Јули
Недела, 1 јули
Постапи со мене според својот завет (Суд. 11:36)
Ќерката на Јефтај ја жртвувала својата нормална желба за сопруг и за деца со цел да му служи на Јехова. Како можеме и ние да покажеме слична самопожртвуваност? Илјадници млади христијани, и мажи и жени, спремно се жртвуваат така што — барем некое време — не стапуваат во брак или одлучуваат да немаат деца. Зошто? Затоа што сакаат да му служат на Јехова во поголема мера. Освен тоа, голем број постари браќа и сестри го жртвуваат времето што би можеле да го поминуваат со своите деца и внуци за да се посветат на службата за Јехова. Некои од нив учествуваат во градежни проекти или одат на Школата за полновремени објавители за потоа да се преселат во собрание каде што има поголема потреба. Други ја зголемуваат својата служба во месеците кога има некоја посебна акција во службата. Јехова никогаш нема да ги заборави жртвите што овие верни лица со љубов ги прават за него (Евр. 6:10-12). А како е со тебе? Дали си спремен да правиш жртви за да му служиш уште поцелосно на Јехова? (w16.04 1:16-17).
Понеделник, 2 јули
Сите ќе бидат едно стадо со еден пастир (Јован 10:16)
Исус се споредил себеси со пастир, а своите ученици со стадо овци. Размисли за следново: ако две овци се на некој рид, други две се во долината, а една е на некое трето место, дали може да се каже дека тие пет овци сочинуваат едно стадо? Не, затоа што овците во едно стадо обично се заедно и одат по својот пастир. Слично на ова, не можеме да го следиме нашиот Пастир ако намерно се двоиме од стадото. За да бидеме „едно стадо со еден пастир“, ние мора да одиме на состаноците. Тие придонесуваат да бидеме обединети како едно семејство (Пс. 133:1). Некои во собранието биле отфрлени од најблиските како, на пример, од родителите или од родените браќа и сестри. Но, Исус ветил дека ќе им даде духовно семејство кое ќе ги сака и ќе се грижи за нив (Мар. 10:29, 30). Ако редовно одиш на состаноците, би можел да му станеш татко, мајка, брат или сестра на некој таков соверник. Зарем тоа не е силна причина да правиш сѐ што можеш за да присуствуваш на секој состанок? (w16.04 3:9-10).
Вторник, 3 јули
Кога стоите и се молите, простете сѐ што имате против некого, за и вашиот Татко, кој е на небесата, да ви ги прости вам вашите престапи (Мар. 11:25)
Денес го славиме Јехова кога проповедаме, кога му се молиме и кога одиме на состаноци. Сепак, сето тоа би било залудно ако не сме спремни да ги решаваме несогласувањата и да го зачуваме мирот со нашите браќа. Не можеме да бидеме Божји пријатели ако не им простуваме на другите кога ќе ни згрешат (Лука 11:4; Еф. 4:32). Јехова очекува од сите свои слуги спремно да простуваат и да бидат во мир со другите. Затоа, добро е внимателно да размислиме и искрено да се прашаме: „Дали брзо им простувам на моите браќа? Дали се радувам кога сум со нив иако можеби некој од нив ми згрешил?“ Ако совеста ти вели дека би можел да се подобриш во овој поглед, моли го Јехова да ти помогне. Нашиот небесен Татко ќе ги слушне таквите понизни молитви и ќе одговори на нив (1. Јов. 5:14, 15; w16.05 1:6-7).
Среда, 4 јули
Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана (Мат. 24:14)
Колку долго ќе се проповеда? Исус рекол дека добрата вест ќе биде проповедана сѐ додека не дојде крајот. Како Јеховини сведоци, ние истрајно проповедаме во последните денови само благодарение на светиот дух (Дела 1:8; 1. Пет. 4:14). Некои верници кои ги среќаваме во службата тврдат дека нивната црква има свет дух. Но, дали можат да го извршуваат делото што го вршат Јеховините сведоци во овие последни денови? Некои религии се обиделе да проповедаат како нас, но не успеале. Други се спремни да го прават тоа, но само за кратко време. Трети дури и се обидуваат да одат од врата до врата, но не ја проповедаат добрата вест за Царството. Според тоа, јасно е дека не го извршуваат делото што го започнал Исус (w16.05 2:13, 16).
Четврток, 5 јули
Браќа, радувајте се, исправајте се, примајте утеха, еднакво размислувајте, живејте во мир (2. Кор. 13:11)
Апостол Павле им рекол на христијаните: „Треба да ја соблечете старата личност, обликувана според вашиот поранешен начин на живот, која ја расипуваат нејзините измамливи желби, а да се обновувате во силата што го задвижува вашиот ум и да ја облечете новата личност, која е создадена по Божја волја во вистинска праведност и верност“ (Еф. 4:22-24). Изразот „да се обновувате“ укажува на трајно дејство, што значи дека треба постојано да вложуваме напори за да се менуваме и да ја облекуваме „новата личност“. Ова нѐ уверува дека, без разлика колку долго му служиме на Јехова, можеме и понатаму да се подобруваме. Библијата може многу да ни помогне да ги развиваме христијанските особини кои се дел од новата личност (w16.05 4:8-9).
Петок, 6 јули
Кого Јехова го сака, него и го укорува (Изр. 3:12)
Денес живееме во духовен рај, каде што Јехова продолжува да нѐ обликува (Иса. 64:8). Благодарение на духовната благосостојба во која уживаме, ние се чувствуваме безбедно иако сѐ уште сме опкружени со злобни луѓе. Сме го запознале Јехова и ја чувствуваме неговата татковска љубов (Јак. 4:8). Во новиот свет, ќе извлечеме потполна корист од духовниот рај. Тогаш ќе живееме и во дословен рај под власта на Божјето Царство. Во тоа време на обнова, Јехова ќе продолжи да нѐ обликува и да нѐ поучува на начин што сега не можеме ни да го замислиме (Иса. 11:9). Тој ќе ни помогне да стекнеме совршен ум и совршено тело. Така ќе можеме полесно да ја разбереме неговата волја и да ја вршиме во целост. Ако и понатаму му дозволуваме на Јехова да нѐ обликува, ќе му покажеме дека тоа за нас е доказ дека нѐ сака (w16.06 1:8-9).
Сабота, 7 јули
Чуј, Израеле: Јехова, нашиот Бог, е еден Јехова! (5. Мој. 6:4)
Мојсеј ги кажал тие зборови во 1473 год. пр.н.е., кога за последен пат му се обратил на израелскиот народ. Израелците биле собрани на моавските рамници, спремни да ја преминат реката Јордан и да ја заземат Ветената земја (5. Мој. 6:1). Мојсеј ги водел 40 години, и сакал да бидат храбри за да се соочат со тешкотиите што им претстоеле. Тие требало да имаат доверба во својот Бог, Јехова, и верно да му служат. Последните зборови на Мојсеј имале силно влијание врз народот. Откако ги спомнал Десетте заповеди и некои други Божји закони, тој им дал на Израелците едно важно потсетување кое е запишано во 5. Мојсеева 6:4, 5. Евреите знаеле дека Јехова, нивниот Бог, е „еден Јехова“. Верните Израелци му служеле само на еден Бог — Богот на нивните прататковци Авраам, Исак и Јаков (w16.06 3:2-3).
Недела, 8 јули
За тој ден и час никој не знае, ни ангелите на небото ни Синот, туку само Таткото (Мат. 24:36)
Исус ги кажал овие зборови кога бил на Земјата. Се разбира, бидејќи ќе ја поведе војната Армагедон, тој најверојатно сега знае кога ќе дојде крајот (Отк. 19:11-16). Сепак, ние сѐ уште не го знаеме тоа. Затоа е многу важно да бдееме. Јехова одредил кога точно ќе започне големата неволја, и со секој нов ден сме сѐ поблиску до неа. Таа „нема да задоцни“! (Авак. 2:1-3). Зошто сме сигурни во ова? Божјите пророштва секогаш се исполнуваат навреме! Јехова ветил дека ќе ги спаси своите слуги во големата неволја и дека ќе им даде вечен живот во новиот свет. Ние може да бидеме сигурни дека ќе го исполни тоа ветување. Сепак, ако сакаме да го преживееме уништувањето на овој зол свет, мора да бдееме (w16.07 2:4-6).
Понеделник, 9 јули
Петар му рече: Дури и сите други да се поколебаат во верата, јас нема! (Мар. 14:29)
Во една прилика, Петар тврдел дека никогаш нема да го остави својот учител, макар и сите други да го сторат тоа (Мар. 14:27-31, 50). Но, откако Исус бил уапсен, го напуштиле сите апостоли, меѓу кои бил и Петар. Подоцна овој апостол трипати се одрекол од Исус (Мар. 14:53, 54, 66-72). Сепак, на Петар му било многу жал што го сторил тоа. Затоа Јехова му простил и продолжил да го користи во службата. Ако си бил Христов ученик во тоа време и ако си знаел што сторил Петар, дали и понатаму ќе си имал доверба во Јехова? Ако некој денес згреши, дали ќе сфатиш дека Јехова е милостив кон него и дека можеби му дава време да се покае? Сепак, во некои случаи оној што направил тежок грев не се кае и ја отфрла Јеховината милост. Дали тогаш ќе покажеш доверба дека Јехова ќе преземе нешто во вистинско време, и можеби дури и ќе го отстрани тоа лице од собранието? Дали си уверен дека Јехова секогаш го прави она што е исправно и праведно? (w16.06 4:8-9).
Вторник, 10 јули
Самиот наш Господар, Исус Христос, и Бог, нашиот Татко, нека ги утешат вашите срца и нека ве зацврстат (2. Сол. 2:16, 17)
За нас е голем благослов што Јехова нѐ теши секогаш кога сме притиснати од грижи и неволји (Пс. 51:17). Кога христијаните во Солун биле прогонувани, Павле им ги напишал зборовите од денешниот стих. Колку е утешно што знаеме дека, поради својата незаслужена доброта, Јехова нѐ сака и се грижи за нас! Како грешници, ние сме биле во очајна и безнадежна состојба (Пс. 49:7, 8). Но, Јехова ни дал прекрасна надеж. Исус им го ветил следново на своите следбеници: „Волјата на мојот Татко е: секој што го гледа Синот и верува во него да има вечен живот“ (Јован 6:40). Според тоа, благодарение на Јеховината незаслужена доброта, имаме надеж дека ќе живееме засекогаш. Павле рекол: „Се покажа Божјата незаслужена доброта, која им донесува спасение на најразлични луѓе“ (Тит 2:11; w16.07 3:14-15).
Среда, 11 јули
Немојте да постапувате неверно со жената на својата младост (Мал. 2:15)
Неверството во бракот е неприфатливо за Јеховините слуги. Сепак, што ќе се случи ако еден крстен Сведок направи прељуба и се разведе за да стапи во брак со некој друг? Ако не се кае, тој ќе биде исклучен со цел собранието да остане духовно чисто (1. Кор. 5:11-13). За да биде повторно примен, треба да донесе „плодови кои одговараат на покајанието“ (Лука 3:8; 2. Кор. 2:5-10). Иако нема точно одреден период што мора да помине пред некој да биде вратен, таквото неверство — кое ретко се случува меѓу Божјиот народ — е многу сериозно. Можеби ќе треба да поминат една или повеќе години за оној што згрешил да покаже дека навистина се кае, и да биде повторно примен. Како и да е, тој на крајот ќе „положи сметка за себе пред Бог“ (Рим. 14:10-12; w16.08 1:12-13).
Четврток, 12 јули
Ако некој сака да служи како надгледник, тој сака служба вредна за пофалба (1. Тим. 3:1)
Апостол Павле ги пофалил браќата кои сакале да служат како надгледници. Грчкиот глагол кој во овој стих е преведен со „сака да служи“ дословно значи „посегнува“, слично како што некој посегнува со раката за да дофати нешто што е малку подалеку од него. Со тоа што го употребил овој збор, апостол Павле нагласил дека е потребно да вложиме напор за да напредуваме во духовен поглед. На пример, ако еден брат сака да стане слуга-помошник, треба да се труди уште повеќе да ги развие своите христијански особини. А откако ќе биде именуван за слуга-помошник, тој и понатаму вложува труд за да ги исполни условите да стане старешина. Слично на тоа, браќата и сестрите кои сакаат да бидат пионери, да служат во Бетел или да помагаат во изградбата на сали, треба да вложат труд за да ја исполнат својата цел (w16.08 3:3-4).
Петок, 13 јули
Тие се твои слуги и твој народ, кој го откупи со својата голема сила и со својата силна рака (Неем. 1:10)
Замисли си како се чувствувал Неемија кога дошол во Ерусалим. Градот бил незаштитен, а Евреите биле обесхрабрени. Поради заканите од непријателите, тие престанале да го градат ѕидот околу Ерусалим. Дали Неемија се обесхрабрил поради тоа, и дали дозволил да му ослабат рацете? Не! Исто како Мојсеј, Аса и други верни Божји слуги, Неемија секогаш се потпирал на Јехова. И во оваа ситуација тој му се помолил, и Бог го услишил (2. Мој. 17:8-13; 2. Лет. 14:8-13). Јехова ги зајакнал Евреите со својата „силна рака“ и „голема сила“ (Неем. 2:17-20; 6:9). Дали си уверен дека Јехова и денес ги користи својата „силна рака“ и „голема сила“ за да ги зајакне оние што му служат? (w16.09 1:9).
Сабота, 14 јули
Правете сѐ за Божја слава (1. Кор. 10:31)
Еден холандски весник известил како биле облечени некои црковни водачи на еден нивни собир: „Повеќето беа облечени лежерно, особено кога беше жешко“. Но, истиот весник потоа навел дека Јеховините сведоци не се облекуваат така кога присуствуваат на своите конгреси. Јеховините сведоци често добиваат пофалби за начинот на кој се облекуваат. Апостол Павле рекол дека, во однос на облеката, христијаните треба „да бидат скромни и разборити“, како што доликува на Божји слуги (1. Тим. 2:9, 10). Иако тој зборувал за жените, истото мерило важи и за мажите. Нам ни е важно да се облекуваме убаво и пристојно, а тоа му е важно и на Богот на кој му служиме (1. Мој. 3:21). Во Библијата, нашиот Севишен Господар Јехова дал високи мерила за тоа како да се облекуваат неговите слуги. Затоа, кога избираме што ќе носиме, важно е да имаме на ум дека, пред сѐ, со нашиот изглед и облекување треба да му носиме слава на Бог (w16.09 3:1-2).
Недела, 15 јули
Луѓето ги кажуваа зборовите што доаѓаа од Бог така како што ги водеше светиот дух (2. Пет. 1:21)
Еден начин на кој можеш да стекнеш знаење е да проучуваш теми што те интересираат. Некои ги истражуваат библиските пророштва. Други, пак, ги споредуваат библиските извештаи со она што го велат историчарите, научниците или археолозите. Едно многу важно пророштво кое би можел да го проучуваш е запишано во 1. Мојсеева 3:15. Јехова го дал веднаш откако Адам и Ева се побуниле против него и неговото право да владее. Тоа е првото од многуте библиски пророштва кои ни помагаат да разбереме како Божјето Царство ќе стави крај на сето страдање и како ќе докаже дека Бог владее на најдобар начин. Како можеш да го проучуваш овој стих? Би можел да направиш список на клучните библиски стихови кои откривале сѐ повеќе детали во врска со исполнувањето на ова пророштво. Потоа би можел да истражиш кога биле напишани, и да ги подредиш хронолошки. Кога ќе видиш колку складно се поврзани сите тие стихови во една целина, ќе сфатиш дека библиските писатели навистина биле водени од Јеховиниот свет дух (w16.09 4:8).
Понеделник, 16 јули
Кој ти дава предност тебе во однос на некој друг? (1. Кор. 4:7)
Едно време, и апостол Петар имал предрасуди кон луѓето што не биле Евреи. Но, постепено успеал да ги искорени таквите негативни ставови и чувства (Дела 10:28, 34, 35; Гал. 2:11-14). И ние треба со сите сили да се трудиме да ја избришеме секоја трага од предрасуди или расна гордост која можеби пуштила корен во нашето срце (1. Пет. 1:22). Што ќе ни помогне во тоа? Не заборавај дека сите ние сме несовршени, без разлика од која земја потекнуваме, и никој од нас не заслужува да биде спасен (Рим. 3:9, 10, 21-24). Поради тоа, немаме апсолутно никаква причина да мислиме дека сме подобри од некој друг! Треба да имаме ист став како апостол Павле. Тој им рекол на сохристијаните дека повеќе не се „туѓинци и дојденци“, туку дека се дел од Божјето домаќинство (Еф. 2:19). Сите ние мора да дадеме сѐ од себе за да се ослободиме од секоја предрасуда и да ја облечеме новата личност (Кол. 3:10, 11; w16.10 1:9).
Вторник, 17 јули
Внимателно го чита неговиот закон дење и ноќе (Пс. 1:2)
Како Јехова ни помага да си ја зајакнеме верата? Тој ни ја дал Библијата. За да бидеме среќни и успешни, многу е важно да ја читаме секој ден (Пс. 1:1-3; Дела 17:11). Освен тоа, преку „верниот и разборит роб“, Јехова ни обезбедува изобилство од духовна „храна во вистинско време“ (Мат. 24:45). Исто како верните слуги од минатото, и ние треба постојано да размислуваме за ветувањата што ги дал Бог и да живееме според неговите мерила (Евр. 11:1). Сето тоа ќе ни помогне да му останеме верни додека го очекуваме времето кога Царството ќе завладее со целата Земја. Што друго им помагало на Божјите слуги од минатото да си ја зајакнат верата? Тоа што му се молеле на Јехова. Кога гледале како им ги услишува молитвите, нивната вера станувала уште поцврста (Неем. 1:4, 11; Пс. 34:4, 15, 17; Дан. 9:19-21; w16.10 3:7-8).
Среда, 18 јули
Да ја имам и сета вера, така што и планини да преместувам, а љубов немам, ништо не сум (1. Кор. 13:2)
Исус нагласил колку е важна љубовта кон Бог кога рекол дека тоа е „најголемата заповед во Законот“ (Мат. 22:35-40). И верата и љубовта се многу важни особини. Затоа, библиските писатели честопати ги спомнуваат заедно. На пример, Павле ги поттикнал своите браќа да го стават на градите „оклопот на верата и љубовта“ (1. Сол. 5:8). Апостол Јован напишал дека Бог ни заповеда „да веруваме во името на неговиот Син, Исус Христос, и да се сакаме еден со друг“ (1. Јов. 3:23). Сепак, апостол Павле исто така напишал: „Сега остануваат овие три: верата, надежта и љубовта. Но најголема од нив е љубовта“ (1. Кор. 13:13). Во иднина, ќе нема потреба да веруваме во Божјите ветувања за новиот свет бидејќи тие ќе се исполнат, и сите ќе уживаме во благословите за кои зборува Библијата. Но, секогаш ќе треба да го сакаме Бог и нашите ближни. Всушност, нашата љубов кон нив ќе продолжи да расте во сета вечност (w16.10 4:15-17).
Четврток, 19 јули
Собранијата се зацврстуваа во верата (Дела 16:5)
Во првиот век, некои браќа кои биле испратени од водечкото тело ги посетувале собранијата за да им ги пренесат одредбите што ги донесувале „апостолите и старешините во Ерусалим“ (Дела 16:4). Бидејќи христијаните послушно ги следеле тие упатства, собранијата се зацврстувале во верата и растеле од ден на ден. Што треба да правиме кога добиваме упатства од Божјата организација денес? Јеховината Реч нѐ советува сите нас да им бидеме послушни и подложни на оние што предводат (5. Мој. 30:16; Евр. 13:7, 17). Оние што му се верни на Јехова не се бунтуваат ниту, пак, го критикуваат водството што го добиваат. Во Божјата организација нема место за таков дух бидејќи со тоа би се нарушиле мирот и единството меѓу нас. Сигурно не би сакале да бидеме како Диотреф, кој не покажувал никаква почит кон браќата што предводеле (3. Јов. 9, 10). Затоа е добро да се прашаме: „Дали духовно ги изградувам моите соверници? Дали веднаш ги прифаќам и ги применувам упатствата од Божјата организација?“ (w16.11 2:10-11).
Петок, 20 јули
Барајте мир за градот во кој ве испратив во изгнанство (Ерем. 29:7)
Евреите кои им биле послушни на Јеховините зборови воделе речиси нормален живот во Вавилон. Тие имале право самостојно да одлучуваат за многу работи што ги засегале и слободно да патуваат низ земјата. Во тоа време, Вавилон бил средиште на трговијата. Древните документи покажуваат дека, додека биле во ропство, многу Евреи станале вешти трговци и добри занаетчии. Некои дури и се збогатиле. Животот на заробениците во Вавилон не бил толку тежок како животот на Израелците кои биле робови во Египет стотици години пред тоа (2. Мој. 2:23-25). Дали Израелците ќе можеле еден ден повторно да му служат на Бог како што очекувал тој? Во тоа време, ова можеби изгледало невозможно бидејќи Вавилонците никогаш не ги ослободувале заробениците. Сепак, Јехова Бог ветил дека ќе го ослободи својот народ, и навистина го сторил тоа. Тој секогаш си стои на зборот! (Иса. 55:11; w16.11 4:3, 5).
Сабота, 21 јули
Ние умревме за гревот (Рим. 6:2)
Преку откупнината, Бог им ги простил гревовите на Павле и на другите христијани во негово време. Јехова ги помазал со свет дух и ги усвоил како свои синови. Ако останеле верни, тие ќе можеле да живеат на небото и да владеат со Христос. Но, Павле кажал дека се „мртви за гревот“ иако сѐ уште биле живи и му служеле на Бог на Земјата. Тој го објаснил ова така што ја споредил нивната состојба со она што му се случило на Исус. Христос умрел како човек и, откако бил воскреснат како бесмртен дух на небото, смртта повеќе немала власт над него. Слично било и со помазаните христијани. Тие умреле во симболична смисла затоа што престанале да им се покоруваат на своите грешни желби. Со други зборови, биле „мртви“ во однос на својот поранешен начин на живот и давале сѐ од себе за да постапуваат како што сака Јехова. Затоа Павле можел да каже дека тие се „мртви за гревот, а живи за Бог преку Христос Исус“ (Рим. 6:9, 11; w16.12 1:9-10).
Недела, 22 јули
Размислувањето својствено за духот донесува живот и мир (Рим. 8:6)
Ако некој размислува за „она што му е својствено на духот“, тоа не значи дека цело време мисли и зборува само за Јехова и за Библијата, и за ништо друго. Павле и христијаните во првиот век кои верно му служеле на Бог воделе прилично нормален живот. Тие јаделе, пиеле, стапувале во брак, имале деца и работеле за да се издржуваат (Мар. 6:3; 1. Сол. 2:9). Сепак, тие Божји слуги не дозволиле да се преокупираат со секојдневните активности. На пример, знаеме дека Павле се издржувал така што изработувал шатори. Но, работата не му била најважна. На прво место во животот му била службата за Бог. Тој потполно се посветил на проповедањето и поучувањето (Дела 18:2-4; 20:20, 21, 34, 35). Браќата и сестрите во Рим требало да го следат неговиот пример. Истото важи и за нас (Рим. 15:15, 16; w16.12 2:5, 15-16).
Понеделник, 23 јули
Кој е милостив кон сиромавиот, му дава заем на Јехова, и Тој ќе му плати за неговите дела (Изр. 19:17)
Може да бидеме сигурни дека сѐ што правиме за Јехова е скапоцено во негови очи. Тој разбира зошто понекогаш сме несигурни или се сомневаме во своите способности. Сочувствува со нас кога сме оптоварени со грижи околу работата или издршката на семејството. И многу добро знае со какви чувства се бориме ако, поради болест или емоционални проблеми, не можеме да му служиме како порано. Нема никаква причина да се сомневаме дека Јехова многу нѐ цени затоа што му остануваме верни и покрај сите тешкотии низ кои минуваме (Евр. 6:10, 11). Не заборавај дека Јехова „ги слуша молитвите“. Тоа значи дека можеме да му ги изнесеме своите грижи со целосна доверба дека тој нѐ слуша (Пс. 65:2). „Таткото на милосрдноста и Богот на секоја утеха“ ќе ни даде сѐ што ни е потребно за да останеме блиски со него. Понекогаш Јехова го прави тоа преку нашите браќа и сестри (2. Кор. 1:3). Тој се радува кога сме сочувствителни кон другите (Мат. 6:3, 4). Јехова ветува дека ќе нѐ награди за таквите добри дела (w16.12 4:13-14).
Вторник, 24 јули
Каде што е Јеховиниот дух, таму е слободата (2. Кор. 3:17)
Кога дошол на Земјата, Исус одлучил да им се спротивстави на искушенијата од Сатана (Мат. 4:10). Ноќта пред да умре, Исус му кажал на својот татко дека сака да ја врши Неговата волја. Тој рекол: „Татко, ако сакаш, тргни ја оваа чаша од мене! Но нека не биде мојата волја, туку твојата!“ (Лука 22:42). Дали е можно да го следиме примерот на Исус така што ќе ја користиме слободната волја за да го славиме Јехова и да го правиме она што тој го бара од нас? Можно е бидејќи и ние сме создадени според Божјиот лик (1. Мој. 1:26). Сепак, немаме апсолутна слобода како Јехова. Божјата Реч ни открива дека Јехова ја ограничил нашата слобода и дека очекува да ги почитуваме границите што ги поставил. На пример, во семејството, жените треба да им бидат подложни на своите мажи, а децата да ги слушаат своите родители (Еф. 5:22; 6:1; w17.01 2:4-5).
Среда, 25 јули
Му велам на секој меѓу вас да не мисли за себе повеќе отколку што треба да мисли (Рим. 12:3)
Живееме во значајни времиња. Земниот дел од Јеховината организација постојано се зголемува и напредува на многу полиња. Тоа значи дека и понатаму ќе има промени. Некои промени нѐ погодуваат нас лично и можеби не ни е лесно да ги прифатиме. Затоа, треба да бидеме понизни и најважно треба да ни биде делото за Царството, а не нашите желби. Тоа ќе ни помогне да бидеме обединети. На христијаните во Рим, Павле им напишал дека, исто како што секој дел од телото има различна улога, така и секој член на собранието има различна улога (Рим. 12:4, 5). Сите слуги на Јехова сакаат да го поддржуваат делото за Царството и да направат сѐ што ќе се побара од нив. Постарите браќа можат да ги обучуваат помладите. Помладите браќа можат да преземат повеќе одговорности кои ќе ги вршат скромно, покажувајќи почит кон постарите. Жените можат да го следат примерот на Прискила која верно го поддржувала својот маж, Акила, кога нивните околности се промениле (Дела 18:2; w17.01 5:15-16).
Четврток, 26 јули
Јас сум најмал (Суд. 6:15)
Гедеон е одличен пример за скромност. Кога Јехова му дал задача да ги спаси Израелците од Мадијамците, тој рекол: „Мојот род е најслаб во Манасија, а јас сум најмал во куќата на татко ми“ (Суд. 6:15). Сепак, со доверба дека Јехова ќе му помага, Гедеон ја прифатил задачата. Потоа се уверил дека добро разбира што бара Јехова од него и во молитва побарал тој да го води (Суд. 6:36-40). Гедеон бил силен и храбар човек, но исто така бил мудар и претпазлив (Суд. 6:11, 27). Подоцна, кога народот сакал тој да биде владетел, Гедеон не прифатил. Откако ја завршил задачата што му ја дал Јехова, се вратил во својот дом (Суд. 8:22, 23, 29). Ако некој прифати нова задача или сака да прави повеќе во собранието, не значи дека не е скромен. Библијата вели дека е пожелно еден слуга на Јехова да сака да им служи на браќата во поголема мера и да напредува (1. Тим. 4:13-15). Но, дали мора да добиеме нова задача за да напредуваме? Не. Сите ние може постојано да ги подобруваме нашите христијански особини и нашите способности за да можеме уште подобро да му служиме на Јехова и да им помагаме на другите (w17.01 3:15-16).
Петок, 27 јули
Бог го испрати својот единороден Син во светот, за да добиеме живот преку него (1. Јов. 4:9)
Јехова платил висока цена за откупнината (1. Пет. 1:19). Тој толку многу нѐ сака што бил спремен да дозволи неговиот мил Син да умре за нас. Може да се каже дека Исус станал наш татко наместо Адам (1. Кор. 15:45). Освен што ни дал можност да живееме вечно, Исус ни овозможил и да станеме дел од Божјето семејство. Благодарение на откупнината, луѓето ќе станат совршени и Јехова ќе може да ги прими повторно во своето семејство без да ги погази своите закони. Замисли си колку ќе биде убаво кога сите што му се верни на Јехова ќе станат совршени! Конечно, сите суштества обдарени со разум и на небото и на Земјата ќе бидат обединети како едно семејство. Тогаш, сите ќе бидеме Божји деца (Рим. 8:21). Нашата благодарност за откупнината треба да нѐ поттикне да им кажуваме на другите за овој бесценет дар (w17.02 1:17, 19).
Сабота, 28 јули
Кој е верниот и разборит роб? (Мат. 24:45)
Во Стражарска кула од 15 јули 2013 беше објаснето дека „верниот и разборит роб“ е мала група помазани браќа кои го сочинуваат Водечкото тело. Водечкото тело ги носи важните одлуки како група, кога неговите членови се состануваат секоја седмица. Ваквите состаноци им помагаат да имаат добра комуникација и да останат обединети (Изр. 20:18). Ниту еден член на Водечкото тело не е поважен од другите, па затоа секоја година различен брат претседава со ваквите состаноци (1. Пет. 5:1). Истото е случај со сите шест одбори на Водечкото тело. Никој од членовите на Водечкото тело не смета дека е водач на своите браќа. Секој од нив е дел од слугите, и добива духовна храна и го следи водството од верниот роб. Водечкото тело не е вдахновено од Бог ниту, пак, е совршено. Може да се случи погрешно да објасни нешто од Библијата или да донесе погрешна организациска одлука (w17.02 4:10-12).
Недела, 29 јули
Бог не го поштеди ни сопствениот Син, туку го предаде за сите нас (Рим. 8:32)
Еден важен начин на кој сме покажале благодарност за откупнината е така што сме му се заветувале на Јехова и сме се крстиле. Нашето крштавање покажува дека „на Јехова му припаѓаме“ (Рим. 14:8). Сѐ што прави Јехова е поттикнато од љубов, и тој сака сите негови слуги да го следат неговиот пример (1. Јов. 4:8-11). Кога покажуваме љубов кон луѓето, особено кон нашите соверници, докажуваме дека имаме желба да бидеме „синови на [нашиот] Татко кој е на небесата“ (Мат. 5:43-48). Заповедта да го сакаме нашиот ближен доаѓа веднаш по заповедта да го сакаме Јехова (Мат. 22:37-40). Еден важен начин на кој покажуваме љубов кон луѓето е така што ја проповедаме добрата вест за Божјето Царство. Ако сме послушни на Јеховината заповед да ги сакаме другите, нашата љубов кон него ќе биде целосна (1. Јов. 4:20; w17.02 2:13-14).
Понеделник, 30 јули
Ако е Јехова вистинскиот Бог, одете по него, а ако е Ваал, одете по него (1. Цар. 18:21)
Можеби ни се чини дека ова не било тешка одлука затоа што не постои ништо подобро од тоа да му се служи на Јехова. Ниту еден разумен човек не би сакал да му служи на безживотен бог. Но, Израелците не можеле да донесат одлука. Во Библијата пишува дека тие кривеле на две страни. Затоа Илија ги поттикнал да изберат да му служат на вистинскиот Бог, Јехова. Зошто на Израелците им било тешко да донесат мудра одлука? Како прво, тие немале вера во Јехова и не сакале да го слушаат. Не одвојувале доволно време за подобро да го запознаат Бог или за да стекнат мудрост, а немале ни доверба во него. Ако добро го познавале Јехова, ќе можеле да носат мудри одлуки (Пс. 25:12). Како второ, Израелците дозволиле околните народи да влијаат врз нивното размислување. Поради тоа, почнале да ги обожаваат нивните лажни богови. Со години претходно, Јехова ги предупредил Израелците дека можело да се случи такво нешто (2. Мој. 23:2; w17.03 2:6-7).
Вторник, 31 јули
Езекија ја скрши бакарната змија што ја беше направил Мојсеј (2. Цар. 18:4)
Додека размислуваме за примерот на Езекија, можеби ќе сфатиме дека нешто ни го загрозува пријателството со Јехова или ни го одзема времето што би можеле да го користиме за да му служиме. На пример, денес многумина во светот преку социјалните мрежи или други средства за комуникација на Интернет идолизираат славни личности, па дури и луѓе кои воопшто не ги познаваат. Честопати, трошат голем дел од своето време за да читаат за такви лица и да ги разгледуваат нивните фотографии. Се разбира, и ние можеме да комуницираме преку социјалните мрежи со нашето семејство или со блиските пријатели. Но, тие средства за комуникација можат да ни одземат премногу време. Би можеле дури да се возгордееме ако многу луѓе ни потврдуваат дека им се допаѓаат нашите фотографии или коментари што сме ги ставиле на Интернет. Или, можеби ќе се навредиме ако сфатиме дека престанале да ги гледаат. Можеме да се прашаме: „Дали внимавам да не ги идолизирам луѓето? Дали внимавам да не трошам премногу време на работи што не се вистински важни?“ (Еф. 5:15, 16; w17.03 3:14, 17).