ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • es18 стр. 57-67
  • Јуни

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Јуни
  • Секојдневно истражување на Писмото — 2018
  • Поднаслови
  • Петок, 1 јуни
  • Сабота, 2 јуни
  • Недела, 3 јуни
  • Понеделник, 4 јуни
  • Вторник, 5 јуни
  • Среда, 6 јуни
  • Четврток, 7 јуни
  • Петок, 8 јуни
  • Сабота, 9 јуни
  • Недела, 10 јуни
  • Понеделник, 11 јуни
  • Вторник, 12 јуни
  • Среда, 13 јуни
  • Четврток, 14 јуни
  • Петок, 15 јуни
  • Сабота, 16 јуни
  • Недела, 17 јуни
  • Понеделник, 18 јуни
  • Вторник, 19 јуни
  • Среда, 20 јуни
  • Четврток, 21 јуни
  • Петок, 22 јуни
  • Сабота, 23 јуни
  • Недела, 24 јуни
  • Понеделник, 25 јуни
  • Вторник, 26 јуни
  • Среда, 27 јуни
  • Четврток, 28 јуни
  • Петок, 29 јуни
  • Сабота, 30 јуни
Секојдневно истражување на Писмото — 2018
es18 стр. 57-67

Јуни

Петок, 1 јуни

Него ќе го принесам како жртва паленица! (Суд. 11:31)

Бидејќи ќе служела во светиот шатор, ќерката на Јефтај ќе останела без деца. Со други зборови, ќе немало кој да го наследи името и земјата на татко ѝ (Суд. 11:34). И покрај тоа, Јефтај рекол: „Му се заветував на Јехова и не можам да го одречам она што го заветував“ (Суд. 11:35). Јехова ја прифатил таа огромна жртва и го благословил. Дали и ти ќе си бил верен како Јефтај? Кога му го заветувавме својот живот на Јехова, ние му ветивме дека ќе ја вршиме неговата волја без оглед на сѐ. Знаевме дека нема секогаш да биде лесно да го одржиме тоа ветување. Нашата самопожртвуваност е особено ставена на испит кога од нас се очекува да правиме нешто што не сакаме. Сепак, ако ги совладаме нашите чувства и ако спремно го послушаме Бог, покажуваме дека си стоиме на зборот. Без оглед колку големи жртви правиме, Јеховиниот благослов е секогаш поголем (Мал. 3:10; w16.04 1:11, 14-15).

Сабота, 2 јуни

Кој има уво, нека чуе што им вели духот на собранијата (Отк. 2:7)

Исус го користи светиот дух за да ги води собранијата. Светиот дух може да нѐ поттикне да се спротивставиме на искушенијата и смело да проповедаме. Може да ни помогне и да донесуваме мудри одлуки. Затоа мора да даваме сѐ од себе за да одиме на состаноците, каде што добиваме помош од Божјиот свет дух. Таму честопати разгледуваме како се исполниле некои библиски пророштва. Тоа ни помага уште повеќе да се увериме дека ќе се исполни и сето она што Јехова го ветува за иднината. Нашите браќа и сестри нѐ охрабруваат не само кога имаат учество во програмата туку и кога даваат коментари и кога од срце го фалат Јехова во песна (1. Кор. 14:26). Освен тоа, од разговорите што ги водиме со нив пред и по состанокот се чувствуваме освежено затоа што имаме многу пријатели кои вистински нѐ сакаат (1. Кор. 16:17, 18; w16.04 3:6-7).

Недела, 3 јуни

Правете ученици од луѓето од сите народи (Мат. 28:19)

Исус рекол дека неговите следбеници ќе ја проповедаат добрата вест и ќе ги поучуваат луѓето „по целиот свет“ (Мат. 24:14). Тој им дал заповед да им помагаат на луѓето од „сите народи“ да станат негови ученици. Ова значи дека добрата вест требало да се проповеда во секое катче на Земјината топка. Само Јеховините сведоци го исполнуваат ова пророштво на Исус со тоа што проповедаат насекаде во светот. Зошто го велиме ова? Свештенството на христијанските цркви во САД има околу 600.000 членови, но има околу 1.200.000 Сведоци. Во целиот свет има нешто повеќе од 400.000 свештеници во Римокатоличката црква. Но, има повеќе од осум милиони Јеховини сведоци кои ја проповедаат библиската порака во 240 земји. Тие извршуваат навистина извонредно дело со кое му оддаваат чест и слава на Јехова Бог! (Пс. 34:1; 51:15; w16.05 2:13-14).

Понеделник, 4 јуни

Човек што е склон кон гнев, предизвикува караница, и избувливиот човек прави многу престапи (Изр. 29:22)

Многу луѓе сметаат дека имаат право самите да одлучуваат што е добро за нив. Тие се горделиви, себични и сакаат по секоја цена да бидат подобри од другите. Бидејќи им е најважно да ги остварат своите лични интереси, воопшто не им е гајле ако со тоа ги повредуваат другите (1. Мој. 3:1-5). Таквиот себичен став води до расправии. Спротивно на тоа, Исус ги поучувал луѓето да даваат сѐ од себе за да бидат во мир со другите, дури и да им се чини дека тоа ним лично нема да им оди во прилог. Во својата Проповед на гората, тој дал многу добри совети за тоа како да се избегнат или да се решат несогласувањата. На пример, ги поттикнал учениците да бидат љубезни и мирољубиви, да не држат лутина, брзо да ги решаваат меѓусебните проблеми и да ги сакаат своите непријатели (Мат. 5:5, 9, 22, 25, 44; w16.05 1:4-5).

Вторник, 5 јуни

Способен сум да го сакам она што е добро, но не и да го правам она што е добро (Рим. 7:18)

Пред крштавањето мнозина од нас морале да направат големи промени за да почнат да живеат во склад со библиските мерила. Сепак, свесни сме дека мора и понатаму да се менуваме за да бидеме послични на Бог и на Христос (Еф. 5:1, 2; 1. Пет. 2:21). На пример, можеби забележуваме дека постојано ги критикуваме другите, чувствуваме страв од човек, склони сме кон оговарање или имаме некоја друга слабост. Веројатно со години се трудиме да се смениме, но сѐ уште ги правиме истите грешки. Не заборавај, сѐ уште сме несовршени (Кол. 3:9, 10). Затоа, и понатаму грешиме иако можеби сме крстени прилично долго време. Понекогаш ни се појавуваат неисправни желби и чувства, или ни е тешко да контролираме некоја слабост. Всушност, со некои вкоренети слабости можеби ќе мора да се бориме со години (Јак. 3:2; w16.05 4:3-5).

Среда, 6 јуни

Кого Јехова го сака, него и го укорува, го тепа секого кого го признава за син (Евр. 12:6)

Некои луѓе можеби велат: „Почнав вистински да ги ценам советите и исправките што ми ги даваа родителите дури откако самиот станав родител“. Кога ќе стекнеме поголемо искуство во животот, можеби ќе почнеме да гледаме на советите и укорот како што гледа Јехова — како израз на љубов (Евр. 12:5, 11). Токму затоа што нѐ сака како свои деца, тој стрпливо нѐ укорува, односно нѐ обликува. Како наш Татко, Јехова сака да бидеме мудри и среќни, и да му возвратиме со љубов (Изр. 23:15). На Бог не му е мило кога гледа дека страдаме, и не сака да умреме како непокајнички грешници (Еф. 2:2, 3). Можеби порано сме имале многу лоши, па дури и ѕверски особини. Но, откако сме го запознале Јехова, тој нѐ обликувал и ни помагал да се смениме. Како резултат на тоа, сме стекнале убави особини со кои повеќе наликуваме на јагниња (Иса. 11:6-8; Кол. 3:9, 10; w16.06 1:7-8).

Четврток, 7 јуни

Кој ќе се понизи како ова дете, тој е најголем во царството небесно (Мат. 18:4)

Повеќето деца се понизни и спремни да учат (Мат. 18:1-3). Затоа е мудро родителите да им помагаат да ја дознаат и да ја засакаат вистината уште додека се мали (2. Тим. 3:14, 15). Се разбира, за да успеат во тоа, родителите мора најпрво да ја всадат вистината во своето срце, и да ја применуваат во својот живот. Кога родителите го прават ова, и на децата ќе им биде полесно да ја засакаат вистината. Освен тоа, децата ќе сфатат дека советите и исправките што ги добиваат се доказ дека и родителите и Јехова ги сакаат. Ако сме понизни и ако секогаш го слушаме Бог, ќе му бидеме мили исто како пророкот Даниел (Дан. 10:11, 19). Јехова ќе продолжи да нѐ обликува преку својата Реч, својот дух и својата организација (w16.06 2:14, 17).

Петок, 8 јуни

Го најдов Давид, Јесеевиот син, човек по моето срце (Дела 13:22)

Јехова го сакал Давид поради неговите убави особини (1. Сам. 13:13, 14). Но, дури и овој човек направил тежок грев. Извршил прељуба со Витсавеја, додека нејзиниот маж, Урија, бил во војна. Таа останала бремена. Бидејќи сакал да го скрие својот грев, Давид го повикал Урија и го наговарал да си оди дома надевајќи се дека ќе спие со својата жена. На тој начин, другите ќе заклучеле дека бебето е на Урија. Но, тој не сакал да појде дома. Затоа цар Давид наредил да биде убиен во една битка. Царот платил многу висока цена за тие тешки гревови. И тој и неговото семејство биле погодени од многу неволји (2. Сам. 12:9-12). Сепак, Бог покажал милост кон него и му простил. Јехова знаел дека Давид сака да го прави она што е исправно (1. Цар. 9:4). Ако си живеел во тоа време и ако си знаел што сторил Давид, како ќе си реагирал? Дали ќе си престанел да му служиш на Јехова? (w16.06 4:7).

Сабота, 9 јуни

Внимавајте, бидете будни, бидејќи не знаете кога е времето да се случи тоа (Мар. 13:33)

Како Јеховини сведоци, ние обрнуваме внимание на предупредувањето што го дал Исус. Знаеме дека живееме во „времето на крајот“ и дека наскоро ќе започне големата неволја (Дан. 12:4; Мат. 24:21). Токму како што прорекол Исус, Јеховините слуги ја проповедаат добрата вест за Царството по целата Земја. Во исто време, на многу места има војни, болести, земјотреси и глад. Како никогаш порано, светот е преплавен со верски лаги, криминал и насилство (Мат. 24:7, 11, 12, 14; Лука 21:11). Затоа, со нетрпение го очекуваме времето кога Исус ќе дојде и ќе ја исполни намерата на својот Татко (Мар. 13:26, 27). Но, невозможно е точно да одредиме кога ќе започне големата неволја (w16.07 2:2-4).

Недела, 10 јуни

Да пристапиме со слобода на говорот кон престолот на незаслужената доброта (Евр. 4:16)

Благодарение на незаслужената доброта што ни ја покажува Јехова, ние можеме да му се молиме. Можеме во секое време да му се обратиме преку Исус. Тоа е огромна чест! Павле рекол: „Можеме слободно да зборуваме и со доверба да му пристапиме на Бог преку нашата вера во Христос“ (Еф. 3:12). Павле нѐ поттикнал да го молиме „Бог да ни покаже милосрдие и... незаслужена доброта кога ќе ни треба помош“ (Евр. 4:16б). Секогаш кога имаме проблеми или неволји во животот, можеме сесрдно да му се молиме на Јехова. Тој одговара на нашите молитви иако не мора да го стори тоа. Честопати ги користи нашите браќа и сестри за да ни помогне. Бидејќи Бог ни ги услишува молитвите, „исполнети со храброст, можеме да речеме: ’Јехова е мојот помошник, нема да се плашам. Што може да ми направи човек?‘“ (Евр. 13:6; w16.07 3:12-13).

Понеделник, 11 јуни

Сара му беше послушна на Авраам, нарекувајќи го „господар“. А вие сте нејзини ќерки (1. Пет. 3:6)

Ное и неговите три сина имале само по една жена. Но, после Потопот, полигамијата станала вообичаена. Во повеќето култури, сексуалниот неморал бил многу раширен, па дури и станал дел од верските обичаи. Кога го послушале Бог и се преселиле во Ханаан, Авраам и Сара се нашле опкружени со неморални луѓе кои не покажувале никаква почит кон брачното уредување. Јехова одлучил да ги уништи Содом и Гомор бидејќи нивните жители тонеле во тежок сексуален неморал. За разлика од нив, Авраам бил добар семеен поглавар, а Сара дала одличен пример со тоа што се подложувала на неговото поглаварство (1. Пет. 3:3-5). Овој Божји слуга се погрижил неговиот син Исак да си земе жена која верувала во Јехова. Исак го сторил истото за својот син Јаков, од кого потекнуваат 12-те Израелови племиња (w16.08 1:10).

Вторник, 12 јуни

Од малиот ќе стане илјада, и од незначителниот — силен народ (Иса. 60:22)

Ова пророштво се исполнува денес, во времето на крајот. Всушност, во текот на 2015 год., 8.220.105 Јеховини сведоци ја проповедаа добрата вест за Царството по целиот свет. Во врска со порастот на својот народ, Бог рекол: „Јас, Јехова, ќе го забрзам тоа кога ќе дојде време“. Исто како што патниците во едно возило чувствуваат кога тоа забрзува, така и ние чувствуваме дека делото на проповедање зема сѐ поголем замав. Дали даваме сѐ од себе за да ја проповедаме добрата вест и за да ги поучуваме луѓето за вистината? Многу браќа и сестри служат како општи или помошни пионери. Некои се селат на места каде што има поголема потреба од објавители, а други напорно работат во изградбата на сали за состаноци. Сеедно дали сме браќа или сестри, сите можеме да бидеме зафатени во делото на Господарот бидејќи навистина има уште многу работа (1. Кор. 15:58; w16.08 3:1-2).

Среда, 13 јуни

Раката на Јехова не станала прекратка, па да не може да спаси (Иса. 59:1)

Кратко откако Израелците биле ослободени од ропството во Египет, Амаличаните ги нападнале. Мојсеј му рекол на Исус Навин, кој бил храбар човек, да ги поведе Израелците во битка. А потоа Мојсеј, Арон и Ор се качиле на блискиот рид, од каде што можеле да го гледаат бојното поле. Израелците ги победиле Амаличаните бидејќи Мојсеј постапил во склад со упатствата што му ги дал Јехова. Тој го зел стапот на вистинскиот Бог и ги подигнал рацете кон небото. Сѐ додека ги држел кренати, Јехова им помагал на Израелците да надвладуваат, но кога ги спуштал, надвладувале Амаличаните. Кога на Мојсеј му отежнале рацете, Арон и Ор брзо направиле нешто за да му помогнат. Библијата вели: „Зедоа еден камен, го ставија под него и тој седна. А Арон и Ор му ги држеа рацете, едниот од едната, а другиот од другата страна, така што рацете му останаа кренати сѐ до зајдисонце“. Бидејќи моќната Божја рака била со Израелците, тие извојувале победа над Амаличаните (2. Мој. 17:8-13; w16.09 1:5-7).

Четврток, 14 јуни

Кога сакам да го правам она што е добро, злото е во мене (Рим. 7:21)

Павле бил уверен дека може да ја добие битката со себеси ако го моли Јехова за помош и ако покажува вера во откупната жртва на Исус. И ние можеме да ги победиме нашите слабости. Како? Така што ќе се угледаме на Павле, ќе се потпираме целосно на Јехова а не на себеси, и ќе имаме вера во откупнината. Понекогаш Бог дозволува да помине време за да покажеме колку многу ни значи некоја работа. На пример, како ќе реагираме ако ние — или некој од семејството — се соочиме со тешка болест или со некоја неправда? Ако имаме целосна доверба во Јехова, ќе го молиме да ни ја даде потребната сила за да му останеме верни, да не ја изгубиме радоста и да го зачуваме нашиот близок однос со него (Фил. 4:13). Искуствата на многу христијани, и во минатото и денес, јасно покажуваат дека молитвата може да нѐ зајакне и да ни ја зацврсти довербата во Бог за да истраеме во неволјите (w16.09 2:14-15).

Петок, 15 јуни

Евреите што зборуваа грчки почнаа да приговараат против Евреите што зборуваа хебрејски (Дела 6:1)

Додека христијанското собрание растело, се појавил еден проблем. Евреите кои зборувале грчки почнале да се жалат дека со нивните вдовици се постапува неправедно затоа што се запоставени при делењето на храната. За да го решат ова, апостолите избрале седум мажи кои требало да се погрижат никој да не биде запоставен. Овие мажи имале грчки имиња. Тоа покажува дека, по сѐ изгледа, апостолите сакале да ја смират напнатоста што можеби постоела меѓу христијаните кои биле со различно потекло (Дела 6:2-6). Сеедно дали сме свесни или не, сите сме под силно влијание на нашата култура или менталитет (Рим. 12:2). Исто така, понекогаш соседите, колегите или соучениците кажуваат лоши работи за луѓето од друга култура, националност или раса. Колкаво влијание имаат таквите негативни ставови врз нас? Како реагираме кога другите прават шеги за нашата националност или за некое обележје на нашата култура? (w16.10 1:7-8).

Сабота, 16 јуни

Божјите невидливи својства јасно се гледаат и се распознаваат по она што е создадено (Рим. 1:20)

Како разумни суштества, ние мора да го користиме својот ум, а не само своите очи и уши. Кога длабоко размислуваме за сето она што постои во природата, восхитени сме од начинот на кој е создаден живиот свет. Освен тоа, Јеховината организација ни обезбедува изобилство од темелно истражени информации кои можат да ни помогнат да го „видиме“ нашиот Творец со очите на верата (Евр. 11:3, 27). Во нив спаѓаат филмот Чудата на создавањето ја објавуваат Божјата слава, брошурите Дали животот е Божје дело? и Пет важни прашања за потеклото на животот, како и книгата Постои ли Творец кој се грижи за тебе? Освен тоа, во списанието Разбудете се! честопати излегуваат интервјуа со научници и други стручни лица кои објаснуваат зошто почнале да веруваат во Бог. А рубриката „Случајно или создадено?“ содржи информации за некои животни или други работи во природата, како и за начинот на кој научниците се обидуваат да ги копираат нивните својства и механизми (w16.09 4:4-5).

Недела, 17 јуни

Поради својата вера добија сведоштво дека му се по волја на Бог (Евр. 11:39)

Верните слуги на Јехова кои се спомнати во Евреите поглавје 11 умреле пред „потомството“ — Исус Христос — да го отвори патот за небесен живот (Гал. 3:16). Сепак, тие ќе воскреснат и ќе живеат вечно во рајот на Земјата (Пс. 37:11; Иса. 26:19; Оси. 13:14). Во Евреите 11:13 пишува: „Сите овие умреа во вера, а не го добија она што им беше ветено, туку го видоа оддалеку и го поздравија“. Еден од тие Божји слуги бил Авраам. Дали тој си замислувал дека еден ден ќе живее под власта на ветеното „потомство“? Исус дал јасен одговор на ова прашање кога на своите противници им рекол: „Вашиот татко Авраам многу се радуваше на надежта дека ќе го види мојот ден. И го виде и се зарадува“ (Јован 8:56). Истото било случај и со Сара, Исак, Јаков и многу други, кои едвај чекале да дојде времето кога Царството, „чиј градител и творец е Бог“, ќе владее над целата Земја (Евр. 11:8-11; w16.10 3:4-5).

Понеделник, 18 јуни

Молете се во секоја пригода (Еф. 6:18)

Преку својот свет дух, Јехова ни помогнал да ја разбереме вистината за него и за неговиот Син, и да покажуваме вера во нив (Лука 10:21). Треба постојано да му благодариме на Јехова што нѐ привлекол кон себеси преку својот Син, кој е „Главниот Застапник и Усовршител на нашата вера“ (Евр. 12:2). Ќе покажеме дека ја цениме Божјата незаслужена доброта ако и понатаму си ја зајакнуваме верата со тоа што редовно ќе му се молиме и ќе ја проучуваме неговата Реч (1. Пет. 2:2). Ние треба и понатаму да покажуваме со нашите дела дека имаме цврста вера во Јеховините ветувања. Како го правиме тоа? Така што продолжуваме да им проповедаме на луѓето за Божјето Царство и да им помагаме да станат ученици на Исус. Освен тоа, „им правиме добро на сите, а особено на своите браќа по вера“ (Гал. 6:10). Исто така, со сите сили се трудиме да ја соблечеме старата личност и нејзините дела (Кол. 3:5, 8-10; w16.10 4:11-12).

Вторник, 19 јуни

Јехова разборито ги направил небесата (Пс. 136:5)

Јехова навистина ја организирал вселената на неверојатен начин! Според тоа, јасно е дека сака и неговите слуги да бидат добро организирани. Всушност, тој ни ја дал Библијата за да нѐ поучи како да му служиме. Само ако го следиме водството што ни го дава преку својата Реч и организација, ќе имаме среќен и исполнет живот. Израелците се држеле за Законот што им го дал Бог и биле добро организирани. На пример, на влезот од шаторот на средбата имало жени кои служеле на „организиран начин“ (2. Мој. 38:8, фус.). Подоцна, цар Давид ги организирал свештениците и левитите за да ја извршуваат својата служба во храмот (1. Лет. 23:1-6; 24:1-3). Собранијата во првиот век исто така биле организирани. Имало водечко тело, односно група мажи кои им давале упатства. Во почетокот, оваа група се состоела само од апостолите (Дела 6:1-6). Под водство на Јехова, се пишувале писма со совети и упатства за собранијата (1. Тим. 3:1-13; Тит 1:5-9; w16.11 2:3, 6, 8-9).

Среда, 20 јуни

Кој е за заробеништво, во заробеништво! (Ерем. 15:2)

Во 607 год. пр.н.е., цар Навуходоносор II го нападнал Ерусалим со огромна војска. Во врска со крвопролевањето што следело, Библијата вели: „[Навуходоносор] ги погуби со меч нивните младичи во нивното светилиште и не се смилува ни на младич ни на девојка, ни на старец ни на немоќен... И го запали домот на вистинскиот Бог и ги урна ѕидиштата на Ерусалим. Сите утврдени дворци ги изгоре во оган, а и сите скапоцености во нив, и така уништи сѐ“ (2. Лет. 36:17, 19). Евреите не требало да бидат изненадени од уништувањето на Ерусалим. Бог со години праќал пророци за да ги предупреди дека, ако продолжат да го кршат неговиот Закон, ќе ги предаде во рацете на Вавилонците. Тој претскажал дека голем број Евреи ќе бидат убиени, а оние што ќе преживеат ќе бидат одведени како заробеници во Вавилон каде што најверојатно ќе останат до крајот на животот (w16.11 4:1-2).

Четврток, 21 јуни

Преку еден човек гревот влезе во светот (Рим. 5:12)

Сите луѓе наследиле грев и смрт од Адам. Затоа Библијата вели: „Поради престапот на еден човек, смртта царуваше“. Но, Јехова покажал голема незаслужена доброта со тоа што му овозможил на целото човештво да се спаси преку Исус Христос (Рим. 5:12, 15, 17). Павле напишал: „Преку послушноста на [Исус] мнозина ќе станат праведни“. Всушност, благодарение на Божјата незаслужена доброта, луѓето можат „да добијат вечен живот преку Исус Христос“ (Рим. 5:19, 21). Јехова не морал да го испрати Исус на Земјата за да си го даде животот како откупнина. Сепак, Бог покажал голема доброта со тоа што го жртвувал својот Син, и на тој начин се погрижил да нѐ спаси од гревот и смртта. Ниту еден човек не го заслужува она што Јехова и Исус го направиле за нас! Многу сме благодарни што овозможиле да ни бидат простени гревовите и да живееме засекогаш! Затоа, да ја покажуваме нашата благодарност на секое поле од животот (w16.12 1:1, 6-7).

Петок, 22 јуни

Размислувањето својствено за телото донесува непријателство со Бог, бидејќи телото не му се покорува на Божјиот закон (Рим. 8:7)

Павле го дал следново сериозно предупредување: „Размислувањето својствено за телото донесува смрт“ (Рим. 8:6). Што сакал да каже со ова? Ако „живееме според телото“, би можеле да си го уништиме пријателството со Јехова уште сега и би можеле да го изгубиме животот во иднина. Но, не мора да биде така. Можно е да се смениме. Размисли за неморалниот човек од Коринт. Тој живеел според телото и поради тоа морало да биде исклучен. Сепак, подоцна се променил. Престанал да врши неморал, и продолжил да му служи на Јехова на чист и прифатлив начин (2. Кор. 2:6-8). Штом еден толку неморален човек успеал да се смени, сигурно и ние можеме да направиме промени. Дури и ако некој христијанин почнал да им попушта на грешните желби и престанал да се држи за Јеховините мерила, не е сѐ изгубено. Всушност, јасното предупредување што го дал Павле треба да ни помогне на сите нас да ги направиме потребните промени! (w16.12 2:5, 12-13).

Сабота, 23 јуни

Довери му ги на Јехова своите грижи, и тој ќе те поткрепи (Пс. 55:22, фус.)

Утешно е што знаеме дека Јехова ќе ни помага ако му ги довериме своите грижи. Може да бидеме потполно уверени дека тој не само што ќе ни го даде она што го бараме од него туку ќе „направи неизмерно повеќе од сѐ што молиме или што ќе си го замислиме“ (Еф. 3:20). За да ја добиеме наградата, мора да покажуваме непоколеблива вера во Јехова и да бидеме послушни на упатствата што ни ги дава. Мојсеј му рекол на израелскиот народ: „Јехова, твојот Бог, ќе те благослови само ако го слушаш неговиот глас и ако совесно постапуваш според сите овие заповеди што ти ги давам денес. Ќе те благослови Јехова, твојот Бог, како што ти вети“ (5. Мој. 15:4-6). Дали си апсолутно сигурен дека Јехова ќе те благослови ако продолжиш верно да му служиш? Имаш добра причина да бидеш уверен во тоа (w16.12 4:8-9).

Недела, 24 јуни

Јехова те избра да бидеш негов народ, негова најмила сопственост (5. Мој. 7:6)

Јехова имал причина зошто ги избрал токму Израелците за свој народ — сакал да си го одржи ветувањето што му го дал на својот пријател Авраам (1. Мој. 22:15-18). Освен тоа, Бог секогаш ја користи својата слобода во склад со љубовта и правдата. Тоа се гледа и од начинот на кој постапувал со Израелците кои честопати му биле непослушни. Кога искрено се каеле за своите грешки, Јехова им покажувал љубов и милост. Тој рекол: „Јас ќе ја излекувам нивната неверност. Ќе ги сакам со задоволство“ (Оси. 14:4). Јехова ни дава добар пример со тоа што ја користи слободната волја за да им помага на другите. Јехова решил да ги создаде ангелите и луѓето со слободна волја. Исус, кој е „сликата на невидливиот Бог“, бил првиот што го добил тој дар (Кол. 1:15). Како Исус ја користи слободната волја? Уште пред да дојде на Земјата, тој решил да му остане верен на Бог и да не му се придружи на Сатана во побуната (w17.01 2:3-4).

Понеделник, 25 јуни

Бог не е неправеден, па да го заборави вашето дело и љубовта што ја покажавте кон неговото име (Евр. 6:10)

Нашите одговорности може да се сменат поради тоа што ни се смениле околностите, па можеме да правиме повеќе или, пак, треба да правиме помалку. Но, без разлика дали сме помлади или постари, дали добро нѐ служи здравјето или не, Јехова знае како секој од нас го дава најдоброто за него. Тој не очекува од нас повеќе од она што можеме да го направиме. И многу цени сѐ што правиме за него. Исус со задоволство ја извршувал секоја задача што му ја дал Јехова, а тоа можеме да го правиме и ние (Изр. 8:30, 31). Оној што е скромен е задоволен со задачите и одговорностите што ги има во собранието. Тој не се концентрира на она што го прават или постигнуваат другите. Наместо тоа, задоволен е со својата улога во Божјата организација. На неа гледа како на нешто што доаѓа од Јехова. Ако сме скромни, ќе ги почитуваме другите и ќе ги поддржуваме. Ќе сфатиме дека и тие си имаат своја улога што им ја дал Јехова (Рим. 12:10; w17.01 3:13-14).

Вторник, 26 јуни

Како дете со татко, робуваше со мене во ширењето на добрата вест (Фил. 2:22)

Понекогаш, некои помлади браќа добиваат одговорност да ги надгледуваат задачите што ги извршуваат постари и поискусни браќа. Би било мудро помладите да учат од овие постари браќа. Тимотеј со години соработувал со апостол Павле иако бил доста помлад од него. Павле им рекол на Коринќаните: „Ви го испраќам Тимотеј, зашто тој е мое сакано и верно дете во Господарот. Тој ќе ве потсети на начелата за кои се држам додека му служам на Христос Исус“ (1. Кор. 4:17). Од ова јасно се гледа дека Павле и Тимотеј многу добро соработувале и си помагале еден на друг. Павле одвоил време да го поучи Тимотеј за начелата за кои се држел. Тимотеј го применувал она што го учел. Поради тоа, Павле го засакал и бил уверен дека добро ќе се грижи за духовните потреби на браќата и сестрите во Коринт. Старешините можат да го следат примерот на апостол Павле додека ги обучуваат другите браќа за да можат со текот на времето и тие да предводат во собранието (w17.01 5:13-14).

Среда, 27 јуни

Бог ќе ги воскресне и праведните и неправедните (Дела 24:15)

Јехова не сака луѓето да умираат. Бидејќи е „изворот на животот“, тој му станува Татко на секој што ќе воскресне (Пс. 36:9). Затоа е сосема соодветно што Исус, кога ги поучил учениците како да се молат, го нарекол Јехова „Татко наш“ (Мат. 6:9). Јехова му дал на Исус многу важна улога во воскресението на мртвите. Исус рекол: „Јас сум воскресението и животот“ (Јован 6:40, 44; 11:25). Јехова не е пристрасен. Тој не ја покажува својата великодушност само кон мал број луѓе. Исус рекол: „Секој што ја врши Божјата волја... ми е и брат, и сестра, и мајка“ (Мар. 3:35). Бог има намера голем број луѓе од сите народи, племиња и јазици да станат негови слуги. Тие се опишани како „големо мноштво луѓе, кои никој не можеше да ги изброи“. Секој што има вера во откупнината и ја врши Божјата волја има можност да биде дел од тоа големо мноштво кое извикува: „Спасението му го должиме на својот Бог, кој седи на престолот, и на Јагнето!“ (Отк. 7:9, 10; w17.02 2:10-11).

Четврток, 28 јуни

Сеќавајте се на оние што ве предводат (Евр. 13:7)

За да можела библиската порака да стигне до луѓе што зборувале на други јазици, во 1884 год. законски било регистрирано правното тело Zion’s Watch Tower Tract Society, чиј претседател станал Чарлс Расел. Тој внимателно ја истражувал Библијата и храбро им кажувал на другите дека црковните учења, како што се учењето за тројство и учењето за бесмртна душа, не се темелат на Библијата. Сфатил дека враќањето на Христос ќе биде невидливо и дека „одредените времиња на незнабошците“ ќе завршат во 1914 год. (Лука 21:24). Брат Расел ги користел своето време, сили и материјални средства за да ги поучува другите за овие вистини. Нема сомнение дека Јехова и Исус го користеле за да предводи во тој значаен период. Брат Расел не сакал слава од луѓе. Во 1896 год. напишал дека тој и другите мажи на одговорни положби не сакаат да им се укажува никаква посебна чест. Тие не сакале другите да им се обраќаат со посебни титули ниту, пак, некоја група да се нарекува по нивно име. Подоцна, тој рекол: „Ова не е дело на човек“ (w17.02 4:8-9).

Петок, 29 јуни

Мудроста на паметниот човек е во тоа што го разбира својот пат (Изр. 14:8)

Сите ние мора да носиме одлуки во животот. Некои од нив се поважни, а некои не се толку важни. Сепак, многу од нашите одлуки имаат силно влијание врз нас. Ако носиме добри одлуки, ќе имаме помалку проблеми и помирен живот. Но, ако носиме лоши одлуки, може да се соочиме со голем број проблеми и разочарувања. Што ќе ни помогне да носиме мудри одлуки? Треба да имаме вера во Бог, односно доверба дека тој сака да ни помогне и дека ќе ни ја даде потребната мудрост. Освен тоа, треба да имаме доверба во советите што се запишани во неговата Реч (Јак. 1:5-8). Колку поблиски стануваме со Бог и колку повеќе ја сакаме неговата Реч толку повеќе ќе расте нашата доверба дека тој знае што е најдобро за нас. Тогаш, пред да донесеме некоја одлука ќе бараме водство од неговата Реч (w17.03 2:2-3).

Сабота, 30 јуни

Нашите очи се вперени во тебе (2. Лет. 20:12)

Слично на својот татко, Аса, и Јосафат се потпирал на Јехова кога една бројна војска дошла да се бори против царството Јуда (2. Лет. 20:2-4). Јосафат многу се исплашил. Сепак, решил „да го бара Јехова“. Во молитва признал дека не можат да ги победат своите непријатели. Исто така, рекол дека тој и неговиот народ не знаат што да прават. Јосафат воопшто не се сомневал дека Јехова ќе им помогне. Тоа се гледа од неговите зборови кои се запишани во денешниот стих. Како Јосафат, и ние понекогаш не знаеме како да решиме некој проблем, па можеби дури и сме исплашени (2. Кор. 4:8, 9). Но, да не заборавиме што направил Јосафат. Тој застанал пред народот на Јуда, му се помолил на Јехова и признал дека тој и неговите луѓе се чувствуваат беспомошно (2. Лет. 20:5). Како може да го следиме примерот на Јосафат? Ако си семеен поглавар и твоето семејство се соочува со некој проблем, моли го Јехова да ви даде водство и сила да се справите со него. Додека се молиш пред членовите на семејството, немој да се срамиш да признаеш дека си беспомошен и дека не знаеш што да правиш во таа ситуација. Тие ќе сфатат колку голема доверба имаш во Јехова. Тој му помогнал на Јосафат, а ќе ви помогне и вам (w17.03 3:12-13).

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели