ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • es23 стр. 7-17
  • Јануари

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Јануари
  • Секојдневно истражување на Писмото — 2023
  • Поднаслови
  • Недела, 1 јануари
  • Понеделник, 2 јануари
  • Вторник, 3 јануари
  • Среда, 4 јануари
  • Четврток, 5 јануари
  • Петок, 6 јануари
  • Сабота, 7 јануари
  • Недела, 8 јануари
  • Понеделник, 9 јануари
  • Вторник, 10 јануари
  • Среда, 11 јануари
  • Четврток, 12 јануари
  • Петок, 13 јануари
  • Сабота, 14 јануари
  • Недела, 15 јануари
  • Понеделник, 16 јануари
  • Вторник, 17 јануари
  • Среда, 18 јануари
  • Четврток, 19 јануари
  • Петок, 20 јануари
  • Сабота, 21 јануари
  • Недела, 22 јануари
  • Понеделник, 23 јануари
  • Вторник, 24 јануари
  • Среда, 25 јануари
  • Четврток, 26 јануари
  • Петок, 27 јануари
  • Сабота, 28 јануари
  • Недела, 29 јануари
  • Понеделник, 30 јануари
  • Вторник, 31 јануари
Секојдневно истражување на Писмото — 2023
es23 стр. 7-17

Јануари

Недела, 1 јануари

Тие се слепи водачи (Мат. 15:14)

Исус храбро ги осудил верските водачи во негово време бидејќи тие не ги поучувале луѓето да го обожаваат Јехова на исправен начин. На пример, тој го разоткрил лицемерството на фарисеите на кои поважно им било како ги мијат рацете отколку како се грижат за своите родители (Мат. 15:1-11). Иако верските водачи се разгневиле поради она што им го кажал Исус, тој не дозволил тоа да го спречи да ја зборува вистината. Исто така, Исус ги разоткрил лажните учења. Тој не рекол дека сите верски учења се прифатливи за Бог. Напротив, Исус објаснил дека многумина ќе одат по широкиот пат кој ќе води во уништување, а само малкумина ќе одат по тесниот пат кој води во вечен живот (Мат. 7:13, 14). Тој јасно кажал дека некои луѓе ќе велат дека му служат на Бог, но, всушност, нема да му служат. Исус го дал следново предупредување: „Пазете се од лажните пророци кои доаѓаат кај вас во овчо руно, а однатре се крвожедни волци. По нивните плодови ќе ги препознаете“ (Мат. 7:15-20; w21.05 9, пас. 7-8).

Понеделник, 2 јануари

Лицето повеќе не ѝ беше тажно (1. Сам. 1:18)

Ана му била жена на еден левит по име Елкана, кој многу ја сакал. Елкана имал и друга жена, Фенина. Но, тој повеќе ја сакал Ана. Фенина имала деца, но Ана немала. Поради тоа, Фенина постојано ја исмевала и ја вознемирувала. На Ана ѝ било толку тешко што често плачела и не јадела. Сепак, никаде во Библијата не пишува дека Ана се обидела да ѝ возврати на Фенина. Наместо тоа, му го излеала своето срце на Јехова и имала доверба дека тој ќе ѝ помогне (1. Сам. 1:2, 6, 7, 10). Што може да научиме од примерот на Ана? Ако некој се обидува да ти покаже дека вреди повеќе од тебе, имај на ум дека од тебе зависи како ќе реагираш. Воопшто нема потреба да се докажуваш. Наместо да враќаш зло за зло, обиди се да бидеш во мир со тоа лице (Рим. 12:17-21). Дури и да не го смени своето однесување, ти ќе имаш внатрешен мир (w21.07 17, пас. 13-14).

Вторник, 3 јануари

Бидете претпазливи, чувајте се од секаква лакомост (Лука 12:15)

Поради тоа што станал лаком, Јуда отишол дотаму што го предал Исус. Но, тој не бил отсекогаш лоша личност (Лука 6:13, 16). Јуда бил одговорен за кутијата за пари, што покажува дека бил способен човек и дека Исус имал доверба во него. Но во еден момент, Јуда почнал да краде и покрај тоа што неколку пати слушнал како Исус дава предупредување во врска со лакомоста (Мар. 7:22, 23; Лука 11:39). Лакомоста на Јуда станала очигледна при еден настан кој се случил кратко пред смртта на Исус. Исус и неговите ученици, меѓу кои биле Марија и нејзината сестра Марта, биле на гости кај Симон лепрозниот. Додека јаделе, Марија станала и врз главата на Исус излеала мирисливо масло кое било многу скапо. Јуда и другите ученици многу се налутиле. Другите ученици можеби мислеле дека би било подобро парите да се искористат за да им се помогне на сиромасите. Но Јуда се налутил од друга причина. Тој бил крадец и крадел пари од кутијата (Јован 12:2-6; Мат. 26:6-16; Лука 22:3-6; w21.06 18, пас. 12-13).

Среда, 4 јануари

Беден човек сум јас! Кој ќе ме избави? (Рим. 7:24)

Дали понекогаш имаш чувство дека си преоптоварен со многу обврски и дека не можеш да стигнеш сите да ги завршиш? Ако да, сигурно нема да ти биде тешко да сфатиш како се чувствувал апостол Павле. Тој бил притиснат од грижи не само за едно собрание туку „за сите собранија“ (2. Кор. 11:23-28). Дали имаш некои хронични здравствени проблеми кои ти ја одземаат радоста? Павле постојано се измачувал со „трн во телото“, најверојатно некој здравствен проблем, и посакувал Јехова да му го отстрани (2. Кор. 12:7-10). Дали понекогаш си обесхрабрен поради твоите слабости? И Павле одвреме-навреме бил обесхрабрен. Тој за себе рекол дека е „беден човек“ затоа што постојано водел борба со своите слабости (Рим. 7:21-24). И покрај тоа што се соочил со разни тешкотии, Павле продолжил да му служи на Јехова. Што му давало сила? Иако бил свесен за своите слабости, тој имал силна вера во откупнината (w21.04 21-22, пас. 7-8).

Четврток, 5 јануари

Синот човечки дојде за да го даде својот живот како откупнина за мнозина (Мар. 10:45)

Кога згрешил, Адам, кој бил совршен човек, ја изгубил можноста да живее вечно. Освен тоа, им ја одзел таа можност и на своите идни потомци. Немало никакво оправдување за гревот што го направил Адам, бидејќи тој свесно решил да го стори тоа. Но што е со неговите потомци? Тие немаат никаква вина за гревот што го направил (Рим. 5:12, 14). Адам со право заслужил да умре. Но, дали Јехова можел да направи нешто за да им овозможи на неговите потомци да живеат вечно? Да. Кратко откако Адам згрешил, Јехова постепено почнал да открива како ќе ги избави неговите потомци од проклетството на гревот и смртта (1. Мој. 3:15). Благодарение на откупнината, можеме да имаме блиско пријателство со Јехова иако сме несовршени. Благодарение на откупнината, делата на Ѓаволот ќе бидат потполно уништени (1. Јов. 3:8). Благодарение на откупнината, ќе се исполни првобитната намера на Јехова — целата Земја да стане рај (w21.04 14, пас. 1; 19, пас. 17).

Петок, 6 јануари

Секој од вас нека се крсти (Дела 2:38)

Едно големо мноштво мажи и жени од различни земји кои зборувале разни јазици биле собрани во Ерусалим. Тој ден се случило нешто многу впечатливо. Некои Евреи наеднаш почнале да зборуваат на јазиците на луѓето кои дошле од други земји. Мноштвото било многу изненадено поради ова. Но, уште повпечатливо било она што тие Евреи и апостол Петар му го рекле на мноштвото. Луѓето дознале дека можат да бидат спасени ако покажуваат вера во Исус Христос. Оваа порака извршила силно влијание врз нив. Тие биле толку трогнати што прашале: „Што треба да правиме?“ Петар им рекол: „Секој од вас нека се крсти“ (Дела 2:37, 38). Она што се случило потоа било извонредно! Тој ден околу 3.000 лица се крстиле и станале ученици на Христос. Така започнало едно огромно дело на проповедање и поучување кое Исус им заповедал на своите следбеници да го вршат. Ова дело се врши и во нашево време (w21.06 2, пас. 1-2).

Сабота, 7 јануари

Јас посадив, Аполо залеа, но Бог даде да расте. Па така, ниту е нешто оној што сади, ниту оној што залева, туку Бог, кој дава да расте (1. Кор. 3:6, 7)

Можеби живееме на подрачје каде што е тешко да се започне библиски курс. Луѓето можеби не се заинтересирани за нашата порака, па дури и ни се противат. Што може да ни помогне да задржиме позитивен став ако проповедаме на такво подрачје? Имај на ум дека во овој несигурен свет околностите на луѓето можат многу брзо да се сменат. И поради тоа, некои што не биле заинтересирани можат да станат свесни за своите духовни потреби (Мат. 5:3). Некои што порано ја одбивале нашата литература, подоцна прифатиле да ја проучуваат Библијата. Знаеме дека Јехова е Господарот на жетвата (Мат. 9:38). Тој сака ние да го сееме семето и да го залеваме, но тој е оној што дава да расте. Многу нѐ охрабрува тоа што знаеме дека, дури и ако во моментот не водиме библиски курс, Јехова нѐ наградува поради трудот што го вложуваме, а не поради резултатите што ги постигнуваме! (w21.07 6, пас. 14).

Недела, 8 јануари

Синовите се наследство од Јехова (Пс. 127:3)

Јехова им дал на луѓето способност да имаат деца, како и одговорност да ги поучуваат да го сакаат него и да му служат. Ако си родител, дали го цениш овој скапоцен дар? Јехова ги обдарил ангелите со извонредни способности, но не ги создал со способност да имаат деца. Имајќи го ова на ум, родителите треба да ја ценат честа да се грижат за своите деца. Ним им е доверена важна одговорност да ги воспитуваат децата „со стега од Јехова“ и да им помагаат „да го усвојат неговиот начин на размислување“ (Еф. 6:4; 5. Мој. 6:5-7). За да им помогне на родителите, Божјата организација обезбедува изобилство духовна храна, како што се публикации, видеоклипови, музика и интернет-статии. Нема никаков сомнеж дека нашите млади се скапоцени за Јехова и за неговиот Син (Лука 18:15-17). Нашиот небесен Татко многу се радува кога родителите се потпираат на него и даваат сѐ од себе за да се грижат за своите драги деца. Таквите родители им даваат на децата добра основа за да можат еден ден да станат дел од Јеховиното семејство, и да останат во него засекогаш! (w21.08 5, пас. 9).

Понеделник, 9 јануари

Верата е доказ за она што е вистинско, иако не се гледа (Евр. 11:1)

Според некои луѓе, да имаш вера значи да си уверен во нешто за кое нема докази. Но, според Библијата тоа не е вистинска вера. Забележи дека верата во она што не се гледа, како што се Јехова, Исус и небесното Царство, се темели на докази (Евр. 11:3). Еден Јеховин сведок кој е биохемичар рекол: „Нашата вера не е слепа вера што замижува пред научните факти“. Но, можеби се прашуваме: „Ако има докази дека постои Творец, тогаш зошто многу луѓе не веруваат дека Бог го создал животот?“ Некои едноставно никогаш не ги испитале доказите. Роберт, кој сега е Јеховин сведок, вели: „Бидејќи идејата за создавање воопшто не се ни спомнуваше на училиште, сметав дека не е можно животот да настанал на таков начин. Но кога имав 20-ина години, зборував со Јеховините сведоци и, на темел на Библијата, тие ми наведоа логични и уверливи аргументи дека Бог создал сѐ“ (w21.08 15, пас. 4-5).

Вторник, 10 јануари

Вкусете и видете колку е добар Јехова! (Пс. 34:8)

Ние може да дознаеме нешто за Јеховината добрина така што ќе ги читаме Библијата и нашите публикации и ќе ги слушаме другите кога зборуваат за благословите што ги добиле од Јехова. Но, во вистинска смисла на зборот ќе разбереме „колку е добар Јехова“ ако самите ја вкусиме неговата добрина. Да речеме дека сакаме полновремено да му служиме на Јехова, но за да ја постигнеме таа цел, најпрво треба да си го поедноставиме животот. Го знаеме ветувањето на Исус дека, ако го ставиме Царството на прво место, Јехова ќе ни го даде она што ни е потребно, но ние самите никогаш не сме го почувствувале тоа на своја кожа (Мат. 6:33). Меѓутоа, затоа што имаме доверба во ветувањето на Исус, се трудиме да трошиме помалку пари, правиме некои промени во врска со световната работа и учествуваме во службата на проповедање во зголемена мера. Додека го правиме тоа, гледаме дека Јехова навистина се грижи за нашите потреби. На тој начин, самите ја „вкусуваме“ Јеховината добрина (w21.08 26, пас. 2).

Среда, 11 јануари

Луѓето нема да го поднесуваат здравото учење (2. Тим. 4:3)

Дали денес постои истиот проблем? Да. Многу свештеници со задоволство прифаќаат како членови на своите цркви поединци кои се богати, кои се влијателни и кои овој свет ги смета за мудри. Тие го прават тоа иако поголемиот дел од таквите нови членови не се чисти во морален поглед и не живеат во склад со Божјите мерила. Истите тие свештеници гледаат со презир на Јеховините ревносни слуги кои се чисти во морален поглед. Зошто? Бидејќи тие се безначајни во очите на овој свет. Како што рекол Павле, Бог го избрал она што светот „го смета за безвредно“ (1. Кор. 1:26-29). Сепак, Јехова го смета за скапоцен секој свој верен слуга. Што ќе ни помогне да се заштитиме од размислувањето на светот? (Мат. 11:25, 26). Не дозволувај врз тебе да влијае неговото гледиште за Божјите слуги. Имај на ум дека Јехова ги користи само понизните лица за да ја вршат неговата волја (Пс. 138:6). И размислувај за тоа колку многу постигнал тој преку оние кои во очите на светот не се мудри или паметни (w21.05 8, пас. 1; 9, пас. 5-6).

Четврток, 12 јануари

Ми го испративте тоа што ми беше потребно (Фил. 4:16)

Апостол Павле бил благодарен за помошта што ја добивал. Тој бил доволно понизен за да ја прифати помошта од браќата и сестрите (Фил. 2:19-22). Вие, постари браќа и сестри, можете да ја покажете својата благодарност за помладите во собранието на многу начини. Доколку тие се понудат да ви помогнат околу превоз, пазарување или нешто друго, со благодарност прифатете ја нивната помош и гледајте на неа како израз на Јеховината љубов. Можеби дури и ќе станете блиски пријатели со тие браќа и сестри. Секогаш трудете се да им помагате на помладите да станат уште поблиски со Јехова, и кажувајте им дека многу се радувате кога гледате дека имаат желба да служат во поголема мера во собранието. Освен тоа, спремно одвојувајте време за да го споделувате вашето животно искуство со нив. На тој начин, ќе покажете дека сте му благодарни на Јехова за помладите кои тој ги привлекол во собранието (Кол. 3:15; Јован 6:44; 1. Сол. 5:18; w21.09 11-12, пас. 12-13).

Петок, 13 јануари

Поради тоа сочувство ќе ни дојде разденување од висините (Лука 1:78)

Јехова ги сака нашите браќа и сестри. Но, можеби нам не ни е секогаш лесно да ги сакаме и да им ја покажеме таа љубов. Ако размислиме, ние потекнуваме од различни култури и сме пораснале во различни околности. Освен тоа, сите правиме грешки што може да ги изнервираат или разочараат другите. Сепак, сите ние може да придонесеме да има љубов во нашето духовно семејство. Како? Така што, по примерот на нашиот Татко, ќе им покажуваме на браќата и сестрите дека ги сакаме (Еф. 5:1, 2; 1. Јов. 4:19). Една сочувствителна личност бара начини да помогне и да пружи утеха. Исус покажувал сочувство по примерот на Јехова, и тоа можело да се види од начинот на кој постапувал со луѓето (Јован 5:19). Во една прилика, кога видел мноштво луѓе, Исус се сожалил на нив бидејќи биле „измачени и расеани како овци без пастир“ (Мат. 9:36). Сочувството на Исус не се сведувало само на емоции. Тој ги лекувал болните и им помагал на оние што биле „изморени и оптоварени“ (Мат. 11:28-30; 14:14; w21.09 22, пас. 10-11).

Сабота, 14 јануари

[Бог] беше милосрден, им простуваше за нивниот престап и не ги истреби (Пс. 78:38)

Јехова сака да покажува милост. Апостол Павле напишал дека Бог е „богат со милосрдие“. Во овој контекст, Павле спомнал дека Бог е милостив со тоа што на несовршени луѓе им дава надеж за живот на небото. Но, Јехова не покажува милост само кон своите помазани слуги (Еф. 2:4-7). Псалмистот Давид напишал: „Јехова е добар кон сите и неговото милосрдие почива над сите негови суштества“ (Пс. 145:9). Бидејќи ги сака луѓето, Јехова им покажува милост секогаш кога има основа за тоа. Исус најдобро знае колку многу Јехова сака да покажува милост. Пред да дојде на Земјата, тој поминал илјадници години заедно со својот Татко на небото (Изр. 8:30, 31). Исус многупати видел како неговиот Татко им покажува милост на грешните луѓе (Пс. 78:37-42). Додека поучувал, Исус честопати ја истакнувал оваа прекрасна особина на неговиот Татко (w21.10 8-9, пас. 4-5).

Недела, 15 јануари

Татко, прослави го своето име! (Јован 12:28)

Јехова одговорил на таа молитва со силен глас од небото, велејќи дека ќе го направи тоа. Во текот на својата служба, Исус го прославувал името на својот Татко (Јован 17:26). Затоа, вистинските христијани сметаат дека е чест да го користат Божјето име и да им го објавуваат на другите. Во првиот век од н.е., кратко откако било основано христијанското собрание, Јехова им обрнал „внимание на незнабошците за да земе од нив народ за своето име“ (Дела 15:14). На раните христијани им било чест што можеле да го користат Божјето име и да им го објавуваат на другите. Тие го користеле Божјето име кога проповедале и кога ги пишувале библиските книги. На тој начин, покажале дека се единствените луѓе што го објавуваат Божјето име (Дела 2:14, 21). На сличен начин, и Јеховините сведоци денес го објавуваат Јеховиното име (w21.10 20-21, пас. 8-10).

Понеделник, 16 јануари

Мудриот набљудува што прави Јехова во својата [лојална љубов] (Пс. 107:43)

Божјата лојална љубов трае довека. Ова важно обележје на лојалната љубов се спомнува 26 пати во Псалм 136. Во првиот стих пишува: „Благодарете му на Јехова зашто е добар — зашто неговата лојална љубов трае довека“ (Пс. 136:1, фус.). И во вториот до дваесет и шестиот стих читаме дека неговата милост, односно лојална љубов, „трае довека“. Додека го читаме овој псалм, восхитени сме од многуте начини на кои Јехова постојано ја покажува својата лојална љубов. Зборовите „неговата лојална љубов трае довека“ нѐ уверуваат дека љубовта на Бог кон неговите слуги не се менува. Колку е утешно тоа што знаеме дека Јехова не се откажува лесно од своите слуги! Наместо тоа, тој се приврзува кон оние што му служат и не ги остава, особено кога поминуваат низ тешки ситуации. Тоа што знаеме дека Јехова секогаш е со нас, нѐ исполнува со радост и ни ја дава потребната сила за да се справиме со неволјите и да продолжиме да му служиме (Пс. 31:7; w21.11 4, пас. 9-10).

Вторник, 17 јануари

Нека не се вознемирува вашето срце. Верувајте во Бог (Јован 14:1)

Дали понекогаш си загрижен поради настаните што наскоро треба да се случат — уништувањето на лажната религија, нападот на Гог од Магог и војната Армагедон? Дали понекогаш се прашуваш: „Ќе останам ли верен кога ќе се случуваат овие застрашувачки настани?“ Ако ти минуваат вакви мисли низ главата, многу може да ти помогнат зборовите на Исус запишани во денешниот стих. Тој им рекол на своите ученици: „Нека не се вознемирува вашето срце. Верувајте во Бог“. Силната вера ќе ни помогне храбро да се соочиме со идните настани. Што ќе ни помогне да си ја зајакнеме верата за да ги надминеме искушенијата со кои ќе се соочиме во иднина? Тоа што ќе размислуваме како уште денес се справуваме со нив. Така ќе видиме на кои подрачја треба да си ја зајакнеме нашата вера. Секојпат кога успешно се справуваме со искушенијата, нашата вера станува поцврста. Тоа нѐ подготвува за идните испити (w21.11 20, пас. 1-2).

Среда, 18 јануари

Кога сум слаб, тогаш сум силен (2. Кор. 12:10)

Апостол Павле го поттикнал Тимотеј, но и сите други христијани, потполно да ја извршат својата служба (2. Тим. 4:5). Но, тоа не е секогаш лесно. На пример, размисли за браќата и сестрите кои живеат во земји во кои нашето дело е ограничено или дури забрането. Јеховините слуги се борат со најразлични проблеми кои би можеле да ги обесхрабрат. На пример, многумина мора по цел ден да работат за да ги задоволат основните потреби на своето семејство. Тие би сакале да прават повеќе во службата, но на крајот од седмицата немаат многу сила. Други можат многу малку да прават во службата на проповедање затоа што имаат некој хроничен здравствен проблем или се во поодминати години. Некои од нив дури воопшто не можат да излегуваат од дома. А има и браќа и сестри кои постојано се борат со чувства на безвредност. Без разлика со какви проблеми се бориме, Јехова може да ни ја даде силата која ни е потребна за да продолжиме да му служиме онолку колку што ни дозволуваат околностите (w21.05 20, пас. 1-3).

Четврток, 19 јануари

Не го осквернувајте името на својот Бог (3. Мој. 19:12)

Понекогаш другите може да нѐ стават под притисок да правиме работи кои Јехова не ги одобрува. Ако се најдеме во таква ситуација, треба да донесеме важна одлука. Во 3. Мојсеева 19:19 наоѓаме едно интересно начело: „Не ставај на себе облека ткаена од два вида преѓа“. Овој закон им помагал на Израелците да се разликуваат од околните народи. Бидејќи ние денес не сме под Законот, не е погрешно да носиме облека направена од различни материјали како, на пример, од памук и полиестер или од волна и вискоза. Но, одбиваме да бидеме како луѓето чии верувања и постапки се во судир со библиските учења. Се разбира, ние си го сакаме семејството, а покажуваме љубов и кон другите луѓе. Сепак, со одлуките што ги носиме во животот покажуваме дека ни е најважно да му бидеме послушни на Јехова, дури и ако поради тоа сме поинакви од луѓето околу нас. Тоа е многу важно бидејќи, ако сакаме да бидеме свети, неопходно е да се издвојуваме од оние што не му служат на Бог (2. Кор. 6:14-16; 1. Пет. 4:3, 4; w21.12 5, пас. 14; 6, пас. 16).

Петок, 20 јануари

Тесна е вратата и тесен е патот што води во живот (Мат. 7:14)

Патот што води во живот може да се најде. Исус рекол: „Ако останете во моите зборови, навистина сте мои ученици, и ќе ја запознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:31, 32). Пофално е тоа што ти не си се повел по мноштвото, туку си ја барал вистината. Си почнал темелно да ја проучуваш Божјата Реч за да научиш што бара Бог од нас и си ги слушал учењата на Исус. Си дознал дека Јехова очекува да ги отфрлиме учењата на лажната религија и да не славиме празници, ниту да учествуваме во обичаи кои имаат паганско потекло. Исто така, си увидел дека не е секогаш лесно да постапуваме онака како што сака Јехова и да престанеме да правиме работи што тој не ги одобрува (Мат. 10:34-36). Можеби не ти било лесно да ги направиш потребните промени. Сепак, не си се откажал затоа што го сакаш твојот небесен Татко. Без сомнение, ти многу го радуваш неговото срце! (Изр. 27:11; w21.12 22, пас. 3; 23, пас. 5).

Сабота, 21 јануари

Слушај, сине мој, и прими ги моите зборови (Изр. 4:10)

Мојсеј е добар пример затоа што прифатил исправка откако направил сериозна грешка. Во една прилика, тој се разгневил и не му оддал слава на Јехова. Поради тоа, ја изгубил можноста да влезе во Ветената земја (4. Мој. 20:1-13). Кога Мојсеј го молел Јехова да ја смени одлуката, Јехова му рекол: „Не зборувај ми повеќе за тоа“ (5. Мој. 3:23-27). Мојсеј не се огорчил. Наместо тоа, ја прифатил Јеховината одлука, и Јехова продолжил да го користи за да ги води Израелците (5. Мој. 4:1). Мојсеј прифатил совет и со тоа ни оставил добар пример што треба да го следиме. Тој покажал дека го прифатил Јеховиниот совет со тоа што му останал верен дури и откако изгубил нешто што многу му значело. Многу ни користи кога го следиме примерот што ни го оставиле верните луѓе како што бил Мојсеј (Изр. 4:11-13). Многу наши браќа и сестри се угледале на нив и прифатиле совет (w22.02 11, пас. 9-10).

Недела, 22 јануари

Исус почна да рони солзи (Јован 11:35)

Зимата 32 год. од н.е., Лазар, кој му бил добар пријател на Исус, се разболел и умрел (Јован 11:3, 14). Тој имал две сестри, Марија и Марта, и Исус многу го сакал ова семејство. Кога чула дека Исус доаѓа, Марта брзо истрчала за да го пресретне. Замисли со колкава болка му рекла: „Господару, да беше ти овде, брат ми немаше да умре“ (Јован 11:21, 32, 33). Без сомнение, Исус бил трогнат кога видел колку Марија и Марта се погодени од смртта на нивниот брат. Ако и тебе ти починал некој што го сакаш, Јехова разбира како се чувствуваш. Исус совршено ја одразува личноста на својот Татко (Евр. 1:3). Со тоа што плачел, Исус покажал како се чувствува неговиот Татко кога некој ќе умре (Јован 14:9). Ако ти починал некој близок, биди уверен дека Јехова не само што ја забележува твојата тага туку и длабоко сочувствува со тебе. Тој сака да го излекува твоето скршено срце (Пс. 34:18; 147:3; w22.01 15, пас. 5-7).

Понеделник, 23 јануари

Верата се стекнува од слушање на пораката (Рим. 10:17)

Ако одвојуваш време да зборуваш со Јехова, да го слушаш и да размислуваш за него, тоа многу ќе ти користи. Прво, ќе носиш подобри одлуки. Библијата нѐ уверува дека оној што „оди со мудрите, ќе стане мудар“ (Изр. 13:20). Второ, ќе можеш подобро да ги поучуваш другите. Кога ја проучуваме Библијата со некого, една од најважните цели е да му помогнеме да се зближи со Јехова. Колку повеќе му се молиме на нашиот небесен Татко и учиме за него толку повеќе ќе расте нашата љубов кон него. А како резултат на тоа, ќе можеме подобро да им помогнеме на интересентите и тие да го засакаат. Ова било случај и со Исус. Тој ги истакнувал убавите особини на својот Татко, и со тоа им помогнал на своите верни следбеници и тие да го засакаат (Јован 17:25, 26). Трето, твојата вера ќе расте. Сети се на ситуации кога си го молел Бог за водство, утеха или помош. Секојпат кога Јехова ти одговорил на молитвите, твојата вера во него се зајакнала (1. Јов. 5:15; w22.01 30, пас. 15-17).

Вторник, 24 јануари

Соблечете ја старата личност и нејзините дела (Кол. 3:9)

Јехова нѐ поттикнува да ги отфрлиме погрешното размислување и лошите навики бидејќи многу нѐ сака и сака да му се радуваме на животот (Иса. 48:17, 18). Тој знае дека оние што им се препуштаат на погрешните желби си нанесуваат штета себеси, а и на другите. Тој чувствува болка кога го гледа тоа. Некои наши пријатели и членови од семејството можеби понекогаш нѐ исмеваат затоа што се трудиме да правиме промени во нашата личност (1. Пет. 4:3, 4). Тие можеби ни велат дека имаме право да правиме што сакаме и дека не треба да им дозволуваме на други да ни кажуваат што да правиме. Но, всушност, оние кои ги отфрлаат Јеховините мерила воопшто не се независни, бидејќи му дозволуваат на светот кој е под власта на Сатана да ги обликува (Рим. 12:1, 2). Секој од нас треба да одлучи: дали ќе ја задржи старата личност која е обликувана од гревот и од светот на Сатана или ќе му дозволи на Јехова да го промени и да му помогне да стане колку што е можно подобра личност (Иса. 64:8; w22.03 3, пас. 6-7).

Среда, 25 јануари

Речта Божја е жива и делотворна, поостра е од секој меч со две сечила, па може да ги процени мислите и намерите на срцето (Евр. 4:12)

Кога длабоко размислуваме за она што го читаме од Божјата Реч, тоа може да ни помогне исправно да гледаме на нашите проблеми. Да видиме како Библијата ѝ помогнала на една ужалена вдовица. Еден старешина ѝ предложил да ја чита книгата Јов од која може да извлече корисни поуки. Додека читала, таа во почетокот го критикувала Јов поради неговиот погрешен став. Си замислувала како му вели на Јов: „Немој да бидеш толку негативен!“ Но, потоа сфатила дека нејзиниот став, всушност, е многу сличен на ставот на Јов. Тоа ѝ помогнало да си го смени ставот, односно да не мисли толку многу на своите проблеми, туку на Јехова и на надежта што тој ни ја дава. Исто така, тоа ѝ дало сила полесно да ја поднесе болката поради загубата на нејзиниот сопруг. Друг начин на кој Јехова нѐ зајакнува е преку нашите соверници. Павле напишал дека копнее да ги види своите духовни браќа и сестри за да можат заемно да се охрабрат (Рим. 1:11, 12; w21.05 22, пас. 10-11; 24, пас. 12).

Четврток, 26 јануари

Седум дена слави го празникот во чест на Јехова, својот Бог, на местото што ќе го избере Јехова (5. Мој. 16:15)

На Израелците им било кажано: „Трипати во годината нека дојде секое машко пред Јехова, твојот Бог, на местото што ќе го избере тој“ (5. Мој. 16:16). Тие требало да ги остават своите домови и своите ниви без никаква заштита. Но, Јехова им ветил: „Никој нема да ја посака твојата земја кога... ќе одиш да го видиш лицето на Јехова, својот Бог“ (2. Мој. 34:24). Со потполна доверба во Јехова, Израелците присуствувале на годишните празници и тоа им користело на многу начини. На пример, подобро се запознавале со Божјиот закон, размислувале за тоа колку е добар Јехова со нив и уживале во дружењето со другите Божји слуги. На сличен начин, и нам многу ни користи кога правиме жртви за да присуствуваме на состаноците. И размисли колку се радува Јехова кога на состанок даваме кратки, однапред подготвени коментари (w22.03 22, пас. 9).

Петок, 27 јануари

Тој може да им дојде на помош на оние што се во искушенија (Евр. 2:18)

Јехова дозволил неговиот Син да страда со цел да го подготви за неговата идна улога како наш Првосвештеник. Исус на своја кожа почувствувал колку е тешко некој да му остане послушен на Бог кога ќе се најде под многу големи искушенија. Тој бил под огромен притисок, и затоа почнал да го моли Јехова за помош „со силни извици и солзи“. Бидејќи доживеал силни емоционални болки, нема сомнеж дека Исус знае што ни е потребно и дека може да ни дојде на помош кога минуваме низ искушенија. Многу сме му благодарни на Јехова што ни дал Првосвештеник кој е полн со милост и кој може „да сочувствува со нас во нашите слабости“! (Евр. 2:17; 4:14-16; 5:7-10). Јехова дозволил Исус толку многу да страда за да се даде одговор на едно важно прашање: Дали е можно човек да му остане верен на Јехова дури и кога се соочува со тешки испити на верата? Сатана вели дека не е можно. Тој тврди дека луѓето му служат на Бог од себични причини и дека не го сакаат Јехова (Јов 1:9-11; 2:4, 5). Со тоа што останал верен, Исус докажал дека Сатана е лажливец (w21.04 17, пас. 7-8).

Сабота, 28 јануари

Затоа одете и правете ученици, учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав (Мат. 28:19, 20)

Пред да се крсти, еден интересент мора да го применува она што го учи од Библијата. Кога го прави тоа, интересентот е како „разборитиот човек“ од споредбата на Исус кој копал длабоко за да ја изгради својата куќа на цврст темел, односно на карпа (Мат. 7:24, 25; Лука 6:47, 48). Помогни му на интересентот да прави промени во животот (Мар. 10:17-22). Исус знаел дека на богатиот човек ќе му биде тешко да го продаде целиот свој имот (Мар. 10:23). Сепак, Исус му кажал да ја направи оваа голема промена во својот живот. Зошто? Затоа што го сакал. Понекогаш можеби се колебаме да го поттикнеме интересентот да го примени она што го учи бидејќи сметаме дека не е доволно подготвен да ја направи потребната промена (Кол. 3:9, 10). Но, колку порано ќе му кажеш на интересентот за промената што треба да ја направи толку побрзо ќе почне да се менува. Ако зборуваш со него за тоа, ќе му покажеш дека го сакаш (Пс. 141:5; Изр. 27:17; w21.06 3, пас. 3, 5).

Недела, 29 јануари

Христос ви даде пример во сѐ да одите по неговите стапки (1. Пет. 2:21)

Апостол Петар зборувал за добриот пример што ни го оставил Исус кога се соочил со страдања. Меѓутоа, има и многу други начини на кои може да го следиме неговиот пример (1. Пет. 2:18-25). Всушност, Исус со целиот свој живот, и со зборовите и со постапките, ни оставил пример кој треба да го следиме. Како несовршени луѓе, дали е можно да го следиме примерот на Исус? Да, можно е. Петар нѐ поттикнал да одиме во сѐ по стапките на Исус, но тој не рекол дека тоа треба да го правиме совршено. Важно е да се трудиме да ги следиме неговите стапки најдобро што можеме како несовршени луѓе. Така ќе покажеме дека сме послушни на советот запишан во 1. Јованово 2:6, каде што стои дека треба да живееме онака како што живеел и Исус. Ако одиме по стапките на Исус, ќе станеме поблиски со Јехова. Зошто го велиме ова? Исус ни оставил извонреден пример за тоа како да живееме за да го радуваме Бог (Јован 8:29). Значи, со тоа што ќе одиме по стапките на Исус, ќе го радуваме Јехова. И можеме да бидеме уверени дека нашиот небесен Татко ќе се зближи со нас доколку даваме сѐ од себе за да бидеме негови пријатели (Јак. 4:8; w21.04 3, пас. 4-6).

Понеделник, 30 јануари

Јехова му се радува на својот народ (Пс. 149:4)

Јехова ги забележува нашите добри особини, гледа какви личности би можеле да станеме во иднина и ни помага да се зближиме со него. Ако му останеме верни, тој ќе ни биде близок пријател засекогаш (Јован 6:44). Ако сме уверени дека Јехова нѐ сака и нѐ поддржува, ќе бидеме мотивирани да му служиме најдобро што можеме, дури и кога ќе се соочиме со тешкотии. Но, ако се сомневаме дека Бог нѐ сака, ќе ослаби нашата сила (Изр. 24:10). А доколку се обесхрабриме и почнеме да мислиме дека не сме му важни на Бог, ќе ни биде потешко да се спротивставиме на нападите од Сатана (Еф. 6:16). На некои верни христијани од нашево време им ослабнала верата поради тоа што почнале да се сомневаат дека Јехова ги сака. Што треба да правиме ако ни се појават сомнежи дека Бог не нѐ сака? Мора веднаш да ги отфрлиме! Моли го Јехова да ти помогне да ги замениш „немирните мисли“ со „мирот Божји“, кој ќе ги чува твоето срце и твојот ум (Пс. 139:23; Фил. 4:6, 7). И не заборавај, ти не си единствениот кој се бори со такви негативни мисли (w21.04 20, пас. 1; 20-21, пас. 4-6).

Вторник, 31 јануари

Бог дејствува во вас и за да сакате и за да постапувате (Фил. 2:13)

Размисли што било потребно за ти да станеш Јеховин сведок. Прво, си ја слушнал „добрата вест“, можеби од твоите родители, од некој соученик или колега или, пак, од некој Сведок додека проповедал од врата до врата (Мар. 13:10). Потоа, некој вложил труд и време за да ја проучува Библијата со тебе. Тоа ти помогнало да го засакаш Јехова и да сфатиш дека и тој те сака тебе. Јехова те привлекол кон вистината, и сега, како ученик на Исус Христос, имаш можност да живееш вечно (Јован 6:44). Сигурно си му многу благодарен на Јехова што поттикнал некого да те поучува за вистината и што те прифатил како негов слуга. Бидејќи сме ја дознале вистината, сега ние имаме чест да им помагаме на другите да зачекорат по патот на животот. Можеби не ни е тешко да проповедаме од врата до врата, но можеби ни е предизвик да понудиме и да водиме библиски курс (w21.07 2, пас. 1-2).

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели