ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • es18 стр. 37-46
  • Април

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Април
  • Секојдневно истражување на Писмото — 2018
  • Поднаслови
  • Недела, 1 април
  • Понеделник, 2 април
  • Вторник, 3 април
  • Среда, 4 април
  • Четврток, 5 април
  • Петок, 6 април
  • Сабота, 7 април
  • Недела, 8 април
  • Понеделник, 9 април
  • Вторник, 10 април
  • Среда, 11 април
  • Четврток, 12 април
  • Петок, 13 април
  • Сабота, 14 април
  • Недела, 15 април
  • Понеделник, 16 април
  • Вторник, 17 април
  • Среда, 18 април
  • Четврток, 19 април
  • Петок, 20 април
  • Сабота, 21 април
  • Недела, 22 април
  • Понеделник, 23 април
  • Вторник, 24 април
  • Среда, 25 април
  • Четврток, 26 април
  • Петок, 27 април
  • Сабота, 28 април
  • Недела, 29 април
  • Понеделник, 30 април
Секојдневно истражување на Писмото — 2018
es18 стр. 37-46

Април

Недела, 1 април

Вас, кои некогаш бевте отуѓени од Бог и му бевте непријатели бидејќи вашите мисли беа насочени кон зли дела, Бог сега ве помири со себе преку Исусовото човечко тело, преку неговата смрт (Кол. 1:21, 22)

Сѐ додека луѓето не покажат вера во жртвата на Исус, Бог ги смета за свои непријатели. Наша одговорност е да им помогнеме да сфатат дека можат да бидат пријатели со својот Творец. Апостол Јован напишал: „Кој верува во Синот, има вечен живот. Кој не му е послушен на Синот, нема да види живот, туку Божјиот гнев останува врз него“ (Јован 3:36). Среќни сме што можеме да бидеме пријатели со Бог благодарение на Христовата откупна жртва (2. Кор. 5:18-20). Ние ги поучуваме луѓето за вистината и им помагаме да станат блиски со Јехова. Ова е важен дел од нашето проповедничко дело (w16.07 4:8-10).

Читање на Библијата за Спомен-свеченоста: (настани до зајдисонце: 14 нисан) Јован 19:1-42

Понеделник, 2 април

Да се свети името твое (Мат. 6:9)

Во својата молитва, Исус најпрво го спомнал посветувањето на Божјето име. Бидејќи Јехова е свет, сите негови постапки, како и законите што ги поставува, се свети. Сепак, во рајската градина Сатана лукаво го оспорил правото на Бог да им поставува заповеди и мерила на луѓето. Тој кажал лаги за Јехова, и со тоа го оцрнил Божјето свето име (1. Мој. 3:1-5). Од друга страна, Исус вистински го сакал Божјето име и направил сѐ што можел за да го посвети (Јован 17:25, 26). Со своите постапки и со она за кое поучувал, Исус им помогнал на другите да сфатат дека мерилата на Јехова се праведни и дека сѐ што бара од нас е за наше добро (Пс. 40:8-10). Со тоа што му останал верен на Бог до смрт, Исус докажал дека е можно еден совршен човек да му биде потполно послушен на Јехова (w17.02 2:2-4).

Читање на Библијата за Спомен-свеченоста: (настани до зајдисонце: 15 нисан) Матеј 27:62-66 (настани по зајдисонце: 16 нисан) Јован 20:1

Вторник, 3 април

На Јагнето нека биде честа и славата (Отк. 5:13)

„Јагнето“ спомнато во Откровение 5:13 е Исус Христос. Од каде го знаеме ова? Кога бил на Земјата, Исус бил наречен „Божјето Јагне, кое го отстранува гревот на светот“ (Јован 1:29). Библијата ни кажува дека Исус е „Цар над царевите и Господар над господарите“ (1. Тим. 6:14-16). Кој друг цар бил спремен да го даде својот живот како откупнина за своите поданици? Ова е силна причина поради која треба да му оддаваме чест. Зарем не се чувствуваш како илјадниците духовни суштества кои на сет глас извикуваат: „Јагнето, кое беше заклано, е достојно да прими моќ и богатство и мудрост и сила и чест и слава и благослов“? (Отк. 5:12). Нашиот живот зависи од тоа дали ќе им оддаваме чест на Јехова и на Христос (Пс. 2:11, 12; Јован 5:23; w17.03 1:3-4).

Читање на Библијата за Спомен-свеченоста: (настани до зајдисонце: 16 нисан) Јован 20:2-18

Среда, 4 април

Ако ме одведете назад, ќе ви бидам поглавар (Суд. 11:9)

Освен што бил храбар воин, Јефтај многу добро го познавал Мојсеевиот закон, како и историјата на израелскиот народ. Затоа му било многу јасно што е исправно, а што погрешно во Божји очи (Суд. 11:12-27). Начелата кои ги содржел Законот влијаеле врз неговото размислување и го обликувале неговото срце. Јефтај знаел дека Јехова не сака неговите слуги да држат лутина, туку дека очекува од нив да си покажуваат љубов. Освен тоа, од Законот научил дека треба спремно да им помага на другите, дури и на оние што го мразат (2. Мој. 23:5; 3. Мој. 19:17, 18). Веројатно му помогнал и примерот на некои верни Божји слуги од минатото, како што бил Јосиф. Јефтај сигурно знаел дека Јосиф покажал милост кон своите браќа иако тие го мразеле (1. Мој. 37:4; 45:4, 5). Ако размислувал за неговиот пример, тоа веројатно му помогнало да постапи како што сакал Бог. Иако бил повреден од начинот на кој неговите браќа постапиле со него, тоа не го спречило да му служи на Јехова и на неговиот народ (Суд. 11:1-3; w16.04 1:8-9).

Четврток, 5 април

Тие се посветија на заедничките собири (Дела 2:42, Радосна Вест)

Јеховините слуги отсекогаш се радувале што можат да се состануваат и меѓусебно да се дружат. На пример, првите христијани сакале да се собираат за да го слават Јехова и да учат за него. Без сомнение, и ти имаш желба редовно да одиш на состаноците. Но, тоа понекогаш не е лесно. Всушност, сите христијани одвреме-навреме наидуваат на пречки. Можеби мора да поминуваме многу време на работа, имаме многу обврски или постојано се чувствуваме уморни. Но, ако ги цениме состаноците, тоа ќе нѐ мотивира да даваме сѐ од себе за да присуствуваме на нив. Се разбира, некои наши браќа и сестри не можат да одат редовно на состаноци затоа што немаат контрола над своите околности. На пример, некои од нив се тешко болни. Старешините можат да им помогнат да ги слушаат состаноците, можеби така што ќе ги поврзат преку телефон или ќе ја снимаат програмата за нив (w16.04 3:3).

Петок, 6 април

Бидете храбри, јас го победив светот! (Јован 16:33)

Примерот на верните Божји слуги може да ни даде мудрост и сила за да истраеме. Размисли за Седрах, Мисах и Авденаго, кои одбиле да му се поклонат на кипот што бил симбол на Вавилонското Царство (Дан. 3:16-18). Овој библиски извештај им влева храброст на многу Сведоци денес да одбијат да го поздрават знамето на земјата во која живеат. Исус не се мешал во политика и не заземал страна во општествените прашања. Тој знаел дека со својот добар пример ќе им помогне на учениците. Затоа ги поттикнал да бидат храбри. Браќата и сестрите во твоето собрание можат да ти помогнат да останеш неутрален. Ако се свесни за предизвикот со кој се соочуваш, тие ќе можат да те охрабрат. Замоли ги да те спомнуваат во молитвите. Но, добро е и самиот да им помагаш на браќата и да се молиш за нив (Мат. 7:12; w16.04 4:16, 18).

Сабота, 7 април

Твојот народ спремно ќе се понуди (Пс. 110:3)

Јеховините сведоци го финансираат своето дело со доброволни прилози. Но, во нивните сали за состаноци и на конгресите никој не е принуден да даде прилог (2. Кор. 9:7). Во 2015 год., Сведоците поминале речиси две милијарди часови во служба на проповедање, и секој месец ја проучувале Библијата со повеќе од девет милиони луѓе. Меѓутоа, тие не добиваат плата за тоа, туку спремно проповедаат на свој трошок. Еден истражувач го рекол следново за делото на Јеховините сведоци: „Нивна главна цел е да проповедаат и да поучуваат“. Тој исто така рекол дека Сведоците немаат платена свештеничка класа. Ако не проповедаме за пари, тогаш од кој мотив го правиме тоа? Ние спремно го вршиме ова дело од љубов кон Јехова и кон луѓето. Ваквиот став на Божјиот народ бил проречен во денешниот стих (w16.05 2:9).

Недела, 8 април

Мудроста одозгора пред сѐ е чиста, потоа мирољубива, разумна, спремна да послуша, полна со милосрдие и со добри плодови (Јак. 3:17)

Не смееме да се изложуваме на никаква забава која може да нѐ наведе да си замислуваме или да посакуваме нечисти и лоши работи. Во својата Реч, Јехова јасно ни кажува што сака и што мрази. Ако го знаеме тоа, ќе нема потреба да ги прашуваме другите кои книги да ги читаме, кои филмови да ги гледаме или какви игри да играме. Понекогаш за една работа можат да се донесат неколку различни одлуки кои би биле прифатливи за Јехова. Сепак, кога треба да донесеме многу важна одлука, можеби ќе биде добро да побараме совет од некој старешина или друг искусен соверник (Тит 2:3-5; Јак. 5:13-15). Се разбира, не треба да очекуваме тие да донесат одлука наместо нас. Напротив, треба внимателно да размислиме за она што го знаеме од Библијата, и потоа самите да одлучиме што ќе правиме (Евр. 5:14). Апостол Павле рекол: „Секој ќе го носи својот товар“ (Гал. 6:5). Со други зборови, секој од нас ќе си понесе одговорност за своите одлуки (w16.05 3:15-16).

Понеделник, 9 април

Бев хулител, прогонител и дрзок човек (1. Тим. 1:13)

Кога ги набљудува луѓето, Јехова не обрнува внимание на нивната надворешност. Напротив, тој го испитува срцето и гледа какви се навистина однатре (1. Сам. 16:7б). Јехова го покажал ова кога го основал христијанското собрание. Тој привлекол кон себе и кон својот Син многу луѓе што некои ги сметале за безвредни или непожелни (Јован 6:44). Еден таков човек бил фарисејот Савле. Но, Јехова го испитал неговото срце и видел дека не е неупотреблива глина (Изр. 17:3). Наместо тоа, сметал дека Савле може да биде обликуван во „избран сад“ кој ќе им проповеда „на незнабошците, и на царевите и на Израеловите синови“ (Дела 9:15). Јехова избрал и други кои можеле да бидат обликувани во садови „за благородна употреба“, меѓу кои имало луѓе што порано вршеле неморал, биле пијаници или крадци (Рим. 9:21; 1. Кор. 6:9-11). Додека ги проучувале светите списи, тие изградиле вера во Бог и дозволиле тој да ги обликува (w16.06 1:4).

Вторник, 10 април

Гледај, како што е глината во рацете на грнчарот така сте вие во мојава рака (Ерем. 18:6)

За да ни помогне да останеме мека глина, Бог ни ја дал својата Реч, христијанското собрание и службата. Како што водата ја омекнува глината, така секојдневното читање и размислување за Библијата ни помагаат да бидеме мека глина која Јехова може да ја обликува. Тој им заповедал на израелските цареви да направат препис од неговиот Закон и да го читаат секој ден (5. Мој. 17:18, 19). Апостолите знаеле дека е неопходно да ги читаат светите списи и да размислуваат за нив за да можат добро да ја извршуваат службата. Во своите посланија, се осврнале на Хебрејските списи стотици пати, а кога им проповедале на луѓето ги поттикнувале и тие да го истражуваат Писмото (Дела 17:11). Слично на нив, и ние сфаќаме колку е важно секојдневно да ја читаме Божјата Реч и да размислуваме за неа (1. Тим. 4:15). Ова ни помага да останеме понизни, и така Јехова може полесно да нѐ обликува (w16.06 2:10).

Среда, 11 април

По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг (Јован 13:35)

Во нашево време, Јеховините слуги покажувале ваква љубов дури и кога во светот беснееле крвави војни. На пример, само во Втората светска војна загинале околу 55 милиони луѓе. Но, во таа војна, Божјите слуги не убиле ниту еден човек (Мих. 4:1, 3). Ова им помогнало да останат чисти „од крвта на сите“ (Дела 20:26). Јеховиниот народ продолжува да расте иако живее во еден непријателски свет кој е под власта на Сатана. Во Библијата, овој моќен непријател е наречен „богот на овој свет“ (2. Кор. 4:4). Сатана има контрола над политичките организации и над средствата за јавно информирање, и ги користи за да го запре проповедничкото дело. Но, тоа нема да му успее. Бидејќи знае дека му преостанува уште кратко време, Сатана се обидува на најразлични начини да ги спречи луѓето да му служат на Јехова (Отк. 12:12; w16.06 4:3-4).

Четврток, 12 април

Гледајте ги полските кринови (Мат. 6:28)

Со овие зборови, Исус ни го свртува вниманието кон Јеховините творби. Кога ги спомнал полските кринови, тој веројатно мислел на цвеќињата како што се гладиолите, зумбулите, перуниките и лалињата. Можеме многу да научиме од нив. Иако ниту ткаат ниту шијат, тие се толку убави што Исус рекол: „Ни Соломон, во сета своја слава, не беше облечен како еден од нив“! Размисли и за она што го кажал потоа: „Ако Бог така го облекува полското билје... нема ли многу повеќе да ве облече вас, маловерни?“ (Мат. 6:29, 30). Воопшто не треба да се сомневаме во тоа! Но, учениците на Исус немале доволно вера (Мат. 8:26; 14:31; 16:8; 17:20). Тие требало да ја зајакнат својата доверба во Јехова. А како е со нас? Дали ние сме цврсто уверени дека тој сака и може да се грижи за нас? (w16.07 1:15-16).

Петок, 13 април

Служете си еден на друг — секој со дарот што го примил — како добри управители на Божјата незаслужена доброта (1. Пет. 4:10)

Сеедно со какви неволји ќе се соочиме во животот, Јехова ќе ни даде сѐ што ни е потребно за да се справиме со нив (1. Пет. 1:6). Со други зборови, нема тешкотија со која не можеме да излеземе на крај со помош на Божјата незаслужена доброта. Бидејќи Јехова ни покажува незаслужена доброта на разни начини, имаме многу благослови. Еден од нив е тоа што можеме да добиеме простување на гревовите. Поради својата незаслужена доброта, Јехова ги простува нашите гревови. Сепак, го прави тоа само ако вистински се каеме и ако продолжуваме да се бориме против нашите грешни желби (1. Јов. 1:8, 9). Божјата милост треба да нѐ исполни со благодарност и да нѐ поттикне да го славиме. Апостол Павле го напишал следново: „[Јехова] нѐ избави од власта на темнината и нѐ пренесе во царството на својот сакан Син, преку кого сме ослободени со откупнина — простени ни се гревовите“ (Кол. 1:13, 14). Бидејќи Јехова ни ги простува гревовите, можеме да добиеме и многу други прекрасни благослови (w16.07 3:7-9).

Сабота, 14 април

Тој ќе ти ја смачка главата (1. Мој. 3:15)

И покрај побуната во рајската градина, Јехова им дал надеж на луѓето кога го кажал првото пророштво запишано во Библијата. Тој открил дека ќе испрати „потомство“ кое ќе го „смачка“ Ѓаволот и ќе им овозможи на послушните луѓе да го добијат она што го изгубил првиот брачен пар — вечен живот на Земјата во склад со намерата што Бог ја имал во почетокот (Јован 3:16). Побуната на Адам и Ева донела лоши последици за нивниот брак, но и за сите други бракови кои биле склучени потоа. На пример, Ева раѓала деца во болка, а и сите други жени по неа. Освен тоа, жените имаат преголема потреба од љубовта и вниманието на своите мажи. Тие, пак, господарат над своите жени, па дури и ги малтретираат, како што е случај во многу бракови денес (1. Мој. 3:16). Јехова очекува сопрузите да бидат грижливи семејни поглавари, а сопругите да им бидат подложни (Еф. 5:33). Кога соработуваат заедно како тим, христијанските сопружници можат да решат многу проблеми (w16.08 1:6-7).

Недела, 15 април

Како знаеш, жено, дека нема да си го спасиш мажот? Или како знаеш, мажу, дека нема да си ја спасиш жената? (1. Кор. 7:16)

Во некои случаи, христијанинот можеби е во брак со некој што не му служи на Јехова. Библијата дава добри причини зошто и таквите брачни парови треба да останат заедно (1. Кор. 7:12-14). Таа вели дека сопружникот кој не е верник е „посветен“ бидејќи е во брак со Божји слуга. И нивните малолетни деца се сметаат за „свети“ и ја имаат Јеховината заштита. Речиси во секое собрание на Јеховините сведоци има браќа и сестри кои им помогнале на своите сопружници да станат Божји слуги. Апостол Петар ги советувал христијанките да им бидат подложни на своите сопрузи. Зошто? Петар објаснил: „За да ги придобиете без збор, со своето однесување, оние што не ѝ се послушни на Божјата реч, кога ќе ги видат вашето чисто однесување и длабоката почит“ (1. Пет. 3:1-4; w16.08 2:14-15).

Понеделник, 16 април

Сакајте се еден со друг силно и од срце (1. Пет. 1:22)

Јехова сака неговите слуги да си покажуваат „братска љубов“ и да си служат еден на друг (Лука 22:24-27). Библијата ни открива дека Исус жртвувал сѐ, па дури и својот живот, за да им служи на другите (Мат. 20:28). Дорка постојано правела добри дела и им помагала на сиромасите (Дела 9:36, 39). Марија, сестра од собранието во Рим, многу се трудела околу браќата и сестрите (Рим. 16:6). Како можеме да им помогнеме на новите да сфатат колку е важно да им прават добри дела на соверниците? Би можеле заедно со нив да посетиме некој постар или болен член на собранието. Ако е соодветно, родителите можат да одат на вакви посети со своите деца. Старешините можат да ги земат со себе младите или новите кога им помагаат на постарите, на пример, додека пазаруваат за нив или вршат поправки во нивните домови. Кога гледаат како се грижиме за браќата и сестрите, и новите ќе научат да им прават добри дела на другите и да им покажуваат љубов на своите браќа и сестри во собранието (Рим. 12:10; w16.08 4:13-14).

Вторник, 17 април

Оној што ја слуша речта и ја разбира, раѓа плод (Мат. 13:23)

Една млада сестра од Франција рекла: „Професорите во моето училиште се запрепастени што сѐ уште има ученици кои веруваат во Библијата“. Ако си млада личност која му служи на Јехова или ја проучува Библијата, можеби си под притисок да ги прифатиш раширените идеи, како што е еволуцијата. Во таков случај, можеш да преземеш нешто за да си ја зајакнеш верата во Бог. Една работа што би можел да ја направиш е внимателно да размислуваш за она што го слушаш и што го читаш. „Способноста за расудување“, која е спомната во Библијата, ќе те заштити од световни размислувања и идеи кои можат да ти ја уништат верата во Јехова (Изр. 2:10-12). За да имаме цврста вера во Јехова, мора добро да го запознаеме (1. Тим. 2:4). Затоа, немој само површно да ја читаш Божјата Реч и нашите публикации. Одвој време да размислуваш за прочитаното и потруди се добро да го разбереш (w16.09 4:1-3).

Среда, 18 април

Надвладеј го злото со добро! (Рим. 12:21)

Дури и ако сме имале тешко детство или ако нашата сегашна ситуација изгледа безнадежна, мора да продолжиме истрајно да се бориме. Да имаме доверба дека Јехова ќе биде со нас и ќе нѐ благослови (1. Мој. 39:21-23). Мора да истраеме во тешките ситуации. На пример, можеби си жртва на неправда или предрасуди или, пак, се соочуваш со исмевање. Можеби некој те оцрнува затоа што ти е љубоморен. Наместо да се обесхрабриш, сети се што им помогнало на Јаков, на Рахела и на Јосиф да продолжат со радост да му служат на Јехова. Тој ги зајакнал и ги благословил бидејќи многу го ценеле својот однос со него. Тие продолжиле да се борат и да постапуваат во склад со своите молитви. Со оглед на тоа што живееме во последните денови, многу е важно цврсто да се држиме за нашата надеж! Дали си спремен да даваш сѐ од себе за да ја стекнеш Јеховината милост? (w16.09 2:8-9).

Четврток, 19 април

Плодовите на духот се: љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера (Гал. 5:22)

Како родители, многу е важно да ги поучувате децата со вашиот личен пример. Тие гледаат што правите, и ако видат дека вие имате силна вера во Јехова, тоа сигурно ќе влијае добро врз нив. Затоа, родители, и понатаму зајакнувајте ја својата вера. Вашите деца треба да видат дека Јехова ви е реален. Што прави еден брачен пар од Бермудските Острови кога нивното семејство се соочува со проблеми? Тие се молат заедно со своите ќерки и бараат водство од Јехова. Освен тоа, ги поттикнуваат и самите да се молат. „На постарата ќерка ѝ велиме: ’Имај целосна доверба во Јехова, прави сѐ што можеш во службата и немој претерано да се грижиш‘. Кога гледа како се решаваат проблемите, таа сфаќа дека Јехова ни помага. Ова многу ѝ ја зајакнува верата во Бог и во Библијата“. Се разбира, децата мора самите да стекнат вера. Како родители, вие садите и залевате, но Бог дава да расте (1. Кор. 3:6). Затоа, трудете се со сите сили да ги поучувате вашите сакани деца за Јехова, и молете се неговиот дух да им помогне да стекнат вера. Бидете уверени дека тој ќе го благослови вашиот труд (Еф. 6:4; w16.09 5:16-18).

Петок, 20 април

Всадувај ги овие зборови во своите деца (5. Мој. 6:5-7)

Откако повеќе од три години служеле во собрание на друг јазик, Серж и Мјуриел забележале дека службата и состаноците веќе не му причинуваат радост на нивниот син, кој тогаш имал 17 години. Серж објаснува: „Кога сфативме дека тоа го спречува неговиот духовен напредок, решивме да се вратиме во поранешното собрание“. Што ќе им помогне на родителите да решат дали да се вратат во собранието каде што се зборува нивниот јазик? Прво, треба да размислат дали навистина имаат доволно време и сила да им всадуваат на децата љубов кон Јехова и истовремено да им помагаат да го научат новиот јазик. Второ, можеби ќе забележат дека нивните деца не сакаат да проповедаат, да одат на состаноци, па дури ни да служат во собрание на друг јазик. Од тие причини, некои родители одлучуваат да се вратат во собранието каде што се зборува јазикот кој нивните деца најдобро го разбираат. Откако децата ќе стекнат близок однос со Јехова, родителите можеби ќе решат повторно да служат во собрание на друг јазик (5. Мој. 6:5-7; w16.10 2:14-15).

Сабота, 21 април

Со вера Ное — откако Бог го предупреди за она што сѐ уште не се гледаше — покажа дека се бои од Бог и изгради арка за спасение на својот дом (Евр. 11:7)

Соседите сигурно го прашувале Ное зошто гради огромна арка. Дали тој си молчел или им рекол да си ја гледаат работата? Во никој случај! Библијата го нарекува Ное „проповедникот на праведноста“ (2. Пет. 2:5). Тој ги предупредувал луѓето дека Бог ќе пушти потоп за да ги уништи злите. Веројатно им го пренел истото што му го кажал Јехова: „Гледам дека дојде време да им ставам крај на сите суштества, зашто ја наполнија земјата со насилство“ и „ќе ги пуштам на земјата водите на потопот за да го уништат секое суштество под небото во кое има здив на животот. Ќе изгине сѐ на земјата“. Потоа Ное сигурно им објаснил што треба да прават за да преживеат. Јеховината заповед била: „Влези во арката“ (1. Мој. 6:13, 17, 18; w16.10 4:7).

Недела, 22 април

Човекот не може да управува со своите чекори (Ерем. 10:23)

Христијанските родители покажуваат дека му се верни на Јехова со тоа што ги воспитуваат своите деца во склад со неговата Реч. Христијаните мора да внимаваат да не паднат под влијание на локалните обичаи. Во христијанскиот дом не смее да навлезе духот на светот (Еф. 2:2). На пример, не е мудро еден татко да си рече: „Во нашата земја, жените ги воспитуваат децата“. Библијата јасно вели дека татковците се должни да ги поучуваат своите деца за Јехова (Еф. 6:4). Родителите кои имаат страхопочит кон Бог сакаат нивните деца да бидат блиски со Него, исто како што бил Самоил додека бил мал (1. Сам. 3:19). Дали е мудро да донесеме некоја важна одлука во врска со нашето семејство или работа без најпрво да провериме што вели Библијата? Се разбира дека не! Нам ни треба помош од нашиот небесен Татко затоа што не можеме сами да управуваме со своите чекори (w16.11 3:14-15).

Понеделник, 23 април

Кога ги гледам небесата твои, дело на твоите прсти, месечината и ѕвездите што си ги направил — што е смртниот човек, па да мислиш на него? (Пс. 8:3, 4)

Божјите творби се јасен доказ дека Јехова е Бог на редот. Библијата вели: „Јехова со мудрост ја втемели земјата. Со разборитост ги зацврсти небесата“ (Изр. 3:19). Има да учиме уште многу за Божјите созданија. Всушност, она што го знаеме „се само делчиња“ од неговите творечки дела (Јов 26:14). Но, и тие ограничени сознанија ни откриваат дека во вселената владее величествен ред и организираност. На пример, галаксиите се состојат од милиони ѕвезди, кои се движат во космосот според утврден ред. А планетите во нашиот Сончев Систем кружат во орбити околу Сонцето како послушно да следат сообраќајни правила! Ваквиот неверојатен ред во вселената ни помага да сфатиме дека Јехова, кој „разборито ги направил небесата“ и Земјата, заслужува да го фалиме, да го славиме и да му бидеме верни (Пс. 136:1, 5-9; w16.11 2:3).

Вторник, 24 април

Тие ќе му принесуваат на Јехова жртвен дар во праведност (Мал. 3:3)

Во Малахија 3:1-3 е објаснето што им се случувало на Истражувачите на Библијата во периодот меѓу 1914 год. и почетокот на 1919 год. Јехова Бог — „Господарот“, и Исус Христос — „гласникот на сојузот“, дошле да го прегледаат духовниот храм за да проверат во каква состојба се „синовите на Леви“, односно помазаниците. Откако ја добиле потребната исправка и биле пречистени, помазаниците биле спремни за нова задача. Во 1919 год., Исус поставил еден верен и разборит роб, кој требало да ги води и поучува сите Божји слуги (Мат. 24:45). Тие конечно биле ослободени од ропството на Големиот Вавилон! Оттогаш наваму, сѐ подобро ја разбираат Јеховината волја и нивната љубов кон него станува сѐ посилна. Божјите слуги се многу благодарни за овој благослов (w16.11 5:14).

Среда, 25 април

„Испитајте ме во тоа, ве молам“, вели Јехова над војските. „Зар нема да ви ги отворам небесните брани и да ви излеам благослов додека не биде доста?“ (Мал. 3:10)

Ние го сакаме Јехова затоа што прво тој покажал љубов кон нас (1. Јов. 4:19). Бидејќи ги сака своите верни слуги, тој им ветува дека ќе ги благослови. Колку повеќе расте нашата љубов кон Јехова, толку посилна станува и нашата вера во него. Со други зборови, стануваме сѐ поуверени дека тој не само што постои туку и ги наградува оние што ги сака (Евр. 11:6). Јехова е Бог кој секогаш ги наградува своите слуги. За него е незамисливо да постапи поинаку. Затоа, не може да кажеме дека имаме вистинска вера во Бог ако не сме уверени дека тој ќе ги награди оние што ревносно го бараат. Всушност, самата Библија вели: „Верата е цврста увереност дека ќе се случи она на кое се надеваме“ (Евр. 11:1). Значи, оној што има вера нема ни ронка сомнеж дека Бог ќе ги исполни сите свои ветувања и ќе го благослови својот народ. Како што гледаме од зборовите на денешниот стих, тој нѐ повикува да му го дадеме нашето најдобро и да имаме доверба дека ќе нѐ благослови. Покажуваме длабоко ценење и благодарност кога ја прифаќаме оваа великодушна покана (w16.12 4:1-3).

Четврток, 26 април

Размислувањето својствено за телото донесува смрт (Рим. 8:6)

Дури и некој што долги години му служел на Јехова може да почне да живее „според телото“. Павле не сакал да каже дека не смееме никогаш да размислуваме за храна, вработување, рекреација, па дури и за нашите сексуални потреби. Тие работи се составен дел од животот. На пример, Исус уживал во вкусно јадење, а во неколку прилики обезбедил и храна за другите. Освен тоа, Павле напишал дека е важно сопружниците да ги задоволуваат своите сексуални потреби во бракот. Грчкиот збор кој во Римјаните 8:5, 6 е преведен со „размислува“ може да се преведе и со изразите: „ги насочува сите мисли на некоја работа“ или „внимателно планира“. Еден библиски изучувач објаснува дека оние што живеат според телото се преокупирани со своите себични желби, без престан зборуваат за нив и постојано мислат како да ги задоволат. Со други зборови, дозволуваат грешните желби да управуваат со нивниот живот (w16.12 2:5, 9-10).

Петок, 27 април

Кој си ти да го осудуваш својот ближен? (Јак. 4:12)

Може да почнеме да се однесуваме вообразено и доколку не ги контролираме нашите погрешни желби. Мнозина станале вообразени затоа што сакале да стекнат слава, почнале да им завидуваат на другите или не си ја контролирале лутината. Ова се случило со некои личности од Библијата како, на пример, Авесалом, Озија и Навуходоносор. Но, Јехова јасно им покажал дека требало да бидат понизни (2. Сам. 15:1-6; 18:9-17; 2. Лет. 26:16-21; Дан. 5:18-21). Има и други причини зошто некои луѓе понекогаш не се скромни. Размисли за Авимелех и за Петар (1. Мој. 20:2-7; Мат. 26:31-35). Дали тие биле вообразени? Или можеби не им биле познати сите факти или, пак, постапиле непромислено? Бидејќи не можеме да ги читаме срцата, не треба да ги судиме мотивите на другите луѓе (w17.01 3:9-10).

Сабота, 28 април

Оваа жена од својата немаштија пушти сѐ што имаше за живот (Лука 21:4)

Слично на сиромашната вдовица, многу наши браќа и сестри денес имаат доверба дека, ако го стават Божјето Царство на прво место во животот, Јехова ќе се погрижи да го имаат она што им е неопходно во материјален поглед (Мат. 6:33). Да го разгледаме примерот на брат Малком. Заедно со својата сопруга му служеле на Јехова со децении. Во тој период доживеале многу убави, но и тешки моменти. Малком рекол: „Понекогаш животот може да биде несигурен, непредвидлив, па дури и тежок. Но Јехова ги благословува оние што се потпираат на него“. Тој го дал следниов совет: „Моли го Јехова да ти помогне да му служиш најдобро што можеш. Размислувај за она што можеш да го правиш, а не за она што не можеш“. Состојбата во овој злобен свет оди „од лошо на полошо“, и затоа можеме да очекуваме дека ќе доживееме сѐ поголеми тешкотии (2. Тим. 3:1, 13). Денес, повеќе од кога и да било порано е важно да не дозволиме нашите проблеми да нѐ совладаат. Наместо тоа, треба да имаме силна доверба во Јехова и да се концентрираме на она што можеме да го направиме (w17.01 1:17-19).

Недела, 29 април

Ти нема да ми изградиш куќа (1. Лет. 17:4)

Давид многу сакал да му изгради убав храм на Јехова. Но, Бог имал поинаква намера, како што се гледа од денешниот стих. Иако Јехова го уверил Давид дека и понатаму ќе биде со него, му кажал дека храмот ќе го изгради неговиот син Соломон. Како реагирал Давид? (1. Лет. 17:1-4, 8, 11, 12; 29:1). Можеби се разочарал, но и покрај тоа потполно го поддржал својот син во изградбата на храмот. На Давид не му било важно кому ќе му припадне заслугата за изградбата. Всушност, овој храм подоцна станал познат како храмот на Соломон. Давид помогнал да се организираат работниците, да се собере железо, бакар, сребро, злато и дрво. Освен тоа, го охрабрил својот син со следниве зборови: „А сега, сине мој, Јехова нека биде со тебе за да бидеш успешен во сѐ и да му изградиш дом на Јехова“ (1. Лет. 22:11, 14-16; w17.01 5:6-7).

Понеделник, 30 април

Избави нѐ и покриј ги нашите гревови заради своето име! (Пс. 79:9)

Дури и кога сме прогонувани, даваме сѐ од себе за да живееме онака како што нѐ поучува Јехова. Со тоа што се држиме за Божјите мерила, ние му носиме слава на неговото име (Мат. 5:14-16). Докажуваме дека Јеховините закони се исправни и праведни, а дека обвинувањата на Сатана се лажни. За жал, ние сме несовршени и затоа грешиме. Но, кога ќе се случи тоа, искрено се каеме и се трудиме да не правиме работи што му нанесуваат срам на Божјето име. На темел на Исусовата жртва, Јехова им ги простува гревовите на оние што покажуваат вера. Сите што му го заветуваат својот живот стануваат негови слуги. Помазаните христијани ги прогласува за праведни и ги прифаќа како свои синови. И „другите овци“ ги прогласува за праведни, но ги прифаќа како свои пријатели (Јован 10:16; Рим. 5:1, 2; Јак. 2:21-25). Значи, уште сега, откупнината ни овозможува да имаме добар однос со нашиот Татко и да имаме удел во посветувањето на неговото име (w17.02 2:5-6).

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели