Март
Четврток, 1 март
Тие го избркаа Јефтај (Суд. 11:2)
Бидејќи му биле љубоморни и го мразеле, полубраќата го истерале Јефтај од земјата која законски му припаѓала (Суд. 11:1-3). Но, кога дошле кај него да го молат за помош, тој им излегол во пресрет (Суд. 11:4-11). Најважно од сѐ му било да му остане верен на својот Бог и да се бори за да го одбрани неговото име. Затоа Јехова го благословил и него и израелскиот народ (Евр. 11:32, 33). Дали ќе извлечеме поука од примерот на Јефтај? Што ќе правиме ако некој соверник нѐ разочара или не се однесува убаво со нас? Дали ќе престанеме да му служиме на Јехова затоа што имаме повредени чувства? Дали ќе престанеме да одиме на состаноци или да се дружиме со браќата во собранието? Никогаш да не дозволиме да ни се случи такво нешто! Напротив, да го следиме примерот на Јефтај, и да размислуваме за библиските начела. Така ќе успееме да ги пребродиме тешките ситуации и да бидеме добар пример за другите (Рим. 12:20, 21; Кол. 3:13; w16.04 1:7, 9-10).
Петок, 2 март
Не се откажуваме (2. Кор. 4:1)
Ние мора да истраеме до крајот, а не само одредено време. Замисли си еден брод што тоне. За да преживеат, патниците мора да допливаат до брегот. Оној што веднаш ќе се откаже и ќе престане да плива, ќе се удави. Но, ќе се удави и оној што ќе се откаже пред да доплива до самиот брег. Ако сакаме да живееме во новиот свет, мора да истраеме до крајот. Да имаме ист став како апостол Павле, кој рекол: „Не се откажуваме“! (2. Кор. 4:16). Ние сме апсолутно сигурни дека Јехова ќе ни помогне истрајно да му служиме до самиот крај. Павле напишал: „Во сето тоа надмоќно победуваме преку оној што нѐ сакаше. Зашто, уверен сум дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни ова што е сега, ни она што ќе дојде, ни силите, ни височината, ни длабочината, ниту кое и да е друго создание не може да нѐ одвои од Божјата љубов, која е во Христос Исус, нашиот Господар“ (Рим. 8:37-39; w16.04 2:17-18).
Сабота, 3 март
Ако некому од вас му недостига мудрост, нека бара од Бог, и ќе му ја даде (Јак. 1:5)
Барај мудрост од Јехова за да предвидиш во која ситуација ќе ти биде тешко да останеш неутрален, и моли го да ти помогне да постапиш исправно. А ако те затворат или те казнат на друг начин бидејќи цврсто стоиш на Јеховината страна, моли се да имаш храброст за да ја одбраниш својата вера и да истраеш сеедно што ќе се случи (Дела 4:27-31). Јехова може да нѐ зајакне преку својата Реч. Затоа, размислувај за стихови што ќе ти помогнат да останеш неутрален. Потруди се да ги запамтиш бидејќи ќе ти дадат сила ако еден ден останеш без Библија. Божјата Реч може уште повеќе да ја зацврсти твојата надеж во идните благослови што ќе ги донесе Царството. Таа надеж ни е неопходна за да истраеме ако сме прогонувани (Рим. 8:25). Избери си стихови што ги опишуваат благословите кои со душа ги очекуваш, и замисли си дека веќе уживаш во нив во новиот свет (w16.04 4:14-15).
Недела, 4 март
Бесплатно добивте, бесплатно давајте (Мат. 10:8)
Свештениците на христијанскиот свет не проповедаат за Божјето Царство. Ако зборуваат за Царството, мнозина од нив велат дека тоа е состојба на срцето (Лука 17:21). Тие не ги поучуваат луѓето дека Божјето Царство е небесна влада на чело со Христос. Наместо тоа, обично го спомнуваат Исус на Божиќ или на Велигден. Тие не им објаснуваат на другите дека Царството ќе ги реши сите човечки проблеми и дека наскоро ќе го отстрани сето зло од Земјата (Отк. 19:11-21). Јасно е дека водачите на христијанскиот свет не знаат што ќе направи Исус како Цар на Божјето Царство. Тие не знаат ни од кој мотив треба да проповедаат. Христовите следбеници не треба да проповедаат за да печалат пари или да градат величествени зданија. Проповедањето не смее да биде извор на заработка (2. Кор. 2:17). Оние што ја проповедаат пораката за Царството не треба да бараат плата затоа што проповедаат (Дела 20:33-35; w16.05 2:7-8).
Понеделник, 5 март
Никој нека не ја бара својата корист, туку користа на другиот (1. Кор. 10:24)
Да речеме дека многу ти се допаѓа одреден стил на облекување, но свесен си дека некои во собранието би се вознемириле ако се облекуваш така. Бидејќи во Библијата нема закон кој забранува да носиш таква облека, како можеш да знаеш што мисли Јехова за тоа? Во Божјата Реч е дадено следново начело: „Жените да се облекуваат пристојно, а притоа да бидат скромни и разборити, да не се украсуваат со плетење на косата и со злато или со бисери, или со многу скапа облека... како што им прилега на жени кои велат дека го почитуваат Бог“ (1. Тим. 2:9, 10). Се разбира, овој совет важи за сите христијани — и за жените и за мажите. Нам не ни се важни само сопствените желби или вкус, туку ни е важно и како нашиот начин на облекување влијае врз другите. Ако сме скромни и ако ги сакаме, ќе се трудиме да не ги вознемируваме со својот изглед (1. Кор. 10:23; Фил. 3:17; w16.05 3:14).
Вторник, 6 март
О Јехова, ти си наш Татко. Ние сме глина, а ти си нашиот Грнчар, и сите сме дело на твоите раце (Иса. 64:8)
Кога се побунил, Адам го отфрлил Бог како свој Татко. Но, многу од неговите потомци решиле да му се подложат на Јехова како на Севишен Владетел (Евр. 12:1). Со тоа што понизно го слушаат својот Творец, тие покажуваат дека сакаат Тој да биде нивни Татко и Грнчар, а не Сатана (Јован 8:44). Нивната верност кон Бог нѐ потсетува на зборовите од денешниот стих. Како вистински Божји слуги, ние денес даваме сѐ од себе да бидеме понизни и послушни. За нас е чест што може да го наречеме Јехова свој Татко, и сакаме тој да биде нашиот Грнчар. Дали сме спремни да бидеме мека глина која Бог може да ја обликува во скапоцен сад? Дали го гледаме секој наш брат или сестра како глина која Јехова сѐ уште ја обликува? (w16.06 1:2-3).
Среда, 7 март
Испитувајте дали сте во верата (2. Кор. 13:5)
Денес, додека наближуваме кон новиот свет, нашата вера е ставена на испит. Затоа мора редовно да проверуваме каква е таа. Од каде ќе знаеме дали е доволно цврста? Можеме да размислиме за она што го кажал Исус во Матеј 6:33. Прашај се: „Дали моите цели и одлуки покажуваат дека навистина верувам во тие зборови на Исус? Дали сум спремен да испуштам состаноци или, пак, да не одам толку во служба за да заработам повеќе пари? Што ќе правам ако треба да трошам многу време и сила на мојата работа? Дали ќе дозволам овој свет да ме обликува, па дури и да ме спречи да му служам на Јехова?“ Ако не ги следиме библиските совети во врска со лошото друштво, исклучувањето или забавата, нашето срце би можело да закорави. Што треба да правиш ако ова почне да ти се случува и тебе? Без одложување треба да ја преиспиташ твојата вера! Биди искрен со себеси и труди се редовно да ја користиш Библијата за да го исправаш своето размислување (w16.06 2:8-9).
Четврток, 8 март
Од малиот ќе стане илјада, и од незначителниот — силен народ (Иса. 60:22)
На Земјата има една посебна организација што ја сочинуваат луѓе кои го сакаат Бог и верно му служат. Тоа се Јеховините сведоци. Иако се несовршени и прават грешки, Јехова ги води со својот свет дух и ги благословува. Во 1914 год., малкумина му служеле на Јехова. Сепак, тој го благословил проповедничкото дело што го вршеле. Благодарение на тоа, милиони луѓе чуле за библиските вистини и станале негови Сведоци. Јехова го навестил овој извонреден пораст со зборовите од денешниот стих. Освен тоа, тој рекол: „Јас, Јехова, ќе го забрзам тоа кога ќе дојде време“. Во овие последни денови, со свои очи го гледаме исполнувањето на ова пророштво. Денес Јеховиниот народ брои милиони! Всушност, во светот има многу држави чиј број на жители е помал од вкупниот број на Јеховините сведоци (w16.06 4:1-2).
Петок, 9 март
Зарем вие не вредите повеќе од небесните птици? (Мат. 6:26)
За Исус било незамисливо неговиот Татко да им дава храна на птиците, а да не се погрижи за основните потреби на луѓето (1. Пет. 5:6, 7). Точно, Бог нема да ни ја стави храната в уста. Сепак, може да го благослови трудот што го вложуваме за да ја одгледуваме или за да заработиме пари да ја купиме. Дури и кога немаме доволно пари или храна, тој може да ни го даде она што ни е неопходно. На пример, можеби другите ќе го поделат со нас тоа што го имаат. Јехова се погрижил птиците да имаат и свој „дом“. Освен што им дал инстинкт и разни вештини, тој им ги обезбедил и потребните материјали за да си прават гнезда. Јехова може да се погрижи и ние да најдеме соодветен дом за нашето семејство. Кога ги кажал зборовите од денешниот стих, Исус веројатно мислел на тоа дека наскоро ќе го даде својот живот за сите луѓе. (Спореди со Лука 12:6, 7.) Тој не умрел за птиците, туку умрел за нас — за да можеме ние да живееме засекогаш (Мат. 20:28; w16.07 1:11-13).
Сабота, 10 март
Гревот не смее да владее над вас, бидејќи не сте под закон, туку под незаслужена доброта (Рим. 6:14)
Како луѓето ги наследиле гревот и смртта? Божјата Реч објаснува: „Поради престапот на еден човек [Адам], смртта царуваше“ над сите негови потомци (Рим. 5:12, 14, 17). Сепак, среќни сме што сега имаме избор — можеме да одлучиме повеќе да не му робуваме на гревот. Кога покажуваме вера во Христовата откупна жртва, ние дозволуваме со нас да господари Јеховината незаслужена доброта (Рим. 5:20, 21). Иако сѐ уште сме грешници, тоа не значи дека мора да му робуваме на гревот. Ако направиме грев, го молиме Јехова да ни прости. Кои благослови ги имаме затоа што сме под Божјата незаслужена доброта? Павле рекол: „Божјата незаслужена доброта... нѐ поучи да се откажеме од безбожноста и од световните желби и да живееме разборито, праведно и со оддаденост на Бог среде овој сегашен свет“ (Тит 2:11, 12; w16.07 3:5-6).
Недела, 11 март
Бог му ја доведе жената на човекот (1. Мој. 2:22)
Првиот брак претрпел тежок удар кога Адам и Ева ја злоупотребиле својата слободна волја и не го послушале Јехова. Сатана Ѓаволот, односно „Празмијата“, ја измамил Ева така што ја навел да поверува дека ќе стекне посебно знаење ако јаде од „дрвото на спознанието на доброто и злото“. Тој тврдел дека така ќе може сама да одлучува што е добро а што лошо. Со тоа што решила да јаде од плодот без најпрво да разговара со Адам, Ева не покажала почит кон него како поглавар на семејството. А како постапил тој? Наместо да го послуша Бог, Адам каснал од плодот што му го дала Ева (Отк. 12:9; 1. Мој. 2:9, 16, 17; 3:1-6). Кога Јехова ги повикал на одговорност, Адам ја обвинил својата жена. Ева, пак, ја обвинила змијата дека ја измамила (1. Мој. 3:12, 13). Колку бедни изговори за нивната непослушност! Бидејќи не го послушале, Јехова ги осудил како бунтовници. Нивниот пример е силно предупредување за нас! За еден брак да биде среќен, брачните другари мора да му бидат послушни на Јехова и да преземат одговорност за своите постапки (w16.08 1:1, 4-5).
Понеделник, 12 март
Бог што составил, човек да не разделува! (Мат. 19:6)
Понекогаш коренот на брачните проблеми лежи во неисполнетите очекувања. Кога не им се остваруваат соништата за среќен брак, некои сопружници се чувствуваат разочарано, измамено па дури и огорчено. Друга причина за несогласувањата може да бидат разликите во воспитанието и во емоционалната градба на брачните другари. А во некои случаи, проблемите се поврзани со парите, односите со семејството на сопружникот или со воспитанието на децата. Сепак, за пофалба е тоа што повеќето христијански брачни парови успеваат да најдат решенија за своите проблеми бидејќи го следат водството од Бог. Кога ќе дојде до сериозни проблеми, брачните другари треба да побараат помош од старешините. Овие зрели и искусни браќа можат да им помогнат да ги применат Божјите совети во својот живот. Освен тоа, сопружниците треба да го молат Јехова за свет дух, кој може да им помогне да покажуваат христијански особини и да живеат според библиските начела (Гал. 5:22, 23; w16.08 2:11-13).
Вторник, 13 март
Отсега ќе ловиш луѓе (Лука 5:10)
Исус имал само три и пол години за да ја изврши својата служба. Сепак, тој одвојувал време за да ги поучува луѓето кои покажувале интерес за добрата вест. На пример, кога еднаш на брегот се собрале многу луѓе за да го слушаат, тој се качил на еден чамец и почнал да ги поучува. Во таа прилика, го поучил и Петар. На кој начин? Така што преку чудо му овозможил да фати многу риби, а потоа му ги кажал зборовите од денешниот стих. Каков бил резултатот од сето она што го кажал и го направил Исус? Во врска со Петар и оние кои биле со него, Библијата вели: „Оставија сѐ и појдоа по него“ (Лука 5:1-11). И Никодим, кој бил член на Судскиот совет, се заинтересирал за учењата на Исус. Тој сакал да дознае нешто повеќе, но се плашел што ќе речат другите ако видат како зборува со него, и затоа го посетил ноќе. И покрај тоа, Исус одвоил време да поразговара со Никодим и да му објасни некои важни вистини (Јован 3:1, 2). Божјиот Син секогаш бил спремен да ги поучува другите за вистината и да им ја зајакне верата. На сличен начин, и ние треба да се приспособиме на потребите на луѓето, и спремно да одвојуваме време да одиме на повторни посети кај нив и да ги поучуваме за Библијата (w16.08 4:10-11).
Среда, 14 март
Оди скромно со Бог (Мих. 6:8)
Ние признаваме дека Јехова е чист и свет, и дека неговите мерила се за наше добро. Покажуваме дека сме понизни и скромни кога ги следиме тие мерила на секое поле од нашиот живот. Скромноста ни помага и да покажуваме почит кон чувствата и мислењата на другите. Од нашата облека треба јасно да се види дека сме слуги на Бог. Тој има високи мерила, а ние со задоволство се трудиме да живееме во склад со нив. Браќата и сестрите кои внимаваат на својот изглед и однесување се навистина за пофалба! Освен што ги привлекуваат искрените лица кон животоспасувачката порака од Библијата, тие го слават и го радуваат Јехова (w16.09 3:18-20).
Четврток, 15 март
Се бореше со Бог и со луѓето, и надвладеа (1. Мој. 32:28)
Јаков бил цврсто решен да го добие Божјиот благослов, и докажал дека е спремен да се бори за него (1. Мој. 32:24-26). Јехова го благословил поради неговата истрајност, и го нарекол Израел, што значи „оној што истрајно се бори со Бог“. Јаков ја стекнал Јеховината милост и благослов — истата награда која сакаме да ја добиеме и ние. Рахела, саканата жена на Јаков, желно чекала да види како Јехова ќе го исполни ветувањето дека ќе го благослови потомството на нејзиниот маж. Но, таа била неротка. Во библиски времиња, тоа им причинувало голема болка на жените. Како успеала Рахела да собере емоционална и физичка сила за да се бори, и покрај оваа тешка ситуација над која немала никаква контрола? Таа никогаш не изгубила надеж. Наместо тоа, уште посесрдно му се молела на Јехова. Тој ги услишил нејзините искрени молитви, и на крајот ја благословил со деца (1. Мој. 30:8, 20-24; w16.09 2:6-7).
Петок, 16 март
Речта Божја е жива и делотворна, поостра е од секој меч со две сечила (Евр. 4:12)
Многу е важно да им објасниш на децата дека ќе бидат среќни само ако ги слушаат советите од Библијата (Пс. 1:1-3). Би можел да го направиш тоа на повеќе начини. На пример, кажи им да си замислат дека треба да живеат на еден остров и дека треба да изберат луѓе кои ќе ги поведат со себе. Потоа прашај ги: „Какви особини мора да имаат тие луѓе за да можете да живеете во мир и слога?“ Откако ќе одговорат, би можел да им прочиташ Галатите 5:19-23 за да им покажеш какви луѓе ќе избере Јехова да живеат во новиот свет. На овој начин децата ќе извлечат две важни поуки. Прво, со начелата што ни ги дал во Библијата, Јехова ни помага да бидеме среќни уште сега и да живееме во мир со другите. И второ, со тоа што нѐ поучува денес, нѐ подготвува за живот во новиот свет (Иса. 54:13; Јован 17:3). Освен тоа, би можел да им покажеш на децата како Божјата Реч им помага на сохристијаните. На пример, најди некое искуство од нашите публикации, можеби од рубриката „Библијата менува животи“, која излегува во Стражарска кула (w16.09 5:13-14).
Сабота, 17 март
Откупувајте си време (Еф. 5:16)
Иако можеби сме многу зафатени, сите ние треба да одвојуваме време за лично и семејно проучување (Еф. 5:15). Целта не треба да ни биде да прочитаме што повеќе страници или да подготвиме коментар за состанок. Напротив, најважно треба да ни биде Божјата Реч да продре длабоко во нас и да ни ја зајакне верата. Кога проучуваме, не треба да мислиме само на потребите на другите туку и на нашите лични потреби (Фил. 1:9, 10). Мора да имаме на ум дека, кога се подготвуваме за служба, за состанок или за некоја точка од програмата, можеби не размислуваме секогаш како тоа што го читаме се однесува на нас. Да наведеме еден пример. Иако мора да пробува од јадењето додека готви за другите, готвачот не може да живее само од тоа што го поткаснува. За да има сила и да биде здрав, мора редовно да готви хранливи оброци и за себе. Слично на тоа, за да си го зајакнуваме односот со Јехова, мора редовно да земаме духовна храна со која ќе ги задоволиме нашите лични потреби (w16.10 2:10-11).
Недела, 18 март
Со вера сфаќаме дека целиот свет е подреден со Божјата реч, така што она што е видливо настанало од невидливото (Евр. 11:3)
Во Евреите 11:1, Библијата објаснува што е вера. Оваа особина е поврзана со две работи кои не се гледаат. 1) Верата е „цврста увереност дека ќе се случи она на кое се надеваме“. Во работите на кои се надеваме спаѓаат Божјите ветувања за иднината, како што е ветувањето дека ќе му дојде крај на сето зло и дека ќе има нов свет. 2) Верата е „доказ за она што е вистинско, иако не се гледа“. Ние сме уверени дека Јехова Бог, Исус Христос, ангелите и небесното Царство постојат иако не можеме да ги видиме. Како може да покажеме дека навистина веруваме во Божјите ветувања и во она што не се гледа? Со нашите зборови и постапки, односно со нашиот начин на живот (w16.10 4:6).
Понеделник, 19 март
Охрабрувајте се еден со друг секој ден (Евр. 3:13; Превод Нов свет — ревидирано издание на англиски од 2013)
Јехова и Исус го ценат сиот труд што го вложуваме, дури и ако поради нашите околности не можеме да даваме колку што би сакале (Лука 21:1-4; 2. Кор. 8:12). На пример, свесни сме дека некои наши драги постари браќа и сестри вложуваат голем напор за редовно да доаѓаат на состаноците и да одат во служба. Зарем не треба да ги охрабриме и да ги пофалиме за тоа? Охрабрувај ги другите колку што е можно почесто. Секогаш кога ќе забележиш дека некој прави нешто добро, пофали го. Кога Павле и Варнава биле во Антиохија (во Писидија), настојниците на синагогата им рекле: „Луѓе, браќа, ако имате некаков збор на охрабрување за народот, кажете го!“ Павле ја искористил оваа прилика за да изнесе охрабрувачки говор (Дела 13:13-16, 42-44). Кога ние ги охрабруваме другите, најверојатно и тие ќе нѐ охрабрат нас (Лука 6:38; w16.11 1:3, 15-16).
Вторник, 20 март
Очите на Јехова се на секое место и ги набљудуваат и злите и добрите (Изр. 15:3)
За нас е огромна чест што сме дел од Божјата организација! Бидејќи знаеме што очекува Јехова од своите слуги, имаме одговорност да го слушаме и да постапуваме исправно. Додека овој свет сѐ повеќе тоне во морален поглед, ние мора да го мразиме злото како што го мрази Јехова (Пс. 97:10). Никогаш не смееме да бидеме како „оние што доброто го нарекуваат зло, а злото добро“ (Иса. 5:20). Бидејќи сакаме да го радуваме Јехова, решени сме да останеме чисти во телесен, морален и духовен поглед (1. Кор. 6:9-11). Ние го сакаме Бог и имаме доверба во него. Покажуваме дека сме му верни со тоа што живееме според неговите мерила кои се јасно изнесени во неговата скапоцена Реч. Даваме сѐ од себе за да постапуваме во склад со тие мерила каде и да сме — дома, во собрание, на работа и на училиште (w16.11 3:13).
Среда, 21 март
Секој човек нека им биде подложен на властите што се над него (Рим. 13:1)
Истражувачите на Библијата имале потреба да исправат некои ставови. Тие не разбирале во потполност што значи да им бидат подложни на световните власти. Затоа, како група, не биле секогаш неутрални во војната. На пример, кога на 30 мај 1918 год. претседателот на САД им рекол на луѓето да се молат за мир, Стражарска кула ги поттикнала Истражувачите на Библијата да го прават истото. Некои браќа финансиски ја поддржувале војната, а некои дури и отишле на бојното поле со оружје в рака. Но, би било погрешно да заклучиме дека, во Првата светска војна, Јехова дозволил да бидат заробени од Големиот Вавилон затоа што им требало исправка. Напротив, во тоа време, тие биле речиси целосно одвоени од светското царство на лажната религија (Лука 12:47, 48; w16.11 5:9).
Четврток, 22 март
Не живееме според телото, туку според духот (Рим. 8:4)
Зошто Павле ги предупредил помазаните христијани дека е опасно да живеат „според телото“? И зошто сите христијани денес мора да обрнат внимание на тоа предупредување иако Бог ги смета за праведни и ги прифатил како свои пријатели? За жал, секој верен Божји слуга може да падне во замка да ги стави своите лични желби на прво место во животот. На пример, Павле напишал дека некои браќа во Рим им робувале „на желбите на своето тело“, во кои можеби спаѓале сексуални желби, или желба за јадење, пиење или други задоволства. Некои дури ги наведувале и другите да размислуваат како нив (Рим. 16:17, 18; Фил. 3:18, 19; Јуда 4, 8, 12). Всушност, еден брат во собранието во Коринт некое време вршел неморал со „жената на својот татко“! (1. Кор. 5:1). Јасно е зошто, преку Павле, Бог ги предупредил тие христијани дека е многу опасно да живеат „според телото“ (Рим. 8:5, 6). Ова предупредување важи и за нас денес (w16.12 2:5, 8-9).
Петок, 23 март
Од загриженост срцето на човекот му премалува, а добриот збор го радува (Изр. 12:25)
Тоа што ќе разговараш искрено и отворено со некој во кого имаш доверба може да ти помогне да се справиш со грижите. Можеби твојот сопружник, некој близок пријател или собраниски старешина може да ти помогне поисправно да гледаш на својата ситуација. Во Библијата пишува: „Намерите пропаѓаат таму каде што нема доверлив разговор, а успехот лежи во мноштвото советници“ (Изр. 15:22). Јехова ни помага да се справиме со загриженоста и преку нашите состаноци. Таму можеш да се дружиш со браќа и сестри кои се грижат за тебе и кои сакаат да те охрабрат (Евр. 10:24, 25). Таквото заемно охрабрување ќе те зајакне и ќе ти помогне полесно да се справиш со грижите (Рим. 1:12; w16.12 3:17-18).
Сабота, 24 март
Ана почна да му се моли на Јехова (1. Сам. 1:10)
Кога се соочуваме со здравствени проблеми или со други тешкотии над кои немаме никаква контрола, ние треба да му ги префрламе нашите грижи на Јехова со доверба дека тој ќе ни помага (1. Пет. 5:6, 7). Освен тоа, треба да се трудиме да извлечеме колку што е можно поголема корист од собраниските состаноци и од сѐ друго што добиваме од Божјата организација (Евр. 10:24, 25). А како е со родителите чии деца престанале да му служат на Јехова? Пророкот Самоил не можел да ги принуди своите возрасни синови да му останат верни на Бог (1. Сам. 8:1-3). Морал да ги остави работите во Јеховини раце. Меѓутоа, направил сѐ што можел за самиот да му остане верен на Бог и да го радува својот небесен Татко (Изр. 27:11). Денес, многу родители кои се Јеховини сведоци можеби се наоѓаат во слична ситуација. Тие имаат доверба дека Јехова со раширени раце чека да му се вратат оние што се каат поради гревот што го направиле (Лука 15:20). Во исто време, родителите можат да се трудат да му останат верни на Бог и да се надеваат дека со својот пример ќе ги поттикнат децата да му се вратат (w17.01 1:15-16).
Недела, 25 март
Од понизност сметајте ги другите за поголеми од себе (Фил. 2:3)
Понизната личност обично е и скромна. Таа е свесна за своите ограничувања, и понизно си ги признава грешките. Спремна е да ги сослуша туѓите предлози и да учи од другите. Јехова многу ги цени понизните луѓе. Библијата покажува дека оној што е скромен има реално гледиште за себеси и сфаќа дека има работи што не може или не смее да ги прави. Тоа му помага да ги почитува другите и да се однесува љубезно со нив. Сепак, можно е несвесно да почнеме да размислуваме вообразено. Како може да дојде до тоа? На пример, може да почнеме да се чувствуваме поважни од другите поради одговорностите во собранието што ги имаме ние или ги имаат оние со кои сме блиски (Рим. 12:16). Може да почнеме да свртуваме преголемо внимание кон себе (1. Тим. 2:9, 10). Би можеле дури и да почнеме да им го наметнуваме своето мислење на другите и да им кажуваме што треба а што не треба да прават (1. Кор. 4:6; w17.01 3:6-8).
Понеделник, 26 март
Убавина на младичите е нивната сила, а украс на старците е нивната седа коса (Изр. 20:29)
Денес, проповедничкото дело станува сѐ пообемно и Јеховината организација ја користи современата технологија за да може добрата вест да стигне до што повеќе луѓе. Но, понекогаш, на постарите може да им биде тешко да научат да ги прават работите на нов начин (Лука 5:39). Освен тоа, како што стареат, луѓето имаат сѐ помалку сила. Затоа, многу е корисно кога постарите ги обучуваат помладите да преземат повеќе одговорности во Јеховината организација. Всушност, тоа е израз на љубов (Пс. 71:18). На браќата кои се на одговорна положба не им е секогаш лесно да ги обучуваат помладите браќа и постепено да им ги предадат своите задачи. На некои браќа им е тешка и самата помисла дека треба да се откажат од задачите што многу ги сакале. Или можеби се плашат дека, ако му ја дадат задачата на некој друг, таа нема да биде добро извршена. Можеби сметаат дека се премногу зафатени за да обучуваат некого. Од друга страна, помладите браќа треба да бидат стрпливи ако сѐ уште не добиле поголеми одговорности (w17.01 5:3-4).
Вторник, 27 март
Преку еден чин на оправдување најразлични луѓе се прогласени за праведни и добиваат живот (Рим. 5:18)
Исус станал совршен човек, исто како што бил Адам (Јован 1:14). Но, за разлика од Адам, Исус се држел за мерилата за кои Јехова очекувал да се држи еден совршен човек. Дури и кога се соочил со најтешките испити, не прекршил ниту една Божја заповед. Со тоа што умрел како совршен човек, Исус овозможил сите луѓе да се ослободат од гревот и смртта. Тој бил она што требало да биде самиот Адам — совршен човек, потполно верен и послушен на Бог (1. Тим. 2:6). Со својата смрт, Исус им дава можност на сите мажи, жени и деца да живеат вечно (Мат. 20:28). Откупната жртва на Исус има клучна улога во исполнувањето на Божјата намера (2. Кор. 1:19, 20; w17.02 1:15-16).
Читање на Библијата за Спомен-свеченоста: (настани до зајдисонце: 9 нисан) Јован 12:12-19; Марко 11:1-11
Среда, 28 март
Поради радоста што стоеше пред него, претрпе маченички столб (Евр. 12:2)
Да речеме дека мора да поминеш низ еден долг мрачен тунел. Можеби се прашуваш дали повторно ќе видиш светлина. Нашиот живот понекогаш може да личи на еден таков тунел. Можеби ќе мора да поминеш низ мрачни периоди кога ќе ти се чини дека проблемите што ги имаш се претешки и немаат крај. Дури и Исус веројатно се чувствувал така. Кога бил прикован на маченичкиот столб, претрпел големо понижување и болка. Тоа сигурно биле најтешките моменти во неговиот живот! (Евр. 12:3). Сепак, Исус истрајал до крај. Тој го насочил погледот кон наградата која требало да ја добие ако истрае до крајот. Најважно од сѐ му било да го посвети Божјето име и да го поддржи Јехова како Севишен Владетел. Тој знаел дека страдањето е привремено, но дека неговата награда на небото е вечна. Иако можеби денес ни се чини дека и нашите неволји се тешки и неподносливи, никогаш да не заборавиме дека тие се само привремени (w16.04 2:10).
Читање на Библијата за Спомен-свеченоста: (настани до зајдисонце: 10 нисан) Јован 12:20-50
Четврток, 29 март
Преку Исус, со посредство на неговата крв, ослободени сме со откупнина, простени ни се престапите (Еф. 1:7)
Денес мнозина не чувствуваат вина кога грешат, и затоа не можат да разберат зошто ни е потребна откупнина. Тие не сфаќаат што е гревот, како влијае врз нас и што треба да правиме за да бидеме избавени од неговото ропство. Искрените луѓе се многу благодарни кога ќе разберат дека, поради својата голема љубов и незаслужена доброта, Јехова го испратил својот Син на Земјата за да нѐ откупи од гревот и смртта (1. Јов. 4:9, 10). Христовата откупна жртва е најсилниот доказ за тоа колку Бог нѐ сака и колку е голема неговата незаслужена доброта. Колкаво олеснување чувствуваме кога сфаќаме дека нашите гревовите ќе бидат простени и ќе имаме чиста совест ако покажуваме вера во жртвата на Исус! (Евр. 9:14). Зарем ова не е добра вест која треба да им ја објавуваме на другите? (w16.07 4:6-7).
Читање на Библијата за Спомен-свеченоста: (настани до зајдисонце: 11 нисан) Лука 21:1-36
Петок, 30 март
Христос ни прибави вечно избавување (Евр. 9:12)
Јехова потполно ни ги простува гревовите кога покажуваме вера во откупнината. Всушност, Божјата Реч нѐ уверува дека тој може да ги избрише нашите гревови (Дела 3:19-21). Како што спомнавме претходно, на темел на откупнината Јехова ги усвојува помазаните христијани како свои деца (Рим. 8:15-17). Тој ги повикува „другите овци“ да бидат дел од неговото семејство на Земјата. Откако ќе станат совршени, ќе мора да бидат испитани за последен пат. Ако му бидат верни на Јехова, и тие ќе станат негови деца (Рим. 8:20, 21; Отк. 20:7-9). Јехова секогаш ќе ги сака сите свои деца и тие во сета вечност ќе уживаат во благословите кои ќе ги добијат на темел на откупнината. Овој дар од Јехова никогаш нема да ја изгуби својата вредност и никој нема да може да ни го одземе (w17.02 2:15-16).
Читање на Библијата за Спомен-свеченоста: (настани до зајдисонце: 12 нисан) Матеј 26:1-5, 14-16; Лука 22:1-6
Спомен-свеченост
по зајдисонце
Сабота, 31 март
Ако некој и направи грев, имаме помошник кај Таткото — Исус Христос (1. Јов. 2:1)
Кога нѐ привлекол кон себеси, Јехова сигурно знаел кои маани и слабости ќе ни биде особено тешко да ги искорениме. И покрај тоа, сакал да му бидеме пријатели. Всушност, Јехова толку многу нѐ сака што ни дал еден скапоцен дар. Тој го испратил својот Син на Земјата за да плати откупнина за нашите гревови (Јован 3:16). Кога грешиме, можеме да го молиме Јехова да ни прости. Поради откупнината, може да бидеме сигурни дека ќе го стори тоа, и дека ќе останеме негови пријатели и покрај нашата грешна природа (1. Тим. 1:15; w16.05 4:6-7).
Читање на Библијата за Спомен-свеченоста: (настани до зајдисонце: 13 нисан) Матеј 26:17-19; Марко 14:12-16; Лука 22:7-13 (настани по зајдисонце: 14 нисан) Јован 13:1-5; 14:1-3