Мај
Вторник, 1 мај
Синовите на Амон беа покорени (Суд. 11:33)
Јефтај знаел дека без Божја помош не може да ги ослободи Израелците од Амонците. Затоа му ветил на Јехова дека, ако му помогне да ги победи непријателите, ќе му го даде како „жртва паленица“ првиот што ќе излезе од неговиот дом кога ќе се врати од битката (Суд. 11:30, 31). Што сакал да каже со тоа? Бидејќи на Јехова му е одвратна самата помисла да се жртвуваат луѓе, јасно е дека Јефтај немал никаква намера да направи такво нешто (5. Мој. 18:9, 10). Според Мојсеевиот закон, жртвата паленица била посебен дар што некој целосно му го посветувал на Јехова. Значи, Јефтај сакал да каже дека првиот што ќе му излезе во пресрет ќе биде „жртва паленица“ за Бог во таа смисла што ќе му служи во светиот шатор до крајот на својот живот. Јехова го послушал и му помогнал да извојува голема победа (Суд. 11:32). Кога Јефтај се вратил од битката, првиот кој излегол да го пречека била неговата сакана ќерка — единственото дете што го имал! Дали бил спремен да си го одржи ветувањето? (w16.04 1:11-13).
Среда, 2 мај
Им помагаа на луѓето да ја сфатат смислата на прочитаното (Неем. 8:8)
Пред неколку години, на Собраниското проучување на Библијата повеќето собранија ја разгледуваа книгата Приближи му се на Јехова. Ова проучување на Божјите особини, како и коментарите што од срце ги даваа браќата, сигурно ни ја разгоре љубовта кон нашиот небесен Татко. На состаноците учиме уште повеќе и за Божјата Реч. Во ова особено ни помагаат говорите, приказите и самото читање на Библијата. Состаноците ни помагаат да сфатиме како практично да го применуваме она што го учиме од Библијата (1. Сол. 4:9, 10). На пример, дали некоја статија од Стражарска кула која се обработувала на состанок те поттикнала да ги преиспиташ своите цели, да му простиш на некој соверник или да ги подобриш своите молитви? На состанокот што го имаме во текот на седмицата учиме како да ја проповедаме добрата вест и како да им помагаме на другите да ја разберат библиската вистина (Мат. 28:19, 20; w16.04 3:4-5).
Четврток, 3 мај
Сѐ што беше некогаш напишано, напишано е за наша поука (Рим. 15:4)
Дали некогаш си размислувал за несогласувањата и непријателствата кои се спомнати во Библијата? Уште во првите неколку поглавја од 1. Мојсеева, читаме дека Каин го убил Авел (1. Мој. 4:3-8); Ламех убил еден младич (1. Мој. 4:23); пастирите на Авраам се расправале со пастирите на Лот (1. Мој. 13:5-7); Агара почнала да ја презира Сара, а Сара му се налутила на Авраам (1. Мој. 16:3-6); Исмаел се кревал против секого, и секој се кревал против него (1. Мој. 16:12). Зошто во Библијата се зборува за вакви несогласувања? Бидејќи тоа може да им помогне на несовршените луѓе да разберат нешто многу важно — зошто треба да бидат во мир со другите, и како можат да го постигнат тоа. Божјата Реч содржи извештаи за вистински луѓе кои се бореле со вистински проблеми. Исто така, таа ни открива на кој начин некои од нив ги решавале меѓусебните спорови. Од тоа учиме како треба, а како не треба да постапиме кога ќе се најдеме во слични ситуации (w16.05 1:1-2).
Петок, 4 мај
Кај сите народи најпрво мора да се проповеда добрата вест (Мар. 13:10)
На кој начин проповедале Исус и неговите ученици? Тие оделе секаде каде што имало луѓе. На пример, проповедале на улиците и на пазарите. Но, оделе и кај луѓето дома (Мат. 10:11; Лука 8:1; Дела 5:42; 20:20). Со службата од куќа до куќа можело на организиран начин да им се пренесе добрата вест на најразлични луѓе. А што прават Јеховините сведоци? Тие се единствените што објавуваат дека Исус владее како Цар од 1914 год. Сведоците му се послушни на Исус, и проповедањето им е една од најважните работи во животот. Една писателка вели: „Јеховините сведоци... никогаш не забораваат дека нивната главна задача е да ја пренесат библиската порака дека ќе дојде крај на светот и дека ни треба некој што ќе нѐ спаси“ (Pillars of Faith—American Congregations and Their Partners). Јеховините сведоци и понатаму ја проповедаат таа порака на истиот начин како Исус и неговите ученици (w16.05 2:10, 12).
Сабота, 5 мај
Ќе го пронајдеш знаењето за Бог (Изр. 2:5)
Кога донесуваме одлуки со кои го радуваме Јехова, стануваме уште поблиски со него и го чувствуваме неговиот благослов (Јак. 4:8). Така нашата вера станува уште поцврста. Затоа, да дозволиме да нѐ водат библиските закони и начела, бидејќи тие ни откриваат како размислува Јехова. Се разбира, секогаш ќе можеме да учиме нешто ново за него (Јов 26:14). Сепак, ако вложиме труд, уште сега ќе стекнеме мудрост, знаење и проникливост кои се потребни за да донесуваме добри одлуки (Изр. 2:1-5). Човечките идеи и планови се менуваат, но Јехова никогаш не се менува. Псалмистот рекол: „Одлуките на Јехова остануваат довека, помислите на неговото срце од поколение во поколение“ (Пс. 33:11; Превод Нов свет, ревидирано издание на англиски од 2013). Јасно е дека можеме да донесуваме најдобри одлуки ако нашите мисли и постапки се во склад со размислувањето на нашиот семудар Бог, Јехова (w16.05 3:17).
Недела, 6 мај
Јехова го гледа она што е во срцето (1. Сам. 16:7)
Ние имаме доверба дека Јехова може да ги чита срцата и да ги привлече кон себе оние кои самиот ќе ги избере. Затоа не треба да им судиме на луѓето на кои им сведочиме и на браќата во собранието (Јован 6:44). Тоа што го прифаќаме Јехова како Грнчар влијае врз нашиот став кон соверниците (Иса. 64:8). Тој не ги гледа како готов производ, туку како садови кои сѐ уште ги обликува. Дали и ние ги гледаме така? Јехова знае какви се навистина однатре и знае дека нивната несовршеност е само привремена. Освен тоа, знае во какви скапоцени личности може да ги обликува со своите вешти раце (Пс. 130:3). Ќе се угледаме на Јехова ако и ние имаме позитивен став кон нашите браќа и сестри. Можеме дури и да соработуваме со нашиот Грнчар за да им помагаме духовно да напредуваат (1. Сол. 5:14, 15). Старешините во собранието треба да дадат добар пример во овој поглед (Еф. 4:8, 11-13; w16.06 1:4-6).
Понеделник, 7 мај
Кој мисли дека стои, нека внимава да не падне! (1. Кор. 10:12)
Кога ја проповедаме добрата вест, мора да покажуваме христијански особини, како што се понизноста и плодовите на Божјиот дух (Гал. 5:22, 23). Освен тоа, кога го следиме Христовиот пример, луѓето се привлечени кон нашата порака и можеби ќе го сменат ставот кон нас. На пример, двајца Јеховини сведоци во Австралија се обиделе да ѝ посведочат на врата на една жена, но таа многу се налутила и била груба кон нив. Сепак, тие со почит ја сослушале. Подоцна жената се покајала затоа што постапила така, и напишала писмо до подружницата за да се извини за своето надмено однесување. Таа рекла: „Беше многу глупаво од моја страна што ги одбив на таков начин и што постапив толку лошо со двајца луѓе кои зборуваа за Божјата Реч“. Од ова искуство може да видиме колку е важно да бидеме благи кога проповедаме. Навистина, со службата им помагаме на другите, но таа ни помага и нам да станеме подобри личности (w16.06 2:12-13).
Вторник, 8 мај
Сакај го својот ближен како себеси (Мат. 22:39)
Сите сме наследиле несовршеност од Адам (Рим. 5:12, 19). Затоа, одвреме-навреме некој во собранието може да каже или да направи нешто што ќе нѐ повреди. Ова може да ја стави на испит нашата љубов кон Бог и кон неговиот народ. Како ќе постапиме во таква ситуација? На пример, Илиј бил првосвештеник во Израел, но неговите два сина ги кршеле Божјите заповеди. Библијата вели: „Синовите на Илиј беа никаквеци. Не им беше грижа за Јехова“ (1. Сам. 2:12). Илиј знаел дека неговите синови прават тешки гревови. Сепак, наместо да ги казни, тој само благо ги прекорил. Илиј бил премногу попустлив со нив. Со текот на времето, Јехова ги казнил и него и неговите два сина. Освен тоа, подоцна не им дозволил на неговите потомци да служат како првосвештеници (1. Сам. 3:10-14). Ако си живеел во времето на Илиј и ако си знаел дека тој им допушта на своите синови да прават тешки гревови, дали ќе си се спрепнел поради тоа? Дали ќе ти ослабнела верата и ќе си престанел да му служиш на Јехова? (w16.06 4:5-6).
Среда, 9 мај
Сето ова ќе ви се додаде (Мат. 6:33)
Зошто може да имаме доверба во ветувањето од денешниот стих? Во Матеј 6:32, Исус објаснил: „Вашиот небесен Татко знае дека ви е потребно сето тоа“. Јехова знае подобро од нас што ни е потребно (Фил. 4:19). Тој знае каква облека ќе ни треба, а знае и колку и каква храна ни е потребна. Освен тоа, знае дека ние и нашето семејство имаме потреба од соодветен дом. Јехова сигурно ќе ни го даде она што навистина ни е неопходно! Уверени сме дека тој нема да ни скрати ништо добро ако го правиме тоа што го бара од нас и ако го ставиме неговото Царство на прво место во животот. Бидејќи сфаќаме дека блиското пријателство со Јехова е извор на вистинска среќа, ние сме задоволни кога ги имаме неопходните работи — „храна, облека и покрив над главата“ (1. Тим. 6:6-8; w16.07 1:17-18).
Четврток, 10 мај
Се помиривме со Бог преку смртта на неговиот Син уште додека бевме непријатели (Рим. 5:10)
Поради откупнината, ние може да се помириме со Бог и да станеме негови пријатели. Павле го поврзал ова со Божјата незаслужена доброта, кога им го рекол следново на своите помазани браќа: „Бидејќи сме прогласени за праведни поради верата, да останеме во мир со Бог преку нашиот Господар Исус Христос, преку кого можеме со вера да ѝ пристапиме на оваа незаслужена доброта во која стоиме“ (Рим. 5:1, 2). Колку сме среќни што можеме да бидеме во мир со Јехова! Пророкот Даниел напишал дека во времето на крајот, „оние што се разборити“, односно помазаниците, ќе доведат „мнозина до праведност“ (Дан. 12:3). Со тоа што проповедаат и ги поучуваат другите за Јеховините закони, тие им помогнале на милиони „други овци“ да бидат праведни во Божји очи (Јован 10:16). Ова е можно само благодарение на Јеховината незаслужена доброта (Рим. 3:23, 24; w16.07 3:10-11).
Петок, 11 мај
Си ги земаа за жени сите што ќе ги избереа (1. Мој. 6:2)
Од неприродните врски меѓу жените и непослушните ангели кои се претвориле во луѓе се раѓале синови кои биле насилни џинови наречени нефили. Во тоа време, „лошотијата на човекот на земјата [била] голема“ (1. Мој. 6:1-5). Јехова рекол дека ќе предизвика голем потоп на Земјата за да ги уништи сите зли луѓе. Пред Потопот, луѓето биле толку преокупирани со секојдневните работи, во кои спаѓал и бракот, што не обрнале внимание на предупредувањето кое го објавувал Ное, „проповедникот на праведноста“ (2. Пет. 2:5). Исус го споредил времето на Ное со нашево време (Мат. 24:37-39). Денес, повеќето луѓе не сакаат да ја слушаат добрата вест, која се проповеда по целата Земја пред да дојде крајот на овој свет. Каква поука може да извлечеме од времето на Потопот? Не треба да дозволиме семејните работи, како што се бракот и воспитувањето на децата, да ни станат толку важни што ќе заборавиме дека Јеховиниот ден е близу (w16.08 1:8-9).
Сабота, 12 мај
Преостана малку време. Отсега оние што имаат жени нека бидат како да ги немаат и оние што го користат светот, како да не го користат во потполност (1. Кор. 7:29, 31)
Бидејќи сме на крајот на „последните денови“, живееме во „особено тешки времиња“ (2. Тим. 3:1-5). Блиското пријателство со Јехова може да ни помогне да се спротивставиме на лошите влијанија од овој свет. Се разбира, со зборовите од денешниот стих, Павле не сакал да каже дека брачните другари треба да се запоставуваат еден со друг. Но, бидејќи живееме во времето на крајот, духовните работи треба да ни бидат на прво место (Мат. 6:33). Во овие тешки времиња, многу бракови се распаѓаат. Сепак, ние можеме да имаме среќен брак. Како? Со тоа што ќе останеме блиски со Јехова и со неговиот народ, ќе ги применуваме библиските начела и ќе го следиме водството на светиот дух. Само така ќе го зачуваме она што Бог го составил (Мар. 10:9; w16.08 2:17-18).
Недела, 13 мај
Пасете го Божјето стадо (1. Пет. 5:2)
Бидејќи во собранието има голема потреба од пастири, браќата треба постојано да добиваат обука. Павле му рекол на Тимотеј: „Она што го чу од мене и што го потврдија многу сведоци, довери им го на верни луѓе, кои потоа ќе бидат оспособени да поучуваат други“ (2. Тим. 2:1, 2). Тимотеј научил многу работи од Павле, кој бил старешина и апостол. Меѓу другото, научил како да им помага на своите соверници и се подобрил во службата (2. Тим. 3:10-12). Павле минувал многу време со Тимотеј бидејќи сакал да го обучи на најдобар можен начин (Дела 16:1-5). Старешините можат да го следат примерот на овој апостол со тоа што на некои пастирски посети ќе ги поведат со себе слуга-помошниците кои еден ден можеби ќе станат старешини. Така, слуга-помошниците ќе научат да ги поучуваат другите, да бидат стрпливи, да покажуваат љубов и да се потпираат на Јехова (w16.08 4:16-17).
Понеделник, 14 мај
Нека не ти премалат рацете! (Соф. 3:16)
Во Библијата пишува дека нечии раце може да ослабат или да премалат. Тоа значи дека некое лице може да се обесхрабри или да изгуби надеж (2. Лет. 15:7; Евр. 12:12). Во таква ситуација, можеби ќе сака да се откаже од сѐ. За жал, бидејќи живееме во овој злобен сатански свет, изложени сме на огромен притисок. Поради тоа, некои од нас се измачуваат со чувства на загриженост и страв кои можат да ни ја одземат силата (Изр. 12:25). Дали можеби си тажен затоа што ти починал некој од најмилите? Дали си сериозно болен или, пак, се соочуваш со прогонство? Дали работиш напорно за да го издржуваш семејството, а сепак едвај успевате да врзете крај со крај? На долги патеки, стресот може емоционално да те исцрпи и да ти ја задуши радоста. Сепак, без разлика низ што поминуваш, биди уверен дека Бог е спремен да ти помага (Иса. 41:10, 13; w16.09 1:2, 4).
Вторник, 15 мај
Ќе трчам по патот на твоите заповеди (Пс. 119:32)
Бидејќи сме несовршени, повеќето од нас мора да се борат со неисправни желби. Некои се борат за да задржат позитивен став кон службата. Други се борат со здравствени проблеми или со чувства на осаменост. А на трети им е многу тешко да простат кога некој ќе ги повреди. Сеедно колку долго сме во вистината, сите треба да се бориме против она што може да нѐ спречи да му служиме на Јехова, кој ги наградува верните. Ако и ти се чувствуваш така, моли го Јехова за неговиот дух. Молитвата и светиот дух можат да ти ја дадат потребната сила за да го правиш она што е исправно, и така да го добиеш Божјиот благослов. Биди решен да постапуваш во склад со своите молитви. Труди се да ја читаш Библијата секој ден, и одвојувај време за лично и семејно проучување (Пс. 119:32; w16.09 2:10-11).
Среда, 16 мај
Верата е доказ за она што е вистинско, иако не се гледа (Евр. 11:1)
Некој би можел да ти рече: „Верувам во еволуција бидејќи научниците тврдат дека таа се темели на факти. Како можеш да веруваш во Бог, кога никој не го видел?“ Многу луѓе размислуваат на ваков начин. Точно е дека никој од нас не го видел Бог ниту, пак, гледал како тој создава нешто (Јован 1:18). Но, што може да се каже за оние кои веруваат во еволуција? И тие веруваат во нешто што не можат да го видат. Ниту еден човек, сеедно дали е научник или не, не видел како еден вид живо суштество еволуира во друг вид. На пример, никој не гледал како еден влекач станува цицач (Јов 38:1, 4). Затоа, секој од нас треба да ги испита доказите, внимателно да размисли за нив и да донесе разумни заклучоци. Многу луѓе кои ја набљудуваат природата дошле до заклучок дека постои Бог. Во врска со творештвото, апостол Павле напишал: „[Божјите] невидливи својства, имено неговата вечна моќ и божество, јасно се гледаат уште од создавањето на светот, бидејќи се распознаваат по она што е создадено, па така тие луѓе немаат изговор“ (Рим. 1:20; w16.09 4:4).
Четврток, 17 мај
Не заборавајте ја гостољубивоста (Евр. 13:2)
Јехова со љубов се грижел за доселениците што живееле во Израел. На пример, тие имале право да го доприбираат она што останувало по жетвата (3. Мој. 19:9, 10). Наместо само да им заповеда на Израелците да ги почитуваат дојденците, Јехова ги поттикнал да се сеќаваат како се чувствувале кога и самите биле дојденци во туѓа земја (2. Мој. 23:9). Уште пред да им станат робови, Египќаните не ги сакале затоа што биле поинакви од нив (1. Мој. 43:32; 46:34; 2. Мој. 1:11-14). Иако Израелците воделе тежок живот како дојденци во Египет, Јехова очекувал да покажуваат љубов кон оние што ќе дошле да живеат меѓу нив (3. Мој. 19:33, 34). Јехова не се менува. Тој и денес покажува иста таква грижа кон оние што доаѓаат на состаноци во нашите собранија, а потекнуваат од друга земја или култура (5. Мој. 10:17-19; Мал. 3:5, 6). Размисли за предизвиците со кои се соочуваат тие. На пример, можеби не го разбираат новиот јазик или, пак, се чувствуваат обесправено. Затоа треба да направиме сѐ што можеме за да им покажуваме љубов и да им помагаме (1. Пет. 3:8; w16.10 1:3-5).
Петок, 18 мај
Како што телото без дух е мртво, така и верата без дела е мртва (Јаков 2:26)
Во своето послание, Јаков напишал: „Покажи ми ја својата вера без дела, а јас ќе ти ја покажам својата вера преку своите дела“ (Јак. 2:18). Тој објаснил дека не е доволно само да веруваме. И демоните веруваат дека постои Бог, но немаат вера во него, туку му се противат со сите сили (Јак. 2:19, 20). Од друга страна, во врска со еден верен Божји слуга од минатото, Јаков вели: „Зарем Авраам, нашиот татко, не беше прогласен за праведен поради неговите дела, кога на жртвеникот го принесе својот син Исак? Гледаш дека неговата вера им се придружи на неговите дела, и преку делата му се усоврши верата“ (Јак. 2:21-23). А потоа, за да нагласи колку е важно верата да се поткрепи со дела, тој ги напишал зборовите од денешниот стих (w16.10 4:8).
Сабота, 19 мај
Вечноста им ја ставил на луѓето в срце (Проп. 3:11)
Научниците откриле многу работи за вселената и за нашата планета, и го искористиле тоа за да ни го подобрат животот на разни полиња. Но, не успеале да одговорат на голем број важни прашања. На пример, астрономите не можат да објаснат како настанала вселената ниту, пак, знаат зошто луѓето се на Земјата, која изобилува со најразновиден жив свет. Освен тоа, повеќето не можат да објаснат зошто во нас има силна желба за живот. Зошто луѓето немаат одговор на овие важни прашања? Една причина е тоа што научниците и многу други ја застапуваат теоријата на еволуција и тврдат дека нема Бог. Но, Јехова ни го дава одговорот во својата Реч, Библијата. Јехова воспоставил многу закони во природата, и тие се непроменливи. Електричарите, водоинсталатерите, инженерите, пилотите, хирурзите и други се потпираат на овие закони додека ја извршуваат својата работа (w16.11 2:4-5).
Недела, 20 мај
Преку Бог имаме живот и се движиме и постоиме (Дела 17:28)
Навистина имаме многу причини да му бидеме благодарни на Јехова! Ние му го должиме својот живот бидејќи без него воопшто не би постоеле. Тој ни дал еден скапоцен дар — својата Реч, Библијата. Исто како христијаните од Солун, ние од срце го цениме тој дар бидејќи е порака од него (1. Сол. 2:13). Со помош на Библијата, ние се зближивме со Јехова и тој се зближи со нас (Јак. 4:8). Многу сме благодарни што нашиот небесен Татко ни укажал чест да бидеме дел од неговата организација. Имаме исти чувства како псалмистот, кој напишал: „Благодарете му на Јехова, зашто е добар — зашто неговата лојална љубов трае довека“ (Пс. 136:1, фус.). Во секој стих од тој псалм, овој писател ги повторува зборовите: „Зашто неговата лојална љубов трае довека“. Ако сме му верни на Јехова и ако го следиме водството што го добиваме преку неговата организација, тој ќе ни даде вечен живот и ќе ни биде лојален засекогаш! (w16.11 3:18-19).
Понеделник, 21 мај
Преку еден човек гревот влезе во светот и преку гревот смртта, и така смртта се прошири на сите луѓе, зашто сите згрешија (Рим. 5:12)
Овој стих го има на многу места во книгата Што навистина учи Библијата? Кога ги проучуваме поглавја 3, 5 и 6 со нашите деца или со заинтересираните лица, сигурно го разгледуваме Римјаните 5:12. Можеби го користиме овој стих за да им помогнеме да сфатат зошто Земјата не е рај, зошто ни е потребна откупнината и зошто умираме. Но, колку често го поврзуваме овој стих со нашиот однос со Јехова, со нашите постапки и со нашата надеж за иднината? За жал, сите ние сме несовршени и секој ден грешиме. Но, уверени сме дека Бог е милосрден и си спомнува дека сме прав (Пс. 103:13, 14). Исус нѐ поучил да го молиме Јехова да ни ги прости гревовите (Лука 11:2-4). Затоа, немаме никаква причина да продолжиме да се измачуваме за грешките од минатото кои Бог веќе ни ги простил (w16.12 1:1-3).
Вторник, 22 мај
Оние што живеат според телото, размислуваат за она што му е својствено на телото (Рим. 8:5)
Христијаните во Рим требало да се преиспитаат за што размислуваат. Дали постојано мислеле на телесни работи? И ние денес треба да се преиспитаме што ни е најважно. Што највеќе нѐ интересира? За што постојано зборуваме? Што најмногу сакаме да правиме? Некои можеби ќе увидат дека им е најважно да го уредуваат својот дом, да купуваат облека, да инвестираат пари, да планираат одмори, да пробуваат разни вина итн. Овие работи сами по себе не се погрешни. Тие се составен дел од животот. На пример, на една свадба, самиот Исус претворил вода во вино. Освен тоа, апостол Павле го советувал Тимотеј да пие „по малку вино“ затоа што имал проблеми со здравјето (1. Тим. 5:23; Јован 2:3-11). Но, виното не им било најважното нешто. А како е со нас? Околу што се врти нашиот живот? (w16.12 2:5, 10-11).
Среда, 23 мај
Никогаш нема да те оставам и никогаш нема да те напуштам (Евр. 13:5)
Ова ветување е тесно поврзано со изјавата на Исус во врска со тоа дека на прво место во животот треба да ни бидат Царството и Божјата праведност (Матеј 6:33). Во една прилика, апостол Петар му рекол на Исус: „Ние оставивме сѐ и те следиме. Што ќе добиеме за тоа?“ (Мат. 19:27). Исус не го прекорил што му го поставил ова прашање. Напротив, тој им рекол на учениците дека ќе бидат наградени за жртвите што ги прават. Во иднина, апостолите и други верни Божји слуги ќе владеат заедно со Исус од небото. Но, тој ветил дека ќе бидат благословени уште пред да ја добијат својата небесна награда, кога им рекол: „Секој што оставил куќи или браќа или сестри или татко или мајка или деца или земја заради моето име, ќе добие многу повеќе и ќе наследи вечен живот“ (Мат. 19:29). Денес, сите следбеници на Исус можат во собранието да најдат татковци, мајки, браќа, сестри и деца. Тоа вреди многу повеќе од сите жртви што сме ги направиле за Царството (w16.12 4:4-5).
Четврток, 24 мај
Верата е цврста увереност дека ќе се случи она на кое се надеваме (Евр. 11:1)
Вистинските христијани имаат прекрасна надеж! Сите ние, сеедно дали сме помазаници или припаѓаме на „другите овци“, се надеваме дека ќе видиме како Бог ќе го посвети своето име и како ќе ја исполни намерата што ја имал во почетокот (Јован 10:16; Мат. 6:9, 10). Ова се најважните ветувања кои очекуваме да се исполнат во иднина. Јехова ни ветил и дека ќе нѐ награди со вечен живот на небото или на Земјата (2. Пет. 3:13). Во меѓувреме, очекуваме Божјиот народ и понатаму да ужива во духовна благосостојба. И луѓето во светот на Сатана се надеваат на многу работи, но не се сигурни дали нивните очекувања воопшто ќе се исполнат. На пример, некои се надеваат дека ќе добијат многу пари на лото, но која е веројатноста дека тоа навистина ќе се случи? Од друга страна, вистинската вера е „цврста увереност дека ќе се случи она на кое се надеваме“ (w16.10 3:1-2).
Петок, 25 мај
Служете си еден на друг — секој со дарот што го примил (1. Пет. 4:10)
Јехова љубезно му дал на секого од нас различни дарови, вештини, таленти и способности. Ако сме скромни, ќе ги користиме онака како што сака Јехова (Рим. 12:4-8). Тој очекува да ги користиме нашите дарови за да му носиме слава нему и да им помагаме на другите. Со текот на времето, нашите задачи и одговорности во службата за Јехова може да се сменат. На пример, помисли на многуте промени што ги доживеал Исус. Во почетокот, тој бил сам со својот Татко (Изр. 8:22). Потоа, соработувал со Јехова додека тој ги создавал ангелите, вселената и луѓето (Кол. 1:16). Подоцна, бил испратен на Земјата за најпрво да се роди како беспомошно бебе, а потоа да стане возрасен човек (Фил. 2:7). По својата смрт, Исус повторно се вратил на небото и во 1914 год. станал Цар на Божјето Царство (Евр. 2:9). А во иднина, откако ќе владее илјада години, Исус ќе му го врати Царството на Јехова за „Бог да им биде сѐ на сите“ (1. Кор. 15:28; w17.01 3:11-12).
Сабота, 26 мај
Изберете си денес кому ќе му служите (Ис. Нав. 24:15)
Кога требало да донесе лична одлука во врска со некоја работа, една жена му кажала на својот пријател: „Не ме терај да мислам, кажи ми што да направам. Тоа е полесно“. Оваа жена сакала некој друг да ѝ каже што да прави, наместо да ја користи слободната волја која е скапоцен дар од нашиот Творец. А како гледаш ти на слободната волја? Дали сакаш самиот да донесуваш одлуки или повеќе сакаш другите да ти кажуваат што да правиш? Луѓето имаат различни мислења во врска со слободната волја. Некои тврдат дека не постои слободна волја затоа што, според нив, Бог предодредил како ќе постапуваме. Други сметаат дека не можеме да имаме слободна волја ако немаме апсолутна слобода. Сепак, од Библијата дознаваме дека Јехова нѐ создал со слободна волја, односно способност и право самите да носиме одлуки (w17.01 2:1-2).
Недела, 27 мај
Мојот син Соломон е млад и неискусен. Затоа сега ќе му подготвам сѐ што треба (1. Лет. 22:5)
Давид можеби сметал дека Соломон нема доволно искуство и вештини за да надгледува еден толку важен проект како што бил градењето на Божјиот дом. Тој знаел дека Соломон бил „млад и неискусен“, а храмот требало да биде „посебно величествен“. Но, Давид бил уверен дека Јехова ќе му помогне на Соломон да го заврши овој посебен проект. Затоа, направил сѐ што можел за да го подготви својот син за огромната работа што го чекала. Слично на тоа, постарите браќа денес не треба да се разочараат кога ќе биде потребно да им предадат некои од своите задачи на помладите. Зошто? Затоа што, кога ги обучуваат помладите, постарите браќа придонесуваат да се извршува делото за Царството (w17.01 5:8-9).
Понеделник, 28 мај
Јас ќе ставам непријателство помеѓу тебе и жената, и помеѓу твоето потомство и нејзиното потомство. Тој ќе ти ја смачка главата (1. Мој. 3:15)
Како Цар, Исус ќе го уништи Сатана и ќе ги отстрани сите проблеми што тој ги предизвикал. Додека бил на Земјата, Исус им помогнал на своите ученици да сфатат колку е важно Божјето Царство. Веднаш по своето крштавање, тој почнал насекаде да ја проповеда „добрата вест за Божјето царство“ (Лука 4:43). Освен тоа, пред да се врати на небото, Исус им рекол на своите ученици дека ќе му бидат сведоци „сѐ до крајот на земјата“ (Дела 1:6-8). Денес, преку проповедничкото дело, луѓето низ целиот свет имаат можност да слушнат за откупнината и да станат поданици на Божјето Царство. Ние покажуваме дека сме верни поданици на Царството така што им помагаме на помазаниците да ја проповедаат добрата вест низ целиот свет (Мат. 24:14; 25:40; w17.02 2:7-8).
Вторник, 29 мај
Христос даде некои да бидат апостоли (Еф. 4:11)
Иако водечкото тело имало авторитет во собранието во првиот век, на неговите членови им било јасно дека нивниот Водач е Исус Христос. Апостол Павле рекол дека Христос „е глава“, односно Водач на собранието (Еф. 4:15). Токму затоа, учениците не се нарекле по некој од апостолите, туку „преку божествено провидение“ биле наречени христијани (Дела 11:26). Павле знаел дека било важно да се следат учењата кои апостолите и другите мажи што предводеле ги темелеле на Светото писмо. Сепак, тој рекол: „Но сакам да знаете дека глава на секој маж [вклучувајќи го и секој член на водечкото тело] е Христос... а глава на Христос е Бог“ (1. Кор. 11:2, 3). Очигледно, Јехова одредил неговиот Син, Христос Исус, да го води собранието (w17.02 4:7).
Среда, 30 мај
Старешините, кои ве предводат на добар начин, сметајте ги за достојни за двојна чест (1. Тим. 5:17)
Тоа што им укажуваме почит на другите нѐ чува од себичност и ни помага да останеме понизни кога некој нам ни оддава чест. Ова ни служи и како заштита бидејќи ни помага да не се спрепнеме ако нѐ разочара некој што особено го почитуваме. Друга корист е што на тој начин остануваме обединети со Јеховината организација која не му оддава претерана чест на ниту еден човек, без разлика дали е Божји слуга или, пак, не. Најважно од сѐ, кога на другите им оддаваме чест на исправен начин, го радуваме Бог и му остануваме верни. Јехова тогаш може да му одговори на Сатана, кој тврди дека никој нема да му остане верен (Изр. 27:11). Повеќето луѓе во светот не знаат како и до која мера треба да им оддаваат чест на другите. Ние сме многу благодарни што знаеме како да го правиме тоа на начин што го одредил Јехова! (w17.03 1:13, 20-21).
Четврток, 31 мај
Јосафат го правеше она што е исправно во Јеховини очи (2. Лет. 20:32)
Исто како неговиот татко, Аса, Јосафат го поттикнал народот да продолжи да му служи на Јехова. Тој испратил луѓе во градовите на Јуда за да го поучуваат народот од „книгата на Јеховиниот закон“ (2. Лет. 17:7-10). Јосафат отишол дури до подрачјето на северното царство Израел, кај луѓето во ефремските планини, „за да ги обрати кон Јехова“ (2. Лет. 19:4). Денес, Јехова сака луѓето низ целиот свет да бидат поучени за него, и сите ние можеме да учествуваме во тоа дело. Дали имаш цел секој месец да ги поучуваш луѓето за Библијата и да ги поттикнуваш да му служат на Јехова? Дали се молиш за тоа? Ако дадеш сѐ од себе, Јехова може да ти помогне да започнеш некој библиски курс. Дали си спремен да ја проучуваш Библијата со некого иако ќе мора да жртвуваш дел од своето слободно време? Исто како што Јосафат се трудел да им помогне на другите повторно да му служат на Јехова, и ние можеме да се обидеме да им помогнеме на оние кои станале неактивни (w17.03 3:10-11).