова цели 40 години, и покрај многуте неволји со кои се соочувала. Тој бил уверен дека сестрата немала никаква намера да го навреди. Како реагирал Мартин? Тој рекол: „Во право си“, и решил повеќе да не мисли на она што се случило. Што учиме од ова? Кога некој ќе ни згреши, ние избираме како ќе реагираме. Ако сме полни со љубов, спремно ќе простиме (Изр. 10:12; 1. Пет. 4:8). Јехова многу се радува кога сме спремни да преминеме преку нечии грешки (Изр. 19:11). Затоа, следниот пат кога некој ќе ти згреши со збор или со постапка, прашај се: „Можам ли да преминам преку оваа грешка? Дали навистина треба да правам проблем од тоа?“ (w16.05 1:8-9).
Сабота, 4 август
Бог бидејќи го сака тоа дејствува во вас и за да сакате и за да постапувате (Фил. 2:13)
Кои се тие што ја проповедаат добрата вест за Царството денес? Само Јеховините сведоци! Зошто сме уверени во тоа? Затоа што ние ја проповедаме исправната порака — добрата вест за Царството. Со тоа што одиме кај другите, ние проповедаме на исправен начин. Исто така, го правиме тоа од исправен мотив, односно од љубов кон Јехова и кон луѓето, а не заради финансиска добивка. Нашето дело е од најголеми размери бидејќи проповедаме на сите јазици и на сите народи. Ние ќе продолжиме да го извршуваме ова дело без престан сѐ додека не дојде крајот! Навистина сме восхитени од она што Јеховиниот народ го постигнува со проповедањето во овие последни денови. Но, што ни помага и понатаму да го вршиме ова дело низ целиот свет? Апостол Павле го дал одговорот во денешниот стих. Јехова и понатаму нека ни ја дава потребната сила за да продолжиме ревносно да ја проповедаме добрата вест! (2. Тим. 4:5; w16.05 2:17-18).
Недела, 5 август
Мразете го злото, држете се за доброто (Рим. 12:9)
Бог дозволува сами да одлучиме дали ќе му бидеме послушни. Кога избираме да го слушаме и даваме сѐ од себе да ја вршиме неговата волја, тоа е доказ дека го сакаме и дека имаме желба да го радуваме. Сатана тврди дека Јехова нема право да владее. Но, кога сме му послушни на Бог, ние покажуваме дека сакаме тој да биде наш Владетел. Може да бидеме уверени дека нашиот грижлив Татко цени сѐ што правиме за да му служиме (Јов 2:3-5; Изр. 27:11). Кога настојуваме да си ги контролираме слабостите — иако тоа не е секогаш лесно — покажуваме дека сме му верни на Јехова и дека го поддржуваме како Севишен Владетел. Јехова нѐ поттикнува сесрдно да се трудиме да ги развиеме особините што ги има тој (Кол. 3:12; 2. Пет. 1:5-7). Освен тоа, очекува да правиме сѐ што е во наша моќ за да ги контролираме нашите мисли и чувства (Рим. 8:5). Кога со сето срце се напрегаме да правиме промени и успеваме во тоа, ние сме уште посреќни бидејќи гледаме дека Библијата навистина го менува нашиот живот (w16.05 4:12-13).
Понеделник, 6 август
О Јехова, ти си нашиот Грнчар (Иса. 64:8)
Како вешт грнчар, Јехова добро го знае видот и квалитетот на „глината“ која е во неговите раце (Пс. 103:10-14). Тој нѐ обликува како поединци, земајќи ги предвид нашите лични слабости, ограничувања и степен на духовна зрелост. Самиот Исус покажал каков став има Јехова кон своите несовршени слуги. На пример, да размислиме како тој се справувал со слабостите на своите апостоли, кои понекогаш се расправале околу тоа кој од нив е најголем. Да си бил сведок на тие вжештени расправии, дали ќе си помислел дека апостолите се мека глина која лесно се обликува? Најверојатно не. Сепак, Исус немал негативен став кон нив. Тој продолжил да ги советува љубезно и стрпливо. Бил уверен дека неговите верни апостоли можат да бидат обликувани ако ги слушаат неговите совети и ако се трудат да бидат понизни како него (Мар. 9:33-37; 10:37, 41-45; Лука 22:24-27). Откако Исус воскреснал, апостолите го примиле Божјиот дух и повеќе не им било важно кој од нив е најголем. Наместо тоа, се зафатиле со делото што им го доверил (Дела 5:42; w16.06 1:10).
Вторник, 7 август
Јехова, нашиот Бог, е еден Јехова! (5. Мој. 6:4)
Јехова е единствениот вистински Бог, ниту еден друг бог не му е рамен (2. Сам. 7:22). Според тоа, целта на Мојсеј била да ги потсети Израелците дека треба да му служат само на Јехова. Тие не требало да се поведат по околните народи, кои им служеле на лажни богови и божици. Овие народи верувале дека нивните божества имаат моќ над одредени делови од природата. На пример, Египќаните го обожавале богот на Сонцето, Ра; божицата на небото, Нут; богот на земјата, Геб; богот на реката Нил, Хапи; а обожавале и многу други животни кои ги сметале за свети. Јехова покажал дека е далеку помоќен од овие лажни божества кога им ги нанел десетте неволји на Египќаните. Главно божество на Ханаанците бил Ваал, лажниот бог на плодноста, кој исто така бил обожаван како бог на небото, дождот и бурата. На многу места, луѓето го сметале Ваал за заштитник (4. Мој. 25:3). Израелците никогаш не смееле да заборават дека нивниот Бог — „вистинскиот Бог“, Јехова — е единствен. Нема друг како него (5. Мој. 4:35, 39; w16.06 3:4-5).
Среда, 8 август
Учете ги да држат сѐ што ви заповедав. И еве, јас сум со вас во сите денови до свршетокот на овој поредок (Мат. 28:20)
Исус имал силни причини да покаже доверба во Јехова и во неговиот народ. И ние имаме причини да го сториме тоа. Зошто? Затоа што гледаме како Бог им дава водство на своите слуги во ова време на крајот. Освен тоа, Јеховините сведоци се единствените што ја проповедаат добрата вест низ целиот свет. Исто така, меѓу нив владее вистинско единство, и тие се среќни бидејќи се поучени од Јехова. Тој го претскажал ова, кога рекол: „Еве, моите слуги ќе воскликнуваат од радост во срцето“ (Иса. 65:14). Многу сме радосни затоа што Јехова ни дава водство и ни помага да правиме добри дела. За разлика од нас, луѓето во светот на Сатана не се среќни и немаат никаква надеж за иднината. Мора да му останеме верни на Бог и да го следиме неговото водство (w16.06 4:10-12).
Четврток, 9 август
Бдејте! (Мат. 25:13)
Можеме да извлечеме поука од стражарите кои ги чувале градовите во старо време. Многу од овие градови, меѓу кои бил и Ерусалим, биле опколени со високи ѕидини за непријателите да не можат да влезат во нив. На ѕидините стоеле стражари, кои оттаму имале добра прегледност на околината. Стражари имало и на градските порти. Сите тие морале да бидат будни дење и ноќе, и морале да ги предупредат жителите ако им се заканувала опасност од непријатели (Иса. 62:6). Стражарите знаеле колку е важно да бдеат и внимателно да набљудуваат што се случува околу градот. Во спротивно, многу луѓе можеле да го изгубат животот (Езек. 33:6). Еврејскиот историчар Јосиф Флавиј напишал дека, во 70 год. од н.е., римската војска успеала да ја заземе Кулата Антонија, која била дел од градскиот ѕид, бидејќи стражарите на портите заспале. Оттаму Римјаните влегле во храмот и го запалиле, а потоа го уништиле и остатокот од градот. Тоа било завршница на најголемата неволја што ги снашла Ерусалим и еврејскиот народ (w16.07 2:2, 7-8).
Петок, 10 август
Чувајте се од тие дрски беззаконици за да не ве одвлечат со својата заблуда и да не ја изгубите својата постојаност (2. Пет. 3:17)
Иако имаме многу благослови поради Божјата незаслужена доброта, таа не треба да ни биде изговор за да правиме грев, бидејќи на тој начин би ја злоупотребиле. Меѓу првите христијани имало поединци што се обиделе да ја претворат Божјата незаслужена доброта „во изговор за бесрамни дела“ (Јуда 4). Тие неверни христијани очигледно мислеле дека можат слободно да грешат бидејќи Јехова секогаш ќе им простува. Дури пробувале да ги наведат и сохристијаните да прават гревови заедно со нив. И денес, секој што постапува на ваков начин „го навредува духот на незаслужената доброта“! (Евр. 10:29). И во нашево време Сатана успеал да наведе некои христијани да мислат дека можат слободно да прават грев бидејќи Јехова автоматски ќе им прости и ќе си поминат без казна. На тој начин успеал лукаво да ги измами. Иако е спремен да им прости на грешниците кои се каат, Јехова очекува од нас со сите сили да се бориме против грешните желби (w16.07 3:16-17).
Сабота, 11 август
Секој што ќе се разведе од својата жена, освен поради блуд, и ќе се ожени со друга, прави прељуба (Мат. 19:9)
Сопружниците кои законски се разведуваат без некој од нив да направил прељуба, не се слободни да стапат во брак со друг. Се разбира, во случај на прељуба, изневерениот брачен партнер може да прости ако другиот се кае, исто како што пророкот Осија ѝ простил на својата неверна жена. Слично на овој пророк, и Јехова покажал милост кон Израелците кои направиле духовна прељуба, но се покајале поради тоа (Оси. 3:1-5). Исто така, ако некој знае дека неговиот сопружник го изневерил, а потоа сепак има интимни односи со него, тоа значи дека му простил, и повеќе нема библиска основа за развод. Откако ги кажал зборовите од денешниот стих, Исус ги спомнал и оние што решиле да останат самци. Тој рекол: „Кој може да живее така, нека живее така“ (Мат. 19:10-12). Мнозина одлучуваат да не стапат во брак бидејќи сакаат да му служат на Јехова со неподелено внимание. Тие навистина заслужуваат пофалба! (w16.08 1:15-16).
Недела, 12 август
Вкусете и видете колку е добар Јехова! Среќен е човекот кому тој му е прибежиште! Ништо не им недостига на оние што се бојат од него (Пс. 34:8, 9)
Младите можат да прават многу во службата за Јехова бидејќи имаат сила и добро здравје (Изр. 20:29). Некои млади браќа и сестри што служат во Бетел помагаат во печатењето на Библии и библиски публикации. Многу други учествуваат во изградба и одржување на салите за состаноци. Некои служат како доброволци во акциите за помош при катастрофи. Освен тоа, голем број млади пионери учат друг јазик или се селат на други места за да ја проповедаат добрата вест. Псалмистот напишал: „На оние што го бараат Јехова нема да им недостасува ниедно добро“ (Пс. 34:10). Навистина, Јехова никогаш не ги разочарува оние што ревносно му служат. Кога правиме сѐ што можеме во службата за него, гледаме колку е добар и се чувствуваме неизмерно среќни (w16.08 3:5, 8).
Понеделник, 13 август
Ќе ве спасам и ќе бидете благослов. Не плашете се! Рацете нека ви бидат силни! (Зах. 8:13)
Јехова сака и може да ни помогне. Тој ни го дава својот дух за да нѐ зајакне (1. Лет. 29:12). Многу е важно да го молиме Бог за свет дух за да можеме да му се спротивставиме на Сатана и на овој злобен свет (Пс. 18:39; 1. Кор. 10:13). Благодарни сме и за помошта од Божјата Реч, која била пишувана под водство на светиот дух. Многу ни користат и нашите библиски публикации кои ги добиваме секој месец. Јеховините зборови што пророкот Захарија им ги кажал на Израелците кои повторно го граделе храмот во Ерусалим, можат многу да ни помогнат и нам денес (Зах. 8:9, 13). Јехова нѐ зајакнува и преку поуките што ги добиваме на христијанските состаноци, собири и конгреси, како и на нашите теократски школи. Тие ни помагаат да му служиме на Бог од исправни мотиви, да си поставуваме цели и да ги извршуваме разните христијански одговорности што ги имаме (Пс. 119:33). Дали спремно му дозволуваш на Јехова да ти ги зајакне рацете преку своите поуки? (w16.09 1:10-11).
Вторник, 14 август
Утврдете која е Божјата волја — што е добро, прифатливо и совршено (Рим. 12:2)
Мојсеевиот закон јасно покажувал каков став има Јехова кон облеката. Тој не одобрувал мажите да носат женска облека, а жените да носат машка облека (5. Мој. 22:5). Од ова мерило учиме дека Бог мрази мажите да изгледаат како жени, а жените како мажи, односно да не може да се разликува дали некој е машко или женско. Библиските начела можат да ни помогнат да носиме добри одлуки во врска со изгледот и облекувањето. Тие важат секаде, без оглед на земјата, културата или климатските услови. Не ни треба долг список со прифатлива и неприфатлива облека. Наместо тоа, се водиме според библиските мерила, кои оставаат простор за личен избор (w16.09 3:3-4).
Среда, 15 август
Сите ученици го напуштија и побегнаа (Мар. 14:50)
Размисли за тоа колку искрени и храбри биле оние што ја пишувале Библијата. Многу од древните писатели најчесто ги величале своите водачи и својот народ така што ги запишувале само добрите работи. Но, Јеховините пророци секогаш бестрашно ја кажувале вистината. Тие не ги криеле грешките на својот народ, па дури ни на своите цареви (2. Лет. 16:9, 10; 24:18-22). Освен тоа, ги запишале и сопствените грешки, а зборувале отворено и за слабостите на некои други Божји слуги (2. Сам. 12:1-14). Кога постапуваат во склад со библиските начела, многумина гледаат колку добро влијаат тие врз нивниот живот. Ова ги уверува дека Библијата е од Бог (Пс. 19:7-11). Библиските начела нѐ штитат од лажните учења и обичаи на кои им робуваат луѓето (Пс. 115:3-8). Исто така, Божјата Реч ни помага да се потпираме на Јехова, кој е Семоќен Бог, и ни ветува посреќна иднина. Од друга страна, некои што веруваат во еволуција, всушност, ја сметаат природата за бог и ѝ придаваат божествени особини. Оние што велат дека нема Бог сметаат дека иднината е само во наши раце, но факт е дека луѓето не успеале да ги решат проблемите во светот (Пс. 146:3, 4; w16.09 4:10-11).
Четврток, 16 август
Пуштете ја да доприбира и не вознемирувајте ја (Рут 2:15)
Вооз бил загрижен за тешката ситуација во која се наоѓала Рут како дојденец во туѓа земја. Тој ѝ рекол да остане со девојките кои жнееле на неговите ниви за да не ја вознемируваат момчињата што работеле на полето. Освен тоа, се погрижил да има доволно храна и вода за неа, исто како и за неговите најмени работници. Вооз покажал почит кон оваа сиромашна туѓинка и ја охрабрил со своите зборови (Рут 2:8-10, 13, 14). Вооз бил добар кон Рут не само затоа што таа покажала несебична љубов кон својата свекрва, Ноемина, туку и затоа што почнала да му служи на Јехова. Добрината што Вооз ја покажал кон неа, всушност, била израз на Јеховината лојална љубов кон оваа жена која побарала засолниште под Неговите крилја (Рут 2:12, 20; Изр. 19:17). И ние можеме со својата добрина да им помогнеме на „најразлични луѓе“ да ја дознаат вистината и да сфатат дека Јехова многу ги сака (1. Тим. 2:3, 4; w16.10 1:10-12).
Петок, 17 август
Го барав Јехова, и тој ми одговори, од сите мои стравови ме ослободи (Пс. 34:4)
На сличен начин, и ние можеме да му го излееме своето срце на Јехова, уверени дека тој нѐ слуша и дека ќе ни даде сила да истраеме. Верата уште повеќе ни се зајакнува кога гледаме дека Јехова одговара на нашите молитви и ни го дава она што ни е потребно (1. Јов. 5:14, 15). Освен тоа, бидејќи верата е плод на духот, треба и понатаму да го молиме Бог за свет дух (Лука 11:9, 13). Кога му се молиме на Јехова, не треба да бараме од него само да ни помага. Во нашите молитви треба секој ден да му благодариме и да го фалиме. Тој навистина направил безброј чудесни дела! (Пс. 40:5). Се молиме и за нашите браќа и сестри низ целиот свет. На пример, не ги забораваме „оние што се во окови“. Исто така, се молиме за оние што нѐ предводат. Кога гледаме како Јехова ги услишува нашите молитви, ни се зајакнува верата и уште повеќе се зближуваме со него (Евр. 13:3, 7; w16.10 3:8-9).
Сабота, 18 август
Спасени сте преку верата. И тоа не е ваша заслуга — тоа е Божји дар (Еф. 2:8)
Јеховините слуги денес покажуваат вера во Божјето Царство и му даваат целосна поддршка. Освен тоа, тие се сакаат еден со друг затоа што дозволуваат Божјиот дух да ги води во животот (Гал. 5:22, 23). Благодарение на тоа, низ целиот свет се шири еден духовен рај кој сега има повеќе од осум милиони жители! Сите тие живеат заедно во единство и мир. Тоа е силен доказ за вистинска христијанска вера и љубов! Ова единство не е резултат на човечки напори. Сета заслуга му припаѓа на Бог. Она што го постигнуваме е „на слава на Јехова, како вечен знак што нема да биде уништен“ (Иса. 55:13). Нашиот духовен рај ќе продолжи да се шири и да цвета сѐ додека целата Земја не се наполни со совршени, праведни и среќни луѓе кои вечно ќе го фалат Јеховиното име. Затоа, да продолжиме и понатаму да покажуваме вера во Божјите ветувања! (w16.10 4:18-19).
Недела, 19 август
Некои од вас живеат неуредно (2. Сол. 3:11)
Треба да ги следиме библиските совети што ги добиваме од старешините. Некои поединци во првиот век живееле неуредно. Тие се мешале во она што не ги засега. Иако старешините се обиделе да ги исправат, не сакале да се сменат. Павле објаснил како требало браќата во собранието да постапуваат со таквите. Тој рекол: „Обележете го, не дружете се повеќе со него“. Тие требало да престанат да се дружат со таквото лице, но не требало да го сметаат за непријател (2. Сол. 3:11-15). И денес старешините се обидуваат да помогнат кога некој ги прекршува Божјите мерила. Ако тој одбива да се промени и ако неговото постапување влијае лошо врз собранието, тие можат да решат да одржат предупредувачки говор. На пример, би можеле да преземат ваков чекор кога еден брат или сестра е во врска со некој што не е Јеховин сведок (1. Кор. 7:39). Како ќе реагираш ако старешините одржат таков говор? Ако знаеш за кого станува збор, дали ќе престанеш да се дружиш со него? Така можеш да му помогнеш да си го смени ставот и да сфати дека неговото однесување е неприфатливо за Јехова (w16.11 2:13).
Понеделник, 20 август
Меѓу вас самите ќе се појават луѓе кои ќе изнесуваат искривени учења за да ги повлечат по себе учениците (Дела 20:30)
На Педесетница 33 год. од н.е., неколку илјади Евреи и преобратеници биле помазани со свет дух. Тие станале „избран род, царско свештенство, свет народ, народ кој е Божја сопственост“ (1. Пет. 2:9, 10). Апостолите совесно се грижеле за собранијата сѐ до крајот на својот живот. Сепак, особено по нивната смрт, некои мажи во собранијата почнале да шират лажни учења за да ги одвлечат учениците од вистината. Овие луѓе биле привлечени од филозофиите на Аристотел и Платон, и почнале да ги застапуваат нивните идеи наместо вистината од Божјата Реч (2. Сол. 2:6-8). Мнозина од нив имале одговорни положби во собранијата и служеле како надгледници. На тој начин почнала да се формира свештеничка класа, и покрај тоа што Исус им рекол на своите ученици: „Сите вие сте браќа“ (Мат. 23:8; w16.11 4:8).
Вторник, 21 август
Не дозволувајте гревот и понатаму да царува во вашето смртно тело (Рим. 6:12; Превод Нов свет, ревидирано издание на англиски од 2013)
Можеби во минатото честопати сме правеле лоши работи, без да бидеме свесни како гледа Јехова на нашите постапки. Сме биле „робови на нечистотијата и на беззаконието“, односно „робови на гревот“ (Рим. 6:19, 20). Но, кога сме ја дознале вистината, сме направиле промени во животот, сме му го заветувале својот живот на Бог и сме се крстиле. Библијата вели: „Поради тоа што сте ослободени од гревот, станавте робови на праведноста“ (Рим. 6:17, 18). Сепак, сѐ уште имаме избор — да им се препуштиме на грешните мисли и желби или да ги држиме под контрола. Но, вистинското прашање е што, всушност, сакаме во срцето. Затоа, добро е да се прашаш: „Дали понекогаш им попуштам на погрешните желби или, пак, веднаш ги отфрлам? Дали сум мртов за гревот?“ Ако од срце сме благодарни за незаслужената доброта што ни ја покажува Јехова, ќе правиме сѐ што можеме за да му угодиме (w16.12 1:11-12).
Среда, 22 август
Размислувањето својствено за духот донесува мир (Рим. 8:6)
Еден начин на кој можеме да имаме внатрешен мир е така што ќе се трудиме да бидеме во мир со членовите на семејството и со браќата во собранието. Бидејќи сме несовршени, понекогаш ќе имаме несогласувања со нашите соверници. Кога ќе дојде до вакво нешто, постапуваме во склад со следниов совет на Исус: „Помири се со братот“ (Мат. 5:24). Никогаш да не заборавиме дека и нашиот брат или сестра исто така му служи на Јехова, Богот „кој дава мир“ (Рим. 15:33; 16:20). Ако размислуваме за духовни работи, ќе имаме и мир со нашиот Творец. Таквиот мир е од непроценлива вредност. Пророкот Исаија објаснил: „[Ти, Јехова,] ќе ги чуваш во траен мир оние чие срце е постојано, зашто имаат доверба во тебе“ (Иса. 26:3; Рим. 5:1; w16.12 2:5, 18-19).
Четврток, 23 август
Секогаш радувајте се во Господарот (Фил. 4:4)
Дури и во овие последни денови на Сатановиот зол свет, Јехова го благословува својот народ, кој ужива во духовна благосостојба како никогаш порано! Бог се грижи да добиваме изобилство духовна храна, и многу се радуваме што сме дел од едно меѓународно братство (Иса. 54:13). Во склад со ветувањето што го дал Исус, Јехова уште сега нѐ благословил со прекрасно меѓународно семејство кое се состои од духовни браќа и сестри (Мар. 10:29, 30). Освен тоа, оние што горливо го бараат Бог имаат голем душевен мир, задоволство и среќа (Фил. 4:5-7). Биди уверен дека, откако ќе ја извршиш Божјата волја, ќе го примиш „она што е ветено“ (Евр. 10:35, 36). Затоа, и понатаму да си ја зајакнуваме верата и да даваме сѐ од себе за да му служиме на Јехова, знаејќи дека од него ќе ја добиеме „соодветната награда“! (Кол. 3:23, 24; w16.12 4:17, 20).
Петок, 24 август
Каде што е Јеховиниот дух, таму е слободата (2. Кор. 3:17)
Дали ограничената слобода може да се нарече вистинска слобода? Да, може. Зошто? Затоа што границите можат да нѐ заштитат. На пример, замисли си дека сакаш да возиш со кола до некој подалечен град. Дали ќе се чувствуваш сигурно доколку нема сообраќајни правила и секој сам одлучува колку брзо и на која страна од патот ќе вози? Најверојатно не. За да можеме потполно да уживаме во благословите од вистинската слобода, потребно е таа да има граници. Да го разгледаме примерот на Адам кој ќе ни покаже колку е мудро да ја користиме слободната волја во границите што ни ги поставил Јехова. Адам одлучил да јаде од забранетиот плод и со тоа ги пречекорил границите што му ги поставил Јехова. Бидејќи ја злоупотребил слободната волја, луѓето страдаат веќе илјадници години (Рим. 5:12). Никогаш да не ги заборавиме горките последици од одлуката на Адам. Тоа ќе нѐ поттикне да ја користиме слободната волја на исправен начин и во границите што ни ги поставил Јехова (w17.01 2:6, 8).
Сабота, 25 август
Му велам на секој меѓу вас да не мисли за себе повеќе отколку што треба да мисли (Рим. 12:3)
Пред да прифати нова задача, оној што е скромен ќе се моли во врска со тоа и внимателно ќе размисли дали ќе може да ја извршува. Скромниот човек знае кога треба да каже „не“. Јехова сака скромно да одиме со него (Мих. 6:8). Затоа, кога ќе добиеме нова задача, треба да бараме водство од Јехова и да го молиме да ни помага, исто како што направил Гедеон. Треба длабоко да размислуваме за она што ни го кажува Јехова преку Библијата и неговата организација. Никогаш да не заборавиме дека, што и да правиме во службата за него, не е поради некоја способност што ја имаме, туку затоа што Јехова е понизен и сака да ни помага (Пс. 18:35). Скромното лице нема да мисли за себе „повеќе отколку што треба да мисли“ (w17.01 3:17-18).
Недела, 26 август
Вашиот труд во Господарот не е залуден (1. Кор. 15:58)
Исус бил свесен дека, кога веќе нема да биде на Земјата, други ќе треба да го продолжат делото што тој го започнал. Се разбира, Исус знаел дека неговите ученици се несовршени. Но, имал доверба во нив и им рекол дека ќе прават поголеми дела од неговите (Јован 14:12). Тој им дал добра обука и затоа можеле да ја проповедаат пораката за Царството на поголемо подрачје од него (Кол. 1:23). Откако Исус умрел, Јехова го воскреснал на небото и му дал поголеми задачи. Го поставил на положба која е „далеку над секоја влада и власт и сила и управа“ (Еф. 1:19-21). Ако некои од нас умрат како верни слуги на Јехова пред да дојде Армагедон, ќе бидат воскреснати во праведен нов свет каде што ќе добијат многу задачи во кои ќе уживаат. Освен тоа, и денес сите ние имаме една важна задача — да ја проповедаме добрата вест и да им помагаме на луѓето да станат ученици на Исус. Затоа, без разлика дали сме млади или стари, секој од нас нека биде зафатен во делото на Господарот (w17.01 5:17-18).
Понеделник, 27 август
Јас сум Јехова, јас не се менувам (Мал. 3:6)
Откупнината била платена засекогаш (Евр. 9:24-26). Од Адам сме наследиле смрт, но жртвата на Исус ќе ни донесе вечен живот. Откупнината може да нѐ ослободи од стравот од смртта и од ропството во овој свет кој е под власта на Сатана (Евр. 2:14, 15). Божјите ветувања секогаш се исполнуваат. Исто како што физичките закони се непроменливи, така и Јехова не се менува. Тој никогаш нема да нѐ разочара. Јехова не ни дава само живот. Тој ни ја дава и својата љубов. Во Библијата пишува: „Самите ја запознавме љубовта која Бог ја има кон нас и ѝ поверувавме. Бог е љубов“ (1. Јов. 4:16). Наскоро, целата Земја ќе стане прекрасен рај и секој човек ќе покажува љубов каква што покажува Јехова. Тогаш сите негови слуги на небото и на Земјата ќе речат: „Благослов и слава и мудрост и благодарност и чест и моќ и сила на нашиот Бог во сета вечност! Амин“ (Отк. 7:12; w17.02 2:16-17).
Вторник, 28 август
Да се исчистиме од секоја валканост на телото и духот (2. Кор. 7:1)
Во Стражарска кула од 1 јуни 1973 год. беше поставено прашањето: „Дали може да се крсти некој што не прекинал со пушењето?“ Одговорот беше: „Библиските докази водат до заклучокот дека не може“. Во оваа Стражарска кула беа цитирани некои стихови и беше објаснето зошто секој што нема да престане да пуши треба да биде исклучен (1. Кор. 5:7). Во неа стоеше дека ова строго барање не доаѓа од луѓето, туку „од Бог, кој ни ги кажал своите мерила преку својата пишана Реч“. Една книга за религиите во САД издадена неодамна наведува дека „христијанските верски водачи редовно ги менувале своите учења за да одговараат на ставовите и мислењата што преовладувале меѓу нивните членови или поширокото општество“. Ниту една друга религиозна организација, освен Јеховините сведоци, не била спремна да се држи толку тесно за Божјата Реч, особено кога тоа значело дека на некои нејзини членови ќе им биде многу тешко да ги почитуваат донесените одлуки (w17.02 4:15).
Среда, 29 август
Кој се возвишува, ќе биде понижен, а кој се понизува, ќе биде возвишен (Мат. 23:12)
Понизните старешини не сакаат да се однесуваме со нив како да се славни личности. Поради тоа многу се разликуваат од голем број верски водачи од наше време, како и од верските водачи во времето на Исус. Во врска со нив, Исус рекол: „Го сакаат најдоброто место на гозбите и предните седишта во синагогите и да бидат поздравувани по плоштадите“ (Мат. 23:6, 7). Христијанските старешини се послушни на Исусовите зборови: „Не дозволувајте да ве нарекуваат учители, зашто еден е вашиот учител, а сите вие сте браќа. И никого на земјата не нарекувајте го татко, зашто еден е вашиот Татко — оној што е на небесата. Не дозволувајте ниту да ве нарекуваат водачи, зашто еден е вашиот Водач — Христос. А најголемиот меѓу вас нека ви биде слуга“ (Мат. 23:8-11). Кога старешините во собранијата низ целиот свет се понизни и послушни на она што го кажал Исус, нивните браќа и сестри ги сакаат и ги почитуваат (w17.03 1:14-15).
Четврток, 30 август
Секој ќе го носи својот товар (Гал. 6:5)
Ако сакаме да носиме мудри одлуки, треба да ја користиме Божјата Реч. Нашата одговорност да носиме одлуки не треба да ја префрламе на некој друг. Наместо тоа, секој од нас треба да дознае што е исправно во Божји очи и да избере да го прави тоа. Како би можеле да паднеме во стапица другите да носат одлуки наместо нас? Така што ќе донесеме погрешна одлука поради притисокот од околината (Изр. 1:10, 15). Ние имаме одговорност да ја слушаме нашата совест која е обликувана според Библијата. Ако дозволиме другите да носат одлуки наместо нас, всушност, сме решиле да одиме „по нивниот пат“. Последиците од тоа можат да бидат катастрофални. Апостол Павле ги предупредил Галатите да не дозволуваат другите да носат одлуки наместо нив (Гал. 4:17). Некои од христијаните во Галатија сакале да носат одлуки за другите во собранието со цел браќата да ги следат нив наместо апостолите (w17.03 2:8-10).
Петок, 31 август
Додека уште беше момче, Јосија почна да го бара Богот на Давид, својот прататко, а во дванаесеттата година почна да ги чисти Јуда и Ерусалим од обредните височинки, од обредните диреци (2. Лет. 34:3)
Јосија ревносно се трудел да му угоди на Јехова. Тој можеби научил од својот дедо, цар Манасија, дека Јехова е милостив. Кога Манасија се покајал за своите гревови, Јехова спремно му простил. Ако си млад, можеш да го следиш примерот на Јосија и подобро да го запознаеш Јехова. Како? Така што ќе учиш од постарите во твоето семејство и во собранието. Тие можат да ти раскажат за многуте добри работи што Јехова ги направил за нив. Освен тоа, не заборавај како се чувствувал Јосија откако дознал што пишува во Божјата Реч. Тој имал голема желба да го радува Јехова и затоа веднаш ги направил потребните промени. Додека ја читаш Библијата, можеби ќе се зголеми и твојата решеност уште повеќе да му бидеш послушен на Јехова. Како резултат на тоа, ќе се зајакне твоето пријателство со него и ти ќе бидеш посреќен. А потоа ќе сакаш да им кажуваш и на другите за Јехова (2. Лет. 34:18, 19). Додека ја проучуваш Библијата, можеби ќе сфатиш и како можеш подобро да му служиш на Бог. Ако е така, исто како Јосија, дај сѐ од себе за да ги направиш тие промени (w17.03 3:18-19).